5. ИСКУШЕНИЕТО НА КАИНА И АВЕЛА
Оваа глава е заснована на Создавање 4:1-15
Синовите на Адама, Каин и Авел, по карактер биле мошне различни. Авел бил искрено и предано верен на Бога. Во постапувањето на Творецот со паднатиот човечки род тој видел праведност и милосрдие и со радост ја прифатил надежта на откупувањето. Меѓутоа, Каин негувал чувство на бунт и мрморел против Бога поради проклетството изречено над земјата и над човечкиот род по Адамовиот грев. На своите мисли им дозволил да се занимаваат со истото она што и сатаната го довело до пад и попуштал на желбата за самоизвишување и ја доведувал во прашање божествената правда и неговиот авторитет. {ПП 71.1}
Обајцата браќа, како и Адам во почетокот, морале да бидат проверени за да се види дали тие веруваат во Божјата реч и дали ќе бидат послушни. Биле запознати со планот предвиден за спасение на човекот и го сфатиле системот на принесување на жртви што го пропишал Бог. Знаеле дека со принесувањето на жртвите всушност ја изразуваат верата во Спасителот кој е сликовито прикажан со тие жртви, и дека за проштавање на гревот во целост зависат од него; а знаеле исто така дека со прифаќањето на тој божествен план предвиден за нивното откупување даваат доказ за своето покорување на Божјата волја. Без пролевање на крв немало проштавање на гревот; и тие со жртвувањето на првите младенчиња од своите стада требало да ја покажат својата вера во Христовата крв како Ветена жртва на страдање и помирување. Освен тоа, требало да му ги принесуваат на Господа и првите земни плодови како жртва на благодарност. {ПП 71.2}
Обајцата браќа подигнале слични олтари и донеле секој своја жртва. Во сообразност со упатствата што ги Дал Бог, Авел принел жртва од стадото. „И Господ погледна благонаклоно на Авел и на неговите дарови”. Од небото молснал оган и ја запалил жртвата. Меѓутоа, Каин, не осврнувајќи се на изричната Божја заповед, принел само плодови како принос. Од небото немало никаков знак што би покажал дека неговата жртва е примена. Авел го молел брата си да пристапи кон Господа онака како што пропишал Тој, но неговите молби Каина го сториле уште поупорен во неговите намери. Како постар, се чувствувал премногу горд за да дозволи помладиот брат да го опоменува и ги презрел неговите совети. {ПП 71.3}
Каин излегол пред Бога со срце полно со незадоволство и со сомневање во Ветената жртва и во потребата воопшто да се принесува жртва за грев. Неговиот принос не бил израз на каење поради гревот. Тој сметал, како и денеска мнозина што сметаат дека тоа е само доказ на слабост да се следи точно патот што го пропишал Бог и за своето спасение потполно да се потпре врз страдањата што ќе ги поднесе ветениот Спасител. Тој сакал во своите постапки да биде самостоен и да ги истакне своите лични заслуги. Не сакал да принесе јагне и неговата крв да ја помеша со жртвените приноси, туку принел од своите плодови, од производите на својот труд. Неговиот принос повеќе претставувал израз на доброволен прилог или на нешто што се прави од внимание и милост, и сметал дека со тоа си осигурува себеси божествена наклоност и негово одобрување. Каин го послушал Бога само дотолку што подигнал олтар и принел жртва; но тоа била само делумна послушност. Пропуштил да го стори она што било најважно, а тоа е признавање дека му е потребен Спасител. {ПП 72.1}
Што се однесува до раѓањето и до верското воспитување, обајцата браќа биле еднакви. Обајцата биле грешници и обајцата признавале дека Бог со право бара од нив да му укажуваат почит и да му се молат. Според надворешните знаци, нивната вера била еднаква во извесна мера, но во она што било над тоа, разликата била мошне голема. {ПП 72.2}
„Со вера Авел Му принесе на Бога подобра жртва, од Каиновата” (Евреите 11:4). Авел ги сфатил големите основни начела на откупувањето. Увидувал дека е грешник и дека меѓу неговата душа и врската со Бога стојат гревот и смртта како казна. Принел заклано животно, жртвуван живот, и со тоа ги признал барањата на законот кој бил прекршен. Гледајќи во пролеаната крв, ја видел Жртвата на иднината – Христа – како умира распнат на Голгота и, верувајќи во спасението што ќе биде со тоа осигурено, се осведочил дека е оправдан и дека жртвата му е примена. {ПП 72.3}
