17. БЕГСТВОТО НА ЈАКОВА И НЕГОВОТО ИЗГНАНСТВО
Оваа глава е заснована на Создавање 28 до 31 глава
Бидејќи разјарениот брат му се заканувал со убиство, Јаков морал да го напушти огништето на татка си како бегалец и изгнаник, но не без татков благослов. Исак му го повторил ветувањето на заветот и, како на наследник на ветувањето, му наредил да се ожени со девојка од родот на својата мајка во Месопотамија. Јаков сепак на пат пошол осамен, мошне загрижен и со длабоко вознемирено срце. Стотици километри морал да патува само со стап во рака, низ предели населени со диви племиња. Оптоварен со грижа на совеста, засрамен и во постојан страв налутениот брат да не му влезе во траг, одбегнувал секоја средба со луѓето. Се плашел дека засекогаш го загубил благословот што Бог имал намера да му го даде, а сатаната бил готов да го мачи со искушенија. {ПП 183.1}
Вториот ден навечер веќе бил мошне далеку од татковиот шатор. Чувствувал дека е изгнаник и знаел дека сите тие маки му ги донеле само неговите погрешни постапки. Темнина на очај му ја притискала душата и тој одвај се осмелувал да му се моли на Бога. Но, останувајќи наполно сам, тој, повеќе од кога и да е порано, чувствувал потреба од Божја заштита. Плачејќи и во длабока понизност го признал својот грев и најсесрдно се молел за некаков видлив доказ дека не е потполно напуштен. Но сепак неговото потиштено срце уште не нашло олеснение. Загубил секаква доверба во самиот себе, а се плашел дека го отфрлил и Бог – Бог на неговите татковци. {ПП 183.2}
Но Бог не го напуштил Јакова. Тој сѐ уште бил милозливо наклонет кон својот заблуден и недоверлив слуга. Полн со милост, Господ на Јакова му го открил токму она што му било потребно му го открил Спасителот. Тој згрешил, но срцето му било исполнето со благодарност кога пред себе го видел откриен патот по кој можел повторно да ја задобие Божјата наклоност. {ПП 183.3}
Изморен од патот, патникот лежи на земја и, наместо перница, под глава става камен. На сон видел светла и блескотна скала чијашто основа била на земјата, а врвот и допирал до небото. По неа се качувале и слегувале ангели; на врвот бил Господ на славата и од небото се слушнал неговиот глас: „Јас Сум Господ, Бог на твојот прататко Авраам и Бог Исаков”. Земјата на која изгнаникот спиел му била ветена нему и на неговото потомство со уверувањето: „Сите народи на земјата ќе се благословат во тебе и во твоето семе”. Тоа ветување му било дадено на Аврама и на Исака, а сега му е повторено и на Јакова. А потоа, со посебен обѕир кон неговата моментна осаменост и тага, биле изговорени зборови на утеха и охрабрување: „И ете, Јас Сум со тебе; ќе те чувам каде и да тргнеш, па ќе те доведам назад во оваа земја; и нема да те оставам додека не го извршам она што ти го ветив”. {ПП 183.4}
На Господа му биле познати лошите влијанија што го очекувале Јакова и опасностите што му се заканувале. Милосливо му ја открил на покајаниот изгнаник сета иднина за да може да ги сфати намерите што ги имал со него и да биде подготвен да им одолее на искушенијата на кои сигурно ќе биде изложен кога ќе се најде сам меѓу идолопоклоници и препредени луѓе. Требало постојано пред очи да му биде големата цел што морал да ја оствари; а свеста дека Божјата намера ќе се исполни преку него, постојано требало да го поттикнува кон верност. {ПП 184.1}
