45. ПАДОТ НА ЕРИХОН

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на книгата на Исус Навин 5:13-15 и 6-7 глава

Израелците стапиле во Ханан, но уште не го зазеле; и според сите човечки проценки, борбата за освојување на земјата требало да биде долга и тешка. Таа била населена со народи на силна раса, готови да му се спротивстават на влегувањето на нивна територија. Разни племиња од страв пред заедничката опасност се соединиле. Нивните коњи и железни бојни коли, нивното познавање на земјата и воената вештина, им давале големо предимство. Покрај тоа, земјата била заштитена со тврдини – „градови големи, со тврдини до небеса” (Второзаконие 9:1). Израелците можеле да се надеваат дека како победници од претстојната борба ќе излезат само со помош па онаа сила која не била нивна. {ПП 487.1}

Една од најголемите тврдини во земјата, големиот и богат град Ерихон, лежел непосредно пред нив на незначителна оддалеченост од нивниот логор во Гилгал. На работ на една плодна рамнина што обилувала со богатство на разни тропски плодови, овој горд град, со своите палати и Храмови полни со раскош и пороци, зад своите масивни тврдини му пркосел на Израеловиот Бог. Ерихон бил еден од центрите на идолопоклоничката служба, посебно посветен на богињата на Месечината, Аштарта. Тука било концентрирано сè што било најодвратно и најизопачено во верата на Хананците. Израелскиот народ, сеќавајќи  се живо на страшните последици на својот неодамнешен грев со Ваал-Фегора, го посматрал овој незнабожечки град со одвратност и гроза. {ПП 487.2}

Исус Навин увидел дека заземањето на Ерихон ќе мора да претставува прв чекор при освојувањето на Ханан. Но пред сè сакал да има гаранција – Божјо водство – и тоа му било дадено. Кога се повлекол од логорот на тајна молитва да побара Израеловиот Бог да оди пред својот народ, видел еден вооружен борец со величествена става и со заповедничко држење, „со изваден меч во раката”. На своето прашање: „Наш ли си, или си од нашите непријатели?”, Исус Навин добил одговор: „Не; јас сум водачот на војската Господова, сега дојдов овде”. Заповедта, слична на онаа што ја добил Мојсеј на гората Хорев: „Собуј си ги обувките од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја”, го открила вистинскиот карактер на овој таинствен странец. Големиот и возвишен Водач, кој стоел пред водачот на Израел, бил лично Христос. Обземен со страхопочит, Исус (Навин) паднал на своето лице и се поклонил. Потоа добил ветување: „Еве, Јас го предавам Ерихон во твои раце и царот негов и силните луѓе во него”, и примил упатство за заземање на градот. {ПП 487.3}

Прифаќајќи ја Божјата заповед, Исус Навин ја приготвил Израеловата војска. Не смеел да биде преземен никаков напад. Едноставно требало само да кружат околу градот, носејќи  го пред себе ковчегот на заветот и трубејќи во труби. На чело оделе борците, чета одбрани луѓе, не затоа за да победат со својата воена вештина и јунаштво, туку со послушност кон упатствата добиени од Бога. Зад нив чекореле седум свештеници со труби. Потоа, опкружен со сјаен ореол на Божја слава, на рацете на свештениците облечени во одежди што ја означувале нивната света служба, е носен ковчегот на Божјиот завет. Најпосле одела Израеловата војска, секое племе под своето знаме. Вака изгледала поворката што го обиколувала осудениот град. Освен тупотот на силните чети и свечениот звук на трубите кои од околните ритчиња се одгласувале низ Ерихонските улици, не се слушнал никаков друг глас. Кога обиколувањето околу градот било завршено, војската во тишина се вратила во своите шатори, а ковчегот на заветот бил однесен на своето место во шаторот за состанок. {ПП 488.1}

Со чудење и со сè поголем немир стражарите на градот посматрале секое движење и ги известувале своите старешини. Тие не го сфатиле значењето на толку големото растурливо движење и парадирање; но кога виделе како силните чети секој ден со светиот ковчег на заветот и со свештениците го обиколуваат градот, оваа таинствена сцена го исполнила срцето на народот и на свештеници те со страв. Повторно ги испитале своите силни тврдини и се увериле дека тие можат да му пркосат и на најсилниот напад. Мнозина ја исмевале помислата дека со ова едноставно обиколување може нешто да им се наштети. Други ја губеле храброста штом би ја виделе поворката која секој ден го обиколувала нивниот град. Тие си спомнале како некогаш Црвеното Море се разделило пред овој народ и како неодамна им е направен пат низ Јордан. Не знаеле какво уште чудо Бог ќе стори за нив. {ПП 488.2}