Каин, исто како и Авел, имал прилика и можност да ги осознае и да ги сфати сите тие вистини. Тој не бил жртва на некаква самоволна и тиранска Божја намера. Не е еден од браќата избран да биде од Бога примен, а другиот да биде отфрлен. Авел избрал вера и послушност, а Каин неверување и бунт. Сѐ било засновано на тоа. {ПП 72.4}
Каин и Авел се претставници на две групи или на две определби што ќе постојат на светот до крајот на времето. Едни ќе знаат да ја користат жртвата принесена поради човечките престапи, а други сѐ повеќе ќе се надеваат и ќе се потпираат врз своите лични заслуги; нивната жртва, лишена од силата на божественото посредување, не ќе биде во состојба да им обезбеди Божја милост. Нашите престапи можат да бидат простени само со Христовите заслуги. Оние што сметаат дека Христовата крв не им е неопходна дека со лични заслуги, без божествена милост, можат да стекнат небесна наклоност и одобрение, паѓаат во истата онаа заблуда во која се наоѓал и Каин. Ако не ја прифатат крвта која може да очисти, тие остануваат под осудата и клетвата. Не е предвиден и не постои ниту еден друг начин човекот да се ослободи од робувањето на гревот. {ПП 72.5}
Најголем дел од светот ѝ припаѓа на онаа група поклоници кои го следат Каиновиот пример, зашто речиси сите лажни религии се засноваат на истиот принцип – дека човекот може да си обезбеди спасение со лични напори. Мнозина тврдат дека на човечкиот род не му е потребно спасение, туку развој и дека сам може да се облагороди да се издигне и да се прероди. Како Каин што мислел дека може да си обезбеди божествено одобрение со својот принос што претставувал бескрвна жртва, така и овие се надеваат дека ќе го издигнат човештвото до Божјиот идеал без жртва на страдање и помирување. Случајот на Каина покажува какви се последиците на таквото сфаќање, што човекот неминовно станува ако се одвои од Христа. Во човекот нема сила со која би можел самиот да се обнови и прероди, зашто човештвото не се стреми кон горе, кон она што е божествено, туку кон долу, кон она што е сатанско. Христос е наша единствена надеж. „Зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме” (Дела 4:12). {ПП 73.1}
Вистинската вера, која целосно се потпира врз Христа, се покажува во прифаќањето на сите Божји заповеди. Од времето на Адама, па сè до нашите денови, секогаш се водела голема борба околу тоа дали треба или не треба да се држи Божјиот закон. Секогаш имало луѓе кои полагале право на Божјата милост иако занемарувале некои негови заповеди и ги сметале за неважни. Меѓутоа, Светото писмо кажува: „…и дека преку делата, верата стана совршена”. „И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва” (Јаков 2:22,17). „Кој вели: ‘Го познав’, а заповедите Негови не ги чува, тој е лажливец и во него нема вистина” (1. Јованово 2:4). {ПП 73.2}
Кога Каин видел дека неговиот принос не е примен, се налутил и на Бога и на Авела; го жестело тоа што Бог не ја прифатил неговата замена наместо жртвата што ја пропишало Небото, а на брата си се лутел затоа што овој одбрал да му биде послушен на Бога наместо да се придружи кон бунтот против него. Иако Каин останал глув за Божјата заповед, сепак Бог не го препуштил самиот на себе, туку се спуштил да го вразумува човекот кој се покажал толку неразумен. И Господ му рекол на Каина: „Зошто се лутиш? Зошто се помрачи лицето твое?” Еден ангел-весник му ја пренел божествената порака: „Зарем, кога правиш добро, не си ведар во лицето? А ако не правиш добро, тогаш гревот е пред вратата: тој те влече кон себе, но ти надвладај го”. Каин можел да бира и слободно да реши и да се определи. Кога би имал доверба во заслугите на ветениот Спасител и кога би бил готов да ги прифати Божјите барања, би можел да ѝ се радува на неговата милост. Но, бидејќи тврдоглаво останал во своето неверство и престап, неговата жалба што бил отфрлен од Бога била неоснована. {ПП 73.3}
