27. ИЗРАЕЛ ГО ПРИМА ЗАКОНОТ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Излез 19 – 24 глава

Набргу откако се улогориле под Синај, Мојсеј бил повикан да се качи на гората за да се сретне со Господа. Се искачувал по карпеста и стрмна патека приближувајќи се кон облакот што го криел присуството на Јехова. Тогаш Израел бил доведен во поинтимен однос со Севишниот – со цел и како заедница и како нација да се поврзе со Бога и да се стави под негово владеење. Божјата порака упатена до народот гласела: {ПП 303.1}

„Сами видовте што им направив на Египќаните и како ве изнесов на крилја орлови, ве прибрав кај Себе.Па сега, ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот Мој, ќе Ми бидете избран народ меѓу сите народи, зашто Моја е целата земја.И вие ќе Ми бидете царство на свештеници и свет народ”. {ПП 303.2}

Мојсеј се вратил кај народот и, собирајќи ги израелските старешини, им ја соопштил божествената порака. При тоа тие одговориле: „Сè што рекол Господ ќе направиме”. Така стапиле во свечен заветен однос со Бога и се обврзале него да го прифатат за свој господар, со што станале приврзаници на неговата власт. {ПП 303.3}

Потоа нивниот водач повторно се качил на гората каде што Господ му рекол: „Еве, Јас ќе дојдам кај тебе во густ облак, за да чуе народот, како ќе зборувам со тебе, па да ти поверува засекогаш”. Кога попатно наидувале на тешкотии, биле склони да мрморат против Мојсеја и Арона, обвинувајќи ги дека го извеле израелскиот народ од Египет само затоа да го уништат. Меѓутоа, Господ сакал на Мојсеја да му укаже чест пред нив за во иднина да имаат доверба во него и да ги слушаат неговите упатства. {ПП 303.4}

Бог сакал сцената при објавувањето на својот закон да ја стори величествена и длабоко впечатлива за да ја истакне возвишеноста на неговиот карактер и неговото значење. На народот требало живо и неизбришливо да му се предочи вистината дека сѐ што е во врска со служењето на Бога мора да биде примено со најголема страхопочит. Господ му рекол на Мојсеја: „Појди кај народот (извести го) и освети го денес и утре; и нека ги исперат облеките свои;и нека се приготват за третиот ден, зашто во третиот ден ќе слезе Господ на Синајската Гора пред сиот народ”. Во текот на деновите што настапувале сето време требало да го посветат на свечена подготовка за излегување пред Божјото лице. Не смеела да остане никаква нечистотија ниту на нивното тело ниту на облеката. А бидејќи Мојсеј им укажал на нивните гревови, морале да се понизат со покајание, со пост и молитва за срцата да им бидат очистени од секое беззаконие. {ПП 303.5}

Подготовките биле извршени токму онака како што било наредено; и, прифаќајќи го дополнителното упатство, Мојсеј наредил да се постави граница околу гората за на одреден простор, кој се сметал за свет да не стапне ниту човек ниту животно. Ако некој би се осмелил да ја допре гората, веднаш би бил казнет со смрт. {ПП 304.1}

Третиот ден изутрината, кога очите на сиот народ биле насочени кон гората, нејзиниот врв го покрил темен облак кој станувал сѐ погуст и помрачен и се спуштал сѐ додека целата гора не била обвиена со мрак и со страшна таинственост. Тогаш се слушнал глас од труба кој го повикал народот да излезе пред Господа, и Мојсеј ги довел до подножјето на гората. Од густиот мрак почнале да светкаат блескотни секавици придружени со силни грмежи на многубројни громови чиишто одгласи околните планини ги правеле уште пострашни. „А Синајската Планина целата беше во дим, зашто Господ беше слегол на неа во оган; и дим се креваше од неа, како дим од печка; и целата планина силно се тресеше”. Во очите на собраното мноштво славата Господова на врвот на планината била како оган што уништува сѐ. „И гласот на трубата стануваше сè посилен”. Знаците на присуството на Јехова биле толку страшни, што народот се тресел од страв и паѓал ничкум. Дури и Мојсеј извикал: „Треперам од страв” (Евреите 12:21). {ПП 304.2}

Потоа грмежите престанале. Трубата не се слушала веќе, земјата била мирна. Пред да се слушне Божјиот глас, настапила свечена тишина. Господ го објавил својот закон зборувајќи од густата темнина што го обвивала додека стоел на гората опкружен со придружба на ангели. Опишувајќи ја таа сцена, Мојсеј кажува: „Господ дојде од Синај, им се јави во Сеир, заблеска од планината Фаран и пристигна со илјадници светии; а во десницата Негова огнен закон за нив.Сепак, Ти го сакаш Својот народ и сите светии се во раката Твоја, и тие паднаа пред Твоите нозе, за да ги слушнат зборовите Твои” (Второзаконие 33:2,3). {ПП 304.3}

Јехова се открил не само како страшно величество на судија и законодавец, туку и како милосрден заштитник на својот народ.

