37. ВОДА ОД КАРПА

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Броеви 20:1-13

Од карпата што ја удрил Мојсеј на гората Хорев првпат бликнал животворен млаз кој ги освежил Израелците во пустината. Секогаш кога им било потребно, за сето време на талкањето низ пустината, постојано биле снабдувани со вода на чудесен начин со Божјата милост. Меѓутоа, водата што се појавила на Хорев не продолжила да тече. Секаде каде што попатно им било потребно, вода извирала од карпести пукнатини крај нивниот логор. {ПП 411.1}

Моќта на Христовите зборови правела за Израелците секогаш да тече тазе вода. „И сите пиеја исто духовно пиење; зашто пиеја од духовната карпа, што ги придружуваше; а таа карпа беше Христос” (1. Коринтјаните 10:4). Тој бил извор на сите земни и духовни благослови. Вистинската Карпа, Христос, била со нив за сето време на нивното патување. „Не ожеднуваа тие во пустините, преку кои Тој ги води: Тој им извади вода од камен; пресече карпа – и бликнаа води” (Исаија 48:21). „Расцепи камен и потекоа води, потекоа како река по безводната земја” (Псалм 105:41). {ПП 411.2}

Удрената карпа симболично го претставувала Христа и со тој симбол се дадени најдрагоцените духовни вистини. Како животворната вода што потекла од карпата што ја удрил Мојсеј, така и од Христа, за кого „мислевме дека Тој беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога. А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија” (Исаија 53:4,5), тече река на спасение за загубениот род. Како карпата што требало да биде удрена еднаш, „така и Христос, откако еднаш се принесе Самиот Себе како жртва, за да ги однесе гревовите на мнозина” (Евреите 9:28). Нашиот Спасител не требало и вторпат да биде жртвуван; а оние што копнеат за благословот на неговата милост, треба само во име на Исуса да го побараат тоа, излевајќи  ја желбата на своето срце во покајничка молитва. Таа молитва ќе го потсети Господа над војските на Исусовите рани и тогаш повторно ќе потече живототворната крв. Симбол на таа крв била живата вода што потекла за Израел. {ПП 411.3}

Откако се населиле во Ханан, Израелците со силни изливи на радост го празнувале денот кога од карпата во пустината им потекла вода. Во Христово време тоа празнување им станало мошне впечатлива церемонија. Неа ја изведувале на празникот Сеници, кога во Ерусалим би се собрал народ од целата земја. Празнувањето траело седум дена и секој од тие седум дена излегувале свештеници со музика и со хор на Левитите со златен сад да нацрпат вода од силоамскиот извор. По нив одело мноштво молители, толку колку што можеле да дојдат до водата да пијат. За тоа време се одгласувале следните весели акорди: „Со радост ќе црпите вода од изворите на спасението” (Исаија 12:3). Потоа налеаната вода би била однесена во храмот со звук на труба и со свечена песна: „Ете, нозете наши стојат во твоите дворови, Ерусалиме!” Додека мноштвото пеело похвални песни во придружба на музички инструменти и звук на труби, водата се леела на олтарот за жртви паленици. {ПП 412.1}

Спасителот се послужил со таа симболична служба мислите на народот да ги упати кон благословите што дошол да им ги донесе. „А во последниот голем ден од празникот” можел да се чуе неговиот глас како се одгласува низ просториите на храмот: „Кој е жеден нека дојде кај Мене да пие!Кој верува во Мене од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода” (Јован 7:37-39). Освежителната вода, што извира во сува и пуста земја, помага пустината да процути и им дава живот на оние што се соочени со смрт. – Тоа е симбол на Божјата милост што може да ја даде само Христос, а која како жива вода ја чисти, ја освежува и ја засилува душата. Оној, во кого живее Христос, носи во себе непресушен извор на милост и сила. Христос го радува животот и им ја осветлува животната патека на сите што навистина го бараат. Неговата љубов, примена во срцето, донесува добри дела за вечен живот. И таа не само што ја благословува душата во која влегува, туку како жива река се излева низ зборовите и праведните постапки, освежувајќи ги сите жедни околу себе. {ПП 412.2}

Во разговорот со жената Самарјанка на бунарот на Јакова, Спасителот се послужил со истата слика: „А кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен” (Јован 4:14). Христос ги поврзува обата симбола: Тој е и карпа и жива вода. {ПП 412.3}

