34. ДВАНАЕСЕТТЕ ИЗВИДНИЦИ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Броеви 13 и 14 глава

Единаесет дена по заминувањето од гората Хорив, Евреите се улогориле кај Кадис, во пустината Фаран, недалеку од границата на ветената земја. Тука народот предложил да се пратат извидници за да ја испитаат земјата. Мојсеј предлогот го изнел пред Господа и добил дозвола со упатство за таа цел да биде избран по еден старешина од секое племе. Луѓето се одбрани како што било заповедано и Мојсеј им рекол да одат и да видат како изгледа таа земја, каква е нејзината положба и природните предимства, какви луѓе живеат во неа, дали се слаби или јаки, дали се многубројни или се малку; освен тоа, да ја испитаат природата на земјата и нејзината плодност и да донесат плодови од таа земја. {ПП 387.1}

Извидниците отишле и ја прегледале целата земја, влегувајќи низ јужната граница и продолжувајќи кон северната. Се вратиле по четириесет дена. Израелскиот народ ги чекал со силно љубопитство, негувајќи големи надежи. Веста за враќањето на извидниците се пренела низ сите племиња и сите се израдувале. Сиот народ побрзал во пресрет на извидниците кои среќно ги избегнале опасностите на тој ризичен потфат. Извидниците донеле плодови кои сведочеле за плодноста на земјата. Било време на гроздобер, па зеле еден грозд кој бил толку голем што двајца го носеле на мотка преку рамо. Донеле и смокви и калинки, што успевале таму во изобилство. {ПП 387.2}

Народот се радувал што ќе му биде доделена таа прекрасна земја и додека Мојсеј го примал извештајот, внимателно слушале да не им побегне ниту еден збор. „Бевме во земјата, во која нè испрати; во неа навистина тече мед и млеко, и еве ги плодовите нејзини”. Народот бил одушевен и топло сакал да го послуша Господовиот глас. Веднаш да појдат и да ја заземат земјата! Но, откако ја опишале плодноста и убавината на земјата, сите извидници, освен двајца, почнале да ги изнесуваат опасностите и тешкотиите што ги чекаат Израелците доколку тргнат во освојување на хананската земја. Ги набројале силните народи што живееле во одделни делови на земјата и кажале дека градовите се опашани со силни и големи ѕидови, а дека во нив живее мошне силен народ, па би било неможно да се совлада. Раскажувале како виделе џинови, синовите Енакови, и дека е бесмислено и да се помислува да се освои таа земја. {ПП 387.3}

Тогаш целата сцена се изменила. Надежта и храброста се повлекле пред кукавичкиот очај додека извидниците ги изразувале чувствата на своите неверни срца, полни со обесхрабрување што го предизвикал сатаната. Нивното неверие фрлило мрачна сенка врз целиот народ и заборавена е моќната Божја сила која толку често се откривала за добро на неговиот одбран народ. Народот немал трпение ниту размислувал дека Оној, кој ги довел до тука, сигурно ќе ги одведе и во таа земја. Не си спомнувале како Бог со чудо ги ослободил од нивните угнетувачи, отворајќи пред нив пат низ морето и уништувајќи  ја фараоновата војска што ги гонела. Го потиснувале Бога на страна како сè да зависело од силата на нивното оружје. {ПП 388.1}

Во своето неверие помислувале дека и Божјата моќ има свои граници и немале веќе сигурност во Оној кој до тогаш ги водел. Така повторно паднале во истата грешка и се побуниле против Мојсеја и Арона. Велеле: „Тоа е крај на сите наши надежи”. „Значи, тоа е земјата заради која поминавме пат дури од Египет за да ја добиеме”. Ги обвинувале своите водачи дека го измамиле народот и му донеле несреќа на Израел. {ПП 388.2}

Народот, очаен и разочаран, бил неутешен. Незадоволниците почнале да се јадосуваат и да мрморат. Халев ја сфатил ситуацијата и, храбро истапувајќи во одбрана на Божјата реч, правел сѐ што можел да го ублажи лошото влијание на своите неверни другари. Народот за миг замолчил за да ги ислуша неговите охрабрувачки зборови за добрата земја. Тој не го побивал она што било кажано. Ѕидовите навистина биле високи а жителите на Ханан силни. Меѓутоа, Бог таа земја им ја ветил на Израелците. И Халев го смирил народот, велејќи: „Да појдеме и да ја преземеме, зашто можеме да ја покориме”. {ПП 388.3}