Шестиот ден израелските чети на ист начин го обиколувале градот. Осамнал и седмиот ден и Исус Навин ја приготвил Господовата војска. Сега добиле наредба Ерихон да го обиколат седум пати и потоа, кога ќе слушнат силно трубење на трубите, да повикаат со сиот глас, зашто Бог ќе им го даде градот. {ПП 488.3}

Огромната војска свечено ги обиколувала ѕидовите на осудените на пропаст. Сè било тивко, само се слушнал одмерен тупот на мноштво чекори и веќе вообичаениот звук на трубите кој ја нарушувал тишината рано изутрината. Масивните ѕидови од цврст камен како да му пркоселе на налетот на овие луѓе. Стражарите на ѕидовите гледале со сè поголем страв долу кога по првото обиколување уследило второ, потоа трето, четврто, петто и шесто. Што би можело да биде цел на ова таинствено движење? Каков страшен настан им претстои? Не смееле подолго да чекаат. Кога е завршен седмиот круг, силната колона застанала мирно. Трубите, кои извесно време замолкнале, затрештиле повторно со таква сила, што дури и земјата се потресла. Цврстите камени ѕидови со своите силни кули се потресле и се поместиле во своите темели, па со силен шум и со ужасен трескот се урнале на земјата. Жителите на Ерихон биле целосно парализирани од страв, а израелските чети непречено влегле и го зазеле градот. {ПП 491.1}

Изрелците не ја извојувале победата со сопствена сила; освојувањето било целосно Господово; и како првите плодови на земјата, градот и сето она што се наоѓало во него, било посветено како жртва на Бога. Врз Израел требало да биде оставен впечаток дека при освојувањето на Ханан тие не требало да се борат за себе, туку тие едноставно биле орудија во извршувањето на Божјата волја; да не бараат богатство или самовозвишување, туку славата на Јехова, нивниот Цар. Пред заробувањето била издадена команда: „И градот, со сè што е во него да падне во проклетство”. „Чувајте се од проколнатото, за да не паднете и самите во проклетство… и со тоа на логорот и на синовите Израелови да им донесете проклетство”. {ПП 491.2}

Сите жители на градот и сѐ живо што се наоѓало во него, „мажите и жените, младите и старите, овците и магарињата”, морале да ги убијат со меч. Била поштедена само верната Рава и нејзиното семејство, зашто тоа ѝ го ветиле извидниците. Градот бил спален. Неговите палати и храмови, величествените згради со сите нивни раскошни украси, со богати драперии и скапоцени облеки, биле проголтани во пламенот. Сè што не можело да се уништи со оган – „среброто и златото, бакарот и железото” морале да бидат посветени на службата во шаторот за состанок; па дури и почвата на која бил изграден градот, била проклета. Ерихон никогаш веќе не бил изграден како тврдина. Над секого кој би се осмелил повторно да ги гради ѕидовите што ги урнала Божјата моќ,  била изречена казна. Во присуство на сиот народ била дадена свечена изјава: „Проклет да биде пред Господ оној што ќе го издигне и изгради овој град Ерихон; врз првородениот син свој тој ќе ги положи основите негови и врз најмалиот син свој ќе ги постави портите негови!” {ПП 491.3}   

Целосното уништување на Ерихонските, односно на хананските жители, било само извршување на заповедта однапред дадена преку Мојсеја: „Кога ќе ти ги предаде Господ, твојот Бог, во рацете твои, и ти ќе ги разбиеш” (Второзаконие 7:2). „Но во градовите на оние народи, кои Господ, твојот Бог, ти дава да ја наследиш земјата нивна, не оставај ни една жива душа” (Второзаконие 20:16). На мнозина овие заповеди им изгледаат спротивни на духот на љубовта и милосрдието, на она на што се укажува во други делови на Библијата. Но, всушност, тоа е она што го барала бесконечната мудрост и правда. Населувајќи  ги Израелците во Ханан, Бог имал намера тие како нација да развијат систем на владеење што би претставувало манифестација на неговото царство на земјата. Тие требало да бидат не само наследници на вистинската вера, туку и нејзините начела да ги рашират по цела земја. Хананците потонале во најодвратно и најниско незнабоштво, па било неопходно земјата да се очисти од она што навистина го спречувало исполнувањето на Божјите милостиви намери. {ПП 492.1}

