20. ЈОСИФ ВО ЕГИПЕТ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Создавање 39. и 41 глава

Во меѓувреме Јосиф со своите господари патувал кон Египет. Кога карванот поминувал низ јужните граници на Ханан, тој можел да ги види рабовите на ритчињата под кои биле шаторите на неговиот татко. Споменувајќи си за својот мил родител, горко плачел во својата осаменост и болка. Повторно пред очи му излегла сликата од Дотан. Ги видел своите намрштени браќа и ги чувствувал нивните грозни погледи. Во ушите му се одгласувале навредливите и подбивни зборови со кои одговарале на сите негови очајни пекања. Со страв во срцето гледал во својата иднина. Каква промена! Од нежно сакан син немоќен и презрен роб! Каква ли судбина допрва го очекува во таа туѓа земја во која сега оди и каде што ќе биде сам и без пријатели? Јосиф од почеток паднал во безмерна болка и страв. {ПП 213.1}

Но, според Божјото провидение дури тоа искуство требало да му служи на благослов. Само за неколку часови го научил она што инаку со години не би го научил. Со својата голема и нежна љубов кон него, татко му згрешил што бил пристрасен и што премногу се грижел за него. Таа немудра наклоност ги разбеснила неговите браќа и кај нив предизвикала постапка што го разделила од родниот крај. Последиците на сето тоа имале одглас во неговиот карактер. Имало грешки што порано биле поттикнувани, а кои сега требало да се исправат. Тој бил задоволен со себе и строго точен. Навикнат на нежното внимание и грижа од својот татко, сега се чувствувал неподготвен за тешкотиите што го очекувале во горчливиот и незгрижен живот на роб во туѓина. {ПП 213.2}

Тогаш мислите му се упатиле кон Бога на неговите татковци. Во детството го учеле да го сака тој Бог и да се бои од него. Често во шаторот на татка си ја слушал историјата за визијата што му била покажана на Јакова кога како бегалец и изгнаник бегал од дома. Слушал за ветувањата што му ги дал Господ на Јакова и како тие биле исполнети; како во тешките мигови дошле Божји ангели и му дале вистински упатства, го тешеле и го штителе. Дознал и за Божјата љубов со која за луѓето е предвиден и Спасител. Сите тие скапоцени поуки сега живо излегувале пред него. Јосиф верувал дека истиот Бог кој бил Бог на неговите татковци ќе биде и негов Бог. Тогаш со сето срце му се предал на Господа и се молел „Чуварот Израелов” да биде и со него во земјата на неговото изгнанство. {ПП 213.3}

Душата му затреперила од длабока возбуда кога решил верно да му се предаде на Бога и во сите околности да постапи онака како што му прилега на приврзаникот на небесниот Цар. Решил да му служи на Господа со сето свое срце, пред своите животни искушенија да истапи храбро, во духовна сила и морална постојаност и секоја должност да ја изврши верно. Искуството на само еден ден претставувало преломна точка во Јосифовиот живот. Неговата страшна несреќа од разгалено дете создала промислен, храбар и самостоен човек. {ПП 214.1}

Кога карванот стигнал во Египет, Јосиф му е продаден на Потифар, командирот на царската стража, кај кого служел полни десет години. Тука бил изложен на искушенија од несекојдневен карактер. Се нашол среде идолопоклонство. Обожавањето на лажните богови било придружено со сета раскош на царскиот двор, а поддржувано со богатството и со културата на цела една, во тоа време најцивилизирана нација на светот. А сепак, Јосиф бил истраен во својата едноставност и верност кон Бога. Насекаде околу него се чувствувал и се гледал порок, но тој сѐ правел како ништо од тоа ниту да види ниту да чуе. Не им дозволил дури ни на своите мисли да се задржуваат на она што е забрането. Желбата да биде привлечен од наклоноста на Египќаните не можела да го наведе да ги крие своите начела. Само кога би се обидел да го стори тоа, искушенијата би го совладале. Тој не се срамел од верата на своите татковци и не се обидел ниту да крие дека го почитува Јехова. {ПП 214.2}

„И Господ беше со Јосиф, та затоа беше среќен, и живееше во куќата од господарот свој, Египќанецот.Игосподарот негов виде дека е Господ со него и дека сè што работеше тој, Господ правеше да успева во рацете негови”. Од ден на ден Потифар стекнувал сѐ поголема доверба во него, па најпосле го поставил за управител над сиот свој имот и му ги дал сите овластувања: „И остави во Јосифовите раце сè што имаше, и не се грижеше веќе за друго, освен за лебот што го јадеше”. {ПП 214.3}

