71. ГРЕВОТ НА ДАВИДА И НЕГОВОТО ПОКАЈАНИЕ
Оваа глава е заснована на 2. Самоилова 11 и 12 глава
Во Библијата малку пофалби има за луѓето. Малку место е посветено на опишување на добродетелите дури и на најдобрите луѓе што живееле на овој свет. Тоа молчење не е случајно и треба да даде поука. Сите добри особини што ги поседуваат луѓето се Божји дарови: нивните добри дела се направени со Божја милост преку Христа. Бидејќи луѓето за сè му должат на Бога, нему и му припаѓа честа и славата за сè што постигнале и сториле; тие се само орудие во неговите раце. Уште повеќе , како што кажуваат сите поуки на кои наидуваме во библиската историја, опасно е да ги фалиме и да ги обожаваме луѓето бидејќи, кога еден човек ќе ја загуби својата целосна зависност од Бога и кога ќе се потпре само врз своите сопствени сили, сигурно е дека ќе пропадне. Човекот се бори со непријатели кои се посилни од него. „Зашто нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата” (Ефесјаните 6:12). Ние не сме во состојба со наша сила да опстанеме во борбата; а сè што ги изделува мислите од Бога и води кон самоувереност и извишување, сигурно го подготвува патот за нашиот пораз. Целта на Библијата е да ни влее недоверба во човечката, а да нè поттикне кон доверба во Божјата сила. {ПП 717.1}
Токму духот на самоувереност и самоизвишување го приготвил патот за падот на Давида. Ласкањето и опасните привлечности што ги пружа раскошниот живот не останале без влијание врз него. Лошо дејствувало и општењето со соседните народи. Според обичаите што постоеле меѓу владетелите на Исток, злосторствата и престапите казнувани кај обичните државјани не се осудувани ако би ги сторил царот; владетелот не бил должен да негува самосовладување како неговите граѓани. Сето тоа придонело Давид да го загуби чувството за огромната тежина на гревот. И наместо целосно да се потпре врз силата на Јехова, почнал да се потпира врз својата мудрост и моќ. Штом сатаната ќе успее да ја оддели душата од Бога, единствениот извор на сила, веднаш ќе се обиде да предизвика понижувачки желби на човековата сетилна природа. Непријателот не настапува одненадеж; тој не почнува нагло и воочливо, туку потајно ја поткопува тврдината на основните начела. Тој почнува со навидум малечки работи, како што се: занемарувањето на верноста кон Бога и, наместо доверба во него, развива склоност да се следат световните навики и обичаи. {ПП 717.2}
Пред крај на војната со Амонците, Давид командата над војската му ја препуштил на Јоава, а самиот се вратил во Ерусалим. Израелците Сиријците веќе потполно ги покориле, а и поразот на Амонците бил сигурен. Давид бил опкружен со плодовите на победите и почестите што му припаѓаат на еден мудар и способен владетел. И во својата благосостојба, кога попуштил во будноста над самиот себе, искушувачот ја искористил приликата да ги обземе неговите мисли. Тоа што Бог бил со него во толку тесна врска и што му укажал толку голема милост, за Давида требало да биде најсилен поттик својот карактер да го сочува неизвалкан. Но, кога во својата удобност и самоувереност престанал да се потпира врз Бога, Давид му се предал на сатаната и ја извалкал својата душа со грев. Тој, кого Небото го одредило да биде народен водач, кого Бог го одбрал да го спроведува неговиот закон, сам ги погазил неговите прописи. Тој, кој за престапниците на законот требало да биде страв и трепет, ги окуражил со својата сопствена постапка. {ПП 718.1}
