72. БУНТОТ НА АВЕСАЛОМА

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на 2. Самоилова 13 до 19 глава.

„За овчичката тој треба да плати четворно”, гласела пресудата што Давид несвесно си ја изрекол самиот себеси кога ја ислушал приказната на пророкот Натан; и требало да му се суди токму според таа пресуда. Четири негови синови морале да паднат, а загубата на секој од нив била последица на гревот на татка си. {ПП 727.1}

Срамното злосторство на својот најстар син, Амнон, Давид пропуштил да помине неосудено и неказнето. Според законот, прељубата се казнувала со смрт, а неприродното злосторство на Амнона било двојно потешко. Но Давид не го казнил престапникот, зашто во неговата постапка ја видел казната за својот грев. Поради тоа Авесалом, како природен заштитник на својата осрамотена сестра, полни две години злонамерно и валкано негувал одмазднички намери, но само затоа најпосле сигурно да ги оствари. При свеченоста што ја имале царевите синови, Авесалом наредил опиениот Амнон, сквернителот на семејството, без милост да се убие. {ПП 727.2}

На Давида му била одмерена двојна казна. Соопштена му е страшна вест „дека Авесалом ги убил сите царски синови, и дека од нив не останал ниеден. Тогаш царот стана, ја раскина облеката своја, и се фрли на земјата, и сите слуги негови што стоеја крај него, ги раскинаа своите облеки”. А кога царевите синови вчудовидени се вратиле во Ерусалим, му раскажале на татка си што всушност се случило. Само Амнон бил убиен. „Пристигнаа царските синови и фатија да плачат. Па и царот и сите слуги негови плачеа многу силно”. Но Авесалом побегнал кај Гесурскиот цар Талмај, кој бил татко на мајка му. {ПП 727.3}

Како и другите Давидови синови, Амнон бил препуштен на себични уживања. Без оглед на Божјите барања, тој задоволувал секоја желба на срцето. И покрај неговиот голем грев, Бог уште долго имал трпение со него. Полни две години имал можност да се покае. Но тој продолжил да греши и умрел непокајан, чекајќи ја одлуката на страшниот суд. {ПП 727.4}

Давид ја занемарил својата должност да го казни злосторството на Амнона, и поради неговата неверност и непокајанието на синот, Господ дозволил настаните да течат по нивниот природен ток и не го задржал Авесалома. Кога владетелите или родителите ќе  ја занемарат својата должност и не ја казнуваат неправдата, тогаш таа должност ја презема Господ во свои раце. Тој дозволува злото да се развие до извесен степен сè додека не се создаде синџир на околности во кои гревот се казнува со нов грев. {ПП 728.1}

Лошите последици на Давидовата неправедна попустливост кон Амнона не биле окончани, зашто токму поради тоа и почнало отуѓувањето на Авесалома од татка си. По неговото бегство во Гесур, Давид, увидувајќи дека злосторството на неговиот син мора на некој начин да се казни, решил да не му дозволи да се врати во земјата. А тоа уште повеќе  ги компликувало замрсените и тешки околности во кои западнал царот. Енергичниот, славољубив и бескруполозен Авесалом, откако бил протеран и со тоа исклучен од учествувањето во владеењето, набргу се оддал на опасни сплетки. {ПП 728.2}

По две години, Јоав решил да преземе нешто за да го помири Давида со протераниот син. За да ја оствари таа цел, тој се потрудил да придобие соработка од една лукава жена од Текуја. Таа била позната по својата мудрост. Таа жена, по упатство на Јоава, му се претставила на Давида како вдовица со два сина кои ѝ биле единствена утеха и потпора. Еден ден се скарале и во караниците едниот брат го убил другиот. Потоа сите блиски и далечни роднини барале убиецот да му се предаде на крвникот. „И така, тие ќе ја згаснат”, нагласила мајката, „искрата, која уште ми останува за да не остават име и потомство на мажот ми по лицето на земјата”. Оваа молба ги возбудила чувствата на царот и тој на жената ѝ ветил дека со својот царски авторитет ќе го земе во заштита нејзиниот преостанат син. {ПП 728.3}

Кога добила ветување што му обезбедувало сигурност на нејзиниот син, таа преколнувала за царска милост, кажувајќи му дека тој зборува како човек кој нема право, зашто протераниот од својот дом не го повикува да се врати назад и го молела и кон него да има милост. „Ние ќе умреме”, кажала таа, „и ќе станеме како разлеана вода на земјата што не може да се собере; но Бог не сака да ја погуби душата и се грижи да не го отфрли од Себе и отфрлениот”. Таа лажна и трогателно срочена претстава за Божјата љубов кон грешникот – која потекнувала од грубиот војник Јоав – јасно сведочи за тоа колку Израелците биле запознати со големите вистини на спасението. Чувствувајќи и самиот колку на човекот навистина му е потребна Божјата милост, царот не можел да ја одбие оваа молба. Затоа му наредил на Јоава: „Оди впрочем, врати ми го детето Авесалом”. {ПП 728.4}

