25. ИЗЛЕГУВАЊЕТО НА ИЗРАЕЛЦИТЕ ОД ЕГИПЕТ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Излез 12:34-51; 14 и 15 глава

Опашани и обуени, со стап во рака, Израелците стоеле молчејќи со длабока страхопочит, но сепак полни со надеж чекале само да падне царската наредба што ќе им овозможи заминување. Пред да осамне утрото, тие веќе биле на пат. Во текот на излевањето на злата додека манифестацијата на Божјата сила создавала вера во срцата на робовите, а нивните угнетувачи ги исполнувала со страв, Израелците постепено се собирале земјата Гошен; и покрај ненадејноста на нивното заминување, извесни подготовки, неопходни за организација и за управување со масите во движење, веќе биле извршени; тие биле поделени во формации и потчинети на одредени водачи. {ПП 281.1}

Така тргнале „околу шестотини илјади пешаци мажи, не сметајќи ги тука децата. И многу други придојдени отидоа со нив”. Во таа огромна маса се нашле не само оние што биле поттикнати со вера во Израеловиот Бог, туку и еден поголем број такви кои сакале само да ја одбегнат казната, или кои се придружиле кон оваа огромна поворка од просто љубопитство. Тие за Израелците биле само пречка и стапица. {ПП 281.2}

Народот повел со себе и „мошне големо стадо”. Тоа била лична своина на Израелците кои својата сопственост никогаш не му ја продале на царот како Египќаните. Кога Јаков и неговите синови дошле во Египет, ги довеле и своите стада кои тука многу се намножиле. Пред да го напуштат Египет, Израелците, по упатство на Мојсеја, барале обештетување и надомест за својот ненаплатен труд, што Египќаните во тој миг, кога одвај чекале да се решат од нив, не можеле да одбијат. Така робовите тргнале натоварени со пленот земен од нивните угнетувачи. {ПП 281.3}

Тој ден е окончана историјата откриена на Аврама со векови порано во пророчката визија: „Знај дека потомците твои ќе бидат придојдени во туѓа земја, ќе робуваат и ќе ги мачат четиристотини години.Но јас ќе го судам народот кај кого тие ќе бидат во ропство; потоа тие ќе излезат оттаму со големо богатство” (Создавање 15:13,14). Тие четиристотини години изминале. „Ноќе, во истиот ден, излезе сета Господова војска од земјата египетска” (Излез 12:41). При напуштањето на Египет, Израелците не ги заборавиле коските на Јосифа кои, како драгоцено завештание толку долго чекале да се исполни Божјото ветување, и за време на мрачните години на израелското робување го потсетувале народот на ослободувањето. {ПП 281.4}

Наместо да тргнат по патот што водел директно во Ханан, но преку филистејската земја, Господ правецот на нивното движење го насочил малку јужно, кон брегот на Црвеното Море. „зашто Бог рече: „За да не би да се покае народот, кога ќе види војна, па да се врати во Египет”. Да се обиделе да поминат низ Филистеја, би наишле на отпор, зашто Филистејците, сметајќи ги за робови што бегаат од своите господари, не би се притеснувале да ги нападнат. Израелците не биле добро опремени да го прифатат судирот со тој силен и воинствен народ. Тие не знаеле многу за Бога и нивната вера во него била слаба па би се уплашиле и би ја загубиле храброста. Не биле вооружени и не навикнале на војна; храброста им била ослабена од долгото робување, а освен тоа, со себе воделе жени деца и добиток. Со тоа што ги повел кон Црвеното Море, Господ им се открил не само како Бог на суд, туку и како Бог на сочувство и сомилост. {ПП 282.1}

„И откако појдоа од Сукот, се настанија во Етам, при крајот на пустината. А Господ одеше пред нив, дење како столб од облак, а ноќе во вид на огнен столб, за да им свети”. Псалмистот кажува: „Тој им простре облак како покрив и оган, за да им свети ноќе” (Псалм 105:39; види исто така и 1. Коринтјаните 10:1,2). Знамето на нивниот невидлив Водач било секогаш меѓу нив. Дење облакот им бил патоводител или над нив се ширел како заштитна покривка; ги штител од сончевите горештини, а со својата сенка, свежина и влага, пружал пријатно освежување и им го олеснувал патувањето низ жешката и безводна пустина. Ноќе тој облак се претворал во огнен столб што им го осветлувал логорот и претставувал постојан доказ за Божјото присуство. {ПП 282.2}

