26. ОД ЦРВЕНОТО МОРЕ ДО СИНАЈСКАТА ГОРА

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Излез 15:22-27; 16-18 глава

Кога го преминале Црвеното Море, Израелците го продолжиле патот под водство на столбот од облак. Сцената што ги опкружувала била мошне стушена – сури и пусти планини, неплодни суви долини и бескрајно море, чиишто брегови биле покриени со лешеви на нивните непријатели; а сепак свеста дека сега се слободен народ ги исполнувала со радост, и затоа секоја помисла на незадоволство исчезнала. {ПП 291.1}

Но се случило на патот по кој оделе три дена да не можат да најдат вода. Резервите што ги понеле веќе биле потрошени. Немале ништо со што би ја утажиле својата огнена жед на мачното одење пеш низ жешката рамнина. Мојсеј, кој добро ја познавал таа околина, го знаел она што другите не го знаеле дека водата во Мера, најблиското место каде што имало извор, не е за пиење. Со најголема загриженост го посматрал облакот што ги води. Срцето му се кинело кога слушнал како низ колоната се пронесува радосен извик: „Евевода, еве вода!” Мажите, жените и децата почнале радосно да се тискаат околу изворот, кога наеднаш, сите очајно извикале водата била горчлива. {ПП 291.2}

Со ужасен страв и очај му префрлале на Мојсеја што ги повел по тој пат, заборавајќи дека сам Бог од оној таинствен облак го водел и Мојсеја исто како и нив. Во својата болка поради неволјата што ги снашла, Мојсеј го сторил она што тие заборавиле да го сторат: тој сесрдно почнал да пека пред Господа за помош. „И Господ му покажа дрво. Тој го фрли дрвото во вода, и водата стана слатка”. На тоа место на Израелците преку Мојсеја им било дадено ветување: „Ако го послушаш добро гласот на Господ твојот Бог, ако правиш што е угодно пред очите Негови, ако ги слушаш заповедите Негови и ако ги пазиш сите наредби Негови, нема да ти пратам ниедна од болестите, што ги пратив над Египет. Зашто Јас сум Господ, твојот исцелител”. {ПП 291.3}

Од Мера народот отишол во Елим, „таму имаше дванаесет извори и седумдесет палми”. Тука останале неколку дена пред да влезат во пустината Син. Еден месец по излегувањето од Египет, првпат направиле логор во пустина. Резервите во храна почнале да се намалуваат. Во пустината имало многу малку трева, и затоа стадата почнале да им се намалуваат. Како да се прехрани толкаво мноштво? Пак во нивното срце се појавило сомневање, и повторно почнале да се жалат. Дури и водечките луѓе и старешините се согласиле со мнозинството и се жалеле против од Бога одреденото водство на Мојсеја и Арона. „О, да бевме умреле од раката Господова во земјата египетска, кога седевме покрај котлите со месо и јадевме леб до насит! Нè изведовте овде во оваа пустина, за да го умрете целово ова множество со глад”. {ПП 292.1}

Тие не гладувале, нивните природни потреби биле задоволени, но се плашеле од иднината. Не можеле да сфатат како толку голем народ ќе опстане одејќи низ пустина, а во својата вообразба веќе виделе како децата им гладуваат. Господ дозволил да ги снајдат тешкотии и дозволил да им се намали храната со цел тие со сето срце да му се обратат нему кој до тогаш ги избавувал од секоја неволја. Кога во случај на потреба би му се обратиле нему, Тој би им дал доказ за својата љубов и грижа. Тој ветил дека нема да пушти ниту една болест на нив ако ги држат неговите заповеди. Претпоставката дека тие или нивните деца ќе умираат од глад била само резултат на нивното грешно неверување. {ПП 292.2}