Но другите десетмина го прекинувале Халева и ги опишувале пречките во уште поцрна боја отколку порано: „Не можеме да одиме против тој народ, зашто е посилен од нас… и сите, што ги видовме на неа, се многу поголеми.И таму видовме огромни луѓе од потомците на родот Анаков; ние изгледавме пред нив како скакулци; такви бевме и во нивните очи”. {ПП 388.4}

Бидејќи еднаш веќе  тргнале по погрешен пат, тие луѓе тврдоглаво продолжиле да им се противат на Халева, на Исуса Навина, на Мојсеја и на Бога. Секоја натамошна постапка ги правела само уште порешителни. Биле решени да обесхрабрат секого и да осуетат секој напор вложен да се заземе Ханан. Ја искривоколчувале вистината за да го засилат своето кобно влијание. Велеле: „Земјата што ја изодивме, за да ја разгледаме, е земја, која ги голта своите жители”. Тој извештај бил не само негативен, туку и лажен, недоследен противречен. Извидниците известиле дека земјата е плодна и богата, дека луѓето биле џинови. Секако, сето тоа не би било можно кога климата би била толку неповолна за да може да се каже дека „ги голта своите жители”. Но кога луѓето еднаш ќе паднат во неверство, тие се ставаат под сатанска власт и никој не може да предвиди до каде тој ќе  ги одведе. {ПП 389.1}   

„Тогаш целиот народ почна да вика и плачеше (целата) онаа ноќ”. Набргу се појавило незадоволство и настанал отворен бунт. Сатана  та имал целосна власт и се чинело дека народот го загубил разумот. Ги проколнувале Мојсеја и Арона, заборавајќи дека Бог ги слуша нивните лоши зборови и дека страшните изливи на нивниот бес ги гледа Ангелот обвиен во облак. Полни со горчина, викале: „О, да бевме умреле во египетската земја, или да бевме изумреле во оваа пустина”. А потоа станале и против Бога, велејќи: „И зошто Господ нè води во таа земја, за да паднеме во борба! Жените наши и децата наши ќе станат плен; не е ли подобро да се вратиме во Египет?” Така го обвинувале не само Мојсеја, тука и Бога што ги прелагал ветувајќи им земја што не ќе можат да ја освојат. Во тоа оделе толку далеку што одбрале дури и старешина кој ќе ги врати во земјата на страдањето и робувањето од која ги избавила силната рака на Семожниот. {ПП 389.2}  

Со болка и понизност „Мојсеј и Арон паднаа ничкум пред целото општество на синовите израелски”, не знаејќи што би требало да сторат за да ги одвратат од нивните пренаглени и неразумни намери. Халев и Исус Навин се труделе да го стивнат бунтот. Со болка и во очај ја искинале својата облека и стапиле меѓу народот. Нивниот силен глас јасно го надвивал болното јадосување и мрморење на бунтот: „Земјата, што ја изодивме, за да ја разгледаме, е многу, многу добра.Ако Господ нè сака, ќе нè воведе во неа и ќе ни ја даде – таа земја, каде што тече мед и млеко;само не бунтувајте се против Господ и не плашете се од народот на таа земја: тој е мал залак за нас; тие немаат заштита, а со нас е Господ; не плашете се од нив”. {ПП 389.3}

Хананците со своите грешни дела ја наполниле чашата на беззаконието и Бог не можел веќе да ги трпи. Бидејќи ги лишил од својата заштита, лесно можеле да станат плен. Благодарение на Божјиот завет, Израелците морале да бидат сигурни дека земјата е нивна. Но тие ги прифатиле лажните извештаи на неверните извидници, па целиот народ бил измамен. Предавниците ја завршиле својата работа. Кога само двајца би донеле лоши извештаи а десетмина би ги Храбреле да ја освојат земјата во Божјо име, тие сепак, поради своето неверство, побргу би го прифатиле извештајот на тие двајца отколку на десеттемина. Меѓутоа, само двајца се зазеле за вистината, додека другите десетмина застанале на страна на бунтовниците. {ПП 390.1}

