55. ДЕТЕТО САМОИЛ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на 1. Самоилова 1 глава и 2,1-11

Елкана, Левит од гората Ефремова, бил имотен и влијателен човек, еден од оние што го љубат Бога и го страхопочитуваат. Неговата жена Ана била мошне побожна. Нејзиниот карактер се одликувал со скромност, со длабока сесрдност и со благородна вера. {ПП 569.1}

Божјиот благослов, за кој сериозно копнееле сите Израелци, ѝ бил скусен на оваа побожна брачна двојка; во нивниот дом не се слушал весел детски глас. Желбата да го овековечи своето име го навела сопругот – како и многу други – да стапи во втор брак. Но тој чекор не донел среќа, зашто бил последица на недоволна доверба во Бога. Семејството се намножило со синови и ќерки, но радоста и убавината на Божјата света установа биле извалкани, а семејниот мир нарушен. Новата жена, Пенина, била љубоморна и теснограда, а нејзиното однесување горделиво и бесрамно. На Ана ѝ се чинело дека ѝ пропаднала секоја надеж и животот ѝ станал товар; но своето искушение сепак го поднесувала кротко, без поплаки. {ПП 569.2}

Елкана верно ги почитувал Божјите прописи. Богослужението сè уште се одржувало во Силом, но поради нередовноста на службите што ги вршел во Светилиштето како Левит, неговите услуги не се барале веќе. Сепак, тој со своето семејство одел на пропишаните собири да му се помоли на Бога и да принесе жртва. {ПП 569.3}

Лошиот дух, кој претставувал проклетство за неговиот дом, се чувствувал дури и за време на светите празници поврзани со службата во Светилиштето. Откако била принесена жртвата благодарница, според стариот обичај би се собрало цело семејство на свечена и радосна гозба. Во тие пригоди Елкана на мајката на своите деца ѝ давал еден дел а исто така и по еден дел на секој нејзин син и ќе рка. Меѓутоа, во знак на почит, на Ана ѝ давал два дела, како и таа да имала син. Разјарена со љубомора, другата жена првенството го барала за себе, тврдејќи дека Бог ѝ е посебно наклонет, и ја јадосувала Ана, префрлајќи ѝ дека е неротка и дека тоа е знак оти таа не му е угодна на Бога. Тоа се повторувало секоја година, па Ана не можела веќе  да издржи. Бидејќи не можела да ја скрие својата болка, постојано плачела и си заминувала од свеченоста. Попусто нејзиниот сопруг се обидувал да ја утеши. „Ано!” Таа му одговори: ‘Еве, ме господаре.’ И ѝ рече: ‘Зошто плачеш и зошто не јадеш, и поради што е нажалено срцето твое? Не сум ли јас за тебе повреден отколку десет синови?’” (1. Самоилова 1:8). {ПП 569.4}

Ана не се жалела. Сите свои тешкотии што не можела да ги дели со никого на земјата, му ги доверувала само на Бога. Сериозно се молела Господ да го симне нејзиниот срам и да ѝ подари син, кого таа ќе го одгледа за него. Свечено се заветувала дека своето дете уште од неговото раѓање ќе му го посвети на Бога ако молбата ѝ биде примена. Се приближила дури до влезот во светињата и во својата душевна болка таа се помоли плачејќи многу. Се молела во себе, не изговарајќи гласно ниту еден збор. Во тоа лошо време за такви молитви не се знаело. Разузданоста, па дури и пијанството, не биле ништо необично и при верските свечености. Затоа првосвештеникот Илија, посматрајќи ја Ана, си помислил дека е пијана од вино. Сметајќи дека заслужила прекор, ѝ рекол строго: „До кога ќе бидеш пијана? Истрезни се од виното”. {ПП 570.1}

Изненадена и обземена од болка, Ана одговорила љубезно: „Не, господаре мој; јас сум жена, со длабока тага во душата; вино и жесток пијалок не сум пила, а ја изливам душата своја пред Господ. Не ја сметај слугинката своја за лоша жена, зашто поради големата жалост и поради тагата своја јас говорев досега”. {ПП 570.2}  

Првосвештеникот тоа длабоко го трогнало зашто бил Божји човек и, наместо прекор, изрекол благослов: „Оди си со мир, и Бог Израелов нека ја исполни молбата твоја, за што Го молеше”. {ПП 570.3}

Бог ја примил молитвата на Ана и ѝ го подарил она за што сесрдно го преколнувала. Дочекувајќи го своето дете, го нарекла Самоил – „Од Господ го побарав”. Штом момчето пораснало толку за да може да се одвои од мајка си, таа го исполнила својот завет. Ана го сакала своето дете со сета преданост на мајчинското срце; посматрајќи го секој ден како се развива и слушајќи го неговиот детски говор, го сакала сè повеќе  и повеќе. Тоа ѝ било единствено дете, посебен небесен дар. Меѓутоа, бидејќи го примила како дар посветен на Бога, таа не сакала на Дародавецот да му го скуси она што е негово. {ПП 570.4}

