23. ЕГИПЌАНИТЕ ГИ СНАОЃААТ КАЗНИ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Излез 5-10 глава

Ангелите го упатиле Арона да тргне во пресрет на својот брат со кој толку долго не се видел; и тие се сретнале среде пустинската самотија, недалеку од Хорев. Тука поразговарале за сѐ. „Мојсеј, пак, му ги кажа на Арона сите зборови Господови, за кои го прати, и сите знаци што му ги беше заповедал” (Излез 4:28). Потоа заедно се упатиле во Египет; и кога стигнале во Гесемската земја, се собрале сите Израелски старешини. Арон им пренел сѐ што сторил Бог и што му рекол на Мојсеја, а потоа Мојсеј им ги покажал знаците што му ги дал Бог. „Народот поверува. И откако слушнаа дека Господ ги посетил синовите израелски и погледнал на маката нивна, паднаа на колена и се поклонија” (Излез 4:31). {ПП 257.1}

Мојсеј имал задача и на царот да му пренесе една порака. Како пратеници на Царот над царевите, Мојсеј и Арон стапиле во фараоновата палата и проговориле во Господово име: „Вака вели Господ, Бог Израелов – ‚Пушти го народот Мој, да празнува празник во Моја чест во пустината”. {ПП 257.2}

„Кој е тој Господ, за да го послушам гласот Негов?” возвратил монархот. „Не Го познавам тој Господ, ниту ќе го пуштам народот израелски”. {ПП 257.3}

„А тие рекоа: Бог на Евреите нè повика нас три дена пат да одиме во пустината, за да Му принесеме жртва на Господ, нашиот Бог, та да не ни испрати помор или убиство”. {ПП 257.4}

Царот веќе слушнал за нив и за интересот што го предизвикале тие кај народот. Нивните зборови распалиле кај него гнев и тој извикал: „Зошто вие, Мојсеј и Арон, го одвлекувате (мојот) народ од неговата работа? Одете (си секој од вас по својата работа)!” Во царството веќе се почувствувала загуба откако овие двајца странци почнале да внесуваат нарушување. Мислејќи на тоа, фараонот додал: „Ете, сега кога народот се намножи во земјата, вие сакате да го натерате да не работи” (Излез 5:5). {ПП 257.5}

Во текот на своето мачно робување, Израелците во извесна мера го загубиле вистинскиот поим за Божјиот закон и отстапиле од неговите прописи. Саботата воопшто малку е почитувана, а притисокот и прекумерните барања на нивните надзорници привидно потполно го оневозможиле нејзиното празнување. Меѓутоа, Мојсеј му објаснил на својот народ дека прв услов за ослободување е послушноста кон Бога; и напорите што биле вложени во тоа повторно да се воведе почитување на саботата, не останале незабележани од страна на нивните угнетувачи. {ПП 258.1}

Царот бил мошне возбуден и вознемирен, претпоставувајќи дека Израелците имаат намера со бунт да се ослободат од робувањето и од служењето нему. Според негово мислење, незадоволството било последица на безделничењето, па затоа сакал да им скуси секој миг од слободното време во кое би можеле да ги коват своите опасни планови. Веднаш презел мерки нивните окови уште повеќе да ги стегне за да се скрши и да се уништи нивниот независен дух. Истиот ден се издадени нови наредби кои уште посвирепо ја отежнале нивната и онака тешка работа. Најчесто употребуван градежен материјал во таа земја биле тулите сушени на сонце. Ѕидовите на најубавите градби се изградени од тој материјал, а потоа обложувани со камен; и за правење на тие тули биле користени многубројни робови. Бидејќи при изработката на тулите иситнетата слама или плева се мешани со кал за тулите да бидат цврсти, за таа работа биле потребни огромни количества слама. Тој ден царот наредил да не ги снабдуваат веќе со слама која сега сами работниците морале да ја набавуваат како што знаат, а сепак и понатаму да испорачуваат ист број тули како и до тогаш. {ПП 258.2}

Таа наредба внела голема загриженост меѓу Израелците во целата земја. Египетските настојници поставиле одделни луѓе од Евреите за управители да ја надгледуваат работата и тие биле одговорни за работата на своите потчинети. Кога оваа наредба на царот стапила во сила, народот се разотишол по сета земја да корне стрниште наместо плева; но било неможно во исто време да го свршат и тоа и да направат ист број тули како и обично. За тој недостиг еврејските управители биле свирепо тепани. {ПП 258.3}

