41. ОТПАД НА РЕКАТА ЈОРДАН

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Броеви 25 глава

Израелската војска се вратила од Васан како победник со срце полно со радост и обновена со вера во Бога. Веќе освоиле една богата област и цврсто верувале дека веднаш ќе го заземат цел Ханан. Единствено уште реката Јордан се наоѓала меѓу нив и ветената земја. Отаде Јордан се простирала долина покриена со зеленило, наводнувана со потоци и извори, сета во сенка на раскошни палми. На западната страна од рамнината се издигнувале кулите и палатите на градот Ерихон кој во толкава мера изобилувал со палми, што е наречен „палмов град”. {ПП 453.1}

На источната страна од Јордан, меѓу реката и висорамнината преку која поминале, исто така се наоѓала рамнина, широка повеќе километри, а се протегала по должината на реката. Во таа засолнета долина владеела тропска клима; тука растел ситим или багрем, според што долината и го добила името „Ситимска долина”. Израелците тука се улогориле наоѓајќи пријатно засолниште во багремовите шумички крај реката. {ПП 453.2}

Меѓутоа, токму во таа привлечна околина тие требало да наидат на едно зло многу пострашно од силни војски на вооружени луѓе и од дивите животни во пустината. Таа земја, толку богато благословена со природни предимства, ја сквернавеле нејзините жители. За време на јавните богослуженија, посветени на нивното врховно божество, Вал, редовно можеле да се видат најсрамни сцени на безбоштво. Секаде имало места познати по идолопоклонство и распуштеност кои, дури и со своите имиња потсетувале на порочноста на народот. {ПП 453.3}

Таквата околина дејствувала врз Израелците опачно. Нивниот ум се привикнал на лошите мисли кои постојано им биле наметнувани; лежерниот живот и безделничењето донеле свој плод: речиси неусетно отпаднале од Бога и достигнале во таква положба каде што ќе станат лесен плен на искушенијата. {ПП 453.4}

Додека престојувале крај Јордан, Мојсеј ги приготвувал за освојување на Ханан. Големиот водач целосно бил обземен со таа важна задача; но за народот тоа време на починка и очекување претставувало големо искушение – не поминале ниту неколку седмици, а тие својата историја ја извалкале со ужасно отстапување од доблеста и честитоста. {ПП 454.1}

Во почетокот Израелците мошне малку доаѓале во допир со своите незнабожечки соседи. Меѓутоа, по извесно време Мадијанките почнале кришум да влегуваат во логорот. Нивната појава никого не го вознемирувала, па мирно продолжиле со своите планови, а на Мојсеја никој не му обрнал внимание на тоа. Цел на овие жени била, општејќи  со Израелците, да го свртат нивното внимание кон своите незнабожечки обичаи и на тој начин да ги наведат на престап на Божјиот закон – да ги турнат во идолопоклонство. Тие вистински намери внимателно се криени под плаштот на пријателство, така што ниту народните чувари воопшто не се сомневале. {ПП 454.2}

Според советот на Валама, моавскиот цар приредил голема свеченост во чест на своите богови и потајно средил Валам да ги наговори Израелците и тие да земат учество во тоа. Бидејќи овие го сметале за Божји пророк, нему не му било тешко да ја постигне својата цел. Голем дел од народот пошол по него да присуствува на свеченостите. Се осмелиле да стапат на забранета почва и се сплеткале во мрежите на сатаната. Восхитени од музиката и играта и намамени од убавината на незнабожечките калуѓерки, ја занемариле својата верност кон Бога. Се придружиле кон веселбата и славјето, виното им го поматило разумот и ги урнало сите огради на самосовладувањето. Сетилноста потполно загосподарила и бидејќи  својата совест ја извалкале со разврат, дозволиле да бидат наговорени да се поклонат пред идолите. Принесувале жртви на незнабожечките олтари и учествувале во понижувачките обреди. {ПП 454.3}

Не поминало многу време и овој отров како смртоносна зара за се раширил низ целиот израелски логор. Победниците над непријателите во вооружената борба подлегнале пред лукавоста на незнабожечките жени. Се чинело како сиот народ да е маѓепсан. Старешините и народните водачи меѓу првите згрешиле, а и мнозина од народот, така што отпадот станал општ. „И му се приклони Израел на Ваал-Фегор”. Најпосле, кога Мојсеј го забележал злото, успехот на заговорот на нивните непријатели веќе  бил толку голем, што Израелците не само што учествувале во клањањето пред Ваал-Фегор, туку во целиот логор се забележувале и обичаите на незнабошците. Остарениот водач бил длабоко огорчен, а Божјиот гнев се разгорел. {ПП 454.4}