Кога Ана повторно пошла со својот маж во Силом, му го донела на свештеникот во Божјо име својот драгоцен подарок, велејќи: „О, господаре мој… Јас сум онаа жена, која стоеше тука пред тебе и Му се молеше на Господ;за ова дете се молев, и Господ ја слушна молбата моја, за што Му се молев;и јас го предавам сега на Господ за сите денови на животот негов – нека Му служи на Господ”. Верата и побожноста на оваа Израелка длабоко го трогнале Илија. Мошне попустлив како татко, се уплашил и се понизил кога ја видел големата жртва на оваа мајка која се дели од своето единствено дете за да го посвети на служба на Бога. Почувствувал укор поради својата себична љубов, па се понизил и со страхопочит се помолил. {ПП 571.1}

Мајчиното срце било полно со благодарност и со радост и таа копнеела да му ја изрази на Бога својата благодарност. Духот на пророштвото ја обзел неа и таа се помоли и рече: {ПП 571.2}

„Ми се зарадува срцето мое во Господ; се возвиши силата моја преку мојот Бог; широко се отвори устата моја против моите непријатели, зашто се радувам поради спасението од Тебе.Никој не е така свет како Господ; зашто нема друг, освен Тебе; и нема тврдина како нашиот Бог.Не зборувајте повеќе толку горделиво! Зборови дрски нека не излегуваат од вашата уста; зашто Господ е Бог на знаењето, и постапките Негови се одмерени.Лакот на силните се прекршува, а слабите со сила се здобиваат.Ситите работат за леб, а гладните почиваат. Дури и неплодната раѓа седумпати, а многудетната изнемоштува.Господ умртвува и оживува, одведува во пеколот, и повторно оттаму доведува назад.Господ го прави човекот сиромав и богат, го понижува и го воздига.Од прав го подига бедниот, од кал го крева сиромавиот, ставајќи го да седне со големците, и им го дава во наследство престолот на славата; зашто во Господ се столбовите на земјава, и Тој врз нив ја утврди вселената.Ги услишува молитвите на молителот и ги благословува деновите на праведниот, зашто не е според силата човекот јак.Господ ќе ги изнемошти оние што се препираат со Него. Од небесата ќе згрми на нив. (Господ е свет. Да не се фали мудриот со мудроста своја, да не се фали силниот со силата своја, да не се фали богатиот со богатството свое, туку секој, кој сака да се фали, нека се фали дека Го разбира и Го знае Господ). Господ ќе ги суди краиштата на земјата, ќе му даде сила на Својот цар и ќе ја возвиши моќта на помазаникот Свој”. {ПП 571.3}

Зборовите на Ана биле пророчки зборови и се однесувале како на Давида, кој требало да владее како цар над Израел, така и на Божјиот Помазаник, Месија. Во похвалната песна во почетокот се зборува за дрска жена кавгаџика, а подоцна за пропаста на Божјите непријатели и за конечниот триумф на откупените. {ПП 572.1}

Од Силом Ана спокојно се вратила во своето родно место Рама, оставајќи го детето Самоил да се обучи за служба во домот Господен, под раководство на првосвештеникот. Уште од мигот кога детето почнало да сфаќа, таа го учела да го почитува и да го сака Бога и себеси да се смета за Господова своина. Секој предмет што се наоѓал околу него ѝ послужил како средство неговите мисли да ги упати кон Творецот. Ниту по разделбата со детето не престанала нејзината мајчинска грижа. Секој ден таа се молела на Бога за него. Секоја година со свои раце му шиела наметка и кога со својот маж одела во Силом на молитва, му ја давала на своето дете во знак на својата љубов. Секоја нишка на малечката наметка била вткаена со молитва синот да ѝ остане чист, благороден и верен. Не се молела тој да постигне земна големина, туку сесрдно преколнувала синот да ја постигне онаа големина што ја цени Небото – да го почитува Бога и да им биде на благослов на своите ближни. {ПП 572.2}

Колкава награда Ана примила за тоа! И колку нејзиниот пример може да поттикне на верност! На секоја мајка ѝ се даваат можности од непроценлива, бесконечна вредност. Скромното поле на работа и исполнувањето на обичните должности, кои на многу жени тешко им паѓаат, би требало да се сметаат за големо и благородно дело. Големо предимство на секоја мајка е со своето влијание да му послужи на светот на благослов, а исполнувањето на таа задача ќе му донесе на нејзиното срце голема радост. Таа може да го израмни патот за чекорите на своето дете, патот што води низ светлината и темнината кон возвишениот горни свет. Меѓутоа, таа може да се надева дека карактерот на своето дете ќе  го доближи до Божјиот карактер единствено ако и самата во својот живот настојува да ја следи Христовата наука. Светот е преполн со влијанија што можат да го расипат човекот. Врз младите вршат силно влијание модата и обичаите. Ако мајката е немарна во својата должност да поучува, да води и да зауздува, децата природно ќе го прифатат злото и ќе се оддалечат од доброто. Секоја мајка често нека му се обраќа на Спасителот со молитва: „Како да постапуваме со тоа дете, и што да правиме со него?” Секоја мајка нека го има на ум упатството што го дал Бог во својата Реч, па ќе прими мудрост кога ќе ѝ затреба. {ПП 572.3}

