40. BAЛAM

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Броеви 22-24 глава

По освојувањето на Васан, Израелците се вратиле на Јордан и се улогориле на брегот на реката над нејзиното устие во Мртвото Море спроти ерихонската рамнина, приготвувајќи се за претстојното освојување на Ханан. Се наоѓале мошне близу до границата на Моав чиишто жители нивното присуство ги исполнувало со страв. {ПП 438.1}

Израел не ги вознемирувал Моавците, но овие сепак имале лоши претчувства, следејќи  сè што се случува во околните земји. Аморејците, пред кои тие порано морале да се повлечат, сега биле победени од Евреите, а подрачјето кое Аморејците го оттргнале од Моавците, сега се наоѓало во рацете на Израелците. Војските на Васан подлегнале пред таинствената сила која била обвиена во столб од облак и Евреите ги зазеле џиновските тврдини. Моавците не се осмелувале да ги нападнат; прибегнувањето кон оружје им се чинело безнадежен обид пред таа натприродна сила која дејствувала во полза на Израел. Затоа решиле, како што се обидел и фараонот во свое време, да ја повикаат на помош магијата за да го осуетат Божјото дело. Сакале врз Израел да навлечат некакво проклетство. {ПП 438.2}

Моавците со Мидјаните биле тесно поврзани во национален и верски поглед. Затоа моавскиот цар, Валак, и успеал да предизвика страв кај сродниот народ и себеси да си обезбеди нивна соработка против Израелците, упатувајќи  им вест: „Овој народ сега истребува сè околу нас, како што воловите ја изедуваат полската трева”. Се зборувало дека некој си Валам од Месопотамија има натприродна моќ, па тоа се прочуло сѐ до моавската земја. Решиле да побараат негова помош, пратиле пратеници – „моавските старешини и старешините мидјански” да го доведат и да се послужат со неговите вражби и магии против Израел. {ПП 438.3}

Пратениците веднаш се упатиле на далечниот пат преку гори и пустини до Месопотамија; и кога го нашле Валама, му ја пренеле пораката на својот цар: „Ете, народот што дојде од Египет, го покри лицето земно, и сега се смести близу до мене.Затоа дојди и проколни го тој народ, бидејќи се посилни од мене: тогаш можеби ќе бидам во состојба да ги поразам и да ги изгонам од земјата моја; бидејќи знам дека кого ќе го благословиш ти, тој е благословен, и кого ќе го проколнеш, тој е проколнат”. {ПП 439.1}

Меѓутоа, и понатаму тврдел дека е слуга на Севишниот. Нему му било добро познато што сè Бог сторил за Израелците, и кога пратениците дошле и му ја соопштиле пораката, знаел дека му е должност да ги одбие наградите на Валака и да ги врати пратениците. Но тој се осмелил да си се игра со искушението нудејќи им на пратениците да преноќеваат кај него, објаснувајќи дека не може да им даде точен одговор пред да го праша Господа за совет. Валам знаел дека неговата клетва не може на Израелците да им нанесе никакво зло. Бог бил на нивна страна и никаква непријателска ниту пеколна сила не можела да ги надвладее сè додека тие му биле предани и верни нему. Но зборовите на пратениците за него биле мошне ласкави: „Кого ќе го благословиш ти, тој е благословен, и кого ќе го проколнеш, тој е проколнат”. Поткупувањето со скапоцени подароци и изгледите за углед кај него поттикнале алчност. Дрчно го прифатил понуденото богатство, а потоа се обидел да ги задоволи барањата на Валака, преправајќи  се дека постапува по Божја волја. {ПП 439.2}

Во текот на ноќта на Валама му се јавил Господен ангел и му рекол: „Не оди со нив, не проколнувај го тој народ, бидејќи е благословен”. {ПП 439.3}

Утредента Валам ги отпуштил пратениците, иако не му било право. Но не им рекол што му кажал Господ. Бил бесен што наеднаш му пропаднале изгледите за добивка и почест, па налутено извикнал: „Вратете се во својата земја, зашто Бог не ми позволува да одам со вас”. {ПП 439.4}