Неверните извидници гласно ги проколнувале Халева и Исуса Навина, па дури се подигнал глас дека треба да се каменуваат. Збеснетата толпа грабнала камење да ги убијат овие верни луѓе. Како избезумени се устремиле со лудачки викот, но наеднаш, камењето им испаднале од рацете. Сите замолкнале, тресејќи  се од страв. Бог се вмешал да ги спречи нивните убиствени намери. Неговото присуство како блесок на молња го осветлило шаторот за состанок. Сиот народ го видел Божјиот знак. Им се открил Некој кој е посилен од нив и никој не се осмелувал и понатаму да дава отпор. Другите извидници кои донеле лоши извештаи, престрашени, се повлекле во своите шатори. {ПП 390.2}

Тогаш Мојсеј се дигнал и влегол во Светилиштето. Господ му рекол за народот: „Ќе го казнам со смрт, ќе го уништам, и ќе создадам од тебе (и од домот на твојот татко) народ помногуброен и посилен од овој”. Но Мојсеј и во оваа пригода се зазел за својот народ. Не можел да дозволи тие да бидат уништени, а тој сам да стане татко на друг и посилен народ. Повикувајќи се на Божјата милост, преколнувал: „И така, нека се возвеличи силата Твоја, Господи, како што рече, велејќи:‘Господ е долготрпелив и многумилостив (и вистинит), Кој ги простува беззаконијата и престапите (и гревовите), и не остава без казна, туку за беззаконијата на предците ги казнува потомците дури до третото и четвртото колено.’ Прости им го гревот на овие луѓе поради Твојата преголема милосрдност, како што си му простувал на овој народ од Египет до тука”. {ПП 390.3}

Господ ветил дека ќе го поштеди Израел, дека нема веднаш да го уништи; но поради нивното неверство и страшливост, не можел да ја покаже својата сила и да им ги покори нивните непријатели. Затоа во својата милост им наложил да се упатат кон Црвеното Море како единствен сигурен пат. {ПП 391.1}

Бунејќи се, народот викал: „О, да бевме умреле во египетската земја, или да бевме изумреле во оваа пустина?” Сега требало да се задоволи таа нивна молба. Господ им рекол: „Како што вие Ми говоревте во ушите Мои, така ќе ви направам и Јас вам;во оваа пустина ќе паднат телата ваши, и сите вие преброени, колку што сте на број, од дваесет години и нагоре, што се буните против Мене,нема да влезете во земјата… децата ваши, за кои велевте дека ќе станат плен, ќе ги воведам таму, и тие ќе ја познаат земјата, што вие ја презревте”. А за Халева рекол: „Но Мојот слуга Халев, поради тоа што во него имаше друг дух, и затоа што Ми беше наполно верен, него ќе го воведам во земјата, во која тој отиде, и неговото потомство ќе ја наследи”. И, како извидниците што поминале четириесет дена на својот пат, така израелските племиња морале да талкаат низ пустината четириесет години. {ПП 391.2}

Кога Мојсеј го запознал народот со Божјата одлука, нивниот бес се претворил во тага. Знаеле дека заслужиле казна. Десеттемина неверни извидници веднаш се казнети со помор пред очите на цел Израел, а во нивната гибел народот ја читал својата пресуда. {ПП 391.3}

Се чинело како навистина да се покајале за своето грешно однесување; меѓутоа, повеќе жалеле поради последиците на своите лоши постапки, а не затоа што биле свесни за својата неблагодарност и непослушност. Кога виделе дека Господ нема да попушти во својата одлука, повторно кај нив се јавило самоволие, па изјавиле дека нема да се вратат во пустината. Со тоа што им наредил да се повлечат и да се оддалечат од земјата на своите непријатели, Бог ја проверувал нивната привидна преданост и им покажал дека не биле исправни. Знаеле дека тешко се огрешиле паѓајќи во неразумен бес и желба да ги убијат извидниците кои ги повикувале на покорност кон Бога. Меѓутоа, тие биле само заплашени, увидувајќи  дека сториле кобна грешка чиишто последици за нив ќе бидат мошне погубни. Срцата пак им останале неизменети и им бил потребен само некаков повод, па пак да сторат слично зло. А таа можност им се дала кога Мојсеј, во име на Божјиот авторитет, им наложил пак да се вратат во пустината. {ПП 391.4}