Секогаш кога во својот поранешен живот се нашол во опасност, Давид својот случај со мирна совест можел да му го довери на Бога. Господовата рака сигурно го водела низ безбројни животни стапици поставени пред неговите стапала. Но овој пат, обременет со грев, не бил подготвен да се покае и да побара помош и водство од Небото, туку се обидел сам да се извлече од опасноста во која го вовлекол гревот. Витсавеја, чијашто убавина станала стапица за царот, била жена на Урија Хитиецот, еден од најхрабрите и најревносни Давидови војсководители. Никој не можел да ги предвиди последиците во случај престапот да се дознае. Според Божјиот закон, браколомството се казнувало со смрт, а навредениот и горд војник би можел да се одмазди на тој начин што би го убил царот или би предизвикал бунт кај народот. {ПП 718.2}
Сè што презел Давид за да го скрие својот грев, се покажало не успешно. Стапил под власт на сатаната; го демнела опасност и го очекувал срам почемерен од смртта. Му се чинело дека постои само еден излез, и тој во својот очај побрзал кон браколомството да придодаде и убиство. Оној што придонел за Сауловата пропаст, настојувал да го уништи и Давида. Иако искушенијата биле различни, тие еднакво воделе кон престап на Божјиот закон. Давид размислувал: Ако Урија падне во битката од непријателски раце, кривицата за неговата смрт не може да биде фрлена врз царот, а Витсавеја ќе биде слободна и ќе може да ја земе за жена; со тоа би го отстранил сомневањето од себе и би го сочувал царското достоинство. {ПП 718.3}
Урија сам, како гласник, ја носел својата смртна пресуда. Со сопствена рака му го предал на Јоава писмото со царска наредба: „Поставете го Урија таму, каде што ќе има најсилна војска, и отстапете од него, за да биде погоден” (2. Самоилова 11:15). Јоав, кој веќе на својата душа носел еден безочно одземен живот, не се притеснувал да го послуша царевото упатство, и Урија загинал од мечот на синовите Амонови. {ПП 719.1}
До тој ден записот за Давидовото владеење бил таков со каков малку цареви можеле да се пофалат. За него стои напишано: „Така царуваше Давид над сите Израелци, судеше и делеше правда на сиот свој народ” (2. Самоилова 8:15). Со својата праведност стекнал доверба и преданост кај народот. Но, кога се изделил од Бога и му се предал на злото, за извесно време станал орудие во рацете на сатаната; сепак, тој и понатаму ја заземал положбата и ја држел власта што му ја дал Бог, барајќи послушност што можела да ги доведе во опасност оние кои му се покорувале. Така Јоав, кој му бил повеќе предан на царот отколку на Бога, го престапил Божјиот закон по заповед на царот. {ПП 719.2}
Давид својата власт ја добил од Бога и требало да ја користи само во согласност со Божјите закони. И кога наредил нешто што не било во согласност со Божјиот закон, тогаш било грев да се послуша. „Зашто нема власт што не е дадена од Бога” (Римјаните 13:1), но ако се налага нешто што е противно на Божјиот закон, тоа не треба да го слушаме. Апостол Павле во своето послание до Коринтјаните ги изнесува начелата на кои треба да се придржуваме. Тој кажува: „Угледајте се на мене, како и јас на Христос” (1. Коринтјаните 11:1). {ПП 719.3}
На Давида му е пратен извештај за извршената наредба, но тој извештај бил составен така за да не го оддаде ниту Јоава ниту царот. Јоав му наредил на гласникот: „Кога ќе му раскажете на царот за целиот тек на биткатаи ако видите дека царот се разгневува… тогаш ти кажи: ‘И твојот слуга Хитиецот Урија исто така е погоден и умре.’ Отиде гласникот, му раскажа на Давид сè за што го беше испратил Јоав”. {ПП 719.4}
При тоа царот одговорил: „Кажи му на Јоав вака: ‘Да не те буни таа работа, зашто ножот истребува некогаш еден, некогаш друг; засили ја борбата против градот и сруши го’. Така ќе го охрабриш”. {ПП 720.1}
Витсавеја тагувала за својот маж како што бил обичај, а кога жалните денови поминале, „Давид испрати луѓе и ја зеде во домот свој, и таа му стана жена”. Тој, на кого совеста и длабокото чувство на чест не му дозволувале да крене рака против Божјиот помазаник дури и во својата животна опасност, паднал толку ниско што на својот најверен и најхрабар борец можел да му нанесе таков срам и да го убие, надевајќи се дека непречено ќе ужива во сластите на својот грев. Авај! „Како потемне златото, како се измени најчистото злато!”(Плачот на Еремија 4:1). {ПП 720.2}
