33. ОД СИНАЈ ДО КАДЕС
Оваа глава е заснована на Броеви 11 и 12 глава
Израелците Светилиштето почнале да го градат извесно време откако пристигнале на Синај, а светата градба била подигната дури во почетокот на втората година по излегувањето од Египет. Потоа уследило посветување на свештениците, прослава на празникот Пасха, пребројување на народот и усовршување на различни мерки на претпазливост неопходни и суштински за нивното граѓанско и верско уредување, така што останале улогорени на Синај речиси цела една година. Тука и богослужението добило извесни одредени облици. Биле дадени закони за управување со нацијата и создадена е силна организација за влегување во хананската земја. {ПП 374.1}
Управата на Израелците се одликувала со најтемелна организација, чудесна како по својата сеопфатност, така и по својата едноставност. Восхитувачкиот ред, кој толку очигледно се забележува во совршената структура на сите Божји создадени дела, се покажувал и во националното устројство на Израел. Бог бил центар на авторитетот и власта – суверен Владетел на Израел. Мојсеј бил видлив водач, од Бога одреден да дели правда и да ги применува законите во негово име. Од племенските старешини подоцна е избран совет од седумдесетмина кој требало да му помага на Мојсеја при решавањето на помалечките спорови меѓу поединците и во општата грижа за нар одот. Потоа доаѓале свештениците кои во светињата го прашувале Господа за совет. Над одделни племиња владееле поглавари или кнезови, а под нив биле поставени „ илјаданачалници, стоначалници, педесетначалници, десетначалнициили“ (Второзаконие 1:15); и најпосле служители кои можеле да се употребат за различни должности. {ПП 374.2}
Еврејскиот логор имал свој точно одреден поредок. Бил поделен на три големи дела, од кои секој имал свое определено место. Во средината било Светилиштето, престојувалиштето на невидливиот Цар. Околу него биле шаторите на свештениците и Левитите, а околу нив биле улогорени сите други племиња. {ПП 374.3}
На Левитите им било доверено, и во текот на патувањето и во текот на задржувањето на определено место, да се грижат за Светилиштето и за сè што било поврзано со него. Кога би поаѓале на пат, Левитите морале да го расклопат Светилиштето, а кога попатно би застанувале, би морале пак да го состават. Под закана на смртна казна, никому од другите племиња не му било дозволено да му се приближи. Левитите, како потомци на трите сина на Левие, биле поделени во три групи и на секоја ѝ била определена посебна положба и задача. Во близина пред Светилиштето биле поставени шаторите на Мојсеја и Арона. Јужно од Светилиштето се наоѓале синовите на Каат, чијашто должност била да се грижат за ковчегот на заветот и за другата опрема. На северната страна биле Мерариевите синови, на кои „им беше доверено да ги чуваат штиците од скинијата и пречниците нивни, столбовите и подножјата нивни, сиот прибор, и сите други нејзини принадлежности” (Броеви 3:36). {ПП 375.1}
Зад Светилиштето биле синовите на Гирсон на кои им било доверено да ја пазат „скинијата и покривот нејзин, завесата при влезот во скинијата на собранието” (Броеви 3:25). За секое племе било точно определено место. Секое племе, и при патувањето и при кампувањето, морало да биде под своето знаме, како што одредил Господ. „Синовите израелски треба да логоруваат секој кај своето знаме со ознаките на предците свои; и да се настанат околу скинијата на собранието на пристојна оддалеченост “. „Како што се разместени, така и да одат, секој на своето место и кај своето знаме” (Броеви 2:2,17). Придојдените, кои при излегувањето од Египет се измешале со Израелците и се упатила со нив, не смееле да кампуваат меѓу Израеловите племиња, туку морале да бидат надвор од границите на логорот, а нивните потомци до трето колено морале да бидат исклучени од заедницата (Второзаконие 23,7.8). {ПП 375.2}
