57. ФИЛИСТЕЈЦИТЕ ГО ЗАРОБУВААТ КОВЧЕГОТ НА ЗАВЕТОТ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на 1. Самоилова 3-7 глава

На домот на Илија му била пратена уште една опомена. Бог не можел да контактира со првосвештеникот и со неговите синови; нивниот грев како непробоен облак го засолнувал присуството на неговиот Свети Дух. Но среде тоа зло, малечкиот Самоил останал верен пред Небото и кога ја изнел пресудата над домот на Илија, станал пророк на Севишниот. {ПП 581.1}

„Момчето Самоил Му служеше на Господ под надзор на Илија. Словото Господово беше ретко во тие денови и немаше виденија.И се случи во она време, кога Илија лежеше на местото свое, а очите негови беа почнале да му слабеат, и тој не можеше да гледа, –и светилникот Божји уште не беше угаснал, а Самоил лежеше во храмот Господов, каде што беше ковчегот Божји”. „Господ повика кон Самоил”. Мислејќи дека го вика Илија, момчето скокнало и потрчало кон постелата на првосвештеникот и рекло: „Еве ме! Зошто ме викаше?” А Илија му одговорил: „Јас не сум те викал; оди легни си”. Три пати Самоил бил повикан и три пати одговорил на ист начин. Тогаш Илија се уверил дека таинствениот повик бил Божјиот глас. Господ го заобиколил својот одбран слуга, старецот со седа глава, и му се обратил на дете. Тоа веќе само по себе било горчлив но оправдан прекор за Илија и за неговиот дом. {ПП 581.2}

Но, во срцето на Илија не се појавила ниту завист ниту љубомора. Го посоветувал Самоила, ако уште еднаш чуе некој да го вика, само да одговори: „Говори, Господи, бидејќи Твојот слуга слуша”. Кога пак слушнало глас, момчето одговорило: „Говори, Господи, бидејќи Твојот слуга слуша” При помислата дека великиот Бог треба да му зборува токму нему, Самоил толку многу се уплашил, што не можел точно да ги повтори зборовите што му ги кажал Илија. {ПП 581.3}  

„И му рече Господ на Самоил: ‘Еве, ќе направам нешто во Израел, така што на секој што ќе слушне за тоа, ќе му заѕујат и двете уши.Во тој ден Јас ќе го исполнам над Илија сè она што сум зборувал за домот негов, од почеток до крај.Јас му јавив дека ќе го казнам домот негов засекогаш заради онаа вина, што тој ја знаеше, бидејќи синовите негови хулеа на Бога, и тој не ги запираше.И поради тоа се колнам пред домот на Илија дека вината на Илиовиот дом нема да се избрише довека ниту со жртви, ниту со приноси’”. {ПП 581.4}

Пред да ја прими таа порака, „Самоил дотогаш не го познаваше гласот на Господ, зашто уште не му се беше открило словото Господово”, што значи дека тој уште не знаел за непосредните откровенија на Божјото присуство какви што им биле давани на пророците. Божја намера била да се открие на неочекуван начин, па Илија за тоа дознал испитувајќи го изненаденото момче. {ПП 582.1}

При помислата на толку страшната вест што му била доверена, Самоила го обзел страв и чудење. Утредента изутрина како и обично ги извршувал своите должности, но со тешко сознание што го притискало неговото младо срце. Господ не му наредил таа страшна вест да ја пренесе, па молчел и колку што можел повеќе  одбегнувал средба со Илија. Се плашел дека со некакво прашање би можел да биде присилен Божјата казна да му ја соопшти на оној кого толку многу го сакал и го почитувал. Илија цврсто верувал дека таа вест навестувала некаква голема несреќа за него и за неговото семејство. Го повикал Самоила и му наредил верно да раскаже сè што му открил Господ. Момчето послушало, а стариот човек скршено ја наведнал главата пред страшната пресуда. „Тој е Господ; нека направи она што е добро во Неговите очи”, рекол Илија. {ПП 582.2}

