30. СВЕТИЛИШТЕТО И СЛУЖБИТЕ ШТО СЕ ОДРЖУВАЛЕ ВО НЕГО
Оваа глава е заснована на Излез 25 – 40 глава, и Левитска 4 и 16 глава
Додека бил со Бога на гората, на Мојсеја му било наредено: „Да Ми направите светилиште, од каде што ќе ви се јавувам вам” и му биле дадени детални упатства за подигање на шаторот и за целокупната негова конструкција. Со својот отпад Израелците го загубиле благословот на божественото присуство, па за извесно време било оневозможено да се подигне Божјото светилиште меѓу нив. Меѓутоа, бидејќи подоцна повторно примиле небесна милост, големиот водач пристапил кон извршување на божествената заповед. {ПП 343.1}
Одбрани луѓе Бог надарил со посебна вештина и мудрост потребни за подигање на таа света градба. Лично Бог на Мојсеја му дал план за градењето и му ги објаснил сите подробности во врска со големината, со обликот и со материјалот што ќе се употреби, но и во врска со сите предмети со кои Светилиштето ќе биде опремено. Тоа Светилиште, градено со човечки раце, требало да биде „образец на вистинското”, слика на „образите небесни” (Евреите 9:24,23). Тоа во минијатура го претставувало небесниот Храм во кој нашиот Првосвештеник, Христос, откако го принел својот живот на жртва, ги застапува грешниците. Додека бил на гората, Бог на Мојсеја му го покажал небесното Светилиште и му наредил да направи сè точно според образецот што му бил покажан. Мојсеј сите тие упатства им ги пренел на старешините на Израел и внимателно сите ги запишал. {ПП 343.2}
За градење на Светилиштето биле потребни големи и скапи подготовки. Бил потребен најскапоцен материјал во големо количество, а сепак Господ примал само доброволни дарови. „Кажи им на синовите на Израел да Ми соберат прилози: земете прилог кој од драго срце Ми дава”. Така гласела Божјата заповед што му ја повторил Мојсеј на собирот. Прво што се барало во подготовката на местото каде што требало да престојува Севишниот, било искрено оддавање на чест на Бога и дух на пожртвуваност. {ПП 343.3}
Народот еднодушно се одзвал. „И доаѓаа сите кои срцето ги влечеше и душата ги поттикнуваше; доаѓаа, носејќи принос на Господ – приноси за уредување на скинијата, за сите нејзини потреби и за светите одежди;доаѓаа мажи и жени; сите, што срцето ги влечеше, и принесуваа веришки, обетки, прстени и гривни и секакви златни работи; секој, кој сакаше, принесуваше злато на Господ”. {ПП 344.1}
„И секој, кој имаше сина, пурпурна и црвена волна и лен, овнешки кожи, црвени, и сини кожи, ги принесуваа;и секој, кој донесуваше сребро или бакар, Му Го принесуваше како дар на Господ; и кој имаше дрво шитим, го принесуваше за секоја потреба”. {ПП 344.2}
„А секоја жена, мудра и вешта, предеше со своите раце и принесуваше сè што ќе испреде – преѓа сина, пурпурна и црвена и лен;секоја пак, жена, што сакаше, а и можеше да преде, предеше козина (пурпур)”. {ПП 344.3}
„А старешините принесуваа камен оникс и камења за украсување на ефодот и на наградникот;исто така и аромати, масло за осветление и масло за маслото за помазание и миризби за кадење” (Излез 35:23-28). {ПП 344.4}
Додека работите околу подигањето на Светилиштето биле во тек, сиот народ, старо и младо, мажи, жени и деца носеле дарови сѐ додека мајсторите не виделе дека е доволно, па дури и дека е повеќе отколку што може да се употреби. И Мојсеј бил присилен јавно да објави: „Ни маж ни жена да не принесува ништо повеќе како дар за светилиштето”. И народот престана да принесува” (Излез 36:6). Незадоволството и поплаките на Израелците, како и казните со кои Бог ги казнувал поради нивните гревови, се забележани само како опомена за подоцнежните поколенија; додека нивната преданост, ревност и пожртвуваност претставуваат пример достоен да се следи. И сите на кои им е мила службата на Бога и кои ги ценат благословите на неговото свето присуство, ќе покажат ист дух и иста пожртвуваност кога е во прашање подигање на таков дом каде што Тој ќе може да се сретнува со нив. Тие ќе се трудат на Бога да му принесуваат жртва од најдоброто што го имаат. Домот изграден за Господа не смее да има долгови, зашто со тоа се обесчестува неговото име. Средствата од доброволните прилози за довршување на таквата работа треба да бидат доволни за да можат работниците, како и некогаш градителите на Светилиштето, да кажат: „Народот принесува повеќе отколку што е потребно за да се направи, она што заповеда Господ”. {ПП 344.5}
