67. ВРАЖАЊЕТО ОД ДРЕВНИНА ДО ДЕНЕСКА
Библискиот извештај за Сауловата посета на вражарката во Ен-Дор збунува многу истражувачи на Библијата. Некои сметаат дека Самоил навистина бил присутен при разговорот со Саула, но во Библијата има доволно докази за спротивен заклучок. Ако Самоил бил на небото, како што тврдат некои, тогаш тој можел да биде повикан или со Божја, или со ѓаволска сила. Никој не може ниту за миг да поверува дека сатаната има таква сила од небото да го повика светиот Божји пророк за да му оддаде чест на вражањето на една отфрлена жена. Исто така не можеме да веруваме дека Бог го пратил во пештерата на таа вештерка, зашто Господ веќе еднаш одбил да општи со Саула на сон, преку урим или преку пророк (1. Самоилова 28:6). Тоа биле средствата преку кои Бог им се јавувал на луѓето и Тој секако не би ги заобиколил нив за својата порака да ја достави преку орудие на сатаната. {ПП 683.1}
Пораката што ја примил Саул сама по себе докажува од каде потекнува. Нејзина цел не била Саула да го наведе на покајание, туку да го турне во пропаст, а тоа не е Божјо дело туку дело на сатаната. Освен тоа, Сауловата одлука да ја праша вражарката за совет во Светото писмо се истакнува како причина што Бог го отфрлил и дозволил да отиде во пропаст: „Така умре Саул поради своето беззаконие, што го направи пред Господ, зашто не ги запази зборовите Господови и се допрашуваше до вражачите,а не Го побара Господа. Затоа Тој и го погуби и царството негово го предаде на Давид, Јесеевиот син” (1. Летописи 10:13,14). Овде јасно се кажува дека Саул, наместо Господа, прашал „вражачка”. Всушност тој не зборувал со Божјиот пророк Самоил, туку со посредство на вражарката тој разговарал со сатаната. Сатаната не можел да го претстави вистинскиот Самоил, туку само неговиот лик кој послужил како средство Саул да се измами. {ПП 683.2}
Речиси сите облици на некогашното вражање, гатање, се темелеле на верувањето во општење со мртвите. Луѓето што се занимавале со таа вештина, со општење со мртвите, тврделе дека стапуваат во врска со духовите на умрените и дека тие им кажуваат што ќе се случи во иднина. За тој обичај на договарање со мртвите зборува и пророштвото на Исаија: „И кога ќе ви речат: ‘Обратете се кон оние, што извикуваат мртовци, и кон маѓесници, кон бајачи и оние што говорат од стомак, тогаш одговарајте: не треба ли народот да се обрнува кон својот Бог? Се прашуваат ли мртви за живи?’” (Исаија 8:19). {ПП 684.1}
Истото тоа верување во разговор со мртвите претставува темелен камен на незнабожечкото идолопоклонство. Се верувало дека незнабожечките идоли се духови на умрените Херои претворени во богови. Така незнабожечката вера всушност била обожавање на мртвите. Тоа јасно се гледа од светите списи. Во записот за израелскиот грев со Ваал-Фегора се кажува: „Израел живееше во Ситим и народот почна преку блуд да се осквернува со ќерките на Моав;и тие го покануваа народот да присуствува на принесувањето жртви на идолите нивни, и народот ги јадеше жртвите нивни и им се поклонуваше на боговите нивни.И му се приклони Израел на Ваал-Фегор” (Броеви 25:1-3). Псалмистот ни објаснува на кој вид богови им се принесувани жртви. Зборувајќи за истиот отпад на Израелците, тој кажува: „Тие се придружија кон Ваал–Фегор и јадеа жртви, принесувани на мртви” (Псалм 106:28). {ПП 684.2}
Обожавањето на мртвите, како и божемното општење со умрените, заземало истакнато место речиси во секој незнабожечки систем. Се верувало дека боговите им ја соопштуваат на луѓето својата волја и доколку луѓето тоа го бараат, им даваат и совети. Прочуените пророчишта кај Грците и Римјаните имале исто обележје. {ПП 684.3}
