70. ВЛАДЕЕЊЕТО НА ДАВИДА

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на 2. Самоилова 5,6-25; 7. 9. и 10 глава

Штом стапил на престолот, Давид почнал да бара погоден град кој би можел да биде престолнина на неговото царство и нашол едно место околу триесетина километри од Хеврон кое го избрал за главен град. Пред Исус Навин да ги преведе Израеловите чети преку Јордан, тоа место се викало Салим. Недалеку од тука, Аврам му ја докажал својата верност на Бога. Осумстотини години пред Давидовото крунисување, тоа било родно место на свештеникот на севишниот Бог, Мелхиседек. Тој град бил во центарот на земјата, на висорамнина, и бил заштитен со венец од гори. Наоѓајќи се на границата меѓу племето на Венијамина и Јуда, бил сосема близу и до племето на Ефрема, а лесно било оттаму да се дојде и до другите племиња. {ПП 703.1}

За да го заземат тоа место, Евреите морале да го истераат остатокот на Хананците кои имале утврдени положби на горите Сион и Морија. Тврдината се викала Евус, а неговите жители биле познати под името Евусејци. Со векови се сметало дека Евус не може да биде освоен; но Евреите го опседнале и го зазеле градот предводени од Јоава кој, поради својата храброст, бил поставен за врховен заповедник на војската. Така Евус станал престолнина на земјата, а неговото незнабожечко име е променето во Ерусалим. {ПП 703.2}

Тогаш владетелот на богатиот град Тир, Хирам, на брегот на Средоземното Море, му предложил сојуз на израелскиот цар и му понудил на Давида помош да изгради дворец во Ерусалим. Од Тир се пратени пратеници со ѕидари и работници и со долги карвани скапоцено дрво, кедар и друг вреден материјал. {ПП 703.3}

Засилувањето на Израел по обединувањето под водство на царот Давид, освојувањето на тврдината Евус и сојузот со тирскиот цар, Хирам, предизвикале непријателство кај Филистејците, па повторно навлегле со силна војска и ја запоседнале Рафајската долина, недалеку од Ерусалим. Давид со своите луѓе се повлекол во тврдината Сион, таму да го праша Господа за совет. „И Давид Го запраша Господа, велејќи: ‘Да одам ли против Филистејците? Ќе ги предадеш ли во рацете мои?’ А Господ му одговори на Давид: ‘Оди, зашто Јас ќе ги предадам Филистејците во рацете твои’”. {ПП 703.4}

Давид веднаш тргнал против непријателите, ги разбил и ги уништил и им ги одзел идолите што ги понеле да си обезбедат себеси победа. Ујадени и посрамени поради поразот, Филистејците собрале уште поголема војска и се вратиле назад во борба. И повторно се „и се сместија во Рефаимската Долина”. Уште еднаш Давид го побарал Господа, и големиот „Јас сум” го презел водството над војската Израелова. {ПП 704.1}

Бог на Давида му го дал следното упатство: „Не оди им во пресрет, туку заобиколи ги и оди кон нив откај црниците;и кога ќе чуеш шум како од врвеж по црничини врвови, тогаш почни ја борбата, зашто Бог ќе излезе пред тебе за да ја порази филистејската војска”. Кога Давид, како некогаш Саул, би постапувал по своја волја, не би имал успех. Но тој постапил како што заповедал Бог и „направи така, како што му заповеда Господ, и ја порази филистејската војска, од Гаваон до Гезер.И Давидовото име се прочу по сите земји, и Господ направи да се плашат од него сите народи” (1. Летописи 14:16,17). {ПП 704.2}

Зацврстувајќи го својот престол и ослободувајќи ја земјата од ударите на надворешните непријатели, Давид се впрегнал во остварување на своите омилени намери – Божјиот ковчег на заветот да го пренесе во Ерусалим. Ковчегот многу години бил во Киријат-Јарим, оддалечен околу петнаесет километри; но било ред на престолнината да ѝ се укаже почест со тоа што во неа ќе  биде Божјото присуство. {ПП 704.3}