Па сепак, Илија не покажал плодови на вистинско покајание. Ја признал кривицата, но не се откажал од гревот. Господ со години ја одложувал најавената казна. За тоа време можело многу да се стори за да се искупат грешките од минатото. Но стариот свештеник не презел ништо одредено за да го отстрани злото што го валкало Светилиштето Господово и водело во пропаст илјадници Израелци. Божјото трпение придонело срцето на Офнија и Финеса уште повеќе да се стврдне, па тие биле уште подрски во престапите. Илија целиот народ го запознал со укорот и со опомената што му ја упатил Бог на неговиот дом. Се надевал дека на тој начин ќе  ја ублажи немарноста на своите поранешни години. Но, како и некогаш свештениците што им придавале малку важност на Божјите опомени, така сега ниту народот не им придавал сериозно значење. И околните народи, кои биле добро запознати со неправдата што отворено се правела во Израел, станале уште посмели во своето идолопоклонство и во лошите дела. Тие не  чувствувале дека се виновни за своите гревови како тогаш кога Израелците би биле истрајни во својата чесност. Но денот на одмаздата се приближувал. Божјиот авторитет бил омаловажуван, неговата служба занемарена, па Бог морал да се вмеша за да ја сочува честа на своето име. {ПП 582.3}

„И излегоа во војна Израелците против Филистејците и поставија логор кај Евен-Езер, а Филистејците поставија логор кај Афек”. Израелците тргнале во овој воен поход не прашувајќи го Бога за совет и не барајќи помош од првосвештеникот или од пророк. „И Филистејците се наредија за борба против Израелците; почна борбата, и Филистејците ги разбија Израелците, и загинаа од нив на бојното поле околу четири илјади души”. А кога разбиената и победена војска се вратила во логорот, „старешините Израелови рекоа: ‘Зошто Господ нè порази денес пред Филистејците?’” Народот бил зрел да прими Божја казна, а сепак не увидувале дека нивните гревови ја предизвикале таа страшна несреќа. Рекле: „Да си го земеме од Силом ковчегот на заветот Господов, и тој ќе оди среде нас и ќе нè спаси од раката на непријателите наши”. Бог ниту им наредил ниту им одобрил ковчегот на заветот да го донесат на боиштето. Но тие цврсто верувале дека сега ќе победат, па подигнале силен вик кога синовите на Илија го внеле во логорот ковчегот на заветот. {ПП 583.1}   

Филистејците ковчегот на заветот го гледале како израелски Бог. Сите чудесни дела што ги сторил Јехова за својот народ и биле припишувани на моќта на ковчегот. Кога ги слушнале радосните извици на Израелците, „рекоа: ‘Зошто ли се тие радосни извици во логорот на Евреите?’ И дознаа дека во логорот пристигнал ковчегот Господов.И се уплашија Филистејците, бидејќи си рекоа: „Бог дошол кај нив во логорот”. И рекоа: „Тешко нам, зашто такво нешто не се случило никогаш порано.Тешко нам! Кој ќе нè спаси од раката на Оној силен Бог? Тоа е Оној Бог што удри по Египќаните со секакви неволји во пустината.Стегнете се, о Филистејци, и бидете храбри за да не станете робови на Евреите, како што се тие во ропство под вас! Бидете мажи и борете се со нив”. {ПП 583.2}

Филистејците извршиле жесток напад, ги разбиле Израелците и им нанале големи загуби. На боиштето останале триесет илјади мртви, ковчегот на заветот паднал во рацете на непријателите, а двајцата синови на Илија загинале бранејќи го. Така на страниците на историјата и во оваа пригода е запишано сведоштво за идните поколенија – гревовите на Божјиот народ нема да останат неказнети. Во колку луѓето имаат поголеми сознанија за Божјата волја, поголем е и нивниот грев ако ја занемаруваат. {ПП 583.3}