На Валама „кој засака плата за вршење неправда” (2. Петрово 2:15). Гревот лакомост, кој Бог го означува како идолопоклонство, Валамаго претворил во превртливец и со помош на тој единствен грев сатаната задобил целосна власт над него. Токму тоа предизвикало негова пропаст. Искушувачот секогаш на луѓето им нуди примамлива земна добивка и почести за да ги оддели од Бога. Тој им дошепнува дека претераната совесност само ги спречува да уживаат во благосостојбата. Така мнозина се наведени да ја напуштат патеката на строгата чесност. Еден погрешен чекор вториот го прави уште полесен, а следните се сè похрабри и порешителни. Кога еднаш ќе му подлегнат на лакомството стремејќи се кон власт, луѓето се во состојба да сторат најстрашни гревови. Мнозина си ласкаат себеси дека можат за извесно време да ја напуштат патеката на строгата чесност додека не постигнат некоја своја цел, за подоцна пак да се вратат на неа кога ќе посакаат. Тие сами се вплеткуваат во мрежите на сатаната и ретко потоа можат да му побегнат. {ПП 439.5}

Кога пратениците му пренеле на Валака дека пророкот одбил да појде со нив, тие не спомнале дека тоа Бог му го забранил. Мислејќи дека Валам се колеба само затоа да добие поголема награда, царот пратил уште повеќе кнезови, и тоа поугледни од првите, со ветувања за уште поголеми почести и со овластувања да ги задоволат сите услови што ќе  ги постави. Итната порака на Валака упатена до Валама гласела: „Те молам, не откажувај да дојдеш кај мене;ќе ти укажам големи почести и ќе направам за (тебе сè), што ќе ми кажеш; па дојди и проколни го тој народ”. {ПП 440.1}

Валам и по вторпат бил изложен на искушение. Во својот одговор на барањето на пратениците, Валам навидум покажал голема совесност и чесност, уверувајќи  ги дека никакво количество на злато и сребро не може да го наведе да работи против Божјата волја. Меѓутоа, во себе копнеел да ја задоволи молбата на царот и, иако Божјата волја веќе  му била јасно покажана, ги убедил пратениците да преноќеваат за да може уште еднаш да го праша Бога, како Севишниот да е човек кој може да се наговори. {ПП 440.2} 

Во текот на ноќта Господ му се јавил на Валама и му рекол: „Ако овие луѓе дошле да те викаат, стани, оди со нив; но прави го само она, што ќе ти го речам Јас”. Така Господ му дозволил на Валама да работи по своја волја, зашто тој упорно го барал тоа. Не се трудел да ја извршува Божјата волја, туку одбрал сопствен пат и дури тогаш се обидел да добие Божја согласност. {ПП 440.3}

И денеска илјадници луѓе постапуваат на сличен начин. Не им е тешко да ја сфатат својата должност ако таа е во сообразност со нивните наклоности. Таа јасно е изложена во Библијата или одредена со околностите или со здравиот разум. Но, бидејќи  тие докази се спротивни на нивните желби и склоности, тие најчесто ги отфрлаат и се осмелуваат да му пристапат на Бога прашувајќи  го што е нивна должност. Со лажна совесност долго и сесрдно се молат за светлина. Меѓутоа, Бог не дозволува некој да се игра со него. Тој често им дозволува на таквите лица да постапуваат според своите желби, но да ги сносат и последиците. „Но Мојот народ не го послуша гласот Мој… затоа Јас ги оставив на нивните закоравени срца; нека одат по мислите свои” (Псалм 81:11,12). Кога некој јасно ќе  види што му е должност, тогаш нека не излегува пред Бога со молитва барајќи дозвола сепак да не ја изврши. Уште повеќе, треба со скршен и понизен дух да се моли за сила и мудрост за да може да ги исполни нејзините барања. {ПП 440.4}