Мислејќи дека нивните маки доаѓаат од настојниците, а не од самиот цар, еврејските управители пошле кај царот да се жалат. Фараонот ги пречекал со презир: „Седите без работа, не работите, па затоа велите: ‚Да одиме да Му принесеме жртва на Господ”. Им било наредено да се вратат на работа и товарот во никој случај да не им се олеснува. Кога се вратиле, ги сретнале Мојсеја и Арона и им се изнавикале ним: „Бог нека види и нека ви суди што нè направивте омразени кај фараонот и кај службениците негови, и им дадовте меч во рацете, за да нè убиваат”. {ПП 258.4}

Кога Мојсеј ги ислушал тие прекори, му било мошне жал и многу се загрижил. Народот морал значително повеќе да страда. На сите страни се слушнале очајни пекања и од старите и од младите и сите се согласиле во тоа дека тој е виновен за драстичното влошување на нивната и онака тешка состојба. Со горчина во душата Мојсеј му се обратил на Господа со зборовите: „Господи, зошто го воведе во неволја овој народ и зошто ме испрати мене?Зашто, откако излегов пред фараонот и проговорив во Твое име, тој уште полошо постапува со овој народ? Ти не го избави народот Свој”. Одговорот гласел: „Еве, ќе видиш што ќе му направам сега на фараонот; под дејство на силна рака ќе ги пушти; под дејство на цврста рака дури ќе ги истера од земјата своја”. Повторно му било укажано на сојузот (заветот) склучен со неговите татковци и Бог го уверувал дека тој завет ќе биде исполнет. {ПП 259.1}

За време на робувањето во Египет, меѓу Израелците имало луѓе кои му останале верни на Јехова. Нив ги опфаќала тага и загриженост кога секојдневно гледале како нивните деца присуствуваат на гнасотиите на незнабоштвото и како дури и се клањаат на нивните лажни богови. Во својата неволја и потиштеност пекале пред Бога да ги ослободи од египетскиот јарем за да се ослободат од разурнувачкото влијание на идолопоклонството. Тие не се откажувале од својата вера, туку им објаснувале на Египќаните дека предмет на нивно обожавање е Творецот на небото и земјата, единствениот вистински и жив Бог. Им изнесувале докази за неговата моќ и за неговото постоење од создавањето до деновите на Јакова. Така на Египќаните им била дадена можност да се запознаат со еврејската вера; но сметајќи дека им е под достоинство да бидат поучувани од своите робови, се труделе Божјите почитувачи да ги заведат со ветувања и награди, а кога тоа не успеало, применувале закани и свирепости. {ПП 259.2}

Израелските старешини настојувале да ја одржат верата на своите браќа, повторувајќи им ги ветувањата дадени на нивните татковци и пророчките зборови што ги изговорил Јосиф пред својата смрт, претскажувајќи го нивното ослободување од Египет. Некои тоа го слушале и верувале. Други, гледајќи ги околностите што ги опкружувале, ја губеле надежта. Кога Египќаните дознале за што се зборува меѓу нивните робови, ги исмевале нивните очекувања и подбивно ја оспорувале моќта на нивниот Бог. Укажувајќи им на фактот дека се само нација на робови, зајадливо им дофрлале: „Ако вашиот Бог е праведен и милосрден и ако има поголема моќ отколку египетските богови, зошто не ве стори слободен народ?” Им ја истакнувале својата состојба. Тие се клањале пред божества кои Израелците ги нарекувале лажни богови, а сепак биле богата и силна нација. Се фалеле дека нивните богови ги благословиле со изобилство и дека тие им ги предале Израелците да им робуваат, и се расфрлале со својата сила што, оние кои му служат на Господа, можат да ги угнетуваат и уништуваат. Самиот фараон се фалел дека Евреите ни самиот нивни Бог не може да ги избави од неговите раце. {ПП 259.3}

Во срцето на многу Израелци ваквите и слични зборови уништиле секоја надеж. Им се чинело дека навистина е така како што зборуваат Египќаните. Било вистина дека се робови и дека нивните угнетувачи можат да прават со нив што сакаат. Децата им ги ловеле и ги убивале, а и на самите нив животот им бил во опасност. Но тие сепак го почитувале небесниот Бог и нему му ги упатувале своите молитви. Ако Јехова навистина е над сите други богови, Тој сигурно нема да ги остави така да им робуваат на идолопоклониците. Меѓутоа, оние што му останале верни на Бога, сфатиле дека до тоа дошло затоа што Израел се одвоил од Бога, што подлегнал на склоностите да стапува во брачни врски со идолопоклониците и со незнабожечките народи и така бил наведен да служи на лажни богови. Тие верувале дека тоа биле причините што Бог дозволил тие да станат робови и ги уверувале своите браќа дека Тој наскоро ќе го скрши јаремот на ропството и угнетувањето. {ПП 260.1}