1.

Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата египетска, од домот на ропството”.

Оној што веќе им бил познат како Водач и Ослободител, кој ги извел од Египет, кој им го отворил патот низ Црвеното Море и го уништил фараонот и неговата војска и кој се покажал посилен од сите египетски богови Тој сега им го објавувал својот закон. {ПП 305.1}

Законот објавен во таа пригода не бил исклучиво даден само за добро на Евреите. Бог нив ги почестил со тоа што ги сторил чувари и почитувачи на својот закон. Меѓутоа давањето на законот требало да биде свечено завештание за цел свет. Прописите содржани во Десетте Божји заповеди се однесуваат на сите луѓе, и сите треба да им се покоруваат. Тие десет куси, но содржајни и авторитативни прописи ја опфаќаат должноста на човекот и кон Бога и кон ближните, а сите десет се темелат на големите основни начела на љубовта: „Возљуби Го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себе си” (Лука 10:27; види и Второзаконие 6:4,5; Левитска 19:18). Начелата содржани во тие десет заповеди се изложени подробно и дадени во таков облик што можат да се применат на секој човек во сите животни околности и во сите прилики. {ПП 305.2}

Немој да имаш други богови освен Мене!” {ПП 305.3}

Вечниот, жив и недосеглив Јехова, кој нема ниту почеток ниту крај, кој не е некое создадено суштество, е единствен извор на животот и творец на се што е создадено, Оној кој се одржува и само нему треба да му се клањаме и да го обожаваме. На луѓето им е забрането на кого било или на што било друго да му даваат прво место во својата наклоност или служба. Ако цениме или сакаме што било друго што на некој начин води кон намалување на нашата љубов кон Бога или оди на штета на службата што му ја должиме нему, тогаш веќе од тоа си создаваме себеси друг бог. {ПП 305.4}

2.

„Не прави за себе идол, ниту некаква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се поклонуваш, ниту да им служиш! {ПП 305.5}

Според втората заповед, забрането е клањање дури и на вистинскиот Бог со посредство на слики и кипови. Многу незнабожечки народи тврделе дека нивните слики се само претстави и симболи преку кои на божеството му се оддава почит, но Бог изјавил дека таквото обожавање претставува грев. Уште самиот обид Вечниот да се претстави со опипливи материјални предмети ја понижува човековата претстава за Бога. Одвратен на таков начин од неспоредливото совршенство на Јехова, умот повеќе се насочува кон материјата отколку кон Творецот. И колку човековите претстави за Бога се пониски, толку и самиот тој се понижува. {ПП 306.1}

       „… бидејќи Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител…”

Интимниот и свет однос меѓу Бога и неговиот народ е претставен со симболот на брачната врска. Бидејќи идолопоклонството всушност е духовна прељуба, Божјото незадоволство и негодување против тоа погодно се прикажани како ревнување или љубомора. {ПП 306.2}

„… Кој за гревовите на татковците ги казнува децата до третото и четвртото колено, ако тие Ме мразат..”.

Неизбежно е децата да страдаат и да ги сносат последиците на престапот на своите родители, но децата нема да бидат казнети за гревовите на татковците освен ако и самите учествуваат во нив. Меѓутоа, обично е случај децата да ја следат патеката на своите родители. Синовите стануваат соучесници во гревовите на своите татковци и според законот на наследувањето, а и со самото тоа што го следат нивниот пример. Лошите склоности, изопачениот апетит, пропаднатиот морал како и телесните болести и изопаченоста, се пренесуваат како наследство од таткото на синот до трето и до четврто колено. Оваа страшна вистина треба да има силно влијание врз луѓето за да ги одврати од грешниот живот. {ПП 306.3}

„… Кој покажува милост на илјадници поколенија, што Ме сакаат и ги чуваат Моите заповеди”.