На жителите на Ханан им била дадена доволна можност за покајание. Четириесет години пред тоа, отворањето на Црвеното Море и казнувањето на Египќаните претставувале непобитен доказ за надмоќ та на Израеловиот Бог. А сега, победата над мидјанските цареви, над Галад и Васан, и понатаму покажувала дека Јехова е над сите богови. Светоста на неговиот карактер и неговата одвратност кон нечистотата се покажале во казните што ги снашле Израелците поради нивното учествување во гнасните обреди на службата на Ваал-Фегора. Сите тие настани им биле добро познати на жителите на Ерихон. А имало многу и такви кои исто како и Рава биле осведочени дека Израеловиот Бог е „Бог на небото и на земјата долу”, но не сакале тоа да го признаат и да му се покоруваат. Слично на претпотопните луѓе, Хананците живееле само затоа да го исмеваат Небото и да ја сквернават земјата. И љубовта и правдата барале овие одметници од Бога и непријатели на човечкиот род да бидат што побргу уништени. {ПП 492.2}

Колку лесно небесните војски ги урнале ѕидовите на Ерихон, на тој горд град, чиишто тврдини четириесет години пред тоа толку страшно ги уплашиле срцата на неверните извидници. Семожниот Израелов Бог рекол: „Еве, Јас го предавам Ерихон во твои раце”. Против тие зборови секоја човечка сила била немоќна. {ПП 492.3}

„Преку вера паднаа ѕидовите на Ерихон” (Евреите 11:30). Водачот на Господовите војски зборувал само со Исуса Навина; Тој не му се открил на сиот народ на Израелците на кои им било препуштено да им веруваат на зборовите на Исуса Навина или да се сомневаат во нив, да им се покоруваат на наредбите што ги давал Бог преку него или да го отфрлат неговиот авторитет. Тие не можеле да ја видат војската на ангелите што ги придружувала под водство на Божјиот Син. Можеле да помислат: „Каков е тој бесмислен и смешен потфат – да се обиколуваат градските ѕидови трубејќи во труби од овенски рогови. Тоа не може да има никакво влијание врз оваа силна тврдина”. Меѓутоа, токму тоа едноставно продолжување на оваа церемонија, сè до уривањето на ѕидовите, на многу Израелци им дало можност да ја зацврстат и да ја покажат својата вера. Требало да им се вреже во духот фактот дека нивната сила не зависи од човечката мудрост и моќ,  туку дека нивното спасение лежи единствено во Бога. Требало да се навикнат потполно да имаат доверба во силата на својот небесен Водач. {ПП 493.1}  

Бог многу ќе стори за сите што веруваат во него. Причината што оние кои тврдат дека се негов народ, а имаат толку малку сила, лежи во тоа што тие премногу се потпираат врз сопствената мудрост и не му даваат на Господа можност да ја покаже својата моќ во нивна полза. Тој на своите верни ќе им помогне во секоја неволја ако целосно се потпрат врз него и ако верно го слушаат. {ПП 493.2}

Набргу по паѓањето на Ерихон, Исус Навин решил да го заземе Гај, еден малечок град во една котлина, неколку километри западно од јорданската долина. Затоа пратил извидници кои му донеле вест дека во тоа место нема многу жители и дека не е потребно да праќа  голема војска за негово освојување. {ПП 493.3}

Големата победа што ја извојувал Бог за Израелците ги сторила премногу самоуверени. Се чувствувале потполно сигурни затоа што Бог им ветил дека ќе  им ја даде хананската земја, а го загубиле од вид фактот дека само Божјата помош може да им обезбеди успех. Дури ни Исус Навин, при своето планирање да го заземе Гај, не побарал совет од Бога. {ПП 493.4} 