Давид повикал триесет илјади одбрани луѓе од Израел и имал намера таа пригода во врска со пренесувањето на ковчегот да ја искористи за организирање на голема радосна свеченост. Народот со задоволство го прифатил неговиот повик. Во Вала Јудина се собрале сите кнезови и племенски старешини, потоа првосвештеникот и сите негови браќа кои биле во света служба. Давид блескотел од света ревност. Ковчегот на заветот го изнеле од куќата на Авинадава и го поставиле на нова кола зад која оделе двајца синови на Авинадава. {ПП 704.4}

Народот ги придружувал триумфирајќи и пеејќи од радост, при што мноштво гласови се слевале со звуците на музичките инструменти. „А Давид и сите синови Израелови свиреа пред Господ на различни свирки од кипарисово дрво, на гусли, на псалтири, на тимпани, на цитри и на кимвали”. Таква радосна сцена Израел одамна не видел. Преку ритчињата и долините кон светиот град со света радост се движела долга поворка. {ПП 704.5}

Но, „кога дојдоа до Нахоновото гумно, Оза посегна со раката кон Божјиот ковчег (за да го придржи), и се фати за него, Бидејќи воловите го беа наведнале.Но Господ се разгневи на Оза, и за дрскоста Бог го удри на истото место, и тој умре таму крај Божјиот ковчег”. Наеднаш веселата поворка ја обзел ненадеен страв. Давид бил силно погоден и мошне вознемирен и во своето срце дури ја доведувал во прашање Божјата правда. Тој имал намера да му укаже слава на ковчегот на заветот, како симбол на Божјото присуство. Тогаш зошто се случило таа страшна казна радоста да ја претвори во болка и тага? Чувствувајќи дека е опасно ковчегот на заветот да биде во негова близина, Давид решил да го остави тука каде што се затекол моментно. И место се нашло во куќата на Аведар, кој потекнуваше од Гет. {ПП 705.1}

Судбината на Оза претставувала Божја казна за прекршок на изричната заповед. Бог преку Мојсеја дал посебни упатства за пренесување на ковчегот на заветот. Само на свештениците, потомците на Арона, им било дозволено да го допрат ковчегот или да го видат кога бил откриен. Божјата заповед гласела: „Тогаш Каатовите синови да влезат и да носат; но тие не смеат да се допираат до светите работи, за да не умрат” (Броеви 4:15). Свештениците прво морале да го покријат ковчегот, па дури тогаш да дојдат синовите на Каат и да го подигнат на шипките што биле провлечени низ посебни алки прицврстени од страната на ковчегот и кои никогаш не се ваделе. На синовите на Гирсон и Мерарие, кои требало да водат сметка за покривката, за штиците и за столбовите, Мојсеј им дал кола и волови за пренесување на она што им било доверено. „А на Каатовите синови не им даде, зашто нивната работа беше да го носат светилиштето: на рамо треба да го носат” (Броеви 7:9). Според тоа, изнесувајќи го ковчегот од Вала Јудина, Израелците директно и непростливо се огрешиле против Господовите упатства. {ПП 705.2}   

Давид и неговите приврзаници се собрале да извршат еден свет чин и кон тоа пристапиле наполно доброволно и со радосно срце; но Господ не можел да ја прими нивната служба, зашто не била изведена сообразно со неговите наредби. Филстејците, кои не знаеле ништо за Божјите закони, ковчегот го ставиле на кола кога им го враќале на Израелците и Господ ги прифатил нивните напори. Меѓутоа, Израелците ја познавале Божјата волја во тој поглед, па занемарувањето на неговите упатства значело обесчестување на Бога. Гревот на Оза се состои во тоа што се осмелил да ја пречекори границата на дозволеното. Престапувањето на Божјиот закон ја ослабело неговата свест за светоста на истиот и, не каејќи  се за своите гревови, тој – и покрај изричната Божја забрана – се осмелил да го гибне симболот на Божјото присуство. Бог не може да прифати никаква делумна послушност, ниту да го одобри немарното или лекомислено однесување кон неговите заповеди. Казнувајќи  го Оза, Бог сакал на сите Израелци да им укаже на тоа колку е важно строго да се придржуваме кон неговите барања. Така смртта на еден човек, наведувајќи го народот на покајание, ја отстранила казната од безброј илјадници. {ПП 705.3}

