43. СМРТТА НА МОЈСЕЈА

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Второзаконие 31-34 глава

Покрај љубовта и милосрдието, во Божјото постапување со избраниот народ се забележуваат и најубедливи докази за неговата строга и непристрасна правда. Во врска со тоа, историјата на еврејскиот народ ни дава доста примери. Бог му дал на Израел големи благослови. Неговата нежна љубов кон нив е опишана мошне трогателно: „Како што орелот бдее над гнездото свое, летајќи над своите орлиња, ги раширува крилјата свои, ги зема и ги носи на перјата свои”. Меѓутоа, колку строго и бргу ги казнувал за нивните престапи! {ПП 469.1}

Бесконечната Божја љубов се покажала во тоа што го дал својот единороден Син за да го спаси загубениот род. Христос дошол на земјата да им го открие на луѓето карактерот на својот Отец, и неговиот живот бил полн со дела на Божја нежност и милосрдие. А сепак, сам Христос изјавува: „Дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени” (Матеј 5:18). Истиот глас што го повикува грешникот со стрпливи и љубезни молби да му пристапи и во него да најде проштавање и мир на судот, на оние што ја презреле неговата милост ќе им нареди: „Бегајте од Мене, проклети” (Матеј 25:41). Во целата Библија Бог се прикажува не само како нежен татко, туку и како праведен судија. „Иако му е мила милоста и проштава „беззаконија, неправди и гревови”, Тој сепак „виновни не остава неказнети” (Излез 34:7). {ПП 469.2}

Големиот Владетел над сите народи изјавил дека Мојсеј нема да ги воведе Израелците во ветената земја, и ниту најсесрдните молитви на Божјиот слуга не можеле да ја преиначат таа одлука. Тој знаел дека мора да умре. А сепак, ниту за миг не се изморил во својата грижа за Израел. Верно настојувал да го приготви народот за влегување во ветеното наследство. По Божја заповед, Мојсеј и Исус Навин се упатиле кон Светилиштето, додека столбот од облак стоел пред вратата. Тогаш народот свечено му е предаден на грижа на Исуса Навина. Мојсеевото дело како водач на Израел било завршено; но во интерес на својот народ, тој сè уште заборавал на себе. Во присуство на собраниот народ тој, во Божјо име му се обратил на својот наследник со следните зборови – со честитка и со света радост: „Биди цврст и храбар, зашто ти ќе влезеш со овој народ во земјата, за која Господ им се заколна на предците ваши дека ќе им ја даде; и ти ќе им ја разделиш на делови.И Господ ќе тргне Самиот со тебе”. А потоа им се обратил на старешините и кнезовите доверувајќи им сериозна обврска верно да ги исполнуваат сите закони што им ги дал Бог преку него. {ПП 469.3}

Посматрајќи го остарениот човек, кој набргу ќе  го снема од нивната средина, народот повторно си спомнал со длабока благодарност за неговата татковска нежност, за неговите мудри совети и неуморен труд. Колкупати нивните гревови предизвикувале оправдани Божји казни, па сепак, Мојсеевите искрени молитви сториле Бог да ги поштеди. Нивната болка уште повеќе  ја засилувала грижата на совеста. Горко каејќи се, си спомнувале дека токму нивната изопаченост го навела Мојсеја на грев поради кој сега морал да умре. {ПП 470.1}

Исчезнувањето на нивниот омилен водач за Израелците ќе  претставува многу поголем прекор од која и да е друга казна во случај Мојсеј да останал жив и да продолжил да ја исполнува својата задача. Бог сакал тие да почувствуваат дека не смеат да му го загорчуваат животот на својот иден водач, како што го правеле тоа со Мојсеја. Бог му зборувал на својот народ, на Израелците, преку своите благослови со кои ги опсипувал, а ако тие не се ценат, тогаш со скусување на истите ќе  ги поттикне да ги увидат своите гревови и да му се вратат со сето срце. {ПП 470.2}