На Авесалома му било дозволено да се врати во Ерусалим, но не и да се појави на дворот или да се сретне со татка си. Давид постепено ги увидувал лошите последици на премногу благото постапување со своите синови, и колку нежно да го сакал тој убав и талентиран син, сепак мислел дека е потребно заради поука и на Авесалома и на народот на тој начин да ја покаже својата одвратност кон стореното злосторство. Авесалом две години живеел во својата куќа, но на дворот не смеел да се појавува. Со него живеела и неговата сестра чиешто присуство живо го потсетувала на страшната навреда и на ненадоместливата неправда што ѝ е нанесена. Меѓутоа, во очите на јавното мнение царевиот син повеќе важел како Херој отколку како злосторник. И, користејќи  го тоа предимство, тој решил да го задобие срцето на народот. Неговата лична појава била толку привлечна што веднаш задобивал наклоност од секого со кого би се сретнал. „Меѓу сите Израелци немаше таков убавец како Авесалом”. Не било паметно од страна на царот човекот, каков што бил Авесалом – славољубив, брз и страстен – да го пушти две години да страда поради тоа што навидум бил казнет. Авесалом ги стекнал симпатиите на народот веќе со самото тоа што Давид го повикал да се врати во Ерусалим а не го пуштал кај себе. {ПП 729.1}

Имајќи го постојано пред очи својот престап на Божјиот закон, Давид изгледал како морален инвалид. Бил слаб и нерешителен пред тешкотиите пред кои пред својот грев бил храбар и енергичен. Неговото влијание врз народот исто така ослабело. А сето тоа одело во прилог на неприродните стремежи на неговиот син. {ПП 729.2}

Благодарение на посредувањето на Јоава, на Авесалома пак му било дозволено да се сретне со татка си; но, иако помирувањето е извршено на формален начин, сепак синот и натаму негувал славољубиви намери. Се однесувал речиси како цар и имал коли и коњи и педесет луѓе со кои бил опкружен. И додека царот сè повеќе  бил наклонет да се повлече во самотија, Авесалом заводнички се борел да ја добие наклоноста на народот. {ПП 729.3}

Рамнодушноста и нерешителноста на Давида вршеле свое влијание и врз неговите приврзаници. Небрежноста и одлагањето стан а ле карактеристични во сите негови административни работи како и во делењето на правдата. А Авесалом секое незадоволство на народот лукаво го користел во своја полза. Од ден на ден тој човек можел да се види пред градските порти каде што секогаш имало луѓе кои чекале на ред да бидат примени кај царот, да поднесат свои молби и жалби и да добијат сатисфакција. Авесалом обично се мешал меѓу нив, ги слушал нивните тажанки и покажувал сожалување кон нивните патила и жалел што постојната власт не е во состојба да го задоволи народот. Еднаш, ислушувајќи така еден Израелец, царевиот син рекол: „Ете, твоето дело е добро и праведно, но кај царот нема кој да те ислуша”.И Авесалом уште велеше: ‘О, да беа ме поставиле мене за судија во оваа земја! Кај мене би доаѓал секој, кој има спор и поплака, и јас би судел по правда.’ И кога некој ќе се доближеше да му се поклони, тој ја протегаше раката и го прегрнуваше и го бакнуваше”. {ПП 729.4}

Под влијание на лукавото дошепнување на царевиот син, незадоволството кон постојната власт бргу се ширело. На сите усни биле пофалби за Авесалома. Сите го сметале за царев наследник. Народот се гордеел со човекот кој е достоен за толку високата положба и горел од желба тој да го заземе престолот. “Така постапуваше Авесалом со секој Израелец… и ги задобиваше срцата на Израелците”. А царот, заслепен со љубовта кон сина си, сепак во ништо не се сомневал. Кнежевското однесување со кое Авесалом се растурал, Давид го сметал како намера да му се оддаде почест на неговиот двор – како израз на радоста по повод на помирувањето. {ПП 730.1}

А кога народот бил во доволна мера приготвен за она што требало да настапи, Авесалом потајно пратил одбрани луѓе во сите племиња да организираат бунт. А самиот тој се наметнал со плашт на побожност за да ги скрие своите предавнички намери. Заветот што го сторил уште додека бил во изгнанство, наводно морал да биде извршен во Хеврон. Затоа му рекол на царот: “Да одам во Хеврон за да го исполнам мојот завет што му го дадов на Господа. Зашто, кога престојував во Гесур во Сирија, твојот слуга даде завет, велејќи: ‘Ако ме врати Господ назад во Ерусалим, ќе  му послужам на Господа.’“ Нежниот татко, утешен со ваквиот доказ за побожноста на својот син, се израдувал и го отпуштил со благослов. Со ова ковењето на заговор било комплетирано. Со оваа постапка на крајна дволичност, Авесалом имал намера не само да го заслепи царот, туку и да ја зацврсти веќе  задобиената доверба кај народот и со тоа да го наведе на бунт против од Бога одбраниот владетел. {ПП 730.2}  

Авесалом се упатил во Хеврон, а со него пошле и „двесте души што ги беше поканил, и тие отидоа простодушно, без да знаат, каква е работата”. Тие луѓе пошле со Авесалома, не мислејќи дека нивната љубов кон синот ќе ги наведе на бунт против татко му. Штом пристигнале во Хеврон, Авесалом веднаш го повикал Ахитофела, еден од највисоките Давидови советници, човек кој бил прочуен по својата мудрост. Неговото мислење важело за најсигурно, за Божји глас. Ахитофел им се придружил на побунетите и неговата поддршка сторила движењето на Авесалома да изгледа наполно успешно, со што привлекол многу влијателни луѓе од целата земја. Кога одекнала трубата на бунтот, весниците на Авесалома низ цела земја објавиле вест дека Авесалом станал цар, па мнозина од народот се собрале околу него. {ПП 730.3}