Уште од почеток сатаната ги мамел луѓето со добивка до која можат да се доберат со престап. Така тој ги завел и ангелите. Така ги навел на грев Адама и Ева. Така тој и денеска ги наведува луѓето на непослушност кон Бога. На патот што води во грев тој му дава примамлив изглед, „но крајот нивни води во смрт” (Изреки 14:12). Среќни се оние кои, осмелувајќи се да тргнат по тој пат, вкусиле колку се горчливи плодовите на гревот и на време се вратиле. Во својата милост Бог не го оставил Давида потполно да пропадне со измамната награда за гревот. {ПП 720.3}
Бог морал да се вмеша, зашто тоа го барале интересите на цела та израелска нација. По извесно време се дознало за Давидовиот грев со Витсавеја, и тоа создало сомневање дека тој ја организирал смртта на Урија. Господ бил обесчестен. Бог Давида го помагал и го ценел, а тој сега со својот грев погрешно го прикажал Божјиот карактер и му нанел срам на неговото име. Овој престап го снижил мерилото на побожноста во Израел и во срцата на мнозина ја намалил одвратноста кон гревот, додека грешниците со тоа биле уште повеќе охрабрени да грешат. {ПП 720.4}
На пророкот Натан му било наредено да го прекори Давида. По својата содржина тоа била страшно строга порака. Малку владетели има на кои може да им се соопшти таква порака без животна опасност. Божјата осуда Натан ја изнел отворено, но со таква небесна мудрост, што кај царот предизвикал жалење и ја разбудил неговата совест, и најпосле царот сам си изрекол смртна пресуда над себеси. Обраќајќи му се на Давида како на човек што Бог го одредил да ги чува и да ги штити правата на својот народ, пророкот му раскажал приказна во која се чувствувала неправдата и угнетувањето што требало да се исправат. {ПП 720.5}
„Во еден град”, раскажал пророкот, „имаше двајца мажи – едниот богат, а другиот сиромав;богатиот имаше мошне многу ситен и крупен добиток,а сиромавиот немаше ништо, освен една овчичка што ја беше купил мала и ја отхрани, и таа беше пораснала кај него заедно со неговите деца; таа јадеше од неговиот леб, пиеше од неговата чаша, спиеше на неговите гради и му беше како ќерка;кај богатиот човек дојде еден странец; и нему не му беше по волја да земе од овците или од воловите свои за да зготви ручек на странецот, кој беше дошол кај него, туку ја зеде овчичката на сиромавиот и му ја приготви неа на човекот што беше дошол кај него”. {ПП 721.1}
Кога го слушнал тоа, царот се разгневил и рекол: „Жими Господ! Смрт заслужува оној човек што го направил тоа” (2. Самоилова 12:5). {ПП 721.2}
Натан го погледнал царот, ја подигнал десната рака кон небото и рекол: „Ти си тој… а ти зошто го презре зборот на Господ, извршувајќи зло пред очите Негови?” Виновниците можат да се обидуваат, како Давида да ја скријат својата кривица од луѓето; тие можат да се потрудат своите лоши дела засекогаш да ги засолнат од човечкиот поглед, но „сè е голо и откриено за очите на Оној пред Кого ние ќе одговараме” (Евреите 4:13). „Нема ништо сокриено што не ќе се открие, или тајно, што нема да се дознае” (Матеј 10:26). {ПП 721.3}
Понатаму Натан рекол: „Така говори Господ, Бог Израелов: Јас те помазав за цар над Израел, те спасив од рацете Саулови… а ти зошто го презре зборот на Господ, извршувајќи зло пред очите Негови? Урија Хитиецот го нападна со меч, жената негова ја зеде за своја жена, а него го уби со мечот на Амонците;затоа мечот нема никогаш да се оттргне од твојот дом засекогаш… Ете, јас ќе подигнам зло против твојот дом, ќе ги земам твоите жени пред очите твои и ќе ги дадам на ближниот твој… ти го изврши тоа тајно, Јас, пак, ќе го извршам пред целиот Израел среде бел ден”. {ПП 721.4}