Чувствувајќи  дека срцето кон Бога не му било наполно исправно, и кога ја видел смртта на Оза, Давид се уплашил од ковчегот; се загрижил и него да не го снајде казна поради неговиот грев. Но Аведар, иако се радувал тресејќи се, топло го поздравил светиот симбол, залогот на Божјата милост кон послушните. Сега вниманието на цел Израел било насочено кон Гетеецот и неговото семејство; сите очекувале да видат како ќе помине тој. „И Господ го благослови Аведар и сиот негов дом”. {ПП 706.1}

Божествената опомена дејствувала врз срцето на Давида. Како никогаш порано, тој ја сфатил светоста на Божјиот закон и потребата од строга послушност. Милоста покажана кон домот на Аведар му ја вратила на Давида надежта дека ковчегот на заветот ќе му донесе благослов и нему и на неговиот народ. {ПП 706.2}

По три месеци решил да го повтори обидот во врска со пренесувањето на ковчегот на заветот и сега внимавал во секоја подробност да се почитуваат Господовите упатства. Повторно се повикани сите водечки луѓе и огромно мноштво се собрало пред домот на Гетеецот. Луѓето што ги одредил Бог со страхопочит го кренале ковчегот на рамо, народот се наредил во редови со растреперено срце и големата поворка тргнала. Кога поминале шест чекори, со звук на труба е наредено да се застане. Давид заповедал да се „принесе на жртва едно јунче и еден овен”. И тогаш, наместо тресење од страв, завладеала радост. Царот ја слекол својата царска одежда и се наметнал со обичен ленен ефод каков што носеле свештениците. Тој со тоа не сакал да покаже како презема свештеничка должност: таква наметка повремено носеле и други луѓе. Но сакал во таа света служба пред Бога да биде еднаков со своите приврзаници. Тој ден требало да се обожава Јехова; Тој требало да биде единствен на кого ќе му се оддава чест. {ПП 706.3}

Потоа поворката повторно тргнала, а кон небото се издигнувале звуци од харфи, труби, кимвали и псалтири, слевајќи се со мелодијата на безброј гласови. „Давид играше со сета сила пред Господ”, воден од ритмот на песната и музиката. {ПП 707.1}

Со Давидовото играње, кое било израз на радост и страхопочит пред Бога, многу љубители на задоволствата денеска го правдаат современиот, модерен танц, но тој доказ нема основа. Играњето денеска е поврзано со лудости и со ноќ ни пијанчења. На таквото задоволство му се жртвуваат и здравјето и моралната чистота. За оние што посетуваат сали за балови Бог не е предмет на размислување и страхопочит; молитвите и пеењето во тие кругови би се сметале за неумесни. Задоволствата што можат да ја намалат нашата љубов кон она што е свето и возвишено и радоста што ја чувствуваме служејќи му на Бога – такви задоволства Христијаните не треба да сакаат. Музиката и играта при радосното фалење на Бога при пренесувањето на ковчегот немаат никаква сличност со денешните разуздани игри. Во таа пригода со музиката и играта е покажуван стремеж да се слави Бог и да се велича неговото свето име. А модерните игри не се ништо друго освен лукавство на сатаната пресметано на тоа луѓето да го заборават Бога и да го обесчестат неговото име. {ПП 707.2}

Триумфалната поворка се приближувала кон престолнината, носејќи го симболот на невидливиот Цар. А тогаш екнала песна во која од стражата на ѕидовите се барало да ја отворат портата на светиот град: {ПП 707.3}

Подигнете ги, порти, главите свои,

Бидете подигнати вие, вечни врати,

За да влезе Царот на славата!” {ПП 707.4}

Група пеачи кои играле, прашала: {ПП 707.5}

Кој е тој Цар на славата?” {ПП 707.6}

 А друга група одговарала: {ПП 707.7}

Крепкиот и силниот Господ,

силниот во војна Господ”. {ПП 707.8}

Потоа стотици гласови се слеале во заедничка победоносна хорска песна: {ПП 708.1}