Во оваа визија на Јакова му бил откриен планот на откупувањето, но не во целост, туку само во онаа мера колку што му било потребно во тоа време нему. Таинствената скала што ја видел на сон била истото она на што укажал Христос во својот разговор со Натанаила: „Отсега”, кажал Тој, „ќе го видите небото отворено и Божјите ангели како се искачуваат и слегуваат над Човечкиот Син” (Јован 1:51). Сѐ до мигот на човековиот бунт против Божјото владеење, човекот слободно и непречено одржувал врска со Бога. Но гревот на Адама и Ева ја одделил земјата од небото, така што човекот не можел веќе да разговара со својот Творец. Сепак, светот не е оставен во осаменост и безнадежност. Оваа скала го претставува Исуса, одбраниот Посредник за општење со небото. Кога Тој, со своите лични заслуги, не би ја премостил провалијата што ја создал гревот, ангелите, чијашто задача е да бидат чувари и заштитници, не би можеле да одржуваат никаква врска со паднатите луѓе. Христос е таа алка која човекот во неговата слабост и беспомошност го поврзува со изворот на бесконечната сила. {ПП 184.2}
Сето ова му било откриено на Јакова во неговиот сон. Иако тој откровението веднаш го сфатил, сепак големите и таинствени вистини на тоа откровение биле предмет на негово проучување во текот на целиот негов живот, и со текот на времето му станувале сѐ појасни. {ПП 184.3}
Кога Јаков се разбудил од сонот, била веќе длабока ноќ. Блескотните прилики од неговата визија исчезнале. Пред себе видел само нејасни и темни контури на осамените гори, а над нив небото постелано со блескотни ѕвезди. Сепак го обземало свечено чувство дека Бог е со него. Самотијата на дивината ја исполнувало присуството на Невидливиот. „Навистина Господ се наоѓа на ова место, но јас не знаев”, рекол Јаков. „Не е друго освен дом Божји, ова е врата небеска”. {ПП 187.1}
„Рано наутро, Јаков го зеде каменот, што го беше ставил под главата, го исправи како столб и излеа масло врз неговиот врв”. Во сообразност со обичајот важните настани да се овековечат, Јаков тука подигнал споменик во знак на сеќавање на Божјата милост со цел, секогаш кога ќе намине по тој пат да може да застане на тоа место и да се помоли на Бога. И тоа место го нарекол Ветил, што значи „Божја куќа”. Со длабока благодарност го повторил ветувањето што му го дал Господ дека секогаш ќе биде со него; а потоа склучил свечен сојуз (завет): „Ако Бог остане со мене и ме запази на патов, по кој одам; и ми даде леб да јадам и облека да се облекувам,така што да се вратам здрав во татковиот дом, Господ ќе биде мој Бог.А каменов што го исправив како столб, ќе биде Божји Дом. А од сè што ќе ми даваш, за Тебе ќе одвојувам десеток”. {ПП 187.2}
Со овие зборови Јаков немал намера на Бога да му поставува услови. Господ и онака веќе му ветил благослов и напредок, а ова свечено ветување претставувало излив на чувствата на срцето кое било преполно со благодарност за Божјата милост и доказ на неговата љубов кон Бога. Јаков чувствувал дека Бог му поставил извесни барања што мора да ги исполни и дека треба со нешто да возврати за посебните знаци на Божјата наклоност кон него. Така и секој благослов што ни е подарен нам бара со нешто да му одговориме на Оној од кого потекнува секој добар дар и секоја благодат што ја примаме. Христијанинот често треба да се осврнува на она што го преживеал и со благодарност да си спомене за ослободувањето што му го подарил Бог, поддржувајќи го кога бил во искушение, отворајќи му пат и излез кога сѐ изгледало завиено во темнина и надоместувајќи му ја силата што му била потрошена. Сето тоа тој треба да го смета за очигледни знаци на будната грижа и заштита на небесните ангели. Имајќи ги на ум сите тие безбројни благослови, тој често со понизно срце полно со благодарност треба да се запраша: „Што да Му вратам на Господа, за сè што стори за мене?” (Псалм 116:12). {ПП 187.3}
Нашето време, нашите способности и нашиот имот треба да му ги посветиме на Оној што ни ги дал тие благодати. Во секое ослободување од некоја неволја, во секоја нова и неочекувана примена благодат и милост, треба да ја видиме Божјата добрина; и нашата благодарност треба да ја покажеме не само со зборови туку, како Јаков, со дарови и со жртви наменети за напредок на неговото дело. Како постојано што ги примаме Божјите благослови, така постојано треба и да даваме. {ПП 187.4}
