68. ДАВИД ВО ЦИКЛАГ
Оваа глава е заснована на 1. Самоилова 29 и 30 глава и на 2. Самоилова 1 глава
Давид и неговите луѓе не учествувале во судирот меѓу Филистејците и Израел, иако со Филистејците дошле на бојното поле. Додека обете војски се приготвувале за битка, синот на Јесеја бил во голема неволја и неизвесност. Се очекувало да се бори на страна на Филистејците. Кога би го напуштил местото што му било одредено и би се повлекол од битката, би му се припишал не само кукавичлак, туку и неблагодарност и предавство кон Анхус кој го примил под своја заштита и му укажал доверба. Таквата постапка би го осрамотила неговото име и би го изложила на гнев од страна на непријателите од кои повеќе требало да се плаши отколку од Саула. А сепак, ниту за миг не можел да се согласи да се бори против Израел. Кога би го сторил тоа, би бил предавник на сопствената нација – непријател на Бога и на Божјиот народ. Тоа засекогаш би му го препречило патот до израелскиот престол, а во случај Саул да загине во борбата, за неговата смрт би бил обвинет Давид. {ПП 690.1}
Тоа придонело Давид да увиди колку многу згрешил. За него многу подобро би било да не го напуштил своето прибежиште, од Бога создадената сигурна тврдина на израелските планини, отколку што отишол кај заколнатиот непријател на Јехова и непријател на својот народ. Но Господ во својата голема милост овој погрешен чекор на својот слуга не го казнил со тоа што ќе го препушти самиот на себе во тој тежок миг на неизвесност и очај; зашто, иако Давид ја загубил довербата во Божјата сила и скршнал од патеката на строга послушност, сепак верноста кон Бога останала и натаму главна цел на неговото срце. И додека сатаната и неговите демони настојувале да им помогнат на Божјите непријатели и на непријателите на израелскиот народ да прават планови против царот кој го отфрлил Бога, Господовите ангели се труделе да го извлечат Давида од опасноста во која паднал. Небесните гласници ги поттикнале филистејските кнезови да протестираат против учеството на Давида и на неговите луѓе во претстојниот судир. {ПП 690.2}
„Какви се тие Евреи?” коментирале филистејските кнезови спротивставувајќи му се на Анхуса. А бидејќи тој не бил расположен да се одвои од толку важниот сојузник, им одговорил: „Зар не знаете дека е тоа Давид, слугата на Саул, царот израелски? Тој е кај мене повеќе од една година, и јас не најдов кај него ништо лошо, откако е дојден до денес?” {ПП 691.1}
Но кнезовите биле упорни, настојувајќи да се исполни нивното барање: „Испрати го тој човек; нека си оди на местото што си му го определил за да не оди со нас во војна и да не стане наш противник во војната. Со што може да го смилостиви господарот свој, ако не со главите на овие наши луѓе?Нели е тоа оној Давид, на кого му пееја хоровите, велејќи: ‘Саул порази илјади, а Давид – десетици илјади’”. Филистејските кнезови сè уште живо си спомнувале како паднал нивниот прочуен јунак и колку Израелците триумфирале во таа пригода. Тие не верувале дека Давид ќе се бори против сопствениот народ. А во случај во текот на борбата да премине на страна на својот народ, би можел на Филистејците да им нанесе поголема штета од сета Саулова војска. {ПП 691.2}
Така Анхус бил присилен да попушти и, повикувајќи го Давида, му рекол: „Ти се колнам во Господ! Ти си чесен, и на очите мои би им било мило да одиш и да се враќаш со мене при моите војувања; зашто јас не сум забележал во тебе ништо лошо, откако си дојден кај мене сè до денес; но во очите на кнезовите ти не си добар.Затоа, врати се сега, оди си со мир и не ги дразни кнезовите филистејски”. {ПП 691.3}
Плашејќи се да не ги открие своите вистински чувства Давид одговорил: „Што сум направил и што си нашол кај твојот слуга, откако сум пред лицето твое и до денес? Зошто да не одам и да не војувам против непријателите на мојот господар, царот?” {ПП 691.4}
