64. ДАВИД КАКО БЕГАЛЕЦ
Оваа глава е заснована на 1. Самоилова 18-22 глава
По победата над Голијат, Саул го задржал Давида кај себе, не дозволувајќи му да се врати дома кај татка си. И „душата на Јонатан се приврза до душата негова, и Јонатан го засака како своја душа”. Јонатан и Давид склучиле сојуз да бидат како родени браќа. Царевиот син, „Јонатан ја соблече горната облека своја што беше на него, и му ја даде на Давид, исто така и другата облека своја, и мечот свој, и лакот свој, и појасот свој”. На Давида му биле доверени важни одговорности, но тој сепак останал скромен и стекнал наклоност како кај народот, така и кај царевото семејство. {ПП 649.1}
„А Давид постапуваше разумно насекаде, каде и да го испратеше Саул, и Саул го направи началник над војските”. Давид бил верен и претпазлив, па било јасно дека врз него почивал Божји благослов. Повремено Саул ја увидувал својата неспособност да владее над Израел и дека царството би било посигурно кога тој би се здружил со некого што прима упатства од Господа. Саул исто така се надевал дека поврзаноста со Давида за него ќе претставува заштита. Бидејќи Господ на Давида му подарил своја милост и заштита, можело да се очекува неговото присуство за Саула да биде штит кога ќе тргне во војна. {ПП 649.2}
Само Божјото провидение го поврзало Давида со Саула. Давидовиот престој на дворот му овозможил да се здобие со знаење за државните работи и на тој начин да се приготви за својата идна положба. Освен тоа, му било овозможено да стекне и доверба кај народот. Маките и тешкотиите на кои наидувал поради непријателството на Саула, на Давида му укажувале на неговата зависност од Бога и на целосното потпирање врз него. И пријателството на Јонатана било резултат на Божјото провидение за да се заштити животот на идниот владетел на Израел. Во сето тоа Бог го покажувал својот план на милоста како кон Давида така и кон израелскиот народ. {ПП 649.3}
Меѓутоа, љубезноста на Саула кон Давида не траела долго. Кога тој и Давид се враќале од битката со Филистејците, пред нив излегувале „жените од сите израелски градови излегуваа да го пресретнат царот Саул со песни, игри и радосни извици”. Една група пеела: „Саул победи илјади”, а друга група возвраќала: „А Давид – десетици илјади!” Во срцето на царот се вовлекол демон на љубомора. Бил бесен што во песните на израелските жени Давид се издигнува над него. Наместо да го задуши тоа чувство на завист, тој ја покажал слабоста на својот карактер, велејќи: „На Давид му дадоа десетици илјади, а мене – илјади; му недостига само царство”. {ПП 650.1}
Голема мана на карактерот на Саула била неговата љубов кон пофалбите. Таа карактерна црта имала пресудно влијание врз неговите постапки и мисли; сè било обележано со стремеж кон пофалба и самоизвишување. Неговото мерило за правдата и неправдата било она ниско мерило на народното одобрување. Секој што се труди да им се допадне на луѓето, во животот нема да биде сигурен како оној што се труди пред сè да стекне Божјо одобрување. Во своето честољубие Саул сакал да биде прв меѓу оние што ги почитуваат луѓето, а кога ја слушнал споменатата песна, почувствувал сосем сигурно дека Давид ќе го задобие срцето на народот и дека ќе владее наместо него. {ПП 650.2}
Саул ѝ го отворил срцето на љубомората што му ја отрула душата. Наспроти поуките што ги добил од пророк Самоил, кои зборувале дека Бог ќе ја спроведе својата волја и дека никој во тоа не може да го спречи, царот покажал дека нема вистинско сфаќање за Божјите планови ниту за неговата моќ. Владетелот на Израел својата волја ѝ ја противставил на волјата на Севишниот. За време на своето царување, Саул не научил да го совладува својот дух. Дозволувал сетилните нагони да управуваат со неговиот разум сè додека не потонал во беснилото на страстите. Добивал и напади на срдба и во тие мигови бил во состојба дури да го убие секого што би ѝ се противставил на неговата волја. Од таква состојба запаѓал во состојба на очај и самопрезир. Тогаш би го обземала грижа на совеста. {ПП 650.3}