Моавците биле расипан, идолопоклонички народ, па сепак, според светлината што ја имале, нивната кривица во очите на Небото не била толку голема како кривицата на Валама. Бидејќи тврдел дека е Божји пророк, се сметало дека сè што зборува, зборува во име на Божјиот авторитет. Според тоа, не смеел да зборува како што му се допаѓа нему, туку морал да ја објави пораката што ќе му ја даде Бог. „Но прави го само она, што ќе ти го речам Јас”, гласела Божјата заповед. {ПП 441.1}

Валам добил дозвола да тргне со пратениците од Моав ако изутрината го повикаат. Меѓутоа, налутени што тој пак се колеба и очекувајќи повторно да ги одбие, тие тргнале назад без да се договорат со него. Така отпаднал секој изговор дека мора да ги задоволи барањата на Валака. Но Валам решил да се добере до големата награда, па го зел животното на кое обично јавал и тргнал и тој на пат. Се плашел дури и сега да не му биде скусена Божјата дозвола, па нестрпливо брзал на некој начин да не му побегне наградата за која толку многу копнеел. {ПП 441.2}

Но „застана ангел Господов на патот, за да му попречи”. Животното видело Божји весник кој за човечките очи бил невидлив и скршнало од патот. Валам сурово го изнатепал додека не го вратил на патот, но во еден теснец меѓу стрмни карпи повторно се појавил ангелот. Животното се обидело да побегне од заканувачката појава и на тој начин ја притиснало ногата на господарот во карпата. Валам не видел дека небото се вмешало и не сфатил дека Бог му го попречува патот. Се разбеснил и со ќотек ја присилувал магарицата да го продолжи патот. {ПП 441.3}

„Но ангелот Господов пак се тргна и застана на тесно место, каде што немаше каде да се скршне – ниту надесно, ниту налево”. Магарицата толку многу се исплашила од заканувачкиот став на ангелот, што најпосле застанала како закопана, а потоа се урнала на земјата со својот господар. Безгранично лут, Валам го тепал животното уште посвирепо отколку порано. Тогаш Бог му ја отворил устата и „неразумното животно проговори со човечки глас и го запре безумството на пророкот” (2. Петрово 2:16). „Што ти направив”, рекла таа, „та ме тепаш еве веќе третпат?” {ПП 442.1}  

Бесен што на тој начин бил запрен на својот пат, Валам му се обратил на животното како на некое суштество надарено со разум: „Затоа што се подигра со мене; да имав во раката меч, сега ќе те прободев”. Божемниот волшебник, на пат да проколне цел еден народ за да му ја ослаби силата, не бил во состојба да го убие ни животното што го носело. {ПП 442.2}

Тогаш на Валама му се отвориле очите и тој го видел Божјиот ангел со гол меч да го убие. Уплашен „се поклони и падна ничкум”. Ангелот му рекол: „Зошто ја тепаш магарицата еве веќе трипати? Јас излегов да ти го попречам патот, зашто патот твој не Ми е по волја!И магарицата, кога ќе ме видеше, скршнуваше од мене еве веќе трипати; ако не скршнуваше од мене, ќе те убиев, а неа ќе ја оставев жива”. {ПП 442.3}

Валам за својот живот требало да му заблагодари на кутрото животно со кое постапувал толку немилосрдно. Заслепен со лакомост и славољубие, човекот кој тврдел дека е Божји пророк и кој изјавил дека нему му се „очите отворени” и дека „гледа видение на Семожниот”, не успеал да го забележи Божјиот ангел кого немото животно јасно го видело. „Богот од овој свет им ги заслепил нивните безверни умови” (2. Коринтјаните 4:4). Колку има такви кои се заслепени на ист начин! Трчаат на забранети патишта, го престапуваат Божјиот закон и не можат да видат дека Бог со своите ангели е против нив. А потоа, како Валам, им се лутат на оние што сакаат да ги сочуваат од пропаста. {ПП 442.4}