Во целиот логор и во неговата околина се барала најсовесна чистота и најстрог ред. Во сила биле детални санитарни прописи кои се однесувале на чувањето и на одржувањето на здравјето. Оној што од каква било причина бил нечист, не смеел да остане во логорот. Овие мерки биле неизоставно нужни за чување и одржување на здравјето во толку големата човечка заедница; а биле исто така потребни и за одржување на целосен ред и чистота за Израел да може да се радува во присуството на светиот Бог. „Бидејќи Господ, твојот Бог, престојува во логорот твој, за да те избавува и да ги предава непријателите твои во твои раце; затоа логорот твој треба да биде свет” (Второзаконие 23:14). {ПП 375.3}
Носен на раце од синовите на Каат, светиот ковчег, во кој бил сместен Божјиот закон, секогаш бил нивна претходница. Пред нив оделе Мојсеј и Арон, а во нивна близина свештениците со сребрени труби. На тие свештеници Мојсеј им давал наредби, а тие со звуци на трубите им ги пренесувале на народот. Според договорените трубни знаци, должност на старешините на секоја група била точно да го известуваат народот за правецот во кој треба да тргнат. Секој што би занемарил да му се потчини на даденото упатство, би бил казнет со смрт. {ПП 375.4}
Бог е Бог на ред. Сè што е поврзано со небото е во совршен ред; потчинување и совршена дисциплина ги одбележуваат и движењата на ангелските чети. Успех може да се очекува само таму каде што постои ред и Хармонична акција. Од сите што работат во неговото дело, Бог и денеска бара ред и доследност, ниту малку помалечки отколку што барал во времето на Израел. Сите што работат за него мора да постапуваат промислено, а не безгрижно, препуштајќи го резултатот на некаков случај. Тој сака секоја задача во неговото дело да се извршува верно и совесно за да може на тоа да стави печат на свое одобрување. {ПП 376.1}
Израелците на сите нивни патувања ги водел Бог. Местото каде што требало да се улогорат било одбележано со спуштање на столбот од облак; и тука требало да останат сè додека облакот се задржувал над шаторот за состанок. Кога требало патот да продолжи, облакот се дигал над Светилиштето. Секојпат секое поаѓање и запирање на народот било одбележувано со свечено призивање на Господа. „Кога ковчегот се креваше за пат, Мојсеј велеше: ‘Стани, Господи, и ќе ги снема Твоите непријатели, и ќе избегаат од Твоето лице оние, што Те мразат!’ А кога ковчегот се запираше, тој велеше: ‘Врати се, Господи, кај илјадите и десетиците илјади Израелци’” (Броеви 10:35,36). {ПП 376.2}
Меѓу Синај и Кадис, на хананската граница, имало сè на сè единаесет дена патување; и конечно, кога облакот им дал знак да продолжат, израелските чети пошле на пат, очекувајќи наскоро да влезат во добра земја. Господ сторил толку чуда за да ги избави од Египет и сега, откако свечено се обврзале дека ќе го прифатат како свој Господар, и откако Севишниот ги признал за свој „избран народ”, зар можело да има благослов што тие не би можеле да го очекуваат? {ПП 376.3}
Сепак, мнозина се противеле кога требало да тргнат од местото каде што толку долго биле улогорени. Не требало многу па тоа место да го сметаат како своја татковина. Под заштита на тие гранитни карпи, Бог го собрал својот народ со цел, одвоен од другите народи, да му го повтори својот свет закон. Тие радо го кревале својот поглед кон светата гора на чиишто древни врвови и голи гребени толку често се откривала Божјата слава. Глетката била толку тесно поврзана со присуството на Бога и светите ангели, што тоа место им изгледало премногу свето да го напуштат без размислување и радост. {ПП 376.4}