Додека забранува клањање пред лажни богови, втората заповед содржи налог и повик упатен до луѓето да му служат на вистинскиот Бог. На оние што верно ги исполнуваат своите должности, тука им се ветува милост, и тоа не само до трето и четврто колено, како што е случај со гневот кој им се заканува на оние што го мразат Бога, туку до илјадито колено. {ПП 306.4}

3.

Не изговарај го напразно името на Господ, твојот Бог, бидејќи Господ нема да го остави неказнет оној, кој напразно ќе го изговори Неговото име!” {ПП 306.5}

Оваа заповед не само што го забранува кривоклетството и обичните пцости, туку го забранува споменувањето на Божјото име на лекомислен и безгрижен начин, не земајќи го во обѕир духовното значење на тој збор што треба да се изговара со најдлабока страхопочит. Лекомисленото споменување на Божјото име во обичен разговор, повикувајќи се на него во безначајни работи и изговарајќи го често неговото име, не мислејќи при тоа воопшто на него, ние го обесчестуваме. „Свето е и страшно името Негово” (Псалм 111:9). Секој треба да мисли за неговото величество, за неговата чистота и светост, со цел во срцето да му се вреже поимот за возвишеноста на неговиот карактер, а неговото свето име треба да се изговара со страхопочит и со достоинство. {ПП 306.6}

4.

Помни го саботниот ден, за да го празнуваш. Шест дена работи, и врши ги во нив сите свои работи; а седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни добитокот твој, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе. зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети”. {ПП 307.1}

Саботата не е воведена како нешто ново, туку како ден за одмор што бил воспоставен уште при создавањето на светот. За саботата треба да размислуваме и да ја празнуваме како спомен на делото на создавањето на Творецот. Укажувајќи на Господа како Творец на небото и земјата, таа го истакнува токму она според што вистинскиот Бог се разликува од сите лажни богови. Сите што го празнуваат седмиот ден докажуваат со тоа дека му служат на Господа. Така саботата е знак на верноста на човекот кон Бога сѐ додека на земјата ќе постои некој да му служи на Бога. Четвртата заповед е единствена меѓу сите десет во која се споменува и името и звањето на Законодавецот. Таа е единствена која кажува со чиј авторитет е даден законот. Според тоа, таа е Божји печат со кој законот е запечатен со кој е потврдена неговата автентичност и задолжителност. {ПП 307.2}

Бог на луѓето им дал шест дена определени за работа и Тој бара тие сите свои работи да ги извршуваат во текот на тие шест работни денови. Во сабота се дозволени само дела на милосрдие и она што не може да се одложи за некој друг ден; за болните и за оние што страдаат мора во секое време да се води грижа, но непотребната работа треба строго да се одбегнува. „Ако заради саботата ја воздржиш ногата своја да ги исполнува желбите на твоето срце во светиот Мој ден, и ако ја нарекуваш саботата радост, свет ден Господов, ако ја празнуваш и ако ја почитуваш со тоа да не се занимаваш со обичните работи, да им угодуваш на своите грешни желби”. (Исаија 58:13). Меѓутоа, ова не е крај на поставувањето на забрани. „И да празнословуваш”, кажува пророкот. Сите оние кои во сабота расправаат за деловни работи или за нив прават планови, Господ смета дека навистина учествуваат во извршувањето на тие деловни потфати. Со цел саботата навистина да ни биде света дури ни на нашите мисли не би смееле да им дозволиме тој ден да се задржуваат на земни работи. А таа заповед се однесува и на сите оние што се наоѓаат „меѓу нашите врати”. Домашните и станарите треба да ги остават на страна сите свои земни работи во текот на светите саботни часови. Сите треба да се здружат во славење на Господа, присуствувајќи на богослужение во тој свет ден. {ПП 307.3}

5.