Развратните постапки на Израелците го сториле она што не можеле да го сторат сите Валамови вражби – Израел се одвоил од Бога. Бргу наишла казна и народот почнал да ја увидува големината и одвратноста на својот грев. Во логорот се појавила страшна зараза во која подлегнале десетици илјади луѓе. Бог им наредил на судиите да ги казнат со смрт водачите во овој отпад. Наредбата веднаш е извршена. Престапниците веднаш биле погубени, а нивните тела биле обесени пред очите на цел Израел, со цел народот, гледајќи како Господ строго постапува со нивните водачи, длабоко да почувствува колку на Бога му е гнасен нивниот грев и стравотијата на неговиот гнев против нив. {ПП 455.1}

Сите чувствувале дека казната била праведна, па побрзале пред шаторот за состанок со солзи да го признаат својот грев. И додека тие така плачеле пред Бога, додека сè уште беснеел поморот низ логорот, а судиите ја исполнувале својата задача, наишол еден од израелските благородници, Замвриј, водејќи една мадијанска блудница, „ќерка на Цур, началник на едно од племињата на Мидјаните”; пркосно пред сите Израелци ја вовел во својот шатор. Порокот никогаш не бил посмел и подрзок. Загреан со вино, Замвриј го разгласувал гревот свој „отворено,како содомците” (Исаија 3:9) и се гордеел со својот срам. Свештениците и старешините со болка и понизно паднале ничкум плачејќи при влезот од „скинијата на собранието” и пекајќи пред Господа да го поштеди својот народ и да „не го даде своето наследство под срам”. Во истиот миг тој израелски кнез пред очите на целиот собор се растурал со својот грев, предизвикувајќи ја Божјата одмазда и исмевајќи ги народните судии. Тогаш синот на првосвештеникот Елеазар, Финес, станал среде собирот и, земајќи копје „влезе по Израелецот во блудилиштето и ги прободе и обајцата”. Така злото е запрено; свештеникот, кој ја извршил Божјата казна, бил почестен од цел Израел, а свештеничката служба засекогаш му е потврдена нему и на неговиот дом. {ПП 455.2}

„Финес, синот на Елеазар, син на свештеникот Арон, ја одврати јароста Моја од синовите израелски” – гласела Божјата порака. „Така кажи им: ете, Јас му давам мирен завет;и тој ќе биде за него и за потомството негово по него завет на вечно свештенство, затоа што покажа ревност за својот Бог и Го омилостиви за синовите израелски”. {ПП 455.3}

Казната што го снашла Израел поради гревот во Ситим ги уништила преживеаните од она големо мноштво над кое речиси пред четириесет години била изречена осуда дека „ќе изумрат во пустината”. Пребројувањето на народот, кое во времето на нивниот престој во јорданската долина било изведено по Божја наредба, покажало дека „Меѓу нив немаше ниту еден од оние кои беа избројани од Мојсеја и од свештеникот Арон, кога ги избројуваа Израелевите синови во Синајската Пустина… освен: Халев, Ефониевиот син, и Исус, синот Навинов” (Броеви 26:64,65). {ПП 456.1}

Бог ги казнил Израелците затоа што дозволиле да бидат заведени со примамливите лукавства на Мидјаните; но Божјата казна не ги заобиколила ниту предизвикувачите на гревот. Амалиците, кои ги нападнале оние што биле изморени и папсани од израелските редови во Рафидин, биле казнети дури по подолго време, додека Мидјаните, затоа што ги навеле Израелците на грев, морале веднаш да бидат казнети како уште поопасни непријатели. Господ му заповедил на Мојсеја: „Одмазди им се на Мидјаните поради синовите на Израел, и потоа ќе се прибереш при народот свој” (Броеви 31:2). Тој налог веднаш бил извршен. Од секое племе биле избрани по илјада луѓе и пратени под водство на Финеса. „И отидоа во војна против Мидјаните, како што му заповеда Господ на Мојсеј, и убија… пет мидјански цареви; го убија со меч и Валаам, Беоровиот син” (Броеви 31:7). Дури и жените што ги заробила војската, по наредба на Мојсеја, биле погубени како најодговорни и најопасни непријатели на израелскиот народ. {ПП 456.2}