Подигнете ги, порти, главите свои,

Бидете подигнати вие, вечни врати,

За да влезе Царот на славата! {ПП 708.2}

И пак е повторено радосното прашање: „Кој е тој Цар на славата?” А голема група народ, „слично на бучава на силни води”, восхитено одговарала: {ПП 708.3}

„Господ Семоќниот –

Тој е Цар на Славата” (Псалм 24:7-10). {ПП 708.4}

Потоа портата се отворила ширум, поворката влегла внатре, а ковчегот на заветот со страхопочит е ставен во шаторот што бил приготвен за него. Пред Светилиштето биле подигнати олтари. Димот од жртвите паленици и од жртвите благодарници се мешал со мирисот од темјанот и се издигнувал кон небото заедно со израелските песни и молитви. Кога богослужението било завршено, царот изговорил благослов над својот народ. А потоа, покажувајќи царска дарежливост, наредил да се поделат подароци во храна и вино за народот да се освежи. {ПП 708.5}

На прославата на најсветиот настан во Давидовото владеење до тогаш, присуствувале претставници од сите племиња. Врз царот почивал дух на божествено вдахновение, и кога последните сончеви зраци при залезот го осветлиле шаторот, тој со сето срце му се обратил на Бога, благодарејќи му што благословениот симбол на неговото присуство сега е толку близу до израелскиот престол. {ПП 708.6}

Опфатен со такви чувства Давид се вратил „за да го благослови домот свој”. Но таму се наоѓал некој кој целата сцена на радост ја посматрал со поинаков дух од оној што го поттикнувал срцето на Давида. „Кога ковчегот Господов влегуваше во Давидовиот град, Михала, Сауловата ќерка, гледаше од прозорецот нејзин и, откако го виде царот Давид како скока и игра пред Господ, го презре во срцето свое”. Огорченоста не ѝ дала мир да почека додека Давид да се врати во дворот, туку му излегла во пресрет и при неговиот пријателски поздрав го опсипала со порој тешки зборови. Нејзиниот напад бил остар, навредлив и полн со иронија: {ПП 708.7}

„Колку се прослави денес царот Израелов, разголувајќи се пред очите на слугинките од слугите свои, како што се разголува прост човек”. {ПП 708.8}

Давид чувствувал дека Михала всушност ја презира Божјата служба, па строго и одговорил: „Пред Господ (ќе играм; и благословен да е Господ), Кој ме одбра мене наместо твојот татко и целиот негов дом, поставувајќи ме за водач на народот Господов – Израел; пред Господ ќе свирам и ќе играм”. Кон Давидовиот укор се придружил и Господов укор: Поради својата гордост и дрскост, Михала немала деца сѐ додека била жива. {ПП 711.1}  

Свечените обреди за време на пренесувањето на ковчегот на заветот оставиле траен впечаток врз израелскиот народ, будејќи кај него подлабоко интересирање за службата во Светилиштето и повторно поттикнале кај него ревност за Јехова. Давид со сите средства што му стоеле на располагање настојувал тој впечаток да биде уште подлабок. Во богослужението како редовен составен дел на службата е внесена песна; Давид составувал псалми, наменети не само за свештениците во службата, туку и за народот при годишните свечености пред националниот олтар. На тој начин верското влијание станувало мошне далекусежно и придонесувало народот да се ослободи од идолопоклонството. Многу околни народи почнале поволно да мислат за израелскиот Бог кој за својот народ направил толку големи работи. {ПП 711.2}

Шаторот за состанок што го направил Мојсеј, со сето она што било неопходно во службата на Светилиштето, сè уште се наоѓал во Гаваја. Меѓутоа, Давид имал намера од Ерусалим да создаде верски центар. За себе изградил царска палата, па чувствувал дека не прилега ковчегот на заветот да остане во еден шатор. Затоа решил за него да изгради Храм кој со својот сјај ќе  сведочи колку Израелците знаат да ја ценат честа што им е укажана со тоа што Јехова со своето присуство постојано е со нив. Кога својата намера му ја изнел на пророкот Натан, овој со својот одговор уште и го охрабрил, велејќи: „Оди, прави сè што ти е на срце, зашто Господ е со тебе”. {ПП 711.3}