„И од сè, што ќе ми дадеш”, рекол Јаков, „Тебе ќе Ти давам една десетина”. Зар ние, кои уживаме полна светлина и кои се радуваме за сите предимства на евангелието, ќе се задоволиме на Господа да му даваме помалку отколку оние што живееле во поранешните времиња кога не постоеле толкави предимства? Зар нашите обврски не треба да бидат зголемени во иста мера во која ни се зголемени и благословите? Но колку е залудно да се обидуваме со математички бројки да го пресметуваме времето, парите и љубовта возвратени за онаа љубов која е безмерна и за дарот чијашто вредност е несфатлива. Десетти дел за Христа! О, сиромашна милостињо и незначителна наградо за сѐ она што е толку скапо платено! Од крстот на Голгота Христос бара неограничено пожртвување, потполна посветеност. Сѐ што имаме и што сме, треба да му го посветиме на Бога. {ПП 188.1
Со нова и истрајна вера во Божјото ветување и убеден во присуството на небесните ангели, Јаков го продолжил својот пат во „источната земја”. Но колку се разликувало неговото доаѓање од доаѓањето на Аврамовиот слуга, речиси сто години пред тоа! Слугата водел цела толпа момоци на камили, а носел и богати златни и сребрени подароци. Синот на Ревека стигнал како осамен патник, бос и без ништо, освен еден стап во раката додека нозете му биле повредени од долгото одење пеш. Како и Аврамовиот слуга, Јаков застанал крај еден извор и тука ја сретнал Рахила, помладата ќерка на Лавана. Сега Јаков бил тој кој се понудил да направи услуга, подготвено го подигнал каменот од изворот за стадото да се напои. Откако се претставил и се открил како роднина, го примиле во куќата на Лавана. Иако дошол без придружба и без никаков имот, по неколку седмици се покажало колку чини неговата трудољубивост и вештина, па го молеле да остане. Било договорено Јаков да му служи на Лавана седум години за да ја добие Рахила за жена. {ПП 188.2}
Во древните времиња бил обичај младоженецот, пред да се потврди свршувачката да му исплати на таткото на невестата извесна сума во пари или соодветна вредност да надомести на некој друг начин, во сообразност со своите околности. Тоа е сметано како некој вид заштита на брачната врска. Татковците сметале дека е несигурно среќата на своите ќерки да им ја доверат на луѓе кои не се погрижиле за сѐ што е потребно за одржување на семејството. Ако не биле доволно вешти и способни да ги водат своите работи стекнувајќи земја или богатство во добиток, постоел страв дека нивниот живот . би можел да се покаже недостоен. Но за оние кои немале ништо со што би можеле да платат одреден износ за жената, било предвидено нешто друго. Тие можеле, наместо да платат да работат извесно време кај таткото на девојката. Времетраењето на таа работа било одредено според вредноста на миразот што е баран. Ако момчето се покажало во службата верно и во секој поглед достојно, тогаш ја добивало ќерката на господарот за жена и обично нејзе и било дадено во мираз и сѐ она што го заработило нејзиното момче кај татко и. Во случајот на Рахила и Лија, Лаван себично го задржал сѐ она што требало да им го даде; токму на тоа тие и мислеле кога, пред да заминат од Месопотамија, рекле: „Не продаде па и нашите пари постојано ги јадеше”. {ПП 188.3}
Тој стар обичај, иако често злоупотребуван, како и во случајот на Лавана, имал и свои добри страни. Кога идниот младоженец морал прво да служи за да ја добие невестата, со тоа била спречена предвремената женидба, а во исто време се давала можност да се испита и длабината на неговата љубов и способноста за самостојно издржување на семејството. Во наше време се раѓаат многу зла токму поради тоа што се постапува спротивно. Често се случува свршениците пред венчавањето да имаат мошне малку време и можност да ги запознаат навиките и природните склоности еден на друг; а што се однесува до секојдневниот живот, тие наполно се непознати еден на друг во мигот кога пред олтарот стапуваат во брачна заедница. Мнозина премногу доцна увидуваат дека не се едно за друго, а последица на нивната врска е доживотна несреќа. Често жената и децата страдаат поради татковата небрежност, мрзливост или порочни навики. Кога карактерот на младоженецот би се испитувал според овој стар обичај пред венчавањето, би можеле да се избегнат многу големи несреќи. {ПП 189.1}