Светилиштето било направено така што Израелците при своите преселби можеле во секое време да го расклопат и да го понесат. Затоа тоа било долго само приближно седумнаесет метри, а широко и високо приближно по пет и пол метри. Но сепак тоа била прекрасна и сјајна градба. За градењето на Светилиштето и за некои делови на опремата било употребено багремово дрво затоа што од сето друго дрво што можело да се најде на Синај, тоа било најотпорно против гниење. Ѕидовите ги сочинувале исправено поставени штици што биле вглавени во сребрени основи, прицврстени со столбови и поврзани со попречни рези. Сè било обложено со злато, што на целата градба ѝ давало изглед како да е од чисто злато. Покривот го сочинувале четири слоја покривки, од кои најдолната била „од сина, пурпурна и црвена волна и од пресукан лен и на неа направи херувими, уметнички извезени”. Другите три слоја се состоеле еден од козји влакна, друг од црвено бојадисани овенски кожи, а третиот од јазовечки кожи, и тоа сè така составено да сочинува една целина и потполна заштита. {ПП 347.1}
Внатрешниот простор на Светилиштето бил поделен на два дела (две одделенија: првото одделение наречено светиња, а второто светиња над светињите, заб. на прев.) разделени со богата и убава завеса што ја придржувале столбови обложени со злато; иста таква завеса го затворала влезот и во првото одделение. Овие завеси, како и внатрешната покривка која го сочинувала долниот дел на таванот или сводот, биле изработени во најубави бои – сина, виолетова и црвена. Покрај тоа, на нив со златен и сребрен конец биле извезени херувими, со што симболично биле претставени војски на ангели поврзани со делото што се врши во небесната светиња, службени духови што му помагаат на Божјиот народ на земјата. {ПП 347.2}
Светиот шатор бил опкружен со отворен простор, наречен трем, кој бил заграден со завеси од најфино платно, закачени на столбови од месинг. Влезот во тој заграден простор се наоѓал на источната страна и бил затворен со завеси прекрасно изработени од скапоцен материјал, кои сепак биле помалечки од завесите на Светилиштето. Бидејќи завесите на тремот биле напола пониски отколку ѕидовите на Светилиштето, народот јасно можел да го види Светилиштето од неговата надворешна страна. Во тремот, недалеку од влезот, бил сместен олтар (жртвеник) од месинг за жртви паленици. На тој жртвеник му биле принесувани на Бога сите жртви паленици, а неговите рогови биле прскани со крвта на измирување. Меѓу олтарот и влезот во Светилиштето бил поставен мијалник кој исто така бил направен од месинг, искован од огледалата што доброволно ги приложиле израелските жени. Во тој мијалник свештениците ги миеле рацете и нозете секогаш кога влегувале во Светилиштето или кога пристапувале кон олтарот да му принесат жртва на Господа. {ПП 347.3}
Во првото одделение, или во Светилиштето, се наоѓала маса со поставени лебови, свеќник и златна кадилница. Трпезата со поставени лебови се наоѓала на северната страна. Порабена со украсен венец, таа била сета обложена со злато. На таа маса свештениците секоја сабота морале да поставуваат дванаесет пресни лебови да ги поделат на два дела и потоа да ги окадат со темјан. Тие лебови подоцна, бидејќи биле сметани како свети, можеле да ги јадат само свештениците. На јужната страна бил сместен седмокрак свеќник со седум светилки. Краците му биле украсени со извонредно убаво изработени цветови кои личеле на крин, а целиот свеќник бил изработен од чисто злато. Бидејќи на Светилиштето немало прозорци, светлата морале да горат ден и ноќ и никогаш не смеело истовремено да се угаснат сите светилки на неговиот свеќник. Пред завесата што ја одделувала Светилиштето од Светињата над светињите и од Божјото непосредно присуство, се наоѓал златен кадилен олтар. На тој олтар свештеникот секое утро и секоја вечер палел темјан; роговите на олтарот ги мачкал со крвта на жртвата принесена за грев, а на денот на помирувањето целиот олтар бил испрскан со крв. Огнот на тој олтар го запалил сам Бог, па затоа тој најгрижливо е одржуван како свет оган. Дење и ноќе мирисот на светиот темјан се ширел низ светите простории и се разнесувал низ околината на Шаторот за состанок. {ПП 348.1}