Евреите очекувале да бидат ослободени без никакво посебно испитување на нивната вера или без какви и да е страдања и тешкотии. Но тие уште не биле подготвени за ослободување. Нивната вера во Бога била слаба и тие не биле готови стрпливо да ги поднесуваат своите неволји сѐ додека Бог не види дека се оспособиле за делото што ги очекува. Мнозина од нив побргу би се согласиле да останат во ропство, отколку да се изложат на тешкотиите поврзани со преселбата во една непозната земја; а и обичаите на многу Израелци веќе биле толку слични на обичаите на Египќаните, што повеќе сакале да останат во Египет. Затоа Господ не ги ослободил веднаш кога првпат ја покажал својата сила пред фараонот. Тој така ги водел настаните, за египетскиот цар да може во целост да го покаже својот тирански дух, а самиот Тој поцелосно да му се открие на својот народ. Кога ќе ја видат неговата правда, неговата моќ и љубов, тогаш ќе решат да го напуштат Египет и да ѝ се посветат на неговата служба. Задачата на Мојсеја би била многу полесна кога меѓу Израелците не би имало толку заведени кои не биле подготвени да го напуштат Египет. {ПП 260.2}

Господ му заповедал на Мојсеја да му го повтори на народот ветувањето за ослободување, со ново уверување во Божјата милост. Тој постапил како што му било наредено, но тие не сакале да го слушаат. Светото писмо кажува: „Но тие не го послушаа Мојсеј од малодушност, поради тешкото ропство”. Затоа Бог повторно му наредил на Мојсеја: „Влези, кажи му на фараонот, царот египетски, да ги пушти израелските синови од земјата своја”. Заплашен и обесхрабрен, Мојсеј одговорил: „Ете, синовите на Израел не ме послушаа, а како ќе ме послуша фараонот?” Господ му рекол да го поведе со себе и Арона и пак да излезе пред фараонот со барање „да ги пушти синовите израелски од земјата египетска”. {ПП 260.3}

Му било кажано дека владетелот нема да попушти сѐ додека Бог не ги излее своите казни врз Египет и додека не ги изведе Израелците со помош на исклучителна пројава на својата сила. Пред појавата на секое поединечно најавено зло, Мојсеј на фараонот би му ја опишал нивната природа и нивното дејствување за да може да биде поштеден ако се согласи да го пушти народот. По секое негово одбивање откако ќе поминела претходната казна, следела уште поостра и потешка додека гордото срце не му се скршило и додека не го признал Творецот на небото и земјата како единствен жив и вистински Бог. Господ на Египќаните им дал можност да видат колку е ништожна мудроста на нивните силници и несигурна моќта на нивните богови кога ќе им се спротивстават на заповедите на Јехова. Тој решил да го казни египетскиот народ поради нивното идолопоклонство и да го замолкне нивното прчење со благословите добиени од нивните безживотни богови. Бог решил да го прослави своето име за и другите народи да слушнат за неговата моќ и да затреперат пред неговите силни дела, и неговиот народ да се одврати од лажните богови и да му служи само нему. {ПП 263.1}

Мојсеј и Арон повторно стапиле во раскошните сали на египетскиот цар. Тука, опкружени со високите столбови и со сјајните украси, со богати слики и со извајани кипови на незнабожечките богови, пред владетелот на најсилното царство во тоа време стоеле двајца претставници на поробениот народ, барајќи повторно слобода за Израел, како што им наредил Бог. Царот побарал да направат некое чудо за да докажат дека Бог ги праќа. Мојсеј и Арон добиле упатство што треба да прават во случај од нив да се побара такво нешто, и Арон го фрлил својот стап пред фараонот. Од стапот настанала змија. Царот ги повикал „мудреците (египетски) и волшебниците”. „И секој од нив го фрли својот стап и тие станаа змии; меѓутоа стапот Аронов ги проголта нивните стапови”. При тоа царот, порешително од кога било, одговорил дека и неговите волшебници имаат иста моќ како и Мојсеј и Арон, и дека Господовите слуги всушност се измамници, и затоа се почувствувал сосема сигурен да ги одбие нивните барања. Но, иако ја презирал нивната порака, Божјата сила го ограничила да не им стори никакво зло. {ПП 263.2}

Пред фараонот чуда правела Божјата рака, а не некоја човечка моќ или влијание со кое располагале Мојсеј и Арон. Тие знаци и чуда се направени со цел да го осведочат фараонот дека Мојсеја го пратил големиот „Јас сум”, и должност на царот била да ги пушти Израелците слободно да му служат на живиот Бог. И волшебниците исто така покажале знаци и чуда, но тие тоа не го изведувале со своја сила или вештина, туку со помош на силата на сатаната кој, како нивни бог, им помагал да го имитираат делото на Јехова. {ПП 264.1}

