61. САУЛ ОТФРЛЕН

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на 1. Самоилова 15 глава

Во тешката ситуација во Гилгал Саул не ја издржал проверката на верата туку ја обесчестил службата на Бога. Но неговите грешки сè уште можеле да се исправат и Господ сакал да му даде уште една прилика да научи безусловно да верува и да го слуша неговиот збор. {ПП 627.1}

Кога пророкот во Гилгал го укорил, Саул не видел некој голем грев во својата постапка. Тој дури чувствувал дека со него се постапува неправедно и се обидувал да ја оправда својата грешка. Од тоа време малку контактирал со пророкот. Самоил го сакал Саула како роден син, а Саул со својот нескромен и брз темперамент многу го почитувал пророкот; но тој бил јадосан со прекорите на Самоила и од тогаш колку што можел повеќе го избегнувал. {ПП 627.2}

Меѓутоа, Господ му го пратил на Саула својот слуга со уште една порака. Со послушност тој сè уште можел да се покаже верен пред Бога и достоен за положбата што му била доверена како водач на Израел. Самоил дошол кај царот и му ја пренел речта Господова. За царот да увиди колку е важно да внимава на заповедта, Самоил изрично нагласил дека зборува по Божји налог, со истиот оној авторитет кој Саула го поставил на царскиот престол. Пророкот рекол: „Ќе го казнам Амалик за она што му го направи на Израел, кога му се испречи на патот додека овој излегуваше од Египет.’Оди сега и нападни го Амалик (и Иерим) и истреби сè негово, но не земај за себе ништо од нив, туку уништи го и проколни сè што е негово; не штеди го, туку предај на смрт од маж до жена, од момче до доенче, од вол до овца, од камила до магаре”. Амалиците биле први што завојувале против Израелците во пустината; поради тој грев, а и поради нивниот пркос кон Бога и понижувачкото идолопоклонство, Господ преку Мојсеја им изрекол пресуда. Записот за нивната свирепост кон Израелците бил забележан по Божјо упатство, заедно со налогот: „Избриши го името на Амалик под небото; да не заборавиш” (Второзаконие 25:19). Извршувањето на таа пресуда било одложувано четиристотини години, но Амалиците не се одвратиле од своите гревови. Господ знаел дека тие безбожници, само кога би било можно, би го збришале од лицето на земјата и неговиот народ и вистинската вера и богослужение. Сега дошол мигот таа пресуда, која толку долго била одложувана, да се изврши. {ПП 627.3}

Божјото трпение кон грешните луѓе уште повеќе ги храбри оние што грешат. Но нивната казна нема да биде ниту помалку сигурна ниту помалку страшна затоа што долго се одложува. „Зашто Господ ќе се крене, како на гората Перасим; ќе се разгневи, како во долината Гаваон, за да го изврши делото Свое, необично дело, и да ја заврши работата Своја, Својата таинствена работа” (Исаија 28:21). За нашиот милозлив Бог делото на казнување е „необична работа”. „Кажи им… вели Господ Бог: Јас не ја посакувам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив” (Езекиел 33:11). Господ е „човекољубив и милостив, долготрпелив, многумилостив и верен… проштава беззаконија, неправди и гревови”. Сепак, Тој „но Кој виновни не остава неказнети” (Излез 34:6,7). Иако не ужива во одмаздата, Тој сепак ќе ги казни престапниците на неговиот закон. Тој е присилен да постапува така за да ги сочува земните жители од целосна изопаченост и пропаст. За некого сепак да го спаси, Бог мора да ги истреби оние што се закоравени во гревот. „Господ е долготрпелив, а силен во моќта, така што не го остава виновникот без казна” (Наум 1:3). Иако тоа нерадо го прави, сепак Тој ќе го одржи и ќе го одбрани авторитетот на својот погазен закон со своите страшни дела на правдата кои сведочат за постоењето на ужасните гревови што предизвикуваат негов гнев и за строгоста и острината на казната што ги очекува престапниците. {ПП 628.1}