На едно од најубавите и најутешни места на пророштвото на Исаија, се зборува за столбот од облак и за столбот од оган, со што се прикажува Божјата наклоност и неговата грижа за својот народ во последната голема борба со силите на злото. „И ќе направи Господ над секое место на гората Сион и над собранијата, облак и дим дење, а блесок од пламнат оган – ноќе; зашто слава ќе покрива сè.И ќе има шатор за сенка дење од припек и засолниште и заклон од лошо време” (Исаија 4:5,6). {ПП 283.1}

Израелците оделе преку едно стушено пространство слично на пустина. Веќе почнале да се чудат каде одат. Со текот на времето се умориле, а во срцето на некои се појавил и страв дека Египќаните би можеле да тргнат во потера по нив. Но облакот без задржување продолжил напред, и тие оделе по него. Тогаш Господ го упатил Мојсеја да скршне во една карпеста клисура и да се улогорат тука непосредно до морето. Му било откриено дека фараонот пошол во потера по нив, но дека Бог ќе се прослави ослободувајќи ги. {ПП 283.2}

Во Египет се пронел глас дека синовите Израелови, наместо да се задржат во пустината заради одржување на најавеното богослужение, итно продолжуваат кон Црвеното Море. Советниците на фараонот му рекле на царот дека робовите му побегнале и дека никогаш веќе нема да се вратат. Египќаните почнале да жалат поради својата наводна лудост што смртта на своите првенци ѝ ја припишувале на Божјата сила. Нивните големци, штом се оттргнале од стравот, сите претрпени казни и неволји ги објаснувале како последица на природните појави. Нивната огорчена ујаденост се гледа од зборовите: „Што направивме, па ги пуштивме синовите израелски, та да не ни работат повеќе?” {ПП 283.3}

Тогаш фараонот ја собрал сета своја војска, коњаниците, војводите и пешадијата, и „зеде шестотини коли по избор и колку што уште имаше египетски коли, со нивните началници”. Војската ја предводел царот со своите великодостојници. За да си обезбедат наклоност од боговите и со тоа да си обезбедат успех во својот потфат, со себе ги повеле и свештениците. Царот решил Израелците да ги заплаши со тоа што ќе им ја покаже сета големина на својата сила. Египќаните се плашеле дека другите народи ќе ги исмеваат што биле натерани да му се потчинат на Израелскиот Бог; но ако сега кренат со голема сила и ако бегалците ги вратат, можат да ја сочуваат не само својата чест и слава, туку пак да имаат робови што ќе им служат како и до сега. {ПП 283.4}

Евреите се улогориле крај морето чијашто широчина им се чинела непремостива пречка за натамошното патување. Јужно од нив се наоѓале карпести планини низ кои исто така не можело да се помине. Наеднаш во далечината забележале сјајно оружје и воени коли како извидница на голема војска. Кога борците им се приближиле, во нив ги препознале Египќаните кои ги гонеле. Срцата на Израелците ги обзел страв. Некои му се обратиле на Господа, а мнозинството побрзале кај Мојсеја да се жалат: „Зар немаше гробови во Египет, туку нè изведе овде да изгинеме во пустината? Што ни направи? Зошто нè изведе од Египет?Нели ти го кажавме ова и во Египет, кога ти рековме: ‘Остави нè, да им служиме на Египќаните?’ Зашто подобро ќе ни беше да им робуваме на Египќаните, отколку да изгинеме во пустинава”. {ПП 283.5}

Мојсеј бил мошне вознемирен што неговиот народ има толку малечка доверба во Бога, иако веќе толку пати биле очевидци на Божјата сила покажана во нивна полза. Како можеле за претстојната опасност и тешкотиите во кои се нашле да го обвинуваат него кога тој постапувал исклучиво според заповедта што му ја дал Бог? Точно било дека тие не би успеале да се извлечат кога Бог не би се зазел за нивното ослободување; но бидејќи во таа положба биле доведени следејќи ги божествените упатства, Мојсеј ниту малку не се плашел од последиците. Тој на народот мирно и убедливо му одговорил: „Не плашете се, застанете и ќе видите како Господ ќе ве спаси денес: Египќаните, како што ги гледате денес, нема повеќе никогаш да ги видите довека.Господ ќе се бори за вас, а вие бидете спокојни”. {ПП 284.1}

