32. ЗАКОНИТЕ И ЗАВЕТИТЕ

Сподели го ова:

На Адама и Ева уште од создавањето им бил познат Божјиот закон и тие точно знаеле што тој бара од нив. Прописите на тој закон биле напишани во нивното срце. Кога човекот паднал поради престапот, законот не е менуван, туку е воспоставен систем за спасување со цел престапниците повторно да се вратат на послушност. Било дадено ветување за доаѓање на Спасителот и воведен е жртвен систем кој однапред укажувал на Христовата смрт како голема жртва за гревовите на светот. Меѓутоа, кога Божјиот закон никогаш не би бил престапен, не би имало смрт ниту потреба да се ветува Спасител, и воопшто не би било потребно да се принесуваат жртви. {ПП 363.1}

Адам своите потомци ги поучувал на Божјиот закон, и така законот, пренесуван од татко на син, им е предаван на следните поколенија. Но и покрај тоа што за спасението на човекот е сторено толку многу, мошне малку се оние што тоа го ценат и кои се враќаат на послушноста. Престапите на законот во толкава мера го расипале светот, што било неопходно со потоп да се „испере” земјата од нејзината изопаченост. Тогаш законот бил сочуван преку Ное и неговото семејство и тие прописите на десетте заповеди им ги предале на своите потомци. Кога луѓето повторно отстапиле од Бога, Тој го одбрал Аврама, човек за кого можел да каже: „Авраам го послуша гласот Мој и се покоруваше на заповедите Мои, на наредбите Мои и на законите Мои” (Создавање 26:5). Нему му бил даден обредот обрезание како знак дека, оние што го примиле, биле посветени во Божја служба – знак на заветот дека се изделиле од идолопоклонството за да му се покоруваат на Божјиот закон. Пропустот и неуспехот на Аврамовите потомци да го одржат тој завет што се гледа од нивната склоност да склучуваат брачни врски со незнабошците и да ги прифаќаат нивните навики предизвикале тие да престојуваат и да робуваат во Египет. Меѓутоа, општењето со идолопоклониците и нивното присилното потчинување под власт на Египќаните придонеле Божјите прописи да бидат уште повеќе расипани со примеси на ништожното и свирепо учење на незнабошците. Кога заради тоа ги извел од Египет, Господ, обвиен во слава и опкружен со ангели, слегол на Синајската гора и со највпечатлива манифестација на својата величественост им го објавил својот закон така што тоа можел да го чуе сиот народ. {ПП 363.2}

Па сепак, во таа пригода Тој своите прописи не ги препуштил на памтењето на народот, толку наклонет да ги заборави неговите барања, туку ги напишал на камени плочи. Бог сакал Израелците да ги лиши од секоја можност за мешање на незнабожечките преданија со неговите свети прописи или од можноста на замена на неговите барања со човечки прописи и обичаи. Но Тој исто така не се запрел само на десетте заповеди. Народот покажал колку лесно паѓа во заблуда, и затоа ниту една врата на искушение не смеела да остане без стража. На Мојсеја му било наредено да ги напише законите и правата онака како што му заповедал Бог за точно да се знае што се бара. Овие објаснувања и упатства во врска со должностите на народот кон Бога, за меѓусебните обврски и односи кон дојденците, всушност биле само поцелосно објаснување на основните начела содржани во десетте заповеди. Тоа било потребно за никој да не биде доведен во заблуда. Тие објаснувања се дадени со цел да ја сочуваат светоста и неповредливоста на оние десет заповеди напишани на камени плочи. {ПП 364.1}

Кога човекот би го држел Божјиот закон онака како што му бил даден на Адама по неговиот пад, како што го примил Ное и го презел Аврам, обрезанието воопшто не би било потребно. А кога Аврамовите потомци би го држеле оној завет, чијшто знак било обрезанието, никогаш не би биле заведени со идолопоклонство и не би морале да страдаат како робови во Египет. Божјиот закон би бил напишан во нивните мисли и не би било потребно тој да се објавува на Синај ниту да се пишува на камени плочи. Кога луѓето би ги држеле начелата содржани во десетте заповеди, не би биле потребни дополнителните упатства дадени преку Мојсеја. {ПП 364.2}