Во меѓувреме, таа вест стигнала и во Ерусалим. Давид бил неочекувано изненаден гледајќи дека бунтот избувнал во најнепосредна близина на неговиот престол. Неговиот роден син – синот кој тој толку многу го сакал и на кого толку му верувал – посакал да се добере до круната, а без сомнение и до неговата глава. Во таа голема опасност, Давид најпосле ја отфрлил потиштеноста која толку долго го мачела и со истиот дух, што го покажувал во своите поранешни години, почнал да се приготвува за средба со оваа страшна неизвесност. Само неколку километри пред Ерусалим, Авесалом ја приготвувал својата војска. Побунетите мошне бргу можеле да се најдат пред капиите на Ерусалим. {ПП 731.1}

Давид од својата палата ја гледал престолнината: „Прекрасна возвишеност, радост на целата земја… градот на големиот Цар”. (Псалм 48:2). Затреперил при помислата дека тој град ќе го изложи на крвопролевање и пустење. Дали треба да ги повика на помош приврзаниците што уште му останале верни на неговиот престол и да го брани градот? Зар да дозволи Ерусалим да биде облеан со крв? Тој решил. Избраниот град не смеат да го снајдат воени стравотии. Решил да го напушти градот, а верноста на своите приврзаници да ја провери на тој начин што ќе им даде можност да му дојдат на помош. Во тој критичен миг, должноста кон Бога и народот му налагала да го брани авторитетот што му го дало Небото. Исходот на борбата решил да му го препушти на Бога. {ПП 731.2}

Во понизност и со болка Давид се повлекол низ портите на Ерусалим – отстранет од престолот, протеран од својот двор и одвоен од ковчегот на заветот со бунт што го предводел неговиот сакан син. Народот го следел него како во посмртна поворка. Телесната гарда на Давида, составена од Херетејци и Фелетејци и шестотини Гетејци, го придружувала царот одејќи пеш по наредба на Итај. Но Давид со својата карактеристична несебичност не можел да се согласи тие странци, кои од него побарале заштита, да бидат вовлечени во неговата несреќа. Го зачудила нивната подготвеност на ваква жртва заради него. „Зошто си тргнал и ти со нас? Врати се и остани со оној цар, бидејќи ти си туѓинец и си избегал од својата земја.Ти си дошол вчера, а денес ќе те терам да одиш со нас ли? Јас одам, каде што можам; врати се и врати ги со себе и браќата свои; Господ нека ти подари милост и правда”. {ПП 731.3}

А Итај одговорил: „Жими Господ, и жими мојот господар, царот; каде и да биде мојот господар, царот, жив или мртов, таму ќе биде и твојот слуга”. Тие луѓе биле обратени незнабошци и му служеле на Јехова, а сега благородно му ја покажале својата преданост нему и на неговиот помазаник. Давид со благодарност ја прифатил нивната преданост во мигот кога неговата опстановка се чинела загубена, па сите заедно го преминале потокот Кедрон на пат кон пустината. {ПП 732.1}

Поворката повторно морала да застане. Сретнале група луѓе кои биле облечени во света одежда. „Ете, и свештеникот Садок и заедно со него сите левити го носеа ковчегот на Божјиот завет, и го оставија Божјиот ковчег”. Давидовите придружници оваа средба ја сметале за среќен знак. Присуството на светиот симбол за нив било залог за нивно ослободување и за конечна победа. Тоа на луѓето би им влевало храброст да се соберат околу царот. Приврзаниците на Авесалома би морале да се уплашат поради тоа што ковчегот не е во Ерусалим. {ПП 732.2}

Кога го видел ковчегот, на Давида за миг му заиграло срцето од радост и надеж. Но набргу му се појавиле други мисли. Како помазан владетел над Божјото наследство, тој бил под свечена одговорност. Првата помисла на израелскиот цар не смеела да биде никаков личен интерес, туку слава на Бога и благосостојба на неговиот народ. Оној што седи на својот престол меѓу Херувими, рекол за Ерусалим: „Тоа е моето одмориште” (Псалм 132:14), и без Божјо одобрение ниту првосвештеникот ниту царот немаат право да го оддалечат оттаму симболот на неговото присуство. Давид знаел дека неговото срце и неговиот живот мора да бидат сообразени со Божјите прописи, инаку ковчегот на заветот побргу ќе  му донесе несреќа отколку успех. Постојано на ум го имал својот голем грев и во заговорот скован против него ја видел Божјата праведна пресуда. Мечот за кој пророкот кажал дека нема да се тргне од неговиот дом бил извлечен од кориците. Давид не знаел каков ќе биде исходот од претстојниот судир. Тој не можел да се согласи со тоа светите прописи на Божјиот закон да се изнесат од народната престолнина, зашто во нив била олицетворена Божјата волја, уставот на царството и основата на напредокот и на благосостојбата на нацијата. {ПП 732.3}

Затоа му наредил на Садока: „Врати го Божјиот ковчег во градот (и нека стои на местото свое). Ако најдам милост пред очите на Господ, Тој ќе ме врати и ќе ми даде да Го видам Него и Неговото живеалиште.Ако, пак, Тој каже: ‘Немам кон тебе благонаклоност’, тогаш, ете ме; нека прави со мене она што ќе Му се види дека е добро”. {ПП 735.1}

Потоа додал: „И му кажа уште царот на свештеникот Садок: „Гледаш ли, – врати се во градот со мир заедно со син си Ахимаац и со Авијатаровиот син Јонатан, двајцата ваши синови;гледате ли, јас ќе се позабавам по рамнината во пустината, додека ми стигне известување од вас”. Во градот свештениците можеле да му направат полезни услуги да го следат движењето и да ги откриваат намерите на бунтовниците и тајно да му доставуваат информации преку своите синови Ахимаац и Јонатан. {ПП 735.2}