Сепак, на знак на трубачот, се дигнал целиот логор, со Светилиштето во средината и со секое племе на одредено место и под свое знаме. Сите загрижено очекувале да видат во кој правец облакот ќе тргне. Кога облакот се упатил кон исток, каде што се гледало само безредие на карпести масиви на планини, црни и пусти, во срцата на мнозина се појавило чувство на тага и сомневање. {ПП 377.1}
Колку подалеку оделе, патот бил сè потежок. Оделе пеш низ каменливи котлини и голи пустини. Насекаде ги опкружувала голема дивина – оделе „по земја сува, по земја на смртна сенка, по која никој не одел и во која никој не живеел” (Еремија 2:6). Клисурите што се провлекувале меѓу карпите биле полни со мажи, жени и деца, со натоварени коли и со долги редици стада добиток. Поради сето тоа, бавно и тешко напредувале, а по долгото логорување, не биле ниту подготвени да ги поднесуваат опасностите и тешкотиите на патувањето. {ПП 377.2}
По три дена патување почнале јавно да се жалат. Први во тоа биле придојдените, оние што им се придружиле на Израелците при излегувањето од Египет, но никогаш целосно не се соединиле со нив и постојано барале повод за забелешки. Бунтовниците не биле задоволни со правецот на движењето и постојано му забележувале на Мојсеја, тврдејќи дека ги води по погрешен пат, иако знаеле дека и тој, како и самите тие, го следи облакот. Незадоволството, како заразна болест, бргу ги опфатила сите во логорот. {ПП 377.3}
Пак почнале да викаат, барајќи месо. Иако биле богато снабдени со мана, сепак, не биле задоволни. За време на робувањето во Египет, Израелците биле присилени да се одржуваат со најпроста и наједноставна храна, но силниот апетит, предизвикан со скудноста и со тешките работи, сторил таа храна да им биде пријатна и истата дури сега им се чинела мошне вкусна. Покрај тоа, меѓу нив имало и доста Египќани кои навикнале на раскошна храна и тие биле први кои почнале да се жалат. Непосредно пред да пристигнат на Синај, Господ, покрај маната, на нивно инсистирање им дал и месо, но само за еден ден. {ПП 377.4}
Бог можел да ги снабдува и со месо исто толку лесно како и со маната, но тоа им било скусено заради нивно добро. Тој имал намера да им даде храна која подобро одговарала на нивните потреби отколку трескавично надразливата храна на која навикнале во Египет. Изопачениот апетит морал да се доведе во здрава состојба за да им биде пријатна првобитната човекова исхрана – земните плодови што им ги дал Бог на Адама и Ева уште во Едем. Од таа причина Израелците во голема мера морале да се откажат од храната од животинско потекло. {ПП 378.1}
Сатаната ги ставал во искушение таквото ограничување да го сметаат за неоправдано и свирепо. Тој ги поттикнувал да го сакаат она што било забрането, зашто знаел дека незаузданото попуштање на апетитот води кон оддавање на сетилни задоволства и дека со тоа полесно ќе го подјарми народот под своја власт. Зачетникот на болестите и бедата ги фаќал луѓето таму каде што се најслаби и каде што имал најголем успех. Со искушението, сосредоточено кон попуштање на апетитот, тој со голем успех ги заведувал луѓето уште од оној ден кога Ева ја наговорил да вкуси од забранетиот плод. Со истото средство се служел кога ги поттикнувал Израелците да мрморат против Бога. Неумереноста во јадењето и пиењето луѓето ги наведува да се оддадат на ниски страсти и да го трасираат патот кон занемарување на сите морални обврски. И кога ќе ги снајде искушение, тие немаат веќе сила да му се спротивстават. {ПП 378.2}
Бог Израелците ги извел од Египет со цел во хананската земја од него да создаде чист, свет и среќен народ. За да ја постигне таа цел, Тој ги подложил на одредена дисциплина потребна за нивно сопствено добро и за добро на нивните потомци. Кога би го прифатиле неговото мудро ограничување и би го совладале апетитот, меѓу нив не би имало болест ниту немоќ . Нивното потомство би било надарено и со телесна и со умна сила. Тие би имале јасна претстава за вистината и должноста, остроумно забележување, моќ за разликување и здраво расудување. Но нивната неподготвеност да ги прифатат ограничувањата и барањата што им ги поставил Бог, во голема мера ги спречила да го постигнат високиот стандард што им го наменил Тој и да ги примат благословите што бил готов да им ги даде. {ПП 378.3}