Но, додека ја спроведувал правдата, Господ си спомнал за милоста. Амалиците требало да бидат истребени, додека Кенијците, кои живееле меѓу нив, требало да бидат поштедени. Тој народ, иако не наполно слободен од идолопоклонство, го почитувал Бога и бил пријателски расположен кон Израел. Од тоа племе потекнувал и Ховав, братот на Мојсеевата жена, кој им се придружил на Израелците додека патувале низ пустината и со своето познавање на земјата им правел драгоцени услуги. {ПП 628.2}

По поразот на Филистејците кај Михмас, Саул војувал со Моавците, Амонците и Едомците, со Амалиците и Филистејците; и секаде, каде што би се свртил, задобивал нови победи. Кога го примил налогот да завојува против Амалиците, веднаш објавил војна. Неговиот авторитет и во овој случај бил поддржан од угледот на пророкот и кога војната е објавена, Израелците од сите страни се слеале под неговото знаме. Овој воен поход не смеел да биде преземен за лично богатење и слава; ниту честа на победата ниту пленот добиен од непријателот не смееле да им припаднат на Израелците. Со оваа војна требало само да се покаже послушност кон Бога чијашто цел била да ги казни Амалиците. Бог имал намера на сите народи да им укаже на судбината на Амалиците кои ѝ пркоселе на неговата врховна власт и сакал сите да забележат како Амалиците се истребени токму од оние кои тие толку многу ги презирале. {ПП 628.3}

„И Саул го разби Амалик од Хавила сè до пределите на Сур, кој се наоѓа пред Египет,и го зароби жив амаликискиот цар Агаг, и сиот народ го истреби со меч (а Иерим го усмрти).Но Саул и народот го поштедија Агаг и најдобрите овци, волови и згоените јагниња, и сè што е вредно, не го уништија, а го уништија само она што е лошо и безвредно”. {ПП 629.1}

Оваа победа над Амалиците, најсјајна победа што кога и да е ја извојувал Саул, повторно разбудила гордост во неговото срце, што за него претставувало најголема опасност. Божјата заповед, според која Господовите непријатели морале да бидат уништени, била само делумно извршена. Со желба да ја зголеми славата на своето триумфално враќање со присуство на заробениот цар, Саул се осмелил да ги поддржува обичаите на другите народи околу себе, па му го поштедил животот на Агага, грозниот и воинствен цар на Амалиците. Народот ги задржал најдобрите говеда и другиот најдобар добиток, а својот грев го правдал со тоа што добитокот бил задржан со цел да му биде принесен на жртва на Бога. Меѓутоа, нивна намера била да го жртвуваат заробениот добиток наместо својот, кој сакале да го сочуваат. {ПП 629.2}

Така Саул бил ставен на последна проверка. Неговото дрско непочитување на Божјата волја ја покажувало неговата решеност да владее како независен владетел и дека не може да му се довери должност како цар да го застапува Господа. Додека Саул победоносно се враќа л со својата војска, во домот на пророкот Самоил владеала голема загриженост. Тој примил од Господа вест која го осудувала однесувањето на царот: „Се кајам што го поставив Саул за цар, бидејќи тој се одврати од Мене и не го исполни зборот Мој”. Пророкот бил длабоко ожалостен поради бунтовното однесување на царот; плачел и сета ноќ ја поминал на молитва со цел страшната пресуда да биде повлечена. {ПП 629.3}

Божјото каење не е како човечко каење. „Светецот Израелов нема да каже неправда ниту ќе се покае, бидејќи Тој не е човек па да се покае”. Каењето на човекот претставува промена на неговото мислење, а Божјото каење значи менување на постојните околности и односи меѓу него и човекот. Човекот може својот однос кон Бога да го измени на тој начин што ќе ги исполни условите под кои ја прима Божјата милост, или со своите постапки ќе се исклучи од Божјата милост; но Господ е ист „вчера, и денес, и во вечни векови” (Евреите 13:8). Непослушниот Саул го изменил својот однос кон Бога, но условите за прием кај Бога останале неизменети Божјите барања сѐ уште  биле исти; зашто кај него „нема промени ни сенка од измена” (Јаков 1:17). {ПП 630.1}