Исто така убави и впечатливи фигури можат да се најдат во целата Библија. Многу столетија пред Христовото доаѓање, Мојсеј укажувал на него како карпа на спасение на Израел (Второзаконие 32:15). Псалмистот, пеејќи за него, го нарекол: „мој избавител”, „во Бога е моето спасение и мојата слава”, „Ти си моја крепост и мое прибежиште”, „но Бог е сила на срцето мое и наследството мое”, „Господ е мое прибежиште”. И во Давидовите песни неговата милост се претставува како тивка вода, „на зелени пасишта” каде што небесниот Пастир го пасе своето стадо. И пак кажува: „Тие се ситат од изобилието на Твојот дом, и од потокот на Твојата красота ги напојуваш” (Псалм 19:14; 62:7; 71:3; 73:26; 94:22; 23:2; 36:8,9). А мудрецот кажува: „Зборовите на човечката уста се длабоки води; извор на мудроста – брзотечен поток” (Изреки 18:4). За Еремија Христос е „извор на жива вода”, а за Захарија „отворен извор … за да се измијат од гревовите нивни и од нечистотијата” (Еремија 2:13; Захарија 13:1). {ПП 413.1}

Исаија го опишува како „вечна тврдина”, како „сенка од висока карпа во пустина” (Исаија 26:4; 32:2) и го бележи драгоценото ветување кое сликовито ни го претставува животворниот млаз што потекол за Израел. „Сиромаси и неимотни бараат вода, и нема, јазикот им се исушува од жед: Јас, Господ ќе ги чујам, Јас, Бог Израелов, нема да ги оставам”. „Зашто ќе излеам вода врз жедната земја, и потоци врз исушеното”, „зашто води ќе бликнат во пустината, и потоци – во степите”. Најпосле е упатен повик: „Вие, што жедувате, дојдете сите при водите” (Исаија 41:17; 44:3; 35:6; 55:1). А на последната страница на Божјата реч слушаме одглас на тој повик. „Бистра како кристал”, тече река жива вода од престолот на Бога и на Јагнето, и низ сите векови се одгласува повикот на милоста: „И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум” (Откровение 22:1,17). {ПП 413.2}

Непосредно пред доаѓањето на еврејскиот народ во Кадис, пресушила живата вода која толку години извирала крај нивниот логор. Господ имал намера уште еднаш да го провери својот народ. Сакал да испита дали ќе има доверба во него или ќе го следи примерот на неверството на своите татковци. {ПП 413.3}

Пред нивните очи се простирале ритчињата на хананската земја и за неколку дена одење пеш требало да стигнат до границата на ветената земја. Не биле многу оддалечени од Едом кој му припаѓал на потомството на Исава и низ кој водел определен пат во Ханан. На Мојсеја му било наредено: „Свртете се, пак, кон север.Заповедај му на народот и кажи му: ќе поминете сега низ пределите на вашите браќа, потомците Исавови, кои живеат во Сеир; и тие ќе се исплашат од вас… храна купувајте од нив со сребро и јадете; и вода купувајте од нив со сребро и пијте” (Второзаконие 2:3-6). Овие упатства требало да бидат доволни да сфатат зошто престанало снабдувањето со вода; пред нив се простирал патот за Ханан низ покраини што биле плодни и богати со вода. Бог им ветил дека непречено ќе поминат низ Едом и дека ќе имаат доволно храна и доволно вода. Значи, ако чудесната вода пресушила, тоа требало да биде повод за голема радост и знак дека нивното талкање низ пустината е при крај. Кога не би биле заслепени со неверство, тие тоа сигурно би го сфатиле. Меѓутоа, она што требало да служи како доказ дека Божјото ветување ќе се исполни, станало повод за сомневање и мрморење. Се чинело дека тие загубиле секоја надеж оти Бог ќе им го даде Ханан, па жалеле за благословите што ги уживале во пустината. {ПП 413.4}

Но, пред да им биде дозволено да влезат во Ханан, морале да покажат дека веруваат во Божјите ветувања. Водата ја снемало пред да стигнат во Едом. Така, за извесно време им е дадена можност да одат со вера, а не да гледаат само нешто видливо. Меѓутоа, првото искушение предизвикало ист бунтовен и неблагодарен дух каков што покажале и нивните татковци. Штом во логорот се слушнал викот затоа што нема вода, ја заборавиле онаа Рака која толку години ги снабдувала со сите потреби и, наместо да бараат помош од Бога, се бунеле против него и очајно викале: „О, да бевме умреле и ние тогаш, кога умреа нашите браќа пред Господ” (Броеви 20:1-13), што значи дека жалеле што не се меѓу оние кои изумреле за време на бунтот на Кореја. {ПП 414.1}