Псалмистот кажува: „Го искушуваа Бога со срцето свое, барајќи храна за своето лакомство,па Го нападнаа Бога, велејќи ‘Може ли Бог да приготви трпеза во пустина?’ Ете, Тој удри во карпа – и бликнаа води, потекоа потоци. Може ли Тој да му даде и леб, може ли да му приготви месо на Својот народ?Поради ова што го чу, Господ се разгневи” (Псалм 78:18-21). На своето патување од Црвеното Море до Синај, тие често се плачеле и се бунеле, но, имајќи сожалување кон нивното незнаење и слепило, Бог тогаш не ги казнувал за тие гревови. Меѓутоа, од тоа време Тој им се открил на Хорев. Тие примиле голема светлина зашто го виделе Божјото величество, неговата моќ и милост; затоа нивното незадоволство и неверство сега претставувале голем грев. Освен тоа, тие се заветувале дека го прифаќаат Јехова за свој цар и дека ќе го почитуваат неговиот авторитет. Нивното мрморење сега претставувало бунт, па затоа морала да уследи брза и видлива казна со цел Израел да се спаси од анархија и од пропаст. И „Господ чу, па Му се разгоре гневот, и меѓу нив пламна оган Господов и започна да го уништува крајниот дел од логорот”. Најодговорните за бунтот биле уништени со молња од облакот. {ПП 379.1}
Народот во страв и ужас го преколнувал Мојсеја да се помоли на Бога за нив. Тој тоа го сторил и огнот се угасил. За спомен на тој настан, Мојсеј тоа место го нарекол Тавера оган. {ПП 379.2}
Меѓутоа, наскоро се појавило уште поголемо зло. Наместо преживеаните да се понизат и да се покаат, се чинело како оваа страшна казна уште повеќе да го разгорела нивниот бунт. На сите страни можело да се види како народот се собира пред влезовите на своите шатори, плаче и офка. „Придојдените меѓу нив почнале да негодуваат, а заедно со нив и синовите израелски седнаа, плачеа и велеа: „Кој ќе нè нахрани со месо?Ја помниме рибата што ја јадевме како подарок во египетската земја, краставиците и дињите, и кромидот, и празот, и лукот;а сега душата наша се исушила: освен мана, ништо друго пред очите наши!” Така тие го покажале своето незадоволство со храната што лично Творецот ја предвидел за нив, иако постојано имале доказ дека таа потполно одговарала на нивните потреби; зашто, наспроти сите напори и тешкотии што морале да ги издржат, во нивните племиња немало болни ниту немошни. {ПП 379.3}
Мојсеј бил совладан со болка. Се молел на Бога да не го уништи израелскиот народ, иако во тој случај од неговото потомство би настанал друг голем народ. Во својата голема љубов кон нив, се молел побргу неговото име да биде избришано од книгата на животот отколку народот да биде изложен на уништување. Тој сторил сè за нив, а тие сега така му возвраќаат. За сите свои неволји, па дури и за оние вообразени страдања, го товареле него; и со своето безбожничко мрморење, тешкото бреме на грижите и одговорноста под кое потклекнувал, го правеле двапати потешко. Во својата длабока болка тој дури паднал во искушение да не му верува на Бога. Молитвата му личела на обвинување. „Зошто го измачуваш Твојот слуга и зошто не најдов јас милост пред очите Твои, па го стави врз мене целото бреме на овој народ… Од каде кај мене месо, па да им дадам на сите овие луѓе, зашто тие плачат пред мене и велат: дај ни месо да јадеме! Јас сам не можам да го носам сиот овој народ, зашто тој е претежок за мене”. {ПП 379.4}
