69. ДАВИД ПОВИКАН ДА ГО ЗАЗЕМЕ ПРЕСТОЛОТ
Ова глава се темели на 2. Самоилова 2 до 5:5
Со смртта на Саула исчезнале опасностите поради кои Давид морал да талка како изгнаник. Сега му бил отворен патот за враќање во татковината. Кога поминале деновите на жалост за Саула и Јонатана, „Давид Го праша Господа, велејќи: ‘Да одам ли во некој од Јудините градови?’ И Господ му рече: ‘Оди’. Давид пак праша: ‘Каде да одам?’ И Тој му рече: ‘Оди во Хеврон’”. {ПП 697.1}
Хеврон се наоѓал околу триесет километри северно од Вирсавија и отприлика на половина пат меѓу неа и идната престолнина, Ерусалим. Тоа место првобитно се викало Кирјат-Арба, град Арба, таткото на Енак. Подоцна го нарекле Мамрија, и тука „во Махпелската пештера” биле гробовите на патријарсите. Хеврон во свое време му бил даден во наследство на Халева, а сега бил главен град на Јудеја. Лежи во долина опкружена со плодни брекчиња и со богати ниви. Тука биле најубавите лозја на Палестина, а исто така и бројни овоштарници и маслинови градини. {ПП 697.2}
Давид и неговите луѓе биле подготвени веднаш да го извршат налогот примен од Бога; шестотини вооружени луѓе со своите жени, деца и стада добиток се упатиле кон Хеврон. Кога карванот влегувал во градот, жителите на Јуда го пречекале Давида и го поздравиле како иден израелски цар. Веднаш приготвиле сè што било потребно да го крунисаат. „И таму го помазаа Давид за цар над Јудиниот дом”. Меѓутоа, не употребиле никаква сила неговиот авторитет да им го наметнат и на другите племиња. {ПП 697.3}
Едно од првите дела на новокрунисаниот владетел било на трогателен начин да покаже почит кон споменот на Саула и Јонатана. Кога дознал дека храбрите жители на градот Јавеш Галадов ги зеле и свечено ги закопале телата на загинатите водачи, веднаш им пратил пратеници со порака: „Благословени да сте пред Господа заради таа милост што му ја укажавте на својот господар Саул, помазаникот Господов, и што сте го погребале и неговиот син Јонатан. Господ нека ве награди со милост и вистина; а јас ќе ви вратам со добро заради тоа што го сторивте вие”. А потоа им најавил дека ќе го преземе престолот на Јуда и ги замолил, бидејќи веќе се покажале толку предани, и нему да му бидат приврзани. {ПП 697.4}
Филистејците не се противеле што Јудејците го поставиле Да вида за цар. За време на неговото изгнанство тие со него се спријателиле за да можат полесно да го напаѓаат и да го заслабнуваат царството на Саула. Сега се надевале дека, поради нивното поранешно пријателство кон Давида, проширувањето на неговата власт ќе биде корисно и за нив. Но владеењето на Давида не било без тешкотии. Со неговото крунисување почнала мрачна историја на заговори и буни. Давид не дошол на престолот како некаков предавник. Него Бог го одбрал за израелски цар и немало повод за недоверба или за отпор. Но штом Јудејците го признале неговиот авторитет, Авенир го зацарил Сауловиот син, Ишбошет. {ПП 698.1}
Ишбошет бил слаб и неспособен претставник на Сауловиот дом, додека Давид бил извонредно подготвен да ја преземе на себе сета одговорност за водење на царството. Авенир, кој одиграл главна улога при поставувањето на Ишбошет на царскиот престол, бил врховен војсководител на Сауловата војска и највлијателен човек во Израел. Тој знаел дека Бог на Давида му го наменил израелскиот престол, но бидејќи толку долго го прогонувале и го отфрлале, не бил расположен синот на Јесеј да го наследи царството со кое владеел Саул. {ПП 698.2}
