4. ПЛАН ЗА ОТКУП

Сподели го ова:

Човековиот пад целото небо го исполнил со тага. Светот што го создал Бог бил извалкан со проклетство на грев и населен со суштества осудени на страдање, беда и смрт. Се чинело дека за оние што го прекршиле Божјиот закон не постои излез. Ангелите престанале да ги пеат своите песни на благодарност и слава. Во сите небесни сали завладеала тага и жалост поради падот предизвикан со гревот. {ПП 63.1}

Божјиот Син, величествениот Заповедник на целото небо, го обзела длабока жалост за паднатиот човечки род. Кога пред него се покажале страдањата на загубениот свет, неговото срце било трогнато и исполнето со бесконечно сочувство и сомилост. Но божествената љубов смислила план според кој човекот може да се откупи и да се спаси. Прекршениот закон го барал животот на грешникот. Во целата вселена постоел само Еден кој, во име на човекот и во негов интерес, можел да ја задоволи правдата и да го исполни тоа што го барал законот. Бидејќи божествениот закон е свет исто толку колку и Бог, прекршителите на тој закон можел да ги искупи со своите страдања само Оној кој е еднаков со Бога. Никој, освен Христос, не можел да ги искупи луѓето од „законската клетва” и повторно да ги доведе во хармонија со небото. Христос бил готов да ја прими на себе вината и срамот на гревот – гревот кој на Божјата светост ѝ е толку одвратен, што морал да го одвои Синот од неговиот Отец. Христос бил готов да се спушти до најголемите длабини на страдањето и бедата за да го спаси паднатиот и загубениот човечки род. {ПП 63.2}

Лично пред Отецот се зазел за интересите на грешниците, а небесните војски го очекувале резултатот од тоа залагање со такво силно чувство и интерес, што истото не може да се искаже со зборови. Долго траел тој таен разговор „согласност за мир” (Захарија 6:13) за паднатите човечки синови. Планот на спасението бил поставен пред да биде создадена земјата, зашто Христос е Јагне „заклано, од создавањето на светот” (Откровение 13:8); а сепак, и Царот на вселената морал да се бори сам со себе пред да го предаде својот Син на смрт заради грешниот човечки род. „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот” (Јован 3:16). О, тајно на спасението! Каква ли љубов Божја кон еден свет кој не го сакал! Кој би можел да ја сфати длабината на оваа љубов која надминува сѐ што му е познато на човекот? Таа несфатлива љубов низ сите бесконечни времиња на вечноста и за бесмртните умови што настојуваат да проникнат во нејзината недосеглива тајна – ќе претставува предмет на восхитување и на најдлабока почит. {ПП 63.3}

Бог се открил во Христа и „го измири светот со Себе” (2. Коринтјаните 5:19). Гревот толку го понижил човекот, што тој сам во никој случај не можел да се помири и да се усогласи со Оној чијашто природа е само чистота и добрина. Меѓутоа, Христос, ослободувајќи ги луѓето од законската клетва, можел да им подари божествена сила за да ја здружат со своите човечки напори. Така, со покајание пред Бога и со вера во Христа, паднатите Адамови потомци повторно можеле да станат „чеда Божји” (1. Јованово 3:2). {ПП 64.1}

Планот со кој е предвидено единствено решение за спасение на човекот, со својата бесконечно голема жртва го опфатил целото небо. Ангелите не можеле да се радуваат кога Христос им го изложил планот, зашто забележале дека спасувањето на човекот ќе мора да му нанесе неискажливи болки и страдања на нивниот сакан Заповедник. Со болка и со чудење ги слушале неговите зборови додека им објаснувал како Тој мора да ја напушти својата небесна чистота и мир, својата слава и бесмртен живот, за да дојде во допир со пониженоста на земните жители да ги проживее нивните болки и да биде изложен на срам и смрт. Требало да се постави меѓу грешникот и казната за гревот, а сепак малцина ќе го признаат како Божји Син. Бил готов да ја напушти својата висока положба како небесно Величество и да се појави на земјата да се понизи како човек, и од лично искуство да се запознае со болките и со искушенијата што мора да ги поднесува човекот. Сето ова било неопходно „на искушуваните да им помогне” (Евреите 2:19). А кога ќе ја заврши својата мисија како учител, ќе биде предаден во рацете на безбожните луѓе и изложен на најстрашни измачувања и страдања кои изопачените луѓе, поттикнати од сатаната, можат да ги нанесат. Ќе мора да умре со најстрашна смрт, висејќи меѓу небото и земјата како грешник и злосторник. Неговата повеќечасовна борба со смртта ќе биде толку страшна, што ангелите не ќе можат повеќе да ја гледаат, туку ќе ги засолнат своите лица пред таа сцена. Ќе мора да поднесе и душевен страв – дури и Отецот ќе го скрие лицето од него додека ќе го притиска кривицата на престапот товарот на гревот на целиот човечки род. {ПП 64.2}