Тој радо ја слушал Давидовата музика на Харфа зашто тоа при времено го ослободувало од лошиот дух. Но еден ден, додека Давид свирел и од својот инструмент извлекувал прекрасни тонови што го придружувале неговиот фалбоспев упатен на Бога, Саул одненадеж фрлил копје кон пејачот со намера да му го оконча животот. Но Бог го спасил Давида, па неповреден побегнал пред јароста на збеснетиот цар. {ПП 650.4}
Колку омразата кон Давида станувала посилна, Саул повеќе барал прилика да го убие, но ниту еден од неговите планови за уништување на Божјиот помазаник не успеал. Саул целосно му се предал на лошиот дух кој владеел со него, а Давид се потпрел врз Оној кој е силен да избави и мудар да советува. „Стравот од Господа е почеток на мудроста” (Изреки 9:10) и Давид постојано се молел на Бога совршено да живее пред него. {ПП 651.1}
Сакајќи да се ослободи од присуството на својот соперник, Саул „го постави за илјадник”… А целиот Израел и Јуда го засакаа Давид”. Народот бргу забележал дека Давид е способен човек и дека сите работи што му биле доверени ги извршувал вешто и мудро. Советите на овој млад човек биле мудри и добро промислени, па без никакво сомнение можеле да се примаат и да се спроведуваат во дело, додека расудувањето на Саула често било несигурно а одлуките немудри. {ПП 651.2}
Иако Саул неуморно демнел чекајќи прилика да го уништи Давида, тој едновремено се плашел од него бидејќи било очигледно оти Господ е со него. Давидовиот беспрекорен карактер предизвикувал гнев кај царот. Му се чинело дека самото Давидово присуство и неговиот живот за него претставуваат укор, зашто споредбата на неговиот карактер со Давидовиот секогаш одела на негова штета. Саул се понижил поради својата завист и станал опасен за својот понизен приврзаник. Колку големи несреќи предизвикала таа карактерна црта во нашиот свет! Во срцето на Саула царувало истото непријателство што го негувал Каин против својот брат Авел затоа што делата на Авела биле праведни и што Бог го ценел, а неговите лоши па Бог не можел да го благослови. Зависта е ќе рка на горделивоста и ако ја негувате во своето срце, таа ќе предизвика омраза, а можеби и одмазда и убиство. Сатаната го покажувал својот карактер со тоа што кај Саула разгорувал гнев против оној кој никогаш ништо лошо не му сторил. {ПП 651.3}
Царот строго внимавал на Давида надевајќи се дека ќе најде некаква непромисленост или невнимателност што би можел да ја искористи како изговор да го доведе во немилост. Чувствувал дека за него нема и не може да има мир сè додека не му го одземе животот на тој млад човек, а сепак сакал пред народот да остане чист и да не сноси одговорност за своето лошо дело. Затоа за Давида смислил стапица: го поттикнувал да води жестока војна со Филистејците, а едновремено како награда за храброста му ја ветил раката на најстарата ќе рка од царското семејство. На тој предлог Давид скромно одговорил: „Кој сум јас, и каков е животот мој и родот на татко ми во Израел, та да станам царски зет?” Царот и тука ја покажал својата вероломност, давајќи ја принцезата на друг. {ПП 651.4}
Бидејќи најмладата ќерка на Саула, Михала, била наклонета кон Давида, царот тоа го искористил како нова можност да го уништи својот соперник. Раката на Михала му била понудена на младичот под услов да донесе докази дека уништил одреден број национални непријатели. „Саул си мислеше: и раката на Филистејците ќе биде врз него”, но Бог го штител својот слуга. Давид се вратил од битката како победник за да стане царев зет. „Сауловата ќерка, Михала го сакала Давид”, и јаросниот владетел сфатил дека неговите потфати само го издигнувале оној којтребало да го уништат. Му станувало сè појасно дека тоа е човекот за кого Господ кажал оти е подобар од него и дека наместо него ќе владее на престолот на Израел. Сосема отворено му наредил на Јонатана и на дворските службеници да го убијат омразениот младич. {ПП 652.1}