Верувањето во општење со мртвите се одржува и денеска дури и во земјите што се нарекуваат Христијански. Под името спиритизам многу е распространет обичајот на општење со суштества кои тврдат дека се духови на мртвите. Тој обичај е пресметан така за да ги придобие луѓето на кои некој од нивните најмили е положен в гроб. Понекогаш на луѓето им се јавуваат духовни суштества во вид на нивните умрени пријатели и роднини и им раскажуваат настани што се поврзани со нивниот живот, или имитираат некои постапки кои на покојниците им биле својствени во текот на животот. На тој начин луѓето ги наведуваат да веруваат дека нивните пријатели станале ангели кои се реат над нив и со нив општат. Тие кои тврдат дека се духови на умрените често се обожаваат и нивниот збор за мнозина има поголема важност отколку Речта Господова. {ПП 684.4}
Од друга страна, мнозина сметаат дека спиритизмот е обична измама. Појавите со кои се поткрепува тврдењето дека спиритизмот има натприроден карактер се сметаат за обични измами на медиуми те. Меѓутоа, додека успесите на опсенувањето често се прикажувани само како измислени појави, настанувале и вистински откритија на некои натприродни сили. И мнозина кои го отфрлаат спиритизмот како производ на човечката вештина и лукавство, кога ќе се соочат со откритијата што не можат да ги протолкуваат врз таа основа, склони се да ги признаат неговите тврдења. {ПП 685.1}
И модерниот спиритизам и сите облици на некогашното вражање и обожавање на идолите – чијшто основен принцип е општење со мртвите – се темелат на онаа прва лага со која сатаната ја измамил Ева во рајот: „ Не, нема да умрете!Но Бог знае дека оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови” (Создавање 3:4,5). Спиритизмот исто така е заснован на лаги и потекнува од таткото на лагата. {ПП 685.2}
На Евреите изрично им било забрането на кој било начин да се впуштаат во општење со мртвите. Таа врата Бог убедливо ја затворил кога рекол: „А мртвите ништо не знаат … и ќе немаат дел довека во ништо, што се случува на земјата” (Проповедник 9:5,6). „Излегува духот негов и тој се враќа во земјата: во тој ден исчезнуваат сите негови планови”(Псалм 146:4). А Господ му кажал на Израел: „И ако некој човек тргне по оние што повикуваат мртви, и по маѓесници, за да го следат нивното блудство, Јас ќе го свртам лицето Мое против тој човек и ќе го истребам од народот негов” (Левитска 20:6). {ПП 685.3}
Вражарските духови не се духови на умрените, туку лоши ангели – гласници на сатаната. Некогашното идолопоклонство кое, како што видовме, го опфаќало и обожавањето на мртвите и божемното општење со нив, Библијата го смета за служба на ѓаволот. Апостол Павле ги опоменува своите браќа по никоја цена да не го прифаќаат идолопоклонството на своите безбожни сонародници: „Она што го принесуваат незнабошците како жртва, го принесуваат на демони, а не на Бога; јас, пак, не сакам да бидете во заедништво со демоните” (1. Коринтјаните 10:20). Зборувајќи за Израелците, и псалмистот кажува: „И ги жртвуваа синовите свои и ќерките свои на злите духови”, а во следниот стих објаснува дека „им ги жртвуваа на хананските идоли” (Псалм 106:37,38). Обраќајќи им се на мртвите во своите молитви, всушност му се молеле на ѓаволот. {ПП 685.4}
Модерниот спиритизам, бидејќи е заснован на истиот темел, претставува само повторување на старото вражање и обожавање на ѓаволот во нов облик што Бог го осудил и од древнина го забранил. Спиритизмот во Светото писмо е предвиден, и за него се кажува: „А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамнички духови и злодуховски учења” (1. Тимотеј 4:1). Во своето второ послание до Солуњаните Павле го опишува дејствувањето на сатаната низ спиритизмот како нешто што ќе се случува непосредно пред второто Христово доаѓање. Зборувајќи за манифестацијата на ова зло токму пред второто Христово