Не било ниту малку лесно да се уверат масите на народот дека спасение треба да чекаат од Господа. Онака скудни во дисциплината и во самосовладувањето, бргу паѓале во оган и биле непромислени. Очекувале веднаш да паднат во рацете на угнетувачите и затоа со сиот глас се жалеле и викале. Чудесниот столб од облак до тогаш го сметале за прекрасен Божји знак кој им покажувал кога треба да тргнат напред, а сега се прашувале да не е тоа предзнак за некаква голема несреќа; зашто, нели можеби токму тој ги завел на спротивната страна од планината, во оваа беспатица? Така на нивниот заслепен ум Божјиот ангел им изгледал како предвесник на пропаст. {ПП 284.2}

Но сега, кога египетската војска им се приближила, надевајќи се дека лесно ќе ги претвори во свој плен, величествениот облак се подигнал кон небото, преминал над Израелците и се спуштил меѓу нив и египетските чети. Меѓу прогонетите и нивните прогонувачи се поставил непровиден ѕид. Египќаните не можеле веќе да го видат логорот на Евреите и биле присилени да застанат. Меѓутоа, како ноќната темнина станувала сѐ погуста, од тој ѕид на Евреите им доаѓала светлина што го осветлувала целиот логор. {ПП 284.3}

Тогаш се вратила надежта во срцата на Израелците, а Мојсеј го подигнал својот глас кон Господа. „Зошто викаш кон Мене? Кажи им на синовите на Израел нека врват.А ти земи го стапот свој и протегни ја раката своја врз морето, и раздели го, и нека минат синовите израелски, среде море по суво”. {ПП 287.1}

Опишувајќи го преминот на Израелците низ Црвеното Море, псалмистот пее: „Твојот пат водеше низ морето, Твоите патеки преку моќните води, но Твоите траги не се познаваа.Ти ги водеше како стадо луѓето Твои преку раката на Мојсеј и Арон” (Псалм 77:19,20). Кога Мојсеј го пружил стапот, водата се разделила и Израелците оделе среде морето по сува почва, а водата од страните им стоела како ѕид. Божјата светлина од огнениот столб се одблеснувала од запенавените брегови на вознемирените бранови и им ја осветлувала патеката што водела низ морето како огромна длабока бразда губејќи се во темната далечина на спротивниот брег. {ПП 287.2}

„А Египќаните, гонејќи ги, појдоа по нив среде море, сите коњи фараонови, колите и коњаниците негови.А во утринската стража погледна Господ на војската египетска од огнениот столб и од облакот и ја доведе во забуна војската египетска”. Таинствениот облак пред нивните восхитени очи се претворил во огнен столб. Екнале грмежи и молскале молњи. „Од облаците се излеа вода, загрмеа небесата зашто стрелите Твои пролетуваа.Татнежот на Твојот гром се разнесуваше низ виорот; светкавици ја осветлуваа вселената; Земјата трепереше и се тресеше” (Псалм 77:17,18). {ПП 287.3}

Египќаните ги зафатила вчудовиденост и паника. Среде необичните стихии, во кои се слушнал гласот на разгневениот Бог, се обиделе да се вратат по своите траги и да побегнат на брегот од кој пошле. Но Мојсеј го подигнал својот стап и огромните маси вода, напластени од обете страни, рикајќи морничаво и бесно по својот плен, се урнале со писок и татнеж и во својата темна длабина ја проголтале египетската војска. {ПП 287.4}  

Кога осамнало утрото, израелскиот народ ги видел остатоците од нивниот силен непријател – оклопени лешеви што ги исфрлило морето на пустиот брег. Една единствена ноќ била доволна да им донесе потполно спасение од најужасната опасност. Тоа огромно беспомошно мноштво за борба неспособни робови, жени деца и добиток, со море пред себе и со силни чети на Египќани зад себе видело како низ водата им се отвора патека и како нивните непријатели, во мигот на очекуваниот триумф, биле удавени. Ги ослободил лично Јехова и нему му се обратиле сите срца со благодарност и вера. Своите чувства ги изразиле во похвална песна. Врз Мојсеја слегол Божјиот Дух и тој народот го повел во победоносна, благодарна химна, прва и највозвишена од сите што им се познати на луѓето: {ПП 287.5}

„Да Го воспеам Господа, зашто славно се прослави:

коњот и коњаникот негов ги фрли в море.