Зад внатрешната завеса била Светињата над светињите (или најсветото место, заб. на прев.), централна точка на сликовитата служба на помирување и посредување, што претставувало алка меѓу небото и земјата. Во тоа одделение се наоѓал ковчегот на заветот, направен од багремово дрво, окован во злато и однадвор и однатре, а при врвот порабен со златен венец. Тој ковчег бил направен во него да се чуваат камените плочи на кои Бог ги напишал десетте заповеди. Наречен е ковчег на Божјото сведоштво, или ковчег на заветот, зашто десетте Божји заповеди ја сочинувале основата на заветот (сојузот) склучен меѓу Бога и Израел. {ПП 348.2}
Поклопецот на светиот ковчег – наречен престол на милоста – бил направен од чисто злато и наткрилен со херувими исто така направени од злато и поставени еден спроти друг. По едно крило на секој херувим било свртено кон горе, додека другото, во знак на страхопочит и понизност, го засолнувало телото на ангелот (види Езекиел 1:11). Ставот на двата ангели кои биле свртени еден кон друг и со страхопочит гледале во ковчегот на заветот, ја претставува онаа почит со која небесните чети гледаат во Божјиот закон и нивното интересирање за планот на откупувањето. {ПП 348.3}
Над престолот на милоста почивал облак на славата, манифестација на Божјото присуство, а преку херувимите Бог ја објавувал својата волја. Од тој облак божествените пораки понекогаш му биле соопштувани на првосвештеникот. Понекогаш светлосен зрак би паѓал на десниот ангел и со тоа би потврдувал дека Бог е задоволен. Сенката на левиот ангел го покажувала Божјото негодување или отфрлање. {ПП 349.1}
Божјиот закон што се наоѓал во тој ковчег претставувал големо мерило на правдата и судот. Според тој закон се изречувани смртни пресуди над престапниците; но над законот се наоѓал престол на милоста на кој се откривало Божјото присуство и од кој, благодарение на помирувањето остварено преку Христа, грешникот добивал проштавање. Така во Христовото дело за нашиот откуп, симболички прикажуван со службата во Светилиштето, се исполнуваат зборовите: „Милоста и вистината ќе се сретнат, праведноста и мирот ќе се целиваат” (Псалм 85:10). {ПП 349.2}
Нема зборови со кои би можеле да се опишат славата и убавината на амбиентот што го давала внатрешноста на Светилиштето; позлатените ѕидови, од кои одблеснувала светлината од златниот свеќник и раскошните прелевања на боите од богато извезени те завеси со нивните блескотни ликови на ангелите, масата и кадилниот олтар – сето тоа, позлатено, создавало фантастично убава глетка. А зад завесата светиот ковчег на заветот со своите таинствени Херувими, над кои се реел свет славен облак – видливо откровение на Божјото присуство. Меѓутоа, сето тоа било само слаб одблесок на славата на Божјиот Храм на небото, на големото средиште на неговото дело за откуп на човекот. {ПП 349.3}
За градење на Светилиштето било потребно време од околу половина година. Кога било завршено, Мојсеј ги прегледал сите работи и ги споредил со образецот што му бил покажан на гората и со упатствата што ги добил од Бога. „И ги погледа Мојсеј сите тие работи, и ете, тие ги беа направиле: како што беше заповедал Господ, така ги беа направиле. И ги благослови Мојсеј”. Израелците во групи брзале сакајќи да ја видат светата градба. Додека тие се гордееле со глетката, над Светилиштето се наднел столб од оган, се спуштил над него и целосно го обвил облак. „И се наполни шаторот со славата Господова”. Тоа било откровение на Божјото величество, па за извесно време ни Мојсеј не можел да влезе во Светилиштето. Длабоко возбудени, Израелците го посматрале зна кот кој им сведочел дека делото на нивните раце било прифатено. Не се слушнал ниту еден глас како израз на радост. Сите биле опфатени со свечена страхопочит. Радоста на нивното срце нашла излив во солзи радоснички и тие тивко шепотеле зборови на сесрдна благодарност на Бога што дошол да престојува меѓу нив. {ПП 349.4}
