6. СИТ И ЕНОХ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Создавање 4:25 – 6:2

Адам добил уште еден син кој требало да биде наследник на божественото ветување, законит наследник на духовното право по раѓање. Името Сит дадено на овој син, значело „именуван” или „дополнителен”, „зашто” рекла мајка му „Господ ми даде син место Авел, кого го уби Каин”. Сит по раст бил повисок и поелегантен од Каина и Авела и личел на Адама многу повеќе отколку неговите постари синови. Имал примерен карактер и ги следел стапките на Авела, иако по природа не наследил никакви подобри особини од оние што можел да ги има и Каин. Во врска со создавањето на Адама стои напишано: „Бог го создаде човекот според образот Свој”; меѓутоа, човекот по паѓањето „роди син според подобието негово”. Додека Адам бил создаден безгрешен, според Божјиот лик, Сит, како и неговиот брат Каин, ја наследил грешната природа на своите родители, зашто бил нивна лика. Но тој исто така примил и знаење за Искупителот и поуки за праведноста. Благодарение на божествената милост, можел да му служи на Господа и да го почитува, а се трудел, како што би правел и Авел да бил жив, луѓето наклонети кон грев да ги врати на послушност и на почит кон својот Творец. {ПП 80.1}

„На Сит му се роди син, кого го нарече Енох. Тогаш почна да се призовува името Господово”. Верните и до тогаш му се молеле на Бога, но кога луѓето почнале да се намножуваат, разликата меѓу тие две групи станувала сѐ поочигледна. На една страна било отворено исповедање на преданост кон Бога, а на друга отворен презир и непослушност. {ПП 80.2}

Пред да паднат во грев, нашите прародители празнувале сабота која била воспоставена уште во Едем, и продолжиле да ја празнуваат и кога биле истерани од Едем. Тие ги вкусиле горчливите плодови на непослушноста и го научиле она што порано или подоцна мора да го научи секој престапник на Божјиот закон – дека божествените прописи се свети и непроменливи и дека казната за престапот е неизбежна. Сите Адамови деца што му останале предани на Бога празнувале сабота. Само Каин и неговите потомци не го почитувале денот во кој се одморал Бог. Тие одбрале свое време за работа и за одмор, не осврнувајќи се на изричната заповед на Јехова. {ПП 80.3}

Веднаш по проклетството што го изрекол Бог над него, Каин се повлекол од семејството на својот татко. Од почеток се занимавал со земјоделие, а сега засновал град кој подоцна го нарекол со името на својот најстар син. Се оддалечувал од местото каде што се покажувало Божјото присуство и го отфрлил ветувањето дека Едем повторно ќе му биде вратен на човекот, настојувајќи свое задоволство и уживање да најде на оваа земја што лежела под проклетство на гревот. На тој начин се ставил на чело на онаа голема група, на огромно мнозинство луѓе што му се клањаат на богот на овој свет. Во стекнувањето на сѐ поголемо земно и материјално богатство неговите потомци биле мошне истакнати. Но за Бога воопшто не им било грижа, туку ги попречувале неговите планови во постапувањето со луѓето. Кон злосторството убиството на кое Каин му го отворил патот, неговиот петти потомок, Ламех додал уште и многуженство и со пркосно расфрлање го признавал Бога, но само затоа што Каин бил поштеден од одмазда, во која и самиот тој наоѓал гаранција за својата сопствена безбедност. Авел живеел пастирски живот, живеејќи под шатори или под сеници, па и потомците на Сит го следеле неговиот пример, „признавајќи дека се гости и придојдени” и дека сакаат „подобра, односно небесна татковина” (Евреите 11:13,16). {ПП 81.1}