Израелците ги снашла најголема несреќа што можела да се случи. Божјиот ковчег на заветот бил заробен и се наоѓал во рацете на непријателот. Славата навистина го напуштила Израел кога симболот на присуството и моќта  на Јехова исчезнал од нивната средина. За тој свет ковчег биле врзани најчудесни откровенија на Божјата вистина и сила. Во поранешните времиња, секогаш кога би се појавил ковчегот, добивани се сјајни победи. Ковчегот се наоѓал во сенката на крилјата на златните Херувими, а неискажливата слава на Божјото присуство, видливиот симбол на возвишениот Бог, почивала над него во светињата над светињите. Но овој пат ковчегот не донел победа. Во оваа пригода ковчегот не се покажал како заштита и поради тоа во цел Израел завладеала голема жалост. {ПП 584.1}

Тие не увидувале дека нивната вера била само на зборови и дека немала сила да допре до Бога. Божјиот закон, кој се наоѓал во ковчегот на заветот, бил исто така еден од знаците на неговото присуство; но тие ги презреле неговите заповеди и ги занемариле неговите барања и така го ожалостиле и го оддалечиле од себе Божјиот Дух. Додека народот ги слушал Божјите свети прописи, Господ бил со нив и дејствувал за нив со својата бесконечна сила. Меѓутоа, кога тие почнале да гледаат во ковчегот, не поврзувајќи го со Господа и не укажувајќи  почит кон неговата откриена волја, ковчегот не можел да им помогне и не вредел повеќе од обичен сандак. За нив ковчегот на заветот бил исто што и идолите за многубошците, како тој сам по себе да имал моќ да спаси. Тие го престапувале законот што се наоѓал во него, зашто обожавањето на ковчегот водело кон формализам, кон лицемерство и идолопоклонство. Нивниот грев ги одвоил од Бога и Тој не можел да им подари победа сè додека не се покаат и не се откажат од неправдата. {ПП 584.2}

Не било доволно што ковчегот на заветот и Светилиштето биле среде Израел. Свештениците принесувале жртва и народот се нарекувал Божји народ, Божји деца, но ни тоа не било доволно. Бог не се осврнува на молбите на оние што негуваат зло во срцето, зашто стои напишано: „Кој го отстранува увото свое да не го слуша законот, на таквта му е одвратна” (Изреки 28:9). {ПП 584.3}

Кога војската тргнала во борба, Илија, бидејќи бил стар и слеп, останал во Силом. Крајот на судирот го очекувал со жални наслутувања, „бидејќи срцето му трепереше за ковчегот Божји”. Со денови седел пред вратата на Светилиштето и со страв чекал да дојде некој од бојното поле и да каже што се случило. {ПП 585.1}

Најпосле со брзи чекори по патот што водел во градот наишол еден од синовите Венијаминови на кого „облеката му беше испокината и главата во прав”. И не го забележал старецот кога патем поминал крај него и се втрчал во градот на љубопитното мноштво да му ги објави поразот и загубата. {ПП 585.2}

Пискотите и јадосувањето допреле и до ушите на старецот пред Светилиштето. Му го довеле гласникот кој му рекол на Илија: „Израел избега пред Филистејците, голем пораз претрпе, и двајцата твои синови, Офни и Финес, загинаа”. Иако била страшна, Илија ја поднел оваа вест зашто ја очекувал. Меѓутоа, кога весникот додал: „а ковчегот Божји е запленет”, на неговото лице се појавил изглед на неопишана тага и болка. Помислата дека тој со својот грев толку го срамотел Бога и го навел да го повлече своето присуство од Израел, претставувала повеќе отколку што тој можел да издржи. Силата го предала па „Илија падна… си го скрши вратот и умре”. {ПП 585.3}