Но уште истата ноќ Господ му се јавил на Натана и му дал порака за царот. Царот бил лишен од предимството да му направи дом на Господа, но му било дадено уверување дека Божјата милост е со него, со неговото потомство и со израелското царство: „Вака вели Господ Саваот: ,Јас те зедов од овчото стадо за да бидеш водач на Мојот народ Израел;и секогаш бев со тебе, каде и да одеше, ги истребував пред твои очи сите твои непријатели, и ќе го возвеличам твоето име, како името на големите луѓе на земјата.Јас ќе одредам место за Мојот народ, за Израел, ќе го утврдам, и тој спокојно ќе живее на своето место и нема повеќе да се обеспокојува, и нечесните луѓе нема повеќе да го понижуваат, како порано”. {ПП 711.4}

Бидејќи Давид сакал да му изгради дом на Господа дадено му е ветување: „И Господ те известува дека Тој ќе ти подигне дом… Јас ќе го воздигнам по тебе твоето семе… Тој ќе изгради дом на името Мое, и Јас ќе го утврдам престолот на царството негово засекогаш”. {ПП 712.1}  

Дадена е и причината зошто Давид не требало да ѕида храм: „Ти си пролеал многу крв и си водел големи војни; ти не бива да градиш дом на името Мое…“ (1. Летописи 22:8). „Еве, ќе ти се роди син: тој ќе биде мирен човек; ќе му дадам спокојство од сите околни непријатели, затоа името негово ќе биде Соломон. Во неговите дни ќе му дадам на Израел мир и спокојство.Тој ќе изгради дом на името Мое” (1. Летописи 22:9,10). {ПП 712.2}

Иако не му била исполнета најголемата желба на неговото срце, Давид веста сепак ја примил со благодарност. „Кој сум јас, Господи Боже, и што е мојот дом, та толку ме подигна?Но и тоа се покажа малку во Твоите очи, Боже; Ти навестуваш за домот на Твојот слуга далечна иднина”. (1. Летописи 17:16,17). Тогаш Давид го обновил заветот со Господа. {ПП 712.3}

Давид знаел дека изведувањето на делото што го посакувал во своето срце би му донело чест на неговото име и слава на неговото владеење; но бил подготвен својата волја да ја стави под Божја вол ја. Таква помиреност со Божјата одлука, па уште и благодарност, ретко се среќаваат дури и меѓу Христијаните. Колку често луѓето со намалена животна сила сакаат да направат некое големо дело што го замислиле во своето срце, иако за таа работа се неспособни! Божјото провидение можеби им зборува, како што му го објаснил тоа пророкот на Давида, дека делото што тие толку топло сакаат да го извршат не им е наменето ним. Ним им припаѓа само подготовката на патот за друг што ќе дојде да го изведе. Но, наместо да го прифатат Божјиот план, мнозина отстапуваат, чувствувајќи се занемарени или отфрлени и, бидејќи не можат да го остварат она што го посакувале, тие не прават ништо. Мнозина, кои немаат многу сили, товарат на себе одговорности што не можат да ги носат и напразно се трудат да исполнат некоја задача за која не се способни, додека она што би можеле да го сторат, останува занемарено. И така, поради недостиг од соработка од нивна страна, многу важни работи остануваат недовршени или непочнати. {ПП 712.4}

Во својот завет со Јонатана, Давид ветил дека, откако ќе здивне од своите непријатели, ќе му укаже милост на Сауловиот дом. Во своите добри времиња царот си спомнал за тој завет, поставувајќи прашање: „Ако останал уште некој од Сауловиот дом, јас би му направил милост заради Јонатан”. Тогаш му го спомнале синот на Јонатана, Мефивостеја, кој уште од своето детство бил куц. Кога Филистејците го победиле Саула во Јизреелската долина, неговата доилка кога бегала го испуштила детето, па тоа останало сакато за цел живот. Давид тој млад човек го повикал на дворот и го примил великодушно. За издржување на семејството вратен му е приватниот имот на Саула, а тој како син на Јонатана бил постојан царев гостин и секојдневно јадел на царската трпеза. Давидовите непријатели со своите дошепнувања кај Мефивостеја создале силни предрасуди против Давида како грабач на израелскиот престол, но широкоградоста и пријателскиот прием на царот, како и постојаната добрина кон него, го задобиле срцето на младичот. Затоа му бил мошне предан на Давида и, слично на својот татко Јонатан, увидувал дека неговите интереси едновремено се и интереси на царот што го избрал Бог. {ПП 713.1}