Бог ја ислушал неговата молитва и му наредил да избере седумдесет старешини луѓе кои не само најстари по години, туку кои имале достоинство, животно искуство и здрав суд. „Доведи ги кај скинијата на собранието, за да застанат таму заедно со тебе.Јас ќе слезам и ќе зборувам таму со тебе, ќе земам од Духот, Кој е врз тебе, и ќе им наредам ним, да го носат заедно со тебе бремето на народот, а не ти сам да го носиш”. {ПП 380.1}
Господ на Мојсеја му дозволил сам да ги избере најверните и најспособните луѓе со нив да ја подели одговорноста. Нивното влијание требало да му помогне во зауздувањето на разјарениот народ и во задушувањето на бунтот. Но сепак, нивниот избор на крај имал лоши последици. Кога Мојсеј би покажал цврста вера во Божјата сила и добрина, за што имал толку очигледни докази, тие (старешините) никогаш не би биле избрани. Но тој премногу го зголемил бремето на својата одговорност, така што речиси го загубил од вид фактот дека тој всушност е само орудие со кое Бог се служи. Тој ниту во најмала мера немал изговор да попушта пред духот на мрморењето кој бил вистинско проклетство за Израел. Кога целосно би се потпрел врз Бога, тој постојано и би го водел, давајќи му сила во секоја тешкотија што можела да се појави. {ПП 380.2}
На Мојсеја му било наредено да го приготви народот за она што Бог имал намера да го стори со него. „Очистете, очистете се за утрешниот ден, и ќе јадете месо; зашто плачете пред Господ велејќи: – кој ќе не нахрани со месо; добро ни беше во Египет, – затоа Господ ќе ви даде месо, и ќе јадете месо;ќе јадете не ден, не два, не пет, не десет и не дваесет дена,но цел месец ќе јадете, додека не ви излезе од ноздрите и не ви омрзне, затоа што Го презревте Господа, Кој е меѓу вас, и плачете пред Него, велејќи: – што ни требаше да излегуваме од Египет?” {ПП 380.3}
„Шестотини илјади пешаци има во тој народ, среде кој сум јас, а Ти велиш: Јас ќе им дадам месо, и ќе јадат цел месец!зар треба да се заколат сите овци и волови, па да им биде доволно? Или ќе се собере сета морска риба, па да ги задоволи? {ПП 381.1}
Поради таа пројавена недоверба бил укорен: „Зар е раката Господова кратка? Сега ќе видиш, ќе се оствари ли зборот Мој кон тебе, или не”. {ПП 381.2}
Мојсеј му ги повторил на народот Господовите зборови и го прогласил именувањето на седумдесеттемина избрани старешини. Она што го поставил овој голем водач како задача пред тие одбрани луѓе може со право да им послужи на судиите и на законодавците во денешно време како пример за судската праведност. „Ислушувајте ги браќата свои и судете справедливо како брат спрема брат, а така постапувајте и со придојдениот кај него;Во судот не правете разлика меѓу луѓето, ислушувајте го и малиот, и големиот: не плашете се од никого, бидејќи судот е Божји” (Второзаконие 1:16,17). {ПП 381.3}
Потоа Мојсеј ги повикал седумдесеттемина пред шаторот за состанок. „И Господ слезе во облак и говореше со него, и зеде од Духот, Кој беше над него, и им даде на седумдесетте мажи старешини. И кога слезе над нив Духот, тие почнаа да пророкуваат, но потоа престанаа” Слично на учениците на денот Педесетница, тие биле „облечени во сила од височината”. Господ сакал на тој начин да ги приготви за нивното дело и да им укаже чест пред собирот за народот да има доверба во нив како луѓе избрани од Бога кои требало да ја делат власта со Мојсеја при управувањето со Израел. {ПП 381.4}
Од друга страна, тоа бил уште еден доказ за благородноста и за несебичниот дух на големиот водач. Двајца од седумдесеттемина, чувствувајќи се во својата скромност недостојни за толку одговорна служба, не им се придружиле на своите браќа собрани пред шаторот за состанок, но Духот Господен ги обзел и нив таму каде што се нашле па и тие почнале да „пророкуваат во логорот”. Дознавајќи за ова, Исус Навин сакал да ja спречи таа неправилност, плашејќи се да не настане расцеп поради тоа. Ревнувајќи за честа на својот господар, тој рекол: „Господаре мој, Мојсеје, забрани им”. Одговорот гласел: „Зар завидуваш поради мене? О, да беа сите од народот Господов пророци, и да им го испратеше Господ Својот Дух!” {ПП 381.5}