Жената на Финеса, без оглед на безбожноста на својот маж, го страхопочитувала Господа. Нејзината смрт била предизвикана од загубата на свекорот и мажот, но најмногу од страшната вест дека е заробен ковчегот на заветот. Сфатила дека за Израел пропаднала и последната надеж, па своето дете што се родило во тој несреќен час го нарекла Ихавод „Отиде славата”. Издивнувајќи, ги повторила зборовите: „Отиде славата од Израел, бидејќи ковчегот Божји е запленет”. {ПП 585.4}

Но Господ не го напуштил потполно својот народ ниту долго го поднесувал ликувањето на неговиот непријател. Тој се послужил со Филистејците како со средство да го казни Израел, но потоа се послужил со ковчегот на заветот да ги казни Филистејците. Во поранешните времиња ковчегот го придружувало Божјо присуство, подарувајќи  му моќ и слава на неговиот послушен народ. Таа невидлива сила и понатаму го придружувала ковчегот со цел на престапниците на неговиот свет закон да им донесе страв и пропаст. Господ често се служи и со своите најогорчени непријатели да го казни неверството на народот кој тврди дека е негов. Безбожниците можеле извесно време да ликуваат гледајќи како Израелците страдаат, но ќе дојде време кога и тие ќе  ја почувствуваат казната на светиот Бог кој го мрази гревот. Секаде каде што владее безбожност, бргу и сигурно ќе дојде и Божја казна. {ПП 585.5}

Ликувајќи , Филистејците ковчегот на заветот го однеле во еден од своите пет главни градови, Азот, и го поставиле во светилиштето на својот бог Дагон. Замислувале дека сега ним им припаѓа силата што го придружувала ковчегот на заветот и дека тие ќе  станат непобедливи кога таа сила ќе се соедини со силата на нивниот бог Дагон. Но, следниот ден, кога влегле во Храмот, ги вчудовидела сцената што ја виделе таму. Кипот на богот Дагон паднал пред ковчегот на заветот со лицето свртено кон земјата. Нивните свештеници со страхопочит го подигнале идолот и го поставиле на неговото место. Но следното утро повторно го нашле како лежи на истото место, чудесно осакатен. Горниот дел на тој идол носел лик на човек, а долниот потсетувал на риба. Овој пат отпаднале сите делови што потсетувале на човек, а останал само оној што наликувал на риба. И народот и свештениците ги обзел ужас; тој таинствен настан го сметале како предзнак на пропаст на нивните идоли и на самите нив пред силата на израелскиот Бог. Затоа ковчегот на заветот го изнеле од својот Храм и го ставиле во посебна зграда. {ПП 586.1}

Тогаш меѓу жителите на Азот завладеала тешка и опасна зараза. Спомнувајќи си за поразите што морале да ги поднесуваат Египќаните во вид на казни од страна на израелскиот Бог, тврделе дека таа зараза потекнува од присуството на ковчегот на заветот во нивната средина. Поради тоа решиле да го однесат во Гет. Но заразата се проширила и таму, па ковчегот го понеле понатаму – во Акарон. Тука народот го пречекал со страв викајќи: „Го донесоа кај нас ковчегот на Бог Израелов за да нè помори нас и народот наш”. И тие им се обратиле на своите богови за заштита, како што го сториле тоа пред нив и жителите на Азот и Гет. Меѓутоа, злото и натаму се ширело „така што пискотот од градот се издигаше до небото”. Бидејќи се плашеле ковчегот да го држат во населени места меѓу народот, го однеле на отворено поле. При тоа уследила наезда на глувци кои го уништиле сиот посев како во амбарите и кошевите така и на полињата. И тогаш на народот му се заканила целосна пропаст од глад и болести. {ПП 586.2}