По стапувањето на Давида на израелскиот престол, народот долго уживал мир. Околните народи, гледајќи  ја силата и слогата на Израел, сметале дека ќе биде попаметно ако се воздржат од секое непријателство, а ниту Давид не мислел на напади, зашто бил зафатен со средување и со обнова на своето царство. Најпосле сепак стапил во војна со старите израелски непријатели, со Филистејците и Моавците, ги победил и ги натерал да му плаќаат данок. {ПП 713.2}

Потоа е формиран голем сојуз на околните народи против Давида, што довело до најголеми војни и до најголеми победи во текот на неговото владеење и до исклучително зголемување на неговата моќ . Создавањето на непријателски сојуз, кој всушност 714 бил последица на љубомората кон сè поголемата моќ на Давида, не било предизвикано со никаква постапка од страна на Давида. Тој сојуз настанал под следните околности: {ПП 713.3}

Во Ерусалим стигнала вест дека умрел амонскиот цар, Нас, кој Давида пријателски го примил кога бегал пред бесот на Саула. За да ја покаже својата благодарност кон добрината што му е укажана кога се наоѓал во неволја, Давид преку гласници му пратил свои изрази на сочувство на Ануна, синот и наследникот на амонскиот цар Нахас. „И Давид рече: ‘Ќе покажам милост кон Анон, Нахасовиот син, за добрината што ми ја направи неговиот татко’”. {ПП 714.1}

Но неговата пријателска постапка била погрешно протолкувана. Амонците го мразеле вистинскиот Бог и биле огорчени непријатели на Израелците. Всушност привидното пријателство на Нас кон Давида било само омраза кон израелскиот цар Саул. Советниците на Ануна лошо ја протолкувале Давидовата порака. Тие му велеле: „Зар мислиш дека Давид од почит кон татко ти испратил кај тебе утешители? Да не ги испратил Давид слугите свои кај тебе за да го прегледаат градот и да видат во него сè и сешто, па да го разурнат?” Под влијание на своите советници, половина век пред тоа Нас поставил сурови услови кога опседнатите жители на Јавеш Галадов побарале примирје. Нас си барал право за себе на секого да му го ископа десното око. Амонците сè уште живо си спомнувале како израелскиот цар ја осуетил нивната свирепа намера и ги ослободил луѓето кои тие сакале да ги понижат и осакатат. Сè уште биле инспирирани со истата омраза кон Израелците. Тие не можеле да ги сфатат благородните чувства со кои дишела Давидовата порака. Кога сатаната ќе завладее со човечкиот дух, тогаш тој предизвикува омраза и сомневање кое погрешно ќе ги протолкува и најдобрите намери. Слушајќи  ги своите советници, Анун во Давидовите пратеници видел шпиони и ги опсипал со пцости и навреди. {ПП 714.2}   

На Амонците им било дозволено непречено да ги изведат лошите намери на своето срце со цел на Давида да му се открие нивниот вистински карактер. Не била Божја волја израелскиот народ да стапи во сојуз со тој незнабожечки народ. {ПП 714.3}

Во древните времиња, токму како и денес, службата на еден пратеник (амбасадор) е сметана за светиња. Благодарение на тој општ закон за сите народи, тие лично биле заштитени од секакво насилство или навреди. Бидејќи  пратеникот бил претставник на својот господар, секоја недостојна постапка кон него предизвикувала брза одмазда. Амонците знаеле дека Израелците ќе се одмаздат за навредата што им била нанесена, па се приготвиле за војна. „Кога Амонците видоа дека му станале омразни на Давид, тогаш Анон и Амонците испратија илјада кикари сребро, за да најмат коли и коњаници од Арам Нахараим и од Арамејците од Мааха и од Цова.И најмија триесет и две илјади коли… Се собраа и Амонците од градовите свои и излегоа на војна” (1. Летописи 19:6,7). {ПП 714.4}   