Волшебниците не ги претвориле вистински стаповите во змии, туку со помош на големиот измамник, со ѓаволштини успеале само да предизвикаат таков впечаток. Сатаната не можел стаповите да ги претвори во живи змии. Кнезот на злото, иако сѐ уште ја има сета мудрост и сила на еден паднат ангел, сепак, немал моќ да создава или да дава живот; тоа предимство му припаѓа само на Бога. Но сѐ што било во власта на сатаната, тој го правел; извршил имитација. За човечките очи стаповите навистина се претвориле во змии. Дека тоа е така верувале и фараонот и неговите дворјани. Нивните змии надворешно во ништо не се разликувале од змиите што настанале од Мојсеевиот стап. Иако Господ сторил вистинската змија да ги проголта лажните, сепак фараонот во тоа не видел дело на Божјата сила, туку последици на еден вид маѓепсување посилно од волшепствата на неговите слуги. {ПП 264.2}

Фараонот сакал да ја оправда својата упорност во противењето против Божјата заповед и затоа барал каква било причина да го омаловажува чудото што го направил Бог преку Мојсеја. Сатаната му го дал токму тоа што го барал. Со делото што го сторил преку волшебниците, тој пред Египќаните создал впечаток дека Мојсеј и Арон се само волшебници и гатачи и дека пораката што ја носат не може да биде почитувана како да доаѓа од некое повисоко суштество. Така подметнувањето на сатаната ја остварило својата цел што се состоела во тоа да ги охрабри Египќаните во нивното противење и да му го стврдне срцето на фараонот пред свеста за сопствената вина. Сатаната исто така се понадевал дека ќе ја поколеба верата и на Мојсеја и Арона во божественото потекло на нивната мисија и во надмоќноста на силата на неговите орудија. Тој бил против тоа синовите Израелови да се ослободат од ропството за да му служат на живиот Бог. {ПП 264.3}

Но кнезот на злото имал уште една подлабока намера кога ги покажувал своите чуда преку египетските волшебници. Тој мошне добро знаел дека Мојсеј во своето настојување да го скрши ропскиот јарем на синовите Израелови го претставува Христа кој требало целиот човечки род да го ослободи од јаремот на гревот. Тој знаел дека и Христос, кога ќе се појави, ќе прави големи чуда за да му докаже на светот дека Бог го пратил. Сатаната се тресел за својата власт. Обидувајќи се да го имитира Божјото дело извршено преку Мојсеја, се надевал не само дека ќе го попречи ослободувањето на Израелците, туку и дека ќе прошири влијание кое со векови подоцна ќе ја поткопува верата во Христовите чуда. Сатаната постојано се труди да го имитира Христовото дело и да ја утврди својата власт на која упорно полага право. Тој ги наведува луѓето Христовите чуда да ги сметаат и да ги објаснуваат како последица на човечка вештина и моќ. Во срцата на мнозина тој на ист начин ја уништува верата во Христа како Божји Син и ги наведува да ја отфрлат понудената милост дадена во планот на откупувањето. {ПП 264.4}

Царот обично наутро шетал по брегот на реката, и Мојсеј и Арон следното утро биле упатени да го побараат таму. Бидејќи Нил го плавел земјиштето и бил извор на храна и богатство за цел Египет, таа река Египќаните ја сметале и ја почитувале како божество, и владетелот секој ден одел таму да ѝ укаже почит. Тука обајцата браќа ја повториле својата порака, а потоа Мојсеј го пружил својот стап и удрил со него по водата. Светата река се претворила во крв и сите риби во неа загинале, а таа почнала одвратно да смрди. И водата по куќите, што ја чувале Египќаните како резерва во нарочни цистерни, исто така се претворила во крв. „Но и врачевите египетски го направија истото со своето вражање”.  „Потоа се сврте фараонот и си отиде дома; и ни од тоа не се поучи тој”. Мачењето траело седум дена, но без ефект. {ПП 265.1}

Уште еднаш стапот бил испружен над водата, па излегле жаби од реката и се разотишле по сета земја. Влегле во одаите, во спалните, па дури и во печките за леб и во ноќвите. Египќаните и жабите ги сметале за свети животни и не ги уништувале, но таа лигава напаст станала неснослива. Дури скокале и во палатата на фараонот, па владетелот нестрпливо сакал да бидат отстранети. Врачевите успеале да предизвикаат впечаток како тие да ги навлекле жабите, но не можеле да ги отераат. Кога го видел тоа, фараонот станал малку попонизен. Ги повикал Мојсеја и Арона и им рекол: „Помолете Му се на Господ, да ги отстрани жабите од мене и од народот мој, и јас ќе го пуштам народот да Му принесе жртва на Господ”. Потсетувајќи го царот на неговото поранешно фаленичко и растурливо однесување, браќата побарале да им одреди време кога треба да се молат за злото да биде отстрането. Тој им го определил утрешниот ден, надевајќи се потајно дека за тоа време сами жабите ќе исчезнат и со тоа ќе го сочуваат од горчливото понижување да му се потчини на Израеловиот Бог. Но мачењето траело точно до определеното време, кога сите жаби во цел Египет испоцркале, но нивните тела, растурени на сите страни, со своето распаѓање го загадувале и го труеле воздухот. {ПП 265.2}

