15. СВАДБАТА НА ИСАКА
Оваа глава е заснована на Создавање 24 глава
Аврам веќе бил во длабока старост и чувствувал дека му се ближи крајот, а му останала недовршена уште една работа со што требало да се осигури ветувањето за неговото потомство. Исак бил од Бога одреден наследник на Аврама, верен чувар на законите на Јехова и татко на избраниот народ, но тој уште не бил женет. Жителите на хананската земја потонале во идолопоклонство и Бог забранил склучување на брачни врски меѓу нив и неговиот народ, знаејќи дека таквите врски само би воделе кон отпад. Патријархот се плашел од дејствувањето на порочните влијанија што го опкружувале неговиот син. Во карактерот на Исака се одразувала Аврамовата вера во Бога и неговата потчинетост на неговата волја, но чувствата на младиот човек, кој по природа бил попустлив и благ, биле мошне силни. Кога би се врзал со жена која не би го почитувала Бога, би се заканувала опасност, заради мир во домот да ги жртвува своите начела. Според мислењето на Аврама, изборот на жена за неговиот син претставувал сериозно прашање; затоа будно настојувал да го ожени со девојка која нема да го одвраќа од Бога. {ПП 171.1}
Во старо време склучувањето на браковите за синовите или ќерките обично го договарале родителите, па тоа било обичај и меѓу Божјиот народ. Од никого не се барало да стапи во брак со лице што не можел да го сака; но секогаш кога би се колебале во своите чувства и склоности, младите би го прифаќале судот на искусните и богобојазливи родители. Да им се противи на родителите, значело не само навреда и срам за нив, туку тоа се сметало и за злосторство. {ПП 171.2}
Имајќи доверба во мудроста и љубовта на својот татко, Исак бил задоволен со тоа целата работа да му ја препушти нему, а верувал дека Бог работите ќе ги сосредоточи во добар правец. Мислите на патријархот биле насочени кон роднините во родната Месопотамија. Иако не биле наполно слободни од идолопоклонството, роднините на неговиот татко сепак знаеле за вистинскиот Бог и му се молеле. Исак не смеел да го напушти Ханан и да оди кај нив, но меѓу нив можеби би се нашла девојка која би била подготвена да го напушти своето родно место за да се здружи со него во вистинското почитување на живиот Бог. Таа значајна задача Аврам му ја доверил на „својот најстар слуга”, побожен и искусен човек со здраво расудување кој долго и верно му служел. Го обврзал со свечена заклетва пред Бога дека за син му нема да доведе ќерка од Хананците, туку девојка од семејството на Нахора во Месопотамија. Во случај да не се најде девојка што би се согласила да го напушти своето семејство и роднините, тогаш слугата се ослободувал од заклетвата; но Исака во никој случај не смеел да го одведе таму. Во неговата тешка и деликатна задача го храбрел патријархот, уверувајќи го дека неговиот потфат Бог ќе го круниса со успех. „Господ, Бог на небесата, Кој ме изведе од куќата на мојот татко… ќе го испрати Својот ангел пред тебе”. {ПП 171.3}
Слугата без одлагање тргнал на пат. Земајќи десет камили за потребите на своите сопатници, како и за придружба за невестата при враќањето, приготвил и подароци наменети за идната избраница и за нејзините роднини, па се упатил на далечниот пат до Дамаск и понатаму до богатите рамнини што ја опкружуваат големата река на Истокот. Кога пристигнал во Харан, „градот на Нахора”, се запрел пред изворот надвор од градските ѕидови каде што жените предвечер доаѓала по вода. Бил мошне загрижен и замислен. Од неговиот избор ќе произлезат важни последици не само за семејството на неговиот стопан, туку и за идните поколенија; а како да изврши мудар избор меѓу луѓе кои му биле наполно непознати? Споменувајќи си за зборовите на Аврама дека Бог ќе прати пред него свој ангел, се помолил, искрено и побарал упатство. Во семејството на својот господар бил навикнат на постојана љубезност и гостољубивост, па се молел според таквото учтиво и благородно однесување да ја препознае и девојката што ја избрал Бог. {ПП 172.1}