Ангелите паднале ничкум пред нозете на својот Заповедник, нудејќи го својот живот за жртва заради човекот. Но животот на еден ангел не би можел да го отплати долгот; само Оној кој го создал човекот имал моќ да го искупи. Меѓутоа, ангелите сепак требало да соработуваат во планот на откупувањето. Христос требало да биде сторен понисок „од ангел… та, по Божјата благодат, Тој да вкуси смрт за сите” (Евреите 2:9). Бидејќи Тој треба да прими на себе човечка природа, неговата сила нема да биде еднаква на нивната, па тие ќе треба да му служат да го крепат и да му ги ублажуваат страдањата. Тие исто така требало да бидат „служителски духови, испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението” (Евреите 1:14). Нивна задача ќе биде следбениците на милоста да ги штитат од лошите ангели и да ја растеруваат темнината со која сатаната постојано ги обвива. {ПП 64.3}

Кога ангелите ќе мора да ја гледаат претсмртната борба и понижувањето на својот Господ, ќе бидат проникнати со болка и со огорченост и ќе посакаат да го ослободат од неговите мачители; но нема да им биде дозволено да спречат ништо од она што ќе мораат да го посматраат. Дел од планот на откупувањето предвидувал Христос да претрпи подбив и исмевање од безбожните луѓе и Тој сето тоа доброволно ќе го прими на себе за да може да стане искупител на човештвото. {ПП 65.1}

Христос ги уверувал ангелите дека Тој со својата смрт ќе искупи големо мноштво и ќе го уништи оној кој има „власт над смртта”. Тој повторно ќе го задобие царството што го загубил човекот со својот престап, а спасените, заедно со него, ќе го наследат и вечно ќе живеат во него. Гревот и грешниците ќе бидат искоренети, за никогаш веќе да не го загрозуваат мирот на небото и земјата. Барал од војските на ангелите да го прифатат планот што веќе го прифатил неговиот Отец и да се радуваат што со неговата смрт паднатиот човек повторно ќе се помири со Бога. {ПП 65.2}

Тогаш небото го исполнила неискажлива радост. Славата и блаженството на искупениот свет ја надминале дури и болката и жртвата на Кнезот на животот. Во величествените небесни дворови зазвучиле вистинските акорди на онаа песна која подоцна ќе екне над ритчињата на Витлеем: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја” (Лука 2:14). Проникнати со радост поголема од одушевувањето што ги обземало кога бил создаван светот,  „кога ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост” (Јов 38:7). {ПП 65.3}

На човекот првпат му е навестено спасение уште во градината кога во клетвата упатена на змијата е искажана пресуда над сатаната. Господ рекол: „И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата” (Создавање 3:15). Оваа пресуда, искажана во присуство на нашите прародители, за нив претставувала извесно ветување. Иако предвидувала судир и војна меѓу човекот и сатаната, навестила дека големиот непријател најпосле ќе биде скршен. Адам и Ева стоеле пред праведниот Судија како виновници, очекувајќи да ја слушнат пресудата што ја заслужиле со својот престап; но пред да дознаат за животот полн со маки и болки што ќе мора од сега да биде нивна судбина или за одлуката дека мора да се вратат во земјата од која се создадени, слушнале зборови што кај нив разбудиле надеж. Иако морале да страдаат од силата на својот моќен непријател, сепак можеле со надеж да гледаат во иднината, очекувајќи конечна победа. {ПП 65.4}