Забележливиот успех што го придружувал сѐ она што му било доверено на Јосифа не бил резултат на некое посебно чудо, туку Божји благослов ја крунисал неговата трудољубивост, совесност и претприемливост. Јосиф секој свој успех ѝ го припишувал на Божјата милост, па дури и неговиот идолопоклонички господар тоа го сметал за тајна на неговиот беспримерен успех во секој потфат. Секако, успех не би имало без Јосифовите истрајни и добро смислени напори. Бог бил издигнуван и славен со преданоста на својот верен слуга. Тоа била негова намера неговиот поклоник со својата чистота и исправност да се истакне во забележлива спротивност со идолопоклониците за на тој начин светлината на божествената милост да може да заблеска среде темнината на незнабоштвото. {ПП 214.4}

Благородноста и верноста на Јосифа го придобиле срцето на неговиот господар, и најпосле тој повеќе го сметал како син отколку како роб. Младичот така дошол во допир со угледни и учени луѓе и стекнал знаење од разни области на науката, јазикот и од областа на економијата образование што му било потребно на идниот премиер на египетската држава. {ПП 217.1}

Но Јосифовата вера и чесност морале да бидат проверени во огнот на искушенијата. Жената на неговиот господар се обидувала овој млад човек да го наведе да го прекрши Божјиот закон. До овој миг тој останал неизвалкан со расипаноста што цутела во таа незнабожечка земја; но како да му се противстави на ова искушение, толку неочекувано, толку силно и заводливо? Јосиф добро знаел што го чека ако не се согласи. На една страна стоеле прикривање, одобрување, уживање и награда, а на друга срам, темница, па можеби и смрт. Целиот негов иден живот зависел од таа моментна одлука. Дали ќе триумфира начелото? Дали Јосиф и натаму ќе му остане верен на Бога? Ангелите ја посматрале таа сцена со неопишана загриженост. {ПП 217.2}

Одговорот на Јосифа покажува колкава сила имаат основните верски начела. Тој не сакал да ја изневери довербата ниту на земниот господар, а решил да му остане верен на својот небесен Господар, без оглед на тоа какви ќе бидат последиците. Пред очите на сезнајниот Бог и на светите ангели, мнозина си дозволуваат себеси слобода да сторат нешто што никогаш не би го сториле пред своите ближни. Но Јосиф прво помислил на Бога. „Како јас да направам толку големо зло и да згрешам пред Бога?” – биле неговите зборови. {ПП 217.3}

Кога секогаш би мислеле на тоа дека Бог гледа и чуе сѐ што правиме ние дека за нашите зборови и постапки се води точен извештај и дека еден ден за сето тоа ќе одговараме тогаш би се плашеле да грешиме. Младите секогаш нека имаат на ум дека Бог ги гледа секаде каде што се наоѓаат и што било да работат. Нему не може да му побегне ниту една наша постапка. Не можеме да ги скриеме нашите патишта од Сезнајниот. Човечките закони, колку и да се строги, често се престапуваат, а за престапот да не се дознае, и затоа останува неказнет. Но тоа не е случај со Божјите закони. Ниту најтемната ноќ не може да го засолни виновникот. Тој може да мисли дека е сам, но на секоја негова постапка присутен е невидлив сведок. Пред Божјиот поглед дури ни побудите на нашето срце не се скриени. Секоја постапка, секој збор, секоја помисла, сè точно се бележи, како на светот да постои само тоа единствено лице, и како сето небесно внимание да е насочено само кон него. {ПП 217.4}

Јосиф страдал поради својата чесност, зашто заводницата, не успевајќи во својата намера да го заведе, му се одмаздила обвинувајќи го за гнасно злосторство, поради кое бил фрлен во затвор. Кога Потифар би им верувал на обвинувањата на својата жена, младиот Евреин би го загубил животот. Но чедноста и исправноста, кои постојано и доследно го краселе неговиот живот, претставувале доказ за неговата невиност; па сепак, за да се „спаси угледот” на куќата на неговиот господар, Јосиф бил немилосрдно деградиран, осрамотен и фрлен во затвор. {ПП 218.1}

