11. ГОСПОД ГО ПОВИКУВА АВРАМА
Оваа глава е заснована на Создавање 12 глава
По напуштањето на Вавилон, идолопоклонството повторно станало речиси сеопшта појава, и Господ закоравените престапници конечно ги пуштил да одат по нивните лоши патишта, а од лозата на Сим го избрал Аврама да биде чувар на неговиот закон за идните поколенија. Аврам пораснал во средина проникната со суеверие и со незнабоштво. Дури и семејството на татко му, преку кое било сочувано сознанието за Бога, попуштило пред заводливите влијанија што го опкружувале и „служело на други богови” освен на Јехова. Но вистинската вера не смеела да се угасне ниту да се уништи. Бог секогаш чувал еден мал остаток на верни кои му служеле. Адам, Сит, Енох, Матусал, Ное и други, непрекинато ги чувале драгоцените откровенија на неговата волја. Синот на Тара станал наследник на оваа света доверба. Идолопоклонството го мамело од сите страни, но напразно. Верен меѓу неверни, нерасипан со отпадот што сѐ повеќе се засилувал, тој истрајно, непоколебливо и предано му служел на единствениот и вистински Бог. „Близу е Господ до сите, кои Го повикуваат, до сите, кои вистински Го призиваат” (Псалм 145:18). Тој на Аврама му ја соопштил својата волја и му дал јасно сознание за барањата на својот закон и за спасението овозможено преку Христа. {ПП 125.1}
На Аврама му било ветено, што на луѓето во тоа време посебно им било мило дека потомството ќе му биде многубројно и дека ќе доживее национална големина. „А од тебе ќе направам голем народ, и ќе те благословам, и името твое ќе го прославам и ти ќе бидеш благословен”. Покрај тоа, тој добил и ветување кое за наследникот на верата било подрагоцено од сѐ друго, ветување дека од неговата лоза ќе се појави Искупителот на светот: „И преку тебе ќе бидат благословени сите народи на земјата”. Но прв услов за исполнување на овие ветувања било да се провери неговата вера; од него се барала извесна жртва. {ПП 125.2}
Божјата порака упатена до Аврама гласела: „Излези од својата земја, и од родот свој, и од домот на татко си, (па појди) во земјата што ќе ти ја покажам Јас” (Создавање 12:1). За Бог да може да го оспособи за неговата голема идна задача – да биде чувар на светите пророштва и на живата Божја реч – Аврам морал да раскине секоја врска со своето дотогашно друштво. Влијанието на роднините и пријателите би го пречело воспитувањето под кое Господ имал намера да го подложи својот слуга. Бидејќи Аврам на посебен начин бил поврзан со небото, морал да живее меѓу странци. Морал да изгради посебен карактер, нешто што потполно ќе се разликува од светот. Своите постапки тој не можел да им ги објасни дури ни на своите пријатели. Она што има духовен карактер, можат да го сфатат само оние што се духовни; затоа неговите идолопоклонички роднини не можеле да ги сфатат неговите постапки ниту побудите што го навеле на тоа. {ПП 126.1}
„Со вера Авраам, кога беше повикан, послуша да појде во местото што требаше да го добие во наследство, и тргна, не знаејќи каде оди” (Евреите 11:8). Аврамовата безусловна послушност, претставува еден од највпечатливите примери на верата што можат да се најдат во целата Библија За него верата навистина била „подлога за увереноста во она на кое се надеваме – убеденост во она што не се гледа” (Евреите 11:1). Потпирајќи се врз божественото ветување, без никаква опиплива гаранција дека тоа навистина ќе се исполни, тој го напуштил својот дом, роднините и земјата на своите предци и се иселил, не знаејќи каде, за да отиде таму каде што го води Бог. „Со вера се всели Авраам во ветената земја како туѓинец и живееше под шатори со Исак и Јаков, наследници на истото ветување” (Евреите 11:9). {ПП 126.2}
Проверката на која бил изложен Аврам со ова не била ниту малку лесна, ниту жртвата што се барала од него била малечка. Постоеле силни врски што го врзувале за родното место, за роднините и пријателите, но тој не се колебал ниту се притеснувал да го прифати Божјиот повик. Во врска со ветената земја тој не поставувал прашања дали земјата е плодна, климата здрава, има ли таа земја погодна околина и дали дава можност за напластување на богатство. Бог рекол, а неговиот слуга требало само да послуша; за него најсреќно место на земјата било она што ќе му го одреди Бог. {ПП 126.3}