Укорот на пророкот го допрел срцето на Давида и ја разбудил неговата совест; Давид го согледал својот грев во сета негова големина. Душата му се наведнала во покајание пред Бога. Тресејќи се рекол: „Згрешив пред Господ”. Сето зло што им го правиме ние на другите го погаѓа, освен навредениот, пред сè Бога. Давид тешко му згрешил не само на Урија туку и на Витсавеја; и тој тоа длабоко го чувствувал. Во однос на Бога, неговиот грев бил бесконечно поголем. {ПП 722.1}
Иако во цел Израел немало никој кој би можел да ја изврши смртната пресуда над Господовиот помазаник, Давид се тресел од страв дека со некоја брза Божја осуда би можел да биде убиен како виновник, без проштавање. Пророкот му рекол: „И Господ го симна од тебе гревот твој; ти нема да умреш”. Но правдата морала да биде задоволена. Смртната пресуда од Давида била пренесена на детето родено од неговиот грев. Така на Давида му била дадена можност да се покае; а патилата и смртта на детето за него биле потешка казна отколку самиот тој да умрел. Пророкот изјавил: „Но бидејќи со тоа им даде повод на непријателите Господови да Го хулат, затоа синот што ти се роди, ќе умре”. {ПП 722.2}
Кога детето се разболело, Давид постел и длабоко скршен се молел на Бога за животот на детето. Ја слекол својата царска облека и круна и многу ноќ и лежел на земја со болка што му ја кинела срцето и се молел за невиното дете што страдало поради неговиот грев. „И влегоа кај него старешините на домот негов, да го кренат од земјата, но тој не сакаше и не јадеше леб со нив”. Често при изрекувањето на осуда над одделни лица или градови се случувало понизноста и покајанието да го одвратат ударот, а милосливиот Бог, кој радо проштава, праќал весници со порака на мир. Охрабрен со такви мисли, Давид бил истраен во своите молитви сè до смртта на детето. Меѓутоа, кога дознал дека детето умрело, мирно ја прифатил Божјата волја. Тоа бил прв удар на одмаздата што самиот тој ја сметал за оправдана; но Давид, потпирајќи се врз Божјата милост, не останал без утеха. {ПП 722.3}
Има многу луѓе кои, читајќи ја Давидовата случка, се прашуваат: „Зошто воопшто е дозволено тој настан да се дознае среде народот? Зошто Бог сметал дека е потребно тоа темно место во животот на човекот кого Небото толку високо го ценело да се изнесе пред светот?” Опоменувајќи го Давида поради неговиот грев, пророкот објаснил: „Со тоа им даде повод на непријателите Господови да Го хулат”. Во сите подоцнежни векови неверните луѓе укажувале на Давидовиот карактер кој ја носел таа темна дамка, и зајадливо зборувале: „Ете каков е човекот кој е според Божјото срце!” Така е исмевана верата, а Бог и неговата Реч навредувани; многу души се стврднале во неверството, а под плашт на побожност мнозина се охрабриле да прават грев. {ПП 722.4}
Меѓутоа, историјата на Давидовиот живот не може да служи како оправдување за гревот. Додека ги уважувал Божјите совети, Давид е нарекуван човек по Божјото срце. Кога згрешил, тоа не било веќе случај сè додека во покајание не се вратил кај Господа. Божјата реч јасно кажува: „Но делото што го изврши Давид, беше зло пред очите на Господ” (2. Самоилова 11:27). И Господ му рекол на Давида преку пророкот: „А ти зошто го презре зборот на Господ, извршувајќи зло пред очите Негови?… Затоа мечот нема никогаш да се оттргне од твојот дом засекогаш, бидејќи ти Ме презре”. Иако Давид се каел за својот грев, иако Господ му простил и повторно го примил, сепак морал да ги пожнее горчливите плодови на семето што сам го посеал. Казните што го снашле него и неговиот дом сведочат за тоа колку на Господа му е одвратен гревот. {ПП 723.1}
До тогаш Божјото провидение го пазело Давида од одмаздата на неговите непријатели. Тоа најдобро се гледало во попречувањето на намерите на Саула. Но Давидовиот престап го изменил Божјиот однос кон него. Господ во никој случај не можел да го одобри неговото беззаконие. Тој не можел да ја употреби својата моќ да го заштити Давида од последиците на неговиот грев како порано што го пазел од Сауловото непријателство. {ПП 723.2}