Бог им ветил дека Тој ќе биде нивни Бог дека ќе ги издели како свој одбран народ и ќе ги одведе во голема и добра земја. Но тие пред секоја пречка на која попатно наидувале, ја губеле храброста. Тој ги извел од Египет на толку чудесен начин за да ги издигне да ги облагороди и да ги стори слава на земјата. Меѓутоа, тешкотиите и скудноста биле неопходни заради самите нив. Бог ги избавил од состојба на пониженост и ги удостоил за почесно место меѓу народите и за значајна и света доверба. Кога би имале вера во Бога во врска со сѐ што правел Тој за нив, тие со радост и лесно би ги поднесувале сите непријатности, скудности и страдања; но тие немале доверба во Господа иако биле очевидци на постојани докази за неговата сила. Го заборавиле своето горко робување во Египет. Ја заборавиле благосостојбата и Божјата сила пројавена во нивна полза при нивното ослободување од ропство. Заборавиле како нивните деца биле поштедени кога ангелот извршител ги погубил сите првенци во Египет. Ја заборавиле големата манифестација на Божјата сила над Црвеното Море. Заборавиле дека војската на нивниот непријател, кој се обидел да ги гони, ја проголтала морската вода додека тие сигурно преминале по патеката приготвена за нив. Тие ги виделе и ги чувствувале само своите моментни незгоди и тешкотии и наместо да велат: „Бог направи големо дело за нас и од немоќни робови создаде голема нација”, зборувале само за тешкотиите на патувањето и се прашувале со недоумица кога најпосле ќе заврши нивното тешко лутање. {ПП 292.3}

Историјата за доживувањето на Израел во пустината е запишана за наука на Божјиот Израел сѐ до крајот на времето. Записите за Божјото постапување со патниците во пустината, за сите нивни талкања, страдања од глад, од жед и умор и за потресното пројавување на неговата сила во нивна полза, се полни со опомени и поуки за неговиот народ во сите времиња. Различните искуства што ги стекнале Евреите тука, претставувале подготвителна школа за животот во Ветената хананска земја. Бог сака неговиот народ во овие денови со понизно срце и со претприемчив дух да ги проучи искушенијата низ кои поминувал стариот Израел за да може од тоа да извлече поука во својата подготовка за небесниот Ханан. {ПП 293.1}

Осврнувајќи се на Израелците, мнозина се чудат на нивното неверство и поплаки и им се чини дека тие не би биле толку неблагодарни. Меѓутоа, секогаш кога нивната вера ќе се стави на каква било проверка, тие не покажуваат поголема постојаност ниту трпение отколку што покажал стариот Израел. Кога ќе западнат во тешкотии, тие се жалат против постапките со кои Бог сака да ги облагороди. Иако сите моментни потреби им се задоволени, сепак не се подготвени грижата за иднината да му ја препуштат на Бога, туку постојано се згрижени да не осиромашат и децата да не им бидат оставени да страдаат. Некои секогаш предвидуваат само зло, зголемувајќи ги претстојните тешкотии така што и не ги гледаат сите оние благослови за кои би требало да бидат благодарни. И наместо тешкотиите што наидуваат во животот да ги наведат за помош да му се обратат на Бога, на единствениот Извор на сила, тие уште повеќе ги оддалечуваат од него, зашто кај нив предизвикуваат незадоволство и нерасположение. {ПП 293.2}

Дали е добро да бидеме толку маловерни? Зошто би биле неблагодарни и недоверливи? Исус е наш пријател; цело небо е заинтересирано за нашето добро, а нашите грижи и стравувања го жалостат Светиот Дух. Да не и попуштаме на загриженоста која само не нагризува, не заморува и не истоштува, а во поднесувањето на искушенијата не претставува никаква помош. Не треба да бидеме недоверливи кон Бога и окупирани само со овој свет како нашата среќа да се состои само од материјалните богатства. Божја волја не е неговиот народ да биде притиснат со грижи. Меѓутоа, Христос не кажува оти на нашиот животен пат нема да има никакви опасности. Тој не ветува дека својот народ ќе го издели од светот полн со грев и зло, туку не упатува кон прибежиштето што никогаш не изневерило. Сите уморни и со грижи натоварени Тој ги повикува: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам”. Отфрлете го јаремот на стравот и на земните грижи што самите сте го ставиле на својот врат и „земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши” (Матеј 11:28,29). Во Бога можеме да најдеме мир и спокојство и сите свои грижи можеме да му ги препуштиме нему, зашто Тој се грижи за нас (види 1. Петрово 5:7). {ПП 294.1}