Господ можел за миг сите да ги претвори во прав, но не постапил така за владетелот и неговиот народ да не кажат оти и тоа е резултат на вражање какво што знаат и нивните волшебници. Телата на мртвите жаби ги собирале на купишта. Со тоа и на владетелот и на цел Египет им е даден доказ што нивната ништожна филозофија не можела да го побие доказ дека тоа дело не било изведено со некакви волшепства, туку дека навистина претставувало казна од страна на небесниот Бог. {ПП 266.1}

„А кога фараонот виде дека злото помина, му отврдна срцето”. По Божја наредба Арон ја пружил својата рака и сиот прав во целата египетска земја се претворил во вошки. Фараонот ги повикал волшебниците да го сторат истото тоа, но тие не можеле. Со тоа било покажано дека Божјото дело е посилно од делото на сатаната. Сами вражачите признале: „Ова е знак Божји”. Но царот сепак останал упорен. {ПП 266.2}

Апелите и опомените не ги дале саканите резултати и морала да уследи нова казна. Времето на нејзиното дејствување однапред било кажано за да не кажат после дека дошла случајно. Некој гаден вид мушички ги исполниле куќите и полињата така што „се во земјата се расипа од мушичките”. Тие „мушички” биле големи и отровни и нивното каснување им задавало големи болки на луѓето и животните. Како што било однапред кажано, земјата Гошен не била зафатена со оваа казна. {ПП 266.3}

Тогаш фараонот им понудил на Израелците да принесат жртва внатре во Египет, но тие не се согласиле со тој предлог. „Не е можно така да биде”, рекол Мојсеј, „зашто принесувањето жртва на Господ, нашиот Бог, е нечисто за Египќаните; ако ние принесеме нечиста за Египќаните жртва пред нивните очи, нема ли тие да нè убијат со камења?” Оние животни што ги принесувале Израелците на жртва, Египќаните ги сметале за свети; а страхопочитувањето кон тие животни било толку големо, што е сметано за смртно злосторство ако некое од нив дури и случајно, се убие. Според тоа, Евреите не можеле да принесуваат жртви во Египет, а со тоа да не ги повредат чувствата на своите господари. Затоа Мојсеј повторно предложил да одат три дена пеш в пустина. Владетелот се согласил и ги замолил Божјите слуги да се молат на Бога да го отстрани злото. Тие му ветиле дека ќе го сторат тоа, но го предупредиле поради неговата поранешна измама и неговото однесување со нив. Неволјата била отстранета, но срцето на владетелот поради постојаната упорност толку се стврднало, што сѐ уште одбивал да ги пушти. {ПП 266.4}

Настапил уште еден пострашен удар помор на сиот добиток во Египет што се затекол во полето. Гинеле, како светите животни, така и запрежниот добиток: крави, волови, овци, коњи, камили, магариња. Било изрично нагласено дека Евреите ќе бидат поштедени од тоа; и кога царот пратил гласници во куќите на Израелците, се покажало дека е вистина она што го кажал Мојсеј: „Од добитокот израелски не беше загинато ниту едно грло”. Царот и натаму останал упорен. {ПП 267.1}

Тогаш Мојсеј добил налог да земе пепел од печка и да „ја фрли пред фараонот спрема небото”. Тој чин имал длабоко значење. Четиристотини години пред тоа, Бог на Аварама, угнетувањето што го очекувало неговиот народ во иднина, му го прикажал во симболот на „дим како од печка и огнен пламен” (Создавање 15:17). Тој тогаш рекол дека угнетувачите ќе ги казни со своите казни, а поробените ќе ги ослободи со големо богатство. Израелците во Египет долго чамееле во „печка” на неволји. Оваа постапка на Мојсеја за нив била сигурен доказ дека Бог си споменал за своите заветни ветувања и дека настапило време за нивно ослободување. {ПП 267.2}

Пепелот фрлен во вис се растурил низ цел Египет во вид на фин прав и секаде каде што паднал „се појавија (струпје) красти… и на луѓето и на добитокот”. До тогаш свештениците и волшебниците го храбреле и го поддржувале фараонот во неговата тврдоглавост, но сега настапил суд што ги погодил и нив. Нападнати од одвратната и мачна болест, пред која нивната фаленичка сила била немоќна и ги правела само уште повеќе презрени, не биле веќе во состојба да се борат против Израеловиот Бог. Цела нација морала да увиди колку е глупаво да им се верува на волшебниците кога не се во состојба да се заштитат ниту самите себеси. {ПП 267.3}