Одговорот на неговата молитва стигнал пред таа до крај да биде изговорена. Меѓу жените што доаѓале на изворот се нашла една чиешто учтиво однесување го привлекло неговото внимание. Кога се враќала од изворот, странецот излегол пред неа и побарал да се напие од стомната што ја носела на рамо. Мошне љубезно му ја исполнила молбата и понудила да налее вода и за неговите камили; било вообичаено таква услуга дури и кнежевските ќерки да им прават на стадата на своите татковци. Со тоа бараниот знак бил добиен. Девојката била мошне убава, а нејзината подготвеност така љубезно да биде услужна го осведочила за добротата и нежноста на срцето и за нејзината енергична природа. Колку прекрасно го водела божествената рака! Откако ѝ се одолжил за укажаната љубезност со богати подароци, ја прашал за потеклото и за роднините и кога дознал дека е ќерка на внукот на Аврама, Ватуил, „се поклонив длабоко и Му искажав почитување на Господа”. {ПП 172.2}
Дојденикот замолил за конак во куќата на нејзиниот татко и, искажувајќи ја својата благодарност, ги изнел фактите за својата поврзаност со Аврама. Кога девојката се вратила дома, раскажала што ѝ се случило, па нејзиниот брат, Лаван, веднаш побрзал странецот и неговата придружба да ги доведе под свој покрив и да им укаже гостопримство. {ПП 173.1}
Елиезер не сакал да јаде додека не ја изложил задачата што му ја доверил неговиот господар, како се молел за неа на изворот, и сите околности што ја следеле таа негова молитва. А потоа прашал: „А сега, ако сакате да искажете љубов и верност кон мојот господар, речете ми; ако ли не, кажете ми го тоа, така да можам да тргнам или надесно или налево”. Одговорот гласел: „Тоа доаѓа од Господа; ние тука не можеме да речеме ни лошо ни добро.Ете, Ревека е пред тебе: земи ја и оди си, нека му биде жена на синот на твојот господар, како што рекол Господ”. {ПП 173.2}
Бидејќи роднините се согласиле, ја прашале и Ревека дали се согласува да оди толку далеку од куќата на татка си и да се омажи за синот на Аврама. Врз основа на сѐ што се случило, таа верувала дека неа сам Бог ја определил за жена на Исака и рекла: „Сакам!” {ПП 173.3}
Слугата веќе ја замислувал и ја претчувствувал радоста на својот господар по повод успешното завршување на задачата и бил нестрплив да појде. Следното утро тие се упатиле дома. Аврам во тоа време живеел во Вирсавија, а Исак ги пасел стадата во околината и, кога требало да го пречека слугата од Харан, се упатил кон шаторите на татка си. „Во предвечерје, Исак излезе да се прошета по полето; ги подигна очите и ги виде камилите, како доаѓаат.Кога Ревека, подигнувајќи ги своите очи, го виде Исака, слезе од камилатаи го праша слугата: ‘Кој е оној човек, кој ни иде во пресрет по полето?’ А слугата одговори: ‘Тој е мојот господар.’ И таа го зеде превезот и се покри.Слугата му раскажа на Исака сè што извршил.Тогаш Исак ја воведе Ревека во шаторот на својата мајка Сара и ја зеде за своја жена. Во љубовта кон неа Исак најде утеха по смртта на мајка си”. {ПП 173.4}
Аврам ги имал на ум последиците што ги имала брачната врска меѓу оние што го почитуваат Бога и оние што не го почитуваат него уште од деновите на Каина па сѐ до неговото време. Ги имал пред очи последиците на својот брак со Агара и брачните односи на Исмаил и Лот. Раѓањето на Исмаил, што претставувало мешање на праведното со безбожното семе, настанало само затоа што ниту Аврам ниту Сара немале доволно вера. Наспроти влијанието на татко му, врз Исмаил дејствувало идолопоклоничкото влијание на роднините на мајка му и неговите брачни врски со жените од незнабожечко потекло. Љубомората и зависта на Агара и жените што таа ги одбрала за својот син Исмаил, за Аврамовото семејство претставувале затворен круг од кој тој попусто се обидувал да се ослободи. {ПП 173.5}