Јаков за Рахила верно служел седум години, а тие години „му се причинија како неколку дена, зашто ја сакаше”. Но себичниот и лаком Лаван, сакајќи толку верниот човек да го задржи како постојан слуга, свирепо и болно го измамил Јакова, подметнувајќи му ја Лија наместо Рахила. Фактот што Лија учествувала во таа измама толку влијаел врз Јакова, што никогаш не можел да ја сака. На неговото разочарување и прекорите Лаван му одговорил со понуда да служи уште седум години ако сака да ја добие Рахила. Освен тоа, таткото барал и Лија да не биде отфрлена за да не се срамоти семејството. Така Јаков се нашол во мошне мачна и тешка положба. Најпосле решил да ја задржи и Лија и да се ожени со Рахила. Рахила повеќе ја сакал, па тоа предизвикало љубомора и завист кај Лија, и затоа животот му бил загорчен со постојано соперништво меѓу сестрите. {ПП 189.2}.
Полни дваесет години Јаков останал во Месопотамија и му служел на Лавана кој, презирајќи ги сите обврски на роднинството, секогаш настојувал сите предимства на таа врска да ги искористи за себе. Лаван барал Јаков да му служи четиринаесет години за да му ги даде обете свои ќерки, а за другото време платата на Јакова десет пати му е менувана. Но Јаков сепак служел верно и марливо. При последниот разговор, Јаков на Лавана живо му ја опишал својата неуморна ревност и многубројните неспани ноќи за да ги штити интересите на својот себичен и лаком господар. „Еве дваесет години бев кај тебе: овците твои и козите твои не се јаловеа; а овни од твоето стадо не јадев. Што ќе заколеа ѕверовите, не ти носев, сам го надоместував; од мене го бараше она што ќе беше загубено дење или ноќе. Дење ме изнуруваше горештина, а ноќе мрзнев; и сонот ми бегаше од очите”. {ПП 190.1}
Било неопходно пастирот своите стада да ги чува и дење и ноќе, зашто им се заканувала опасност од диви ѕверови и разбојници што ги имало многу и кои воопшто не се плашеле, создавајќи често вистински хаос во стадото кое не било совесно пазено. Јаков имал многу помошници кои биле вработени околу големото стадо на Лавана, но тој сам бил одговорен за сѐ. Цели годишни времиња тој лично морал да поминува при стадото за да го сочува во време на суша да не загине од жед, а во студените месеци ноќе да не премрзне. Јаков бил главен пастир а другите слуги биле само потпастири. Секогаш кога би се загубила некоја овца, штетата би ја поднесувал главниот пастир, а тој од момоците на кои им била доверена грижа за овците барал строго да водат сметка за тоа стадото да се множи и да напредува. {ПП 190.2}
Животот на пастирот исполнет со марливост и труд, неговата нежност и сочувство кон тие немоќни созданија доверени на негова грижа, го употребил вдахновениот писател за да прикаже некои од најскапоцените евангелски вистини. Христос е прикажан како пастир на својот народ. Тој видел како, по паѓањето во грев, неговите овци биле осудени да пропаднат на мрачните патишта на гревот. За да ги спаси оние што талкаат, ја напуштил својата слава и честа на домот на својот Отец. Тој кажува: „ Изгубена ќе најдам и истерана ќе вратам, ранета ќе превијам и болна ќе излекувам”. „Но Јас ќе ги спасам овците Мои и тие нема веќе да бидат разграбувани”, „и полските ѕверови нема да ги јадат” (Езекиел 34:16,22,28). Неговиот глас се слуша како го повикува своето стадо да се засолнува дење од горештините и Тој му е прибежиште и засолниште од поплава и дожд (Исаија 4:6). Тој неуморно се грижи за секоја овца; Тој им помага на слабите, ги лекува болните, ги собира јагнињата, ги подига на гради и ги носи во прегратки. Затоа и неговите овци го сакаат него. „А по туѓ човек не одат, туку бегаат од него, зашто гласот на туѓиот не го познаваат” (Јован 10:5). {ПП 190.3}