Извесно време овие две групи меѓусебно не се мешале. Ширејќи се од своето првобитно родно место, потомците на Каина почнале да се населуваат по рамнините и долините каде што живееле синовите на Сит; и овие подоцна, за да се сочуваат од порочното влијание на неверниците, се повлекле во планините и продолжиле таму да живеат. Додека биле изделени, почитувањето на Бога било чисто. Меѓутоа, како времето поминувало тие, малку по малку, почнале да се мешаат со жителите на рамничарските предели. Тоа дружење имало мошне лоши последици. „Синовите Божји (потомците на Сит), видоа дека ќерките човечки се убави (Каиновите)”. Синовите на Сит, привлечени од убавината на ќерките на Каиновите потомци, почнале да склучуваат брачни врски со нив, а тоа на Господа не му било мило. Мнозина од оние што го почитувале Бога подлегнале во привлечното искушение кое постојано им било пред очи, загазиле во грев и го загубиле својот посебен свет карактер. Мешајќи се со расипаните, се изедначиле со нив во сфаќањата и делата. Без оглед на ограничувањата што ги налага седмата заповед, „земаа за жени кого што сакаа”. Така синовите на Сит „тргнаа по Каиновиот пат” (Јуда 11), и своите мисли ги насочија кон земните успеси и уживања, занемарувајќи ги Господовите заповеди. „Зашто, кога Го познаа Бога, тие не Го прославија како Бог, ниту пак, Му благодарија, туку се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи… затоа Бог ги предаде на нивниот изопачен ум – да го прават она што не прилега” (Римјаните 1:21,28). Гревот се ширел на земјата како смртоносна лепра. {ПП 81.2}

Речиси илјада години Адам живеел меѓу луѓето како сведок на последиците што ги носи гревот со себе. Верно се залагал да ја запре плимата на злото. Му била доделена должност своето потомство да го упатува на Господовиот пат и тој верно го чувал она што му го открил Бог и истото им го повторувал на генерациите што настапувале. На своите деца и на децата на своите деца до деветто поколение, им ја опишувал светата и среќна состојба и животот во рајот и им ја повторувал историјата за својот пад, раскажувајќи им за страдањата со чија помош Бог го научил дека е неопходно неговиот закон строго и верно да се почитува, и им ја објаснил милосливата Божја грижа за нивното спасение. Па сепак, малку имало такви кои се осврнувале на неговите зборови. Често морал да поднесува горчливи прекори и префрлања поради гревот кој на неговото потомство му донел толку многу страдања и неволји. {ПП 82.1}

Животот на Адама бил скршен, исполнет со болки и со каење. Кога го напуштил Едем, помислата дека мора да умре го исполнувала со страв и ужас. Стварноста на смртта првпат ја запознал во човечкото семејство кога неговиот син првенец, Каин, го убил својот брат. Обземен со болна грижа на совеста поради сопствениот грев и со двојната загуба со смртта на Авела и со отфрлањето на Каина Адам бил наполно столчен со тага. Со свои очи гледал како расипаноста се шири на сите страни и сѐ повеќе ја забрзува пропаста на светот која најпосле и дошла во вид на потоп. Што се однесува до смртната пресуда што му ја изрекол Творецот и која во почетокот му изгледала толку страшна, по речиси илјада години, кога со свои очи морал да ги гледа последиците на гревот, се осведочил дека крајот на животните страдања и болки всушност е Божја милост. {ПП 82.2}

И покрај безбоштвото на претпотопниот свет, тоа време сепак не било, како што често се мисли, време на незнаење и варварство. Луѓето имале можност да постигнат повисок степен на моралност и на умни дострели. Располагале со голема сила, и телесна и умна, и нивните предимства да стекнат и верско и научно сознание биле ненадминливи. Погрешна е претпоставката дека тие, бидејќи биле толку долговечни, умно се развивале и созревале дури во подоцнежните години; нивните умни способности рано се развивале, и оние што се боеле од Бога и живееле во сообразност со неговата волја, продоложувале да се развиваат во знаењето и мудроста во текот на целиот свој живот. Кога денешните прочуени научници би можеле да се состанат со луѓето од исти години од претпотопниот свет, би се видело колку заостануваат зад нив како во телесните така и во умните способности. Со текот на времето, како се скусувал човековиот век и се намалувала неговата телесна сила, така опаѓале и неговите умни способности. Денеска има луѓе кои меѓу својата дваесетта и педесетта година се посветуваат на напорни студии и светот им се восхитува на нивните успеси. Меѓутоа, колку ограничени се нивните успеси во споредба со оние што биле во состојба да ги постигнат луѓето чиишто физички и умни сили се развивале со векови! {ПП 82.3}

