52. ГОДИШНИ ПРАЗНИЦИ
Оваа глава е заснована на Левитска 23 глава
Три пати годишно се собирал сиот израелски народ во Светилиштето на богослужение (Левитска 23:14-16). Едно време тие состаноци се одржувале во Силом. Подоцна Ерусалим станал центар на националното богослужение и тука се собирале сите племиња на годишните празници. {ПП 537.1}
Народот бил опкружен со припадници на диви воинствени племиња кои одвај чекале да се доберат до нивната земја; а сепак било наредено сите за војна способни луѓе и сиот народ што можел да патува, три пати годишно да го напуштат своето родно место и да се упатат на местото одредено за собор што се наоѓало близу до центарот на целата земја. Што можело да ги спречи нивните непријатели да ги нападнат нивните незаштитени домови и да ги опустошат со оган и меч? Што можело да ја сочува земјата од упад на некои непријатели кои Израелците би можеле да ги сторат робови? Бог ветил дека Тој ќе биде заштитник на својот народ. „Ангел Господов се улогорува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува” (Псалм 34:7). Додека Израелците биле на богослужение, Божјата сила ги зауздувала нивните непријатели. Бог дал ветување: „Зашто Јас ќе ги истерам народите од пред тебе, и ќе ги проширам границите твои, и никој нема да се полакоми по земјата твоја, ако се јавуваш пред лицето на Господ, твојот Бог, трипати во годината” (Излез 34:24). {ПП 537.2}
Првиот од тие празници, Пасха, или празник на пресни лебови, бил во авив, прв месец на еврејската година што се совпаѓа со крајот на март и почетокот на април. Зимата во тоа време веќе поминала а и силните дождови престанале, па сета природа се радувала во свежината и убавината на пролетта. По падинките се зеленеела трева и насекаде ливадите и полињата ги красело полско цвеќе. Месечината, која во тоа време била речиси полна, со својата светлина ноќите ги правела волшебни и вечерните часови вистинско уживање. Тоа толку прекрасно годишно време светиот поет го опишал на следниот начин: {ПП 537.3}
„Еве, зимата веќе мина,
Дождот го снема, престана веќе.
Цвеќиња се појавија по земјата;
Настана време за песни,
И гласот на гугутката се слуша во земјата наша.
Смоквите ги отворија пупките свои,
И расцутените лози пријатно мирисаат” (Песна над песните 2:11-13). {ПП 538.1}
По сета земја, патувајќи во Ерусалим, се слевале групи поклоници. Пастирите од своите стада, сточарите од планините, рибарите од Галилејското Езеро, земјоделците од своите полиња и пророчките синови од своите свети школи – сите се упатувале кон местото каде што Бог го откривал своето присуство. Растојанијата што ги поминувале дневно биле куси, зашто мнозина оделе пеш. Кон карваните постојано се слевале нови групи, па пред влезот во светиот град тие често станувале мошне големи. {ПП 538.2}
Веселоста на природата будела радост во срцата на Израелците и ги упатувала на благодарност кон Дародавецот на сите добра. Тогаш се пееле големите еврејски псалми во кои се извишуваат славата и величеството на Јехова. На знак на определена труба и во придружба на музички инструменти, од стотици грла почнувала да се ори песна на благодарност: {ПП 538.3}
„Се зарадував кога ми рекоа:
Да одиме во домот Господов!
Ете, нозете наши стојат во твоите дворови, Ерусалиме…
Таму се искачуваат племињата, Господовите племиња…
за да се слави името Господово…
Молете се за мир во Ерусалим!
и нека им биде добро на оние, кои те сакаат” (Псалм 122:1-6). {ПП 538.4}
Забележувајќи ги околу себе ритчињата („височините”) на кои незнабошците имале обичај да потпалуваат оган на своите олтари, синовите Израелови запеале: {ПП 538.5}
„Ги кренав очите кон горите:
Од каде помош ќе ми пристигне?
Мојата помош е од Господ,
Кој ги создаде небото и Земјата” {ПП 538.6}
„Кои се надеваат во Господ
Тие се како гората Сион:
Нема да се поколеба, ќе живее вечно.
Околу Ерусалим има гори,
а Господ е околу својот народ отсега и засекогаш” (Псалм 125:1,2). {ПП 538.7}
Кога се искачиле на височинките од кои се гледал светиот град, со света страхопочит го гледале мноштвото што одело на богослужение како се приближува кон храмот. Го забележувале и димот од темјанот како се издигнувал од Светилиштето, а кога ќе ги слушнеле трубите со кои Левитите ја најавувале светата служба, би ги обзело одушевувањето на тој свечен миг па би запеале: {ПП 539.1}
„Голем е Господ и многу фален
Во градот на нашиот Бог, на Својата света гора.