Тогаш се подигнал силен ветер од морето носејќи големи јата потполошки кои „ги натрупа околу логорот на еден ден пат од едната страна и на еден ден пат од другата страна околу логорот, речиси до два лакта од земјата”. Народот работел цел ден и сета ноќ и целиот друг ден за да ја собере храната што му била дадена на толку чудесен начин. Биле собрани огромни количества. „Оној, кој малку собираше, и тој собра десет гомери”. Сѐ што не можело веднаш да се употреби го сушеле – „и ги наредија околу логорот” – така што резервите, како што и било ветено, можеле да траат цел месец. {ПП 382.1}
Бог им го дал она што не им служело на добро затоа што толку упорно копнееле за тоа. Не биле задоволни со храната што се покажала толку благотворна за нивното здравје. Нивните бунтовни желби биле задоволени, но затоа морале да ги сносат последиците. Се насладувале без мерка и граници и поради таквата неумереност морала да уследи неодложна казна. „Господ го порази народот со мошне голем пораз”. Мнозина се разболеле и изумреле од страшна треска додека најголемите виновници биле поразени со помор штом ја вкусиле храната за која жеднееле. {ПП 382.2}
Во Асирот, прво место на логорување по заминувањето од Тавера, Мојсеја го очекувало уште едно горко искушение. Мирјам и Арон биле мошне ценети меѓу Израелците и заземале одговорни водечки положби. Обајцата имале пророчки дар и обајцата со божествено провидение биле здружени со Мојсеја во ослободувањето на Израел. „Ги водев пред тебе Мојсеј, Арон и Мирјам” (Михеј 6:4), кажува Господ преку пророкот Михеј. Силата на карактерот на Мирјам се покажала уште во нејзиното рано детство додека како дете на брегот на Нил внимавала на малечкото ковчеже во кое бил скриен Мојсеј како новороденче. Со нејзиното самосовладување и тактичност Бог се послужил за да го сочува животот на идниот ослободител на својот народ. Богато надарена со смисла за песна и музика, Мирјам ги предводела израелските жени во песната и играта на бреговите на Црвеното Море. Во љубовта и честа пред народот и пред небото, само Мојсеј и Арон биле пред неа. Но истото она зло што предизвикало расцеп на небото, се појавило и во срцето на оваа жена Израелка, и таа не пропуштила да најде соучесник во своето незадоволство. {ПП 382.3}
При именувањето на седумдесеттемина старешини, Арон и Мирјам не биле прашани за совет и за мислење и тоа предизвикало кај нив љубомора против Мојсеја. При посетата на Јотора додека Израелците оделе кон Синај, Мојсеј мошне радо го прифатил советот на својот тест, што во срцето на Арона и Мирјам предизвикало страв дека неговото влијание врз големиот водач е посилно, поголемо и попресудно од нивното. Тие сметале дека и при организирањето на советот на седумдесеттемина, нивната положба и авторитет биле занемарени. Мирјам и Арон никогаш не почувствувале колку голем товар на грижа и одговорност почивал врз Мојсеја; но бидејќи биле одбрани да му помагаат, мислеле дека и тие рамноправно со него учествуваат во одговорностите и го делат товарот на водството, па сметале дека поставувањето на новите помошници е излишно. {ПП 382.4}
Мојсеј, како никој друг, го сфатил значењето и важноста на големото дело што му било доверено. Бил свесен за своите слабости и барал совет од Бога. Арон за себе мислел повеќе отколку што треба да се мисли и помалку се надевал во Бога. Колку е слаб кога во прашање била доверената одговорност, покажал со срамното приклонување кон идолопоклоничкото богослужение на Синај. Но, заслепени со љубомора и честољубие, Арон и Мирјам тоа го загубиле од вид. Бог на Арона му укажал голема чест и признание со тоа што го избрал неговото семејство за света и висока свештеничка служба. Меѓутоа дури и тоа сега ги зголемувало неговите стремежи кон самоизвишување. „Само на Мојсеј ли му зборува Господ? Не ни говореше ли Тој и нам?” Бидејќи сметале дека Бог исто толку им бил наклонет и ним како и на Мојсеја, мислеле дека имаат право и на иста положба и авторитет. {ПП 383.1}