Кога свештениците се вратиле во Ерусалим, врз бегалците паднала уште потемна сенка. Царот им бил бегалец, а тие сами изгнаници, одвоени дури и од ковчегот на заветот иднината им била затемнета со страв и со црни наслутувања. „А Давид тргна кон Елеонската Планина, искачувајќи се плачеше; главата му беше покриена, и тој одеше бос; и сите луѓе што беа со него, ја покрија секој својата глава, одеа и плачеа. Му јавија на Давид и рекоа: ‘И Ахитофел е меѓу заговорниците со Авесалом’”. И овој пат Давид во несреќата што го снашла морал да ги види последиците на својот грев. Најлукавиот и најревносниот од сите политички водачи, Ахитофел, се одделил од него од одмазда поради срамот и неправдата нанесени на неговото семејство преку Витсавеја која била негова внука. {ПП 735.3}

И рече Давид: ‘Господи, Боже мој, осуети го советот на Ахитофел!’” Пристигнувајќи на врвот на гората, царот се поклонил и понизно се молел на Бога за милост, положувајќи го товарот на својата душа пред Господа. Се чинело како на неговата молитва веднаш да дошол одговор. Кушиј Архијцот, мудар и ревносен советник, кој на Давида му го докажал своето верно пријателство, дошол со искината облека и со прав на главата за да ја дели судбината со отфрлениот цар бегалец. Давид видел, како Бог да му покажал, дека овој верен и искрен човек е вистинско лице што ќе ги брани неговите интереси при советите во престолнината. На барање на Давида Кушиј се вратил во Ерусалим, со цел на Авесалома да му понуди свои услуги и да го осуети советот на лукавиот Ахитофел. {ПП 735.4}

Со тој зрачок на надеж во густата темнина на настаните, царот и неговите придружници се спуштиле низ источната долина на Маслинската Гора и низ карпеста и неплодна пустина, низ клисури, каменливи и стрми патишта, се упатиле кон реката Јордан. „Кога царот Давид стигна до Бахурим, ете, оттаму излезе еден човек од родот на Сауловиот дом, по има Семеј, син на Гера. Тој одеше и лошо зборуваше, и фрлаше камења врз Давид и врз сите слуги на царот Давид; и сите луѓе и сите храбри беа десно и лево од царот. Колнејќи го него, Семеј велеше: „Истави се, убиецу, и злосторнику!Господ ја сврте против тебе сета крв на Сауловиот дом, на чие место ти се зацари, и Господ го предаде царството во рацете на синот твој Авесалом; и ете, ти си во неволја, затоа што си крвопиец”. {ПП 736.1}

Додека на Давида му било добро, тој човек ниту со збор ниту со дело не покажал никаква нелојалност кон неговиот престол. Но кога царот се нашол во неволја, овој припадник на племето на Венијамина го покажал својот вистински карактер. Додека Давид бил на престолот, тој го почитувал и го возвишувал, но сега во неговото понижување го опсипувал со клетви. Дрско и себично ги посматрал сите што не го делеле неговото мислење и, поттикнат од страна на сатаната, својот бес го излеал врз оној што го казнувал Бог. Духот што го наведува човекот да триумфира над оној кој е во неволја, да го исмева или да го навредува – е сатански дух. {ПП 736.2}

Обвинувањата на Семеја против Давида биле наполно лажни – само една дрска и злонамерна клевета. Давид не му направил никаква неправда ниту на Саула ниту на Сауловиот дом. Кога Саул бил целосно во негова власт и кога можел да го убие, тој само му го пресекол работ од неговата наметка, па подоцна дури и поради тоа се прекорувал себеси како со тоа на некој начин да покажал непочитување кон Господовиот помазаник. {ПП 736.3}

Дека Давид човековиот живот го сметал за светиња, најдобро можело да се види тогаш кога бил прогонуван како див ѕвер. Еден ден, седејќи скриен во Адуламската пештера, си помислил на своите детски денови кога неговата слобода никој не ја ограничувал, па извикнал: „Кој ќе ми донесе да пијам вода од витлеемскиот кладенец што е покрај портите” (2. Самоилова 23:13-17). Во тоа време Филистејците го држеле Витлеем, но тројца негови јунаци се пробиле низ филистејскиот логор и му донеле витлеемска вода. Меѓутоа, Давид не можел да ја пие. „Да ме чува Господ да го направам тоа! Не е ли тоа крв на луѓето што одеа, со опасност по животот свој?” Потоа свечено ја истурил водата, како да му ја принесува на жртва на Бога. Давид бил воин и добар дел од својот живот поминал во настани полни со насилнички постапки. Но, од сите што поминале низ толку огнени искушенија, навистина малку се оние кои успеале до таа мера, како Давид, да се сочуваат од тие влијанија кои човечкото срце го прават нечувствително и кои го изопачуваат човечкиот морал. {ПП 736.4}  

Давидовиот внук, Авеса, еден од најревносните негови војводи, не можел да ги слуша навредливите зборови на Семеја. „Зошто овој мртов пес го колне царот, господарот мој?” рекол налутено. „Ќе одам и ќе му ја симнам главата”. Но царот не му дозволил: „Кога синот мој, кој излегол од телото мое, ја бара душата моја, дотолку повеќе може и еден Венијаминов син! Оставете го, нека колне, зашто Господ му заповедал; можеби, Господ ќе погледне милостиво кон мојата понизност, и ќе ми воздаде Господ добро за денешното колнење!”. {ПП 737.1}  