Прекрасна возвишеност,
Радост на целата земја е гората Сион;
На северната страна нејзина е
градот на големиот Цар“. (Псалм 48:1,2). {ПП 539.1}
„Нека има мир околу ѕидовите твои,
И спокојство во твоите дворови”.
„Отворете ги за мене портите на правдата,
Да влезам и на Господа да му заблагодарам”.
„Тоа што му го ветив на Господа,
Пред сиот негов народ ќе го исполнам,
Во дворот на домот Господов,
Среде тебе Ерусалиме, слава на Господа” (Псалм 122:7; 118:19; 116:18,19). {ПП 539.3}
На поклониците во Ерусалим им биле отворени сите куќи и на сите бесплатно им се давани преноќишта. Но сепак, тоа не било доволно за толку големиот собир, па биле подигани шатори секаде каде што било можно во градот, па дури и по околните ритчиња. {ПП 539.4}
Четиринаесеттиот ден тој месец навечер празнувана е Пасха, чијашто свечена и убедлива церемонија го овековечила споменот на ослободувањето од ропство во Египет и однапред укажувала на жртвата што требало да ги ослободи од робувањето на гревот. Кога Спасителот го жртвувал својот живот на Голгота, значењето на Пасха се загубило, а воведен е обредот Вечера Господова како спомен на истиот оној настан на кој симболично укажувала Пасха. {ПП 539.5}
По празникот Пасха следел седумдневен празник на пресни лебови. Првиот и седмиот ден се одржувани свети собори и тогаш не смеело да се работи никаква тешка физичка работа. Вториот ден на празникот пред Господа се донесувани првите плодови на жетвата. Во Палестина прво жито бил јачменот кој дозревал токму во првите денови на празникот. Свештениците пред Божјиот олтар би го обрнувале првиот сноп на житото за да се покаже дека сè му припаѓа на Бога. Дури кога била завршена таа церемонија, можела да почне жетвата. {ПП 539.6}
Педесет дена по принесувањето на првите плодови настапувал празникот Педесетница, кој уште се викал и празник на жетвата или празник на седмиците. Во знак на благодарност за храната што се добива од житото, на Господа му се принесувани два леба испечени од тесто приготвено со квасец. Празникот Педесетница траел само еден ден и бил посветен на богослужение. {ПП 540.1}
Седмиот месец бил празникот Сеници кој се викал празник на бербата. Со овој празник на Бога му се оддавала благодарност и признание за обилниот род на овошките, лозјата и маслинките. Тогаш бил и најголемиот годишен народен собор. Земјата го давала своето изобилство. Жетвата била собрана во амбарите; овошјето, виното и маслото биле сместени на своето место. Првите плодови биле принесени и сега бил ред народот со своите дарови да ја изрази и да ја посведочи својата благодарност кон Бога што толку обилно ги благословил. {ПП 540.2}
Овој празник, пред сè, требало да претставува повод за голема радост. Настапувал токму по големиот Ден на помирување, кога им е дадено сигурно ветување дека нивните гревови нема веќе ниту да се споменуваат. Измирени со Бога, сега излегувале пред него за да го изразат своето признание за неговата добрина и да го слават за неговата милост. Бидејќи работите околу жетвата биле завршени, а тешкотиите на новата година уште не почнале, народот бил слободен од грижите и можел да ужива во свеченото и освежувачко влијание на мигот. Иако само на татковците и синовите им било наредено да се појават на свеченоста, сепак – доколку било можно – ним им се придружувале и сите членови на семејството, а од гостољубие биле повикувани дури и слугите, Левитите, странците и сиромасите. {ПП 540.3}
И Пасха и Сеници биле спомен празници или сеќавање на одделни настани од минатото. За да се потсети на патничкиот живот на своите предци во пустината, тогаш народот ги напуштал своите домови и живеел под шатори или сеници направени од зелени гранки „од убави дрвја, и гранки од палми, и гранки од широколисни дрвја како и од врби” (Левитска 23:40,42,43). {ПП 540.4}
Првиот ден од празникот бил свет собор, а потоа кон седумдневното славје е додаден и осмиот ден кој е празнуван на ист начин како и првиот со одржување на свет собор. {ПП 540.5}
