24. ПАСХА
Оваа глава е заснована на Излез 11 глава и 12:1-32
Кога првпат му било поставено барањето на египетскиот цар за ослободување на Израелците, тој исто така бил предупреден и на најстрашната казна што ќе уследи. На Мојсеја му било наредено да му пренесе; „А ти кажи му на фараонот: Вака вели Господ: Израел е Мојот првороден син.Јас ти велам: пушти го синот Мој да Ми служи. Ако не го пуштиш, Јас ќе го убијам твојот првороден син” (Излез 4:22,23). Иако од Египќаните презрени, Израелците од Бога биле високо ценети, и Тој ги изделил како посебен народ да бидат чувари на неговиот закон. Со тие свои посебно доделени привилегии и благослови имале првенство меѓу другите народи, како синот првенец што има меѓу другите браќа. {ПП 273.1}
Казната што прва им била навестена на Египќаните, требало да ги снајде како последна. Бог е мошне стрплив и обилен со милосрдие. Тој нежно се грижи за суштествата што се создадени според неговиот лик. Египќаните да се покајале кога им биле уништени посевите и добитокот децата не би им биле погодени; но тој народ упорно ѝ се опирал на Божјата заповед и сега морал да падне и последниот удар. {ПП 273.2}
На Мојсеја под закана на смртна казна му било забрането да се појави пред фараонот; но на упорниот цар морала да му се пренесе и последната Божја казна, и Мојсеј уште еднаш излегол пред него со морничаво навестување: „Вака вели Господ: ‘На полноќ ќе поминам низ Египет,и ќе умре секој првороден во земјата египетска, од првородениот син фараонов, кој треба да седне на престолот негов, до првородениот син на слугинката, која се наоѓа во воденицата, и првородениот добиток.И ќе настане голем пискот по целата египетска земја, каков што досега немало, ниту некогаш ќе го има.А кај синовите на Израел нигде нема ни куче да залае со својот јазик, ниту против човек, ниту против животно, за да се види каква разлика прави Господ меѓу Израелците и Египќаните.’Па ќе дојдат сите тие слуги твои кај мене, и ќе ми се поклонат, велејќи: ‘Оди си и ти и целиот твој народ, што го водиш со тебе.’ И тогаш ќе излезам”. {ПП 273.3}
Пред да биде извршена таа пресуда, Господ на синовите Израелови им дал упатство во врска со нивното излегување од Египет, особено да внимаваат на претстојната казна. Секое семејство, само или здружено со некое друго доколку било малубројно, морало да заколе јагне или јаре, здраво и без мана, потоа китка исоп да натопи во крвта на закланото животно и со неа да ги испрска „обата довратника и горните прагови на куќата, во која ќе го јадат” за ангелот што ќе има задача „таа ноќ” да го погуби „секој првороден во земјата египетска” да не влезе во нивниот дом. Месото морале да го изедат во текот на ноќта и тоа со пресен леб и горко зелје, како што им рекол Мојсеј: „А вака јадете го: опашани околу половината, обувките да ви се на нозете и стаповите ваши во рацете ваши, и јадете брзо: тоа е Пасха Господова”. {ПП 274.1}
Господ рекол: „Зашто ќе поминам низ земјата египетска таа ноќ, и ќе го убијам секој првороден во земјата египетска, од човек до добиток, и ќе им се одмаздам на сите египетски богови, зашто Јас сум Господ.А крвта ќе ви биде знак на куќите, во кои ќе бидете: и кога ќе видам крв, ќе ве одминам, па нема да има меѓу вас помор, кога ќе ја казнам египетската земја”. {ПП 274.2}
За спомен на тоа големо ослободување, Израелскиот народ требало да го празнува тој ден во сите идни поколенија. „И тој ден ќе ви биде ден на сеќавање и празнувајте го тој празник, посветен на Господ; празнувајте го од колено на колено; како трајна уредба”. Во подоцнежните години, кога го празнувале тој празник, тие биле должни на своите деца да им ја повторуваат историјата за тоа големо ослободување, како што им заповедил Мојсеј: „Одговорете: ‘Тоа е Пасхална жртва на Господ, Кој ги одмина куќите на синовите израелски во Египет, убивајќи ги Египќаните, а домовите наши ги зачува’”. {ПП 274.3}