Таков бил крајот на оние што му смислиле зло на Божјиот народ. Псалмистот кажува: „Попаѓаа незнабошците во јама, што сами ја направија; во замка, која сами ја наместија, се фати ногата нивна” (Псалм 9:15). „Зашто Господ нема да го отфрли Својот народ и нема да го остави Своето наследство,зашто правдата не ќе се врати кај праведните и сите прави по срце ќе ја следат”. Кога луѓето „Ја ловат душата на праведниот”, тогаш Господ „ќе им плати за нивното беззаконие, и за нечестивоста нивна” (Псалм 94:14,15,21,23). {ПП 456.3}

Кога Валам бил повикан да ги проколне Евреите, не можел да им нанесе никакво зло со своите магии. „Не се гледа мака кај Јаков, и не се гледа несреќа во Израел” (Броеви 23:21). Но, кога го престапиле Божјиот закон, ја загубиле својата заштита. Ако Божјиот народ им остане верен на Божјите заповеди, тогаш нема „магии кај Јаков, нема волшепства во Израел”. Сета моќ на сатаната и сите негови лукави планови смислени се така за да ги наведат на грев. Ако оние што тврдат дека се чувари на Божјиот закон ги престапуваат неговите прописи, тогаш се изделуваат од Бога и никогаш не ќе можат да опстанат пред Неговите непријатели. {ПП 457.1}

Истите Израелци, кои не можело да ги совлада оружјето на Мидјаните, ниту сите нивни вражби, паднале како жртва на мидјанските блудници. Влијанието и моќ та на жените, ангажирани во служба на сатаната, е во состојба да ја заведе и да ја уништи душата. „Зашто  таа многумина смртно ранила, и многумина јунаци таа убила” (Изреки 7:26). На тој начин и децата на Сит биле наведени да отстапат од својата чесност и – светото семе се изопачило. Така бил искушаван и Јосиф. Така и Самсон ја предал својата сила и заштитата на Израел ја препуштил во рацете на Филистејците. Тука потклекнал и Давид. И Соломон, најмудриот меѓу царевите, човекот кого Бог три пати го нарекол свој љубимец, станал роб на своите страсти и ѝ ја жртвувал својата чесност на истата заводничка сила. {ПП 457.2} 

„Сето тоа ним им се случуваше да служат како пример, а беше запишано нам за опомена, до кои стигна крајот на вековите.Затоа, кој мисли дека стои, нека гледа да не падне” (1. Коринтјаните 10:11,12). Сатаната точно го познава материјалот во човечкото срце со кој ќе има работа. Тој ги познава најчувствителните точки во човечкиот карактер, зашто илјадници години ги проучува со пеколна ревност. Затоа во сите поколенија се трудел најсилните луѓе, кнезовите во Израел, да ги совлада токму со тоа искушение кое со толку голем успех го применил во Ваал-Фегор. Во сите столетија на сите страни се забележувале такви карактерни црти како остатоци на брод парчосан на карпата на грешните страсти. Денеска, кога се приближуваме кон крајот на времето и кога Божјиот народ стои на границата на небесниот Ханан, сатаната, како и во минатото, двојно ќе ги зголеми своите напори за да ги спречи да влезат во ветената земја. Тој поставува свои стапици пред секоја душа. Оттаму, сите мора да бидат претпазливи, а не само неуките и необразованите. Тој ќе смисли искушенија дури и за оние што се наоѓаат на највисоки положби и на најсвети должности; ако му појде од рака да ја извалка нивната душа, тогаш ќе може да уништи и многу други. И денеска тој се служи со исти средства како и пред три илјади години. Со помош на пријателство со светот, со помош на шармот на убавината, со желбата за задоволства, со веселбите, со различни свечености и со чаша вино, тој наведува на престап на седмата заповед. {ПП 457.3}