Но срцето на фараонот сѐ уште било тврдо. И тогаш Бог му пратил порака: „Овој пат ќе ги пуштим сите зла на тебе, на твоите слуги и на твојот народ, за да познаеш дека нема друг како што сум Јас на целата земја… а тебе те оставив досега само за да ја покажам над тебе мојата сила”. Бог не му го дал животот со таа цел, но со своето провидение така ги водел настаните, за токму тој фараон да се најде на престолот кога дошло време за ослободување на Израел. Иако тој горделив тиран со своите злосторства ја проиграл Божјата милост, животот сепак му бил поштеден, со цел, благодарение на неговата тврдоглавост, Господ да може да ги покаже своите чуда во египетската земја. Со настаните управува Божјото провидение. Тој на престолот можел да постави некој помилосрден цар кој не би смеел да ѝ се спротивставува на моќната Божја сила. Но во тој случај не би биле остварени Господовите намери. Тој дозволил неговиот народ да ја почувствува угнетувачката свирепост на Египќаните за да добие вистинска слика за понижувачкото влијание на идолопоклонството. Во своите постапки со фараонот, Бог ја покажал својата омраза кон идолопоклонството и својата решителност во казнувањето на свирепоста и угнетувањето. {ПП 267.4}

Што се однесува до фараонот, Бог рекол: „А Јас, пак, ќе го ожесточам срцето негово, да не го пушти народот” (Излез 4:21). Не била потребна никаква натприродна сила за да се стврдне срцето на царот. Бог му дал на фараонот најубедливи докази за својата моќ, но владетелот упорно одбивал да ја прими светлината. При секоја пројава на бесконечната сила што тој ја отфрлил, станувал сѐ порешителен во своето опирање. Семето на бунт што е посеано кога го отфрлил првото чудо донело своја жетва. А кога се осмелил да продолжи со таквото однесување и бидејќи неговата упорност постојано растела, срцето му станувало сѐ потврдо додека најпосле не го видел студеното мртво лице на својот првенец. {ПП 268.1}

Бог им зборува на луѓето преку своите слуги, упатувајќи им опомени и предупредувања и осудувајќи го гревот. Тој на секого му дава можност да ги поправи своите грешки пред тие да се вгнездат во карактерот; но ако некој ја одбие понудената милост и не сака да се поправи, Божјата сила не посредува да го осуети она кон што се насочени неговите постапки. На таквиот човек му се чини дека е полесно да ја повтори истата грешка отколку да ѝ се противстави: така срцето на грешникот се стврднува и се затвора пред влијанието на Светиот Дух. А натамошното отфрлање на светлината го доведува во положба во која многу посилни влијанија не можат да помогнат. {ПП 268.2}

Оној што еднаш ќе му подлегне на искушението, вторпат ќе му подлегне многу полесно. Секое повторување на гревот ја намалува силата да му се противставиме, ги заслепува очите и го задушува убедувањето. Секое посеано семе на попустливоста донесува и свој плод. Бог не прави чуда за да ја спречи жетвата. „Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее” (Галатјаните 6:7). Оној што покажува неверничка дрскост и тапа рамнодушност кон Божјата вистина, ќе го пожнее она што самиот го сеел. Оттаму илјадници луѓе потполно рамнодушно ги слушаат оние вистини кои некогаш ги трогнувале до срце и длабоко ги возбудувале. Тие сееле запоставување и опирање кон вистината и истото тоа мораат и да го жнеат. {ПП 268.3}

Сите оние што својата немирна совест ја стивнуваат со мислата дека својот лош пат можат да го изменат секогаш кога ќе посакаат и кои мислат дека со повикот на милоста можат да си играат и да го прифатат кога ќе им се стори ним погодно, се изложуваат на голема опасност и тоа го прават на свој погибел. Разгледувајќи го сето свое влијание на страна на големиот бунтовник, тие мислат дека во последниот миг од опасноста можат да го променат водачот. Но тоа не се изведува така лесно. Искуството, воспитувањето и навиките на постојано попуштање кон гревот оставаат толку длабок и траен впечаток врз нивниот карактер, што тие потоа не можат да го прифатат Исусовиот лик. Кога нивната патека не би била осветлена, случајот би бил поинаков. Би им била укажана милост и тие би имале можност да ги прифатат нејзините понуди; но бидејќи светлината е долго отфрлана и презирана, таа најпосле ќе им биде и скусена. {ПП 269.1}