Почитувај ги таткото свој и мајката своја, (за да ти биде добро и) за да поживееш подолго на земјата, што ти ја дава Господ, твојот Бог”. {ПП 308.1}

Родителите имаат право на љубов и почит повеќе од кој и да е друг. Сам Бог, кој ги задолжил за душите доверени на нивна грижа, определил родителите во првите години на детскиот живот пред децата да бидат негови претставници. Затоа, секој што го отфрла законитиот авторитет на родителите, го отфрла Божјиот авторитет. Петтата заповед бара од децата не само на родителите да им укажуваат љубов и нежност, туку и да им ги олеснат секојдневните грижи да го пазат нивниот углед и во староста да им пружат потпора и утеха. Таа заповед бара да се почитуваат и службениците на црквата и органите на власта и сите оние на кои Бог им дал авторитет. {ПП 308.2}

„Тоа е”, кажува апостолот, „прва заповед со ветување” (Ефесјаните 6:2). За Израелците, кои очекувале наскоро да влезат во Ханан, таа претставувала гаранција дека ќе го уживаат плодот на послушноста долг живот во таа добра земја; но таа има и едно пошироко значење се однесува на севкупниот Божји Израел и ветува вечен живот на земјата ослободена од клетвата на гревот: {ПП 308.3}

6.

„Не убивај!” {ПП 308.4}

Секоја неправедна постапка што придонесува за скусување на животот, духот на омраза и одмазда, или попуштањето пред некоја страст што нè наведува на неправедни постапки кон другите, или кај нас предизвикува само желба да им напакостиме (зашто „секој што го мрази братот свој, е човекоубиец”); е престап на шестата заповед. Исто така себичната немарност при помагањето на сиромасите и на оние што страдаат; секое попуштање себеси, непотребното лишување или претераната работа што би биле штетни за здравјето – сето тоа, во поголема или помала мера, е престап на шестата заповед. {ПП 308.5}

7.

„Не врши прељуба!” {ПП 308.6}

Оваа заповед ги забранува не само валканите дела, туку и неморалните мисли и желби и секоја навика што би ги поттикнувала. Чистота се бара не само во надворешниот живот, туку и во тајните намери и побуди на срцето. И сам Христос, кој учел колку далекусежни се обврските на Божјиот закон, кажува дека мислата и погледот можат исто така да бидат грешни како и недозволените дела. {ПП 308.7}

8.

„Не кради!” {ПП 308.8}

Оваа забрана ги опфаќа како јавните така и тајните гревови. Оваа заповед го осудува киднапирањето на луѓето и трговијата со робови и ги забранува освојувачките војни. Таа ги осудува провалите и разбојништвата. Таа бара најстрога чесност и во најситните подробности на сите животни настани. Таа ја забранува претераната заработувачка во трговијата, бара чесно да се плаќаат сите оправдани побарувања и заработувачки и прогласува дека во небесните книги секој обид човекот да го користи незнаењето, слабоста или несреќата на другите се бележи како измама. {ПП 309.1}

9.

„Не сведочи лажно против својот ближен!” {ПП 309.2}

Овде се мисли на секој лажен збор, на секој обид или намера ближниот да се измами. Во самата намера човекот да се измами се наоѓа лага. Може исто така да се лаже со кимање на окото, со движење на раката или со изразот на лицето, како и со зборовите. Секое намерно претерување, секое навестување или увивање што е пресметано да предизвика погрешен или претеран впечаток, па дури и изнесувањето на фактите на таков начин слушателот да се заведе – претставува лага. Оваа заповед забранува секој обид да му се наштети на угледот на ближниот со неточно прикажување, со лошо нагодување, со озборување или со пренесување на гласишта. Дури и со намерно криење на вистината, со кое можеме да ги оштетиме другите, вршиме престап на деветтата заповед. {ПП 309.3}

10.

Не пожелувај го домот на ближниот свој, не пожелувај ја жената на ближниот свој, (ниту неговата нива), ни слугата негов, ни слугинката негова, ни волот негов, ни магарето негово, ниту нешто друго, што му припаѓа на ближниот твој!” {ПП 309.4}

Забранувајќи ги себичните желби што претставуваат извор на сите грешни постапки, десеттата заповед удира во коренот на сите гревови. Оној што го почитува Божјиот закон и што се воздржува дури и да не посака во себе ништо од она што му припаѓа на друг, никогаш нема да биде наведен да им стори некое лошо дело на своите ближни. {ПП 309.5}

Така десетте свети прописи на Божјиот закон биле изговорени среде грмеж, пламен и чудесна манифестација на силата и величеството на големиот Законодавец. Објавувањето на својот закон Бог го придружил со пројава на својата моќ и слава со цел неговиот народ никогаш да не ја заборави таа глетка и секогаш да биде проникнат со длабока почит кон Законодавецот како Творец на небото и земјата. Исто така сакал на сите луѓе да им ја покаже светоста, значењето и вечната трајност на својот закон. {ПП 309.6}