И денеска мнозина се искушуваат на ист начин како и некогаш што е искушуван и проверуван Аврам. Иако тие не го слушаат Божјиот глас како им зборува непосредно од небото, Тој сепак ги повикува преку учењата на својата Реч и преку настаните на своето провидение. Тие можат да бидат повикани да го напуштат своето занимање што им ветува богатство и чест да се откажат од погодните и корисни врски и да се одделат од своите роднини за да кренат на пат кој, навидум, пружа само тешкотии, самооткажување и жртви. Бог ја определил задачата што тие треба да ја извршат; меѓутоа, полесниот живот и влијанието на пријателите и роднините би го попречувале развитокот токму на оние особини што се најсуштествени за извршување на таа од Бога определена задача. Тој ги изделува од влијанието и од поддршката на луѓето и ги наведува да почувствуваат потреба од неговата помош и да зависат само од него за да може Тој да им се открие. Кој е готов при повикот на Провидението да се откаже од своите омилени планови, од семејните и од другите интимни врски со друштвото? Кој се согласува да ги прифати новите должности и да стапи во непознати области и со непоколебливо срце и доброволно да работи во Божјото дело, сметајќи ги за добивка загубите поднесени заради Христа? Оној што е готов да постапи вака има Аврамова вера и ќе може заедно со него да ја дели „вечната и од сѐ поважна слава” (2. Коринтјаните 4:17), славата според која „страдањата на сегашното време не се ништо” (Римјаните 8:18). {ПП 126.4}
На Аврама небесниот повик првпат му бил упатен додека се наоѓал во „Ур Халдејски” и, прифаќајќи го повикот, тој преминал во Харан. До тоа место го придружувале татко му и уште некои членови на семејството, без оглед на тоа што тие службата на вистинскиот Бог ја поврзувале со идолопоклонството. Тука Аврам останал сѐ до смртта на Тара. Меѓутоа, сега божествениот глас му наредил да го напушти местото каде што се наоѓал гробот на татко му и да оди понатаму. Неговиот брат, Нахор, со членовите на своето семејство, не можел да се оддели од своето родно место и од своите идоли. Освен Сара, жената на Аврама, само Лот, синот на одамна починатиот Аран, решил да ја дели судбината на патничкиот живот на патријархот. Сепак, групата што кренала од Месопотамија не била толку малечка. Аврам, имајќи тогаш големи стада овци и говеда, што на истокот претставувало богатство, бил опкружен со бројна група предани слуги и пастири. Ја напуштил земјата на своите татковци за никогаш повеќе да не се врати во неа и, собирајќи со себе сѐ што имал, тргнал „со целиот имот што го беа спечалиле, и слугите што ги беа придобиле во Харан”. Мнозина од тие луѓе биле раководени од принципи далеку повисоки отколку што се службата и личниот интерес. За време на својот престој во Харан, Аврам и Сара со својот пример мнозина навеле да му служат на вистинскиот Бог. Тие луѓе биле цврсто врзани за семејството и за домаќинството на патријархот, придружувајќи го во ветената земја. „Па излегоа за да отидат во земјата хананска”. {ПП 127.1}
Прво место во кое се запреле било Сихем. Аврам своите шатори ги поставил во сенките на Морешките дабја, во широка долина богата со трева, со маслинки и со живи извори. Од едната страна била гората Евал, а од другата Гаризин. Патријархот влегол во прекрасната и добра земја „во земја каде што има извори и езера, а од планините и долините, течат потоци;во земја каде што има пченица, јачмен, лозја, смокви и калинки; во земја, каде што има маслиново масло и мед” (Второзаконие 8:7,8). Но слугата на Јехова во шумските кории и плодните рамнини го притискала тешка сенка. „Тогаш во таа земја живееја Хананци”. Пристигнувајќи на целта, Аврам земјата на своите надежи ја затекол населена со туѓински племиња и полна со идолопоклонство. Во нејзините кории насекаде имало олтари подигнати во чест на лажните богови, а на околните горички човечки суштества биле принесувани на жртва на лажните богови. Иако се потпирал врз божественото ветување, сепак срцето додека ги подигал своите шатори не му било слободно од мачни претчувства. Тогаш „му се јави Господ на Аврама и му рече: „Оваа земја ќе му ја дадам на твоето потомство”. Со оваа гаранција дека божественото присуство е секогаш со него и дека не и е препуштен на милоста на безбожниците, неговата вера била охрабрена. „И му подигна таму (Аврам) жртвеник на Господ, Кој му се јави”. Продолжувајќи го својот пат понатаму, набргу се преселил во еден предел недалеку од Ветил; и тука исто така подигнал олтар и го повикал името Господово. {ПП 127.2}