Јонатан му ја доверил на Давида намерата на царот и му кажал да се скрие додека тој не измоли од татка си да му го поштеди животот на ослободителот на Израел. Тој му изложил на царот што сè Давид сторил за да ја спаси честа па дури и животната опстановка на нацијата и колку страшна вина би почивала врз убиецот на човекот со кој Бог се послужил да ги растера нивните непријатели. Совеста на царот била трогната и срцето му смекнало. „И Саул го послуша гласот на Јонатан, и се заколна Саул: „Се колнам во Господ! Давид нема да умре”. Тогаш Давида го извеле пред Саула и тој продолжил да му служи на царот како и порано. {ПП 652.2}
Израел повторно завојувал против Филистејците и Давид ја предводел војската против непријателот. Евреите извојувале голема победа и народот од целото царство ја воспевал мудроста и витешката храброст на Давида. Тоа дало повод кај Саула повторно да се јави огорченост спрема Давида. Еднаш Давид пеел и свирел предцарот, исполнувајќи го дворот со мелодични звуци, кога Саула го обзел бес, па фрлил копје со цел омразениот пејач да го закове за ѕидот; но Божји ангел го променил правецот на смртоносното оружје. Тогаш Давид побегнал од дворот и отишол дома, но Саул пратил по него да го фатат и да го убијат штом изутрината ќе излезе. {ПП 652.3}
Михала го известила Давида за намерата на својот татко. Таа го наговорила да бега за да ја избави душата и го спуштила низ прозорецот така што тој успеал да побегне. Давид побегнал кај Самоила во Рама и пророкот го прифатил бегалецот, не плашејќи се од царевото негодување. Во сушта спротивност со атмосферата на Сауловиот двор, домот на Самоила бил место на вистински мир. Тука, меѓу планини, уважениот Божји слуга го продолжил своето дело. Самоил бил опкружен со пророчки синови кои темелно ја проучувале Божјата волја и со стравопочит слушале поуки од усните на пророкот. Давид тука слушнал драгоцени поуки од учителот на Израелците. Мислел дека трупите на Саула нема да се осмелат да влезат во ова свето место, но за затемнетиот ум на разочараниот цар ниедно место не претставувало светиња. Врската меѓу Давида и Самоила предизвикала љубомора кај царот, зашто се плашел дека Самоил, кого го почитувал цел Израел како Божји пророк, ќе му дава поддршка на неговиот соперник. Кога царот слушнал каде се наоѓа Давид, пратил гласници да го доведат во Гаваја, каде што планирал да ја изврши својата злосторничка намера. {ПП 653.1}
Гласниците се упатиле со намера да го убијат Давида, но над нив бил некој поголем од Саула. Попатно сретнале невидливи ангели, како некогаш Валам кога се упатил да го проколне Израел. Гласниците почнале да пророкуваат за она што ќе се случи во иднина и да ја објавуваат славата и величеството на Јехова. На тој начин Бог „и човечкиот гнев го пренасочил кон слава себеси”, и ја открил својата моќ да го запре злото. Едновремено својот слуга го опкружил со ангелска заштита. {ПП 653.2}
Веста за тоа стигнала до Саула кој жедно очекувал Давид да му падне в раце; но наместо да ја сфати Божјата опомена, тој уште повеќе се налутил и упатил други луѓе. И нив ги совладал Божјиот Дух па и тие пророкувале заедно со првите. Најпосле царот пратил луѓе и по третпат, но кога и тие дошле до првите, и врз нив слегол Божјиот Дух па со своето пророкување им се придружиле ним. Тогаш Саул решил сам да појде кај Давида, зашто не можел веќе да го совлада своето диво непријателство. Решил во никој случај да не ја одложува и да не ја пропушта приликата Давида да го уништи; имал намера да го убие со своја рака, штом ќе му се приближи, без оглед на тоа колку тешки ќе бидат последиците. {ПП 653.3}
Но на патот го сретнал Божји ангел и го совладал. Божјиот Дух го држел под своја власт и тој го продолжил патот изговарајќи зборови на молитва и пророштво и пеел свети мелодии. Го претскажувал доаѓањето на Месија како Спасител на светот. Кога стигнал пред куќата на пророкот во Рама, ја соблекол наметката што укажувала на неговата општествена положба и, под влијание на божествениот Дух, останал лежејќи пред Самоила и неговите ученици цел ден и цела ноќ. Од сите страни доаѓале луѓе да ја видат необичната сцена и насекаде се прераскажувало доживувањето на царот. Така меѓу Израелците, пред крајот на неговото владеење, повторно кружела изреката: „Зар и Саул е меѓу пророците?” {ПП 654.1}