На Давида неговата совест му откривала горчливи и тешки вистини. Додека неговите приврзаници се чуделе за ненадејниот пресврт на неговата судбина, тоа за него не била тајна. Тој често претчувствувал дека ќе настапи таков ден каков што бил тој. Тој само се чудел што Бог толку долго имал трпение да ги поднесува неговите гревови и да ја одложува заслужената казна. И, додека со тешка болка бегал бос, наместо со царска облека, покриен со црна наметка, додека од околните ридови се одгласувале тажанките на неговите придружници, тој мислел на својот сакан град – на местото кое било сцена на неговиот грев – и, имајќи  на ум колку Бог е добар и стрплив, сепак не ја губел надежта. Чувствувал дека Господ сè уште милосливо ќе постапува со него. {ПП 737.2}

Многу престапници се обидувале својот грев да го оправдаат споредувајќи го со Давидовиот случај; но колку малку се оние кои се готови така искрено да се каат и да се понизат како што го сторил тоа Давид. Колку малку има такви кои прекорот и одмаздата би ги сноселе толку стрпливо како него. Тој го признал својот грев и со години се трудел својата должност да ја врши како верен Божји слуга. Се трудел своето царство да го издигне и тоа за време на неговото владеење било силно и благословено како никогаш до тогаш. Тој собрал големо богатство за градење на Божјиот дом, и зар сето тоа сега требало да се уништи? Зар сите плодови на долгогодишниот труд, на генијалното залагање и на успехот на вештиот државник треба да се предаде во рацете на лекомислениот син предавник, кој не мисли ниту за Божјата слава ниту за благосостојбата на Израел? Колку природно било Давид во тие тешки денови да мрмори против Бога! {ПП 737.3}

Но причините за своите неволји тој ги видел во својот сопствен грев. Зборовите на пророк Малахија дишат со духот со кој било вдахнато Давидовото срце: „Иако сум паднат, јас ќе станам; макар што сум сега во мрак – Господ е мојата светлина.Морам да го поднесам гневот Господов, – зашто сум згрешил пред Него – додека не го реши делото мое и не ја изрече правдата; тогаш Тој ќе ме изведе на светлина, и јас ќе ја видам правдата Негова” (Михеј 7:8,9). И Господ не го напуштил Давида. Тоа поглавје од неговото искуство кога, под најсурова неправда и под најдрска клевета се покажал кроток, несебичен, великодушен и понизен, претставува едно од најблагородните и најубави поглавја на неговиот живот. Господарот на Израелците не бил навистина поголем пред небото отколку во своето најдлабоко надворешно понижување. {ПП 738.1}

Кога Бог би му дозволил на Давида неказнето да продолжи во гревот и, останувајќи  во престап на Божјиот закон и понатаму во мир и среќа да седи на престолот, тогаш неверниците, и сите што се сомневаат, би имале изговор за своето тврдење дека Давидовиот живот претставува подбив за библиската вера. Но Бог, дозволувајќи  Давид да ги искуси последиците на својот грев, покажал дека Тој не може да поднесува и да го оправдува гревот. Освен тоа, Давидовата историја ни дава можност да ги видиме и големите цели што ги има Бог на ум кога го кара грешникот. Дури и во најтешките казни можеме да видиме како се остваруваат длабоките намери на неговата милост и добронамерност. Тој Давида го ставил под прачка, но не го уништил; го пуштил во печка за претопување, но не да изгори, туку да се очисти. Господ кажува: „Ако ги нарушат Моите наредби и не ги запазуваат Моите наредби,тогаш ќе го казнувам со жезолот нивното престапништво, и со рани -нивното беззаконие;но милоста Своја нема да ја отстранам од него и верноста Своја нема да ја изневерам.Нема да го повредам Мојот завет и нема да го изменам она, што излегло од устата Моја!” (Псалм 89:31-34). {ПП 738.2}

Набргу по Давидовото заминување од Ерусалим, пристигнал Авесалом со својата војска, и без ниту еден потег со меч ја зазел тврдината на Израел. Кушиј бил меѓу првите што го поздравиле новокрунисаниот владетел, а Авесалом бил пријатно изненаден што го придобил и тој стар пријател и советник на својот татко. Авесалом бил сигурен во својот успех. Неговите планови во голема мера успеале и тој радо го примил Кушија на својот двор, мислејќи дека со тоа ќе го зацврсти својот престол и ќе стекне доверба кај народот. {ПП 738.3}

Авесалом имал околу себе голема војска, но тие во поголем број случаи биле непроверени во војна. Уште не учествувале во ниедна војна. Ахитофел добро знаел дека Давидовата ситуација сè уште не е безнадежна. Голем дел од народот сè уште му бил лојален. Него го опкружувале проверени борци, луѓе кои му биле верни на својот цар, а војската му ја воделе способни и искусни војводи. Ахитофел увидувал дека по првото одушевување за новиот цар, ќе настапат реакции. Во случај бунтот да не успее, Авесалом би можел да се помири со својот татко, а тогаш како главен кривец за бунтот би бил Ахитофел, зашто му бил прв советник. За сето тоа тешката казна би морала да падне врз него. За да го оневозможи Авесалома да се врати од патот по кој тргнал, Ахитофел го наговорил и му предложил постапка која во очите на целиот народ неговото помирување со татка си го сторил неможно. Со ѓаволско лукавство, тој подмолен и нечесен државник го навел Авесалома кон бунтот да го додаде и злосторството родосквернавење. Пред очите на сиот Израел требало да ги земе наложниците на својот татко со цел, според обичајот на ориенталните народи, на тој начин да се прогласи за непосреден наследник на престолот на татка си. И Авесалом го прифатил тој гнасен совет. Така се исполнил Божјиот збор што му бил упатен на Давида преку пророкот: „Ете, јас ќе подигнам зло против твојот дом, ќе ги земам твоите жени пред очите твои и ќе ги дадам на ближниот твој… Ти го изврши тоа тајно, Јас, пак, ќе го извршам пред целиот Израел среде бел ден” (2. Самоилова 12:11,12). Бог не го поттикнал ова неморално дело на Авесалома, но поради Давидовиот грев не ја употребил својата моќ да го спречи. {ПП 738.4}  