доаѓање, Павле меѓу другото кажува: „Доаѓањето на тој беззаконик ќе биде по дејство на сатаната, со секаква сила и знаци и лажни чудеса” (2. Солунјаните 2:9). А Петар, опишувајќи ги опасностите на кои ќе биде изложена Божјата заедница во последните денови, кажува дека имало многу пророци кои Израелците ги наведувале на грев и дека исто така ќе има многу лажни учители „ќе внесат погубни ереси и, откако се одречат од Господ, Кој ги откупил… и мнозина ќе појдат по нивните нечистотии” (2. Петрово 2:1,2). Овде апостолот изнел една од најважните ознаки на спиритистичкото учење. Тие нерадо го признаваат Христа како Божји Син. Во врска со таквите учења, Јован кажува: „Кој е лажливец, ако не оној, што порекнува дека Исус е Христос? Антихрист е тој што Ги порекнува Отецот и Синот.Секој што Го порекнува Синот, Го нема ниту Отецот; а кој Го признава Синот, Го има и Отецот” (1. Јованово 2:22,23). Со тоа што се откажува од Синот, спиритизмот се откажува и од Отецот, а Библијата тоа го толкува како појава на антихрист. {ПП 686.1}
Претскажувајќи ја Сауловата судбина преку вражарката од Ен-Дор, сатаната имал план на израелскиот народ да му постави своја стапица. Се надевал дека тие на тој начин ќе бидат наведени да веруваат во вражањето на оваа вештерка и дека во иднина ќе ѝ се обраќаат за совет. Така би се одделиле од Бога, од својот Советодавец и би стапиле под водство на сатаната. Мамката со која спиритизмот ги привлекува масите е божемна сила да го тргне превезот од иднината и да им го открие на луѓето она што Бог госкрил. Меѓутоа, Бог во својата Реч ни ги открил сите големи настани на иднината – сè што е битно да се знае – и ни дал сигурен патоказ низ најголемите опасности; но цел на сатаната е да ја уништи довербата на луѓето во Бога, да станат незадоволни со состојбата во која се наоѓаат, да создаде кај нив копнеж за она знаење што Бог во својата мудрост го засолнил од нив, а едновремено да го презрат она што Бог го открил во својата Реч. {ПП 686.2}
Има многу такви кои лесно се вознемируваат кога не можат да го дознаат точниот исход на работите. Тие не можат да ја поднесат неизвесноста и во своето нетрпение одбиваат да почекаат да ја видат Божјата слава. Злото што го наслутуваат ги доведува речиси до растројство. Тие им попуштаат на своите бунтовни чувства и незауздано јурат на сите страни да го дознаат она што не е откриено. Кога би имале доверба само во Бога и кога би биле будни и би се молеле, би добиле божествена утеха. Нивниот дух би нашол мир во дружењето со Бога. Ујадени и обременети, би нашле мир за својата душа само кога би дошле кај Исуса. Меѓутоа, занемарувајќи ги средствата што ги дал Господ како утеха, прибегнувајќи кон други извори и надевајќи се дека ќе го дознаат она што Бог не го открил, тие прават иста грешка како и Саул и така стекнуваат само сознание за злото. {ПП 687.1}
Таквото однесување не му е угодно на Бога и тоа Тој јасно го кажал. Нестрпливото итање да се отстрани завесата од иднината покажува недостиг на вера во Бога и душата ја отвора за дошепнување на праисконскиот измамник. Сатаната луѓето ги наведува да се распрашуваат кај видовитите; со тоа што им го открива скриеното од минатото, ги наведува да веруваат дека тој може да ја преткаже и иднината. Врз основа на своето многувековно искуство, тој може, знаејќи ги причините, да заклучи какви ќе бидат последиците и често со прилична точност може да предвиди извесни настани во човечкиот живот во иднина. Тоа му дава можност да ги измами кутрите заведени души, да ги подјарми и да ги води по своја волја. {ПП 687.2}