Потоа фараонот бил предупреден дека следната казна ќе се урне во вид на град. „Затоа, сега нареди да се прибере добитокот твој, и сè што имаш по полето; бидејќи врз сите луѓе и врз сиот добиток што ќе се затечат во полето и не бидат прибрани дома, ќе падне град и ќе изгинат”. – гласела опомената. Дождот и градот во Египет биле ретка појава, а таква луња каква што е навестена сега никогаш овде никој не видел. Веста за тоа бргу се прочула и сите што му верувале на Господовиот збор, го собрале својот добиток додека оние што ја презирале опомената, оставиле сѐ свое надвор. Така, заедно со казната, се покажала и Божјата милост, народот бил ставен на проверка и се покажало колку од нив, благодарение на божествената сила што ја гледале, биле поттикнати да се бојат од Бога. {ПП 269.2}

Невремето наишло токму онака како однапред што било кажано доаѓаше силен град придружуван со молскавици. „Паѓаше град, а и молњи имаше меѓу градот многу силни, какви што немало во египетската земја, откако биле населени луѓе во неа.А градот уништи во целата земја египетска сè што беше надвор – од човек до животно; и градот ги уништи сите растенија по полето, и сите дрвја во полето ги испокрши”. Уништувањето и пустошот ја обележувале патеката на ангелот извршител. „Само во земјата Гошен, каде што беа синовите на Израел, немаше град”. Така на Египќаните им било покажано дека со земјата управува живиот Бог дека и стихиите на природата му се покоруваат на неговиот глас и дека единствена сигурност се наоѓа во послушноста кон него. {ПП 269.3}

Сета египетска земја се тресела под страшниот излив на Божјата казна. Фараонот итно пратил по Мојсеја и Арона и почнал да пека: „Сега згрешив; Господ е праведен, а јас и мојот народ сме виновни.Помолете Му се на Господ; нека престанат громовите Божји и градот, па ќе ве пуштам, и повеќе никој нема да ве задржува”.А Мојсеј му рече: „Штом ќе излезам од градот, ќе ги кренам рацете мои кон Господ, и громовите ќе престанат и град повеќе нема да има, за да познаеш дека земјата е Господова”. {ПП 270.1}

Мојсеј знаел дека спорот уште не е завршен. Фараоновите признавања и ветувања не потекнувале од некоја корена промена во неговото сфаќање или од срцето, туку изнудени со страв и вчудовиденост. Меѓутоа, Мојсеј сепак ветил дека ќе го прифати неговото барање, зашто не сакал да му даде повод за натамошно опирање. Не водејќи сметка за непогодата што беснеела, пророкот излегол, а фараонот и сите што се нашле околу него виделе како силата на Јехова го штити својот весник. „И Мојсеј излезе откај фараонот надвор од градот, ги издигна рацете свои кон Господ; и престанаа громовите и градот, и не паѓаше веќе дожд на земјата”. Но штом се ослободило од стравот, срцето на царот се вратило на својата изопаченост. {ПП 270.2}

Тогаш Господ му рекол на Мојсеја: „Оди кај фараонот, зашто Јас му го ожесточив срцето негово и срцето на слугите негови, за да ги покажам овие мои знаци врз нив;па да му раскажувам на синот твој и на внукот твој што сторив во Египет, како и за знаците Мои, што ги покажав во него, за да знаете дека Јас сум Господ”. Господ ја покажал својата моќ за да ја засили верата на Израелците во себе како единствен вистински жив Бог. Тој сакал да даде очигледен доказ за разликата што ја поставил меѓу нив и Египќаните за сите народи да спознаат дека Евреите, што тие ги презирале и ги угнетувале, биле под заштита на небесниот Бог. {ПП 270.3}

Мојсеј го предупредил владетелот дека, ако и понатаму остане упорен, во казната што следи ќе наиде вистинска инвазија на скакулци што ќе ја покријат сета земја и ќе го изедат сето зеленило што останало. Тие ќе ги наполнат куќите, па дури и неговиот двор. Така, рекол Мојсеј, напаста ќе биде толку голема, каква што „не виделе татковците твои, ни прадедовците нивни, откако живеат на земјата па сè до денес”. {ПП 270.4}

Советниците на фараонот биле вџашени. Со уништувањето на добитокот, на нацијата ѝ била веќе нанесена огромна штета и загуба. Градот убил и многу народ. Шумите биле претворени во карст, посевите уништени; така бргу го загубиле сѐ она до што се добрале со мачната работа на Евреите кои им робувале. На целата земја ѝ се заканувал глад. Кнезовите и дворјаните го навалиле царот и налутено побарале: „До кога овој ќе нè измачува? Пушти ги луѓето и нека Му извршат служба на Господ, нивниот Бог. Не гледаш ли дека Египет пропаѓа?” {ПП 271.1}