Ахитофел бил високо почитуван поради својата мудрост, но бил лишен од онаа просветеност што доаѓа од Бога. „Почеток на мудроста е верноста кон Господ” (Изреки 9:10); а тоа Ахитофел го немал, бидејќи, кога и во најмала мера би се плашел од Бога, не би се осмелил успехот на предавството да го темели на злосторството родосквернавење. Луѓето со расипано срце создаваат злосторнички заговори, мислејќи дека семожната сила на провидението не е во состојба да ги осуети сите нивни планови; но „Оној, Кој живее на небесата, им се смее, Господ им се подбива” (Псалм 2:4). Господ кажува: „Затоа што не го примија мојот совет и ги презреа моите разобличувања.Поради тоа тие ќе јадат од плодовите на своите патишта и ќе се наситуваат од своите замисли.Зашто неразумните ќе ги убие нивната упорност, а глупавите ќе ги погуби нивната негрижа” (Изреки 1:30-32). {ПП 739.1}

Успевајќи во заговорничката влада да си обезбеди свои позиции, Ахитофел на Авесалома му предочил дека Давид треба да се гони веднаш, без никакво одлагање. „Ќе одберам дванаесет илјади души”, рекол тој, „и ќе станам, ќе одам да го гонам оваа ноќ Давид;ќе го нападнам, кога ќе биде изморен и со отпуштени раце, и ќе му влеам страв; и сите луѓе што се со него ќе се разбегаат; и јас ќе го убијам само царот;и сите луѓе ќе ги свртам назад кон тебе”. Тој план го поддржале и другите цареви советници. И кога би се спровел тој план Давида од сигурна смрт би можело да го спаси само директно Божјо посредување. Но настаните ги водела поголема Мудрост отколку што е мудроста на Ахитофела. „Така Господ пресуди да се осуети ‘добриот’ Ахитофелов совет за да навлече Господ зло врз Авесалом”. {ПП 739.2}

Кушиј не бил повикан на советувањето, а самиот неповикан не сакал да се наметнува за да не го осомничат како шпион; но кога другите се разотишле, Авесалом, имајќи високо мислење за него како советник на својот татко, го изложил пред него планот на Ахитофела. Кушиј веднаш видел дека Давид, доколку предложениот план се оствари, би можел да биде загубен. Затоа рекол: „Овој пат не е добар советот што го дал Ахитофел.Ти знаеш дека твојот татко и неговите луѓе се многу силни и раздразливи во нивните души, како мечка в поле, чии малечки се грабнати, и татко ти е маж воин; тој нема да ноќева со луѓето.Ете, тој сега се крие во некоја пештера или на друго место”. Се трудел да докаже дека, ако војската на Авесалома сега го прогонува Давида, не би можела да го фати царот, а ако би претрпела пораз, тогаш неговите луѓе би ја загубиле храброста и со тоа на Авесалома би му била нанесена голема штета, „зашто”, истакнал Кушиј, „сиот Израел му е познато, колку е храбар татко ти, и колку се јунаци оние што се со него”. Затоа предложил друг план кој ѝ се допаднал на славољубивата и горделива природа на Авесалома, горејќи од желба да ја покаже својата сила. „Затоа јас советувам: нека се собере кај тебе сиот Израел, од Дан до Вирсавија, во мноштво како песок крај морето, и ти самиот ќе тргнеш среде него;и тогаш ќе одиме против него, каде и да се наоѓа, и ќе го нападнеме, како што росата паѓа на земјата; и нема да му остане ни еден човек од сите оние што се со него;ако, пак, влезе во некој град, тогаш сиот Израел ќе донесе во тој град јажиња, и ние ќе го завлечеме сè до реката, така што камче нема да остане таму”. „Тогаш рече Авесалом и сиот Израел: ‘Советот на Кушиј е подобар од Ахитофеловиот совет’. Но меѓу нив се нашол Еден кој не дозволил да биде измамен, Еден кој јасно ги предвидувал последиците на таа кобна грешка на Авесалома што ќе ја плати со главата. {ПП 740.1}

На Ахитофела му било јасно дека делото на бунтовниците пропаднало. А го знаел и тоа дека каква и да биде судбината на царевиот син, нема и не може да има никаква надеж за неговиот советодавец, за оној кој го наговорил на неговите најголеми злосторства. Ахитофел Авесалома го поттикнал и го охрабрил да дигне бунт; го советувал да изврши најгнасно беззаконие: да го осрамоти својот татко; тој советувал Давид да се убие и предложил план како тоа да се изведе; тој ја отфрлил и последната можност и сам да се помири со царот, а сега дури и Авесалом, заобиколувајќи го него, му се обраќа на друг. Љубоморен, лут и разочаран, „се подготви, отиде во домот свој, во својот град, откако ги уреди домашните и се обеси, умре”. Таков бил исходот на мудроста на овој човек кој, покрај сета своја висока надареност, не му се обраќал на Бога за совет. Сатаната ги мами и ги омајува луѓето со најласкави ветувања, но секоја душа на крај ќе увиди дека „платата, што ја дава гревот, е смрт” (Римјаните 6:23). {ПП 741.1}