Истиот ден на Мојсеја му е наредено: „Искачи се на планината Аварим, тоа е планината Нево… и погледни ја хананската земја, што им ја давам на синовите израелски во владение;и умри на планината, на која ќе се искачиш и прибери се при народот свој”. Мојсеј често излегувал од логорот кога требало да разговара со Бога; но овој пат требало да тргне на една нова и таинствена задача. Морал да замине и својот живот да го предаде во рацете на својот Творец. Мојсеј знаел дека ќе умре сам и дека на ниеден земен пријател нема да му биде дозволено да му се најде при рака во неговите последни мигови. Настанот што претстоел бил обвиен со таинственост и го исполнувал со страв, така што срцето му се стегало. Најтешко искушение било да се одвои од народот за кој се грижел и кој толку многу го сакал – од народот со кој неговиот живот и неговите интереси толку долго биле поврзани. Но тој навикнал да има доверба во Бога и со непоколеблива вера ѝ се препорачал и себеси и својот народ на неговата милост и љубов. {ПП 470.3}

Мојсеј последен пат стоел пред собраниот народ. И овој пат врз него слегол Божјиот Дух додека со возвишени и трогателни зборови му изрекувал благослови на секое племе поединечно и најпосле на сите заедно: {ПП 471.1}

„Нема друг Бог како твојот Бог, Јешуруне! Кој се пронесува по небото, тебе на помош, и со великолепие на облаците.Единиот Бог е твое прибежиште, а вечните Негови раце се твоја поткрепа. Тој го прогонува непријателот пред тебе и ти вели: ‘истребувај!’ Израел живее во спокој, потомците на Јаков се сместија во засолниште, во земја изобилна со жито и вино, каде небото праќа роса.Блажен си ти, Израеле! Кој е како тебе, народ пазен од Господ, Кој ти е штит – закрилник и меч на славата твоја?” (Второзаконие 33:26-29). {ПП 471.2}

Потоа Мојсеј го напуштил собирот и молчејќи, сам се упатил по угорнината. Пошол „на планината Нево, на врвот Фазга”. На тој осамен врв застанал посматрајќи ја со бистро око сцената што се простирала пред него. Далеку на запад се виделе сините води на Големото Море (Средоземното Море, заб. на прев.); на север се издигнувал кон небото врвот на планината Хермон; на исток се наоѓала моавската долина, а уште понатаму Васан, сцената на израелскиот триумф; далеку па југ била пустината низ која толку долго талкале. {ПП 471.3}

Во таа самотија Мојсеј се осврнал на својот живот во кој имало толку многу маки и неволји од оној ден кога им го свртил грбот на дворските почести и на предимството да седне на египетскиот престол со цел својата судбина да ја поврзе со судбината на избраниот народ. Си спомнал за оние долги години што ги поминал пасејќи ги стадата на Јотора во пустината, за појавата на ангелот „во пламенот од капината” и како бил повикан да го ослободи Израел. Повторно ја согледал чудесната Божја моќ што се покажувала во полза на избраниот народ и неговото трпение и милост за сето време на долгите години на талкањето и буните. И покрај сè што сторил Бог за нив, и покрај неговите лични напори и молитви, само два човека од толкаво мноштво Израелци кои излегле од Египет се нашле доволно верни да можат да влезат во ветената земја. Додека ги прегледувал резултатите на својот труд, на Мојсеја му се чинело дека животот, иако полн со искушенија и самопрегор, му поминал речиси напразно. {ПП 471.4}

Меѓутоа, тој не се жалел поради тоа што носел товар. Знаел дека сам Бог ги одредил неговите задачи и неговото дело. Кога првпат бил повикан да го изведе народот од Египет, се уплашил од одговорноста; но кога еднаш ја прифатил должноста, никогаш не се повлекол пред товарот. Дури и кога Господ му нудел да го ослободи од тешкотиите со тоа што ќе го уништи бунтовниот Израел, тој не се согласил со тоа. Иако искушенијата му биле тешки, тој сепак уживал во посебните знаци на Божјата милост. За време на својот престој во пустината се здобил со богато искуство посматрајќи ги откровенијата на Божјата сила и слава во прегратките на неговата љубов; чувствувал дека било мудро што решил „да страда со Божјиот народ, отколку да ја ужива земната сладост на гревот”. {ПП 472.1}