Ковчегот на заветот седум месеци останал меѓу Филистејците, а Израелците за тоа време не презеле ништо за да го вратат назад.Меѓутоа, Филистејците сега исто така топло сакале да се ослободат од него како и некогаш што сакале да го присвојат. Наместо да им биде извор на сила, им станал голем товар и тешко проклетство. Просто не знаеле што да прават, зашто каде и да го пренеле, секаде ги снаоѓала Божја казна. Затоа народот им се обратил на старешините, на свештениците и гатачите со прашање: „Што да правиме со ковчегот Господов? Поучете нè, како да го испратиме до местото негово?” Добиле совет, кога ќе го враќаат да пратат и принос за грев. „Тогаш ќе се излекувате и ќе дознаете, зашто не отстапува од вас раката Негова”. {ПП 586.3}

За да запрат и да отстранат некаква зараза, меѓу незнабошците владеел стар обичај – од злато, сребро или некој друг материјал да направат лик на причинителот на злото или на оној дел од телото што најмногу бил погоден. Тогаш тоа би го закачиле на некаков столб или на некое друго видно место и верувале дека тоа е сигурна заштита од злото што ги снашло. И денеска постојат слични обичаи меѓу незнабожечките народи. Кога некој страда од некаква болест, тој оди во Храмот на својот идол таму да најде лек за себе, и со себе носи лик на заболениот дел на телото и му го принесува на богот на жртва. {ПП 587.1}

Во сообразност со општо распространетото суеверие, филистејските старешини му советувале на народот да направи сликовита претстава на напастите од кои страдале – „Според бројот на филистејските кнезови – пет златни предмети во форма на израстоци и пет златни глувци; зашто еднаков е поразот врз сите вас и врз кнезовите ваши”. {ПП 587.2}

Тие мудри луѓе увидувале дека ковчегот на заветот го придружува таинствена сила – сила на која нивната мудрост не можела да ѝ се противстави. Па сепак, не го посоветувале својот народ да го отфрли идолопоклонството и да му служи на Бога. Сè уште го мразеле израелскиот Бог иако биле присилени да му се потчинат на неговиот авторитет поради неговите силни казни. На тој начин грешниците, соочени со Божјите казни, можат да се осведочат дека е напразно да се борат против него. Колку и да ѝ се опираат во своето срце на Божјата власт, сепак, тие ќе бидат присилени да ѝ се потчинат на неговата сила. Но таквото потчинување не може да го спаси грешникот. Срцето мора да му се предаде на Бога и со Божја милост мора да стане покорно; тоа е услов Бог да го прифати човековото покајание. {ПП 587.3}

Колку е големо Божјото трпение кон безбожниците! Безбожните Филистејци и отпаднатите Израелци еднакво ги уживале даровите на неговото провидение. Десетина илјади незабележани ветувања на милоста паѓале без глас на патеката на неблагодарните и бунтовно расположени луѓе. Секој благослов им зборувал за Дарителот, но тие биле рамнодушни кон неговата љубов. Божјото трпение кон човечките синови било мошне големо; но, кога тие тврдоглаво биле упорни во своето непокајание, Тој ги лишувал од натамошната заштита. Тие одбивале да го чујат Божјиот глас во делата на неговото создавање, во опомените, во советите и упатствата на неговата Реч, па затоа бил присилен да им зборува преку казни. {ПП 587.4}

Меѓу Филистејците имало и такви кои не се согласувале ковчегот на заветот да се врати во својата земја. Таквото признание на моќта  на израелскиот Бог било понижувачко за гордите Филистејци. Но „свештениците и гатачите” го советувале народот да не ја следи тврдоглавоста на фараонот и Египќаните и на себе да навлече уште поголеми зла. Затоа е направен план со кој веднаш сите се согласиле и кој веднаш е изведен. Ковчегот на заветот, заедно со златните жртви за престапот, ги ставиле на нова кола. А за да се одбегне секоја можност за какво било сквернавење, во колата биле впрегнати две крави на чијшто врат никогаш до тогаш не бил ставен јарем. Нивните телиња ги задржале дома, а кравите ги пуштиле слободно да одат каде што сакаат. Ако на тој начин ковчегот на заветот се врати во Ветсамис, блиско гратче на Левитите, тогаш Филистејците тоа ќе го сметаат како доказ дека сето зло дошло од израелскиот Бог. „Ако пак не, ќе знаеме дека не нè поразила Неговата рака, туку тоа станало со нас случајно”. {ПП 588.1}  