Господ е моја сила и моја слава;

Тој е спасение мое; Тој е Бог мој,

и ќе Го прославувам; Бог на таткото мој,

и ќе Го превознесувам.Господ е воин;

Јахве е името Негово.

Колите фараонови и војската негова ги фрли в море;

избраните војводи негови се удавија во Црвено Море.

Бездните ги покрија; тие потонаа во длабочините, како камења.

Десницата Твоја, Господи, се прослави со сила;

десната рака Твоја, Господи, го уништи непријателот.

И со величието на славата Твоја

Ти ги собори оние, кои станаа против Тебе;

Ти го излеа гневот Свој, и тој ги изгоре како слама.

Од здивот на ноздрите Твои водите се расцепија,

Брановите се издигнаа како ѕид;

Бездните морски станаа тврди.

Непријателот рече: Ќе гонам, ќе стигнам, плен ќе разделам,

Ќе се насити со нив душата Моја,

Ќе го извадам мечот Свој, ќе ги уништи раката Моја.’

Ти дувна со здивот Твој, и морето ги покри;

И тие потонаа како олово во силните води.

Кој е како Тебе меѓу боговите, Господи?

Кој е како Тебе прославен во светоста Своја,

Прекрасен во славата Своја и Творец на чуда?

Ти ја пружи десницата Своја и земјата ги голтна.

Според милоста Твоја го водиш овој народ, кого Ти го избави,

И го спроведуваш со силата Своја во живеалиштето на Светоста Твоја.

Народите слушнаа и затоа треперат:

Ужас ги опфати жителите на земјата филистејска.

Тогаш се збунија поглаварите едомски,

Страв и трепет ги обзеде кнезовите моавски,

Се уплашија сите жители ханански.

Нека ги опфати страв и ужас;

Од силата на раката Твоја нека онемеат како камен,

Додека не помине народот Твој, Господи,

Додека не помине овој народ што си го придобил.

Одведи го и смести го во планината на Твоето наследство,

Во место, кое Ти Господи, си го приготвил за живеалиште Свое,

Во светилиштето создадено со рацете Твои, Господи!

Господ ќе царува секогаш и во вечност(Излез 15:1-18). {ПП 288.1}

Овој возвишен фалбоспев бликал од грлата на безброј илјадници Израелови како што се издигнува глас од голема длабина. Песната ја прифатиле и израелските жени кои, кога излегле во логорот со тапани и свирки, ги предводела Мирјам, сестрата на Мојсеја. Веселиот фалбоспев се разлевал далеку преку пустината и морето, а планините го враќале одгласот на нивниот рефрен:

Пејте Му на Господ, зашто славно се прослави!”  (Излез 15:21) {ПП 288.2}

Оваа песна и големото ослободување што е опеано во неа оставиле неизбришлив впечаток и спомен што никогаш не е заборавен кај еврејскиот народ. Од столетие во столетие ја повторувале Израелските пророци и поети како доказ дека Јехова е сила и спасение за оние што му се доверуваат нему. Таа песна не му припаѓа само на еврејскиот народ. Таа однапред укажува на уништувањето на сите непријатели на правдата, и на конечната победа на Божјиот Израел. Пророкот од Патмос го видел мноштвото облечено во бело „оние што победија”, стоејќи на „стаклено море, измешано со оган”, имајќи „харфи Божји”.  „И ја пееја песната на Мојсеј, Божјиот слуга, и песната на Јагнето” (Откровение 15:2,3). {ПП 289.1}