Вистина е дека луѓето на современиот свет уживаат предимство да ги користат придобивките на своите претходници. Постоеле луѓе со необично силен ум, кои планирале, студирале и пишувале, и своите дела им ги оставиле на потомците. Но дури и во тој поглед доколку станува збор за чисто човечки способности, колку поголемо било предимството на луѓето на она време! Тие со векови го гледале пред себе оној кој бил создаден според Божјиот лик, кого лично Творецот го прогласил за мошне добар човекот кого сам Бог го упатил во сите сознанија во врска со материјалниот свет. Историјата за создавањето на светот Адам ја дознал директно од Творецот. Настаните што се одигрувале во текот на повеќе од девет векови тој ги посматрал лично и сето свое знаење му го пренесувал на потомството. Претпотопните луѓе немале книги ниту пишани извештаи, но покрај големата физичка и умна сила, имале и силно памтење што им овозможило да го сфатат и да го запаметат сѐ она што го слушнале и сето тоа неизменето да им го пренесат понатаму на своите потомци. Освен тоа, седум генерации живееле едновремено на земјата во текот на многу векови, што им овозможувало меѓусебно да се советуваат и да разговараат и на помладите им давало можност да го користат знаењето и искуството на постарите. {ПП 83.1}

Луѓето во тоа време имале предимство Бога да го запознаат од неговите дела и тоа во онаа мера каква што никогаш веќе не се повторила. Тоа ниту оддалеку не била ера на верски мрак, туку време на голема светлина. Цел свет имал можност да научи нешто непосредно од Адама, а на оние кои му биле предани на Бога, учител им бил Христос, а ангелите советници. А имале уште еден сведок кој во прилог на вистината зборувал и без зборови тоа била Едемската градина која со векови стоела пред очите на луѓето. Пред вратата на рајот, пред која сега стражареле херувими, се откривала Божјата слава, и тука доаѓале првите поклоници да се молат на Бога. Тука се подигани олтари и принесувани жртви. На тоа место Каин и Авел ги принесувале своите жртви и тука Бог доаѓал да разговара со нив. {ПП 83.2}

Сомневањето не можело да ја оспори вистината за постоењето на Едемската градина сѐ додека таа, заедно со ангелите што го чувале пристапот кон нејзината врата, стоеле непосредно пред очите на луѓето. Поредокот на создавањето, вистината за Едемската градина и историјата на двете нејзини дрвја кои се толку тесно поврзани со човековата судбина сето тоа биле неспорни факти. Постоењето на Бога, неговиот врховен авторитет, како и задолжителното потчинување на неговите закони сето тоа биле вистини кои човекот мошне тешко можел да ги оспорува сѐ додека Адам се наоѓал меѓу живите. {ПП 84.1}

И покрај тоа што безбоштвото сѐ повеќе земало мав, постоела цела низа свети луѓе кои, одржувајќи постојана врска со Бога, биле толку облагородени и возвишени, како да живееле во друштво на небесните суштества. Тоа биле луѓе со силен ум и со чудесни способности. Ним им била доверена голема и света задача да развиваат исправен карактер и да бидат пример на побожност не само за луѓето на своето време, туку и за идните поколенија. Во светите списи на Библијата се споменати само најистакнатите меѓу нив. Меѓутоа, Бог во сите времиња имал верни сведоци; секогаш постоеле луѓе кои му служеле со сето свое срце. {ПП 84.2}

За Еноха е запишано дека  „поживеа шеесет и пет години и роди син”. Потоа одел со Бога живеејќи уште триста години. Во текот на тие свои први години Енох го сакал Бога, се боел од него и ги држел неговите заповеди. И припаѓал на светата лоза на оние што ја чувале вистинската вера на предците и бил потомок на ветеното семе. Од устата на Адама дознал за мрачната историја на падот во грев и за радосната вест дадена во Божјото милосливо ветување, па се потпрел врз Искупителот кој требало да дојде. Меѓутоа, по раѓањето на неговиот прв син, Енох стекнал едно повисоко искуство, стапил во едно поинтимно сродство со Бога. Поцелосно ги сфатил своите обврски и должности што ги имал кон Бога како негово дете. Кога видел колкава е љубовта на детето кон таткото, како тоа едноставно се доверува на неговата грижа и заштита, кога ја почувствувал длабоката и искрена нежност на сопственото срце кон својот првороден син дури тогаш стекнал драгоцено и вистинско сознание за чудесната Божја љубов покажана во тоа што го дал својот Син за спасение на луѓето, и за довербата што треба да ја имаат Божјите деца во својот небесен Татко. Бесконечната и необјаснива Божја љубов станала предмет на негово деноноќно проучување и со сиот жар на својата душа настојувал таа љубов да им ја открие на луѓето меѓу кои живеел. {ПП 84.3}