Во почетокот управителот на затворот со Јосифа постапувал мошне свирепо. Псалмистот кажува: „Ги стегнаа во окови нозете негови, железо околу вратот негов,додека се исполни зборот негов: зборот Господов го потврди” (Псалм 105:18,19). Но вистинскиот карактер на Јосифа блескотел дури и во мракот на затворот; тој во својата вера и во своето трпение останал истраен. Како возврат за толку години верно служење добил најсвирепа казна, но тоа не го разочарало, ниту ја загубил верата. Го имал оној мир што доаѓа од свеста за сопствената невиност и затоа својот случај целосно му го препуштил на Бога. Не го мачеле мисли за сопствена вина, зашто ја немал, туку настојувал да ја заборави својата болка, трудејќи се да ја ублажи тагата и патилата на другите. Дури и во затворот нашол можност за своето дело. Во таа школа на страдања, Бог го приготвил за поголема полезност во животот, а тој не ѝ се опирал на неопходната дисциплина. Во затворот, гледајќи ги последиците на угнетувањето, на тиранијата и злосторството, ја научил поуката за праведноста, за сочувството и милосрдието, поука што го приготвила својата идна власт да ја применува мудро и со сожалување. {ПП 218.2}

Од ден на ден Јосиф сѐ повеќе ја задобивал довербата на управителот на затворот. Неговото однесување во затворот, правичноста во секојдневниот живот и сожалувањето кон сите што страдаат и тагуваат му го отвориле патот кон идната благосостојба и чест. Одблесокот на секој зрак на светлината со кој ние ги осветлуваме другите, се гледа на самите нас. Секој збор, полн со љубов и со милосрдие, упатен на оние што страдаат и тагуваат, секоја постапка преземена со цел да им се помогне на угнетените, секој дар даден на скудните, ако потекнува од вистински побуди, ќе ни донесе благослов. {ПП 218.3}

Главниот пехарник и шефот на фараоновата лебарница биле затворени поради некои свои престапи, и така дошле под Јосифов надзор. Едно утро, кога забележал дека се мошне тажни, љубезно ги прашал што им е што се случува со нив. Тие обајцата одговориле дека сониле чудни соништа и дека многу би сакале да го дознаат нивното значење. „Зар толкувањето не е преку Бога? Раскажете ми ги!” им рекол Јосиф. Кога секој го раскажал својот сон, Јосиф им ги протолкувал. Пехарникот третиот ден требало пак да се врати на својата работа да му подава чаша на фараонот како и порано додека лебарот, по наредба на царот ќе биде погубен. Во обата случаја неговото толкување се исполнило. {ПП 219.1}

Пехарникот во најголема можна мера му заблагодарил на Јосифа како за охрабрувачкото толкување на сонот, така и за мноштвото љубезни услуги и вниманија. Во одговор на тоа објаснувајќи му ја на најтрогателен начин неправедноста на своето темнување Јосиф го замолил да се заземе за него пред царот. „ Но, кога ќе ти биде добро, сети се на мене”, рекол Јосиф, „и направи ми добро; спомни му на фараонот за мене и изведи ме од оваа тврдина;зашто ме украдоа од земјата еврејска; а и овде ништо лошо не сум направил, за да бидам фрлен во затвор”. Пехарникот видел дека сонот во подробности му се исполнил, но кога му била вратена службата и наклоноста на царот, наполно го заборавил својот доброчинител. Така Јосиф темнувал уште две години. Надежта што горела во неговото срце постепено изумирала, а кон сите други искушенија се придружило уште и горчливото жило на неблагодарноста. {ПП 219.2}

Меѓутоа, божествената рака била на дело и вратата на затворот само што не се отворила пред него. Египетскиот цар една ноќ сонил два сона што очигледно укажувале на ист настан и навестувале некоја голема несреќа. Тој не го сфатил нивното значење, а сепак тоа не престанало да го вознемирува. Сите мудреци и гатачи на неговото царство не можеле да ги протолкуваат. Збунетоста и загриженоста на царот сѐ повеќе растеле и целиот двор го обзел страв. Општата возбуда го потсетила пехарникот на неговиот некогашен сон и на неговото толкување. Така најпосле се сетил на Јосифа, и совеста го каснала поради неговата толку голема заборавност и неблагодарност. Веднаш му раскажал на царот како еден млад Евреин, кој заедно со него бил во затворот, им ги протолкувал соништата и нему и на шефот на царската лебарница, и како тоа толкување точно се обистинило. {ПП 219.3}