Пак ги повикале Мојсеја и Арона, и владетелот им рекол: „Одете, послужете Му на Господ, вашиот Бог. А кои се тие што ќе одат?” {ПП 271.2}

„Ќе одиме и млади и стари, со синовите свои и со ќерките свои, со овците свои и воловите свои ќе одиме, зашто тоа ќе биде празник во чест на Господ”. {ПП 271.3}

Царот се налутил. „Така нека биде; нека е Господ со вас. Ќе ве пуштам, но зошто со децата ваши”, викнал фараонот. „Ете, лоша замисла имате!Не така, туку одете само мажите и извршете Му служба на Господ, зашто тоа самите го баравте. И ги истераа откај фараонот”. Фараонот настојувал Евреите со тешка работа потполно да ги уништи и децата им ги убивал, а сега се преправал како да се грижи за нив и за нивните деца. Вистинската намера всушност му била жените и децата да ги задржи како заложници, како гаранција дека луѓето навистина ќе се вратат. {ПП 271.4}

Потоа Мојсеј го пружил својот стап на земјата и дувнал ветер од исток кој донел скакулци. „И нападнаа по сите краишта египетски во голем број: такви скакулци никогаш немало, ниту такви ќе има некогаш”. Ги имало толку многу што го прекриле небото, така што на земјата сѐ се затемнило и го опустеле сето зеленило што преостанало на земјата. Фараонот итно пратил по пророците и рекол: „Згрешив пред Господ, вашиот Бог, и пред вас.Но уште овојпат простете ми го гревот мој, и помолете Му се на својот Господ Бог да ја отстрани од мене само оваа смрт”. Тие постапиле така, при што дувнал силен ветер од запад и ги однел сите скакулци кон Црвеното Море. Царот во својата упорна решителност сепак сѐ уште одбивал да ги пушти. {ПП 271.5}

Населението на Египет било веќе на работ на очај. Неволјите што веќе наишле изгледале неподносливи, а нивните срца ги исполнил страв од иднината. Нацијата фараонот го обожавала како застапник на нивните богови, но сега мнозина се увериле дека тој му се опира на Оној на кого му служат сите сили на природата. Евреите како робови, толку чудесно заштитени, станале свесни дека се ближи часот на нивното ослободување. Нивните надгледници не се осмелувале веќе да ги угнетуваат како до тогаш. Во цел Египет владеел таинствен страв дека поробениот народ секој миг би можел да се дигне и да се одмазди за неправдата што толку долго му е правена. Со страв и со задржан здив, секој се прашувал што ќе се случи сега. {ПП 271.6}

Одненадеж над целата земја се спуштила толку густа и непробивна темнина, што им се чинело дека може да се „допира”. Не само народот што бил наполно лишен од светлината, туку и воздухот бил толку тежок што одвај можело да се дише. „Луѓето не се гледаа еден со друг и никој не се поместуваше од местото свое три дена. Но по местата, каде што живееја синовите израелски, имаше виделина”. Сонцето и Месечината за Египќаните биле божества на кои им се клањале. Со ненадејната појава на оваа таинствена темнина биле поразени и поклониците и нивните божества пред Силата која се зазела за делото на нивните робови. Но колку и да била страшна, оваа казна претставува очигледен доказ за Божјата сомилост и за неговата несклоност кон уништување. Тој на Египќаните на овој начин им дал време за размислување и каење пред да го пушти на нив последното и најстрашно зло. {ПП 272.1}

Најпосле стравот го принудил фараонот на една отстапка. Пред крајот на третиот ден на мракот повторно го повикал Мојсеја и се согласил народот да излезе под услов само ситниот и крупниот добиток да остане. „Затоа и добитокот наш нека оди со нас, да не остане ниту едно грло”, возвратил решително Евреинот, „ зашто од него ќе земеме жртва за Господ, нашиот Бог; но, додека не пристигнеме таму, не знаеме каква жртва ќе Му принесеме на Господ”. Тогаш пламнал гневот на царот во незауздан бес: „Истави се од пред мене, повеќе да не ми излегуваш пред очи! И оној ден кога ќе ми дојдеш пред очи, ќе загинеш”. {ПП 272.2}

И Мојсеј му одговорил: „Како што рече, така и ќе биде; нема повеќе да ти го видам лицето”. {ПП 272.3} „Мојсеј беше многу голем човек во египетската земја, во очите (на фараонот и) на слугите фараонови и пред народот”. Египќаните се однесувале кон него со света страхопочит. Царот не се осмелувал да му стори макар и едно зло, зашто народот во него гледал единствен кој има сила да го отстрани злото. Народот сакал на Израелците да им се дозволи да заминат, само царот и свештениците биле тие кои до крај се противеле на Мојсеевите барања. {ПП 272.4}

Сподели го ова:

Слични објави