66. СМРТТА НА САУЛА

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на 1. Самоилова 28 и 31 глава

Повторно избила војна меѓу Филистејците и Израелците. „Се собраа Филстејците и отидоа, та се улогорија во Сунем”, на северниот крај на Јизреелската рамнина. Саул со својата војска се улогорил на неколку километри оттаму во подножјето на планината Гелвуја, на јужниот крај од истата рамнина. Во таа рамнина некогаш Гедеон само со триста луѓе ја натерал во бегство целата мидјанска војска. Но чувствата што го исполнувале срцето на овој израелски ослободител многу се разликувале од оние што сега го обземале царот. Гедеон тргнал полн со вера во силниот Бог на Јакова, а Саул се чувствувал осамен и незаштитен, зашто Бог го напуштил. Забележувајќи ја филистејската војска, „се исплаши, и силно му затрепери срцето” (1 Самоилова 28:5). {ПП 675.1}

Саул дознал дека Давид со своите луѓе е кај Филистејците и очекувал синот на Јесеја да ја искористи таа можност да се одмазди за сите неправди што му се сторени. Царот бил многу загрижен. Неговата неразумна страст го гонела да го убие Господовиот избраник и со тоа целата нација ја довел во голема опасност. Наполно проникнат со мисла за прогонство на Давида, ја занемарил одбраната на своето царство. Филистејците ја искористиле таа невнимателност и навлегле дури до централните делови на земјата. И така, додека сатаната го поттикнувал Саула својата сила да ја употреби за прогонување на Давида, истиот тој лош дух дејствувал и врз Филистејците да ја искористат поволната прилика – да го уништат Саула и да го покорат Божјиот народ. Колку често праисконскиот непријател се служи со истото лукавство. Тој ги поттикнува луѓето со непосветено срце во заедницата да предизвикаат завист и кавги, а потоа ја користи разединетоста на Божјиот народ преку своите орудија да го уништи. {ПП 675.2}

Следниот ден Саул требало да се впушти во битка со Филистејците. Веќе околу него се пластеле темни облаци на претстојната пропаст; тој копнеел за помош и водство. Меѓутоа, од Бога попусто барал совет. „Но Господ не му одговараше ни на сон ни преку урим, ни преку пророците”. Господ никогаш не одбил ниту една душа која му се обратила искрено и со скршено срце. Тогаш зошто не му одговорил на Саула? Царот сам со своите постапки ги проиграл сите можности за обраќање на Бога. Го отфрлил советот на пророкот Самоил; го протерал Божјиот избраник, Давида, и ги убил Господовите свештеници. Зар тогаш можел да очекува одговор од Бога кога сам ги прекинал сите патишта што го поврзуваат човекот со небото? Згрешил против Духот на милоста и зар тогаш можел да добие одговор на сон или со Господово откровение? Саул не му се обратил на Бога понизно и со покајание. Тој не се молел за проштавање на гревот и за помирување со Бога, туку за ослободување од своите непријатели. Тој сам се оддалечил од Бога со својата тврдоглавост и бунт. Кај Бога можел да се врати само со покајание и понизност. Меѓутоа, горделивиот цар и во својот страв и очај решил помош да побара на друг извор. {ПП 675.3}

„И им рече Саул на слугите свои: ‘Најдете ми жена што повикува духови, и јас ќе одам кај неа и ќе ја прашам’”. Саул мошне добро знаел што значи да се прашуваат мртвите. Господ тоа изрично го забранил и за секого што се занимава со таа недостојна вештина била предвидена смртна казна. Додека Самоил бил жив, Саул наредил да се истребат сите што имаат вражарски дух, а сега сам прибегнал кон вражање што некогаш го осудил како гнасотија. {ПП 676.1}

Царот дознал дека во Ен-Дор живее некоја жена која тајно се занимава со гледање. Таа жена директно со сатаната склучила сојуз според кој требало да ја прифати неговата власт и да ги спроведува неговите намери, а за возврат кнезот на злото правел чуда за нејзина сметка и ѝ откривал тајни работи. {ПП 676.2}

Саул се преоблекол и со двајца придружници ноќе  се упатил да ја посети вражарката во нејзиното засолниште. Колку е тоа жално! Израелскиот цар го води сатаната по своја волја! Колку е мрачна за човечките нозе онаа патека што самиот ја избрал и бил истраен на неа, одејќи упорно по сопствени патишта и противејќи  му се на Божјиот Дух! Има ли потешки окови од оној што човекот самиот си го наметнува подјармувајќи му се на најголемиот тиран – на своето сопствено „јас”. Доверба во Бога и послушност кон неговата волја – тоа бил единствен услов под кој Саул можел да остане цар во Израел. Кога тие услови би ги исполнувал во текот на целиот свој живот, царството би му било обезбедено; Бог би бил негов водач и Семожниот негов штит и ограда. Бог со Саула имал многу трпение; иако неговата непослушност и непокорност наполно го замолкнале Божјиот глас во неговата душа, сепак, сè уште постоела можност за покајание. Но, кога во тешкиот миг на својот живот се одвоил од Бога за да побара и да добие видело од сојузникот на сатаната, тогаш ја прекинал и последната нишка што го врзувала со неговиот Творец; самиот доброволно ѝ се потчинил на демонската сила која со години дејствувала во него и го довела до работ на пропаста. {ПП 676.3}