Одлуката Израелците четириесет години да не влезат во Ханан претставувала горко разочарување и за Мојсеја и Арона, за Халева и Исуса Навина. Сепак, тие Божјата одлука ја прифатиле без мрморење. Но оние што се жалеле против Божјото постапување со нив и кои велеле дека ќе се вратат во Египет, многу плачеле и се јадосувале кога им биле скусени благословите што до тогаш ги презирале. Порано се жалеле за безначајни работи, а сега Бог им дал причина за плачење. Да плачеле заради својот грев, кој верно им бил предочен, не би била изречена ваква осуда. Меѓутоа, тие плачеле само поради казната. Нивната болка не одразувала каење, па и не можела да ја избегне пресудата. {ПП 392.1}

Цела ноќ поминале во јадосување, а изутрината добиле нова надеж. Решиле да го искупат својот кукавичлук. Кога Бог им наредил да одат и да ја земат земјата, не послушале, а сега, кога им наредил да се повлечат, пак се бунеле. Решиле да преминат во напад и со сила да ја освојат земјата; можеби Бог ќе ги прифати нивните напори, а потоа ќе ја измени и својата намера во врска со нив. {ПП 392.2}

Бог им дал предимство и должност да влезат во земјата кога Тој ќе  одреди, но таа дозвола била повлечена поради нивното самоволие и немарност. Сатаната ја постигнал својата цел спречувајќи ги да влезат во хананската земја; сега, во врска со Божјата наредба, ги поттикнувал да го сторат токму она што одбивале да го сторат тогаш кога Бог го барал тоа. Така големиот измамник успеал и по вторпат да ги победи наведувајќи ги на непослушност. Кога требало да се заземе хананската земја, не верувале дека ќе им се придружи Божјата сила, а сега имале намера без Божја помош, со сопствена сила, да ја постигнат целта. „Згрешивме пред Господ (нашиот Бог); ќе одиме и ќе се бориме како што ни беше заповедал Господ, Бог наш” (Второзаконие 1:41). Престапот страшно ги заслепил. „Ќе одиме и ќе се бориме”, викале тие; но Господ никогаш не им наложил да прават така. Негова намера не била тие таа земја да ја заземат со војна, туку со строга послушност кон неговите заповеди. {ПП 392.3}

Иако срцата им останале неизменети, народот сепак бил наведен да ја признае својата грешка и лудоста на својот бунт кога се вратиле извидниците. Дури сега ја увидувале вредноста на благословите што премногу бргу ги отфрлиле. Признале дека од Ханан ги исклучило нивното сопствено неверство. „Згрешивме пред Господ!” – Со тоа признале дека кривицата е кај нив, а не кај Бога на кого толку неправедно му префрлале дека не им го исполнил даденото ветување. Иако нивното признавање не произлегувало од вистинско покајание, тоа сепак придонело да се сфати оправданоста на Божјиот став во врска со нив. {ПП 392.4} 

Господ и денеска постапува на сличен начин за да го прослави своето име така што луѓето ќе ги наведе да ја признаат неговата правда. Оние што тврдат дека го љубат Бога, а се жалат на неговото провидение, ги презираат неговите ветувања. Тие им подлегнуваат на искушенијата и се соединуваат со лошите ангели за да ги попречуваат Божјите планови. Тогаш Господ така ги насочува настаните, за грешните луѓе, иако можеби не чувствуваат вистинско каење, да се почувствуваат присилени да го признаат својот грев и безбожноста на своите постапки, но и Божјата праведност и добрина во неговото постапување кон нив. На тој начин Бог дејствува за да ги разоткрие делата на темнината. Дури и ако духот што ги водел во лоши постапки не е коренито изменет, сепак настапува признавање што ќе ја сочува Божјата чест и ќе ги оправда оние кои совесно го осудуваат гревот, без оглед на тоа што ќе  мораат да поднесат и противење и клеветење. Така ќе биде и кога ќе настапи конечното излевање на Божјиот гнев, кога Господ ќе дојде „со илјадници Свои свети ангели,за да изврши суд над сите и за да ги разобличи сите безбожници за сите нивни нечисти дела” (Јуда 14 и 15 стих). Секој грешник ќе биде наведен да ја увиди и да ја признае праведноста на осудата што му е изречена. {ПП 393.1} 