И кај самиот Давид настанала голема промена. Бил скршен во духот, свесен за својот грев и за неговите далекусежни последици. Се чувствувал понижен пред сите свои приврзаници. Неговото влијание било ослабено. До тогаш неговиот напредок ѝ се припишувал на совесната послушност кон Божјите заповеди. Но сега неговите приврзаници, на кои им бил познат неговиот грев, и сами можеле послободно да се однесуваат кон гревот. Неговиот авторитет ослабел и во неговото сопствено семејство; синовите сè помалку го слушале и го почитувале. Кога требало да ги осуди оние што згрешиле, чувството на сопствената кривица не му давало да зборува. Тоа чувство ја слабеело неговата рака при спроведувањето на правдата во својот сопствен дом. Неговиот лош пример имал влијание и врз неговите синови, а Бог не сакал ништо да преземе за да ги спречи последиците. Дозволил работите да одат по свој природен ток, и со тоа Давид бил строго казнет. {ПП 723.3}
Цела година по својот пад Давид живеел во привидна сигурност; не можел да се види никаков надворешен знак на Божјо негодување. Но врз него почивала Божја осуда. Бргу и сигурно се приближувал судниот ден и одмаздата што не можело да ја спречи никакво каење; кај него настапувале душевни страдања и чувство на срам, што ќе го затемнат целиот негов живот на земјата. Сите што укажуваат на Давидовиот пример за да ја намалат кривицата на сопствените гревови би требало од овој библиски запис да научат колку е мачен патот по кој поминува престапникот. Дури и ако се вратат од својот зол пат, како Давид, ќе увидат колку се горчливи и тешко подносливи последиците на гревот уште во овој живот. {ПП 723.4}
Бог сакал историјата на Давидовиот пад да послужи како опомена дека дури ни оние што Тој ги благословил со своја исклучителна наклоност не можат да бидат сигурни ако ги занемарат будноста и молитвата. Таа опомена корисно им послужила на сите што сакале да ја примат во своето срце како наука што Бог им ја дава на луѓето. Од поколение во поколение илјадници на тој начин биле упатени да ја сфатат сопствената опасност од моќта на искушувачот. Посматрајќи го падот на тој човек што Бог толку високо го ценел, ја губеле довербата во својата сопствена сила. Чувствувале дека во верата може да ги одржи само Бог со својата сила. Увидувајќи дека нивната сила и безбедност лежат само во него, тие не се осмелувале ниту да зачекорат во областа на сатаната. {ПП 724.1}
Уште пред Бог да ја изрече над него својата пресуда, Давид почнал да ги жнее последиците на својот престап. Совеста му била вознемирена. Неговите тогашни душевни патила се изнесени во Псалм 32, каде што тој кажува: {ПП 724.2}
„Блажени се оние, чии престапи им се простени,
И чии гревови се покриени!
Блажен е оној човек,
Кого Господ не го смета за виновен,
И во чиј дух нема измама!
Додека молчев,
Се сушеа коските мои од секојдневното мое воздишување,
Бидејќи и дење и ноќе тежеше над мене раката Твоја,
Се сушев како на летен припек” (Псалм 32:1-3). {ПП 724.3}
А педесет и првиот псалм претставува израз на Давидовото покајание кога Бог му пратил вест со укор: {ПП 724.4}
„Помилуј ме, Боже,
Поради големата Твоја милост,
И заради големата Твоја добрина
Избриши ги беззаконијата мои.
Измиј ме темелно од моето беззаконие
И очисти ме од мојот грев,
Зашто престапите мои ги знам
И мојот грев е секогаш пред мене...
Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист;
Измиј ме и ќе бидам побел од снег.
Дај ми да чујам радост и веселба,
Нека се зарадуваат коските што Ти ми ги здроби.
Одврати го лицето Свое од гревовите мои
И избриши ги сите мои беззаконија.
Создај чисто срце во мене, Боже,
И нов и прав дух стави во мене.
Не отфрлај ме од лицето Свое
И Светиот свој Дух не одземај Го од мене.