Попуштајќи му на духот на незадоволството, Мирјам пронашла причини да се жали против резултатот на настаните со кои управувал сам Бог. Нејзе не ѝ се допаѓал бракот на Мојсеја. Тоа што тој, наместо да се ожени со Еврејка, зел жена од друга националност, таа го сметала за повреда и на семејната и на националната гордост. Кон Ципора се однесувале со нескриен презир. {ПП 383.2}
Жената на Мојсеја, иако била Мадијанка и нарекувана „Хуситка”, сепак била потомок на Аврама. Од Еврејките по надворешност се разликувала само по тоа што имала малку потемна кожа. Иако не била Израелка, Ципора сепак му служела на вистинскиот Бог. Таа била кротка и повлечена душа, благородна, полна со љубов и мошне чувствителна за страдањата на другите. Од таа причина Мојсеј, кога биле на пат кон Египет, и се согласил таа да се врати во Мадијан. Сакал да ја поштеди од болките на кои би била изложена доколку ги гледа казните што требало да ги снајдат Египќаните. {ПП 383.3}
Кога Ципора пустината повторно се сретнала со својот маж, видела дека товарот на грижите и одговорностите што ги презел на себе ги надминува неговите сили, па својот страв му го доверила на татка си кој предложил што треба да се стори за тоа да се олесни. Тоа била главната причина за нерасположението на Мирјам кон Ципора. Страдајќ и во душата што таа и Арон наводно биле занемарени и сметајќи дека за тоа е виновна жената на Мојсеја, заклучила дека само влијанието на Ципора го спречило Мојсеја да се советува со нив, што порано редовно го правел. Кога Арон решително би истапил за правдата, би можел да го спречи тоа зло. Но, наместо на Мирјам да ѝ покаже колку е погрешно нејзиното однесување, тој ѝ одобрувал, ги слушал нејзините зајадливости и учествувал во нејзината љубомора. {ПП 384.1}
Мојсеј стрпливо ги премолчал сите нивни приговори и обвинувања. Искуството стекнато низ долгогодишните маки и чекање во Мадијан, понизноста и долгото трпение, го оспособиле Мојсеја полесно да го поднесе неверството и мрморењето на народот како и гордоста и зависта на оние што требало да бидат негови непоколебливи помошници. „А Мојсеј беше најкроткиот човек меѓу сите луѓе на земјата”. Од таа причина му биле доделени и божествена мудрост и водство повеќе отколку на сите други луѓе. Светото писмо кажува: „Ги упатува понизните кон правда и ги учи понизните на Своите патишта” (Псалм 25:9). Господ ги води кротките затоа што тие дозволуваат да бидат поучени и прифаќаат да бидат упатени. Тие искрено сакаат да ја дознаат Божјата волја и да ја творат. Ветувањето на Спасителот гласи: „Ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога, или Јас Самиот од Себе зборувам” (Јован 7:17). А преку апостол Јаков тој објаснува: „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја побара од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без приговарање – и ќе му се даде” (Јаков 1:5). Но овие ветувања се однесуваат само на оние кои со сето срце се подготвени да го следат Господа. Бог не врши насилство над ничија волја или совест. Затоа Тој и не може да ги води оние кои се премногу горди за да бидат поучувани и кои упорно сметаат дека можат сами да одат по свој пат. За дволичниот човек кој се стреми да ја оствари својата волја, а тврди дека ја твори Божјата волја е кажано: „Таков човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Господ” (Јаков 1:7). {ПП 384.2}