Така и овој пат е спречена намерата на прогонувачот. Го уверувал Давида дека се измирил со него, но овој немал доверба во царевото каење. Затоа ја искористил можноста повторно да побегне, мислејќи дека расположението на царот пак ќе се измени. Срцето му било рането, па посакал уште еднаш да се види со својот пријател Јонатан. Свесен за својата невиност, го побарал царевиот син и го ословил со трогателни зборови: „Што направив јас, во што сум виновен, со што згрешив пред татко ти, та ја бара душата моја?” Јонатан верувал дека неговиот татко отстапил од намерата да го убие Давида. Затоа му рекол: „Не, ти нема да умреш. Ете, татко ми не прави ништо, било големо, било мало, без да им јави на ушите мои. Зошто татко ми ќе го крие тоа од мене? Тоа нема да биде”. По чудесното откровение на Божјата сила, Јонатан не можел да замисли дека татко му би му сторил некакво зло на Давида, зашто тоа би бил очигледен бунт против Бога. Но Давид не бил убеден во тоа. Со сериозен тон му рекол на Јонатана: „Но, ти се колнам во Господ и во твојата душа дека само еден чекор има меѓу мене и смртта”. {ПП 654.2}
Израелците празнувале свет празник „младина”. Таа свеченост требало да се одржи утредента. Очекувале обајцата млади луѓе да се појават на царската трпеза, но Давид не се осмелил да присуствува на ручекот, па се договориле да појде во Витлеем да ги посети своите браќа . На враќање требало да се скрие во полето недалеку од дворецот и три дена да не се појавува пред царот, со цел Јонатан да испита како ќе влијае тоа врз Саула. Во случај царот да праша каде е синот на Јесеја, Јонатан ќе одговори дека отишол дома да присуствува на жртвата што ја принесува семејството на татко му. При тоа, ако царот не се налути и ако одговори дека тоа е добро, тогаш Давид може со доверба да се врати на дворот. Но ако тоа царот го разгневи, тогаш е решено Давид да бега. {ПП 654.3}
Првиот ден од празникот царот не правел прашање поради Давидовото отсуство. Но кога неговото место останало празно и вториот ден, царот прашал: „Зошто синот Јесеев не дојде на ручек ниту вчера, ниту денес?Јонатан му одговори на Саул: ‘Давид измоли од мене да отиде во Витлеем,велејќи: Пушти ме, бидејќи имаме во градот родбинско принесување жртва, и брат ми ме покани; затоа, ако сум стекнал благонаклоност во очите твои, пушти ме да одам и да се видам со браќата свои; затоа тој и не дојде на царскиов ручек’”. Кога Саул ги слушнал тие зборови, кај него пламнал гнев. Рекол оти сѐ додека Давид е жив, Јонатан не ќе може да седне на израелскиот престол и барал веднаш да му го доведат Давида да го убие. И овој пат Јонатан се зазел за својот пријател велејќи: „Зошто да се убива? Што направил?” Ова прашање уште повеќе го разбеснело царот. Го дофатил копјето наменето за Давида и го фрлил кон својот роден син. {ПП 655.1}
Ожалостен и разочаран, царевиот син се оддалечил, не појавувајќи се веќе на гозбата. Душата му била обземена со болка кога во закажаното време отишол на местото каде што Давид требало да дознае каква намера има царот со него. Се фрлиле еден на друг во прегратка и горко плачеле. Мрачната страст на царот фрлила сенка врз животот на овие млади луѓе и тие не наоѓале зборови да ја изразат својата голема болка. Додека се разделувале, Давид ги слушнал последните зборови на Јонатана: „Оди со мир; а тоа, во кое се колневме двајцата во името Господово, велејќи: ‘Господ да биде меѓу мене и твоето семе’, нека биде засекогаш”. {ПП 655.2}
Царевиот син се вратил во Гаваја, а Давид побрзал во Нов, град оддалечен неколку километри од тука, кој исто така му припаѓал на племето на Венијамина. Во тоа време тука се наоѓал шаторот за состанок кој некогаш бил во Силом, и сега тука служел првосвештеникот Ахимелех. Давид не знаел каде да бега, па побарал засолниште кај Божјиот слуга. Првосвештеникот го сретнал со чудење, зашто дошол набрзина и сам, а на лицето се видело дека е загрижен и ујаден. Го прашал зошто дошол. Младичот постојано се плашел да не го пронајдат, па во својата крајна неволја кажал невистина. Објаснил дека царот го пратил во тајност да изврши некоја задача што не смее да се одлага. Тука покажал дека му недостига вера во Бога и поради тој негов грев првосвештеникот го загубил животот. Кога Давид би ја кажал вистината, Ахимелех би знаел што треба да стори за да му го спаси животот. Бог бара неговиот народ да ја сака вистината и за време на најголемата опасност. Давид побарал од свештеникот пет лебови. Божјиот човек имал само лебови од светињата, но на Давида му пошло од рака да ја смири совеста на свештеникот и да добие леб за да го уталожи гладот. {ПП 655.3}