И жртвениот систем, предаден на Адама, бил изопачен од неговите потомци. Суеверието, идолопоклонството, свирепоста и развратноста ја искривоколчиле едноставната и значајна служба што ја пропишал Бог. Со текот на долгиот заеднички живот и со мешањето со многубошците, израелскиот народ многу нивни обичаи внел во своето богослужение. Затоа Господ на Синај им дал одредени упатства во врска со жртвената служба. Кога Светилиштето било завршено, Бог со Мојсеја разговарал од облакот над престолот на милоста и му давал одредени упатства во врска со принесувањето на жртвите и церемониите што требало да се извршуваат за време на богослужението. Така на Мојсеја му бил даден церемонијален закон кој го запишал во книга. Но десетте заповеди, објавени на Синај, ги напишал лично Бог на камени плочи кои неповредливо се чувани во ковчегот на заветот. {ПП 364.3}

Има многу луѓе кои се обидуваат да ги мешаат тие два система. Тие наведуваат стихови што зборуваат за церемонијалниот закон за да докажат дека моралниот закон е укинат. Но тоа е погрешно толкување на Светото писмо. Разликата меѓу овие два система е голема и јасна. Церемонијалниот систем се состоел од симболи кои укажувале на Христа, на неговата жртва и на неговата служба како свештеник. Тој ритуален закон со своите жртви и прописи, Евреите требало да го применуваат сè додека симболите не се исполниле во смртта на Исуса Христа – Божјото јагне – кое „ги зема гревовите на светот”. Тоа е оној закон што го зел Христос „од средината и го прикова на крстот” (Колосјаните 2:14). Но, во врска со законот од десет заповеди псалмистот кажува: „Твоето слово засекогаш е утврдено на небото” (Псалм 119:89). А Христос додава: „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците… Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сè” (Матеј 5:17,18). Тој овде толкува не само што значеле прописите на Божјиот закон во минатото и во негово време, туку и дека тие ќе  важат сè додека постојат небото и земјата. Божјиот закон е исто така непроменлив како и неговиот престол. Неговите прописи се задолжителни за човечкиот род во сите времиња. {ПП 365.1}

Во врска со законот, објавен на Синај, Немија кажува: „И слезе Ти на гората Синај и говореше со нив од небото, им даде праведен суд, вистински закони, наредби и добри заповеди” (Немија 9:13). А Павле, „апостол на незнабошците” додава: „Така, значи, Законот е свет, и заповедта света, справедлива и добра” (Римјаните 7:12). Тоа може да биде само законот од десет заповеди, зашто тоа е законот во кој се кажува: „Не биди похотлив” (Римјаните 7:7). {ПП 365.2}

Иако Христовата смрт му ставила крај на законот на претсликите и сенките, таа ниту во најмала мера не ги намалила обврските предвидени со моралниот закон. Напротив, токму тој факт што Христос морал да умре поради човековиот престап на овој закон докажува дека тој закон е непроменлив. {ПП 365.3}

Оние што тврдат дека Христос дошол да го укине Божјиот закон и да го отстрани Стариот завет, за периодот на еврејството зборуваат како за време на темнина и еврејската вера ја прикажуваат така како таа да се состоела само од церемонии и формалности. Секако, тоа е заблуда. Секаде на страниците на светата историја, во која се зборува за Божјото постапување со неговиот избран народ, се наоѓаат свети траги на Големиот „Јас сум”. Никогаш на човечките синови не им било дадено поголемо и поочигледно откровение за неговата моќ и слава отколку тогаш кога Тој бил признат како единствен Господар над Израел и кога на својот народ му го дал законот. Тука бил жезолот што не го носела човечка рака, а величествениот настап на невидливиот израелски Цар бил несфатливо величествен и влевал најдлабока страхопочит. {ПП 365.4}

