46. БЛАГОСЛОВ И ПРОКЛЕТСТВО

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Книгата на Исус Навин 8 глава

По извршувањето на пресудата над Ахана, Исус Навин до бил наредба да ги приготви сите луѓе способни за бој и повторно да тргне против Гај. Сега Божјата сила била со неговиот народ и набргу го освоиле градот. {ПП 499.1}

Потоа биле прекинати сите воени операции со цел сиот Израел да може да учествува во свеченоста на една верска служба. Народот копнежливо очекувал да се стабилизира и да се одмори во Ханан, а уште немал своја земја ниту домашно огниште за своите семејства; и за да се доберат до тоа, морале да ги истераат Хананците. Меѓутоа, оваа важна задача морала да биде одложена, зашто една повисока должност го барала сето нивно внимание. {ПП 499.2}

Пред да стапат во посед на своето наследство, морале да го обноват својот завет на верноста кон Бога. Во последните упатства дадени преку Мојсеја двапати било нагласено дека по влегувањето во ветената земја сите племиња треба да се соберат на горите Евал и Гаризим кај Сихем заради свечено признавање на Божјиот закон. Прифаќајќи го тој налог, излегле од логорот сите, не само мажите туку и жените, децата и странците кои биле меѓу нив, и поминале низ земјата на своите непријатели до сихемската долина која била близу до центарот на земјата. Иако сè уште ги опкружувал непријател кој уште не бил победен, сепак, се чувствувале сигурни под Божја заштита сè додека му биле верни. И тогаш, како и во деновите на Јакова, „страв Божји ги беше снашол околните градови” (Создавање 35:5) и никој не ги вознемирувал. {ПП 499.3}

Местото што било одбрано за ова свечено богослужение веќе  било посветено поради својата поврзаност со историјата на нивните татковци. Тука Аврам му го изградил на Јехова својот прв олтар во хананската земја. Тука Аврам и Јаков првпат ги поставиле своите шатори. Малку подоцна тука е купена нива на која племињата го закопале телото на Јосифа. Тука бил бунарот што го ископал  Јаков и дабот под кој ги закопал многубожечките идоли на своето семејство. {ПП 499.4}

Тоа како едно од најубавите места во цела Палестина било погодно да биде сцена на која ќе се одигра овој највпечатлив настан. Меѓу неплодните висови се простирала прекрасна долина со зелени полиња, наместа прошарана со маслинови градини, наводнувана со потоци и со живи извори и украсена со разновидно полско цвеќе. Горите Евал и Гаризим, стоејќи недалеку една спроти друга, од едната и другата страна на оваа долина, со своите испакнати делови претставувале еден вид природни говорници, така што секој изговорен збор на едната страна можел јасно да се чуе на другата додека благите падини давале доволно простор за овој огромен собир. {ПП 500.1}

Според упатствата што ги оставил Мојсеј, на Евал бил подигнат еден голем споменик од камен. На тие камења, претходно премачкани со посебен малтер, бил напишан законот – и тоа не само оние десет заповеди објавени на Синај и врежани на камени плочи, туку и сите други закони што му биле дадени на Мојсеја и запишани во книга. Покрај тој споменик бил подигнат и жртвеник од неизделкан камен на кој се принесувани жртви на Господа. Фактот што жртвеникот на Евал морал да биде подигнат на гората на која требало да биде изречено проклетство значел дека Израел со престапот на законот навлекол на себе оправдан Божји гнев и дека тие веќе би биле погодени со суд и со казна кога не би постоело Христовото помирување, претставено токму со тој жртвеник. {ПП 500.2}

На гората Гаризим биле собрани шест племиња – сите племиња што потекнувале од Лија и Рахила, додека другите племиња што потекнувале од нивните помошнички биле поставени на Евал. Свештениците со ковчегот на заветот биле во долината, меѓу тие гори. На знак на труба настанала тишина и тогаш Исус Навин, во присуство на тој голем собир, стоејќи крај светиот ковчег, ги прочитал благословите наменети за оние што ќе му се покоруваат на Божјиот закон. Сите племиња од Гаризим одговориле со зборот „амин”. Потоа ги прочитал и заканувањата со проклетство при што племињата од Евал одговориле на ист начин. Илјадници гласови се соединиле во единствен акорд давајќи  свечен одговор. А потоа уследило читање на Божјиот закон со сите правила и прописи што им биле дадени преку Мојсеја. {ПП 500.3}