Бог нè предупредува преку пророкот: „И кога ќе ви речат: ‘Обратете се кон оние, што извикуваат мртовци, и кон маѓесници, кон бајачи и оние што говорат од стомак, тогаш одговарајте: не треба ли народот да се обрнува кон својот Бог? Се прашуваат ли мртви за живи?’ Допрашајте се до законот и откровението! Ако некои речат дека не е така, тогаш за нив нема светлина” (Исаија 8:19,20). {ПП 687.3}
Зар оние што го имаат светиот Бог, кој е бесконечен во мудроста и силата, ќе одат кај вражари чиешто знаење потекнува од тесен допир со непријателот на нашиот Господ? Бог е светлина на своите верни; Тој ги повикува со вера да го насочат погледот кон славата што е скриена за човечкиот поглед. Сонцето на правдата ги праќа своите светли зраци во нивните срца; тие добиваат светлина од не бесниот престол и немаат потреба да му го вртат грбот на тој Извор и да им се обраќаат на гласниците на сатаната. {ПП 687.4}
Пораката на демонот за Саула, иако го осудувала гревот и предвидувала казна, не била смислена да го поправи, туку да го натера во очај и да го струполи во пропаст. Меѓутоа, уште почесто таквата вест искушувачот ја користи луѓето да ги одвлече во пропаст со ласкање. Учењата на демонските богови во древните времиња поттикнувале најодвратен разврат. Божјите заповеди што го осудувале гревот, а ја истакнувале правдата, биле отфрлени и вистината малку се ценела, а неморалот бил не само дозволен, туку и се препорачувал. Спиритизмот тврди дека нема смрт ниту грев, суд ниту казна; дека ‘луѓето се безгрешни полубогови”, дека желбата е највисок закон и дека човекот е одговорен само пред самиот себеси. Оградите што ги подигнал Бог да ја заштити вистината, чистотата и чесноста се урнати и мнозина со тоа се охрабрени во престапот. Зар таквото учење не потекнува од истиот извор како и обожавањето на ѓаволот? {ПП 688.1}
Господ на Израелците им ги изнел последиците од општењето со лошите духови, а истите можеле да ги видат и во гадостите на Хананците: овие немале природна љубов, биле идолопоклоници, прељубници, убијци полни со најпорочни мисли и дела. Луѓето не го познаваат своето сопствено срце, зашто „лукаво е човечкото срце повеќе од сè и е наполно расипано; кој ќе го разбере” (Еремија 17:9). Но Бог ја сфаќа склоноста на изопачената човечка природа. Тогаш, како и сега, сатаната се трудел да создаде услови за бунт, со цел израелскиот народ да му стане одвратен на Бога како што биле Хананците. Непријателот на душите будно демне кај нас да поттикне незауздана река на зло, зашто сака да бидеме уништени и осудени пред Бога. {ПП 688.2}
Сатаната решил хананската земја да ја задржи под своја власт; и кога таа станала татковина на синовите Израелови, а Божјиот закон станал закон на таа земја, тој Израелците ги замразил со сурова непријателска омраза и се заколнал дека ќе ги уништи. Со помош на лошите духови тој вовел обожавање на туѓи богови; поради своите престапи, припадниците на избраниот народ конечно биле истерани од ветената земја и расеани низ светот. Таа историја сатаната се обидува да ја повтори и во денешно време. Бог својот народ го изведува од земјата на беззаконието на овој свет за да може да го држи неговиот закон; и токму поради тоа „клеветникот на браќата наши” не знае за граници. „Зашто ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време” (Откровение 12:10,12). Вистинската ветена земја е пред нас и сатаната решил да го уништи Божјиот народ за да го лиши од тоа непоминливо наследство. Денеска повеќе од кога било порано е потребно да се има на ум Божјата опомена: „Бидете будни и молете се да не паднете во искушение” (Марко 14:38). {ПП 688.3} Речта Господова упатена на стариот Израел важи за неговиот народ и во наше време: „Не одете по оние што повикуваат духови на мртви, и до маѓесници не доближувајте се, и не дозволувајте да ве осквернат. Зашто, секој, кој го прави тоа, е гнасен пред Господ” (Левитска 19:31; Второзаконие 18:12). {ПП 689.1}