Во сите тие откровенија на божественото присуство се покажувала Божјата слава преку Исуса Христа. „Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос” (2. Коринтјаните 5:19). Христос бил темел и центар на целокупниот жртвен систем како во времето на патријарсите така и во еврејскиот период. Од падот на нашите први родители во грев, Бог не комуницирал веќе непосредно со луѓето. Отецот светот го предал во Христови раце со цел Тој со своето посредување да ги искупи луѓето и да го оправда авторитетот и светоста на Божјиот закон. Секоја комуникација меѓу небото и паднатиот човечки род се одвивала само преку Христа. Божјиот Син на нашите први родители им дал ветувања за откуп. Тој бил Оној кој во визија им се откривал на патријарсите. И сите тие: Адам, Ное, Аврам, Исак, Јаков и Мојсеј, суштински ја сфатиле смислата на евангелието. Тие спасението го очекувале само преку човековиот Заменик и Гарант. Светите луѓе од дамнина одржувале врска со Спасителот кој требало да дојде на земјата во човечка лика; а некои од нив и зборувале со Христа и со светите ангели лице в лице. {ПП 366.1}

Христос бил не само водач на Евреите во пустината – ангел во кого било името на Јехова, и кој обвиен со облак одел пред народот – туку токму Тој бил Оној кој со својот глас му го објавил законот на Израел. Среде величествената манифестација на божествената слава на Синајската гора, Христос, во присуство на својот народ, ги објавил десетте прописи на законот на Отецот. Токму Тој бил Оној кој на Мојсеја му го дал законот напишан на камени плочи. {ПП 366.2}

И гласот, кој на пророците им ја објавувал божествената волја за неговиот народ, исто така бил Христовиот глас. Обраќајќи ѝ се на христијанската црква, апостол Петар кажува: „Тоа спасение го бараа и испитуваа пророците што прорекоа за вашата благодат.Откако испитаа, во кое или какво време им јавуваше Духот Христов однапред, Кој беше во нив, сведочејќи за Христовите страдања и славата која иде по нив” (1. Петрово 1:10,11). Во целиот Стар завет ни зборува Христовиот глас. „Зашто сведоштвото Исусово е Духот на пророштвото” (Откровение 19:10). {ПП 366.3}

Во своите поуки додека лично бил меѓу луѓето, мислите на своите слушатели Исус секогаш ги насочувал кон Стариот завет. Тој им зборувал на Евреите: „Ги истражувате Писмата, зашто вие мислите дека во нив имате живот вечен; а токму тие сведочат за Мене” (Јован 5:39). Во тоа време Писмата на Стариот завет ја сочинувале целата Библија. Божјиот Син го кажал и ова: „Тие ги имаат Мојсеј и Пророците; нив нека ги слушаат”. А потоа додава: „Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат” (Лука 16:29,31). {ПП 367.1}

Христос го пропишал и церемонијалниот закон. Дури и кога не бил веќе задолжителен, Павле им го изложил на Евреите во вистинска светлина и вредност, укажувајќи на неговото место во планот на спасението и на неговата врска со Христовото дело. Големиот апостол кажува дека тој закон е славен и достоен за својот божествен Законодавец. Свечената служба во Светилиштето симболично ги претставувала големите вистини што требало да им се откријат на идните поколенија. Мирисот на темјанот што се издигнувал заедно со молитвите на Израелците ја претставува правдата на Оној кој единствено е во состојба молитвата на грешникот да му ја препорача на Бога. Жртвата што крвавела на жртвениот олтар сведочела за Искупителот кој требало да дојде; а од светињата над светињите блескотел видлив знак на Божјото присуство. Така низ вековите на мракот и отпадот е одржувана жива вера во срцата на луѓето сè додека не настапило времето да дојде ветениот Месија. {ПП 367.2}