Апостол Павле кажува: „Браќа, гледајте, да не би во некого од вас, да има зло и неверно срце, та да отстапи од живиот Бог” (Евреите 3:12). Имајќи го предвид сѐ она што го сторил Бог за нас, нашата вера треба да биде силна делотворна и постојана. Наместо да мрмориме и да се жалиме, секогаш од нашето срце нека излегуваат зборовите: „Благословувај Го, душо моја, Господа, и целата моја внатрешност да го благословува Неговото свето име!Благословувај Го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини” (Псалм 103:1,2). {ПП 294.2}

Бог не ги заборавил потребите на Израелците. Тој му рекол на нивниот водач: „Еве, ќе пуштам да паѓа леб од небото”. На народот му било дадено упатство секој ден да собере колку што му треба, а шестиот ден двапати повеќе, за да се одржи почитувањето на саботата. {ПП 294.3}

Мојсеј го уверувал народот дека неговите потреби ќе бидат задоволени: „Вечерва Господ ќе ви даде месо да јадете, а утре изутрина леб до наситка; зашто го чу Господ негодувањето ваше, што го сторивте против Него”. Потоа додал: „Кои сме ние? Вашето негодување не е против нас, туку против Господ”. Потоа му наредил на Арона да им каже: „Застанете пред Господ, зашто Тој го чу вашето незадоволство”. И додека Арон им зборувал: „Тие погледнаа кон пустината, и ете – славата Господова се појави во облак”. Божјото присуство претставувало сјај каков што до тогаш никогаш не виделе. Со помош на појавата која дејствувала врз нивните сетила, тие требало да стекнат претстава за Бога. Морале да бидат поучени дека нивниот водач не е само еден човек каков што е Мојсеј, туку Семожниот, за да се бојат од неговото име и да го слушаат неговиот глас. {ПП 294.4}

Предвечер целиот логор го наткрилиле големи јата потполошки, така што имало доста месо за сите. А изутрината „беше паднала роса околу логорот.И, ете, кога се крена росата, а тоа: по пустината лежи валчест прав, нешто како бел сињак по земјата”. Мојсеј рекол: „Тоа е лебот, што ви го даде Господ да го јадете”. Народот собирал мана и се видело дека собрале токму толку колку што било неопходно да се задоволат потребите на сите. „Народот одеше да ја собира и ја мелеше со рачни мелници или ја толчеше во вагани, и ја вареше во котли, па правеше од неа питки” (Броеви 11:8). А по вкус „тие личеа на питулици”. Им било кажано да собираат секој ден по еден гомор за секое лице и ништо не смееле да остават за следниот ден. Некои се обиделе преостанатата резерва да ја сочуваат за утредента, но се покажало дека таа следниот ден била неупотреблива. Сѐ што било неопходно за дневна употреба, морале да го соберат наутро, зашто тоа што останувало на земјата се топело на сончевата топлина. {ПП 295.1}

Кога собирале мана се случувало некои да соберат повеќе, а некои помалку од предвиденото количество; меѓутоа, кога „мереа со омер; и кој беше собрал повеќе, излишок немаше, а оној помалку, – немаше недостиг”. Во второто послание до Коринтјаните, апостол Павле го објаснува овој библиски запис и дава практична поука: „Затоа не сакам на другите да им биде лесно, а вам – тешко, туку подеднакво:вашиот сегашен вишок да го дополни нивниот недостиг, та и нивниот вишок да послужи за вашиот недостиг, па да има еднаквост,како што е напишано: ‘Кој собра многу, немал вишок; и кој малку, немал недостиг’” (2. Коринтјаните 8:13-15). {ПП 295.2}

Шестиот ден народот собрал „по два омера за секого”. Старешините побрзале да го известат Мојсеја за тоа што се случило. Тој одговорил: „Еве што кажа Господ – утре е сабота, ден за одмор посветен на Господ; што ќе печете – печете, и што треба да варите – варете денес; а што ќе преостане, соберете го и чувајте го за утре”. Тие постапиле така и ништо не се расипало. „Јадете го тоа денес, бидејќи денес е сабота Господова; денес нема да најдете од него во полето”. {ПП 295.3}