Така Израелците почнале да ги преценуваат сопствените сили и да ги потценуваат своите непријатели. Очекувајќи лесна победа, сметале дека за заземање на тоа место ќе бидат доволни три илјади луѓе. И не прашувајќи се дали е Бог со нив, побрзале во напад. Напредувале до вратата на градот, но тука наишле на решителен отпор. Тогаш, обземени со паничен страв од големиот број и од совршената опрема на нивниот непријател, го свртиле грбот и безглаво побегнале низ стрмните падини на брегот. Хананците потрчале по нив  и „ги гонеа од портите… и ги разбија”. Иако загубата од триесет и шест луѓе не била толку голема, сепак, поразот врз целата заедница дејствувал обесхрабрувачки. „Срцата на луѓето се растопија и станаа како вода”. Тоа бил нивни прв вистински судир со Хананците, а што ќе се случи дури во поголемите битки што ги очекувале, кога бранителите на едно вакво малечко гратче ги натерало во бегство. Исус Навин во овој страшен неуспех видел знак на Божјо негодување, па со болка во душата „Исус ја раскина облеката своја и падна ничкум на земјата пред ковчегот на Господ и лежеше дури до вечерта, тој и старешините Израелови, и ги посипаа со пепел главите свои”. {ПП 493.5}

„И рече Исус: ‘Ти се молам, Господи Боже, зошто го преведе Твојот народ преку Јордан, за да го предадеш во рацете на Аморејците на погубување? Ех, да си останевме да живееме од онаа страна на Јордан!О, Господи, што да кажам, бидејќи Израел го сврте грбот пред своите непријатели?Хананците и сите жители на земјата ќе чујат, ќе нè опколат и ќе нè истребат нас од земјата. И што ќе направиш за Твоето големо име?’” {ПП 494.1}

„Господ му одговори на Исус: ‘Стани, зошто падна ничкум?Згрешија луѓето и ја прекршија Мојата заповед, што им ја дадов’”. Тоа било време за решителна и брза акција, а не за очај и јадосување. Во логорот се вовлекол таинствен грев и виновникот морало да се пронајде и да се отстрани за Господовото присуство и неговиот благослов повторно да можат да бидат со неговиот народ. „Нема да бидам веќе со вас, ако не го отстраните од вас проколнатото”. {ПП 494.2}

Божјата заповед ја престапил еден од оние кои биле одредени да ги извршуваат неговите казни. А за кривицата на тој еден престапник, целиот народ е сметан за одговорен: „Украдоа од проколнатото, и го сокрија меѓу своите предмети”. На Исуса му било дадено упатство како да го пронајде и да го казни престапот. За откривање на виновникот се послужиле со ждрепка. Престапникот не бил веднаш покажан зашто целата работа извесно време е оставена во неизвесност со цел сите да ја почувствуваат својата одговорност за гревовите што постоеле меѓу нив и на тој начин биле наведени да ги испитаат своите срца и да се понизат пред Бога. {ПП 494.3}

Рано изутрината Исус го собрал народот  „по племиња”; така почнала свечена и впечатлива церемонија. Истрагата напредувала полека но сигурно. Кругот на оние на кои е применуван страшниот тест сè повеќе се стеснувал. Прво се испитувани племињата, потоа семејствата, па домовите, и најпосле се пронашол човекот; Ахан, синот на Карми, од племето на Јуда, бил покажан со Божји прст како оној што го попречил Израел. {ПП 495.1}

Со цел одговорноста да биде неспорна и да не биде префрлање дека е неправедно казнет, Исус Навин свечено го заколнал Ахана да ја признае вистината. Несреќниот човек целосно ја признал својата вина: „Навистина, јас згрешив пред Господ, Бог Израелов… меѓу запленетите предмети видов една убава облека од Сенаар и двесте шекели сребро и една златна шипка, со вредност од педесет шекели; тоа ми се допадна и јас го зедов; и, ете, тоа е закопано во земјата среде мојот шатор, а среброто е сокриено под него”. Веднаш се пратени луѓе во неговиот шатор кои на покажаното место почнале да копаат, „и ете, сето тоа беше сокриено во неговиот шатор, и среброто под него.Тие го изнесоа тоа од шаторот, го донесоа кај Исус и кај старешините Израелови и го ставија пред Господ”. {ПП 495.2}

Пресудата била изречена и веднаш извршена. „Затоа што некои од нас истреби”, рекол Исус Навин, „Господ ќе те истреби денес тебе”. Бидејќи сиот народ е сметан за одговорен за гревот на Ахана и бидејќи сите ги поднесувале неговите последици, морале сите преку свои претставници да земат учество во казнувањето на виновникот – „и сите Израелци го убија со камења”. {ПП 495.3}

Потоа над него нафрлале голем куп камења како сведоштво за сторениот грев и за казната поради него. „Поради тоа, она место и денес се вика ‘Долината Ахор’”, што значи „неволја”, зашто во книгата на Летописи стои: „Ахар, кој навлече неволја врз Израел, прекршувајќи ја заклетвата” (1. Летописи 2:7). {ПП 495.4}