Исус бил светлина на својот народ – светлина на светот – и пред да дојде на земјата во човечка лика. Првиот зрачок на светлина што ја пробил темнината во која гревот го обвил овој свет, дошол од Христа. Од него дошол и секој зрак на небесниот сјај што паднал врз земните жители. Во планот на откупувањето Христос е алфа и омега – прв и последен. {ПП 367.3}

Откако Спасителот ја пролеал својата крв за избавување од гревот и се вознел на небото ,„да се јави сега пред лицето на Бога за нас” (Евреите 9:24), светлината зрачи од крстот на Голгота и од небесното Светилиште. Но фактот што ни е подарена толку јасна светлина не смее да нè наведе да ја потцениме онаа што е примена во симболите на поранешните времиња и која укажувала на доаѓањето на Спасителот. Христовото евангелие фрла светлина врз еврејското уредување и му дава значење на церемонијалниот закон. Откривајќи нови вистини и осветлувајќи ги оние што биле познати уште од почеток, евангелието го прави уште појасен Божјиот карактер и неговите намери при постапувањето со неговиот одбран народ. Секој дополнителен зрак на светлина што го примаме, ни е даден со цел уште појасно да го сфатиме планот на откупувањето, кој не е ништо друго освен спроведување на Божјата волја при спасувањето на човекот. Така гледаме нова убавина и нова сила во инспирираната Божја реч и нејзините страници ги проучуваме со подлабок и пожив интерес. {ПП 367.4}

Мнозина мислат дека Бог поставил некаков ѕид на поделба меѓу Евреите и другите народи; дека неговата љубов и неговата грижа им се скусени на другите народи и наменети исклучиво на Израел. Но Бог не сакал неговиот народ да поставува ѕид меѓу себе и своите ближни. Срцето на бесконечната Љубов им е наклонето на сите жители на земјата. Иако го отфрлиле, Тој постојано се труди да им се открие и да ги стори соучесници во својата љубов и милост. Своите благослови Тој му ги дал на својот одбран народ за да им бидат пренесени и на другите. {ПП 368.1}

Бог го повикал Аврама и му укажал чест така што го благословил; а верноста на патријархот била светлина за жителите на сите земји во кои се задржувал. Аврам не се изделувал од луѓето меѓу кои живеел. Тој одржувал пријателски врски со царевите на соседните народи од кои некои високо го ценеле и го почитувале; а неговата чесност и несебичност, храброст и добронамерност, го претставувале Божјиот карактер. Во Месопотамија, во Ханан, во Египет, па дури и на жителите на Содом, небесниот Бог им се открил преку овој свој претставник. {ПП 368.2}

Така на Египќаните, и на сите други народи што биле поврзани со тоа силно царство, Бог им се открил преку Јосифа. Зошто Господ решил Јосифа да го издигне на толку висока положба меѓу Египќаните? Тој можел и на друг начин да ги оствари своите намери со децата на Јакова. Но Бог сакал Јосиф со својот живот да биде еден факел на светлината и го довел на царскиот двор со цел зраците на небесната светлина да можат да се шират близу и далеку. Благодарение на својата мудрост и правичност, на својата чистота и добронамерност во секојдневниот живот, на својата пожртвуваност и интерес за луѓето – и тоа за припадниците на идолопоклоничката нација – Јосиф бил Христов претставник. Во својот доброчинител, на кого благодарност и признание му укажувал цел Египет, тој незнабожечки народ можел да ја види љубовта на својот Творец и Спасител. Така и преку Мојсеја Бог ја поставил  светлината покрај самиот престол на најсилното царство на земјата за да можат сите што сакаат да го запознаат вистинскиот и жив Бог. А сета таа светлина им била дадена на Египќаните уште пред Бог да ја крене раката да ги казни. {ПП 368.3}