Кога сатаната слушнал дека меѓу него и жената и меѓу неговиот род и нејзиниот род, треба да постои непријателство, сфатил дека неговото настојување да ја понижи човечката природа ќе биде попречувано; дека на човекот со некакво посредство ќе му биде овозможено да и се противстави на неговата сила. Меѓутоа, кога планот на спасението е целосно изложен, сатаната и неговите ангели триумфирале што успеале со падот на човекот да го повлечат и Божјиот Син од неговата висока положба. Сатаната тврдел дека со своите планови, кои на земјата се покажале толку успешни, ќе го поразат дури и Христа кога ќе прими на себе човечка природа и дека на тој начин ќе успеат да го осуетат откупувањето на паднатиот човечки род. {ПП 66.1}

Небесните ангели на нашите прародители поцелосно им го објасниле тој’ план со кој е завештано нивното спасение. Ги уверувале Адама и Ева дека, и покрај нивниот голем грев, нема да бидат наполно препуштени во власта на сатаната. Божјиот Син се понудил со својата смрт да ги откупи од казната што ја заслужиле со својот прекршок. Ќе им биде дадено извесно време на искушение и проверка, па со покајание и со вера во Христа ќе можат повторно да станат Божји деца. {ПП 66.2}

Жртвата што е барана поради нивниот престап, за Адама и Ева претставувала откритие на светоста на Божјиот закон. Како никогаш до тогаш, ја увидувале грешноста на гревот и неговите ужасни последици. Мачени од грижа на совеста, со болка и страв, се молеле вината и казната да не падне врз Оној чијашто љубов била извор на сите нивни радости; побргу тоа нека падне врз нив и врз нивното потомство. {ПП 66.3}

Бидејќи Божјиот закон е основа на неговото владеење и на небото како и на земјата, кажано им е дека како жртва за престапот на тој закон не може да се прифати дури ни животот на еден ангел. Ниеден од неговите прописи не може да се повлече ниту пак да се измени за да се прилагоди кон човекот и кон неговата падната состојба; единствено Божјиот Син, Оној што го создал човекот, може да страда за него и да го искупи. Како Адамовиот престап што донел неволја и смрт, така Христовата жртва ќе донесе живот и бесмртност. {ПП 66.4}

Поради гревот, под власт на лошиот непријател потпаднал не само човекот, туку и целата земја, а со планот на откупувањето сѐ требало да се обнови и да се врати во првобитната состојба. По завршувањето на создавањето, Адам бил поставен за стопан над сета земја. Но кога подлегнал во искушението, тој паднал под власт на сатаната. „Зашто кога некој некого победува, тој и го поробува” (2. Петрово 2:19). Кога човекот станал заробеник на сатаната, тогаш неговата власт преминала во рацете на освојувачот. Така сатаната станал „бог на овој свет” (2. Коринтјаните 4:4). Тој насилно и бесправно ја присвоил власта над земјата која првобитно му била дадена на Адама. Меѓутоа, Христос, со својата жртва принесена за гревот, требало не само да го искупи човекот, туку и да му ја врати загубената власт. Сѐ што загубил првиот Адам, Вториот требало да го врати и да го обнови. Така кажува пророкот: „А ти, куло на стадото, риду на Сионовата ќерка, кај тебе ќе дојде и ќе се врати поранешното владение, царството – кај ќерките ерусалимски” (Михеј 4:8). А апостол Павле упатува понатаму на „залог за нашето наследство, за откупување на посвојувањето за пофалба на Неговата слава” (Ефесјаните 1:14). Бог земјата ја создал да биде живеалиште на свети и среќни суштества. „Зашто вака вели Господ, Кој го создаде небото, Тој, Бог, Кој и даде облик на земјата и Кој ја создаде; Тој ја зацврсти, не ја создаде пуста, Тој ја создаде за живеење” (Исаија 45:18). Таа цел ќе се оствари дури тогаш кога земјата, обновена со Божја сила и ослободена од гревот, од болките и страдањата, ќе стане вечно живеалиште на искупените.  „Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно” (Псалм 37:29). „И нема веќе да има никакво проклетство; престолот на Бога и на Јагнето ќе биде во градот; Неговите слуги ќе Му служат” (Откровение 22:3). {ПП 67.1}