Бог бара неговиот свет ден и денеска да се празнува и да биде свет како и во времето на Израелците. Оваа заповед, дадена на Евреите, сите христијани треба да ја прифатат како налог на Јехова кој исто така се однесува и на нив. Денот што ѝ претходи на саботата треба да се искористи како ден на подготовка со цел подготвени да ги пречекаме светите мигови. Во никој случај не треба да си дозволиме себеси поради своите работи да ја пречекориме границата на тоа свето време. Бог наредил да се води грижа за болните и за оние што страдаат; според тоа, сѐ она што е потребно да се сврши заради олеснување на нивната состојба, претставува дело на милосрдие, а не престап на саботниот ден. Меѓутоа, треба да се одбегнува секоја непотребна работа. Мнозина од немарност, некои ситни работи што можеле да ги завршат во петок, ги одложуваат до почетокот на саботниот ден. Такво нешто не треба да постои. Работата што била занемарена до почетокот на саботниот ден треба да се остави незавршена додека не помине сабота. Тоа за оние што се немарни и заборавни би можело да послужи како потсетник своите работи во текот на шесте работни денови да ги извршуваат совесно и промислено. {ПП 296.1}

Во текот на своето долго патување низ пустината Израелците секоја седмица биле очевидци на тројно чудо што требало во нивната душа да ја вреже свеста за значењето и за светоста на саботата. Шестиот ден паѓало двојно количество мана, а седмиот ден воопшто не паѓала. Освен тоа, само оној дел што бил наменет за сабота не се расипувал преку ноќта додека инаку маната оставена за утредента редовно се расипувала. {ПП 296.2}

Околностите во врска со давањето на мана даваат убедливи и непобитни докази дека празнувањето на саботата не било воведено дури кога е даден законот на Синај, како мнозина што тврдат. За задолжителноста на празнувањето на саботата Израелците знаеле уште пред да стигнат на Синај. Светоста на денот за одмор постојано им била предочувана на тој начин што секој петок морале да соберат двојно количество мана за да имаат за сабота, кога таа воопшто не паѓала. А кога некои од народот и во сабота излегле да собираат мана, Господ поставил прашање: „До кога ќе се противите на заповедите Мои и на законот Мој?” {ПП 296.3}

„А синовите на Израел јадеа мана четириесет години, додека не дојдоа во населена земја; јадеа мана сè додека не стигнаа до границата на хананската земја”. Во текот на четириесет години тие со ова чудесно снабдување секој ден биле потсетувани на постојаната Божја грижа и љубов. Според зборовите на псалмистот, Бог им давал „леб небесен… Леб ангелски јадеше човекот” (Псалм 78:24,25). Тоа била храна што ја приготвувале за нив ангелите. Хранети со леб небесен, тие секојдневно примале очигледна поука дека, имајќи го Божјото ветување, се обезбедени со животните потреби исто толку сигурно како во плодните рамнини на хананската земја да ги опкружувале брановидните полиња со зрело жито. {ПП 297.1}

Маната што паѓала од небото и ги одржувала Израелците, симболично го претставувала Оној „Кој слегува од небото и му дава живот на светот”. „Јас сум лебот на животот”, кажува Исус. „Татковците ваши јадеа мана во пустината и умреа; а ова е леб што доаѓа од небото… кој јаде од овој леб, ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот” (Јован 6:33,48,51). И меѓу благословите ветени на Божјиот народ за идниот живот стои напишано: „На оној што победува ќе му дадам да јаде од сокриената мана” (Откровение 2:17). {ПП 297.2}