Нивниот вик бил насочен против Мојсеја и Арона: „Зошто го доведовте народот Господов во оваа пустина, па да изумреме тука – ние и добитокот наш? И зошто нè изведовте од Египет, па нè доведовте на ова лошо место, каде што не може да се сее, каде што нема ни смокви, ни лозја, ни калини, дури ни вода за пиење” (Броеви 20:4-6). {ПП 414.2}

Водачите се упатиле кон вратата на шаторот за состанок и паднале ничкум. Тогаш повторно се јавила „славата Господова” и на Мојсеја му било наложено: „Земи го жезолот свој и собери го народот, ти и братот твој Арон, и пред очите нивни кажете и на карпата и таа ќе пушти од себе вода: и така, ти ќе им дадеш вода од карпата”. {ПП 417.1}

Обајцата браќа излегле пред народот. Мојсеј го држел стапот в рака. Тие веќе биле стари луѓе. Долго го поднесувале бунтовничкиот дух и тврдоглавоста на Израелците; но сега најпосле дури и Мојсеја го предало трпението. „Чујте ме, непокорници!” викнал тој. „Зар може од оваа карпа да ви извадиме вода?” (Броеви 20:10). И, наместо да ѝ проговори на карпата, како што му наредил Бог, тој ја удрил два пати карпата со својот стап. {ПП 417.2}

Бликнал силен млаз вода, доволно да ја угасне жедта на илјадниците Израелови. Но била направена голема грешка. Мојсеј бил премногу возбуден додека зборувал. Неговите зборови биле повеќе израз на човечки страсти отколку на свет гнев, поради што се обесчестува Бог. „Чујте ме, непокорници”, рекол тој. Всушност, тоа обвинување било оправдано; но, дури и вистината не треба да се зборува кога човекот е возбуден и нестрплив. Кога Бог му наредил на Мојсеја да ги прекори Израелците за нивниот бунт, на Мојсеја тоа му паѓало тешко токму како и ним, но Бог бил со него и му помагал да ја објави веста. Меѓутоа, кога Мојсеј презел на себе одговорност да го обвини народот, го ожалостил Божјиот Дух и само му нанел штета на народот. Јасно можело да се види дека немал трпение ниту самосовладување. Со тоа на незадоволните им е даден повод да се прашаат дали тој во минатото секогаш постапувал според Божјото упатство, а и да ги оправдаат своите гревови. Мојсеј го навредил Бога исто толку колку што го навредиле и тие. Тврделе дека неговото однесување уште од почеток било за осуда и заслужувало проверка. Сега го нашле изговорот што толку долго го барале, да ги отфрлат сите опомени што им ги пратил Бог преку својот слуга. {ПП 417.3}

Мојсеј покажал недоверба кон Бога. „Зар може од оваа карпа да ви извадиме вода?” (Броеви 20:10) прашал. Се чинело како Господ нема да го стори она што го ветил. Затоа Господ ги укорил обајцата браќа: „Поради тоа што не Ми поверувавте, и не ја засведочивте Мојата светост пред очите на синовите израелски”. Во мигот кога снемало вода, дури и нивната вера во исполнувањето на Божјото ветување била поколебана со незадоволството и бунтот на народот. Токму поради неверството првото поколение било осудено да изумре во пустината, а сепак меѓу нивните деца се појавил истиот дух. Зар и над нив да не се исполни ветувањето? Уморни и обесхрабрени, Мојсеј и Арон не се потрудиле да го запрат поројот на народните чувства. Кога самите би покажале непоколеблива вера во Бога, проблемот би можеле да му го прикажат на народот во сосема поинаква светлина. Со примена на својот авторитет, со кој располагале како судии, би можеле да го запрат негодувањето. Должност им била да сторат сè што е во нивна моќ да ја поправат состојбата на работите пред да побараат од Бога Тој да работи за нив. Колку многу зла би можеле да бидат спречени кога бунтот во Кадис би бил бргу задушен! {ПП 417.4}

Со својата наглост Мојсеј ја ослабел силата на поуката што Бог имал намера да му ја даде на народот. Карпата, како симбол на Христа, требало да биде удрена еднаш, како и Христос што требало да биде жртвуван само еднаш. Вторпат требало само да ѝ проговори на карпата, токму како и ние што треба во Исусово име само да побараме благослов. Со тоа што Мојсеј и вторпат ја удрил со стапот карпата, загубено е значењето на тој убав симбол кој укажувал на Христа. {ПП 418.1}