Валам со своето постапување со тоа кутро животно покажал каков дух го води. „Праведникот се грижи и за животот на добитокот свој, а срцето на безбожникот е жестоко” (Изреки 12:10). Малку има такви кои увидуваат колку е грешно да се малтретираат животните или да им се нанесуваат страдања запоставувајќи ги. Оној што го создал човекот, ги создал и животните и „Добар е Господ спрема сите, и Неговите милости се во сите Негови дела” (Псалм 145:9). Животните се создадени да му служат на човекот, но тој нема право да ги мачи со груби постапки и со свирепи барања. {ПП 442.5}

Токму поради човековиот грев „целото создание заедно со нас стенка како во породилни болки” (Римјаните 8:22). Значи, страдањата и смртта не му се наметнати само на човечкиот род, туку и на животните. Оттаму на човекот и му прилега да се потруди да го ублажи, а не да го зголемува товарот и страдањата на другите Божји созданија. Оној што ги малтретира животните затоа што му се потчинети, истовремено е и кукавица и тиран. Да им се нанесува болка било на ближните или на немите созданија, е сатанска особина. Мнозина мислат дека за нивната свирепост никогаш ништо нема да се дознае, зашто кутрите неми животни не можат да ги откријат. Но кога на тие луѓе би им се отвориле очите како на Валама, би виделе ангел како сведок кој горе на небото сведочи против нив. На небото пристигнува извештај и иде ден кога ќе биде изречена пресуда над оние што ги малтретираат Божјите созданија. {ПП 443.1}

Забележувајќи го Божјиот весник, Валам со ужас извикал: „Згрешив, бидејќи не знаев дека Ти стоиш на патот пред мене; и сега, ако тоа Ти е неугодно, јас ќе се вратам”. Господ го пуштил да го продолжи патот, но му дал на знаење дека со неговите зборови ќе управува Божјата сила. Бог сакал на Моавците да им даде доказ дека Евреите се под небесна заштита. И тоа го сторил мошне убедливо, покажувајќи им колку Валам е немоќен да изговори ниту една клетва кога Бог за тоа не му дал дозвола. {ПП 443.2}

Дознавајќи дека Валам се приближува, моавскиот цар излегол со голема придружба да го пречека на границата на својата земја. Кога покажал чудење што Валам се колебал да дојде иако му е ветена толку голема награда, пророкот одговорил: „Ете, јас дојдов кај тебе, но можам ли да кажам нешто од себеси? Она што Бог ќе го вложи во устата моја, тоа и ќе го кажувам”. Валам многу жалел поради тоа ограничување; се плашел дека не ќе може да ја изведе својата намера зашто над него владеела Божјата сила. {ПП 443.3}

Заедно со великодостојниците, царот со големи почести го испратил Валама „на високите Ваалови места” од каде што убаво можеле да се видат сите еврејски чети. Посматрајте го пророкот како стои на високо место и го гледа логорот на избраниот Божји народ. Колку малку Израелците знаеле за она што се случува во нивната близина! Колку малку знаеле за деноноќната Божја грижа за нив! Колку е слаба моќта на забележување на Божјиот народ! Како во сите времиња премногу бавно ја сфаќале големата Божја љубов и милосрдие! Кога би можеле да ја согледаат чудесната Божја моќ која постојано се покажува во нивна полза, зар срцата не би им се исполниле со благодарност за неговата љубов и со страхопочит при помислата на неговото величество и сила? {ПП 443.4}

Валам знаел нешто за еврејската жртвена служба и се понадевал дека ќе добие Божји благослов и ќе ја постигне својата грешна цел со тоа што ќе ги надмине Евреите со своите скапоцени подароци. До таа мера идолопоклоничките чувства на Моавците завладеале со неговата душа! Неговата мудрост се претворила во лудост; неговиот духовен вид потемнел; самиот себеси потполно се заслепил потчинувајќи ѝ се на силата на сатаната. {ПП 444.1}