Бидејќи не знаел дали колебливиот цар ќе го послуша неговиот совет, Кушиј не губел време туку веднаш му јавил на Давида да се повлече преку Јордан, а на свештениците, чиишто синови требало да му однесат извештај на Давида, Кушиј им пратил порака: „Така и така Ахитофел го советува Авесалом и старешините израелски, јас, пак, посоветував вака и вака.И сега испратете гласници поскоро и кажете му на Давид така: да не останува оваа ноќ на рамнината во пустината, и што поскоро да помине од онаа страна да не загине царот и сите луѓе што се со него”. {ПП 741.2}

Младите синови на свештениците, иако осомничени и гонети, успеале да ја извршат својата опасна задача. По завршувањето на првиот ден од своето изгнанство, папсан од умор и тага, Давид ја при мил пораката дека уште истата ноќ мора да го премине Јордан, зашто синот навистина ја бара неговата глава. {ПП 741.3}

Какви биле чувствата на таткото и царот со кого во таа страшна опасност се постапувало толку свирепо? „Мажот, кој е високо поставен”, воин и цар, човекот чијшто збор бил закон – протеран од својот роден син кој толку го сакал и во кого неразумно имал толкава доверба; малтретиран и напуштен од приврзаниците кои биле со него цврсто поврзани со најсилни врски на чест, почит и преданост – со какви зборови тогаш можел да ги изрази чувствата на својата душа? Во мигот на својата најголема потиштеност, кога темнината на искушенијата била најгуста, Давид се надевал во Бога и пеел: {ПП 741.4}

Господи, колку многу се намножија противниците мои!

Мнозина се креваат против мене;

Мнозина велат за душата моја:

Нема помош за него во Бога!

Но Ти, Господи, си штит мој, слава моја;

Ти ја подигаш главата моја.

Со гласот свој викам кон Господ,

И Тој ме слуша од Својата света гора.

Легнувам, спијам и станувам,

Зашто Господ ме чува.

Не се плашам од многу илјади луѓе,

Што од сите страни навалиле на мене.

Од Господ е спасението.

Твојот благослов нека биде врз народот Твој” (Псалм 3:1-6,8). {ПП 742.1}

Давид и сите што биле со него борците и државниците, стари и млади, жени и деца под заштита на ноќната темнина преминале преку длабоката и брза река „и пред зори не остана ниту еден да не премина преку Јордан”. {ПП 742.2}

Давид со својата војска се сместил во Маханаим, во градот кој во свое време бил царско седиште на Ишбошета. Тој бил добро утврден град во планински предел и мошне погодно прибежиште во случај на војна. Земјата била богато снабдена со животни потреби, а луѓето биле пријателски наклонети кон Давидовото дело. Тука му се придружиле многу истомисленици, а старешините на тоа племе донеле големи подароци во животни намирници и други потребни работи. {ПП 742.3}

Советот на Кушиј ја постигнал целта и на Давида му пошло од рака да побегне. Но брзиот и незауздан царев син не можел долго да мирува и набргу се подигнал да го гони својот татко. „Авесалом го премина Јордан, тој и сиот Израел со него”. За врховен командант на својата војска, Авесалом го поставил Амаса, синот на Давидовата сестра Авигеја. Имал навистина голема војска, но луѓето биле неуки и неподготвени да се носат со искусните борци на Давидовата војска. {ПП 742.4}  

Давид своите сили ги поделил на три дела – на тројца свои војсководители: Јоав, Авеса и Итај Гетеецот. Имал намера сам да ја поведе војската во битката, но при тоа енергично му се противставиле како војводите, така и советниците и народот. „Не доаѓај,” му рекле тие, „зашто, ние и да избегаме, тоа нема да се забележи; и половината од нас да умре, тоа исто така нема да се забележи; ти, бидејќи сам чиниш колку десет илјади од нас, затоа подобро е за нас да ни помагаш од градот.Царот им рече: ‘Што ќе најдете за добро, тоа и ќе го направам’” (2. Самоилова 18:3,4). {ПП 742.5}

Од градските ѕидови можеле добро да се видат долгите колони на побунетата војска. Грабачот на престолот имал многубројна војска според која Давидовите борци изгледале како грст луѓе. Посматрајќи  ја непријателската војска, прва мисла на царот не била ниту круната, ниту царството, ниту сопствениот живот кој зависел од исходот на битката. Срцето на таткото било полно со љубов и сожалување кон синот кој дигнал бунт. Кога војската излегувала, Давид стоел пред градската врата храбрејќи ги своите борци да одат во борба уверени дека Израеловиот Бог ќе им даде победа. Но дури ни тогаш не можел да ја скрие својата љубов кон Авесалома. Кога Јоав, кој командувал со првиот дел на војската, поминувал пред царот, силниот победник во стотици битки ја наведнал својата горда глава да ја слушне последната порака на владетелот. Царот со треперлив глас рекол: “Чувајте ми го детето Авесалом!” Истата заповед ја добиле и Авеса и Итај: „Зачувајте ми го момчето Авесалом”. Давидовата молба, која навидум кажувала дека Авесалом му бил помил отколку царството, помил дури и од приврзаниците кои му останале верни на неговиот престол, уште повеќе  ја зголемила одбивноста на војниците кон неговиот неморален син. {ПП 743.1}   