По Божја наредба, за служба во Светилиштето било изделено племето на Левие. Во најстаро време секој домаќин бил и свештеник на своето семејство. Во времето на Аврама се сметало дека свештенството според законот за наследство му припаѓа на најстариот син. Сега Господ, наместо првенците на сиот израелски народ, го зел племето на Левие да врши служба во Светилиштето. Со таа видлива чест, Бог покажал колку ја цени нивната верност, како во приврзаноста кон неговата служба, така и во извршувањето на неговата казна кога цел Израел отпаднал клањајќи се пред златното тело. Меѓутоа, свештеничката служба била ограничена на семејството на Арона. Само на Арона и на неговите синови им било дозволено да служат пред Бога. На другите припадници на племето им била доверена грижа за шаторот и за неговата опрема и задача да им помагаат на свештениците при богослужението; но не смееле да принесуваат жртви да кадат ниту да ги посматраат светите предмети додека не стават превез на лицето. {ПП 350.1}
Во сообразност со должноста што требало да ја извршуваат, на свештениците им била пропишана и посебна облека. „И направи му свети одежди на Арон, братот твој, за чест и слава”, така Бог му наредил на Мојсеја. Облеката на обичниот свештеник била направена од бело ленено платно исткаена од еден дел. Била долга речиси до стапалата, а во половината обвиена со бел ленен појас извезен со сина, виолетова и црвена боја. Таа нивна облека ја надополнувал ленен турбан или митра. На Мојсеја пред грмушката што горела му било наредено да ги собуе обувките од нозете, зашто земјата на која стоел е света. Така ниту свештениците не смееле да влегуваат во Светилиштето обуени, зашто дури и со честиците од правот што ќе се задржат на обувките може да се оскверни тоа свето место. Обувките морале да ги оставаат во тремот и, пред да влезат во Светилиштето, морале да ги измијат и рацете и нозете и дури тогаш можеле да пристапат кон богослужение или кон принесување на жртва. Така постојано пред очи им била поуката дека оние што сакаат да му се приближат на Господа мора да бидат слободни од сѐ што ja сквернави и ја валка душата. {ПП 350.2}
Облеката на првосвештеникот била направена од скапоцен материјал и прекрасно уметнички изработена, што и му прилегало со оглед на неговата висока положба. Покрај ленена облека на обичен свештеник, тој носел и одежда или плашт од порфир (виолетово-сина ткаенина со црвеникави преливи), кој исто така бил исткаен од еден дел додека работ му бил украсен со златни ѕвончиња и со украси во форма на калинки кои биле извезени со конец со сина, виолетова и црвена боја. Над тоа носел градник, кус горен дел на свечена облека „злато и сина, пурпурна и црвена волна и чист лен”. Бил опашан со прекрасно изработен појас од ист материјал. Градникот бил без ракави и на неговиот, со злато извезен граден дел, биле вградени два оникс камена на кои биле врежани имињата на дванаесетте израелски племиња. {ПП 350.3}
Над тој градник носел градник, најсвет дел на свештеничката облека. Бил изработен од истиот материјал како и градникот. Имал форма на четириаголник и по едно копче на секоја страна, така што можел да се обеси на златни алки на сини врвки и да виси на рамениците на градникот. Рабовите му биле украсени со разновидни скапоцени камења, и тоа од истите видови од кои се направени и дванаесетте темели на Божјиот град. Покрај тие рабови биле сместени скапоцени камења прицврстени во злато и наредени во редови по четири во кои, исто како и во оникс каменот вграден во градникот, биле врежани имињата на дванаесетте Израелови племиња. Господ наредил: „Арон ќе ги носи имињата на синовите на Израел пред Господ на обете рамења за нивни спомен”. Така и Христос, големиот Првосвештеник, повикувајќи се пред Отецот на својата крв пролеана за грешниците, го носи во своето срце името на секоја душа која се кае и верува. Така и псалмистот кажува: „А јас сум сиромав и беден; но Господ се грижи за мене” (Псалм 40:17). {ПП 351.1}
Десно и лево на градникот се наоѓале два големи и мошне сјајни камења познати под името Урим и Тумим. Преку нив Божјата волја му била објавувана на првосвештеникот. Кога се изнесувале пред Господа прашања од пресудна важност, Тој своето одобрување или согласност ја изразувал со светол круг околу десниот камен, а своето негодување или незадоволство со сенка околу левиот камен. {ПП 351.2}
Митрата (света круна) на првосвештеникот се состоела од бел ленен турбан на кој со сина врвка била прицврстена златна табличка со натпис: „Светиња Господова”. Сѐ што било во врска со облеката или со држењето на првосвештеникот морало кај гледачот да предизвика впечаток и претстава за Божјата возвишеност и за светоста на неговата служба како и за неопходноста од чистота на оние што доаѓаат во негово присуство. {ПП 351.3}