Гревот Ахан го сторил наспроти најнепосредните и најсвечени опомени и најмоќни откровенија на Божјата сила. На Израелците им било кажано: „Чувајте се од проколнатото, за да не паднете и самите во проклетство”. Таа заповед е издадена набргу по чудесното преминување низ Јордан, по обновувањето на Божјиот завет и обрезанието на народот, по обновеното празнување на празникот Пасха и појавата на Ангелот на заветот Водачот на Господовите војски. Таа уследила по уништувањето на Ерихон давајќи доказ за уништувањето на сите што го престапуваат Божјиот закон. Фактот што Израелците за својата победа над Ерихон требало да и заблагодарат исклучиво на Божјата сила и дала посебна тежина на оваа заповед според која им било забрането што било да присвојат за себе од тамошниот плен. Бог таа тврдина ја освоил со силата на својот збор. Победата била негова и затоа тој град, заедно со сѐ што му припаѓало, требало да му се посвети нему. {ПП 495.5}

Меѓу повеќето милиони Израелци се нашол само еден човек кој во тој свечен миг на триумф и суд се осмелил да ја престапи Божјата заповед. Кога видел скапоцена вавилонска ткаенина, Ахан не можел да ја совлада својата алчност. Дури и во мигот кога на смртта ѝ гледал во очи, не можел да не каже: „Убава облека од Сенаар”. Еден грев повлекува по себе друг, и тој присвоил од златото и среброто посветено на Господовата ризница – закинувајќи го со тоа Бога во првите плодови на хананската земја. {ПП 496.1}

Смртниот грев што го одвел Ахана во пропаст имал свој корен во алчноста – еден од вообичаените гревови преку кој се преминува лекомислено. Додека другите гревови се истражуваат и се казнуваат, на алчноста ретко ѝ се забележува иако таа всушност е престап на десеттата заповед. Колку тој грев е голем и колку неговите последици се страшни, се гледа од случајот на Ахана. {ПП 496.2}

Лакомството е зло што се развива постепено. Ахановата дрчност и незаситна желба за богатење се претвориле во навика која цврсто се вкоренила, така што речиси било неможно да се искорени. Иако уживал во тоа зло, сепак се вчудовидел при помислата дека со тоа ќе  му нанесе несреќа на цел Израел; но гревот ја умртвил неговата совест и кога наишло искушението, тој паднал како лесен плен. {ПП 496.3}

Зар не се греши и денеска наспроти исто толку свечените и јасни опомени? И нам исто така јасно и одредено ни е забрането да му попуштаме на лакомството како и на Ахана што му било забрането да присвои што било од пленот затечен во Ерихон. Бог во својата Реч лакомството го поистоветува со идолопоклонството. И нам ни е упатена опомена: „Не можете да им служите на Бога и на Мамон” (Матеј 6:24). „Внимавајте! Чувајте се од алчноста” (Лука 12:15). „Користољубивоста воопшто да не се спомнува меѓу вас” (Ефесјаните 5:3). Пред нас е страшната судбина на Ахана, на Јуда, на Ананија и Сафира; а пред сите овие судбината на Луцифера, на „ѕвездата Деница”, на оној кој во својата алчност за власт се стремел кон повисока положба и со тоа засекогаш ги проиграл сјајот и небесното блаженство. Сепак, наспроти сите тие опомени, насекаде и на сите страни преовладува лакомство. {ПП 496.4}

Валканите траги на таа лоша склоност секаде се покажуваат. Во семејствата поради тоа настануваат неслоги и разделби; таа кај сиромасите предизвикува завист и омраза кон побогатите; таа води кон свирепо угнетување на сиромасите од страна на имотните. А тоа зло постои не само во светот, туку и во црквата. Како и секаде, дури и овде се наидува на себичност, на алчност и подвала, на запоставување на милосрдието и на братската љубов и на закинување на Бога „од десетокот и од приносите” (Малахија 3:8). Меѓу „редовните” верници на црквата, кои дури се сметаат за „угледни и добро ситуирани”, за жал, се наоѓаат многу Ахани. Има луѓе кои редовно доаѓаат во црквата и седнуваат на Господовата трпеза (учествуваат во Господовата вечера, заб. на прев.), а во составот на својот имот кријат незаконито стекната добивка, работи што Бог ги проколнал. За љубов на некаква „убава облека од Сенаар” и денеска мнозина ја жртвуваат совеста и својата надеж за небото. Својата чесност и способност во животот да бидат корисни, мнозина ги заменуваат за кеса сребреници. Пекањето на скудните и сиромасите се запоставува и не се слуша; ширењето на евангелието се спречува; со постапките кои Христијанството го прикажуваат во лажна светлина, се распалува презир и омаловажување на верата од страна на неверниците; а божемните Христијани сепак алчно продолжуваат да напластуваат богатство. „Смее ли човек да краде од Бога? А вие крадете од Мене”, вели Господ (Малахија 3:8). {ПП 497.1}