Израелскиот народ бил целосно совладан од страв. Длабоката впечатлива сила на Божјиот глас како да го надминала оно што нивните растреперени срца можеле да го поднесат. Кога законот им бил изложен како големо Божјо мерило на праведноста, тие, како никогаш дотогаш, ја сфатиле сета одвратност на гревот и сопствената грешност во очите на светиот Бог. Со страв и со длабока почит се повлекле од гората и застанале подалеку. Потоа пекале кон Мојсеја: „Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме; но да не ни зборува нам Бог, за да не умреме”. Нивниот водач им одговорил: „Не плашете се: Бог дојде за да ве испита и стравот Негов да биде во вас, за да не грешите”. Но народот сепак се задржал на извесна оддалеченост и со страв втренчено ја посматрал сцената додека „Мојсеј појде кон мракот, каде што беше Бог”. {ПП 309.7} 

Заслепен и понижен со ропството и со незнабоштвото, народот не бил приготвен во целост и правилно да ги сфати далекусежните начела на десетте Божји заповеди. За подобро да се сфати задолжителноста на овие заповеди и истите да се применуваат дадени се и други прописи кои појасно ја прикажале нивната примена. Тие прописи се наречени закони поради тоа што и нив ги составила безграничната Мудрост и Праведност и што судиите требало да судат според нив. За разлика од десетте заповеди, нив ги примил само Мојсеј и тој имал задача да му ги пренесе на народот. {ПП 310.1}

Првиот од тие закони се однесувал на слугите. Во старо време престапниците понекогаш биле осудувани од судиите да бидат продадени како робови. Во многу случаи доверителите ги продавале своите должници, а сиромаштијата често ги терала луѓето да се продаваат самите себе или своите деца. Меѓутоа, во никој случај не смеел Евреин да биде продаден како роб. Неговиот рок на служба бил ограничен најмногу на шест години; седмата година морал да биде пуштен на слобода. {ПП 310.2}

Киднапирањето на луѓе, намерните убиства и противењето на родителскиот авторитет, биле казнувани со смрт. Држењето на робови кои не биле од израелско потекло било дозволено, но и нивната личност и нивниот живот биле строго заштитени. Убивањето на роб се казнувало, а повредата што би му ја нанел неговиот господар, макар во прашање да бил и само еден заб, му давала право на слобода. До неодамна Израелците и сами биле слуги и сега, кога тие можеле да држат слуги, морале да се пазат да не покажуваат дух на свирепост и изнудување, од што и самите толку многу страдале под власта на своите надзорници во Египет. Сеќавањето на сопственото горко робување требало да ги приготви да се стават во положба на слугата да бидат љубезни и сочувствителни и со другите да постапуваат онака како што би сакале со нив да се постапува. {ПП 310.3}

Посебно внимание требало да им укажат на вдовиците и сирачињата и да ги заштитат нивните права, и затоа биле пропишани нежни обѕири кон нивната беспомошна состојба. „Ако ги притесниш”, вели Господ, „и тие повикаат кон Мене, ќе го чујам нивниот лелек,и ќе се распали гневот Мој, па со меч ќе ве убијам, и вашите жени ќе останат вдовици, а вашите деца – сираци”. Ниту странците што би му се придружиле на Израел не смееле да бидат малтретирани ниту јадосувани. „Доселеник немој да притеснуваш, ниту да го угнетуваш, зашто и вие бевте доселеници во земјата египетска”. {ПП 310.4}

Било забрането да се зема камата од сиромасите. Ако на некој сиромав му била земена облеката или покривката како залог, тоа морало да му се врати истиот ден пред зајдисонце. Оној што ќе се огрешел со кражба, морал да врати двојно. Било наредено да се почитуваат судиите и луѓето од власт, а судиите биле предупредени да не ја извртуваат правдата, прифаќајќи лажни докази, и да не примаат мито. Било забрането лажно обвинување и клеветење, а пропишано е пријателско однесување дури и кон непријателот. {ПП 311.1}

Народот уште еднаш бил предупреден на светата обврска во врска со саботата. Биле определени и годишни празници на кои сите мажи требало да се соберат пред Бога да му принесат жртва на благодарност и првите плодови од неговото изобилство. Целта на сите тие прописи била објаснета. Тие не биле наметнати само затоа што така сакал Оној кој има врховна власт, туку сето тоа било дадено за добро на Израел. Господ рекол: „Ќе ми бидете свети луѓе” достојни да бидете признати од светиот Бог. {ПП 311.2}