Следниот ден рано изутрина се подигнал пророкот со рането срце да му излезе во пресрет на заблудениот цар. Самоил се надевал дека Саул, кога зрело ќе  размисли, ќе стане свесен за својот грев и дека со покајание и понизност повторно ќе  ја задобие Божјата милост. Но кога еднаш ќе се тргне по патот на гревот, тогаш лесно се паѓа сè подлабоко. Саул, изопачен од својата непокорност, излегол пред Самоила со лага на своите усни: „Благословен да си од Господ! Јас го исполнив зборот Господов”. {ПП 630.2}

Но одгласот на она што допирало до увото на пророкот го побивало тврдењето на непослушниот цар. На непосредното прашање на Самоил: „А какво е ова блеење на овци во ушите мои и мукање на волови што го слушам?” Саул одговорил: „Ги дотераа од Амалик, зашто народот ги поштеди најдобрите овци и волови за принесување жртви на Господ, твојот Бог; а другото го истребивме”. Народот само ја послушал наредбата на Саула но, за да се оправда себеси, Саул бил подготвен својата непослушност кон Бога да му ја припише во грев на народот. {ПП 630.3}  

Веста дека Саул ќе биде отфрлен страшно го мачела срцето на пророкот. Таа вест морала да се објави пред целата израелска војска и тоа во мигот кога луѓето биле радосни поради победата што ѝ ја припишувале на храброста и на воениот талент на својот цар, зашто Саул успехот на Израел во оваа борба не му го припишувал на Бога; но, кога пророкот ги согледал доказите на Сауловото противење, се наполнил со гнев што токму оној на кого Бог му укажал толкава милост, ја погазил небесната заповед и ги навел Израелците на грев. Изговорот на царот не можел да го залаже Самоила. Малку во болка, малку во лутина, му рекол: „Почекај да ти јавам што ми кажа Господ ноќеска… Зарем не беше ти мал пред Него и зар не те постави глава над Израеловите племиња, и Господ те помаза за цар над Израел?” Му ја повторил Господовата заповед во врска со Амалик и поставил непосредно прашање зошто царот не ја извршил. {ПП 630.4}  

Саул упорно се правдал: „Јас го послушав гласот Господов и отидов на пат, каде што ме испрати Господ, и го доведов амаликискиот цар Агаг, а Амаликијците ги истребив,а од пленот: овците и воловите, народот го зеде најдоброто од ограбеното за да Му принесе жртва на Господ, твојот Бог, во Гилгал”. {ПП 631.1}

Пророкот со строги и сериозни зборови ја обелоденил лагата и објавил неотповиклива осуда: „Зар сепалениците и приносите повеќе Му се пријатни на Господ, отколку послушноста на гласот Господов? Послушноста е подобра од жртвата, и покорувањето – подобро отколку овнешкото месо;зашто непокорноста е исто таков грев, какво што е вражањето, а тврдоглавоста е исто како и идолопоклонството. Поради тоа што го отфрли зборот на Господ, затоа и Тој те отфрли за да не бидеш цар над Израел”. {ПП 631.2}

Кога царот ги слушнал тие страшни зборови, повикал: „Згрешив, бидејќи ја престапив заповедта на Господ и твојот збор; но јас се исплашив од народот и го послушав гласот нивни”. Обвинувањето на пророкот му влеало страв и Саул го признал својот престап кој до тогаш толку упорно го побивал; но сè уште упорно кривицата ја префрлал на народот, тврдејќи дека тоа го сторил од страв од народот. {ПП 631.3}

Царот не бил поттикнат од жалење поради гревот, туку од страв од казна кога го преколнувал Самоила: „А сега прости ми го мојот грев и врати се со мене, за да му се поклонам на Господа”. Кога Саул навистина би се покајал, тој јавно би го признал својот грев. Меѓутоа, пред сè, тој се трудел да го сочува својот углед и за себе да си обезбеди приврзаност од страна на народот. Барал од Самоила да му укаже чест со своето присуство само затоа да го засили своето влијание среде народот. {ПП 631.4}  