Додека не згрешил, Адам имал среќа непосредно да разговара со својот Творец; но гревот предизвикал разделба меѓу Бога и човекот и само со Христовото страдање можела да се премости бездната да се овозможи спасение и повторно да се воспостави благословената врска меѓу небото и земјата. Човекот сѐ уште  е лишен од непосредниот пристап кон Творецот, но Бог одржува врска со него преку Христа и ангелите. {ПП 67.2}

Така на Адама му биле откриени најважните настани што морале да се одиграат во историјата на човештвото, од она време кога била изречена божествената пресуда во Едем па до потопот, и натаму сѐ до првото доаѓање на Божјиот Син. Му било покажано дека Христовата жртва ќе биде доволно голема да го спаси сиот свет, но мнозина побргу ќе изберат живот во грев отколку живот на покајание и послушност. Од поколение во поколение, злосторството ќе биде сѐ поголемо, а проклетството на гревот и страдањата што тој ги носи со себе сѐ потешко ќе го притиска човечкиот род, животните и целата земја. Човековиот век, поради неговиот погрешен начин на живеење, сѐ повеќе ќе се скусува. Тој постојано ќе губи во својата телесна висина и сила, а моралните и интелектуалните сили постојано ќе му опаѓаат додека светот не стане полн со секаква беда. Оддавајќи се на задоволување на желбите во јадење и на други сетилни наслади, луѓето нема да бидат во состојба да ги сфатат и да ги ценат големите вистини за планот на откупувањето. Христос сепак ќе остане доследен на она што го планирал и поради што Тој го напушта небото, и нема да престане да се зазема за луѓето, повикувајќи ги да му ги предадат нему сите свои слабости и мани. Тој ќе ги задоволи потребите на сите оние што му пристапуваат со вера. А секогаш ќе има такви кои постојано ќе го чуваат знаењето за Бога и кои ќе останат неизвалкани и покрај беззаконието кое сѐ повеќе ќе се засилува. {ПП 67.3}

Принесувањето на жртви го пропишал Бог, со цел човекот постојано да го потсетува на неговиот грев и да го наведе на каење и на јавно покажување на вера во ветениот Спасител, и постојано и живо на паднатиот човечки род да му ја предочува свечената вистина дека гревот предизвикал смрт. За Адама принесувањето на првата жртва било исклучително болна и мачна церемонија. Морал да ја подигне својата рака за да одземе живот кој само Бог можел да го подари. Тогаш првпат видел смрт, а знаел дека ниту човекот ниту животното не би морале да умрат кога тој би му останал послушен на Бога. Кога го заклал невиното животно на жртва, затреперил при помислата дека поради неговиот грев мора да се пролее крвта на пречистото и невино Божјо Јагне. Таа сцена му помогнала подлабоко и поживо да ја сфати големината на својот престап што можел да биде отстранет само со страдањето и со смртта на саканиот Божји Син. И тој се восхитувал на неизмерната Добрина што можела да даде таков откуп за спасение на грешникот. Заблескотела ѕвезда на надеж којашто ја осветлила темната и страшна иднина и го спасила од целосен очај. {ПП 68.1}

Меѓутоа, планот на откупувањето имал една подлабока и поширока цел отколку што е спасението на човекот. Христос не дошол на земјата само за тоа жителите на овој мал свет да можат да го посматраат Божјиот закон онака како што треба да се посматра, туку да го прикаже и да го оправда Божјиот карактер и пред жителите на другите светови и пред целата вселена. На тоа мислел Спасителот кога пред своето распнување рекол: „Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор.И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе” (Јован 12:31,32). Христовата смрт за човековото спасение не само што го сторила небото достапно за човекот, туку пред целата вселена го оправдала карактерот на Бога и на неговиот Син во нивната постапка со бунтот што го предизвикал сатаната. Таа го потврдила вечното постоење и непроменливоста на Божјиот закон и ја открила природата на гревот и неговите последици. {ПП 68.2}