Енох одел со Бога не во некаков занес или во мечта, туку во стварните должности на секојдневниот живот. Не се претворил во пустиник, кој се изделувал од сиот свет, зашто имал задача што му ја дал Бог да ја изврши меѓу луѓето. Во семејството и во контактирањето со другите луѓе, како сопруг и татко, како пријател и граѓанин, секогаш бил и останал цврст, непоколеблив слуга Божји. {ПП 85.1}

Неговото срце било во целосна хармонија со Божјата волја зашто, „тргнуваат ли двајца заедно, ако не се договорат меѓу себе?” (Амос 3:3). А тоа свето патување траело триста години. Малку има христијани кои не би биле многу посериозни и повеќе побожни отколку што се кога би знаеле дека им преостануваат уште малку денови од животот или дека Христовото доаѓање е непосредно пред врата. Меѓутоа, верата на Еноха додека поминувале цели векови се зголемувала и се засилувала а неговата љубов била посесрдна. {ПП 85.2}

 Енох бил човек со силен ум, со високо развиена свест и располагал со многу знаење; бил почестен со посебни Божји откровенија, па сепак, одржувајќи постојана врска со Небото и сфаќајќи ја божествената големина и совршенство во однос на себе, бил еден од најпонизните меѓу луѓето. Колку поинтимна била неговата поврзаност со Бога, сѐ подлабоко ја чувствувал сопствената слабост и несовршенство. {ПП 85.3}

Потиштен поради сѐ поголемата плима на безбожност и зло и стравувајќи нивното неверство да не ја намали и неговата страхопочит кон Бога, Енох го одбегнувал дружењето со нив, и многу време поминувал насамо, оддавајќи се на размислување и молитва. Така тој одел со Бога, стремејќи се што појасно да ја сфати неговата волја за да може да ја исполни. Молитвата за него била дишење на душата; живеел во вистинска небесна атмосфера. {ПП 85.4}

Преку светите ангели Бог на Еноха му ја открил својата намера да го уништи светот со потоп, а исто така му го открил уште појасно и поцелосно планот на откупувањето. Со духот на пророштвото бил пренесен во поколенијата на иднината кои требало да живеат по потопот и покажани му се големите настани во врска со второто Христово доаѓање и со крајот на светот. {ПП 85.5}

Еноха го вознемирувало и го мачело прашањето во врска со состојбата во која се наоѓаат мртвите. Му се чинело дека праведните исто како и грешните се претвораат во прав и дека тоа им е крај. Не можел да го согледа животот од другата страна на гробот. Во пророчка визија му била прикажана Христовата смрт и покажано му е како Тој во сета своја слава, придружуван од сите свети ангели, повторно доаѓа да ги ослободи своите верни од гробот. Видел исто така дека во времето на повторното Христово доаѓање во светот ќе владее голема расипаност дека тоа ќе биде поколение разуздано, неумерено и самоволно, луѓе кои ќе се откажуваат од вистинскиот Бог и Господ Исус Христос, газејќи го неговиот закон под нозе и презирајќи ја жртвата на страдање и помирување. Видел дека праведниците ќе бидат крунисани со слава и чест додека безбожниците, отфрлени пред Божјото лице, ќе ги уништи оган. {ПП 85.6}

Објавувајќи му го на народот она што му го открил Бог, Енох станал проповедник на правдата. Оние што се боеле од Бога, го барале овој свет човек да ги поучи и заедно со него да се помолат на Бога. Тој и јавно работел така што Божјите упатства им ги пренесувал на сите што биле готови да ги слушаат неговите опомени. Неговите напори не се ограничувале само на потомците на Сит. Во земјата во која побегнал Каин, сакајќи да се скрие од божественото присуство, пророкот ги објавувал чудесните сцени што му биле покажани во визија: „Ете”, велел тој, „доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели з за да изврши суд над сите и за да ги разобличи сите безбожници за сите нивни нечисти дела” (Јуда, стихови 14,15). {ПП 86.1}