Напуштајќи ја пустината Син, Израелците се преместиле во Рефидим. И тука немало вода, па тие пак се посомневале во Божјото провидение. Во своето слепило и дрскост тие му се обратиле на Мојсеја со провокативно прашање: „Дај ни вода да пиеме”. Но тој не го загубил трпението, туку им одговорил: „Зошто ме укорувате мене? Зошто Го искушувате Господа?” Во својот гнев и лутина тие викале: „Зошто нè изведе од Египет и нас, и синовите наши, и добитокот наш, за да нè помориш со жед”. Откако увиделе дека се плачат при големо изобилие на храна, тие, срамејќи се, си спомнувале за своето неверие и мрморење и ветиле дека во иднина ќе имаат доверба во Господа; но набргу заборавиле на своите ветувања и веќе при првата проверка се покажало дека немаат вера. Столбот од облак што ги водел им изгледал како завеса зад која се крие некоја страшна тајна. А Мојсеј – кој е тој? се прашувале; и со каква цел нè изведе од Египет? Срцата им биле полни со сомневање и со недоверба и дрско го обвиниле дека со глад,  со жед и со несреќи сака да ги уништи и нив и нивните деца за да се добере до нивниот имот. Во луњата на јарост, бес и очај, за малку што не го каменувале. {ПП 297.3}

Со болка и тага Мојсеј пекал пред Господа: „Што да правам со овој народ?” Му било наредено да ги земе со себе старешините Израелови и стапот со кој во Египет правел чуда и да излезе пред народот. Тогаш му рекол Господ: „А Јас ќе стојам онаму кај карпата на Хорев пред доаѓањето твое; а ти тогаш удри во карпата, и од неа ќе потече вода и народот ќе пие”. Тој послушал и постапил така и бликнал млаз жива вода која била доволна за целиот логор. Наместо да му нареди на Мојсеја да го подигне својот стап, како некогаш во Египет да повика некоја страшна казна врз оние што предводеле во тоа неоправдано мрморење, Господ во својата голема милост сторил тој стап да биде орудие на нивно ослободување. {ПП 298.1}

„Разби карпа во пустината и ги напои како од голема бездна.Од карпата изведе вода, и води потекоа како реки” (Псалм 78:15,16). Мојсеј удрил во карпата, но Божјиот Син бил Тој кој, обвиен со облак, стоел крај него и Тој ја извел животворната вода од каменот. Славата Господова ја виделе не само Мојсеј и Израелските старешини, туку и сиот народ што стоел на извесна оддалеченост. Да не бил облакот, тие сите би загинале од страшниот сјај на Оној кој бил во облакот. {ПП 298.2} 

Во својата жед народот го искушавал Бога велејќи: „Дали е Господ меѓу нас, или не е?” „Ако Господ не доведе ваму, тогаш зошто не ни дава и вода како што ни даде леб?” Неверувањето покажано на ваков начин претставувало злосторство и Мојсеј се уплашил да не ги снајде Божја казна поради тоа. Затоа она место го нарекол Маса и Мерива, што значи „искушение” и „кавга”, со цел тоа да ги потсетува на нивниот грев. {ПП 298.3}

А тогаш им се заканила нова опасност. Поради тоа што се бунеле против Господа, Тој дозволил да ги нападнат нивните непријатели. Едно диво и воинствено племе, Амаликијци, кое живеело во тој крај, се подигнало против Израелците и ги погубило оние што биле уморни и папсани и што заостанале. Знаејќи дека поголемиот дел од неговиот народ не е подготвен за битка, Мојсеј му наредил на Исуса Навина од одделни племиња да собере чета борци и следниот ден да ја поведе против непријателите додека тој сам со Божјиот стап во рака ќе стои на една височинка недалеку од нив. Според тој распоред, Исус Навин го нападнал непријателот следниот ден додека Мојсеј, Арон и Ор стоеле на едно ритче од кое можела да се посматра битката. Мојсеј се молел на Бога за победа на Израелците држејќи ги рацете издигнати кон небото и Божјиот стап во десната рака. Како битката се разгорувала, се видело дека Израелците победувале сѐ додека Мојсеј ги држел рацете издигнати кон небото, а штом би ги спуштил, веднаш би надвладувал непријателот. Кога Мојсеј се уморил, Арон и Ор му ги потпреле рацете и така му ги држеле сѐ до зајдисонце, кога непријателот бил натеран да се повлече. {ПП 298.4}