Гледајќи  го искуството што го стекнал како водач на Божјиот на род, забележувал една флека во таа историја. Кога би можел да се избрише тој престап, мислел Мојсеј, тогаш тој не би се плашел од смртта. Меѓутоа, Бог му помогнал да се увери дека покајанието и верата во ветената Жртва е единственото што Тој го бара; и уште еднаш Мојсеј ја окајувал својата грешка и преколнувал за проштавање во Исусово име. {ПП 472.2}

И тогаш пред него, како во панорама, се укажала глетка на ветената земја. Секој дел на таа земја му бил прикажан и тоа не матно и неодредено во маглива далечина, туку бистро, јасно и убаво на негова голема радост. Таа земја тој не ја видел онаква каква што стварно изгледала, туку каква ќе изгледа по преземањето од страна на Израелците и по добивањето на Божји благослов. Му се чинело како да гледа друга Едемска градина. Тука имало планини со ливански кедри, ритчиња покриени со сребренести маслинки и полни со миризливи винови лози; потоа широки зелени долини преполни со цвеќе  и плодови. Имало и тропски палми, брановидни житни полиња, сончани долини низ кои кривулесто се извивале потоци и со своето жуборење ги надополнувале песните на птици те. Тука имало сјајни градови, раскошни градини и богати езера; на падините на горите паселе многубројни стада, а меѓу карпите се криело богатство на диви пчели. Тоа всушност била земјата каква што Мојсеј му ја опишувал на израелскиот народ под влијание на Божјиот Дух: „Нека ја благослови Господ земјата негова со многу сакани дарови небески, со роса и со дарови од бездната, што лежи долу,со најдоброто што доаѓа од сонцето и со најдоброто што го донесува месечината,со дарови од старите планини и со дарови од вечните ридови,и со најдоброто од тоа што ја исполнува земјата”. {ПП 472.3}

Мојсеј видел како Божјиот избран народ се населува во Ханан и како секое племе живее на своето наследство. Потоа ја видел дол гата и жална историја на својот народ кој ќе отпадне и ќе биде казнуван. Видел како поради своите гревови ќе биде расеан меѓу незнабошците. Видел како Израела го напушта славата, како нивните убави градови лежат во урнатини, а нивните жители како робови ги водат во туѓина. Видел како повторно се враќа ат во земјата на своите татковци и најпосле како паѓаат под власт на Рим. {ПП 475.1}

Му било дозволено да гледа во иднината и да го види првото доаѓање на Спасителот. Го видел Исуса како дете во Витлеем. Ги чул гласовите на Хоровите на ангели како му пеат похвални песни на Бога и објавуваат мир на земјата. Ја видел на небото ѕвездата која мудреците од исток ги довела кај Исуса, и неговата душа ја осветлила силна светлина кога се сетил на пророчките зборови: „Ѕвезда од Јаков се издига и жезол од Израел; тој ќе ги поразува кнезовите моавски и ќе ги ништи сите Ситови синови” (Броеви 24:17). Го видел Христовиот скромен живот во Назарет, неговата служба на љубов и сомилост, неговите исцелувања и како бил отфрлен од гордиот и неверен народ. Со чудење го слушал нивното фаленичко издигнување на Божјите закони, додека во исто време го отфрлиле Оној преку кого тој закон е даден. Го видел Исуса на Маслинската гора како со солзи се проштава од својот омилен град. Срцето на Мојсеја се стегало од болка, а низ неговите образи се тркалале дробни солзи од жалост за Божјиот Син кога видел дека народот, толку благословен од небото, конечно ќе  биде отфрлен – народот за кој тој толку многу работел, се молел и се жртвувал, заради кој дури се согласил и името да му биде избришано од книгата на животот. Најболно го растажиле зборовите: „Ете, ви се остава пуст вашиот дом” (Матеј 23:38). {ПП 475.2}     