Тој бестрашно го укорувал гревот. Додека на луѓето на своето време им проповедал за Божјата љубов откриена во Христа, ги повикувал да се вратат од своите лоши патишта, го подигал својот глас против беззаконието што се ширело како плима и ги предупредувал луѓето на своето поколение дека грешниците сигурно ќе ги стигне казна. Преку Еноха зборувал Христовиот дух кој не се покажува само во изразите на љубов, на милосрдие и преколнување. Светите луѓе не го зборуваат само она што на луѓето им се допаѓа. Бог ги става во срцето и во устата на своите весници и оние вистини што се остри и продорни како меч со две острици. {ПП 86.2}

Оние што го слушале, почувствувале дека преку неговиот слуга дејствува Божјата сила. Некои ја прифатиле опомената и се откажале од своите гревови, но повеќето од нив ја исмевале свечената порака и уште порешително продолжиле по својот пат. Божјите слуги во овие последни денови мора да му објавуваат слична порака на светот, и тие исто така ќе наидуваат на неверување и исмевање. Претпотопниот свет ги отфрлил опомените на оној што се дружел со Бога. На ист начин ќе постапуваат и луѓето на последната генерација со светлината што ќе им ја донесат Господовите весници. {ПП 86.3}

Иако животот на Еноха бил исполнет со неуморна дејност, тој сепак истрајно одржувал врска со Бога во молитва. До колку неговата задача била поголема и поитна, неговите молитви станувале поистрајни и посесрдни. Повремено потполно се повлекувал од друштвото. Откако извесно време би се задржал меѓу луѓето работејќи за нив со поуки и со пример, повторно би се повлекувал во самотија, чувствувајќи глад и жед за божествено знаење што можел да го даде само Бог. Одржувајќи на тој начин постојана врска со Бога, Енох сѐ повеќе и повеќе претставувал отсјај на божествениот лик. Неговото лице зрачело света светлина, онаа светлина што свети од лицето на Исуса Христа. Секогаш кога би се враќал од една таква заедница со Бога дури и оние кои не биле побожни, со страхопочит би го забележувале небесниот отпечаток на неговото лице. {ПП 86.4}

Расипаноста на луѓето ескалирала до таа мера, што морале да бидат осудени на пропаст и на уништување. Како која година поминувала, плимата на човечките гревови и беззаконија сѐ повеќе надоаѓала, а темните облаци на божествениот суд и казна станувале сѐ поцрни и погусти. Сепак Енох сведок на верата истрајно се придржувал кон својот пат, предупредувајќи, преколнувајќи и поучувајќи трудејќи се да ги запре плимата на беззаконието и стрелите на одмаздата. Иако грешните луѓе, исполнети со желба за задоволства и уживање, се оглушиле на неговите опомени и ги презреле, неговото сведоштво од Бога било признато и ценето. Тој не престанал да се бори против злото кое сѐ повеќе се засилувало, сѐ додека Бог не го пренел од овој грешен свет во чистата радост на небото. {ПП 87.1}

Неговото поколение го сметало за луд оној кој не се трудел да собира злато и сребро, ниту да стекне имот на овој свет. Но срцето на Еноха се стремело кон вечното и непропадливо богатство. Неговиот поглед бил насочен кон небесниот град. Тој го гледал Царот во сета негова красота и слава како седи среде Сион. Неговите мисли, неговите разговори и неговото срце сето тоа било насочено кон небото. Како беззаконието постојано се зголемувало, сè посесрден бил неговиот копнеж за Божјиот дом. Иако сè уште се наоѓал на земјата, тој со вера живеел во царството на светлината. {ПП 87.2}

„Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога” (Матеј 5:8). Триста години Енох се трудел да има чисто срце за да биде во хармонија со небото. Три столетија се дружел со Бога. Од ден на ден настојувал да има сѐ  потесно единство и врска со Бога; дружењето станувало сѐ поинтимно додека Бог не го зел кај себе. Тој стоел на прагот на вечниот свет; меѓу него и земјата на блаженството постоел само еден чекор. И тогаш вратата се отворила дружењето со Бога што траело толку долго на земјата продолжило и тој поминал низ вратата на светиот град прв меѓу луѓето што влегол таму. {ПП 87.3}