Мојсеја го избрал лично Бог, и врз него почивал Божји Дух, и затоа Мирјам и Арон со своите поплаки го изневериле не само избраниот водач, туку и лично Бога. Бунтовничките критичари биле изведени пред шаторот за состанок и повикани да се соочат со Мојсеја. „И слезе Господ во облаков столб, застана при влезот од скинијата на собранието, па ги повика Арон и Мирјам, и тие излегоа и двајцата”. Пророчкиот дар не им бил оспоруван; Бог можел да им се обраќа во виденија и во соништа. Но на Мојсеја, за кого сам Господ кажал: „Тој е најверниот во целиот Мој дом”, му било дозволено поинтимно општење со Бога. Со него Господ зборувал „директно, и јавно”. „Како не се исплашивте да го прекорувате Мојот слуга Мојсеј?”И се разгоре гневот Господов против нив, и Тој си отиде”. Во знак на Божјо негодување се повлекол облакот над шаторот за состанок и Мирјам била казнета. Станала „лепрозна”, бела како снег”. Арон бил поштеден, но казнувањето на Мирјам и за него бил остар прекор. Сега, откако нејзината гордост била урната во прав, Арон признал дека згрешиле и преколнувал за својата сестра да не биде оставена од Бога и препуштена да умре од таа грда и смртоносна болест. На молитва на Мојсеја, Господ ја отстранил губата, но Мирјам сепак седум дена била исклучена од логорот. Истиот миг, кога таа била протерана од логорот, знакот на Божјата милост повторно се спуштил над шаторот за состанок. Од почит кон нејзината висока положба и во болка поради несреќата што ја снашла, целиот народ останал во Асирот сè додека таа не била вратена во логорот. {ПП 384.3}
Оваа пројава на Божјото негодување требало да му послужи како опомена на сиот народ, да го спречи ширењето на незадоволството и непослушноста. Кога зависта и незадоволството на Мирјам не би биле обелоденети и примерно казнети, би настанало големо зло. Зависта е една од најлошите сатански особини што може да најде место во човечкото срце и најзлокобна по своите последици. Затоа и кажува мудрецот во своите изреки: „Лут е гневот, нескротлива е јароста; но кој ќе издржи против зависта” (Изреки 27:4). Зависта прво на небото довела до несогласија и раздор, а меѓу луѓето предизвикала неопишани зла. „Каде што има завист и карање, таму има неслога и сè е лошо” (Јаков 3:16). {ПП 385.1}
Озборувањето на другите или судењето за нивните побуди и постапки во никој случај не треба да се земаат лекомислено. „Не озборувајте се еден со друг, браќа: зашто, кој го озборува братот свој или го суди, тој го напаѓа Законот и го суди Законот. А ако, пак, го судиш Законот, тогаш ти не си извршител на Законот, туку судија” (Јаков 4:11). Само еден е Судија „Кој ќе го изнесе на видело сокриеното во мракот и ќе ги објави намерите на срцата” (1. Коринтјаните 4:5). И секој што презема на себе да ги суди и да ги осудува своите ближни, незаконито си го присвојува правото што му припаѓа само на Творецот. {ПП 385.2} Библијата јасно учи дека мораме да се пазиме да не изнесуваме лекомислено обвинувања против оние што ги повикал Бог да работат како негови пратеници. Опишувајќи ги разузданите и напуштени грешници, апостол Петар кажува: „Оние што се управуваат според телото во неговите гнасни похоти, кои ја презираат власта, дрски се, горди и не се плашат да хулат на власта,но дури ни ангелите, кои се поснажни и посилни од нив, не изговараат за нив хула пред Господ” (2. Петрово 2:10,11). А Павле, во своето упатство наменето за оние што се поставени над црквата, кажува: „Обвинение против старешини не прифаќај, освен пред двајца или тројца сведоци” (1. Тимотеј 5:19). Оној што ставил тешка одговорност врз поединци, одговорност на учител и водач во својот народ, верниците ќе ги смета за одговорни за нивното однесување и за нивниот став кон неговите слуги. Оние што ги почитува Бог, треба да ги почитуваме и ние. Казната што ја снашла Мирјам треба да биде опомена за сите што негуваат љубомора и мрморат против оние врз кои Бог положил товар за своето дело. {ПП 386.1}