„Не нам, Господи, не нам, туку на Своето име дај му слава, заради Твојата милост, заради Твојата вистина” (Псалм 115:1). Со таков дух била проникната песната на ослободувањето на Израел и истиот дух треба да биде во срцата на сите оние што го љубат Бога и што се бојат од неговото име. Ослободувајќи ја нашата душа од робувањето на гревот, Господ за секого од нас издејствувал ослободување поголемо од она што го доживеале Евреите на Црвеното Море. Слично на илјадниците Израелови, и ние треба со цело срце и душа да го фалиме „Господ за милоста Негова и за чудесата Негови што им ги направи на синовите човечки” (Псалм 107:8). Оние што размислуваат за големата Божја милост и не забораваат ниту едно добро што им го сторил Бог, се проникнати со радост и му пеат во своите срца на Господа. Благословите што ги примаме секој ден од Божјата рака, а над сѐ љубовта и жртвата на нашиот Спасител кој умрел за да ни ја стави во рака среќата на спасението и небесното блаженство, тоа треба да биде тема на нашето постојано благодарење. Какво милосрдие и каква неспоредлива љубов покажал Бог кон нас, загубени грешници, поврзувајќи не со заветен однос со себе како посебно „богатство меѓу сите народи”. Колкава жртва поднел Спасителот за ние да можеме да се наречеме Божји деца! Треба да го фалиме Господа за блажената надеж што ни е укажана и нам со големиот план на откупувањето; треба да го славиме за големото небесно наследство и за неговите прекрасни ветувања да бидеме благодарни што Исус живее и што се залага за нас пред Отецот. {ПП 289.2}

„Кој принесува жртва благодарствена”, вели Творецот, „тој Ме прославува” (Псалм 50:23). Сите небесни жители се соединуваат во оддавањето похвала и слава на Господа. Да ја учиме и ние уште додека сме овде песната на ангелите за да можеме да ја пееме заедно со нив кога еднаш ќе се придружиме кон нивните сјајни редови. Да кажеме со псалмистот: „Ќе Го фалам Господ додека сум жив; ќе Му пеам на мојот Бог додека постојам” (Псалм 146:2). „Народите нека Те прославуваат, Боже, сите народи нека Те слават” (Псалм 67:5). {ПП 289.3}

Во своето провидение Бог ги довел Евреите во таа клисура крај морето со цел во нивното ослободување да ја покаже својата моќ и во значителна мера да ја понижи гордоста на нивните угнетувачи. Тој можел да ги спаси и на друг начин, но го одбрал токму овој за да ја испита нивната вера и да ја засили нивната доверба во него. Тие биле папсани и вџашени, но да не послушале кога Мојсеј им наредил да тргнат напред, Бог не би го отворил патот пред нив. „Со вера поминаа преку Црвеното Море како по суво” (Евреите 11:29). Слегувајќи до водата, тие покажале дека веруваат во Божјите зборови изговорени преку Мојсеја. Сториле сѐ што било во нивна моќ, а потоа Семожниот го разделил морето за да им создаде премин. {ПП 290.1}

Големата поука што може да се извлече од ова важи за сите времиња. Животот на христијанинот често е полн со опасности, и должноста што треба да се изврши изгледа многу тешка. Вообразениот често создава слика според која пред нас се наоѓа сигурна пропаст, а зад нас ропство и смрт. А сепак Божјиот глас јасно зборува: „Само напред”. Ние треба да ја прифатиме таа заповед дури тогаш кога со свои очи не сме во состојба да проникнеме низ темнината на неизвесноста и кога под нозете веќе ги чувствуваме студените бранови. Колебливиот дух, кој вечно се сомнева, никогаш нема да се ослободи од пречките што го попречуваат нашето напредување. Оние што одложуваат да го послушаат овој глас сѐ додека не исчезне секоја сенка на неизвесност и додека нема веќе никаква опасност од неуспех или пораз, воопшто никогаш нема ни да послушаат. Неверувањето дошепнува: „Да почекаме додека не се отстранат сите пречки и додека не го видиме јасно патот пред себе”; но верата храбро гони напред „сѐ верува, на сѐ се надева”. {ПП 290.2} Истиот облак кој за Египќаните бил голем мрачен ѕид, за Израелците бил извор на светлина што го осветлувала целиот нивни логор осветлувајќи го со своите блескотни зраци и патот што се пружал пред нив. Така често и денеска настаните што се дело на провидението, на оние што се сомневаат им донесуваат само темнина и очај, а на верните видело и мир. Патот по кој не води Бог може да поминува и низ пустина и низ море, но тоа сепак е сигурен пат. {ПП 290.3}

Сподели го ова:

Similar Posts