Судирот се одиграл во една шума недалеку од Јордан. Се покажало дека многубројната војска на Авесалома токму поради бројноста била некорисна. Збунети во мочуриштата и во шумските шибјаци, тие неизвежбани трупи биле наполно неподобни за организирано водење на борба. И така „народот Израелов беше победен од Давидовите луѓе; тој ден таму имаше голем пораз, – беа убиени дваесет илјади души”. Авесалом, кога видел дека битката е загубена, се свртил да бега, при што се закачил со главата во едно густо разгрането дрво и останал беспомошно да виси како плен на своите непријатели, додека маската што ја јавал отрчала под него. Во таа положба го нашол еден војник кој не го гибал, плашејќи  се да не се замери со царот, но го известил Јоава за она што го видел. Јоав не му мислел многу. Тој со Авесалома порано бил во пријателство и двапати го мирел со Давида, но Авесалом срамно ја предал довербата што му била укажана. Кога Авесалом не би се добрал до извесни предимства што ги стекнал благодарение на посредувањето на Јоава, до бунт воопшто и не би можело да дојде. Сега бил во власт на Јоава со еден потег да го уништи поттикнувачот на сите овие зла. И така Јоав „зеде во рацете три стрели и ги забоде во срцето на Авесалом, кој уште беше жив на дабот… Го зедоа Авесалом, го фрлија во гората, во длабока јама, и натрупаа врз него голема грамада камења”. {ПП 743.2}

Така завршиле поттикнувачите на бунт во Израел. Ахитофел самиот себеси си го одзел животот. Царскиот љубимец, Авесалом, кој со својата ретка убавина бил гордост за цел Израел, бил убиен во цутот на својата младост. Телото му го фрлиле во јама, и во знак на вечен срам, го запретале со куп камења. За време на својот живот Авесалом себеси си подигнал драгоцен споменик во царската долина, но единствен споменик што го одбележува неговиот гроб претставува оној куп камења во пустината. {ПП 744.1}

Откако водачот на бунтот бил убиен, Јоав со трубен знак ја повикал својата војска да престане да ги гони разбиените бегалци и веднаш кај царот пратил гласник со извештај. {ПП 744.2}

Стражарот на градските ѕидови видел како од бојното поле трча човек. Набргу по него можел да се види уште еден. Кога првиот наближил, стражарот му рекол на царот, кој будно чекал седејќи пред портата: „Го гледам одењето на првиот, тоа прилега на одењето на Ахимаац, Садоковиот син. А царот рече: ‘Тој е добар човек и доаѓа со добра вест.’ Ахимаац извика и му рече на царот: ‘Мир!’ И му се поклони на царот со лицето до земја и рече: ‘Благословен Господ, Бог твој, Кој ги предаде луѓето што беа кренале рака против мојот господар, царот!’ А царот праша: ‘Здраво ли е момчето Авесалом?’” Но Ахимаац го избегнал одговорот. {ПП 744.3}

И вториот гласник дотрчал, викајќи: „Добра вест за господарот мој, царот! Господ ти направи денес правда, спасувајќи те од раката на сите што беа станале против тебе.А царот го праша Кушиј: ‘Здраво ли е момчето Авесалом?’ Кушиј одговори: ‘Да даде Бог со непријателите на мојот господар, царот, и со сите зломисленици против тебе да се случи истото што го снајде момчето!’ Се вознемири царот и отиде во собата над портите и плачеше и, кога си одеше, велеше вака: ‘Сине Авесаломе! Сине, сине Авесаломе! О, да бев умрел јас наместо тебе, Авесаломе, сине мој, сине!’” {ПП 744.4}

Победоносната војска, враќајќи се од бојното поле, се приближувала кон градот. Нивните победнички песни се одгласувале од околните ридови. Но, кога поминувале низ градската капија, замолкнал секој глас, знамињата се спуштиле и тие поминале со наведена глава, побргу како победена војска отколку како победници, зашто царот не ги пречекал со добредојде, туку до нив од одајата над капијата допирале царевите жалопои: „Сине мој, Авесаломе, сине мој, сине мој, Авесаломе! Камо јас да умрев место тебе! Авесаломе, сине мој, сине мој!” {ПП 745.1}

„И победата во оној ден се претвори во плачење за целиот народ: зашто тој ден народот слушна и велеше дека царот жали за синот свој.Тогаш народот влегуваше во градот скришно, како што се притајуваат од срам луѓето што избегале од борба”. {ПП 745.2}

Јоав бил страшно разочаран. Бог им дал причина да се радуваат и триумфираат. Бил задушен најголемиот бунт кој кога било избувнал во Израел, па сепак таа голема победа се претворила во јадосување за оној чиешто злосторство предизвикало крвопролевање на илјадници луѓе. Грубиот и суров војсководител се протуркал до царот и решително му рекол: „Ти денес ги посрами сите слуги свои, кои го спасија денес животот твој, животот на твоите синови и ќерки… Ти ги сакаш оние што те мразат, а ги мразиш оние што те сакаат, бидејќи денес покажа дека за тебе се ништо и водачите и слугите; денес разбрав дека тебе ќе ти беше попријатно ако Авесалом останеше жив, а ние сите да бевме изумреле;затоа стани, излези и позборувај им по срце на слугите твои; зашто, се колнам во Господ дека, ако не излезеш, оваа ноќ ниеден човек нема да остане со тебе; тоа ќе биде за тебе полошо од сите беди што те снашле од младоста до денес”. {ПП 745.3} Иако тој прекор бил тежок, дури и суров за скршениот татко, Давид сепак тоа не го зел за зло. Увидувајќи дека неговиот војвода има право, излегол пред капијата и со зборови на охрабрување и пофалба ги поздравувал своите храбри борци додека поминувале крај него. {ПП 745.4}

Сподели го ова:

Слични објави