Врати ми ја радоста на спасението од Тебе
И благороден дух зацврсти во мене.
Тогаш ќе ги научам престапниците
да одат по Твоите патишта,
И грешниците кон Тебе ќе се обраќаат.
Ослободи ме од пролеаната крв, Боже
Боже на моето спасение,
И јазикот мој ќе пее за Твоето избавување!
Господи, отвори ја устата моја,
И устата моја ќе ја објави похвалата Твоја” (Псалм 51:1-3, 7-15). {ПП 724.5}
Така во света песна наменета да се пее на јавни собири пред неговиот народ и во присуство на неговите дворјани – пред свештениците, судиите, кнезовите и воините – во песна со која неговиот пад требало да се овековечи и да се пренесува сè до последното поколение, израелскиот цар го изнесува својот грев, своето каење и својата надеж дека со Божја милост ќе добие проштавање. Наместо да се обидува да ја скрие својата кривица, тој сакал и другите да се поучат од историјата на неговиот пад. {ПП 725.1}
Давидовото каење било искрено и длабоко; тој не се обидувал да го скрие својот престап. Во неговата молитва не се чувствува стремеж да ја одбегне осудата што му се заканувала. Напротив, тој ја сфатил тежината на својата непослушност кон Бога, увидувал дека душата му е извалкана и се гнасел над својот грев. Се молел не само за проштавање, туку и за чистота на срцето. Давид во својот очај не отстапил од борбата. Божјото ветување, наменето за грешниците што се каат, му служело како доказ дека и нему ќе му биде простено. {ПП 725.2}
„Зашто, жртви не ти се мили,
Кога би ти принел сепаленици, Ти не би ги примил.
Жртвата пред Бога е срушен дух;
Срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш” (Псалм 51:16,17). {ПП 725.3}
Иако Давидовиот пад бил очигледен, Господ повторно го подигнал. Потоа тој бил во поцелосна хармонија со Бога и со своите ближни отколку пред својот пад. Радосен поради своето избавување, тој пеел: {ПП 726.1}
„Тогаш го признав гревот мој
И не го сокрив беззаконието свое, па реков:
Ќе Му ги исповедам на Господ моите престапи
И Ти ми ја прости вината на гревот мој…
Ти си мое прибежиште,
Од маката со која сум опкружен Ти ќе ме избавиш;
Ќе ме опкружиш со спасоносни звуци” (Псалм 32:5-7). {ПП 726.2}
Мнозина тоа го нарекуваат Божја неправда и се бунат што Давид, чијашто кривица е толку голема, бил поштеден, додека Саул бил отфрлен поради нешто што во нивните очи било многу помалечок грев. Но Давид се понизил и го признал својот грев, додека Саул ги презирал опомените и срцето му се стврднало, одбивајќи да се покае. {ПП 726.3}
Овој дел од Давидовиот живот има големо значење за секоја душа што се кае. Тој е највпечатлив приказ на борбите и искушенијата на човечкиот род, на вистинското каење пред Бога и на верата во нашиот Господ Исус Христос. Во сите подоцнежни векови тој настан ги храбрел душите што паднале во грев и што се бореле под товарот на својата кривица. Илјадници Божји деца, кои биле наведени на грев, пред да паднат во очај, си спомнувале како Бог го прифатил Давидовото искрено каење и неговата исповед, иако тој поради својот престап морал да страда; тоа им давало храброст да се покаат и одново да настојуваат да го следат патот на послушност на Божјите заповеди. {ПП 726.4} Секој што ќе ја послуша опомената и со понизна душа ќе го признае својот грев и ќе се покае, како Давид, може да биде сигурен дека за него постои надеж. Секој кој со вера ќе ги прифати Божјите ветувања, ќе добие проштавање. Господ никогаш нема да ја отфрли душата која искрено се кае. Неговото ветување гласи: „Ако пребегне кон заштитата Моја и склучи мир со Мене. Тогаш нека склучи мир со Мене” (Исаија 27:5). „Нечесниот нека го остави патот свој, и беззаконикот – помислите свои и нека се обрати кон Господ, нашиот Бог, – и Тој ќе го помилува, зашто е многу милостив” (Исаија 55:7). {ПП 726.5}