Царевиот одговор сигурно во срцето на Давида предизвикал срам и грижа на совеста при помислата колку недостојни биле за еден слуга на Јехова измамите кон кои тој прибегнал. „Биди уверен дека во очите мои ти си добар како ангел Божји”, му рекол Анхус, „но кнезовите филистејски рекоа: ‘Нека не доаѓа со нас во војна.’ Затоа стани утре рано, ти и слугите на господарот твој што дошле со тебе”. Така се одврзала стапицата во која Давид се заплеткал и се ослободил. {ПП 691.5}
По три дена патување, Давид со своите шестотини луѓе стигнал во Циклаг, во своето престојувалиште во филистејската земја. Но таму наишле на вистински пустош. Амалиците го искористиле Давидовото отсуство и му се одмаздиле за неговите упади во нивната област. Тие го нападнале градот кога никој не го чувал и откако го опустеле и го запалиле, си заминале, земајќи ги со себе жените и децата како робови и голем плен. {ПП 692.1}
Неми од ужас и изненадување, Давид и неговите луѓе извесно време гледале во вистинските пепелишта од кои сè уште се издигнувал дим. А потоа, сфаќајќи ја сета длабина на својата страшна загуба, јад и болка, заплакале старите воини со лузни од многу битки, „почнаа да викаат и да плачат, додека имаше сила во нив за плачење”. {ПП 692.2}
Овде Давид по вторпат бил опоменат за недостиг на вера, што и го навело да дојде кај Филистејците. Сега имал можност да види колкава сигурност може да се најде кај Божјите непријатели, кои едновремено се и непријатели на неговиот народ. Давидовите луѓе се свртиле против него, тврдејќи дека тој е виновен за таа несреќа. Тој ја предизвикал одмаздата од страна на Амалиците со своите напади на нивната територија, а чувствувајќи се премногу сигурен среде своите непријатели, го оставил градот без стража. Подивени од болка и бес, неговите војници биле подготвени на најлошото; дури се заканувале својот водач да го каменуваат. {ПП 692.3}
Давид се чувствувал лишен од секаква човечка помош. Сè што му било мило на овој свет, му било одземено. Саул го истерал од неговиот роден крај, Филстејците го истерале од својот логор, Амалиците го ограбиле градот во кој живеел, неговите жени и деца биле одведени во ропство, неговите најблиски пријатели и соборци се побуниле против него и дури му се заканиле со смрт. Во тој миг на крајна неволја, Давид – наместо да размислува за мачните околности – сериозно се помолил на Бога за помош и „се закрепи со надежта во Господ, својот Бог”. Си спомнал за сè од својот живот во минатото кој бил полн со настани. И дали Бог некогаш дури и за миг го напуштил? Душата му се освежила кога си спомнал за безбројните докази на Божјата милост. Давидовите луѓе со своето незадоволство и нетрпение само ја зголемувале својата болка, но Божјиот слуга, кој имал уште поголема причина да тагува, Храбро се држел. Зборови на неговото срце биле: „Кога страв ќе ме спопадне, во Тебе се надевам, Севишен” (Псалм 56:3). Иако ни самиот тој не можел да го види патот што ќе го изведе од тешкотиите, Бог го видел излезот и можел да го поучи што да прави. {ПП 692.4}
Давид го повикал свештеникот Авијатар, синот на Ахимелех, и „Давид Го праша Господа, велејќи: ‘Да го гонам ли тоа мноштво, и ќе ги стигнам ли?’ А одговорот му беше: ‘Гони, ќе стигнеш и ќе ги избавиш’” (1. Самоилова 30:8). {ПП 693.1}
Тие зборови ја стивнале луњата на болката и ги смириле чувствата. Давид и неговите луѓе веднаш тргнале во потера по непријателите кои бегале. Толку многу брзале што, пристигнувајќи до потокот Бесор, кој кај Газа се влева во Средоземното Море, морале да остават двесте свои луѓе кои не можеле понатаму од папсаност. А Давид со другите четиристотини неуморно гонел и понатаму. {ПП 693.2}