Но пророкот одговорил: „Нема да се вратам со тебе, зашто ти го отфрли зборот Господов, и Господ тебе те отфрли за да не бидеш цар над Израел”. Кога Самоил се свртел да замине, царот, опфатен со наплив на страв, ја дофатил наметката на пророкот за да го запре, но наметката се искинала во неговите раце. При тоа пророкот проговорил: „Денес Господ го одзеде царството Израелово од тебе и му го даде на твојот ближен, кој е подобар од тебе”. {ПП 632.1}   

Саула повеќе го тиштело тоа што се оддалечил од Самоила, отколку што предизвикал Божјо негодување. Тој знаел дека народот повеќе има доверба во пророкот отколку во него. И сега, кога по Божја наредба некој друг би бил помазан за цар, тој не би можел да го одржи својот авторитет. Се плашел дека веднаш ќе избие бунт ако Самоил наполно го напушти. Затоа Саул го молел пророкот да му укаже чест пред старешините и пред народот и тоа на тој начин што јавно ќе  се покаже со него на богослужението. По Божја наредба Самоил ја прифатил желбата на царот за да нема повод за бунт. Но за сето време на богослужението само молчел. {ПП 632.2}

Требало да биде извршено уште едно строго и страшно дело на правдата. Самоил морал јавно да ја одбрани Божјата чест осудувајќи  го Сауловото однесување. Затоа наредил пред него да се изведе царот на Амалик. Од сите што паднале од израелскиот меч, Агаг бил најсуров и највиновен; тој повеќе од сите други го мразел и сакал да го уништи Божјиот народ и неговото влијание најмногу придонело за ширење на идолопоклонството. Кога бил повикан по наредба на пророкот, тој се надевал дека не му се заканува веќе  опасност од смрт; но Самоил рекол: „Како што мечот твој ги лишуваше жените од децата, така и мајка ти меѓу жените нека биде лишена од син”. И го исече Самоил Агаг пред Господ во Гилгал”. Потоа Самоил се вратил во своето родно место Рама, а Саул во својата престолнина Гаваја. Пророкот и царот подоцна се сретнале само уште еднаш. {ПП 632.3} 

Кога бил повикан на престолот, Саул имал скромно мислење за своите способности па радо примал совети. Му недостигало знаење и искуство, а имал и сериозни карактерни мани. Но Господ му дал Свети Дух да му биде водач и помошник и го довел во таква положба во која можел да ги развие особините неопходни за владетел на израелскиот народ. Да останал понизен и постојано да барал да го води Божјата мудрост, би бил во состојба должностите на својот висок позив да ги врши со успех и чесно. Под влијание на Божјата милост, секоја добра особина уште повеќе би се засилила, додека лошите склоности наполно би исчезнале. Тоа е дело што Бог ќе го стори за секого што ќе му се посвети. Има многу такви коишто Тој ги повикал да заземат положба во неговото дело затоа што имале понизен дух и биле подготвени да примат поука. А Тој во своето провидение ги поставува таму каде што можат да учат од него. Тој ќе  им ги открие маните во нивниот карактер и ќе му даде сила на секого кој бара од него помош да ги поправи своите грешки. {ПП 632.4}

Но Саула го засенчила неговата висока положба и тој, со својата непослушност и неверност, го обесчестил Бога. Иако од почеток бил понизен и самиот себеси не си придавал голема важност, успехот го сторил самоуверен. Уште првата победа во неговото владеење во неговото срце разгорела гордост што за него претставувала најголема опасност. Храброста и војничкиот талент што ги покажал при ослободувањето на Јавеш-Галад предизвикале одушевување кај целиот народ. Народот го величел својот цар и заборавил дека тој е само орудие преку кое работи Бог; Саул од почеток го славел Бога, но подоцна сета чест си ја припишувал себеси. Ја загубил од вид својата зависност од Бога и во своето срце отстапил од Господа. На тој начин бил приготвен патот за неговиот дрзок грев и обесветување во Гилгал. Истата таа слепа самоувереност го навела да ги отфрли и советите на Самоила. Саул признавал дека Самоил е пророк пратен од Бога; затоа требало да го прими укорот иако самиот не увидувал дека згрешил. Кога би бил подготвен да го увиди и да го признае својот грев, тогаш тоа горко искуство би се покажало како заштита во иднина. {ПП 633.1}