Не осврнувајќи се на Божјата заповед, Израелците се приготвувале Ханан да го освојат со војна. Опремени со оклопи и со воено оружје, сметале дека се наполно подготвени за борба, но во Божјите очи и во очите на неговите ожалостени слуги изгледале мошне бедно. Речиси четириесет години подоцна, кога Бог им наредил на Израелците да станат и да го освојат Ерихон, ветил дека Тој ќе оди со нив. Пред нивните чети е носен ковчегот со заповедите. Бог ги именувал водачите кои под негов надзор требало да управуваат со нивното движење. Под такво водство ништо не можело да им наштети. Но сега, наспроти Божјата наредба и сериозните забрани од нивните водачи, тие пошле во пресрет на непријателската војска без ковчегот на заветот и без Мојсеја. {ПП 393.2}

Трубата затрубила за тревога и Мојсеј побрзал по нив да ги предупреди: „Зошто ја пренебрегнувате заповедта Господова? Нема да успеете:не одете горе, бидејќи Господ не е меѓу вас; и ќе паднете од непријателите ваши,зашто таму пред нас се Амаликијците и Хананците, и ќе паднете од нож, зашто не Му се покоривте на Господ, и Господ нема да биде со вас”. {ПП 393.3}

Хананците слушнале за таинствената сила која се чинело дека го штитела тој народ, како и за чудата што се случувале заради нив, па затоа собрале голема војска за да им се спротивстават на освојувачите. Напаѓачката војска немала водач. Дури и не се помолиле Бог да им даде победа. Пошле во битка со очајна одлука да ја изменат својата судбина или во борбата да загинат. Иако невешти за војување, тоа било големо мноштво вооружени луѓе, па се надевале дека со ненадеен и жесток напад ќе  совладаат секој отпор. Дрско го предизвикувале непријателот кој не се осмелувал да ги нападне. {ПП 394.1}

Хананците се распоредиле на една карпеста висорамнина кон која тешко можело да се пристапи и тоа само по стрмни и опасни падини. Огромниот број Евреи можел да придонесе само кон тоа нивниот пораз да биде уште пострашен. Полека се искачувале по стрмните планински прооди, изложени на смртоносните истрели на непријателот кој се наоѓал над нив. Огромни карпи се тркалале надолу и зад себе оставале крвави траги на смачкани луѓе. Оние што стигнале до врвот, биле толку изморени, што веднаш биле одбиени со големи загуби. Бојното поле било прекриено со трупови; израелската војска била потполно уништена. Пропаст и смрт – тоа биле последиците на овој бунтовен експеримент. {ПП 394.2} Најпосле, принудени да се понизат, преживеаните повторно дошле и „почнавте да плачете пред Господ, но Господ не го чу плачот ваш и не ве послуша” (Второзаконие 1:45). Охрабрени со сјајната победа, непријателите на Израел, кои порано со страв и трепет го очекувале приближувањето на силната војска, биле решени повторно да им се спротивстават. Сè што се зборувало за чудесата што ги сторил Господ за својот народ, сега се сметани за невистина и чувствувале дека немаат веќе причина за страв. Овој прв пораз на Израелците ги инспирирал Хананците со храброст и решителност што во значителна мера ги зголемило тешкотиите околу освојувањето на земјата. На Израелците не им преостанало ништо друго освен пред очите на своите победнички расположени непријатели да се повлечат што подлабоко во пустината, свесни дека таа ќе биде гробница за цело едно поколение. {ПП 394.3}

Сподели го ова:

Слични објави