Го следел Спасителот во Гетсиманија, ја видел неговата душевна борба, предавството, подбивањето, камшикувањето – распнувањето. Мојсеј видел дека, како тој во пустината што подигнал змија, така и Божјиот Син мора да биде подигнат „та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен” (Јован 3:15). Срцето на Мојсеја го исполнувале болка, негодување и ужас кога виделкако еврејскиот народ покажува лицемерство и сатанска омраза кон својот Избавител, кон силниот Ангел кој во столбот од облак одел пред нивните татковци. Го слушнал претсмртниот Христов извик: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави?” (Марко 15:34). Видел како Спасителот лежи во новиот Јосифов гроб. Тогаш му се чинело дека светот е обвиен со темнина на безнадежност и очај. Но, погледнувајќи уште еднаш, го видел Исуса како победник кој води мноштво заробеници и во придружба на ангели заминува на небото. Видел како се отвора блескотна капија да го прими и како небесните војски го поздравуваат својот Заповедник со триумфални песни. Во таа пригода му било откриено дека и тој ќе биде меѓу оние кои ќе го пречекаат Спасителот и ќе  му ја отворат вечната врата. Додека ја посматрал таа сцена, неговото лице блескотело со свет сјај. Сите негови жртви и искушенија му изгледале ништожни во споредба со жртвите и искушенијата на Божјиот Син, и наполно безначајни мерени со „пообилна и вечна тежина на славата” (2. Коринтјаните 4:17). Се радувал што можел макар и делумно да учествува во Христовите патила. {ПП 475.3}

Мојсеј ги видел и Христовите ученици како заминуваат во светот да го шират евангелието. Видел како телесниот Израел го изневерил својот висок позив со кој Бог го почестил; со своето неверство пропуштиле да бидат светлина на светот; меѓутоа, иако тие ја презреле Божјата милост и ги проиграле благословите што можеле да ги имаат како одбран народ – Бог сепак не го отфрлил семето на Аврама; величествените намери што сакал да ги оствари преку Израел морале да се исполнат. Во Аврамовото потомство ќе бидат вброени сите кои преку Христа ќе станат деца на верата; тие ќе бидат наследници на заветот; слично на Аврама, и тие се повикани да му го објаснат на светот Божјиот закон и евангелието на неговиот Син. Мојсеј видел како светлината на евангелието преку Христовите ученици ги осветлува народите „што седеле во мрак” (Матеј 4:16) и како илјадници луѓе од незнабожечките земји пристапуваат кон нејзините зраци што се раѓаат. Посматрајќи го сето тоа, тој се радувал за развитокот и напредокот на Божјиот Израел. {ПП 476.1}

А потоа му е покажана уште една сцена. Видел како сатаната ги наведувал Евреите да го отфрлат Христа, додека истовремено тврделе оти го почитуваат законот на неговиот Отец. Потоа го видел Христијанскиот свет во слична заблуда – го признаваат Христа, а го отфрлаат Божјиот закон. Исто како еврејските свештеници и старешини што барале Христос да се уништи и избезумено викале, „Земи, земи! Распни Го!”, Мојсеј чул и како божемните христијански учители викаат: „Законот е укинат!” Видел како саботата е погазена, а наместо неа воспоставена една лажна уредба. И повторно Мојсеј се зачудил и се вчудовидел. Како можат оние што тврдат дека веруваат во Христа да го отфрлат законот кој токму Тој го објавил од светата гора? Како воопшто може некој, кој се бои од Бога, да го запоставува неговиот закон кој е основа на неговото владеење на небото и земјата? Меѓутоа, Мојсеј со радост ќе забележи дека едно верно малцинство сè уште го почитува и го издигнува Божјиот закон. Го видел последниот голем налет на земните сили со намера да ги уништат оние што го држат Божјиот закон. Го согледал времето кога Бог ќе стане да ги казни земните жители за нивното беззаконие и да ги засолни оние кои се бојат од неговото име. Чул како Бог склучува завет на мир со оние што го држеле неговиот закон, и видел како одгласот на тие зборови од неговиот свет стан ги потресува и небото и земјата. Го видел второто Христово доаѓање во слава, видел како праведните стануваат во вечен живот, а живите свети се преобразуваат, без да вкусат смрт, и со радосни песни заедно се издигнуваат кон Божјиот град. {ПП 476.2}