Под закрила на ноќта, Саул и неговите придружници поминале непречено крај филистејската војска во рамнината и се префрлиле преку планинскиот гребен кон осамената куќичка на гледачката во Ен-Дор. Тука жената што повикува духови се скрила за да може потајно да продолжи со своето безбожно вражање. Иако Саул бил преоблечен, неговата висока става и царско држење оддавале дека тој не бил обичен војник. Жената се посомневала дека пред неа стои Саул, а неговите богати подароци уште повеќе го засилиле тој сомнеж. На неговата молба: „Гледај ми, и повикај ми, кого што ќе кажам”, жената одговорила: „Ти знаеш што направи Саул, знаеш дека тој ги истера од земјата гатачите и гледачите; зошто тураш стапица на душата моја за да ме погубиш? И Саул и се заколна во Господ, велејќи: ‘Ти се колнам во Господ, нема да ти се случи ништо лошо за тоа.’ Тогаш жената праша: ‘А кого да ти го повикам?’ Тој одговори: ‘Повикај ми го Самоил’”. {ПП 679.1}

Откако ги изговорила своите волшебнички зборови, таа додала: „Гледам како Господ излегува од земјата … Излегува од земјата престар маж, облечен во долга облека”. Тогаш Саул дозна дека е тоа Самоил, падна ничкум на земјата и се поклони”. {ПП 679.2}

Но под влијание на волшебничките зборови на една вештерка не се појавил светиот Божји пророк. Самоил не присуствувал при таа посета на лошите духови. Таа натприродна појава ја предизвикала само силата на сатаната. Тој исто така можел да се престори во Самоила како што се престорил во светлосен ангел кога го искушавал Христа во пустината. {ПП 679.3}

Првите зборови што ги изговорила жената под влијание на  тоа чудо му биле упатени на царот. „Зошто ме излага? Ти си Саул?” Прво дело на лошиот дух, кој се јавил како пророк, било тоа што потајно ѝ се обратил на оваа безбожна жена да ѝ обрне внимание на измамата што е пред неа. Пораката на божемниот пророк упатена до Саула гласела: „Зошто ме обеспокојуваш да излегувам? А Саул одговори: ‘Многу ми е тешко; Филистејците војуваат против мене, а Бог отстапи и повеќе не ми одговара ни преку пророци, ни на сон, (ни во видение); затоа те повикав за да ме поучиш што да правам’”. {ПП 680.1}  

Додека Самоил бил жив, Саул ги отфрлал неговите совети и му забележувал што го исправува. Но сега, во мигот на тешкотија и несреќа , чувствувал дека водството на пророкот е единствена негова надеж; и, за да дојде до небесниот пратеник, прибегнал кон општење со пратеник на пеколот. Саул целосно се ставил под власт на сатаната; и сега, оној кој секогаш се радува кога може да создава беда и пропаст, на најсигурен начин ја искористил приликата да го уништи несреќниот цар. Во одговорот на Сауловата молба, изговорена во смртен страв, дошла страшна порака божем од устата на Самоил: {ПП 680.2}

„А зошто ме прашуваш мене, кога Господ отстапил од тебе и станал твој непријател?Господ ќе ти го направи тоа што го говореше преку мене: ќе го одземе Господ царството од рацете твои и ќе му го даде на твојот близок, на Давид.Бидејќи ти не го послуша гласот Господов и не го исполни Неговиот жесток гнев врз Амалик, затоа Господ и го врши тоа сега над тебе.Господ ќе го предаде Израел заедно со тебе во филистејски раце”. {ПП 680.3}

За сето време додека Саул со своите дела му се противел на Бога, сатаната му ласкал и го мамел. Искушувачот ја намалува грешноста на гревот и патеката на престапот ја прави лесна и привлечна со цел срцето да стане нечувствително кон Господовите опомени и закани. Сатаната со својата восхитувачка сила го наведувал Саула, наспроти опомените и упатствата на Самоил, да го правда својот став. А сега, кога Саул се нашол во крајна неволја, тој се свртил против него укажувајќи му на огромноста на неговиот грев и на неможноста да добие проштавање; со тоа сакал да го фрли во очај. Навистина не можел да смисли ништо полошо за да ја уништи неговата храброст и да го помати неговиот разум, да го совлада со очај и да го наведе на самоуништување. {ПП 680.4}