Попатно наишле на еден роб Египќанец на кого, судејќи по сè, му се заканувала смрт од умор и глад. Но кога му дале да јаде и да пие, бргу закрепнал и им кажал дека неговиот господар, еден од Амалиците кој учествувал во походот против Циклаг, го оставил да умре. Им раскажал сè за разбојничкиот напад и за грабежот и, откако му ветиле дека нема да го убијат ниту да му го предадат на господарот, се согласил да ги одведе Давида и неговите луѓе до логорот на нивните непријатели. {ПП 693.3}
Кога пристигнале до логорот, пред нивните очи се укажала чудна сцена на пирување. Победничките чети ја славеле својата победа. „И ете, Амаликијците, распрснати по целата таа земја, јадеа и пиеја и празнуваа поради големиот плен што го беа зеле од земјата филистејска и од земјата јудејска”. Веднаш е издадена наредба за напад и прогонувачите јаросно се нафрлиле врз својот плен. Амалиците биле изненадени и збунети. Битката траела цела ноќ и утредента сè додека речиси цела војска не била уништена. Само четиристотини од нив успеале да јавнат на камили и да побегнат. Така се исполниле зборовите Господови. „И Давид одзеде сè што беа зеле Амаликијците, ги зеде Давид и двете жени свои,и не се изгуби кај нив ништо, ни мало, ни големо, ни синови, ни ќерки, ни пленот – ништо од она што го беа зеле од нив Амаликијците: сè врати Давид”. {ПП 693.4}
Кога Давид влегол во областа во која живееле Амалиците, ги убил со меч сите нивни жители што му паднале во раце. Кога Божјата сила не би ги зауздувала Амалиците, тие би се одмаздиле убивајќи го народот во Циклаг. Меѓутоа, тие решиле да ги поштедат заробените, бидејќи сакале да ја зголемат славата на својата победа одведувајќи голем број заробеници, кои подоцна имале намера да ги продадат како робови. Така, оставајќи ги заробените живи, несвесно ја исполнувале Божјата намера тие подоцна да се вратат кај своите мажи и татковци. {ПП 693.5}
Со сите земни сили управува Севишниот. Тој му кажува на најсилниот владетел и на најсуровиот завојувач: „Дотука ќе дојдеш и нема да преминуваш, и тука е границата на твоите горди бранови?” (Јов 38:11). Божјата сила е постојано на дело спротивставувајќи им се на орудијата на злото. Бог постојано работи за луѓето, не да ги уништи, туку да ги поправи и да ги сочува. {ПП 694.1}
Победниците со голема радост се упатиле дома. Кога пристигнале кај своите другари што заостанале, себичните меѓу нив барале оние што не учествувале во борбата да не учествуваат ниту во поделбата на пленот. Но Давид не се согласил со тој предлог. „Не правете така, браќа мои, откако Господ ни го даде тоа… Каква е честа на оние што одеа во војна, таква чест треба да има и за оние што останаа во логорот; меѓу сите треба да се подели”. Така проблемот бил решен и тоа подоцна во Израел станало правило: сите учесници во воениот поход рамноправно да учествуваат и во поделбата на пленот – како оние кои биле директно во борбата, така и нивните помагачи од заднината. {ПП 694.2}
Освен што успеале да го вратат сиот плен однесен од Циклаг, Давид со своите луѓе заробиле и големи стада овци и говеда што им припаѓале на Амалиците. Тој дел е наречен „Давидов плен” и тој од него им пратил подароци на кнезовите на своето племе во Јудеја. Во таа пригода тој си спомнал за сите кои со него се спријателите додека морал да бега од место во место за да го сочува својот живот, оддавајќи им со тоа благодарност и признание за љубезноста и сожалувањето кои во тоа време биле толку драгоцени за прогонетиот бегалец. {ПП 694.3}