Уште повеќе, Мојсеј и Арон себеси си ја припишувале силата што му припаѓала само на Бога. Неопходноста од божествено посредување го правела тој миг особено сериозен и водачите на Израел морале тоа да го искористат да му влеат на народот страхопочит кон Бога и да ја засилат неговата вера во неговата моќ и добрина. Извикнувајќи  во гнев: „Зар може од оваа карпа да ви извадиме вода?”, се ставиле на местото на Бога, како тие сами да располагале со таа сила, иако имале свои слабости и страсти како и другите луѓе. Изморен од постојаното негодување и од буните на народот, Мојсеј го загубил од вид својот семожен Помошник; лишен од божествената сила, ја извалкал историјата на својот живот покажувајќи човечка слабост. Човекот кој до крај на својот живот можел да остане чист, силен и несебичен, најпосле подлегнал. Бог бил обесчестен пред собирот на синовите Израелови, а требало да биде прославен и возвишен. {ПП 418.2}

Во таа пригода Бог не ги казнил оние чиешто безбожно однесување ги предизвикало Мојсеја и Арона. Укор им е упатен на водачите. Него го навредиле оние што стоеле како Божји застапници. Мојсеј и Арон се почувствувале навредени губејќи го од вид фактот дека народот не се бунел против нив, туку против Бога. Гледале само на себе и предвид ги земале само своите чувства. Така несвесно паднале во грев и пропуштиле на народот да му укажат на неговата голема кривица пред Бога. {ПП 418.3}

Казната која е изречена веднаш потоа била горка и исклучително понижувачка: „И им рече Господ на Мојсеја и Арона: „Поради тоа што не Ми поверувавте, и не ја засведочивте Мојата светост пред очите на синовите израелски, вие нема да го воведете тој народ во земјата, што Јас му ја давам”. И тие морале да умрат заедно со побунетите пред Израел да ја премине реката Јордан. Кога Мојсеј и Арон би имале високо мислење за себе или кога би покажале негодување поради Божјата опомена и укор, тогаш нивниот грев би бил далеку поголем. Меѓутоа, ним не можело да им се припише грев на самоволие; едноставно биле совладани со ненадејно искушение, но веднаш искрено се покајале. Бог го прифатил нивното каење иако не можел да не ги казни поради штетата што нивниот грев можел да му ги нанесе на народот. {ПП 419.1}

Мојсеј оваа осуда не ја притаил од синовите Израелови, туку им рекол дека не може да ги одведе во ветената земја затоа што пропуштил славата да му ја припише на Господа. Тој ги молел да ја забележат тешката казна што го снашла и да просудат како Бог гледа на нивното мрморење и на тоа што на еден човек ја фрлаат кривицата за злата што сами со своја, далеку поголема кривица, ги навлекле на себе. Им рекол колку се молел на Бога да му прости и да ја повлече казната и како бил одбиен. „Но Господ ме презре заради вас и не ме послуша”. {ПП 419.2}

За секоја тешкотија или искушение, Израелците биле готови да го обвинат Мојсеја што ги извел од Египет, како тој, а не Бог, да го презел ова дело. Во текот на сите патувања, секогаш кога би се жалеле поради тешкотиите на кои наидувале попатно и се бунеле против водачот, Мојсеј им велел: „Вашиот викот е насочен против Бога. Не јас, туку Бог го издејствува вашето ослободување”. Меѓутоа, неговите остри зборови пред карпата: „Зар може од оваа карпа да ви извадиме вода?”, оделе во прилог на нивните обвинувања, ги утврдиле во неверството и го оправдувале нивното негодување. Бог сакал тој впечаток засекогаш да им го избрише од сеќавањето, па не му дозволил на Мојсеја да влезе во ветената земја. Така добиле недвосмислен доказ дека нивни водач не бил Мојсеј, туку силниот Ангел за кого Господ рекол: „Еве, Јас праќам пред тебе ангел Мој, за да те чува по патот, и да те воведе во земјата што сум ти ја приготвил.Почитувај го и слушај го… бидејќи името Мое е во него” (Излез 23:20, 21). {ПП 419.3}

„Па и на мене се налути Господ заради вас”, нагласил Мојсеј. Народот го сосредоточувал погледот на Мојсеја и, повикувајќи  се на неговиот грев, му забележувал на Бога што го одбрал за водач на својот народ. Престапот му бил познат на целиот народен собир, и кога Бог лесно би преминал преку тоа, би се создал впечаток дека неверувањето и нетрпението можат да се оправдаат кај оние кои заземаат одговорни положби доколку бидат предизвикани. Но кога било објавено дека поради тој единствен грев Мојсеј и Арон нема да влезат во Ханан, народот сфатил дека Бог не гледа кој е кој и дека сигурно ќе ги казни престапниците. {ПП 420.1}