По упатство на Валама, подигнати се седум олтари и тој на секој од нив принел жртва. Потоа се повлекол на едно „осамено место” за да се сретне со Бога, ветувајќи му на Валака дека ќе го каже она што ќе му го стави Бог „во устата”. {ПП 444.2}

Царот стоел крај жртвениците со моавските великани и кнезов и, а љубопитна маса се собрала околу нив, жедно очекувајќи пророкот да се врати. Најпосле тој стигнал и народот очекувал да слушне зборови кои засекогаш ќе  ја парализираат чудесната сила покажана толку пати во полза на замразените Израелци. Валам рекол: {ПП 444.3}

„Од Арам ме натера Валак да дојдам, од источните планини царот моавски ме повика: дојди, проколни ми го Јаков, и дојди, проколни ми го Израел!Како да проколнам некого кога Бог не го проколнува? Како да прокажам некого кога Бог не прокажува?!Од врвот на карпите го гледам, од ридовите го набљудувам: ете народ кој живее осамен и не се вбројува меѓу народите.Кој ќе го изброи семето на Јаков и кој ќе го пресмета бројот на народот израелски. Да умре душата моја, како што умираат праведниците, и крајот мој да биде како нивниот!” {ПП 444.4}

Валам признал дека дошол со цел да ги проколне Израелците. Но зборовите што ги изговорил биле наполно спротивни на чувствата на неговото срце. Бил присилен да изговори благослови иако душата му била полна со клетви. {ПП 447.1}

Додека го посматрал израелскиот логор, Валам со чудење го забележал нивниот напредок. Моавците го прикажале Израел како сурово, незауздано мноштво кое ја пусти земјата, слично на разбојнички банди, и претставува вистинска напаст за сите соседни народи. Меѓутоа, нивниот логор на сите им давал сосем спротивна слика. Валам големиот број нивни шатори ги видел во совршен ред; сè носело белег на темелна дисциплина и ред. Укажано му е на милоста со која Бог ги опсипал Израелците и на нивниот посебен карактер во својство на избран народ. Тие не биле исто што и другите народи, туку многу повозвишени од нив. „Ете народ кој живее осамен и не се вбројува меѓу народите”. Во времето кога биле изговорени тие зборови, Израелците немале постојани населби, а нивните обичаи и нивниот посебен карактер не му биле познати на Валама. Меѓутоа, колку впечатливо се исполнило ова пророштво во подоцнежната историја на Израел! За сето време на своето робување, низ сите столетија откако биле расеани меѓу другите народи, Евреите секогаш останале особен народ. Така и Божјиот народ – вистинскиот Израел – иако расеан по народите, на оваа земја е само дојденик чијашто вистинска татковина е небото. {ПП 447.2}

Тогаш на Валама му била покажана не само историјата на еврејскиот народ како нација, туку и развојот и напредокот на вистинскиот Божји Израел до крајот на времето. Видел дека Бог посебно им е наклонет на оние што го љубат и што го страхопочитуваат. Забележал како ги штити неговата рака додека поминувале низ темната долина на смртната сенка. Видел како излегуваат од своите гробови, крунисани со слава, со чест и бесмртност. Видел како спасените се радуваат во непоминливата убавина на новата земја. Гледајќи го сето тоа, Валам извикнал: „Кој ќе го изброи семето на Јаков и кој ќе го пресмета бројот на народот израелски?” А кога на челото на секој поединец забележал славна круна, видел радост што блескотела на секое лице и кога во иднината го согледал оној бесконечен живот на неизмерни блаженства, изрекол сериозна молитва: „Да умре душата моја, како што умираат праведниците, и крајот мој да биде како нивниот!” {ПП 447.3}   

Кога Валам би бил подготвен да ја прифати светлината што му ја понудил Бог, тогаш тој би придонел тие негови зборови да се овистинат; тој веднаш би прекинал секоја врска со Моавците. Не би се играл и понатаму со Божјата милост, туку веднаш би се вратил кај Бога со длабоко покајание. Но на Валама му омиле „плата за вршење неправда” и тој решил да не ја пропушти по никоја цена. {ПП 448.1}