Држејќи му ги рацете на Мојсеја, Арон и Ор му покажале на народот дека на сите им била должност да го поддржуваат во неговата тешка задача додека требало да прима заповеди од Господа и да им ги пренесува ним. И ставот на Мојсеја бил значаен бидејќи покажува дека Бог судбината на народот ја зел во свои раце. Сѐ додека  тие имале доверба во него. Тој се борел за нив и ги совладувал нивните непријатели. Но штом се одвоиле од него и се потпреле врз своите сопствени сили, биле послаби дури и од оние кои не знаеле за Бога и непријателите ги победувале. {ПП 299.2}

Како Евреите што победувале додека Мојсеј ги држел рацете подигнати кон небото и за нив се молел на Бога, така и Божјиот Израел ќе победува сѐ додека ќе има цврста вера во својот силен Помошник. Но божествената сила сепак мора да биде поврзана со човечките напори. Мојсеј не верувал дека Бог ќе ги победи непријателите ако Израел биде пасивен. Додека големиот водач пекал пред Господа, Исус Навин со своите храбри борци вложувал крајни напори да ги совлада непријателите на Израел кои во исто време биле и Божји непријатели. Бидејќи Амалик бил совладан, Бог му наредил на Мојсеја: „Запиши го тоа за спомен во книгата, и објасни му на Исус да помни дека сосема ќе го избришам споменот за Амаликијците од под небото”. Непосредно пред својата смрт, големиот водач на својот народ свечено му наложил:  „Помни, како постапи со тебе Амалик, по патот, кога доаѓавте од Египет;како тој не се уплаши од Бога и како ги погуби по патот сите кои заостанаа зад тебе од умор, кога ти беше алчен и изнемоштен, и не се уплаши од Бога… избриши го името на Амалик под небото; да не заборавиш” (Второзаконие 25:17-19). Господ за тој безживотен народ го рекол уште и ова: „Бидејќи… рака се кренала на престолот Господов; Господ ќе војува против Амалик од поколение на поколение”. {ПП 299.3}

Амаликијците не биле неупатени во врска со Божјиот карактер и со неговата суверена власт, но наместо да се бојат од него, решиле да ѝ пркосат на неговата сила. Тие ги исмевале чудата и знаците што ги сторил Бог преку Мојсеја пред Египќаните и им се подбивале на околните народи кои се плашеле од тоа. Се заколнувале пред своите богови дека ќе ги уништат Евреите, ниеден нема да им побегне, и дрско се фалеле верувајќи дека Израелскиот Бог е немоќен да им се противстави ним. Ним Израелците не им сториле никаква неправда ниту на кој било начин ги загрозувале. Нивниот напад со ништо не бил предизвикан. Обидот да го уништат Божјиот народ бил само излевање на омраза и пркос кон Бога. Амаликијците долго биле грешници, чијашто „рака се дига на секого”, и нивните злосторства пекале пред Бога за одмазда, но сепак Тој во својата милост сѐ уште  ги повикувал да се покаат; но кога се устремиле врз уморните, папсани и незаштитени од крајните редови на Израел, тогаш ја запечатиле судбината на својата нација. Бог посебно им е наклонет на најслабите меѓу своите деца. Ниту една свирепа постапка во угнетувањето на слабите и незаштитените не останува на небото незабележана. Божјата рака се подава како штит над сите што го љубат и се бојат од него, и луѓето нека внимаваат да не ја удрат таа рака, зашто таа држи меч на правдата. {ПП 300.1}

Недалеку од местото каде што се улогориле Израелците, било родното место на Јотора дедото на Мојсеја. Дознавајќи за ослободувањето на Евреите, Јотор тргнал да ги посети и да му ги одведе на Мојсеја жена му и неговите два сина. Големиот водач преку весник веќе бил известен за нивното доаѓање и со радост им излегол во пресрет. По првите поздрави, ги одвел во својот шатор. Кога на патот за Египет се соочил со опасности врзани за ослободувањето на Израел од ропството, тој своето семејство морал да го врати назад, но сега повторно можел со радост да ужива во нивно друштво. Му ги раскажал на Јотора сите чудеса што ги направил Бог за својот народ, а патријархот се радувал и го славел Господа. Потоа, заедно со Мојсеја и со Израеловите старешини, принесувал жртви и празнувал празник посветен на Божјото милосрдие. {ПП 300.2}