Пред неговите очи се покажала уште една сцена – земјата ослободена од проклетството, поубава од прекрасната ветена земја која непосредно се простирала пред него. Во неа нема грев, ниту смрт. Тука спасените народи наоѓаат своја вечна татковина. Со неискажлива радост Мојсеј ја посматрал таа сцена – конечното ослободување, пославно од она што неговите најсмели надежи кога било го насликале. Земното талкање засекогаш е завршено, а Божјиот Израел најпосле влегува во добрата – нова земја. {ПП 477.1}

Најпосле визијата ја снемало и неговиот поглед повторно се свртил кон хананската земја која се простирала пред него. Тогаш Мојсеј, како некаков уморен патник, легнал да се одмори. „И умре таму Мојсеј, слугата Господов, во земјата Моав, според зборот Господов; и го погребаа во долината, во земјата Моав, спроти Бет-Пеор, но до денеска никој точно не знае каде е погребан”. Мнозина, кои не сакале да ги слушаат Мојсеевите совети додека бил жив, би дошле во опасност да го обожаваат неговото мртво тело кога би знаеле каде е закопано. Од таа причина ова место останало скриено од луѓето. Но Божјите ангели го закопале телото на неговиот верен слуга и го чувале осамениот гроб. {ПП 477.2}

„И не се појави веќе таков пророк во Израел, како Мојсеј, кого Господ го познаваше лице в лице,на кого Господ го беше испратил да ги изврши во египетската земја сите тие знаменија и чуда над фараонот, над сите слуги негови и над целата земја негова.Чудесни се и големи тие дела што Мојсеј ги изврши со моќна рака пред очите на целиот Израел”. {ПП 478.1}

Кога Мојсеевиот живот не би бил извалкан со оној единствен грев, кога пропуштил да му оддаде чест на Бога при изведувањето на вода од карпата, Мојсеј би можел да влезе во ветената земја, и без да вкуси смрт да биде пренесен на небото. Неговото тело сепак не требало долго да остане в гроб. Сам Христос, со ангелите што го закопале Мојсеја, дошол од небото да го разбуди заспаниот пророк. Сатаната ликувал кога успеал да го наведе Мојсеја на грев против Бога и да го подложи на смртта. Големиот непријател тврдел дека Бог му дал власт над мртвите кога ја изговорил осудата: “Зашто си земја, и во земја ќе се вратиш” (Создавање 3:19). Моќта на смртта и гробот никој до тогаш не ја скршил, и над сите што биле во гроб тој полагал право како на свои робови кои никогаш не можат да се ослободат од неговата мрачна темница. {ПП 478.2}

Сега Христос првпат имал намера да му го врати животот на умрениот. И додека Кнезот на животот, во придружба на блескотни ангели, се приближувал кон гробот, сатаната треперел од страв да не ја загуби власта. Со своите лоши ангели се приготвил да го оспори правото на упад во областа што ја сметал само за своја. Се фалел дека Божјиот слуга станал негов заробеник. Изјавувал дека дури ни Мојсеј не можел да го одржи Божјиот закон, дека ги присвоил почестите што му припаѓаат на Јехова – го сторил истиот грев поради кој и сатаната бил истеран од небото – па поради тој престап потпаднал под власт на сатаната. Праисконскиот предавник ги повторувал истите обвинувања што веќе  ги изнесувал против Божјото владеење и повторно се жалел против Божјата неправедност кон него. {ПП 478.3}