„Образот и на сенката на небесните работи” (Евреите 8:5) требало да и служи не само на Светилиштето, туку и на службата што ја вршеле свештениците. Поради тоа, оваа служба била мошне значајна, а Бог преку Мојсеја потполно јасно ја одредил секоја нејзина подробност. Богослужението во Светилиштето се состоело од два дела од секојдневна служба и од онаа што се вршела еднаш годишно. Секојдневната служба се вршела во тремот крај олтарот или жртвеникот, и во првото одделение на Светилиштето; додека годишната служба се вршела во светињата над светињите. {ПП 351.4}
Ниеден смртник, освен првосвештеникот, не смеел да ја види внатрешноста на светињата над светињите. Само еднаш годишно свештеникот смеел да влезе и тоа дури по најгрижливи и најсериозни подготовки. Влегувал тресејќи се, а народот со страхопочит и молчејќи чекал тој да се врати. При тоа срцата им биле полни со сериозни молитви за Божји благослов. Пред ковчегот, над кој се наоѓал престолот на милоста, првосвештеникот вршел служба на помирување за Израел, а во светиот облак на славата Бог се среќавал со него. Во колку тој би се задржал подолго одошто обично, тие би биле вџашени, плашејќи се можеби да не загинал од Божјата слава поради нивните или пак поради своите гревови. Секојдневната служба се состоела од утринско и вечерно принесување на жртва паленица, од палење на темјан на златниот кадилен олтар и од посебни жртви за гревовите на поединците. Освен тоа, имало жртви што се принесувани месечно, во сабота и на нарочни празници. {ПП 352.1}
Секое утро и секоја вечер на олтарот се спалувало по едно едногодишно јагне. Освен тоа, принесувана е и храна што го претставувала секојдневниот дар што му го принесувал народот на Јехова и нивната постојана зависност од Христовата крв на помирување. Бог изрично заповедал дека секоја жртва што му се принесува нему мора да биде здрава и без мана (Излез 12:5). {ПП 352.2}
Свештениците биле должни да прегледаат секое животно што било доведено за жртва и да вратат секое кај кое ќе најдат некаква фаличност. Само онаа жртва што била „без мана” можела сликовито да ја претставува апсолутната чистота на Оној кој бил очекуван да го принесе својот живот на жртва како „непорочното и чисто Јагне” (1. Петрово 1:19). Апостол Павле упатува на таа жртва за да покаже какви треба да бидат Христовите следбеници. Тој кажува: „Браќа, во името на Божјото милосрдие ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, како ваша духовна богослужба” (Римјаните 12:1). Сите ние треба со сето свое битие да ѝ се посветиме на Божјата служба и да се трудиме таа жртва да ја сториме колку што е можно посовршена. Бог ќе биде задоволен само тогаш ако му го дадеме најдоброто што го имаме. Секој оној што го љуби со сето срце, ќе сака да му го посвети најдобриот дел на својот живот и постојано ќе се труди сите сили на своето битие да ги доведе во хармонија со законите на природата, со што неговите умни и духовни способности, како и подготвеноста да му послужи на Бога, ќе бидат потпомогнати. {ПП 352.3}
Со принесувањето на темјан свештеникот стапувал во врска со Божјото присуство понепосредно отколку со кој било друг дел на секојдневното богослужение. Бидејќи внатрешната, или втората завеса на светињата, не допирала до таванот на шаторот, Божјата слава, која се откривала над престолот на милоста, можела делумно да се види и од првото одделение. Принесувајќи темјан пред Господа, свештеникот гледал кон ковчегот на заветот и, како се издигнувал чадот од миризливиот темјан, Божјата слава се спуштала врз ковчегот и често во толкава мера ги исполнувала двете одделенија на Светилиштето, што свештеникот морал да се повлече до вратата на Светилиштето. Како и во сликовитата служба во која свештеникот, исполнет со вера, гледал во престолот на милоста што не можел да го види, така и Божјиот народ сега му упатува молитви на Христа, на својот голем Првосвештеник кој, иако невидлив за човечките очи, во небесното Светилиште посредува за нив. {ПП 353.1}