При ослободувањето на Израелците од Египет, гласот за Божјата сила се прочул надалеку и нашироко. Воинствените жители на тврдината Ерихон се треселе. „Кога го чувме тоа”, кажува Рава, „срцето ни се стегна и во ниеден од нас душа не остана поради вас; зашто Господ, вашиот Бог, е Бог на небото и на земјата долу” (Исус Навин 2:11). Со векови по излегувањето на Израелците од Египет, филистејските свештеници ги потсетиле своите сонародници на маките на Египќаните и ги предупредувале да не му се противат на Израеловиот Бог. {ПП 369.1}

Бог ги повикал Израелците, ги благословил и ги издигнал не затоа единствено тие да ги уживаат благодатите што произлегуваат од послушноста кон неговиот закон, туку преку нив да им се открие на сите жители на земјата. И, за да се постигне таа цел, Тој им наредил да не се мешаат со идолопоклоничките народи што ги опкружувале. {ПП 369.2}

Идолопоклонството и сите гревови што произлегуваат од него му биле одвратни на Бога, па затоа на својот народ му наредил да не се мешаат со другите народи да не го прават она „што го прават тие” и да не го забораваат Бога. Им забранил да склучуваат бракови со идолопоклониците за нивните срца да не се одвратат од него. И тогаш било потребно, токму како и денеска, Божјиот народ да остане чист и „неизвалкан од светот”. Морале да бидат слободни од световниот дух кој е спротивен на вистината и правдата. Меѓутоа, Бог немал намера неговиот народ, праведен во своите очи и исклучив, да се изделува од светот за да не може да врши никакво влијание врз него. {ПП 369.3}

Слично на својот Учител, Христовите следбеници во секое време треба да бидат видело на светот. Спасителот рекол: „Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина.Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи” односно на светот. А потоа продолжува: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен” (Матеј 5:14-16). А тоа е токму она што го правеле Енох, Ное, Аврам, Јосиф и Мојсеј – токму она што Израел како Божји народ, според неговата намера, требало да го прави. {ПП 369.4}

Само нивното зло и неверно срце, срце со кое господарел сатаната, ги навело да ја скријат својата светлина, наместо да им светат на другите народи. Истиот дух на верска занесеност, закоравеност и нетрпеливост, ги навел да ги прифаќа ат лошите обичаи на незнабошците или во својата надуена исклучивост потполно да се изделат, како Божјата љубов и наклоност да се единствено нивна привилегија. {ПП 370.1}

Како во Библијата што се прикажуваат два закона, од кои едниот е непроменлив и вечен, а другиот привремен и поминлив, така има и два завета. Заветот на милоста првпат е склучен со човекот во Едем, по сторениот грев, кога е дадено божествено ветување дека семето на жената ќе ѝ стапне на змијата на главата. Тој сојуз на сите луѓе им нудел проштавање и поддршка од Божјата милост со цел во иднина, со вера во Христа да можат да бидат послушни. Ветен им е вечен живот под услов да му останат верни на Божјиот закон. На тоа патријарсите ја засновале својата надеж во врска со спасението. {ПП 370.2}

Истиот тој завет бил обновен со Аврама во ветувањето: „И ќе бидат благословени преку потомството твое сите народи на земјата” (Создавање 22:18). Тоа ветување укажувало на Христа. Аврам така и го сфатил (види Галатјаните 3:8,16), па од Христа и очекувал проштавање на гревот. Таа вера му е засметана во праведност. Заветот склучен со Аврама исто така ја поддржувал важноста на авторитетот на Божјиот закон. Господ му се јавил на Аврама велејќи: „Јас сум Ел-Шадај – Бог семоќен, чекори по Мојот пат и биди непорочен” (Создавање 17:1). Божјото сведоштво за неговиот верен слуга гласело: „Авраам го послуша гласот Мој и се покоруваше на заповедите Мои, на наредбите Мои и на законите Мои” (Создавање 26:5). А нему Бог му рекол: „И ќе го поставам заветот Мој меѓу Мене и тебе и меѓу твоите потомци по тебе во нивните родови; ќе направам завет вечен, и ќе ти бидам Бог тебе и на потомците твои по тебе” (Создавање 17:7). {ПП 370.3}