Меѓутоа, наместо да го признае својот грев, Каин продолжил да се жали против Божјата неправда и да негува завист и омраза кон Авела. Налутено го прекорувал брата си, настојувајќи да го вовлече во расправа во врска со Божјото постапување со него. Со кротост, но бестрашно и решително, Авел ја бранел Божјата праведност и неговата добрина. Му укажал на Каина на неговата заблуда и се трудел да го наведе и самиот да го увиди тоа. Го потсетил на Божјото сожалување покажано кон нивните драги родители што им го поштедил животот тогаш кога можел да ги казни со смрт истиот миг и упорно истакнувал дека Бог ги љуби, зашто да не е така, Тој не би го дал својот сакан, безгрешен и свет Син да ја претрпи казната што ја заслужиле тие. Сето тоа уште повеќе разгорело жесток гнев кај Каина. Разумот и совеста му зборувале дека Авел е во право, но се лутел што оној, кој обично му се покорувал, се осмелил да му се противстави и што кај него не наишол на согласност во своето противење и во бунтот против Бога. Во налет на јарост, го убил брата си. {ПП 74.1}
Каин го мразел брата си и го убил не затоа што овој му сторил некакво зло, туку „затоа што неговите дела беа лоши, а на неговиот брат – праведни” (1. Јованово 3:12). Така во сите векови безбожните и неправедните ги мразеле оние што се подобри од нив. Авеловиот живот на послушност и неговата непоколеблива вера, за Каина биле постојан укор. „Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат разоткриени неговите дела (бидејќи се лукави)” (Јован 3:20). „А и сите, што сакаат да живеат побожно во Христос Исус ќе бидат гонети” (2. Тимотеј 3:12). Колку светлината со која верните Божји слуги го одразуваат неговиот карактер свети посилно, сè појасно се гледаат гревовите на грешните и сè порешителни се нивните напори да ги уништат оние што го нарушуваат нивниот мир. {ПП 74.2}
Убиството на Авела е прв пример на непријателството кое, како што изјавил Бог, требало да постои меѓу змијата и потомството на земјата меѓу сатаната и неговите приврзаници од една страна, и Христа и неговите следбеници од друга страна. Благодарение на човековиот престап, сатаната стекнал власт над човечкиот род, а Христос требало да ги оспособи луѓето да го отфрлат неговиот јарем. Секогаш кога некоја душа, со вера во Божјото Јагне, ќе се откаже од гревот, тоа предизвикува и распалува гнев кај сатаната. Посветениот живот на Авела претставувал доказ спротивен на тврдењата на сатаната дека луѓето не се во состојба да го држат Божјиот закон. Каин, гонет од лошиот дух, кога видел дека не може да господари над Авела, толку многу се расрдил на него, што му го одзел животот. И секаде каде што ќе се најдат такви кои ја бранат правдата на Божјите закони, ќе се покаже против нив ист ваков дух. Тоа е истиот оној дух кој за Христовите ученици подигал справи за мачење и потпалувал пламен на ломачи низ сите векови. Сите свирепости и грозомори што морале да ги поднесат Христовите следбеници биле поттикнати и предизвикани од сатаната и од неговите лоши ангели затоа што не можеле да ги присилат да ја прифатат нивната власт. Тоа е бес на поразениот непријател. Секој маченик за Христа умирал како победник. Пророкот кажува: „Тие го победија (старата змија, наречена ѓавол и сатана) со крвта на Јагнето и со словото на своето сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт” (Откровение 12:11,9). {ПП 77.1}
Каин како убиец набргу бил повикан да одговара за своето злосторство. „Тогаш Господ (Бог) му рече на Каин: ‘Каде е братот твој, Авел?’ А тој одговори: ‘Не знам; зарем јас сум чувар на брат ми?’” Каин во толкава мера потонал во грев, што наполно го загубил чувството и свеста дека Бог насекаде е присутен и дека сѐ гледа и знае. Се послужил со лага за да ја оправда својата вина. {ПП 77.2}
Повторно Господ му проговорил на Каина: „Што направи? Чуј! Крвта на братот твој вика од земјата кон Мене”. Бог на Каина му дал можност да го признае својот грев. Каин имал време да размисли. Тој бил свесен за големината на делото што го сторил и за лагата што ја кажал и не можел да го прикрие стореното дело, но сѐ уште се држел пркосно и бунтовно, па затоа ни пресудата не е одложувана. Божествениот глас, кој до тогаш можел да се чуе во советите и опомените, изговорил страшни зборови: „Затоа да си проклет на земјата, што ја отвори устата своја да ја прими крвта на братот од раката твоја.Кога ќе ја обработуваш земјата, таа нема повеќе да ти дава изобилен род; ти ќе бидеш изгнаник и скитник по земјата”. {ПП 77.3}