Освен тоа, секој првенец меѓу луѓето и меѓу добитокот требало да му се посвети на Господа и истиот можел само да се откупи за да не се заборави дека при убивањето на првенците во египетската земја, првенците на Израел милосливо биле поштедени од таа судбина благодарение единствено на жртвата на помирувањето. „Сите првородени се Мои; во денот, кога ги убив сите првородени во египетската земја, Јас ги осветив за Себе сите провородени во Израел – од човек до добиток: тие треба да бидат Мои” (Броеви 3:13). Кога била воспоставена службата во шаторот за состанок, Господ, наместо првенците од својот народ, за служба во Светилиштето го избрал племето на Левие. Господ му рекол на Мојсеја: „Бидејќи место сите првородени од синовите израелски, кои отвораат утроба, Јас ги зедов за Себе” (Броеви 8:16). Меѓутоа, од народот сепак и понатаму се барало, во знак на признание на Божјата милост да ги откупува своите првенци (Броеви 18:15,16). {ПП 274.4}
Празникот Пасха требало да биде и спомен и симбол не само да потсетува на ослободувањето од Египет, туку и однапред да укажува на големото ослободување што ќе го изврши Христос, ослободувајќи го својот народ од јаремот на гревот. Жртвеното јагне го претставувало „Божјото Јагне” во кое се наоѓа нашата единствена надеж за спасение. Апостолот кажува: „Зашто Христос, Пасхата наша, беше жртвувана за нас” (1. Коринтјаните 5:7). Не било доволно само тоа што пасхалното јагне било заклано, туку со неговата крв морале да се испрскаат довратниците; така душата мора да ги прифати заслугите на Христовата крв. Не е доволно да се верува дека Тој умрел за овој свет, туку мораме да веруваме дека Тој умрел лично за нас. Заслугите на жртвата на помирување мораме да ги прифатиме лично за себе. {ПП 277.1}
Исопот (тревесто растение, заб. на прев.) употребен за прскање со крвта бил симбол на чистењето; тој бил употребуван и при отсранувањето на губата и при чистењето на оние што би станале нечисти со допир на мртовец. Неговото значење исто така се гледа и во молитвата на псалмистот: „Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег” (Псалм 51:7). {ПП 277.2}
Јагнето морало да се испече цело и не смеело да му се скрши ниту една коска. Исто така не смеела да му се скрши ниту една коска и на Божјото Јагне што морало да умре заради нас (Јован 19:36). Така било прикажано и совршенството на Христовата жртва. {ПП 277.3}
Месото морале да го изедат. За да ни бидат простени гревовите, не е доволно само да веруваме во Христа, туку преку него и неговата Реч треба постојано да примаме духовна храна и сила. Христос рекол: „Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен” (Јован 6:53,54,63). А за да го објасни значењето на тоа што го кажал, Тој додал: „Зборовите што ви ги кажав се дух и живот”. Исус го прифатил законот на својот Отец, ги применувал неговите начела во својот живот, го открил духот на тој закон и го покажал неговото благопријатно дејствување врз срцето. Јован кажува: „И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот” (Јован 1:14). Христовите следбеници мора да ги делат неговите искуства. Тие мора да ја прифатат Божјата реч и целосно да се прилагодат кон неа така што таа да стане движечка сила на нивниот живот и на нивните постапки. Со Христовата сила тие мора да се преобразат во неговиот лик и да ги отсјајуваат божествените особини. Тие мора да го земат телото и крвта на Божјиот Син, инаку нема да имаат живот во себе. Христовиот дух и Христовото дело мора да бидат дух и дело и на неговите ученици. {ПП 277.4}
Јагнето требало да се јаде заедно со горко зелје, што укажувало на горчливото робување во Египет. Така и ние, кога ќе го примиме лебот што го претставува Христа, тоа треба да го правиме со скршено срце, каејќи се за нашите гревови. Употребувањето на пресен леб исто така имало свое значење. Со законот за празникот Пасха, што Евреите строго го почитувале, изрично било забрането за време на празникот во нивните куќи да се најде кисело тесто. Исто така и квасецот на гревот мора да биде отстранет од срцата на сите оние што сакаат од Христа да примат живот и духовна храна. Павле и пишува на црквата во Коринт: „Затоа, исчистете го стариот квас, та да бидете ново тесто… зашто Христос, Пасхата наша, беше жртвувана за нас.Па да празнуваме не со стар квас, ниту со квас од злоба и лукавство, туку со пресни лебови во чистота и вистина” (1. Коринтјаните 5:7,8). {ПП 278.1}