За фараонот било непријатно понижување да ги заобиколи мудреците и гатачите на своето царство и за совет да му се обрати на некаков странец и роб, но бил подготвен и на најголемо понижување само да најде олеснение и мир за својот вознемирен дух. Веднаш пратиле по Јосифа. Тој во затворот се преоблекол и се остригол, зашто косата во текот на долгото темнување и немилоста многу му пораснала. Потоа го извеле пред царот. {ПП 220.1}

Тогаш фараонот му рекол на Јосифа: „Сонив сон, а никој не може да ми каже што значи: а за тебе слушам дека умееш да толкуваш соништа”.Јосиф му одговори на фараонот и рече: „Тоа не е од мене, туку Бог ќе му даде одговор на фараонот за негово добро”. Одговорот на Јосифа ја открива неговата скромност и неговата вера во Бога. Понизно ја одбил честа со која лично нему му се припишувала мудроста. „Тоа не е од мене, туку Бог ќе му даде одговор на фараонот за негово добро”. Единствено Бог може да објасни секоја тајна. {ПП 220.2}

Потоа фараонот го раскажал својот сон. „Сонив, како стојам крај брегот на реката;и одеднаш – од реката излегоа седум дебели и убави крави, па почнаа да пасат во мочуриштето;и ете, по нив други седум крави излегоа, многу грди и слаби во телото, не сум видел толку грди во целата земја египетска.И оние крави, слаби и грди, ги изедоа оние седум дебели.А кога им беа во стомакот, не се познаваше дека им се во стомакот, туку пак беа така грди како порано. Тогаш се разбудив.Па пак сонив, а тоа – седум класја израснаа од едно стебло, јадри и убави;а по нив израснаа седум тенки и празни класја, исушени од ветар.И празните класја ги проголтаа седумте убави класја. И сево ова им го раскажав на гаталците, но ниеден не знаеше да ми објасни”. {ПП 220.3}

„А Јосиф му рече на фараонот: Сонот фараонов е еден: Господ му јавува на фараонот, што ќе направи. Ете, ќе дојдат седум години многу родни по целата земја египетска;а по нив ќе настапат седум гладни години; ќе се заборави сето она изобилство во земјата египетска, и глад ќе настапи во земјата.И нема да се знае дека во земјата порано имало изобилие – поради гладот – што ќе дојде, зашто ќе биде многу голем. А тоа, што фараонот сонил двапати едноподруго, значи дека Божјиот збор е вистински и дека Бог наскоро ќе го направи тоа. А сега фараонот нека побара човек мудар и разумен, па да го постави над египетската земја.И нека заповеда фараонот да бидат поставени старешини по земјата, па да собираат петина (од сите жетви) по земјата египетска во текот на седумте родни години;нека собираат тие секаква зрнена храна во седумте родни години што доаѓаат; житото да го собираат во градовите со овластување од фараонот и храната во градовите да се чува.И таа храна да биде запазена за седумте гладни години што ќе настапат во египетската земја, за да не пропадне земјата од глад”. {ПП 220.4}

Толкувањето било толку разумно и логично, а предложените насоки се дадени толку добро и остроумно, што во точноста не можело да се сомнева. Но на кого да му го довери изведувањето на овој план? Од тој мудар избор зависело одржувањето на целиот народ. Царот бил вознемирен и целата таа работа за извесно време била земена во разгледување. Монархот од пехарникот дознал за Јосифовото мудро и вешто раководење со сѐ што му било доверено во затворот. Било јасно дека Јосиф располага со високо развиени способности. Сиот исполнет со самопрекори, пехарникот се трудел својата поранешна неблагодарност да ја исправи на тој начин што својот доброчинител најтопло го пофалил, а натамошното распрашување на царот ја докажало точноста на неговите наводи. Во целото царство Јосиф бил единствен човек надарен со мудрост да укаже на опасноста што му се заканувала на царството и да ја истакне неопходноста од подготовка за отстранување на таа опасност. Царот се уверил дека тој навистина е најспособен да го изведе планот што сам го предложил. Било јасно дека Јосиф располага со божествена моќ, бидејќи ниеден меѓу царските државници не бил толку способен во тоа критично време да ја поведе државата. Фактот што Јосиф бил Евреин и роб не значел многу кога на тоа му е спротивставена неговата мудрост и неговото здраво расудување. „Зар можеме да најдеме човек, како што е овој, во кого има Божји дух?” ги прашал царот своите советници. {ПП 221.1}