Всушност, тоа бил силен сојуз. Сите жители меѓу Еуфрат и Средоземното Море стапиле во сојуз со Амонците. На север и на исток од Ханан се наоѓале вооружени непријатели кои се здружиле да го уништат израелското царство. {ПП 715.1}

Евреите не чекале непријателите да им навлезат во земјата. Нивната војска, под водство на Јоава, преминала преку Јордан и се упатила кон престолнината на Амонците. Кога водачот на еврејската војска своите борци ги извел в поле, ги охрабрил пред битката со зборовите: „Биди храбар, и да стоиме цврсто за нашиот народ и за градовите на нашиот Бог, а Господ нека направи, како што Му е угодно” (1. Летописи 19:13). Обединетите сили на сојузниците биле совладани во првиот судир. Но тие сепак не отстапиле од борбата, туку идната година повторно завојувале. Сирискиот цар ја собрал својата војска и му се заканувал на Израел со огромна сила. Увидувајќи што сè зависи од исходот на таа борба, Давид лично излегол на боиштето и со Божји благослов толку страшно ги поразил сојузниците, што Сиријците од Ливан до Еуфрат, не само што отстапиле од војната, туку морале на Израелците да им плаќа ат и данок. Против Амонците Давид решил да војува сè додека нивните тврдини не паднале, и целата таа област потпаднала под власт на Израел. {ПП 715.2}

Опасностите што се заканувале целосно да го уништат Израел, по Божјо провидение станале само средства што го издигнале избраниот народ до големина каква што до тогаш ја немал. Во знак на сеќавање на тие чудесни ослободувања, Давид ја испеал следната песна: {ПП 715.3}

Да живее Господ, и нека е благословена Карпата Моја!

И нека се величи Бог на моето спасение.

Бог, Кој одмаздува за мене,

Кој ми ги покорува народите,

Избавител од моите гневни непријатели!

Ти ме возвиси над оние, што стануваат против мене,

И ме избави од насилникот.

Поради тоа Те славам пред народите, Господи,

И го воспевам името Твое;

Ти Кој му даваш величествени победи на царот Свој

И му правиш милост на Твојот помазаник Давид,

И на потомството негово – довека (Псалм 18:46-50). {ПП 715.4}

Во сите Давидови песни се истакнува пред народот дека Јехова е нивна сила и нивни ослободител. {ПП 716.1}

Не го спасува царот голема војска;

Голема сила ни јунакот нема да го спаси.

Несигурен е коњот за спасување,

Со големата сила своја не може да избави(Псалм 33:16,17). {ПП 716.2}

Боже, само Ти си цар мој и Бог мој,

Кој му извојува победа на Јаков.

Преку тебе ги одбивме непријателите,

Со Тебе, ги потиснавме нашите непријатели,

Зашто јас нема да се надевам на мојот лак

И мечот мој нема да ме спаси;

туку Ти нè спаси од непријателите наши

И ги посрами оние што нè мразат (Псалм 44:4-7). {ПП 716.3}

Едни – со коли, други – со коњи,

а ние со името на Господ, нашиот Бог, се фалиме (Псалм 20:7). {ПП 716.4}

Така израелското царство ја постигнало големината што му била ветена на Аврама и подоцна повторена на Мојсеја. „На потомството твое му ја давам оваа земја од реката во Египет до големата река Еуфрат” (Создавање 15:18; Второзаконие 11:22-25). Израелците станале силна нација што ја почитувале и од која се плашеле сите околни народи. Давидовата моќ во неговото царство била мошне голема. Тој, како ретко кој владетел, целосно ја добил довербата на својот народ. Го почитувал Бога и Бог го прославил. {ПП 716.5} Но среде благосостојбата демнела опасност. Во времето на својот најголем надворешен успех, Давид се нашол во најголема опасност – го доживеал својот најтежок пораз и своето најголемо понижување. {ПП 716.6}

Сподели го ова:

Слични објави