Штом кравите доилки се пуштени, тие ги оставиле своите телиња и се упатиле мукајќи право кон Ветсамис. Иако не ги водела човечка рака, стрпливите животни оделе право по својот пат. Колата ја придружувало Божјо присуство и ја водело со сигурна рака кон одреденото место. {ПП 588.2}

Во тоа време жителите на градот Ветсамис биле на полињата и жнееле пченица. „И, откако погледнаа, го видоа ковчегот Господов и се зарадуваа, поради тоа што го сретнаа.А колата дојде во нивата на бетшемешанецот Исус и таму запре. Имаше таму еден голем камен, и исцепија дрва од колата, а кравите ги принесоа на Господ како жртва”. Филистејските кнезови, кои ја придружувале колата „до пределите на Ветсамис”, и виделе како е примена колата, се вратиле дома. Заразата престанала, па тие се увериле дека таа несреќа им била казна од страна на израелскиот Бог. {ПП 588.3}

Жителите на Ветсамис бргу ја пренеле веста дека ковчегот на заветот е во нивни раце па многу народ од целата таа околина се собрал да го поздрави неговото враќање. Ковчегот на заветот бил поставен на каменот кој првобитно им служел како жртвеник, па пред ковчегот му принеле уште жртви на Господа. Кога сите што принесувале жртва и би се покајале за своите гревови, нив би ги придружувал Божји благослов. Но тие не им се покорувале верно на неговите закони. Се радувале што ковчегот на заветот е вратен и во тоа виделе добар знак, но не ја сфатиле исправно неговата светост. Наместо веднаш да направат место што би одговарало за ковчегот, тие го оставиле да стои во полето. Разгледувајќи го љубопитно светиот ковчег, зборувале за чудесниот начин на кој се вратил и почнале да нагаѓаат каде лежи неговата толку голема моќ. Најпосле љубопитството ги обзело во толкава мера, што се осмелиле да го симнат поклопецот и да загледаат во ковчегот. {ПП 589.1}

Цел Израел бил поучен со страхопочит да пристапува кон ковчегот. Кога би добиле наредба да го пренесат од едно на друго место, Левитите не смееле да загледуваат во него. Само на првосвештеникот му било дозволено еднаш годишно да погледне во Божјиот ковчег на заветот. Дури ни незнабожечките Филистејци не се осмелиле да го подигнат неговиот поклопец. Небесните ангели постојано го придружувале на сите негови патувања. Дрското непочитување на жителите на Ветсамис било веднаш казнето. Мнозина веднаш изумреле. {ПП 589.2}

И по таа казна преживеаните не сметале дека е потребно да се покаат за својот грев; едноставно од тогаш тие ковчегот на заветот го гледале повеќе со суеверен страв. Жителите на Ветсамис сакале по секоја цена да се ослободат од ковчегот, но немале храброст да го пренесат. Затоа пратиле весници до жителите на градот Киријат-Јарим и ги повикале да дојдат и да го однесат ковчегот. Жителите на ова место го поздравиле ковчегот со голема радост. Тие знаеле дека тоа е залог на Божјата милост за послушните и верните. Исполнети со света радост, го донеле во својот град и го поставиле во куќа та на Левитот Авинадав. Овој човек го одредил својот син Елеазар да го чува, и ковчегот останал тука многу години. {ПП 589.3}

Откако Господ првпат му се открил на синот на Ана, цел народ признавал дека Самоил е одреден за пророчка служба. Со тоа што Божјата опомена верно му ја пренел на домот на Илија, иако таа должност била тешка и мачна, Самоил ја докажал својата верност како весник на Јехова: „Додека Самоил растеше, Господ беше постојано со него, и не остана ниту еден Негов збор неисполнет.И сиот Израел од Дан до Вирсавија дозна дека Самоил е удостоен да биде пророк Господов”. {ПП 589.4}