„А детето Самоил сè повеќе растеше и придобиваше благонаклоност и пред Господа и пред луѓето”. Иако своето детство го поминал служејќи во Светилиштето посветено на Бога, Самоил сепак не бил заштитен од лошите влијанија или од лошиот пример. Синовите на Илија не се боеле од Бога ниту го почитувале својот татко; но Самоил не се дружел со нив ниту ги следел нивните лоши патишта. Постојано се трудел да го постигне она што го очекувал од него Бог. А такво предимство има секое младо суштество. На Бога му е угодно кога и малечките деца ќе  се посветат на неговата служба. {ПП 573.1} 

Самоил му бил доверен на грижа на Илија и милноста на детскиот карактер кај стариот свештеник предизвикувала топла наклоност. Момчето било љубезно, великодушно, послушно и полно со почит. Ожалостен поради отпадот на своите синови, Илија наоѓал мир, утеха и благослов во присуство на својот малечок штитеник. Самоил бил услужлив и предан, и дури ни таткото не би го сакал толку своето дете колку Илија што го сакал Самоила. Имало нешто необично во тоа што меѓу највисокиот народен судија и едно дете се родила толку топла наклоност. Секогаш кога остарениот Илија би го обзела немоќ или би го мачела совеста поради лошото однесување на неговите синови, тој му се обраќа л на Самоил да го теши. {ПП 573.2}

Било вообичаено Левитите да не стапуваат во званична служба додека не наполнат дваесет и пет години, но кај Самоил е направен исклучок. Секоја година му биле доверувани сè поголеми должности, и уште како дете носел ленен ефод во знак дека е посветен за служба во светињата. Иако бил сосем млад кога е доведен да служи во Светилиштето, Самоил веднаш ја прифатил должноста во Божјата служба сообразно со своите можности. Тие должности од почеток биле мошне скромни и не биле секогаш пријатни, но тој ги исполнувал колку што можел подобро и со добра волја. Неговата вера се забележувала во сите животни должности. Себе си се сметал за Божји слуга, а својата работа за Божјо дело. Неговите напори му биле угодни на Бога, зашто потекнувале од љубов кон Бога и од искрен стремеж да ја исполнува неговата волја. Така Самоил станал помошник на Господа. И Бог го оспособил да изврши големо дело во Израел. {ПП 573.3}

На децата нивната работа би им била многу попријатна и почесна кога родителите би ги учеле дека нивните малечки секојдневни должности всушност се пат што им го одредил Бог, училиште во кое треба да се обучат за верно и успешно да ја вршат службата. Кога секоја должност ја вршиме од срце, како да е извршена лично за Бога, тогаш и најскромното занимање има посебен шарм, поврзувајќи ги работниците на земјата со светите суштества кои Божјата волја ја извршуваат на небото. {ПП 574.1}

Ако сакаме да успееме во овој живот и да го добиеме идниот живот, ние мораме совесно и верно да ги извршуваме малечките работи. Совршенство се гледа и во најмалечкото Божјо дело токму како и во најголемото. Истата онаа рака што ги одржува световите при нивното кружење низ вселената, ги создала нежно и вешто и полските кринови. И како Бог што е совршен во својот делокруг, така треба да бидеме и ние совршени во нашиот. Хармоничен, убав и силен карактер се изградува со лично исполнување на должностите. Во најмалечките, како и во поважните постапки во нашиот живот, верноста треба да биде главно обележје. Чесноста во малечките работи и верноста и љубезноста ќе ја осветлат патеката на животот; и кога нашето дело на земјата ќе  биде завршено, ќе се покаже дека секоја од најмалечките должности што била верно исполнета, имала свое влијание на добро – влијание што нема да се заборави. {ПП 574.2} Младите во наше време можат во Божјите очи да бидат исто толку драгоцени како Самоил. Со тоа што верно ќе  истраат во својата Христијанска чесност, младите можат да имаат силно влијание во делото на реформата. Такви луѓе се потребни и денеска. За секого од нив Бог има некоја задача. Никогаш луѓето не постигнале поголем успех во работата за Бога и за човештвото отколку што можат тоа да го постигнат токму во овие наши денови само ако верно ги исполнуваат должностите што им ги одредил Бог. {ПП 574.3}

Сподели го ова:

Similar Posts