Поуките што ги примил Исмаил од Аврама во своето рано детство не останале безуспешни, но, под влијание на неговите жени, во семејството е воспоставено идолопоклонство. Одвоен од татка си и огорчен од караниците и од несогласијата во семејството, лишен од љубовта и од богобојазливоста, Исмаил бил присилен да го одбере разбојничкиот живот на пустински поглавица: „Неговата рака ќе се крева на секого, и сечија рака на него” (Создавање 1:16,12). Тој подоцна се каел за своите дела и за своите постапки и се вратил на вистинскиот пат да му служи на вистинскиот Бог на кого му служел неговиот татко, но оваа карактерна црта, пренесена на неговото потомство, останала. Силната нација што води свое потекло од него претставува еден воинствен незнабожечки народ кој за потомците на Исака бил вечно искушение и ги вознемирувал. {ПП 174.1}
Жената на Лот била себична и нерелигиозна, а своето влијание врз мажот го користела да го оддели од Аврама. Кога таа не би настојувала, Лот не би останал во Содом, лишувајќи се од мудриот и богобојазлив совет на искусниот патријарх. Влијанието на неговата жена и на жителите на тој безбожнички град би го одвеле во целосен отпад од Бога кога не би постоеле верните поуки што ги примил порано од Аврама. Женидбата на Лот и неговиот избор на Содом за место на живеење биле првите алки во синџирот на настаните кои на светот му носеле само зло во текот на многу генерации. {ПП 174.2}
Ниеден богобојазлив човек не може без опасност да се врзе за лице кое не се бои од Бога. „Одат ли двајца заедно ако не се договорат?” (Амос 3:3). Среќата и единството на брачната заедница зависат од еднодушноста и слогата на сопружниците, но меѓу верниците и неверниците постои основна разлика во вкусот, во навиките и намерите. Секој од нив му служи на друг господар кои никогаш не можат да се сложат. Колку и да се нечии принципи чисти и примерни, влијанието на неверниот сопружник секогаш ќе се стреми кон одделување од Бога. {ПП 174.3}
Оној што стапил во брачна заедница пред да се обрати должен е, по обратувањето да му биде уште поверен на својот сопружник, без оглед на тоа колку тие се разминуваат во своите верски убедувања; но Божјите барања треба да се почитуваат повеќе од сите земни односи, па дури ако поради тоа би настапиле искушенија и прогонства. Со дух на љубов и кротост, верната страна може да го придобие неверниот сопружник. Меѓутоа, Библијата забранува склучување на брачна заедница меѓу еден христијанин и неверник. Божјата заповед гласи: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверниците” (2. Коринтјаните 6:14,17,18). {ПП 175.1}
Исак бил високо ценет од Бога и избран за наследник на ветувањето што требало да биде благослов за целото човештво; но тој, иако тогаш веќе имал четириесет години, ја прифатил одлуката на својот татко кога овој го определил искусниот и побожен слуга да му одбере жена. Резултатот на ваквата женидба, како што е прикажан во Светите записи, е слика на една чиста и вистинска семејна среќа: „Тогаш Исак ја воведе Ревека во шаторот на својата мајка Сара и ја зеде за своја жена. Во љубовта кон неа Исак најде утеха по смртта на мајка си”. {ПП 175.2}