Историјата на Израел требало да се забележи како поука и опомена за идните поколенија. Луѓето во сите времиња морале во небесниот Бог да гледаат непристрасен судија кој во никој случај не го оправдува гревот. Малку има такви кои сфаќаат колку гревот е страшен. Луѓето се тешат со тоа дека Бог е премногу добар за да ги казни престапниците. Но од светлината на библиската историја јасно произлегува дека Господа токму неговата добрина и љубов го обврзуваат со гревот да постапува како со кобно зло што го нарушува мирот и среќата на вселената. {ПП 420.2}

Дури ни Мојсеевата праведност и верност не можеле да ја отстранат казната за гревот што го сторил. Бог на народот му проштавал и поголеми престапи, но кон гревовите на водачите не можел да се однесува како со гревот на оние што тие ги воделе. Тој Мојсеја го ценел повеќе од кој и да е друг човек на земјата. Му ја открил својата слава и преку него на Израел му ги соопштил своите закони. Тоа што Мојсеј уживал толку голема светлина и имал толку големо познавање на вистината уште повеќе ја отежнувало неговата кривица. Верноста од минатото не може да го окае лошото дело. Големата светлина на предимството и одговорностите доверени на човекот уште повеќе  ја зголемуваат неговата кривица и казна. {ПП 420.3}

Од човечка гледна точка, Мојсеј не сторил посебно голем грев. Неговиот грев бил обична појава. Псалмистот кажува: „И тој згреши со устата своја” (Псалм 106:33). Според човечка оценка, тоа можело да изгледа незначително. Но бидејќи Бог за тој грев толку строго го казнил својот најверен и најценет слуга, сигурно е дека истиот нема да го трпи ниту кај други. На Бога не му се угодни нашите склоности да ги осудуваме нашите браќа ниту да негуваме дух на самоизвишување. Сите што му попуштаат на тоа зло фрлаат сенка на сомневање врз Божјото дело и на оние што се сомневаат им даваат повод да се изговараат за своето неверување. Колку нечија положба е поистакната и влијанието поголемо, толку повеќе е по требно да негува трпение и понизност. {ПП 420.4}

Кога Божјите деца, особено оние на одговорни положби, ќе бидат наведени себеси да си ја припишат честа што му припаѓа на Бога, сатаната ликува. Тој задобил победа. Така паднал и тој. И така најуспешно ги искушава и другите и ги води во пропаст. За да нè сочува од неговите стапици, Бог во својата Реч ни дал толку многу примери што укажуваат на опасноста од самоизвишување. Во нашата природа нема ниту една побуда, ниту една особина на духот или наклоност на срцето, кои не би морале секој миг да бидат под Божја контрола. Нема благослов што му го дава Бог на човекот, ниту искушение што Тој го дозволува, а кои сатаната не сака или не може да ги искористи за да ја искушава душата, да ја мачи и да ја уништи само ако му даде и најмалечко предимство. Затоа, колку и да е голема духовната светлина на еден човек, и колку и да ужива тој во божествениот благослов и во милоста, сепак треба да оди понизно пред Бога, барајќи со вера Тој да насочува секоја негова мисла и да господари над секое негово чувство. {ПП 421.1} Сите што исповедаат побожност, подложни се на света обврска да го сочуваат својот дух и да се вежбаат во самосовладување дури и кога се предизвикани. Товарите ставени врз Мојсеја биле многу големи. Малку има луѓе кои биле или кои ќе бидат толку искушавани како што бил искушаван тој; па сепак, тоа не можело да претставува изговор за неговиот грев. Бог сесрдно се погрижил за своите избрани, а ако тие се потпрат врз неговата сила, никогаш нема да станат играчка на околностите. Ниту најсилното искушение не може да претставува изговор за гревот. Колку и да е голем притисокот врз душата, сепак престапот е само наше дело. Ниту земјата, ниту гробот ја имаат таа сила некого да го принудат да прави зло. Сатаната нè напаѓа таму каде што сме слаби, но ние сепак не мораме да бидеме совладани. Колку и неочекуван и тежок да биде тој напад, Бог се погрижил за помош и со неговата сила можеме да однесеме победа. {ПП 421.2}

Сподели го ова:

Слични објави