Иако тој завет бил склучен со Адама и обновен со Аврама, сепак не можел да биде потврден сѐ до Христовата смрт. Според Божјото ветување, заветот постоел откако било дадено првото навестување за откуп; бил прифатен со вера; сепак, откако е потврден од Христова страна, се вика нов завет. Божјиот закон бил основа на тој завет, кој всушност е само едно средство човекот пак да стапи во хармонија со Божјата волја на тој начин што е ставен во положба која му овозможува да биде послушен на Божјиот закон. {ПП 370.4}

Друг договор – во Библијата наречена „стар” завет – е склучен на Синај меѓу Бога и израелскиот народ и потоа потврден со крв на жртви. Заветот со Аврама е потврден со Христовата крв и се вика „нов завет”, зашто крвта со која е потврден е пролеана по крвта на првиот завет. Дека новиот завет бил во сила во времето на Аврама, очигледно произлегува од фактот што токму тогаш тој бил потврден не само со ветување, туку и со Божја заклетва – „Преку две неизменливи работи, во кои не е можно Бог да излаже” (Евреите 6:18). {ПП 371.1}

Но зошто на Синај е склучен друг завет кога во заветот со Аврама било содржано ветување за откуп? Израелскиот народ за време на своето робување во голема мера го загубил поимот за Бога и за начелата на аврамовскиот завет. Кога ги ослободил од Египет, Бог настојувал да им ја открие својата моќ и милост за да ги одоброволи да го љубат и да имаат доверба во него. Ги довел до бреговите на Црвеното Море – каде што не било можно да побегнат од Египќаните кои им биле зад петиците – за да сфатат колку се беспомошни и колку им е неопходна божествената помош. А тогаш се погрижил да ги ослободи од Египќаните кои ги гонеле. Така биле исполнети со љубов и благодарност кон Бога и се здобиле со доверба во неговата моќ која им помагала. Тој ги врзал за себе како Ослободител од поминливото (египетско) ропство. {ПП 371.2}

Меѓутоа, во нивните мисли требало да се втисне уште една голема вистина. Бидејќи живееле среде идолопоклонство и расипаност, тие немале вистинска претстава за Божјата светост, за тежината на грешноста на сопственото срце, за целосната неспособност само со своја сила да му се потчинуваат на Божјиот закон. А и не чувствувале колку им бил потребен Спасителот. На сето тоа требало да се научат. {ПП 371.3}

Бог ги довел под Синајската гора и им ја открил својата слава. Тука им го дал својот закон и, под услов да бидат послушни, им ветил големи благослови: „Па сега, ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот Мој… ќе Ми бидете царство на свештеници и свет народ” (Излез 19:5,6). Меѓутоа, тие не ја увидувале грешноста на своето сопствено срце и фактот дека без Христа не е можно да се држи Божјиот закон. Затоа биле готови веднаш и без премислување да склучат сојуз (завет) со Бога. Уверени дека можат сами ,„да ја утврдат својата правда”, изјавиле: „Сè, што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни” (Излез 24:7). Тие присуствувале при објавувањето на законот во величественост што бара најдлабока страхопочит и стоеле под гората тресејќи се од страв, а сепак, само по неколку седмици го раскинале својот завет со Бога и се клањале пред делкан кип. Не можеле веќе да се надеваат на Божја милост врз основа на заветот што го раскинале. И сега, откако ја увиделе својата грешност и потреба од проштавање, биле доведени во состојба лично да почувствуваат колку им е потребен и Спасителот кој бил откриен во заветот на Аврама и навестуван со принесувањето на жртвите. И сега со вера и со љубов се врзале за Бога како свој Ослободител од робувањето на гревот. Дури сега биле подготвени да ги ценат благословите на неговиот завет. {ПП 371.4}