„Божјиот пријател”, Аврам, ни оставил еден достоен пример. Неговиот живот бил живот на молитва. Каде и да ги поставил своите шатори, во непосредна близина подигал и олтар, повикувајќи ги сите членови на своето домаќинство да присуствуваат на утринската и вечерната жртва. Кога би ги собрал своите шатори и би се преселил на друго место, олтарот останувал. Во подоцнежните години имало многу патници Хананци кои ги прифатиле поуките примени од Аврама, и секогаш кога некој од нив би наишол на ваков олтар, веднаш знаел кој бил пред него на тоа место и, поставувајќи свој шатор, патникот веднаш би го поправил и олтарот и тука би му се молел на живиот Бог. {ПП 128.1}
Аврам продолжил да се движи кон југ, и тогаш неговата вера уште еднаш била ставена на проверка. Небото не давало дожд, потоците во долините пресушиле, а тревата по рамнините почнала да венее и да се суши. Стадата овци и говеда не наоѓале веќе пасишта, и на целата населба и се заканил глад. Дали патријархот сега се посомневал во водството на Провидението? Зар не си припомнувал копнежливо за изобилството на халдејските рамнини? Сите желно и со нетрпение чекале да видат што ќе стори Аврам, откако доживувал последователни удари. Сѐ додека неговата вера изгледала непоколеблива, сите чувствувале дека уште има надеж. Биле цврсто уверени дека Бог е негов пријател и дека Тој сѐ уште го води. {ПП 128.2}
Аврам не можел да го објасни водството на Провидението; неговите очекувања не се обистиниле; но тој сепак цврсто верувал во ветувањето: „Ќе те благословам, и името твое ќе го прославам и ти ќе бидеш благословен”. Со најсрдечна молитва размислувал како да го одржи животот на својата челад и на своите стада. Но не дозволувал настанатите околности да ја поколебаат неговата вера во Божјиот збор. За да го избегне гладот, се упатил во Египет. Тој не раскинал со Ханан, ниту во својата крајно тешка неволја се вратил во земјата халдејска од која дошол и во која не се знаело за скудност, туку се обидел привремено прибежиште да најде колку што е можно поблизу, не оддалечувајќи се во никој случај од ветената земја и планирајќи што побргу да се врати во неа, зашто тука го упатил сам Бог. {ПП 129.1}
Во своето провидение Господ дозволил Аврама да го снајде ова искушение за да го научи на потчинетост, на трпение и на вера на поуки што требало да бидат запишани за добро на оние кои подоцна ќе бидат повикани да поднесат страдања и неволји. Бог своите деца ги води по пат кој ним не им е познат, но Тој никогаш не ги заборава ниту ги отфрла оние што се надеваат во него. Тој дозволил Јов да го снајдат маки и неволји, но не го заборавил ниту него. Дозволил саканиот Јован да биде протеран во самотија на пустиот остров Патмос, но токму таму се сретнал со Божјиот Син и од него го добил Откровението исполнето со сцени на бесмртна слава. Бог дозволува неговиот народ да биде опсипуван со искушенија за со истрајност во верата и со послушност духовно да се збогати и со својот пример да може да стане извор на сила за други. „Зашто само Јас ги знам замислите, што сум ги смислил за вас, вели Господ, замислите за добро, а не за зло” (Еремија 29:11). Токму оние искушенија кои нашата вера ја ставаат на најтешка проверка и предизвикуваат впечаток како Бог да не напуштил, треба најмногу да не приближат до Христа за да можеме сите наши товари да ги положиме пред неговите нозе и да примиме спокојство што ќе ни го Даде Тој во замена за сето тоа. {ПП 129.2}
Бог својот народ секогаш го проверувал во огнена печка на неволји. Во пламенот на усвитената печка вистинското злато на христијанскиот карактер се изделува од троскотот. Исус будно го следи процесот на пречистување; Тој знае што е потребно за драгоцениот метал да се очисти за да може да ги одблеснува зраците на неговата љубов. Токму со тие тешки искушенија и проверки Бог своите слуги ги учи и ги прави кротки. Тој гледа дека поединци имаат способности што успешно би можеле да се употребат во неговото дело и нив Господ ги става на проверка. Во своето провидение Тој ги доведува во положба и во околности кои претставуваат проба и проверка за нивниот карактер и им ги откриваат недостатоците и слабостите за кои дури ни самите тие не знаеле. Тој им дава можност да ги отстранат тие недостатоци и да се оспособат за неговата служба. Им ги покажува нивните слабости и ги учи да се потпрат на него како на своја единствена помош и сигурност. Така се остварува неговата цел. Тие се изградуваат, се воспитуваат, се дисциплинираат и се приготвуваат да ја исполнат големата задача, онаа заради која им се дадени нивните способности. Кога Бог ги повикува за делото, тие се подготвени, а небесните ангели можат да се соединат со нив во определената задача што треба да се изврши на земјата. {ПП 129.3}