Околностите во кои се нашол Авенир го откриле неговиот вистински карактер и покажале дека бил славољубив и непринципиелен. Тој со роднински врски бил тесно поврзан со Саула и под влијание на царот го презирал човекот кој бил од Бога одбран да владее со Израел. Неговата омраза уште повеќе се засилила кога Давид онака остро го прекорил што дозволил на царот да му го украдат копјето и чашата додека спиел во логорот. Тој добро си спомнувал како Давид викал да чуе и царот и сиот народ: „Нели си маж, и кој е рамен на тебе во Израел? Зошто тогаш не го чуваш господарот свој, царот”. Тој прекор тлеел во неговите гради и затоа решил својата одмаздничка намера да ја оствари на тој начин што ќе предизвика поделба меѓу Израелците и ќе се извиши самиот себеси. Се послужил со претставник на претходното царство за да ги оствари своите себични стремежи и желби. Тој знаел дека народот го сакал Јонатана. Сеќавањето на него на сите им било мило, а и првите успешни воени походи на Саула не биле заборавени. Овој водач на бунтовниците мошне вешто и решително ги спроведувал своите планови. {ПП 698.3}
За царска престолнина го избрале Маханаим, од другата страна на Јордан, затоа што овозможувал најголема безбедност во случај на некаков напад од страна на Давида или Филистејците. Таму е крунисан Ишбошет. Од почеток неговото владеење го признавале само племињата источно од Јордан, а подоцна и цел Израел, освен Јуда. Две години Сауловиот син уживал почести во својата изделена престолнина. Но, имајќи намера тоа владеење да му го наметне на цел Израел, Авенир се приготвувал за војна. „Борбата меѓу Сауловиот дом и Давидовиот дом траеше долго. Давид сè повеќе се засилуваше, а Сауловиот дом сè повеќе ослабнуваше”. {ПП 699.1}
Најпосле престолот што го подигнале злобата и честољубието бил урнат од предавство. Авенир се налутил на слабиот и неспособен Ишбошет и преминал кај Давида, нудејќи му да ги преведе сите Израелови племиња под негова власт. Царот ги прифатил неговите предлози и го отпуштил со големи почести да ги оствари своите намери. Но приемот, на кој наишол храбриот и прочуен војсководител, предизвикал љубомора кај Јоава, кој бил војсководител во Давидовата војска. Меѓу Авенира и Јоава постоело заколнато непријателство, зашто првиот во војната меѓу Израелците и Јудејците го убил братот на Јоава, Асаила. Бидејќи на Јоава сега му се дала можност да ја одмазди смртта на својот брат и да се ослободи од соперникот кој имал многу изгледи на успех, решил да го намами Авенира и да го убие. {ПП 699.2}
Кога слушнал за тој предавнички препад, Давид рекол: „Не сум виновен јас ниту моето царство пред Господа засекогаш за крвта на Авенира, синот на Нир. Нека падне таа врз главата на Јоава и врз целиот дом на неговиот татко”. Имајќи ја предвид несигурната состојба на своето царство, но и силата и положбата на убиецот – зашто со Јоава се согласил и неговиот брат Авеса – Давид не можел да го казни злосторството според правдата; но сепак, јавно ја покажал својата одвратност кон тоа крваво дело. Авенир е закопан со сите јавни почести. Војската, на чело со Јоава, со искината облека и во црнина, морала да присуствува на тажното богослужение. Царот ја покажал својата болка постејќи во денот на закопот. Одел прв зад сандакот и на гробот изговорил тажанка што претставувала остар прекор за убиецот. Тагувајќи за Авенира, царот рекол: {ПП 699.3}
„Зар како безумник требаше да умре Авенир?
Рацете твои не беа врзани.