Оваа голема борба уште од својот почеток се водела околу Божјиот закон. Сатаната се обидувал да докаже дека Бог е неправеден дека неговиот закон е полн со недостатоци и дека интересите на вселената бараат тој закон да се измени. Напаѓајќи го законот, тој всушност имал намера да го урне авторитетот на Законодавецот. Во овој судир требало да се докаже дали божествените прописи се непотполни и подложни на измени и дополненија, или се совршени и непроменливи. {ПП 69.1}

Кога бил фрлен од небото, сатаната решил оваа земја да ја претвори во свое царство. Кога ги искушал и ги совладал Адама и Ева, претпоставувал дека ја добил власта над овој свет, „зашто” тврдел тој „самите ме избраа мене за свој господар”. Тврдел дека не е можно на грешникот да му се прости дека поради тоа припадниците на паднатиот човечки род се негови законити приврзаници, а овој свет негова своина. Но Бог го дал својот сакан Син Оној кој бил еднаков со него да ја поднесе казната за престапот и со тоа да го обезбеди патот по кој луѓето можат повторно да ја задобијат неговата милост и одобрување и да се вратат во својот едемски роден крај. Христос се зазел да го искупи човекот и да го оттргне светот од канџите на сатаната. Големата борба, почната на небото, треба да се приведе кон крај токму на овој свет, на почвата за која сатаната тврди дека е негова. {ПП 69.2}

Целата вселена се чудела што Христос ќе се понизи за да го спаси паднатиот човек; што Тој – кој оди од ѕвезда до ѕвезда и од еден до друг свет во пространствата на вселената, надгледувајќи сѐ и задоволувајќи ги во своето провидение потребите на сите суштества во својот голем творечки опус ќе се согласи да ја напушти сета своја слава и да земе човечка природа. Тоа била тајна што безгрешните жители на другите светови сакале да ја сфатат. А кога дошол на овој свет како човек, со најголем интерес го следеле секој негов чекор на со крв испрсканиот пат, од јаслите до Голгота. Небото забележало секоја навреда и секое исмевање што Тој морал да ги поднесе и знаело дека сето тоа го поттикнува сатаната. Небото следело како напредува делото на противставување на силата на непријателот; како сатаната постојано го обвива човечкиот род со темнина, нанесувајќи му тага, болка и страдања, и како Христос се труди сето тоа да го осуети. Небесните суштества будно ја следеле борбата меѓу светлината и темнината и тогаш кога таа била најжестока. А кога Христос во своите претсмртни маки, умирајќи на крст, извикал: „Се сврши!” (Јован 19:30) извик на триумф се разлеал на небото и низ целата вселена. Тогаш е решена големата борба што траела толку долго на овој свет, а Христос излегол како победник. Неговата смрт дала одговор на прашањето дали Синот и Отецот имаат доволно љубов кон човекот а тоа да го докажат со самооткажување и со жртва. Сатаната го покажал својот вистински карактер како лажливец и убиец. Покажал дека, кога би му било дозволено да загосподари со небесните суштества, би го покажал истиот дух со кој владее над човечките синови потчинети на неговата власт. Сите светови во вселената, кои му останале лојални на Бога, едногласно решиле да го воспеваат Божјото владеење. {ПП 69.3} Кога би било можно да се менува законот, тогаш човекот би можел да биде спасен и без Христовата жртва. Меѓутоа, фактот што Христос морал да го даде својот живот за паднатиот човечки род, покажува дека законот не го ослободува грешникот од барањата што ги има кон него. Докажано е дека плата за гревот е само смрт. Со Христовата смрт пропаста на сатаната станала неизбежна. Меѓутоа, кога законот би бил укинат на крстот, како што тврдат мнозина, тогаш сите страдања и смртта на саканиот Божји Син само би му го дале на сатаната токму она што тој го барал; тогаш кнезот на злото би триумфирал, зашто неговите обвинувања против Божјото владеење би биле поткрепени. Но, токму фактот што Христос ја поднел казната за човековиот престап претставува за сите создадени суштества најсилен и најубедлив доказ дека законот е непроменлив; дека Бог е праведен, милозлив и полн со самооткажување и дека во неговото управување со вселената, неговата бесконечна и вечна правда ја придружува и милост. {ПП 70.1}

Сподели го ова:

Слични објави