Саул бил папсан од умор и пост; бил свесен за својата кривица и силно уплашен. Кога го слушнал страшното претсказание, затреперил со целото тело, и како даб пред луња, се струполил на земјата колку што е долг. {ПП 681.1}

Вражарката се исплашила. Израелскиот цар лежел пред неа како мртов. Што ќе биде со неа ако тој умре во нејзината куќа ? Го преколнувала нешто да јаде и да го одржи животот, нагласувајќи дека мора да ја послуша, зашто и таа својот живот го изложила на опасност само да ја исполни неговата желба. Кога и слугите го навалиле, Саул попуштил и жената бргу му изнела приготвено згоено теле и погача. Каква сцена! Во дива пештера на една вражарка која штотуку изговорила зборови на осуда – во присуство на сатански гласник седи човекот што го помазал Бог за израелски цар и со јадење се приготвува за кобната битка што ќе се одигра следниот ден! {ПП 681.2}

Пред зори Саул со своите придружници се вратил во израелскиот логор за да се приготви за судирот. Со тоа што му се обратил на духот на мракот, Саул самиот себеси се уништил. Совладан од страв и очај, тој не можел да ги охрабри своите војници. Одвоен од изворот на силата, не можел ниту душите на Израелците да ги упати кон Бога кој единствено можел да им помогне. Сето тоа придонело она страшно претсказание навистина да се оствари. {ПП 681.3}

Во рамнината Сунем и на падините на Гелвуја се судрила филистејската војска со израелските чети и настанала крвава битка. Иако страшната сцена во Ен-Дорската пештера му уништила секаква надеж, Саул сепак очајно храбро се борел за својот престол и за своето царство. Но сето тоа било напразно. „И мажите израелски избегаа од Филистејците и паднаа победени на планината Гелвуја”. Тројца храбри синови паднале крај царот. Стрелците се устремиле кон Саула. Тој видел како неговите војници паѓаат околу него и како непријателот со меч ги убива неговите синови. Бидејќи и самиот бил ранет, не можел веќе ниту да се бори ниту да бега. Не можел да побегне, па затоа решил жив да не им се предава на Филистејците во раце: му наредил на својот слуга што му го носел оружјето: „Извади го мечот и убиј ме со него”. Бидејќи слугата се плашел да крене рака на Господовиот помазаник, Саул сам се фрлил на својот меч и си го одзел себеси животот. {ПП 681.4}   

Така завршил првиот израелски цар, огрешувајќи ја својата душа уште и со самоубиство. Тоа бил промашен живот, полн со срам и очај, зашто царот својата изопачена волја отворено ѝ ја противставил на Божјата волја. {ПП 682.1}

Веста за поразот бргу се прочула на сите страни и ги исполнила со страв срцата на сите Израелци. Народот масовно бегал од градовите и Филистејците непречено ги зазеле. Сауловото владеење, без потпирање врз Бога, ја уништило речиси целата нација. {ПП 682.2}

Следниот ден, кога Филистејците го претражувале боиштето за да ги ограбат убиените, наишле на труповите на Саула и на неговите три сина. За да ја комплетираат својата победа, на Саула му ја пресекле главата и му го слекле оклопот, па онака крвави, како воени трофеи, ги пратиле во филистејската земја „ да го разгласат тоа по идолските светилишта и на народот”. На крај оружјето го донеле во куќата „на Аштарта”, а главата ја обесиле во храмот на Дагона. Така славата на победата им е припишана на лажните богови, а името на Јехова било обесчестено. {ПП 682.3} Телата на Саула и на неговите три сина ги однеле во Вет-Сан, град недалеку од Гелвуја и близу до Јордан. Тука сите ги обесиле за да ги растргнат птици грабливки. Но жителите на Јавеш Галадов, спомнувајќи  си како во поранешните посреќни времиња Саул го ослободил нивниот град, ја покажале својата благодарност така што ги симнале нивните тела и свечено ги закопале. Преминувајќи ноќе  преку Јордан, тие „го зедоа телото на Саул и телата на синовите негови од ѕидот во Бетшан, дојдоа во Јавеш и таму ги изгореа;ги зедоа коските нивни и ги погребаа под омориката во Јавеш, и постеа седум дена”. Така едно благородно дело, сторено пред четириесет години, на Саула и на неговите синови во најмрачниот миг на пораз и срам им обезбедило достоен закоп што го извршиле луѓето со нежно и милосливо срце е. {ПП 682.4}

Сподели го ова:

Слични објави