Каква спротивност меѓу однесувањето на Исака и она кон што се стремат младите во денешно време, па дури и оние што тврдат дека се христијани! За жал, многу често младите сметаат дека прашањето на кого ќе му ги подарат своите најдлабоки чувства треба да го решаваат тие сами дека тоа е област во која на никој начин не треба да се мешаат ниту Бог ниту родителите. Многу порано, пред да постигнат соодветна зрелост, мислат дека се способни да го извршат својот избор без помош на родителите. Меѓутоа, само неколку години поминати во брак обично се доволни да ја увидат својата заблуда, но тогаш е премногу доцна да се отстранат злокобните последици. Истиот недостиг од самосовладување и мудрост, со кои е условен пребрзиот избор, и сега само го зголемува злото додека бракот не стане чемерен јарем. Мнозина така доживеале бродолом и ја уништиле својата среќа и за идниот живот. {ПП 175.3}
Ако воопшто постои прашање што треба внимателно да се разгледа и за кое треба да се побара совет од постари и поискусни луѓе, тогаш тоа е кога се стапува во брак; ако некогаш Библијата е потребна како советник, ако некогаш е потребно да се бара божествено водство во молитва тоа треба најсесрдно да се стори пред да се преземе чекорот што го врзува човекот за цел живот. {ПП 175.4}
Родителите постојано треба да ја имаат пред очи својата одговорност за идната среќа на своите деца. Исаковото прифаќање на татковата одлука била нормална последица на воспитувањето што го оспособило за послушен живот. Иако Аврам барал од своите деца да го почитуваат неговиот родителски авторитет, сепак неговиот секојдневен живот давал доказ за тоа дека тој авторитет не бил некое самољубиво или самоволно господарење, туку заснован на љубов и настојување да им обезбеди благосостојба и среќа. {ПП 175.5}
Татковците и мајките се должни чувствата на своите деца да ги насочуваат така што својата наклоност и љубов ќе му ги подарат на оној што ќе им биде соодветен другар. Тие исто така се должни со лично поучување и со личен пример, со помош на Божјата милост, карактерот на своите синови и ќерки уште од најраното детство да го вообличуваат така за тие да бидат чисти и благородни, наклонети кон добротата и вистината. Сличните души меѓусебно се привлекуваат; сличните се ценат едни со други. Затоа настојувајте во душата на младите да всадите љубов кон вистината, кон добротата и чистотата, и тие ќе се стремат кон друштво на оние што имаат исти карактерни особини. {ПП 176.1}
Родителите во својот карактер и во домашниот живот нека ја покажуваат љубовта и добротата на небесниот Отец. Домот нека биде осветлен со сонце на ведрина и среќа. Тоа за вашите деца ќе има многу поголема вредност отколку имотот и парите. Во нивното срце секогаш нека живее љубов кон домот, така што подоцна сеќавањето на деновите на детството и на родниот дом, како засолниште на мир и среќа, во нивните мисли доаѓа веднаш зад мечтата за небесната среќа и блаженство. Сите членови на семејството немаат ист карактер и склоности, и затоа често ќе биде потребно да се покажува повеќе трпение и попустливост; сепак, со љубовта и со примерот на самодисциплина можат сите да бидат поврзани во најтесна заедница. {ПП 176.2} Вистинската љубов е возвишено и свето начело; по својата природа таа наполно се разликува од онаа љубов која е разбудена само со некој поттик или со нагон и која бргу исчезнува штом ќе наиде на посериозно искушение. Со верноста во извршувањето на должностите доверени во родителскиот дом, младите се приготвуваат за водење на сопствено домаќинство. Затоа овозможете им додека сѐ уште со вас да покажуваат самооткажување и да укажуваат љубезност, услужливост и христијанска љубов. Таквата љубов нема да биде непостојана; и секој што пораснал и што е воспитан во таков дом, кога еднаш и сам ќе стане глава на сопствен дом, ќе знае да го усреќи лицето што ќе го избере за свој брачен другар. Во тој случај бракот нема да претставува крај на љубовта, туку во него вистинската љубов допрва ќе почне. {ПП 176.3}