Христос не се впуштал во расправа со сатаната. Тој можел да наведе како делото на сатаната предизвикало страшни зла на небото и одвело во пропаст голем број негови жители. Можел да го потсети на лагата што ја изговорил во Едемската градина која го навела Адама на грев и му донела смрт на целиот човечки род. На сатаната можел да му обрне внимание и на тоа дека – токму тој ги наведувал Израелците на бунт и незадоволство, што најпосле го потрошиле големото трпение на нивниот водач, па во еден миг на слабост паднал во грев поради кој потпаднал под власт на смртта. Меѓутоа, Христос сето тоа му го препуштил на својот Отец, велејќи: „Господ да те спречи” (Јуда 9). Спасителот не се впуштал во препирање со својот противник, туку веднаш на самото место почнал да ја ограничува моќ та на паднатиот непријател, давајќи му на умрениот живот. Во тоа се видела надмоќноста на Божјиот Син која сатаната во никој случај не можел да ја оспори. Воскресението било обезбедено еднаш засекогаш. На сатаната му бил оттргнат неговиот плен, а на умрените праведници им е овозможено повторно да живеат. {ПП 478.4}

Мојсеј поради гревот потпаднал под власт на сатаната. Според своите сопствени заслуги бил законит заробеник на смртта, но повикан е во бесмртен живот благодарение на правото што му го обезбедиле заслугите на Спасителот. Мојсеј станал прославен од гробот и се вознел во Божјиот град заедно со својот Ослободител. {ПП 479.1}

Освен во случајот на жртвувањето на Христа, Божјата љубов и правда никогаш не се покажале толку комплетно како во неговото постапување со Мојсеја. Бог го исклучил Мојсеја од Ханан за да даде поука што никогаш не треба да се заборави – дека Тој бара строга послушност и дека луѓето мора да пазат да не си ја припишат себеси честа што му припаѓа на нивниот Творец. Тој не можел да ја прими Мојсеевата молитва да добие дел во наследството на Израел, но сепак, не го заборавил својот слуга ниту го напуштил. Небесниот Бог ги сфатил патилата што Мојсеј морал да ги поднесе. Тој забележал секоја постапка на верна служба во текот на долгите години на тешкотии и искушенија. На врвот на Фазга, Бог Мојсеја го повикал во неизмерно пославно наследство отколку што бил земниот Ханан. {ПП 479.2}

На Гората на преобразувањето Мојсеј се појавил заедно со Илија кој бил вознесен без да вкуси смрт. Ги пратил Отецот на неговиот Син да му однесат светлина и слава. Така најпосле била примена молитвата на Мојсеја што ја упатил пред многу векови. Стапнал со своја нога на „убавите планински предели” (Второзаконие 3:25) која станала составен дел на наследството на неговиот народ и разговарал со Оној кон кого се сосредоточени сите ветувања дадени на Израел. Тоа била последна сцена откриена на човечкото око, односно на историјата на овој човек кого небото високо го ценело. {ПП 479.3}

Мојсеј бил Христова претслика. Самиот тој им рекол на Израелците: „Господ, твојот Бог, ќе ти дигне пророк од браќата твои, како мене, – Него слушајте Го” (Второзаконие 18:15). Бог видел дека е потребно Мојсеј да помине низ школа на страдања и лишувања за да се оспособи да ги поведе израелските чети во земниот Ханан. А Божјиот Израел на својот пат кон небесниот Ханан има Војсководител на кого не му е потребна никаква земна подготовка за да се оспособи за Божји водач; а сепак, и Тој бил усовршен низ страдања, „зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне” (Евреите 2:18). Кај нашиот Спасител немало човечки слабости ниту несовршености, а сепак умрел за нам да ни овозможи пристап во ветената земја. {ПП 480.1} „И Мојсеј Му беше верен како слуга на целиот Негов дом, за да го посведочи она што требаше да се соопшти.Христос, како Син, е верен во Божјиот дом. Негов дом, пак, сме ние, само ако слободата и надежта, со кои се фалиме, ги запазиме до крај” (Евреите 3:5,6). {ПП 480.2}

Сподели го ова:

Слични објави