Одлуката паднала и Јосиф бил изненаден кога му соопштиле: „Бидејќи Бог тебе ти го откри сево ова, значи дека нема човек толку мудар и разумен како што си ти.Ти ќе бидеш над домот мој, и целиот народ мој ќе го слуша твојот збор; само со престолот ќе бидам поголем од тебе”.Тогаш фараонот го зел Јосифа да го облече со знаменијата на неговата идна висока положба. „ И го извади фараонот прстенот од раката своја и му го стави на Јосиф на рака, и го облече во облека од најфина ткаенина, и му стави златна веришка околу вратот.И заповеда да го возат во неговата втора кола, а гласник пред него да извикува: ‘Аврех!’ И го постави над целата земја египетска”. {ПП 221.2}

„Го постави за домаќин над домот свој и управител над сиот имот свој,за да ги поучува кнезовите според својата волја и старешините негови да ги учи на мудрост” (Псалм 105:21,22). Јосиф од затвор бил унапреден за господар на цел Египет. Тоа била положба од висока чест, но полна со тешкотии и ризици. На голема височина никој не може да стои безопасно. Како луњата што го остава скромниот цвет во долината негибнат, а на врвовите на планината ги корне и најсилните дрвја, така и оние кои во скромниот живот ја докажале својата чесност можат да бидат одвлечени во понор токму со оние искушенија што обично го следат световниот успех и земната благосостојба. Но карактерот на Јосифа им одолеал на искушенијата и на оние во тешки денови и на оние во благосостојба. Тој покажувал иста верност кон Бога како во затворската ќелија, така и во фараоновата палата. Секогаш се чувствувал како странец во незнабожечка земја далеку од своите роднини кои го почитувале Бога. Меѓутоа, тој цврсто верувал дека божествената рака ги насочува неговите чекори, и не престанувајќи да се потпира врз Бога, сесрдно ги прифатил своите нови должности. Преку Јосифа вниманието на фараонот и на египетските големци било насочено кон вистинскиот Бог; иако тие и натаму се придржувале кон своето идолопоклонство, сепак научиле да ги почитуваат начелата покажани во карактерот и во животот на приврзаникот на Јехова. {ПП 222.1}

Како Јосиф успеал да постигне таква цврстина на карактерот, таква исправност и мудрост? Од своите најрани години тој повеќе се раководел од должноста отколку од личните склоности, и затоа чесноста, едноставната доверба и благородноста на детската природа донеле свој род во постапките на зрелиот човек. Чистиот и едноставен живот придонел за развитокот како на физичките така и на духовните сили. Одржувајќи заедница со Бога со помош на неговите дела и посматрајќи ги големите вистини доверени на наследниците на верата, издигната е и облагородена неговата духовна природа, а неговиот ум засилен и изострен подобро отколку што би можело да го стори тоа какво и да е студирање. Верната совесност во сите должности и на секоја положба од најниска до највисока ги одгледале сите негови способности за највисока служба. Оној што живее сообразно со волјата на Творецот си обезбедува себеси најчист и најблагороден развиток на карактерот. „Ете, стравот Господов е вистинска мудрост, а одбегнувањето од зло е разумот” (Јов 28:28). {ПП 222.2}

Малку се оние што сфаќаат колку ситниците во животот влијаат врз развитокот на карактерот. Всушност, ниту една должност што треба да ја извршиме не е безначајна. Разноликоста на околностите со кои се сретнуваме секојдневно е определена затоа за да се провери нашата верност и да се оспособиме за поголеми задачи. Со верноста и приврзаноста кон начелата во извршувањето на секојдневните работи умот се навикнува барањата на должностите да ги става над задоволствата и личните склоности. Оние што се дисциплинирани на ваков начин не се колебаат меѓу доброто и злото, како трската што се повива на ветерот. Тие се верни кон својата должност, зашто се воспитани така што верноста и вистината им преминале во навика. {ПП 222.3} Чесноста на карактерот има поголема вредност отколку златото офирско. Без тоа не е можно да се стекне почит и човечко достоинство. Но карактерот не се наследува. Тој не може да се купи. Моралните одлики и благородните умни способности не се последица на некаков случај. Најскапоцените дарови немаат вредност ако не се користат. Изградувањето на благороден карактер е доживотна задача и мора да биде резултат на грижливо вложени и истрајни напори. Бог дава можности, а успехот зависи од тоа како ние ќе ги искористиме. {ПП 223.1}

Сподели го ова:

Слични објави