Но тогаш се појавила нова опасност. Старешината над Сауловите пастири, некој си Доег, кој ја примил верата на Израелците, дошол тука да се моли на Бога. Кога Давид го забележал, побрзал да најде некое друго засолниште и да побара какво и да е оружје со кое, во случај на опасност, би можел да се брани. Затоа го замолил Ахимелеха за некаков меч; овој му одговорил дека го има само мечот на Голијата кој е донесен во Светилиштето да се чува како спомен. Тогаш Давид одговорил: „Таков веќе нема; дај ми го”. Храброста му се вратила кога се добрал до мечот со кој некогаш се послужил да го убие филистејскиот јунак. {ПП 656.1}
Давид побегнал кај Анхус, царот гетски, зашто мислел дека ќе биде посигурен меѓу непријателите на својот народ отколку во која било Саулова област. Но на Анхус му било кажано дека Давид е оној човек кој некогаш го убил филистејскиот јунак. Така Давид, барајќи прибежиште меѓу непријателите на Израел, се изложил во голема опасност. За да се спаси, Давид се престорил во луд човек и така успеал да побегне. {ПП 656.2}
Прва Давидова грешка била што во Нов не покажал целосна доверба во Бога, и втора, што го прелагал Анхуса. Давид имал благородни карактерни црти, а благодарение на својата морална вредност, стекнал наклоност кај народот. Меѓутоа, кога се нашол во искушение, неговата вера се поколебала и тој пројавил човечка слабост. Кај секој човек видел шпион и поткажувач. Во миговите на голема опасност, Давид постојано и со цврста вера гледал во Бога, па Бог му помогнал да го победи филистејскиот џин. Се потпирал врз Бога и одел во негово име. Но кога бил отфрлен и прогонет, неволјата и јадот сториле тој речиси да го загуби од вид својот небесен Отец. {ПП 656.3}
Ова искуство сепак на Давида му помогнало; морал да ја увиди својата слабост и неопходност од постојано потпирање врз Бога. О колку е драгоцено и пријатно влијанието на Божјиот Дух кога доаѓа кај разочараните и потиштени души! Тој кај очајните буди храброст, слабите ги засилува и на искушуваните Божји слуги им дава помош! О каков Бог имаме ние! Тој нежно постапува со заблудените и им го открива своето големо трпение и љубов кога се во неволја или кога душата им ја притиска некој голем јад. {ПП 657.1}
Секој погрешен чекор што ќе го направат Божјите деца, е знак на недостиг на вера. Кога душата ќе ни ја обземе темнина и кога ќе ни затреба видело и Божјо водство, мораме да отвориме очи; зад тоа постои светлина. Давид не смеел ниту за миг да се посомнева во Бога. Ги имал сите услови да се потпре врз него: бил Божји помазаник, па и среде најголеми опасности го штителе Божји ангели; бил вооружен со храброст да направи чудесни работи; и, не осврнувајќи се на тешкотиите во кои се нашол, кога своите мисли би ги упатил кон Божјата сила и величество, би можел да најде мир дури и во сенката на смртта; со сигурност можел да го повторува Божјото ветување: „Планини ќе се поместат, и ридови ќе се разнишаат, но Мојата милост нема да отстапи од тебе и заветот на Мојот мир нема да се разниша, вели Господ, Кој те милува” (Исаија 54:10). {ПП 657.2}
Прибежиште од прогонствата на Саула Давид побарал во планините на Јудеја. Успеал среќно да се засолни во Адуламската пештера, од каде што било можно дури и со малку луѓе да пружи отпор на цела војска. „А кога слушнаа браќата негови и сиот татков дом негов, дојдоа таму кај него”. Семејството на Давида не се чувствувало безбедно, знаејќи дека роднинството со Давида ќе предизвика кај Саула неразумен гнев. Го дознале она што морало постепено да се прочуе низ цел Израел, а тоа е дека Бог го избрал Давида за иден владетел на својот народ; затоа сметале дека ќе биде посигурно ако останат со Давида, без оглед што тој е бегалец и што живее во зафрлена пештера, отколку да останат изложени на болниот бес на љубоморниот цар. {ПП 657.3}