Бидејќи Израелците како нација и понатаму останале во состојба на неверство и идолопоклонство, биле казнети така што им останале потчинети на Филистејците. Во тоа време Самоил ги обиколувал градовите и селата низ цела земја трудејќи се срцата на народот да ги обрати кон Бога на нивните татковци, и неговите напори не останале без успех. По дваесет години робување, „сиот Израелов дом гледаше со почит кон Господ”. Самоил ги советувал: „Ако од сè срце Му се враќате на Господ, отстранете ги од средината своја туѓите богови и статуите на Аштарта, подгответе ги срцата свои за Господ и Нему единствено служете Му”. Од овие зборови гледаме дека Самоил го учел народот на практична побожност и на религија на срцето токму онака како што го правел тоа и Христос кога бил на земјата. Надворешните верски форми за стариот Израел немале никаква вредност сè додека не ја примиле Христовата милост. И денеска тие, без Христова милост, се исто толку безвредни за современиот Израел. {ПП 590.1}

И денеска е потребно едно такво оживување на вистинската вера во срцето какво што искусиле старите Израелци. Каењето е прв чекор што мора да го сторат сите кои сакаат да се вратат кај Бога. Тоа дело никој не може да го стори за друг, туку секој за себе. Секој од нас мора сам своето срце да го понизи пред Бога и да ги отфрли идолите. Кога ќе сториме сè што можеме, тогаш Господ ќе  ни го покаже своето спасение. {ПП 590.2}

Во соработка со племенските старешини, во Мицпа е одржан голем народен собир, а одржан е и свечен пост. Народот во длабока понизност ги признал гревовите и во знак на решеност дека верно ќе ги исполнуваат упатствата што ги чуле, Израелците го избрале Самоила за судија. {ПП 590.3}

Филистејците мислеле дека на овој собир се одржува воен совет, па се упатиле со голема војска да ги растераат Израелците пред да се остварат нивните планови. Веста за приближување на непријателот предизвикала голем страв кај Израелците. {ПП 590.4}

Филистејците пристигнале токму во мигот кога Самоил приготвувал да принесе јагне на жртва. Тогаш Оној што слегол на Синајската гора во облак од оган, дим и грмежи, кој пред Израелците го разделил Црвеното Море, и кој низ Јордан им отворил пат, повторно ја покажал својата моќ . Врз воинствените чети се урнала страшна луња и земјата била покриена со лешеви на силните воини. {ПП 590.5}

Растреперени од страв и надеж, Израелците стоеле неми и со страхопочит. Кога го виделе поразот на своите непријатели, знаеле дека Бог го прифатил нивното покајание. Иако не биле подготвени за борба, го грабнале оружјето на убиените Филистејци и ги гонеле сè до Бет-Кар. Оваа прекрасна победа била извојувана на истото боиште каде што дваесет години пред тоа Филистејците ги победиле Израелците и им го заробиле Божјиот ковчег на заветот. Како за народите, така и за поединците, послушноста кон Бога значи сигурност и среќа, додека престапот на неговите закони води во несреќа и пораз. Филистејците во оваа пригода биле така разбиени, што им ги предале на Израелците сите свои тврдини и многу години се воздржувале од секакво непријателство кон нив. И другите народи го следеле примерот на Филистејците, па Израелците долго уживале мир сè додека Самоил бил судија. {ПП 591.1} За да не се заборави тој настан, Самоил поставил меѓу Мицпа и Шен еден голем камен за спомен. Го нарекол Евен-Езер, „Камен помошник” и, обраќајќи му се на народот, рекол: „До овде ни помогна Господ!” {ПП 591.2}

Сподели го ова:

Слични објави