Иако Каин за своето злосторство заслужил смртна казна, милостивиот Творец му го поштедил животот и му дал можност да се покае. Но Каин живеел само затоа за уште повеќе да му се стврдне срцето, за уште поупорно да му се противи на Божјиот авторитет и да стане поглавица на цела низа дрски и развратни грешници. Под водство на сатаната, овој отпадник претставувал искушение и за другите, а неговиот пример и влијание вршеле понижувачко дејство и воделе во разврат и порок додека земјата не се расипала и не се исполнила со насилство во толкава мера, што морала да биде уништена. {ПП 78.1}
Со тоа што на првиот убиец му го поштедил животот, Бог на целата вселена ѝ дал објаснение за големата борба. Мрачната историја на Каина и на неговите потомци најјасно покажува што би се случило кога Бог на грешникот би му подарил вечен живот и кога овој, благодарение на тоа вечно постоење, би можел во целост да го развие својот бунт против Бога. Меѓутоа, големото Божјо трпение ги правело безбожниците уште повеќе пркосни во нивното беззаконие. Петнаесет векови по изречувањето на пресудата над Каина, вселената ги видела плодовите на неговиот пример и на неговото влијание во злосторствата и во неморалот што ја преплавиле земјата. Се покажало дека смртната пресуда изречена над паднатите луѓе поради нивниот престап била и праведна и милостива. Колку подолго живееле во гревот, луѓето станувале сѐ порасипани. Божјата пресуда повеќе била благослов отколку проклетство токму поради тоа што го пресекувала развојот на незаузданото беззаконие во човековиот живот и го ослободувала светот од влијанието на оние што станале непоправливи во својот бунт против Бога. {ПП 78.2}
Сатаната постојано и неуморно се труди, обидувајќи се на илјадници начини да го изобличи Божјиот карактер и лажно да го претстави неговото владеење. Тој работи со големи и добро организирани планови и со чудесна сила, со цел жителите на светот цврсто да ги држи под знамето на своите заблуди. Недосегливиот и сезнаен Бог го видел крајот уште од почеток, и во неговото постапување со злото можат да се видат само неговите далекусежни и сеопфатни планови. Тој имал намера не само да го совлада бунтот, туку и пред целата вселена да ја покаже неговата вистинска природа. Божјиот план, без никакво увивање, ја покажал не само Божјата праведност и милосрдие, туку потполно ја оправдал и неговата мудрост и правда во постапувањето со злото. {ПП 78.3}
Светите жители на световите што не паднале, со најдлабоко интересирање будно ги следат настаните што се одигруваат на земјата. Во состојбата во која светот се наоѓал пред потопот тие ја виделе сликата на управата што Луцифер имал намера да ја спроведе на небото, отфрлајќи го Христовиот авторитет и укинувајќи го Божјиот закон. Во безочните грешници на претпотопниот свет виделе приврзаници над кои господарел сатаната. „И Господ виде дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се умножуваа, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време” (Создавање 6:5). Секој стремеж, секоја побуда и секоја мисла биле во војна со основните Божји начела на чистотата, мирот и љубовта. Тоа била слика на грозната изопаченост, слика на последиците на мудроста на сатаната Божјите созданија да ги ослободи од ограничувањата што им ги поставува светиот Божји закон. {ПП 78.4} Во натамошниот развој на големата борба Бог со непобитни факти ќе ги објасни начелата на своето владеење и ќе покаже како сатаната и оние што тој ги завел истите ги прикажувале во искривоколчена светлина. На крај сиот свет ќе ја признае неговата праведност, иако тоа признание ќе настапи премногу доцна за со него да се спасат побунетите. Приближувајќи се чекор по чекор кон своето конечно остварување, Божјиот голем план сѐ повеќе придобива наклоност и одобрување од целокупната вселена која ќе биде наполно обединета со него во конечното искоренување на бунтот. Ќе се покаже дека сите оние што ги напуштиле божествените уредби се ставиле на страна на сатаната и војувале против Христа. Кога кнезот на овој свет конечно ќе биде осуден и кога сите оние што му се придружиле ќе мораат да ја делат неговата судбина, жителите на целата вселена како сведоци ќе изјават: „Праведни се и вистинити патиштата твои, Царе на светите” (Откровение 15:3). {ПП 79.1}