Пред да добијат слобода, поробените морале да покажат вера во големото ослободување кое само што не настапило. Знакот на крвта морал да биде ставен на нивните куќи, а тие, заедно со сите членови на своите семејства, морале да се одвојат од Египќаните и да се соберат во своите станови. Кога Израелците и во најмала ситница би го занемариле даденото упатство, кога своите деца не би ги изделиле од децата на Египќаните, кога јагнето само би го заклале, а би пропуштиле со неговата крв да ги испрскаат своите довратници, или кој било од нив да излегол од својата куќа, тие не би биле сигурни. Тие би можеле искрено да веруваат дека сториле сѐ што било потребно, но нивното верување не би ги спасило. Сите оние што би пропуштиле да ги послушаат Господовите упатства, би ги загубиле своите првенци од раката на ангелот извршител. {ПП 278.2}
Својата вера народот морал да ја потврди со послушност. Така и сите оние што се надеваат на спасение врз основа на заслугите на Христовата крв, треба да знаат дека и тие сами мора нешто да преземат за своето лично спасение. Иако само Христос може да нè спаси од казната за сторените престапи, наше е да се свртиме од гревот кон послушност. Човекот се спасува со вера, а не со делата; но својата вера човекот сепак мора да ја докаже со дела. Бог го дал својот Син да умре како жртва на помирување и испаштање за гревовите на светот. Тој ја открил светлината на вистината, го покажал патот во животот, ни дал можности, предимства и прописи, а сега до човекот стои да ги користи тие спасоносни средства на помош; тој мора да ја цени помошта што му ја укажува Бог и истата да ја користи да верува и да ги прифаќа сите божествени барања. {ПП 279.1}
Кога Мојсеј им ги изнел на Израелците Божјите одредби и мерки потребни за нивното ослободување, „тогаш народот, се наведна и се поклони”. Веселото надевање на слобода, страшното сознание за казната која само што не се урнала врз нивните угнетувачи, грижата и трудот околу ненадејното заминување сето тоа за миг исчезнало во благодарноста кон нивниот милостив Ослободител. Дури и многу Египќани биле наведени еврејскиот Бог да го признаат како единствен, вистински и вистинит Бог, и молеле за дозвола да се засолнат во Израелските куќи кога ќе наиде ангелот извршител. Прифатени се радо и со добредојде, и тие се заветувале дека во иднина ќе му служат на Јакововиот Бог и дека ќе заминат од Египет заедно со неговиот народ. {ПП 279.2}
Израелците ги послушале упатствата што им ги дал Господ, па итно и молкома се приготвиле за заминување. Ги собрале сите членови на своите семејства, заклале пасхално јагне, го испекле месото на оган и приготвиле пресен леб и горко зелје. Таткото на секое семејство, кој едновремено бил и свештеник, ги испрскал со крвта довратниците и ги повикал сите членови на своето домаќинство цврсто да се обединат меѓусебно. Пасхалното јагне го јаделе итно и во тишина. Со света страхопочит целиот народ се молел и стражарел. Со неопишан страв се тресело срцето на секој првенец, без оглед дали бил возрасен и силен човек или малечко нејако дете. При помислата на страшниот удар што ќе падне таа ноќ, татковците и мајките цврсто ги прегрнувале своите првороденчиња. Но ангелот извршител на смртната пресуда не посетил ниту една Израелска куќа. На нивните врати се наоѓал знак од крв знак на заштита на Спасителот и уништувачот не поминал низ нив. {ПП 279.3} Околу полноќ „настана голем пискот во целата земја египетска, зашто немаше куќа, во која немаше мртовец”. Сите првенци во египетската земја биле погубени, „од првородениот син фараонов, кој требаше да седи на престолот негов, до првородениот син на затвореникот во затворот, и сè што беше првородено кај добитокот”. Од едниот до другиот крај на големото египетско царство, гордоста на секое семејство била уништена. Низ воздухот се пронесувале пискоти и редење. Царот и дворјаните стоеле со бледи лица и со треперливи колена, вџашени пред страшниот настан. Фараонот си споменал за она што еднаш го рекол: „Кој е Господ да го послушам неговиот глас и да го пуштам Израел? Не го познавам Господа ниту ќе го пуштам Израел”. А сега, кога неговиот дрски пркос против Небото е понижен и урнат во прав, тој ги повикал Мојсеја и Арона ноќе и им рекол: „Станете, одете си од народот мој, како вие така и синовите израелски, и извршете Му служба на Господ, како што велевте.Земете го вашиот ситен и крупен добиток, како што велевте, и одете си, па и мене благословете ме”. И царските советници и сиот египетски народ ги молеле Израелците да заминат од нивната земја, „зашто велеа: ‘Сите ќе изгинеме’”. {ПП 279.4}