Христос вели: „Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага својата душа за овците;а наемникот, кој не е пастир и не е сопственик на овците, ако види дека доаѓа волк, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците.Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците.Јас сум добриот Пастир; и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене” (Јован 10:11-14). {ПП 191.1}
Христос, како главен пастир, им го доверил своето стадо на своите слуги како потпастири; и Тој им заповеда да чувствуваат света одговорност за стадото што им е доверено, покажувајќи за него таков интерес каков што покажал Тој. Тој свечено им заповедал да бидат верни и, чувајќи го стадото да им помагаат на слабите да ги крепат изнемоштените и да ги штитат од ненаситните и гладни волци. {ПП 191.2}
За да ги спаси овците, Христос го заложил својот живот; и Тој ги повикува своите потпастири да покажат љубов што ќе ја видат од неговиот пример. „А наемникот, кој не е пастир и не е сопственик на овците”, не чувствува вистинско интересирање и приврзаност кон стадото; тој работи само за пари и се грижи само за себе. Неговото внимание е насочено само кон сопствена добивка, наместо да се грижи за доброто на она што му е доверено. Кога ќе наидат опасности и тешкотии, таквиот пастир го напушта стадото и бега. {ПП 191.3}
Апостол Петар ги опоменува и ги советува потпастирите: „Пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради срамна печалба, туку од сè срце.И не како да управувате со народот, туку давајќи му пример на стадото” (1. Петрово 5:2,3). А Павле кажува: „Грижете се, пак, за себе и за целото стадо, во кое Духот Свети ве постави за епископи, за да бидете пастири на црквата на Господ и Бог, која ја придоби Тој со Својата крв. Бидејќи знам дека по моето заминување ќе се втурнат меѓу вас лути волци, кои нема да го штедат стадото” (Дела 20:28,29). {ПП 191.4}
Сите оние кои грижите и товарите што го придружуваат верниот пастир ги сметаат за непожелни, апостолот ги опоменува: „Надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради срамна печалба, туку од сè срце” (1. Петрово 5:2). Сите такви неверни слуги главниот Пастир радо би ги отпуштил. Христовата заедница е откупена со неговата крв и секој треба да знае дека овците што се доверени на негова грижа се платени со жртва што не може да се измери. Тој мора да смета дека вредноста на секоја од нив е непроценливо голема и дека мора да биде неуморен во своите напори за нивното здравје и напредок. Пастирот што е проникнат со Христов дух ќе го следи неговиот пример на несебичност и постојано ќе се залага за добро на она што му е доверено; под раката на таквиот пастир стадото ќе напредува. {ПП 192.1}
Од сите ќе се бара точно да дадат сметка за својата работа. Учителот секој пастир ќе го праша: „Каде е стадото, што ти беше дадено, убавото стадо твое?” (Еремија 13:20). Секој што ќе се најде верен ќе прими богата награда. „А кога ќе се јави Пастироначалникот, ќе добиете венец на слава што никогаш не свенува” (1. Петрово 5:4). {ПП 192.2}
Кога на Јакова му здодеала службата кај Лавана и кога решил да се врати во Ханан, тој на својот тест му рекол: „Пушти ме и ќе си одам во моето место и во својата земја.Дај ми ги жените, и децата мои, за кои ти служев, и да си одам; а ти знаеш како ти служев”. Но Лаван го наговорил да остане, велејќи му: „Гледам дека Бог ме благослови поради тебе”. Знаел дека имотот му се зголемил под управа на Јакова. {ПП 192.3}