Веќе осамнал трет ден откако Давид со своите борци се вратил во Циклаг. Поправајќи ги разурнатите домови, тие загрижено очекувале вест за исходот на борбата што се водела меѓу Филистејците и Израелците. Одненадеж во градот наишол гласник „облеката му е испокината и на главата има прав” (2. Самоилова 1:2-16). Веднаш го извеле пред Давида, пред кого длабоко се поклонил со страхопочит, оддавајќи му на тој начин признание како на моќен кнез, од кого бара благонаклоност. Давид со нетрпение го испитувал како се одвивала борбата. Бегалецот раскажал за поразот на Саула, нагласувајќи дека загинале и Саул и Јонатан. Претпоставувајќи дека Давид го мрази својот неуморен непријател, бегалецот се понадевал оти во неговите очи ќе стекне углед ако се претстави како убиец, па почнал убедливо да ниже факти. Растурливо продолжил да објаснува како среде најжестоката битка наишол на ранетиот израелски цар, опколен и притиснат од непријателот па, на негова лична молба, го убил со своја рака. Круната од неговата глава и царската белегзија од раката му ги донел на Давида. Со сигурност очекувал таа вест да биде поздравена со голема радост и тој за својата постапка да биде богато награден. {ПП 695.4}
Но „Тогаш Давид се фати за облеката своја и ја раскина, исто така и сите луѓе што беа со него, ги раскинаа алиштата свои,и липаа, и плачеа и постеа до вечерта за Саул и за синот негов Јонатан, и за народот Господов и за домот Израелов, поради тоа што беа загинале од меч”. {ПП 695.1}
Кога поминала првата жалост поради оваа страшна вест, Давидовите мисли се насочиле кон гласникот и кон злосторството што тој го раскажал и сам го признал. „Ти од каде си?” го прашал Давид. „А тој му одговори: „Јас сум син на еден придојден Амаликиец”.Тогаш Давид му рече: „Како не се исплаши да кренеш рака за да убиеш помазаник Господов?” Давид двапати во животот го имал Саула во свои раце, но кога требало да го убие, одбил да дигне рака на оној кој со Божја заповед бил одреден да владее над Израел. Но Амаликот не се плашел да се фали како го убил израелскиот цар. Со тоа самиот се обвинил за злосторство што се казнувало со смрт, и казната над него била веднаш извршена. Давид рекол: „Твојата крв нека биде врз главата твоја, бидејќи твојата уста сведочеше против тебе, кога велеше: ‘Го убив помазаникот Господов’”. {ПП 695.2}
Болката на Давида поради смртта на Саула била искрена и длабока и во исто време ја откривала великодушноста на една навистина благородна природа. Тој не се радувал за падот на својот непријател. Пречката што му стоела на патот да седне на израелскиот престол била отстранета, но тој не се израдувал за тоа. Смртта го избришала сеќавањето на Сауловата недоверба и свирепост и веќе не си спомнувал за ништо од неговиот живот освен за она што кај него било царско и благородно. Освен тоа, името на Саула било поврзано со споменот на Јонатана кој му бил толку верен и несебичен пријател. {ПП 695.3}
Песната во која Давид им дал израз на чувствата на своето срце станала богатство не само за неговата нација, туку и за Божјиот народ во сите подоцнежни векови: {ПП 696.1}
„Твојата слава, о Израеле,
Падна врз твоите височин!
Како паднаа израелските јунаци!
Не раскажувајте во Гет,
Не разгласувајте по улиците на Ашкелон,
Да не се радуваат ќерките филистејски,
Да не ликуваат ќерките на необрезаните.
Гори Гелвујски,
Да не падне на вас ни роса, ни дожд!
И вашите ниви да бидат без плод,
Зашто таму е фрлен штитот на Саул,
Како да не беше тој помазан со масло…
Саул и Јонатан, сакани и сложни во животот свој,
Не се разделија ни во смртта своја;
Тие беа побрзи од орлите, посилни од лавовите.
Ќерки Израелови! Плачете за Саул,
Кој ве облекуваше во пурпурна облека со украси
И ги китеше со златни накити облеките ваши!
О, како паднаа силните во борбата!
Загина Јонатан на твоите височини.
Жалам за тебе, брате Јонатане;
Ти ми беше многу мил;
Твојата љубов за мене беше поголема од женската љубов.
Како паднаа силните, како загина бојното оружје!” (2. Самоилова 1:19-27). {ПП 696.2}