Пред да ги наведе на идолопоклонство, сатаната Израелците ги поттикнал кон разврат. Сите што го валкаат Божјиот лик во своето сопствено тело и го сквернават неговиот Храм, нема да се притеснуваат од какво и да е обесчествување на Бога само да ги задоволат желбите на своето расипано срце. Сетилните задоволства го слабеат умот и ја понижуваат душата. Животинските страсти ги отапуваат моралните и интелектуалните сили; робовите на страстите никогаш не можат да ја сфатат светата обврска да го држат Божјиот закон, да ја ценат службата на помирување или да имаат вистински поим за вредноста на душата. Добротата, чистотата и вистината, Божјиот страв и љубовта кон светите нешта – сите овие свети чувства и благородни стремежи што го врзуваат човекот со небесниот свет – стануваат уништени во огнот на желбите. Душата станува мрачна, мртва пустина, врталиште на лоши духови и „тврталиште на сите нечисти и гадни птици”. Суштествата, создадени според Божјиот лик, паѓаат на ниво на неразумни животни. {ПП 458.1}

Со тоа што се дружеле со идолопоклониците и што учествувале во нивните свечености, Евреите биле наведени на престап на Божјиот закон и така навлекле казна врз својот народ. И денеска сатаната има најмногу успех кога ги мами Христовите следбеници на грев и кога ќе ги наведе да се дружат со грешниците и да уживаат во нивните задоволства. „Затоа излезете од нивната средина и одделете се!” Вели Господ, и „Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам” (2. Коринтјаните 6:17). Бог и денеска бара од својот народ јасно да се разликува од другиот свет во своите навики, во моралот и во начелата, како што го барал тоа во старо време од Израел. Доколку верно се придржува кон неговата наука, таа разлика ќе  постои – не може поинаку. Опомените упатени во тоа време до Евреите да не се мешаат со незнабошците, не се помалку непосредни и јасни од опомените кои на Христијаните им забрануваат да се прилагодуваат кон духот и обичаите на неверниците. Христос ни порачува: „Не љубете го светот и сè што е во него. Ако некој го љуби светот, во него нема љубов од Отецот” (1. Јованово 2:15). „Зашто, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога” (Јаков 4:4). Христовите следбеници мора да се изделат од грешниците и нивното друштво да го бараат само како можност да им прават добро. Мораме решително да го одбегнуваме друштвото на оние што се трудат да нè одделат од Бога. И додека ја изговараме молитвата, „не воведувај нè во искушение”, треба и сами, колку што можеме да ги одбегнуваме напастите и искушенијата. {ПП 458.2}   

Израелците биле наведени на грев кога се наоѓале во благосостојба и сигурност. Заборавиле дека постојано треба да го имаат Бога пред очи, ја занемариле молитвата и негувале дух на самоувереност. Благосостојбата и попуштањето пред страстите ја ослабиле тврдината на душата и во неа се вовлекле грешни мисли. Предавниците внатре меѓу ѕидовите ја урнале тврдината на начелата и го изложиле Израел на силата на сатаната. Сатаната и денеска се обидува на ист начин да упропасти секоја душа. Долгиот процес на подготовка, за кој светот не знае, се одвива во срцето пред еден Христијанин да стори отворен грев. Душата не преминува наеднаш од чистота и светост во расипаност, во порок и злосторство. Потребно е извесно време суштествата, создадени според Божјиот лик, да спаднат на животинско ниво или на сатанска природа. Посматрајќи, ние се преобразуваме. Човекот кој се занимава со нечисти мисли може да падне толку ниско, што ќе му годат гревовите кои порано ги осудувал. {ПП 459.1}

Сатаната се труди со сите можни средства да го разгласи злосторството и понижувачките пороци. Не можеме да поминеме низ улиците на нашите градови без да забележиме како јавно се истакнува разбојништвото, било со прикажување во романи или со изведба на сцена. Така духот, малку по малку, се навикнува на грев. Во весниците на народот му се прикажуваат лоши дела и пороци; сè што може да предизвика сетилност, се изнесува на највозбудлив начин. Луѓето во толкава мера слушаат за понижувачки злосторства, што најпосле и чувствителната совест, која од почеток се грозела пред таквите сцени, отапува и жеднее да ги следи таквите вести. {ПП 459.2}

Многу од вообичаените уживања на денешниот свет, омилени дури и кај оние што тврдат дека се Христијани, се насочени кон иста цел како и незнабожечките. Всушност, има мошне малку задоволства што сатаната не ги користи како средство да ја уништува душата. Со векови тој преку драмата настојувал да разбуди страсти и да го издигне порокот. Сатаната се служи со операта, со нејзината волшебна музика и занесна игра за да ја урне бариерата на начелата и да им ја отвори вратата на сетилните наслади. Во секое друштво, собрано заради задоволство, каде што се поттикнува гордост и попуштање кон апетитот, каде што човекот се наведува да го заборава Бога и да ги губи од вид вечните интереси, тука сатаната кове свои синџири околу душата. {ПП 459.3}