Мирисот на темјанот што се издигнувал заедно со молитвите на Израел ги претставувал заслугите и посредувањето на Исуса Христа, неговата совршена праведност која со вера му се засметува на неговиот народ и која единствено може да стори службата на грешните човечки суштества да биде прифатлива и угодна пред Бога. Пред завесата на светињата над светињите бил сместен олтар на постојано посредување, а пред влезот во светињата олтар на постојана служба на помирување. Пред Бога можеле да излегуваат со крв или со темјан – симболи што укажувале на големиот Посредник преку кого грешниците можат да му се приближат на Господа, кон Единствениот кој на душата која верува и која се кае може да ѝ обезбеди милост и спасение. {ПП 353.2}
Кога свештениците наутро и навечер влегувале во светињата да палат темјан и да кадат, секојдневната жртва веќе стоела приготвена чекајќи да биде принесена на олтарот (жртвеникот) што се наоѓал во предворјето. Тоа бил миг на најдлабоко интересирање за сите кои, собрани пред Светилиштето, го чекале богослужението. Пред да стапат во Божјо присуство со посредство на службата на свештеникот, задолжително морале да ги испитаат своите срца и да ги признаат своите гревови. Со лицето свртени кон Светилиштето, тие се соединувале во тивка молитва. Така нивните молитви се издигнувале кон небото заедно со облакот од миризливиот темјан, додека со вера се повикувале на заслугите на ветениот Спасител, симболично претставен со жртвата. Часовите одредени за утринска и вечерна жртва се сметани за свети и кај целиот еврејски народ важеле како време одредено за богослужение. А во подоцнежните времиња, кога Евреите се растуриле низ оддалечените земји како робови, секогаш во исто време би се свртувале со лицето кон Ерусалим и своите молитви би му ги упатувале на Израеловиот Бог. Во тој обичај Христијаните можат да видат пример за утринска и вечерна молитва. Додека ги осудува обичаите кои претставуваат само повторување на формалноста без животен дух на побожност и молитва, Бог со големо задоволство ги гледа оние што го љубат и кои секое утро и секоја вечер се поклонуваат пред него, барајќи проштавање за своите гревови и молејќи се за благослов. {ПП 353.3}
Лебовите поставени во светињата редовно се заменувани и поставени пред Бога како постојана понуда. Така сочинувале составен дел на секојдневната жртва. Наречени се „поставени лебови” или „лебови на присуството”, зашто постојано биле пред Господовото лице. Тоа било знак на човековото признание дека за својата храна, и во телесен и во духовен поглед, зависи од Бога и дека се прима благодарение на Христовото посредување. Бог Израелците во пустината ги хранел со леб од небото и тие постојано зависеле од неговата добрина и во земна храна и во духовните благослови. И маната и лебовите поставени во светињата укажувале на Христа, на живиот леб кој е вечно во Божјо присуство заради нас. Тој сам вели: „Јас сум живиот леб што слезе од небото” (Јован 6:48-51). На лебовите ставале темјан, а во сабота, кога лебовите се заменувале со тазе лебови, темјанот го спалувале на олтарот во знак на сеќавање на Бога. {ПП 354.1}
Најважен дел на секојдневното богослужение бил оној кој се однесувал на службата за поединците. Грешникот, кој се покајал, ја донесувал својата жртва пред вратата на шаторот за состанок и, ставајќи ги рацете врз главата на животното, ги исповедал своите гревови, со што симболично ги пренесувал од себе на невината жртва. Потоа со своја рака би го заклал животното, а свештеникот крвта ја внесувал во светињата и прскал со неа пред завесата зад која се наоѓал ковчегот со законот што го престапил грешникот. Со таа церемонија гревот, со посредство на крвта, симболично е пренесуван во Светилиштето. Во некои случаи крвта не е внесувана во Светилиштето, туку свештеникот морал да го изеде месото, како што им заповедал Мојсеј на Ароновите синови: „Неа ви ја дава Господ вам да ја јадете, за да го ослободи целиот народ од грев” (Левитска 10:17). Обете церемонии сликовито го претставувале пренесувањето на гревот од покајникот во светињата. {ПП 354.2}
Таква била службата која во текот на цела година е вршена секој ден. Бидејќи гревовите на Израелците на тој начин биле пренесени во светињата, таа станувала нечиста и било неопходно да се изврши едно посебно дело и од неа да се отстранат гревовите. Бог наредил да се изврши помирување за секое одделение, како и за олтарот, „за да го очисти и освети од нечистотиите на синовите израелски” (Левитска 16:19). {ПП 355.1}