Кога Господ тогаш целосно би го напуштил Саула, не би му се обраќа л веќе преку Самоила, ниту би му доверувал одредени задачи за да може да ги исправи грешките од минатото. Ако некој кој тврди дека е Божјо дете стане немарен во исполнувањето на Божјата волја и со тоа наведува и други лекомислено да се однесуваат кон Божјите наредби, сепак, и за него има можност грешките да се претворат во победа само ако со искрено срце го прими прекорот и ако понизно и со вера му се обрати на Бога. Чувството на пониженост поради поразот често се покажува како благослов, зашто ни открива колку сме неспособни без Божја помош да ја исполнуваме неговата волја. {ПП 633.2}

Отфрлајќи  го укорот што му бил пратен преку Светиот Дух,и упорно тврдејќи  дека тој има право, Саул го отфрлил единственото средство преку кое Бог можел да дејствува за да го спаси од самиот него. Тој не можел да добие ниту Божја помош ниту Божјо водство сè додека не се врати кај Бога признавајќи и оставајќи го својот грев. {ПП 633.3}

Во Гилгал Саул се правел мошне совесен додека стоел пред израелската војска и му принесувал на Бога жртва. Но неговата побожност не била искрена. Верскиот обред, кој е вршен во директна спротивност со Божјата заповед, можел единствено да ги ослаби Сауловите раце, лишувајќи го од Божјата помош што Бог толку радо сакал да му ја укаже. {ПП 634.1}

Во војната против Амалик, Саул според сопствено мислење извршил сè што било битно во Божјиот налог. Но на Бога не му е угодна делумната послушност, ниту сака да премине преку она што е занемарено од малку прифатлива причина. Бог не му оставил на човекот на волја да отстапува од неговите барања. Господ им рекол на Израелците: „Не треба да правите… секој, како што му се чини дека е добро”, „пази и внимавај да ги извршуваш сите тие наредби, што ти ги заповедам” (Второзаконие 12:8,28). Кога ќе се решиме за некој чекор, не треба да се прашаме дали тоа ќе ни донесе патила, туку дали тоа е во сообразност со Божјата волја. „Има патишта, кои на човек му изгледаат прави, но крајот нивни води во смрт” (Изреки 14:12). {ПП 634.2}

„Послушноста е подобра од жртвата”. Жртвата за грев во Божјите очи сама по себе немала некоја посебна вредност. Нејзина задача била да го наведе оној што ја принесува да се покае за гревовите што ги сторил и да покаже вера во Христа, а и да го обврзе на натамошна послушност кон Бога. Но без каење и без вера и потчинетост на срцето, жртвите биле безвредносни. Кога директно го кршел Божјиот закон и решил да принесе жртва од она што Бог наредил да се уништи, Саул отворено покажал дека го презира Божјиот авторитет. Таквото богослужение морало да биде само навреда за Небото. Меѓутоа, и денеска мнозина се однесуваат на сличен начин иако пред очи го имаат примерот на Саула и последиците на неговиот грев. Од една страна одбиваат да веруваат во некои Божји барања и да се придржуваат кон нив, од друга страна упорно вршат надворешни форми на богослужение. Божјиот Дух не прифаќа таква служба. Без оглед на тоа колку луѓето се ревносни во одржувањето на верските церемонии, сепак, Бог не може да ги прифати ако и понатаму намерно престапуваат макар и една негова заповед. {ПП 634.3}

„Зашто непокорноста е исто таков грев, какво што е вражањето, а тврдоглавоста е исто како и идолопоклонството”. Непокорноста прво се зачнала кај сатаната и секоја непослушност кон Бога потекнува директно од ѓаволот. Сите што ќе му се спротивстават на Божјото владеење, склучуваат сојуз со праисконскиот отпадник кој ќе ја употреби сета своја сила и лукавство да ги омае нивните сетила и да им го заведе умот. Тој сè ќе претставува во лажна светлина. Како и нашите први родители, сите што се под влијание на неговата волшебна сила ги гледаат само предимствата до кои можат да се доберат со престап. {ПП 635.1}