Условите на стариот завет гласеле: „Слушај и ќе бидеш жив!” „Им ги дадов Моите заповеди и им ги објавив Моите наредби, преку кои човекот, откако ќе ги изврши, ќе биде жив” (Езекиел 20:11; Левитска 18:5). „Проклет да е секој, кој не ќе ги исполни сите наредби од овој закон и не ќе постапи според нив” (Второзаконие 27:26). „Новиот завет” е заснован на  „подобри ветувања” – на ветување за проштавање на гревот и за божествена милост која е во состојба да го прероди срцето и да го доведе во Хармонија со начелата на Божјиот закон. „Но еве го заветот, што ќе го склучам со домот Израелов по оние дни, вели Господ: ќе го вложам Мојот закон внатре во нив, и ќе го напишам во срцата нивни… ќе им ги простам беззаконијата нивни, и за гревовите нивни нема веќе да се сеќавам” (Еремија 31:33,34). {ПП 372.1}

Истиот закон, кој бил напишан на камени плочи, Светиот Дух ги врежал на плочите на срцето. Наместо нашето јалово настојување да „утврдиме” некоја своја правда, ние треба да ја прифатиме Христовата праведност. Неговата крв е средство за измирување за нашите гревови. Неговата послушност ни се припишува нам. Тогаш срцето, преродено со Светиот Дух донесува „духовен плод”. Благодарение на Христовата милост, ќе успееме да живееме со послушност кон Божјиот закон напишан во нашето срце. А ако го имаме во себе Христовиот Дух, ќе живееме онака како што живеел Тој. Христос преку пророкот најавил за себе: „Со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот Закон е во срцето мое” (Псалм 40:8). А кога бил меѓу луѓето, рекол: „Отецот не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно” (Јован 8:29). {ПП 372.2}

Апостол Павле јасно покажува во каков однос во Новиот завет се законот и верата. Тој кажува: „И така, оправдани преку верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исус Христос”. „А дали го укинуваме Законот преку верата? Никако, туку уште посилно го утврдуваме”. „Она, што законот не можеше да го направи, бидејќи беше ослабен поради телото” – не можел да го оправда човекот затоа што човекот во својата грешна природа не можел да го држи законот – „го изврши Бог, испраќајќи Го Синот Свој во тело, подобно на телото на гревот, и како жртва за гревот, Тој го осуди гревот во телото” (Римјаните 5:1; 3:31; 8:3,4). {ПП 373.1} Божјото дело било исто во сите времиња, иако бил различен степенот на неговиот развој и различно се покажувала неговата сила, сообразно со потребите на луѓето во сите векови. Почнувајќи од првото евангелско ветување, во текот на целиот патријархален и еврејски период, па сè до нашите денови, се забележува постепен развој на Божјите намери во планот на откупувањето. Спасителот, кој симболично е најавен во обредите и церемониите на еврејскиот закон, е токму Оној кој е откриен во евангелието. Растурени се облаците што го обвивале неговиот божествен лик, исчезнала маглата и сенката, а Спасителот на светот, Исус, стои пред нас откриен. Тој, кој од Синај ги објавил десетте Божји заповеди и му ги предал на Мојсеја прописите на церемонијалниот закон токму Тој ја одржал и евангелската беседа на гората. Големите начела на љубовта кон Бога, што ги истакнал како темел на законот и на пророците, се само повторување на она што веќе  му било кажано на еврејскиот народ преку Мојсеја. „Послушај, Израеле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ,сакај Го Господа, твојот Бог, од сè срце, со сета душа твоја и со сите сили твои” (Второзаконие 6:4,5). „Сакај го ближниот свој како самиот себе” (Левитска 19:18). Во двата завета учителот е ист. Божјите барања се исти. Начелата на неговото владеење не се менуваат. Зашто сѐ доаѓа од Оној „во Кого нема промени ни сенка од измена” (Јаков 1:17). {ПП 373.2}

Сподели го ова:

Слични објави