Израел на Синај го слушнал законот непосредно од Божјата уста, а неговите свечени прописи, кои со сопствена рака ги напишал на камени плочи, се чувале во ковчегот на заветот. Сега сето тоа било повторно напишано така што сите можеле да го читаат. Сите имале предимство лично да ги видат условите на заветот под кои имале право да ја наследат хананската земја. Сите морале да се запознаат со условите на заветот и да се согласат со благословот – ако послушаат, или со проклетството – ако не послушаат. Законот не бил само напишан на камењата на споменикот, туку Исус Навин гласно го прочитал пред целиот народ. Поминале само неколку седмици откако Мојсеј усно ја изложил содржината на целата своја петта книга, но сепак Исус Навин го повторил законот уште еднаш. {ПП 500.4}

Читањето на законот внимателно го слушале не само мажите Израелци, туку и нивните жени и деца. А тоа и било важно, зашто требало и тие да се запознаат со своите должности. Во врска со своите закони и уредби, Бог му наредил на Израел: „И така, ставете ги овие мои зборови во срцето свое и во душата своја, врзете ги на раката своја како знак, и нека бидат тие врзулка меѓу очите ваши;учете ги синовите свои на нив … за да бидат вашите денови и деновите на вашите деца во онаа земја, за која Господ се заколна дека ќе им ја даде на предците ваши, толку колку што небото ќе биде над земјата” (Второзаконие 11:18-21) {ПП 503.1}

Секоја седма година требало сите прописи на законот да се прочитаат пред сиот народ како што наредил Мојсеј: „По седум години, во прошталната година, на празникот Сеници,кога целиот Израел ќе дојде да се јави пред Господ, твојот Бог, на место што ќе го одбере Господ, прочитајте го гласно овој закон пред целиот народ;собери го народот – мажите, жените, децата и дојденците, што се наоѓаат во градовите ваши, за да чујат и да се научат да се плашат од Господ, вашиот Бог, и да се трудат да ги исполнуваат сите заповеди од овој закон;и синовите нивни, кои не го знаат тоа, ќе чујат и ќе се научат да се плашат од Господ, вашиот Бог, преку сите денови, додека живеете во земјата, за која ќе го минете Јордан, за да ја наследите” (Второзаконие 31:10-13). {ПП 503.2}

Сатаната е секогаш на дело, настојувајќи  да искривоколчи сè што кажал Бог; да го заслепи духот и да го затемни умот и на тој начин луѓето да ги наведе на грев. Од таа причина Господ е толку опширен и своите причини ги толкува толку јасно за никој да не мора да биде измамен. Бог постојано настојува луѓето да ги привлече под своја заштита за сатаната да не може да ја применува врз нив својата измамничка и свирепа моќ . Бог отишол дотаму на луѓето да им зборува со свој сопствен глас и да им ги напише животворните зборови со своја рака. И тие благословени зборови, проникнати со живот и со светлина на вистината, оставени им се на луѓето да им бидат најсовршен водич. И токму затоа што сатаната постојано се труди вниманието и наклоноста на срцата да ги одврати од Божјите ветувања и барања, потребно е сето тоа внимателно да се проучува, да се запамети и да се прими во срцето. {ПП 503.3}

Сите што го поучуваат народот на верските работи, треба да посветат повеќе внимание на фактите на библиската историја и на Господовите опомени и заповеди. Тоа треба да се изнесува со едноставни зборови прилагодени дури и на детското сфаќање. Должност и на родителите и на проповедниците е младите да ги упатат на Светото писмо. {ПП 504.1}

Родителите можат и треба да ги заинтересираат своите деца на разни начини да бараат знаење на светите страници. Но, ако сакаат своите синови и ќерки да ги придобијат за Божјата реч, мораат и тие сами да се заинтересираат за неа. Тие мора да се запознаат со нејзиното учење и за тоа да зборуваат, како што му наредил Бог на Израел: „Кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш” (Второзаконие 11:19). Сите што сакаат нивните деца да го почитуваат Бога и да го љубат, мора за неговата добрина, за неговото величество и за неговата сила да зборуваат онака како што е откриено во неговите зборови и во делата на создавањето. {ПП 504.2}  Секоја глава и секој стих на Светото писмо претставуваат извесно Божјо соопштение упатено до луѓето. Сите тие прописи би требало да ги врземе како знак на својата рака и како челник меѓу очите. Кога тие прописи постојано би се проучувале и исполнувале, Божјиот народ, како некогаш Израелците, би бил воден дење со столб од облак, а ноќе со столб од оган. {ПП 504.3}

Сподели го ова:

Similar Posts