Еднаш годишно, на големиот ден на помирување, свештеникот влегувал во светињата над светињите да ја очисти. Со службата што ја вршел тука го надополнувал богослужението што се вршело во текот на целата година. {ПП 355.2}
На денот на помирувањето доведени се пред шаторот за состанок два козела и тука за нив била фрлана ждрепка: „Една ждрепка за Господ, а другата за отпуштање”. Првиот јарец требало да биде заклан и принесен како жртва за гревовите на народот, а свештеникот неговата крв ја внесувал зад завесата и го прскал со неа ковчегот на заветот по поклопецот. „И да го очисти светилиштето од нечистотиите на синовите израелски и нивните престапи во сите нивни гревови. Така треба да постапи тој и со скинијата на собранието, која е меѓу нив, среде нечистотиите нивни”. {ПП 355.3}
„Потоа да ги положи Арон двете свои раце врз главата на живиот козел, да ги исповеда над него сите беззаконија на синовите израелски, и сите нивни престапи, и сите нивни гревови, и да ги стави врз главата на живиот козел, и да го пушти преку раката на определен човек во пустината”. Сѐ додека козелот на тој начин не бил отстранет, народот не се чувствувал слободен од товарот на своите гревови. Додека се вршело делото на помирување, секој требало да се кае и да ја мачи својата душа. Сите работи морале да бидат запрени, а целиот израелски народ морал овој ден да го поминува во молитва, во пост и длабоко испитување на срцето и во свечена понизност пред Бога. {ПП 355.4}
Со таа служба, што е вршена еднаш годишно, народот требало да научи значајни вистини во врска со помирувањето. Сите жртви што се принесувани во текот на годината, во извесна смисла го заменувале самиот грешник, но крвта на жртвуваното животно не донесувала целосно измирување за гревот. Таа била предвидена само како средство со кое гревот од покајникот можел да се пренесе на Светилиштето. Со тоа што принел крв, грешникот го признал авторитетот на законот што го прекршил и покажал дека верува во Оној кој требало да ги отстрани сите гревови на светот; но со тоа грешникот не бил потполно ослободен од осудата и од клетвата на законот. На денот на помирувањето, првосвештеникот, принесувајќи жртва за целиот народ, влегувал во Светињата над светињите и со крвта на закланата жртва го прскал престолот на милоста над ковчегот во кој се наоѓале плочите со Божјиот закон. Така барањата на законот, кој барал смрт за грешникот, биле задоволени. Потоа свештеникот, во улога на посредник, ги примил гревовите на себе и, излегувајќи од светињата, го носел на себе товарот на кривицата на Израелците. Пред вратата на светињата ги ставал своите раце врз главата на козелот за жртвување „да ги исповеда над него сите беззаконија на синовите Израелови, и сите нивни престапи и нивни гревови”. И кога тој јарец потоа е истеран, се сметало дека ги однел со себе и сите нивни гревови, па народот се ослободил од нив. Така била вршена службата која била „сенката на небесните работи” (Евреите 8:5). {ПП 355.5}
Како што е кажано, земното Светилиште го направил Мојсеј според образецот што му бил покажан на гората. Светилиштето морало да остане како „симбол на сегашното време, во кое се принесуваат дарови и жртви”. Двете свети одделенија биле „образ на небесните”, а нашиот голем Првосвештеник, Христос, „е служител на светилиштето и на вистинската скинија, што ја постави Господ, а не човек” (Евреите 9:9,23; 8:2). Кога на апостол Јован му било дозволено во видение да го разгледа Божјиот храм на небото, забележал како „од престолот излегуваа молњи, громови и гласови, а пред престолот гореа седум огнени светила”. „Тогаш дојде друг ангел со златна кадилница и застана пред жртвеникот; и му беше даден многу темјан, та со молитвите на сите светии да го постави на златниот жртвеник што беше пред престолот” (Откровение 4:5; 8:3). Тогаш на пророкот му било дозволено да го разгледа првото одделение на Светилиштето на небото, и таму видел „седум огнени светила” и „златен олтар”, што во земната светиња биле претставени со седумкракиот златен свеќник и со кадилниот олтар. Потоа „на небото се отвори храмот на Бога” (Откровение 11:19), и тој погледнал зад внатрешната завеса во светињата над светињите. Тука го видел „ковчегот на заветот во Неговиот храм” (Откровение 11:19), претставен со светиот ковчег што бил направен според Мојсеева наредба со цел во него да се чува Божјиот закон. {ПП 356.1}