Валак со доверба ја очекувал клетвата што би паднала врз Израел како мраз или слана, задавајќи му смртен удар; затоа, кога ги слушнал зборовите на пророкот, налутено извикнал: „Што ми направи? Јас те повикав да ги проколнеш непријателите мои, а пак ти, ете, ги благословуваш”. Настојувајќи нужноста да ја прикаже како доблест, Валам тврдел дека тие зборови се последица на неговото потчинување на Божјата волја; всушност, тие од неговата уста потекле со Божја сила. Негов одговор бил: „Не требаше ли да го кажам токму она, што Господ го вложи во устата моја?” {ПП 448.2} 

Валак дури ни тогаш не отстапил од својата намера. Помислил дека величествената глетка на големиот еврејски логор дејствувал врз Валама застрашувачки, па не се осмелил против нив да ги примени своите вражби. Затоа царот решил пророкот да го одведе на такво место од каде што ќе се види само еден дел на логорот. Ако Валам биде наведен да го проколне народот дел по дел, набргу ќе пропадне и логорот во целост. На врвот на една височинка која се викала Фазга, направен е уште еден обид. Повторно подигнале седум олтари и на секој принеле жртва како и првпат. Царот со своите кнезови останал кај жртвите, додека пророкот се повлекол да разговара со Бога. И на пророкот повторно му е доверена Божја вест што тој не можел ниту да ја измени ниту да го спречи нејзиното исполнување. {ПП 448.3}

Кога се вратил кај луѓето што го очекувале со неспокој, му било поставено прашање: „Што вели Господ?” Одговорот, како и порано, срцето на царот и на кнезовите го исполнил со страв: {ПП 448.4}

„Бог не е човек, та да се колеба, ниту е син човечки, па да се изменува. Што ќе каже, па да не го изврши, или што ќе рече, па да не се збидне?Ете, доведен сум да благословувам: ќе благословувам, и никако поинаку.Не се гледа мака кај Јаков, и не се гледа несреќа во Израел; Господ Бог е со него, и борбениот царски повик е со него?” {ПП 448.5}

Уплашен со овие откровенија, Валам извикал: „Нема магии кај Јаков, нема волшепства во Израел”. Големиот врач ја испробал својата магиска вештина во сообразност со желбите на Моавците; но токму по тој повод за Израел можело да се каже: „Што стори Бог!” Сè додека биле под Божја заштита, не можела да ги совлада ниту една нација, ниту еден народ, без оглед на тоа колку сатаната им помагал во тоа. Цел свет мора да му се восхитува на чудесното дело што го извел Бог за својот народ – еден човек, кој решил да појде по грешен пат, во толкава мера бил обземен со Божја сила, што со возвишен и со силен поетски јазик, наместо планираното проклетство, изрекол најдрагоцени и најбогати благослови. А Божјата милост, откриена на Израелците во тоа време, требало да биде залог дека Тој во секое време ќе ги заштити своите послушни и верни деца. Кога сатаната ќе ги инспирира лошите луѓе да го осудуваат, да го мачат и да го уништуваат Божјиот народ, тие ќе си спомнат токму за овој случај и со тоа ќе ја засилат својата храброст и доверба во Бога. {ПП 449.1}

Потиштен и очаен, моавскиот цар извикал: „Ни со клетва не го проколнувај, ни со благослов не го благословувај!” Па сепак, уште по малку се надевал и решил да се обиде уште еднаш. Го одвел Валама на гората Фегор каде што бил изграден Храм посветен на разузданата служба на нивниот бог Вал. Тука изградиле ист број олтари како и порано и принеле исто толку жртви. Но Валам не се повлекол насамо, како во претходните случаи, да ја дознае Божјата волја. Не се трудел ниту да примени магии туку, стоејќи крај олтарите, ги посматрал шаторите на Израел. И овој пат Божјиот Дух слегол врз него и од неговата уста дошла Божја порака: {ПП 449.2}