Овие закони Мојсеј морал да ги запише и, заедно со плочите на десетте заповеди, за чиешто објаснување и биле дадени, грижливо се чувани како основен закон на нацијата и како услов под кој Божјите ветувања дадени на Израел ќе бидат исполнети. {ПП 311.3}

Тогаш Јехова им упатил порака: „Еве, Јас праќам пред тебе ангел Мој, за да те чува по патот, и да те воведе во земјата што сум ти ја приготвил.Почитувај го и слушај го неговиот глас; и не противи му се, зашто и тој нема да ви го прости гревот, бидејќи името Мое е во него.Ако го послушаш гласот негов, и ако го извршуваш сè она што ќе ти речам, ќе им бидам непријател на непријателите твои и противник на противниците твои”. Во текот на целокупното патување и талкање на Израел, нивни водач во столбот од облак и оган бил Христос. И додека постоеле симболите што укажувале на Спасителот, чиешто доаѓање требало да се очекува во иднина, Спасителот исто така бил присутен меѓу нив. Тој на Мојсеја му давал наредби за народот и Тој бил пратен пред нив како единствен извор на благослови. {ПП 311.4}

Кога слегол од гората, „Дојде Мојсеј и му ги повтори на народот сите зборови Божји и сите заповеди. И сиот народ одговори во еден глас, и рече: „Сите наредби што ги кажал Господ, ќе ги извршуваме”. Тој завет, заедно со Господовите зборови што ги обврзувале да ја исполнат дадената обврска, Мојсеј ги напишал во книга. {ПП 311.5}

Потоа уследило потврдување на заветот. Во подножјето на гората е подигнат олтар и крај него дванаесет столбови, „за дванаесетте израелски колена”, како сведоштво дека заветот е прифатен. А тогаш одбрани момчиња принеле жртва. {ПП 312.1}

Откако го испрскал олтарот со крвта на закланите жртви, Мојсеј „ја зеде книгата на заветот и му ја прочита гласно на народот”. Така условите на заветот биле свечено повторени и секому му било оставено на волја да ги прифати или да ги одбие. Тие прво ветиле дека ќе го слушаат Божјиот глас. Меѓутоа, во меѓувреме го чуле објавувањето на неговиот закон и основните начела на тој закон во подробност им биле објаснети за да можат да знаат што сѐ опфаќа овој завет. И тогаш народот уште еднаш едногласно одговорил: „Сè, што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни”. „Зашто Мојсеј, откако ги прочита сите заповеди од Законот пред сиот народ, зеде крв телешка и јарешка… и со исоп ја пороси како самата книга, така и сиот народ,велејќи: ‘Ова е крвта на заветот што ви го одреди Бог’” (Евреите 9:19,20). {ПП 312.2}

Тогаш требало да се извршат подготовки за конечно воспоставување на избраниот народ и за негово целосно потчинување на Јехова како цар. На Мојсеја му било наредено: „Качете се кај Господ ти и Арон, Надав и Авиу и седумдесет старешини израелски и поклонете Му се оддалеку на Господ;и да пристапи Мојсеј сам до Господ, но тие, да не пристапуваат”. Додека народот се молел на Бога во подножјето, овие одбрани луѓе биле повикани да се качат на гората. Тие седумдесетмина требало да му помагаат на Мојсеја во управувањето со израелскиот народ, па Бог ги надарил со својот Дух и им укажал чест да ја видат неговата сила и големина. „И го видоа (местото каде што стоеше) Бог; а подножјето Негово како да беше од камен сафир, со сјај како сводот небески по чистота”. Тие не го виделе Бога, но ја виделе славата на неговото присуство. Порано тие не би можеле да поднесат таква глетка, но показот на Божјата сила ги исполнил со страхопочит и ги довела до покајание; тие длабоко размислувале за неговата слава, чистота и милост сѐ додека наполно не му се приближиле на Оној кој бил предмет на нивното размислување. {ПП 312.3}