На тие годишни собири и младите и старите биле повикувани да му служат на Бога, додека дружењето на луѓето од различни краишта на земјата ги засилувало врските што ги поврзувале меѓусебно и со Бога. Добро би било и Божјиот народ денеска да го одржува празникот Сеници – радосен спомен на Божјите благослови. Слично на синовите Израелови што си спомнувале како Бог ги ослободил нивните татковци и како чудесно ги чувал за време на патувањето од Египет, така и ние со благодарност треба да си споменуваме за различните патишта по кои Тој во своето провидение нè извел од темнината на заблудите и нè довел во прекрасната светлина на својата милост и вистина. {ПП 540.6}
Оние што живееле далеку од Светилиштето, секоја година морале да поминат повеќе од еден месец на годишните празнични свечености. Тој пример на преданост кон Бога треба и кај нас да ја засили свеста за важноста на богослужението и потребата нашите земни и себични интереси и желби да ги ставиме зад духовните и вечни интереси. Ние многу губиме кога ја занемаруваме предноста меѓусебно да се дружиме, да се храбриме и засилуваме во службата на Бога. Во тој случај нашата свест ја губи способноста вистините на неговата Реч да ги согледа јасно и потполно да го сфати нивното вистинско значење. Го нема веќе светото влијание кое го просветлува и го оживува нашето срце, и затоа духовно сме слаби. Многу губиме кога во нашите Христијански односи не покажуваме доволно сочувство и љубов. Оној што се повлекува во себе не ја исполнува должноста што му ја доделил Бог. Сите ние сме деца на ист небесен Татко и, што се однесува до нашата среќа, ние зависиме еден од друг. Врз нас полагаат право и Бог и луѓето. Само ако правилно ги негуваме факторите што ги регулираат општествените односи, ќе бидеме на благослов и себеси и на другите. {ПП 541.1}
Празникот Сеници не бил само спомен, туку имал и симболично значење. Тој не само што потсетувал на престојувањето во пустината, туку како празник на жетвата, бидејќи со него се прославувало собирањето на земните плодови, укажувал на последниот ден на конечната жетва, кога Господарот од жетвата ќе ги прати своите жетвари каколот да го врзат во снопови и да го спалат, а пченицата да ја сместат во неговите амбари. Во тоа време сите безбожници ќе бидат уништени „и ќе бидат како никогаш да не биле” (Авдија 16). А сите гласови во целата вселена ќе се соединат радосно да го слават Бога. Писателот на Откровението кажува: „И секое создание на небото и на земјата, под земјата и во морето, и сè што е во нив, чув како зборува: „На Оној Кој седи на престолот, и на Јагнето – благослов и чест, слава и владеење во сите векови!” (Откровение 5:13). {ПП 541.2}
На празникот Сеници Израелците го славеле Бога спомнувајќи и за неговата милост за време на нивното ослободување од Египет и за неговата нежна грижа за нив во текот на нивното талкање низ пустината. Се радувале и затоа што знаеле дека гревовите им се простени бидејќи токму тие денови ја завршиле службата на помирување. Меѓутоа, кога откупените ќе се соберат во небесниот Ханан, ќе се радуваат со неискажлива радост и слава што засекогаш се ослободиле од ропството на гревот под кое „целото создание заедно со нас стенка како во породилни болки” (Римјаните 8:22). Тогаш големото Христово дело на помирување за луѓето ќе биде завршено, а нивните гревови засекогаш уништени. {ПП 542.1}
„Ќе се развесели пустината и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин;прекрасно ќе цути и ќе се радува, ќе ликува и ќе се весели; славата на Ливан ќе му се даде, великолепието – на Кармил и Сарон; тие ќе ја видат славата на Господ, величината на нашиот Бог”. {ПП 542.2}
„Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се одзатнат;тогаш куциот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее; зашто води ќе бликнат во пустината, и потоци – во степите.И горливиот песок ќе се претвори во езеро, а жедната земја – во водни извори; во живеалиштето на чакалите, каде што тие се одмараат – ќе стане место за трска и рогозина.И таму ќе има друм, и патот по него ќе се нарече Свет Пат; нечистиот нема да оди по него; тој ќе биде само за светите; оние што одат по тој пат, дури и неискусните – нема да се загубат.Лав нема да има таму, и лута ѕверка нема да се качува по него; тие нема да се најдат таму, само откупените ќе одат таму. {ПП 542.3} „Ќе се вратат избавените од Господ, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава; тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе си заминат” (Исаија 35:1,2,5-10). {ПП 542.4}