„Колку се убави домовите твои, Јакове, и живеалиштата твои, о Израеле!Тие се распростираат како потоци, како градини крај река, како миризливи дрвја насадени од Господ, како кедри крај вода;се излева водата од ведрата негови, семето негово обилно е натопено, неговиот цар е поголем од Агаг, царството негово се воздига.Бог го изведе од Египет; брзината на еднорогот е во него, ги проголтува народите што се против него, ги крши коските нивни и со стрелите свои го поразува (непријателот).Легнал тој како лав и како леопард; кој ќе го разбуди? Благословен да биде, оној што те благословува и проклет – оној што те проколнува!” {ПП 449.3}  

Напредувањето на Божјиот народ овде е прикажано со најубави слики што можат да се најдат во природата. Пророкот го споредува Израел со плодни рамнини покриени со богата жетва; со цветни градини што ги наводнуваат непресушни извори; со миризливи Господови дрвја и со величествениот кедар. Оваа слика е една од најубавите и најпогодни во целата инспирирана Реч. Либанскиот кедар го почитувале сите народи на Истокот. Видот на дрвјата на кои му припаѓа тој може да се најде насекаде каде што луѓето зачекориле со својата нога: од поларните краишта до тропските зони; топлината им годи, но тие му пркосат и на студот; по бреговите на реките растат богати и раскошни, но високо се издигнуваат и во сува и жедна пустина. Нивниот корен проникнува длабоко во карпестите планини и храбро ѝ пркосат на луњата. Нивното лисје останува зелено и свежо кога сето друго ќе  изумре под здивот на зимата. Либанскиот кедар се истакнува меѓу сите други дрвја со својата дебелина, цврстина и исклучителна сила. И тој се зема како симбол да се прикажат оние чијшто „живот е сокриен со Христос во Бога” (Колосјаните 3:3). Светото писмо кажува: „Праведниот цути како палма, се издига како кедар леванонски” (Псалм 92:12). Божјата рака го извишила кедарот како шумски цар. „Ни кедрите во Божјата градина не му беа рамни; кипарисите не се изедначуваа со неговите гранки, и јаворите не беа толку високи колку неговите врвови; ниедно дрво во Божјата градина не можеше да се споредува со него по убавината своја” (Езекиел 31:8). Кедарот често се употребува како симбол на царското достоинство; тоа што тој во Светото писмо се користи да ги прикаже праведниците покажува како небото ги гледа оние што ја исполнуваат Божјата волја. {ПП 450.1}

Валам претскажал дека Израеловиот цар ќе  биде посилен од Агаг. Ова име им е давано на царевите на Амалиците кои во тоа време биле мошне силна нација; но, доколку Израел му остане верен на Бога, требало да си ги потчини себеси сите свои непријатели. Божјиот Син бил Израелов цар и за неговиот престол е кажано дека еден ден треба да се издигне над сета земја, а неговата власт над сите земни царства. {ПП 450.2}

Додека Валак ги слушал зборовите на пророкот, го обземал страв и бес поради пропаднатите надежи. Го лутело тоа што Валам не можел да му даде барем утешен одговор кога сето било заговорено против него. Со презир ги посматрал лукавите и мамливи постапки на пророкот. Најпосле бесно извикал: „Бегај, пак, во земјата своја; јас сакав да ти искажам почит, но, ете, Господ те лишува од почестите”. При тоа му е одговорено дека пророкот однапред напомнал дека ќе го зборува само она што ќе му го заповеди Бог. {ПП 450.3}

Пред да се врати кај својот народ, Валам изговорил мошне убаво, возвишено пророштво за Спасителот на светот и за конечната пропаст на Божјите непријатели: {ПП 451.1}

„Го гледам, но не е тоа сега, го посматрам, но не одблиску. Ѕвезда од Јаков се издига и жезол од Израел; тој ќе ги поразува кнезовите моавски и ќе ги ништи сите Ситови синови”. {ПП 451.2}