Во Адуламската пештера цело семејство се соединило во љубов и слога. Синот на Јесеја во придружба на својата харфа можел да пее: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат еднодушно” (Псалм 133:1). Тој некогаш ја почувствувал сета горчина на недовербата од страна на своите браќа; затоа слогата што дошла сега наместо раздорот го радувала срцето на изгнаникот. Тука Давид го опеал педесет и седмиот псалм. {ПП 658.1}
Набргу на Давида му се придружиле и други луѓе кои сакале да го избегнат царевиот притисок. Мнозина ја загубиле довербата во водачот на Израел, зашто виделе дека веќе не го води Божјиот Дух. „Се собраа кај него сите подјармени, сите должници и сите душевно огорчени, и тој им стана началник; и со него беа околу четиристотини души”. Тука Давид основал свое малечко царство во кое владееле ред и чесност. Но дури ни во оваа горска пештера Давид не се чувствувал сосема безбедно, зашто постојано добивал докази за тоа дека царот не отстапил од своите крвнички намери. {ПП 658.2}
За своите родители нашол прибежиште кај Моавскиот цар, а самиот тој, откако бил предупреден од еден Божји пророк за опасноста, побегнал од својата пештера во шумата Херет. Искуствата низ кои поминувал Давид не биле бесполезни. Бог му давал поуки кои ќе го оспособат да стане мудар војсководител и праведен и милозлив цар. Со својата група бегалци Давид се приготвил да го преземе делото за кое Саул, поради своите крвнички страсти и слепа љубомора, бил наполно неподобен. Луѓето не можат да ги отфрлаат Господовите совети, а при тоа сепак да ја сочуваат онаа смиреност и мудрост што би ги оспособиле да постапуваат праведно и мудро. Ништо не е толку страшно и толку безнадежно како лудоста што се гледа во тоа кога човекот следи човечка мудрост со која не управува Божјата мудрост. {ПП 658.3}
Саул се приготвувал да го фати Давида во Адуламската пештера, и кога се дознало дека Давид побегнал оттаму, царот многу се налутил. Бегството на Давида за Саула било голема тајна. Тој тоа себеси можел да си го објасни само така дека во неговиот логор имало предавници кои на синот на Јесеја му пренесувале сè. {ПП 658.4}
Ги уверувал своите советници дека против него е скован заговор. Ветувал големи подароци и завидни положби, поткупувајќи ги на тој начин да му оддадат кој од неговите луѓе е пријател на Давида. Тогаш му кажале за Доег Идумеецот. Поттикнат од честољубието и дрчноста, а полн со омраза кон свештеникот кој ги прекорувал неговите гревови, Доег раскажал како Давид го посетил Ахимелеха, претставувајќи ја работата во таква светлина што разгорела гнев кај Саула против овој Божји човек. Зборовите на овој злонамерен човек со пеколен јазик поттикнале најлоши страсти во срцето на Саула. Вон од себе од бес, царот изјавил дека целото семејство на свештеникот мора да биде убиено. Страшната наредба веднаш е извршена. Не само Ахимелех, туку и сите членови на семејството на неговиот татко – „осумдесет и пет мажи што носеа ленен ефод” тогаш го загубиле животот по наредба на царот и тоа од рацете на убиецот Доег. {ПП 659.1}
„Го нападна со меч и Нов, свештеничкиот град; уби со меч мажи и жени, момчиња и девојчиња, волови, магариња и овци”. Ете што можел да стори Саул кога сатаната загосподарил над него. Кога Бог рекол дека лошите дела на Амалиците ја надминале мерката и кога му наредил потполно да ги истреби, тој од божемно сожалување не можел да ја изврши Божјата наредба, па го поштедил она што било одредено да се уништи; а сега, без никаква Божја заповед, под водство на сатаната, можел да ги убие Господовите свештеници и да им направи толку големо зло на жителите на Нов. Толку е голема расипаноста на човечкото срце кое го одбива Божјото водство. {ПП 659.2} Тој настан сите Израелци ги исполнил со ужас. Тоа недело го сторил царот што го избрале тие. Го правел истото она што го правеле и царевите на другите народи кои не се боеле од Господа. Ковчегот на заветот бил меѓу нив, но свештениците кои ги советувале биле убиени со меч. Што можело да се очекува потоа? {ПП 659.3}