Земното Светилиште Мојсеј го направил според образецот што му бил покажан (Дела 7:44). Павле тврди дека „светилиштето и сите садови за служење на Бога” што биле изработени, ги претставувале „образите небесни” (Евреите 9:21,23); а Јован кажува дека Светилиштето го видел на небото. Тоа Светилиште, во кое Исус посредува за нас, претставува голем оригинал според кој е изградено Светилиштето во времето на Мојсеја како копија. {ПП 357.1}
Никаква земна градба не може да ја претставува големината и славата на небесниот Храм во кој живее Царот над царевите и каде што „илјада илјади” му служат нему, „и десетина илјади по десет илјади” стојат „пред Него” (Даниел 7:10) – оној Храм кој е исполнет со славата на вечниот престол, каде што серафимите, свети засолнувачи на неговата слава, со најголема страхопочит ги покриваат своите лица. Сепак, со помош на земното Светилиште и на неговото богослужение можат да се научат важни вистини за небесното Светилиштето и за големото дело што се врши таму за откуп на човекот. {ПП 357.2}
По своето вознесение, Спасителот требало да ја почне својата првосвештеничка служба за нас. Павле кажува: „Зашто Христос не влезе во ракотворено светилиште, кое е само образец на вистинското, туку во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бога за нас” (Евреите 9:24). Како Христовата служба што се состои од два големи дела, од кои секој има одредено време и посебно место во небесното Светилиштето, така и земната служба се состоела од два дела, од секојдневно и од годишно богослужение, кои не се вршени во исто одделение на Светилиштето. {ПП 357.3}
Како Христос по вознесението што се појавил пред Бога за да ја понуди својата крв како откуп за оние што се покајале, така и свештеникот во секојдневната служба со крвта на жртвата ја прскал светињата за грешникот да добие проштавање. {ПП 357.4}
Христовата крв, иако покајаниот грешник го ослободувала од казната што ја бара законот, сепак, таа не го избришала веднаш гревот; тој мора да остане во светињата запишан до конечното помирување. Така и во симболичната служба со крвта на принесената жртва гревот бил отстранет од покајникот, но останувал во светињата сè до денот на помирувањето. {ПП 357.5}
Во големиот суден ден, мртвите ќе станат да примат плата „според запишаното во книгите, според делата нивни” (Откровение 20:12). Тогаш, благодарение на заслугите на Христовата пролеана крв, гревовите на вистинските покајници ќе бидат избришани од небесните книги. Така Светилиштето ќе биде ослободено и очистено од гревот. Во земната служба тоа големо дело на измирување или на бришење на гревот било симболично претставено со обредите вршени на денот на помирување – со чистењето на земното Светилиште – на тој начин што гревовите, кои го сквернавеле, конечно биле отстранети со помош на крвта на жртвата принесена за гревот. {ПП 357.6}
При конечното измирување гревовите на вистинските покајници ќе бидат избришани од небесните книги и на нив никогаш веќе нема ниту да се помисли. Така и тогаш гревовите симболично биле однесени в пустина и засекогаш отстранети од заедницата. {ПП 358.1}
Правдата бара сатаната најпосле да биде казнет, зашто тој е зачетник на злото и непосреден поттикнувач на сите гревови што предизвикале смрт на Божјиот Син. Христовото дело на откуп на човекот и чистењето на вселената од гревот ќе бидат окончани со отстранување на гревот од небесното Светилиште и со пренесување на целокупната кривица врз сатаната кој мора да прими конечна казна. Така и во симболичната служба годишниот циклус на обреди е завршуван со чистење на Светилиштето и со исповедање на гревот над главата на жртвеното јагне. {ПП 358.2} На тој начин со службата вршена во Светилиштето, а подоцна во храмот, народот секој ден бил поучуван на големите вистини во врска со Христовата смрт и со неговата служба; а еднаш годишно мислите им биле упатувани на завршните настани во големата борба меѓу Христа и сатаната – на конечното чистење на вселената од гревот и грешниците. {ПП 358.3}