Неговото заминување на земјата се почувствувало како голема загуба. Исчезнал гласот кој секој ден поучувал и опоменувал. Имало поединци и од праведниците и од безбожниците кои биле очевидци кога тој заминал; и тие, надевајќи се дека се повлекол на некое од оние места на кои обично се повлекувал, ревносно трагале по него, исто онака како и подоцна пророчките синови што го барале Илија, но без успех. Донеле извештај дека исчезнал, зашто го зел Бог. {ПП 88.1}

Со вознесувањето на Еноха Бог имал намера да даде една значајна поука. Постоела опасност луѓето, поради страшните последици на Адамовиот престап да паднат во малодушност и да се обесхрабрат. Мнозина биле готови да извикаат: „Каква полза имаме од тоа што се боиме од Бога и ги држиме неговите заповеди кога целиот човечки род го притиска проклетство, а смртта на сите нас ни е заедничка судбина? Но оние поуки што му ги дал Бог на Адама, а што ги повторувал Сит и ги потврдувал Енох со личен пример, ја растерале темнината и мрачната неизвесност, и на луѓето им дале надеж како преку Адама што дошла смртта така преку ветениот Искупител ќе дојде живот и бесмртност. Сатаната упорно се трудел на луѓето да им наметне верување дека за праведниот нема награда ниту за безбожниот казна и дека луѓето не се во состојба да се придржуваат кон божествените прописи. Меѓутоа, случајот на Еноха потврдува дека „постои и дека ги наградува оние што Го бараат” (Евреите 11:6). Тој покажува што сѐ Бог е готов да стори за оние што ги држат неговите заповеди. Тој на луѓето им дава поука дека е можно да се држат Божјите закони и дека дури и тогаш, кога се опкружени со грешници и со расипани луѓе, со Божја милост можат да му се спротивстават на искушението и да останат чисти и свети. Во неговиот пример луѓето можеле да видат колку е благословен еден таков живот, а неговото вознесување претставува очигледен доказ за вистинитоста на неговото пророштво во врска со иднината кога послушните ќе бидат наградени со радост, со слава и со бесмртност, а престапниците со пресуда – со маки и смрт. {ПП 88.2} „Преку вера Енох беше преселен за да не види смрт… Зашто пред преселувањето тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога” (Евреите 11:5). На светот, кој поради своето беззаконие бил осуден на пропаст, Енох одржувал таква постојана заедница со Бога, што не било дозволено тој да падне под власт на смртта. Карактерот на побожноста на овој пророк ја прикажува состојбата на светоста што мора да ја досегнат оние кои при повторното Христово доаѓање ќе бидат „откупени од земјата” (Откровение 14:3). Тогаш, како што било пред потопот, беззаконието ќе се умножи. Следејќи ги желбите на своето изопачено срце и учењето на измамната филозофија, луѓето ќе се побунат против небесниот авторитет. Меѓутоа, Божјиот народ, како и Енох во свое време, ќе се стреми кон чистота на срцето и кон прифаќање на Божјата волја сѐ додека во нив не се види потполно Христовиот лик. Слично на Еноха, тие ќе му обрнуваат внимание на светот на повторното Христово доаѓање и на казните што ќе ги снајдат престапниците, а со своите свети зборови и со својот живот ќе ги осудат гревовите на непокајаните. Како Енох што се вознел на небото пред светот да биде уништен со вода, така праведниците живи ќе бидат земени од земјата пред таа да биде уништена со оган. Апостолот кажува: „Еве, тајна ви кажувам; сите нема да се упокоиме, туку сите ќе се измениме,одеднаш, за еден миг на око, на последната труба: зашто ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливо, а ние ќе се измениме” (1. Коринтјаните 15:51,52). „И најнапред ќе воскреснат мртвите; а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ.Па затоа, утешувајте се еден со друг со тие зборови” (1. Солунјаните 4:16-18). {ПП 88.3}

Сподели го ова:

Слични објави