Гревот на Ахана ѝ донел несреќа на цела нација. Поради еден престапник, Божјо негодување ја погаѓа целата црква сè додека престапот не се најде и не се отстрани. Од влијанието на несовесните верници на црквата треба повеќе да се плашиме отколку од нашите отворени непријатели, неверници и богохулници. Тие го лишуваат Израел од Божјиот благослов и го ослабуваат Божјиот народ. {ПП 497.2}

Кога црквата ќе наиде на тешкотии, кога постои студенило и духовно опаѓање, што на Божјите непријатели им дава можност да ликуваат, тогаш верниците, наместо со скрстени раце да ја оплакуваат таа жална состојба, треба да се запрашаат дали меѓу нив можеби не се наоѓа некој Ахан. Секој од нив понизно нека го испита своето срце, пронаоѓајќи  ги скриените гревови што го отстрануваат од нив Божјото присуство. {ПП 497.3}

Ахан бил свесен за својата кривица, но неговото признавање уследило премногу доцна и не можело да му биде од полза. Видел како израелската војска била поразена и како обесхрабрена се повлекува од Гај, а сепак не истапил да го признае својот грев. Видел како Исус Навин и старешините Израелови паднале на земја со болка што не може да се опише со зборови. Тогаш да го признал својот грев, би дал извесен доказ за вистинско покајание, но – сè уште молчел. Тој сфатил дека станува збор за некој голем грев, дури и точно слушнал каков е карактерот на тој грев. Меѓутоа, неговите усни сè уште биле запечатени. И тогаш настапило испитување. Душата му затреперила од страв кога било погодено прво неговото племе, па неговото семејство и најпосле неговиот дом. Но тој сè уште не го признал својот грев сè додека Божјиот прст не бил насочен директно кон него. Дури тогаш, кога не можел веќе да го крие својот грев, ја признал вистината. Често се изнудуваат слични признавања. Голема е разликата меѓу признавањето на фактите што веќе се докажани и признавањето на гревот што му е познат само на престапникот и на Бога. Ахан не би го признал својот грев кога не би се надевал оти со тоа ќе  ги отстрани последиците на својот престап. Но неговото признавање послужило само да се види колку е праведна казната што го снашла. Тука немало каење, понизност, промена на сфаќањата ниту гнасење од злото. {ПП 497.4}

Такви признавања ќе даваат непокајаните на денот на Божјиот суд кога случајот на секој поединец ќе биде решен за живот или за смрт. Секого последиците на неговото однесување ќе го натераат да го признае својот грев. Душата ќе биде присилена да ја почувствува ужасната свест за кривицата и за страшното очекување на судот. Но таквите признавања не можат да го спасат грешникот. {ПП 498.1} Слично на Ахана, мнозина се чувствуваат сигурни сè додека нивните ближни не знаат ништо за нивните престапи и си ласкаат себеси дека Бог нема да биде толку строг за да го изобличи нивното беззаконие. Сите тие ќе  се затечат во своите гревови и во оној ден кога ќе  биде премногу доцна за каење, кога не ќе можат веќе  да се очистат со „никаква жртва или принос”. Кога небесните книги ќе се отворат, тогаш Судијата нема со зборови да им ги изнесува на луѓето нивните гревови, туку само ќе ги погледне со прониклив и испитувачки поглед и секое дело и секоја постапка во животот на престапникот живо ќе се појави во неговото сеќавање. Тогаш нема да биде потребно, како во времето на Исуса Навина, виновникот да се бара од племе до семејство, туку неговите сопствени усни ќе го признаат својот срам. Тогаш гревовите, кои толку грижливо се прикривани за да не дознаат за нив другите, ќе бидат објавени пред целиот свет. {ПП 498.2}

Сподели го ова:

Слични објави