Мојсеј и Исус Навин, „кој го служеше”, биле повикани заедно да излезат пред Господа. И бидејќи извесно време морале да бидат отсутни, Мојсеј ги определил Арона и Ора, заедно со старешините да дејствуваат наместо него. „И се искачи Мојсеј на планината, и облак ја покри планината,и беше славата Господова на Синајската Планина”. Во знак на посебно Божјо присуство, шест дена гората ја покривал облак; но Господ за тоа време не им се открил ниту им ја соопштил својата волја. За тоа време Мојсеј истрајно чекал да биде повикан во присуство на Севишниот. Нему му било наредено: „Качи се кај Мене на планината и остани тука” па, и покрај тоа што неговото трпение и послушност биле ставени на проверка, сепак издржал и не го напуштил своето место. Тоа време на чекање за него било време на подготовка и на темелно самоиспитување. Дури ни тој повластен Божји слуга не можел веднаш да пристапи кон Бога и да ја издржи манифестацијата на неговата слава. Му биле потребни шест дена да се посвети на Бога, предавајќи се на тивка молитва и испитувајќи го своето срце пред да може да биде приготвен непосредно да разговара со својот Творец. {ПП 313.1}

Седмиот ден Мојсеј е повикан да влезе во облакот, а тој ден била сабота. Густиот облак се отворил пред очите на сиот израелски народ, а Божјата слава заблескотела како жив оган. „И Мојсеј влезе среде облакот и се качи на планината; и остана таму Мојсеј четириесет дена и четириесет ноќи”. Во четириесетдневниот престој на гората не се вклучени и шесте дена на подготовка. Тие шест дена со Мојсеја бил и Исус Навин и заедно јаделе мана и пиеле од потокот што извирал од гората. Но Исус Навин не влегол со Мојсеја во облакот. Тој останал надвор и натаму чекајќи го Мојсеја да се врати, и за тоа време секој ден земал храна и вода додека Мојсеј постел сите четириесет дена. {ПП 313.2}

Додека престојувал на гората, Мојсеј примил упатство за градење на светиња во која Божјото присуство требало да се открие на посебен начин. „Да Ми направите светилиште, од каде што ќе ви се јавувам вам!” (Излез 25:8) гласела Божјата наредба. И по третпат било нагласено празнувањето на саботата. „Тоа е знак меѓу Мене и синовите на Израел довека”. „За да знаете дека Јас сум Господ, Кој ве осветува. Пазете ја саботата, бидејќи таа е света за вас… Секој, кој ќе врши некаква работа во тој ден, таа душа нека се истреби од народот свој” (Излез 31:17,13,14). Биле дадени упатства веднаш да се направи шатор за состанок во кој ќе се одржува богослужение; и тогаш народот можел да заклучи дека во градењето на тој објект, кој требало да служи на слава на Бога и кој како место за одржување на богослужение им бил толку потребен, можат да работат и во сабота. За да не западнат во таква заблуда, им било дадено ова предупредување во врска со празнувањето на саботата. Дури ни светоста ни неопходната итност на оваа посебна работа за Господа не смеела да ги наведе да го престапат неговиот свет ден. {ПП 313.3}

Од тогаш народот требало да биде почестен со постојано присуство на својот Цар. „Ќе пребивам меѓу синовите израелски и ќе им бидам Бог”. „И ќе се освети тоа место со славата Моја” (Излез 29:45,43), гласело уверувањето дадено на Мојсеја. Како симбол на Божјиот авторитет и олицетворение на неговата волја, на Мојсеја му бил предаден препис на заповедите напишан со Божји прст на камени плочи (Второзаконие 9:10; Излез 32:15,16), со цел да се чуваат во свет заветен ковчег во Светилиштето која требало да претставува видлив центар на националното богослужение. {ПП 314.1} Израелците од племиња на робови биле издигнати над сите други со цел на Царот над царевите да му бидат посебно „богатство меѓу сите народи”. По Божјо провидение тие биле изделени од светот за да може да им се укаже света доверба. Бог ги сторил чувари на својот закон и имал намера преку нив да го сочува меѓу луѓето знаењето за себе. Така требало на светот, обвиен во темнина и мрак да му засвети небесна светлина и да се слушне глас кој сите народи ќе ги повика да ги напуштат своите идоли и да му служат на живиот Бог. Кога Израелците би му останале верни и кога би ја оправдале светата доверба што им била укажана, би станале голема сила во светот. Бог би бил нивни заштитник и одбрана и би ги издигнал над сите други народи. Преку нив на светот би му се откривала неговата светлина и вистина, и тие, под негова мудра и света управа, би претставувале очигледен пример за тоа колку служењето на Бога е повозвишено од секој вид на идолопоклонството. {ПП 314.2}

Сподели го ова:

Слични објави