Тогаш Јаков му рекол: „Бидејќи она што го имаше, беше малку додека не дојдов јас”. Меѓутоа, како времето поминувало, Лаван станал завислив, зашто Јаков „се збогати многу, премногу, та имаше многу добиток, слугинки и слуги, камили и магариња”. Синовите на Лавана исто така биле зависливи како и нивниот татко, и до ушите на Јакова допреле нивните навредливи зборови: „Јаков зеде сè што беше на нашиот татко, и од она што беше на нашиот татко, го доби тоа цело богатство. И виде Јаков дека лицето на Лаван не е спрема него како порано”. {ПП 192.4}
Јаков уште одамна би го напуштил својот лукав роднина кога не би се плашел од средбата со Исава. Сега почувствувал дека му се заканува опасност и од синовите на Лавана кои, тврдејќи дека неговото богатство всушност е нивно, лесно можеле да се обидат и со сила да се доберат до него. Бил во голема недоумица и потиштен, не знаејќи што да стори. Но, споменувајќи си за ветувањето што му било милосливо дадено кај Ветил, својата грижа му ја предал на Бога и побарал упатство од него. На сон добил одговор на својата молитва: „Врати се во земјата на своите татковци, во својата родина, и Јас ќе бидам со тебе”. {ПП 193.1}
Бидејќи Лаван не бил дома, на Јакова му се дала можност да си замине. Набрзина ги собрал стадата добиток и ги пратил напред, а потоа, земајќи ги жените децата и слугите, ја преминал реката Еуфрат и итно се упатил кон гората Галад, на границата на Ханан. По три дена Лаван дознал за нивното бегство и пошол во потера по нив; ги пристигнал седмиот ден од нивното патување. Бил многу лут и решен да ги присили да се вратат, не сомневајќи се ниту малку во тоа дека ќе успее, зашто на своја страна имал многу повеќе свои луѓе. На бегалците навистина им се заканувала голема опасност. {ПП 193.2}
Својата непријателска намера Лаван не успеал да ја оствари само затоа што се вмешал Бог да го заштити својот слуга. „Во сила е на мојата рака да ви напакости”, рекол Лаван, „но Бог на татка ти ми рече ноќеска: ‘Внимавај, да не преземеш нешто против Јакова, ни добро ни зло!’”. Значи, не смеел ниту да го присилува да се врати со него ниту на враќање да го наведе со лукавство и ласкање. {ПП 193.3}
Лаван во свое време го задржал миразот на своите ќерки, кон Јакова се однесувал секогаш лукаво и сурово; а сега со дволичност, толку својствена за него, го прекорувал што заминал тајно, не давајќи му можност како татко да приреди проштална гозба, ниту да се поздрави и да се прости со своите ќерки и со нивните деца. {ПП 193.4}
Одговарајќи, Јаков отворено го изнел Лавановото себично и дрчно однесување и апелирал на него да биде сведок за неговата верност и чесност. „Ако со мене не беше Бог на мојот татко, Авраамовиот Бог, Исаковиот Страв, ќе ме испратеше со празни раце. Но Бог ги гледаше мојата неволја и трудот на моите раце, па сношти пресуди”. {ПП 193.5}
Лаван не можел да ги побие наведените факти и затоа предложил да се помират и тоа да го потврдат со свечен завет. Јаков се согласил и сојузот го потврдиле така што собрале куп камења. Таа толпа, направена во облик на столб, Лаван ја нарекол Мисфа, „Кула стражарница”, или посматрачница, велејќи: „Господ нека нè надгледува и тебе и мене, кога ќе си отидеме еден од друг”. {ПП 193.6} „Потоа Лаван му рече на Јакова: ‘Еве, тука е купот; тука е столбот што го исправив меѓу себе и тебе:овој куп и овој столб нека бидат сведоштво дека нема да тргнам против тебе, од зад овој куп, и дека ти нема да тргнеш против мене, од зад ова ритче и спомеников.Авраамовиот Бог и Нахоровиот Бог и Богот на нивните татковци нека ни биде наш судија!” Јаков се заколна во Бога – во Стравот на татка си Исака’”. За да ја потврдат постигната спогодба двете страни приредиле гозба. Ноќта ја поминале во пријатно расположение, а взори се разделиле и Лаван со својата придружба се вратил дома. Со таа разделба и изделување прекината е секоја врска што ги поврзувала Аврамовите деца со жителите на Месопотамија. {ПП 194.1}