За време на својот престој во Египет, Аврам покажал дека ни тој не бил слободен од човечки слабости и несовршености. Прикривајќи го фактот дека Сара е негова сопруга, покажал недоверба во божествената заштита, еден недостиг на онаа возвишена вера и храброст кои толку често и благородно го обележувале неговиот живот. Сара била жена со убаво лице, со изразито бел тен, и тој помислил дека црномурестите Египќани сигурно ќе ја посакаат како убава туѓинка и дека ниту малку нема да се притеснуваат да ѝ го убијат мажот за да можат да ја земат. Тоа го навело на заклучок дека ниту малку нема да згреши ако со невистинито тврдење ја претстави Сара како своја сестра, зашто таа всушност и му била сестра од татко му, иако не и од мајка му. Но тоа затајување на нивниот вистински меѓусебен однос била измама. Никакво отстапување од строгата исправност не може да му биде угодно на Бога. Со тоа што немал доволно вера, Аврам Сара ја изложил на голема опасност. Дознавајќи за нејзината убавина, египетскиот цар наредил да ја доведат на неговиот двор, планирајќи да ја земе за жена. Но Господ, во својата голема милост, ја заштитил Сара, казнувајќи го царското семејство. Така монархот ја дознал вистината за сето ова, и разочаран што го измамиле, го прекорил Аврама и му ја вратил жената, велејќи: „Зошто ми го направи тоа?… Зошто рече‚ сестра ми е, па јас сакав да ја земам за жена!? Сега, пак, ете ти ја жената, земи си ја и оди си!” {ПП 130.1}
Царот многу го почитувал Аврама. Дури ни по ова не дозволил ништо да му се случи ниту нему ниту на неговата челад, туку наредил, заради сигурност да го придружува стража сѐ додека се наоѓаат во неговата држава. Во тоа време на Египќаните со закон им било забрането да се мешаат со странските пастири и со нив да јадат и да пијат. Фараонот љубезно и великодушно го пуштил Аврама да биде слободен, но му наредил да го напушти Египет, не осмелувајќи се да му дозволи натамошен престој. Не знаејќи, тој за малку не му нанел голема навреда; но Бог се вмешал и го спасил царот да не направи толку голем грев. Фараонот кај тој странец видел човек кого го цени небесниот Бог и му укажува почит, и се плашел во неговото царство да остане човек кој толку очигледно бил под заштита на божествената милост. Доколку Аврам би останал во Египет, неговото сѐ поголемо богатство и углед би можеле да предизвикаат завист и похот кај Египќаните, и би можела да му се нанесе некоја навреда за која владетелот би бил сметан за одговорен, па царското семејство повторно би го снашла казна. {ПП 130.2}
Опомената дадена на фараонот му послужила на Аврама како заштита во неговите подоцнежни односи со незнабожечките народи, зашто таа случка не можела да остане во тајност, и се покажало дека Бог, на кого му служи Аврам, го штити својот слуга, и дека секоја навреда, нанесена нему, би му се одмаздила на самиот навредувач. Опасно е да се навредува и да се малтретира некој кој е дете на небесниот Цар. На ова поглавје од Аврамовиот живот мисли псалмистот кога, зборувајќи за одбраниот народ, кажува дека Бог “… поради нив казнуваше цареви; не гибајте ги моите помазаници, не нанесувајте им зло на моите пророци” (Псалм 105:14,15). {ПП 131.1} Постои интересна сличност меѓу доживувањето на Аврама во Египет и она што го доживеале тука неговите потомци по неколку века. И во првиот и во вториот случај тие се упатиле во Египет поради гладот што настанал, и во обата случаја таму биле задржани. Бидејќи поради нив ги снаоѓале Божји казни, Египќаните ги обзел страв од нив; и затоа, збогатени со подароци примени од тие незнабошци, потомците на Аврама излегле оттаму „со големо богатство” (Создавање 15:14). {ПП 131.2}