Останувајќи извесно време во логорот, Јотор забележал колку голем товар го притиска Мојсеја. Да одржи ред и мир среде толкаво мноштво необразовани и потполно неуки луѓе навистина била тешка задача. Мојсеј бил нивни признат водач и судија, па требало да решава не само прашања од општо народно значење, туку и да расудува и за одделни меѓусебни недоразбирања и судири меѓу народот. Тој тоа го прифатил, зашто на тој начин му се давала можност да ги поучува и да ги упатува, што се гледа и од неговите зборови: „Им ги кажувам наредбите Божји и законот Негов”. Но Јотор му ставил забелешка на тоа: „Ќе се измориш и ти и сиот народ, кој е со тебе; бидејќи таа работа е многу тешка за тебе; ти сам не можеш да ја извршуваш”. Потоа го советувал Мојсеја да одбере луѓе и да ги постави едни над илјада други над сто, па над педесет и над десетмина и тоа „луѓе справедливи, кои мразат користољубие”. Нивна задача била да судат за сите поситни работи додека потешките и поважни случаи требало да бидат изнесувани пред Мојсеја. „Ти биди посредник пред Бога за народот, и работите нивни соопштувај Му ги на Бога:Учи ги на наредбите Божји и на законот Негов, и покажувај им го патот Негов, по кој треба да одат и делата што треба да ги вршат”. Тој совет бил прифатен и придонел не само да му биде полесно на Мојсеја, туку и да се заведе посовршен ред кај народот. {ПП 300.3}

Бог многу го ценел Мојсеја и правел чуда со неговата рака. Меѓутоа, фактот што тој бил одбран за учител над други не го навел на заклучок дека нему не му се потребни никакви поуки. Од Бога одбраниот водач на Израел радо го прифатил предлогот на богобојазливиот мидјански свештеник и неговиот план го усвоил како мудро решение. {ПП 301.1}

Од Рафидим народот го продолжил патот следејќи го столбот од облак. Патот ги водел низ безводни долини, стрмни угорнини и карпести клисури. Често, поминувајќи низ песочни пустини, гледале пред себе карпести масивни планини кои како огромни бариери се испречувале на нивниот пат, па им се чинело дека секое натамошно движење е оневозможено. Но кога им се приближувале, меѓу планините забележувале клисури и премини, а зад нив нови рамнини. Така сега морале да преминат низ една од тие длабоки клисури. Тоа била величествена и возбудлива глетка. Меѓу карпестите масиви, кои од обете страни се издигнувале стотици метри во височина, се движела како река колоната Израелци и нивните стада овци и говеда и се губела во далечината сѐ додека можело да допре окото. А сега пред нив, во свечена величественост, се издигнувал масивот на синајскиот врв. Столбот од облак се задржал на самиот негов врв, а народот во подножјето ги поставил своите шатори. Тука требало да се задржат речиси една година. Во текот на ноќта столбот од облак им осигурувал божествена заштита и додека тие спиеле, во логорот тивко паѓал небесниот леб. {ПП 301.2} Утринското руменило ги позлатило темните планински гребени, а светлите сончеви зраци проникнувале во длабоките клисури и ги поткрепиле осамените патници како зраци на милоста од Божјиот престол. На сите страни се виделе силни карпи кои со својата таинственост како да сведочеле за своето вечно постоење и величественост. Пред таа сцена на природата луѓето ги обземало чувство на свеченост и страхопочит. Човекот морал да почувствува колку е слаб и колку неговото знаење е малечко во присуство на Оној „кој ги измерил на терезија планините и ридовите” (Исаија 40:12). Тука Израелците требало да го примат најпрекрасното откровение кое кога било им е дадено на луѓето. Тука Господ го собрал својот народ со цел светоста на своите барања да ја вреже во душата, објавувајќи им го својот свет закон со свој сопствен глас. Во нивниот живот морала да настане голема и корена преобразба, зашто понижувачкото влијание на долгогодишното робување и дружење со идолопоклониците оставило свој белег во нивниот карактер и во нивните навики. Давајќи им јасна претстава за самиот себе, Бог настојувал да ги издигне на повисоко морално рамниште. {ПП 302.1}

Сподели го ова:

Слични објави