Нозете твои не беа оковани;
И ти падна, како што паѓаат од разбојници” (2. Самоилова 3:33-35). {ПП 700.1}
Со тоа што великодушно му укажал почит на човекот кој бил негов огорчен непријател, Давид задобил доверба и поттикнал восхит кај сиот израелски народ. „И целиот народ дозна за тоа, и тоа му се допадна, и сè што правеше царот, му се допаѓаше на сиот народ.Тој ден целиот народ и сите Израелци дознаа дека убиството на Авенир, Нировиот син, не станало од царот”. Во тесниот круг на своите доверливи советници и придружници царот зборувал за злосторството и за тоа како не е во можност да го казни убиецот ка ко што би сакал; работата му ја препуштил на Бога и на неговата правда: „Знаете ли дека денес еден водач и голем маж падна во Израел?Јас сум сега уште слаб, иако сум помазан за цар, а тие луѓе, Саруевите синови, се посилни од мене; но на оној, кој прави зло, Господ да му врати според злобата негова”. {ПП 700.2}
Авенир бил искрен кон Давид во сите свои побуди, но намерите сепак му биле ниски и себични. Тој тврдоглаво му се опирал на царот што го избрал Бог, посакувајќи со тоа да си осигури чест за себе. Поради ујаденоста и повредената гордост, по долгогодишна служба на една страна тој преминал кај Давида, надевајќи се дека и во неговата служба ќе стекне највисока положба. Кога неговите очекувања би се оствариле, неговата голема надареност, честољубието, неговата моќ да влијае врз луѓето, како и недостигот од побожност, би го довеле во опасност Давидовиот престол, мирот и благосостојбата на нацијата. {ПП 700.3}
„Сауловиот син Ишбошет, откако слушна дека Авенир умрел во Хеврон, му отпаднаа рацете, и целиот Израел се вознемири”. Било очигледно дека царството не може долго да се одржи. Набргу уштеедно предавство ја довршило пропаста на силата што исчезнувала. Ишбошета го убиле двајца негови блиски луѓе. Му ја пресекле главата, отишле кај јудејскиот цар, Давид, надевајќи се дека на тој начин ќе успеат да му се додворат. Носејќи го со себе страшното сведоштво на своето злосторство, излегле пред Давида велејќи: „Еве ја главата на Ишбошет, синот на Саул, кој ја бараше душата твоја; сега Господ се одмазди за мојот господар на царот Саул, твојот непријател, и на потомството негово”. Но Давид, чијшто престол го утврдил лично Бог, ослободувајќи го од неговите противници, не сакал помош од предавници за да ја зацврсти својата власт. Затоа на убијците им ја раскажал судбината на оној кој се фалел дека го убил Саула, а потоа додал: „Кога никаквеци убија невин човек во куќата негова, во неговото легло, зарем нема да ја побарам крвта негова од вашата рака и нема да ве истребам од земјата?”И Давид им заповеда на слугите, и тие ги убија… а главата на Ишбошет ја зедоа и ја погребаа во гробот на Авенир во Хеврон”. {ПП 701.1}
По смртта на Ишбошета, сите поглавари во Израел покажале желба Давид да биде цар над сите племиња. „Тогаш сите израелски племиња дојдоа кај Давид во Хеврон и рекоа: „Ете, ние сме твои коски и твоја плот”. А потоа изјавиле: „Ти го изведуваше и го воведуваше Израел; и Господ ти рече: ‘Ти ќе го пасеш Мојот народ Израел и ти ќе бидеш водач на Израел’. Тогаш сите Израелови стерешини дојдоа кај царот во Хеврон, и царот Давид направи со нив завет пред Господ во Хеврон”. На тој начин Божјото провидение му го израмнило на Давида патот кон престолот. Тој не настојувал да го задоволи своето сопствено честољубие, зашто не копнеел за честа што му била укажана. {ПП 701.2} Повеќе од осум илјади Аронови потомци од племето на Левие го чекале Давида. Промената во чувствата на народот била коренита и решителна. Револуцијата се одвивала мирно и достоинствено, што ѝ прилегало на големината на делото што било во тек. Речиси половина милион луѓе, кои порано биле Саулови приврзаници, се собрале во Хеврон и на околните брегови и долини. Бил утврден денот на крунисувањето; оној човек што бил протеран од Сауловиот двор, кој бегал во планините и земните пештери за да го спаси својот живот, требало да ја прими највисоката чест што можат да му ја укажат на човекот неговите ближни. Свештениците, облечени во одежди за света служба, старешините, офицерите и војниците со блескотни мечеви и оклопи, и странците од далечни земји – сите стоеле и чекале да го видат крунисувањето на избраниот цар. Давид бил облечен во царска одежда. Свето масло на главата му излеал првосвештеникот – зашто Самоиловото помазание претставувало само пророчки чин кој најавувал што треба да прави при крунисувањето. Настапил и тој миг и царот со свечен обред бил посветен за Божји застапник. Во рацете му е ставен жезол. Потоа бил напишан завет во врска со неговото законито владеење, а народот му положил заклетва на верност. На неговата глава е ставена дијадема и со тоа обредот на крунисување бил завршен. Така Израел го добил царот што го одредил Бог, а Давид, кој стрпливо го чекал Господа, доживеал да види како се исполнуваат Божјите ветувања. „И Давид напредуваше и се воздигаше, и Господ Бог Саваот беше со него” (2. Самоилова 5:10). {ПП 701.3}