Нема посилен доказ за измамната сила на сатаната од фактот дека сите што ги завел тој самите себеси се лажат со мислата дека му служат на Бога. Кога Кореј, Датан и Авирон се побуниле против Мојсеја, сметале дека му се противставиле само на водството на човек како што се и самите тие; и на крај навистина поверувале дека на Бога му вршат служба. Меѓутоа, отфрлајќи го од Бога избраното орудие, тие го отфрлиле и Христа; похулиле на Божјиот Дух. Така, во времето на Христа, еврејските книжевници и старешини, кои инаку покажувале голема ревност за Божјата слава, го распнале неговиот Син. Истиот дух сè уште владее во срцата на оние кои имаат намера, наспроти Божјата, да ја следат својата сопствена волја. {ПП 635.2}

Саул имал најубедлив доказ дека Самоил е инспириран со Божјиот Дух. Тоа што се осмелил да ја омаловажи Божјата наредба, соопштена преку пророкот, било против здравиот разум и памет. Неговата кобна дрскост мора да им се припише на сатанските вражби. Саул покажал голема ревност при искоренувањето на идолопоклонството и вражањето. Меѓутоа, поради непослушноста кон Божјата заповед, со него завладеал истиот дух на бунт против Бога, и бил исто толку инспириран од сатаната, како и оние што се занимавале со вражање; а кога бил прекорен, тогаш кон својата непокорност придодал и тврдоглавост. Поголема навреда на Божјиот Дух не би можел да му нанесе ниту тогаш кога отворено би им се придружил на идолопоклониците. {ПП 635.3}

Опасен е чекорот да се отфрлат советите и опомените на Божјата реч или на Божјиот Дух. Како и Саул, мнозина паѓаат во искушенија сè додека не станат слепи за вистинскиот карактер на гревот. Тие си ласкаат себеси како имаат пред себе некаква возвишена цел и како божем не сториле никаква неправда со тоа што отстапиле од Божјите барања. На тој начин тие му пркосат на Духот на милоста сè додека во нивните уши наполно не исчезне неговиот глас и додека целосно не ги прифатат измамите што самите си ги избрале. {ПП 635.4}

Во Саула Бог на Израелците им дал цар според нивните сопствени желби, како и Самоил што рекол кога на Саула му било потврдено царството во Гилгал: „И така, еве го царот што го избравте, кого го сакавте” (1. Самоилова 12:13). Убав, со благородна става и со кнежевско држење – неговата појава наполно одговарала на нивните сфаќања за царското достоинство; а неговата храброст и талент на војсководител биле особини што тие ги сметале како најпогодни за обезбедување на почит од страна на другите народи. Малку воделе сметка за тоа дали нивниот цар ги има оние возвишени особини што единствено би можеле да му овозможат да владее според правдата. Тие не барале човек кој има вистински благороден карактер, кој поседува Божја љубов и Божји страв. Тие не го прашале Бога кои особини треба да има нивниот владетел за да го сочува нивниот посебен свет карактер – обележјето на избран народ. Тие не го барале Божјиот пат, туку оделе по свој пат. Нивните срца не му биле потчинети на Бога, а нивниот цар не бил опфатен со Божјата милост. За време на владеењето на тој цар тие требало да стекнат неопходно искуство за да ја увидат својата заблуда и повторно да станат Божји приврзаници. {ПП 636.1} Сепак, Господ не го препуштил Саула самиот на себе кога врз него ја пренел царската одговорност. Му подарил Свети Дух за да му покаже колку е слаб и колку му е потребна Божјата помош; и кога Саул целосно би се потпрел врз Бога, Бог секогаш би бил со него. Сè додека неговата волја била потчинета на Божјата волја и додека дозволувал да го води Божјиот Дух, Господ можел неговите напори да ги круниса со успех. Но, кога Саул решил да постапува наполно независно, Господ не можел веќе да го води и бил присилен да го отфрли. Тогаш повикал на престолот „човек според своето срце” (1. Самоилова 13:14) – не некого кој немал карактерни недостатоци, туку човек кој не се потпирал врз себе, ами само врз Бога и дозволувал да биде воден од неговиот Дух; човек кој, кога ќе згреши, ќе прими укор и ќе се поправи. {ПП 636.2}

Сподели го ова:

Similar Posts