Советот на мудрецот гласи: „Од сè, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот” (Изреки 4:23). Човекот е онаков како што мисли во своето срце. Срцето мора да биде обновено од Божјата милост, зашто без тоа истото напразно ќе копнее за чистота во животот. Оној што се труди независно од Христовата милост да изгради благороден карактер полн со доблести, ѕида куќа на песок. Во жестоката луња на искушенијата таа куќа сигурно ќе  се урне. Секоја душа треба да се моли на Бога како што се молел Давид: „Создај чисто срце во мене, Боже, и нов и прав дух стави во мене” (Псалм 51:10). А кога ќе го примиме Божјиот дар, „Божјата сила преку верата ве сочувала за спасение” (1. Петрово 1:5), мораме да се трудиме тоа да го усовршиме. {ПП 460.1}

Меѓутоа, и ние треба нешто да преземеме за да му се противставиме на искушението. Оној што не сака да стане плен на лукавствата на сатаната, мора да ги затвори сите приоди што водат кон душата. Треба да се одбегнува читање, гледање или слушање на сè што предизвикува нечисти мисли. На духот не смее да му се дозволи неконтролирано да талка по предметите што ќе ѝ ги наметне непријателот на душата. Апостол Петар кажува:  „Поради тоа, возљубени, препашете ги колковите на умот свој, бидете бодри… Како послушни чеда, не постапувајте веќе според поранешните ваши похоти, кога бевте во незнаење.Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки” (1. Петрово 1:13-15). А Павле зборува: „Понатаму, браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете” (Филипјаните 4:8). Тоа бара сериозна молитва и непрекината будност. Постојано треба да нè поткрепува влијанието на Светиот Дух, нашите мисли да ги насочува кон горе и да ги навикнува да се задржуваат на она што е чисто и свето. Мораме ревносно да ја проучуваме Божјата Реч. „Како момчето ќе го запази во чистота патот свој? – Ако ги пази зборовите Твои! Ги сокрив во срцето свое заповедите Твои, за да не грешам пред Тебе” (Псалм 119:9,11). {ПП 460.2}   

Гревот на Израелците кај Ваал-Фегор навлекол Божја казна врз целиот народ; денеска истиот тој грев можеби нема да биде толку бргу казнет, но сигурно ќе ја прими својата одмазда. „Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори” (1. Коринтјаните 3:17). Природата става печат на страшна казна за такви злосторства – казна што секако ќе го снајде секој престапник, порано или подоцна. Овој вид грев, повеќе од кој и да било друг, претставува причина за страшното изопачување на нашиот род, како и за болестите и бедата што се проклетство за светот. Луѓето можат да успеат своите престапи да ги скријат пред своите ближни, но тоа не значи дека нема да пожнеат сигурни последици: патила, болест, малоумност и смрт. А од другата страна на овој живот стои суд со конечна одлука и со вечна казна. „Оние што го прават тоа, нема да го наследат царството Божјо”, туку со сатаната и со неговите лоши ангели ќе се најде во „Огненото Езеро. Тоа е втората смрт” (Галатјаните 5:21; Откровение 20:14). {ПП 461.1} „зашто мед тече од устата на неверна жена, и нејзината уста е помазна од маслиново масло;но последиците од неа се горчливи како пелин, остри како меч со две сечива” (Изреки 5:3,4). „Држи го подалеку од неа патот свој и не приближувај се до вратата на куќата нејзина,за да не си го дадеш животот свој на друг и годините свои на мачител;за да не се наситуваат туѓинците од твојата сила, и работата твоја да не биде за туѓа куќа,за да офкаш отпосле, кога плотта твоја и телото твое ќе бидат истоштени”. „Домот нејзин води кон смрт, и патеките нејзини – кон пеколот;никој од влезените кај неа не се враќа и не стапнува врз патот на животот”. „И тој не знае дека таму се мртовците, и дека поканетите од неа се на дното од пеколот!”(Изреки 5:8-11; 2:18,19; 9:18). {ПП 461.2}

Сподели го ова:

Слични објави