На крај ја претскажал пропаста на Моав и Едом, на Амалик и Кенеј, не оставајќи му со тоа ниту најмал зрак на надеж на моавскиот цар. {ПП 451.3}

Разочаран во своето очекување на богатство и почести, скаран со царот и свесен дека предизвикал Божјо негодување, Валам се вратил од задачата што самиот ја избрал. Кога стигнал во својата татковина, ја загубил силата на Божјиот Дух и неговото среброљубие, до тогаш потиснувано, повторно зело мав. Бил подготвен да се послужи со кое било средство само да ја добие наградата што ја ветил Валак. Валам знаел дека благосостојбата на Израелците зависи само од нивната послушност кон Бога и дека нема друг начин Израелците да се упропастат освен да се наведат на грев; затоа решил повторно да ја добие наклоноста на Валака со тоа што ќе ги посоветува Моавците како да постапат за да навлечат проклетство врз Израел. {ПП 451.4}

Веднаш се вратил во моавската земја и на царот му ги изложил своите планови. И Моавците исто така биле убедени дека Бог ќе ги штити Израелците сè додека ќе  му бидат верни. Планот што го предложил Валам се состоел од следното: да се одвојат Израелците од Бога примамувајќи ги во идолопоклонство. Кога би можеле да се наведат да учествуваат во недостојната служба на Вал и Аштарта, нивниот семожен Заштитник би ги напуштил и би ги предал на милост и немилост на околните воинствени народи. Моавскиот цар мошне радо го прифатил тој план, а Валам останал и сам да помогне при неговото изведување. {ПП 451.5}

Валам бил сведок на успешното остварување на овој ѓаволски план. Видел како Божјо проклетство го снаоѓа неговиот народ и како илјадници паѓаат под неговата осуда. Но Божјата правда, казнувајќи ги грешниците меѓу Израелците, не ги заобиколила ниту поттикнувачите на гревот. Валам е убиен во битката меѓу Израелците и Мидјаните. Тој насетил дека и неговиот крај не е далеку кога извикнал: „Да умре душата моја, како што умираат праведниците, и крајот мој да биде како нивниот!” Но тој не избрал да живее живот на праведник, па му била доделена судбината на Божјите непријатели. {ПП 451.6}

Судбината на Валам е слична со судбината на Јуда, а нивните карактери имаат забележлива сличност. Обајцата се обидувале истовремено да му служат и на Бога и на мамонот, и обајцата претрпеле страшен неуспех. Валам го признавал вистинскиот Бог и тврдел дека му служи; Јуда верувал во Исуса како Месија и им се придружил на неговите следбеници. Меѓутоа, Валам сакал службата на Јехова да ја претвори во средство за богатење и за световна чест, а кога тоа не му пошло од рака, се препнал, паднал и се скршил. Благодарение на својата врска со Христа, Јуда очекувал да си обезбеди себеси богатство и слава во царството кое Месија, како што верувал тој, имал намера да го основе. Неговите надежи не се исполниле и тоа го одвело во отпад и пропаст. И Валам и Јуда примиле голема светлина и уживале посебни предимства, но еден единствен омилен грев им го отрул целиот карактер и ги одвел во пропаст. {ПП 452.1} Опасно е да се дозволи во срцето да се вовлече нехристијанска особина. Само еден грев што го негуваме ќе го понизи карактерот и сите благородни сили ќе  ги стави под власт на грешните желби. Оддалечувањето на еден единствен чувар на совеста, негувањето на само една лоша навика, или само едно занемарување на високите барања на должноста, го урива одбранбениот ѕид на душата и на сатаната му отвора премин да влезе и да заведува. Единствен сигурен пат е заедно со Давида секој ден со искрено срце да ја упатуваме молитвата: „Стапките мои беа непоколебливи на патиштата Твои, нозете мои не застранија” (Псалм 17:5). {ПП 452.2}

Сподели го ова:

Слични објави