63. ДАВИД И ГОЛИЈАТ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на 1. Самоилова 16:14-23; 17 глава

Кога царот Саул сфатил дека е отфрлен од Бога и кога ја почувствувал осудата што му ја упатил пророкот, го обзел горчлив очај и незадоволство. Но горделивата царска глава не ја наведнало вистинско покајание. Тој немал јасна претстава за тоа колку гревот е страшен и не се трудел многу да почне подобар живот, туку мрморел тврдејќи  дека Божјата неправда го лишила од израелскиот престол и на неговото потомство му го одзела царското наследство. Во мислите постојано ја гледал пропаста што му претстоела на неговиот дом. Сметал дека храброста што ја покажал во борбата со непријателите ќе ги оправда неговите гревови и неговата непослушност. Божјите прекори не ги примил кротко, туку неговиот горделив дух сè повеќе се разочарувал додека не стигнал до работ на лудило. Советниците му препорачувале да земе во служба еден вешт свирач, надевајќи се дека милните тонови на некој пријатен музички инструмент ќе го смират неговиот неспокоен дух. Според Божјото провидение, пред царот го довеле Давида како човек кој одлично знаел да свири на Харфа. Неговите возвишени акорди, со небесна инспирација, го имале саканото дејство. Мачните таги што го притискале Сауловиот дух како тежок мрачен облак исчезнале како и да не постоеле. {ПП 643.1}

Кога неговата служба на Сауловиот двор веќе не била неопходна, Давид се враќал кај своите стада и ритчиња, чувајќи  ја едноставноста на срцето и однесувањето. А кога би се укажала потреба, повторно го повикувале да му служи на царот, смирувајќи го духот на неспокојниот владетел сè додека не би го напуштил лошиот дух. Иако Саул покажал голема наклоност кон Давида и кон неговата музика, младиот пастир сепак би почувствувал големо олеснение враќајќи се од царската куќа на своите полиња, на ритчињата и на својот пастирски живот. {ПП 643.2}

Давид се развивал во милоста и пред Бога и пред луѓето. Бил поучен на патиштата Господови и сега си поставил задача поцелосно од кога и да е порано да ја извршува Божјата волја. Имал нови предмети за размислување. Бил на царскиот двор и ја видел одговорноста што го придружува царското достоинство. Открил многу искушенија што го демнеле Сауловото срце и навлегол во многу тајни, во карактерот и во постапките на првиот израелски цар. Видел дека славата на царското достоинство била затемнета со темен облак на грижи и дека Сауловото семејство во својот приватен живот е далеку од среќата. Сето тоа ги вознемирувало мислите на човекот кој бил помазан за израелски цар. Но секогаш кога би се задлабочил во такви размислувања и кога би го притискале мачни мисли, би ја зел Харфата и од неа би извлекувал мелодии што го издигнувале неговиот дух кон Творецот на сè што е добро, па темните облаци што го засолнувале неговиот видик од иднината веднаш би исчезнале. {ПП 643.3}

Бог на Давида му давал поука за неопходноста од вера и надевање во неговата моќ. Како Мојсеј што бил воспитан за да може да ги изврши задачите што го очекувале, така сега синот на Јесеја Господ го приготвувал за водач на својот одбран народ. Пасејќи ги стадата, Давид ја сфатил огромната грижа што ја чувствува големиот Пастир за своите овци. {ПП 644.1}

Осамените ритчиња и дивите клисури каде што се движел Давид со своето стадо биле засолниште на диви ѕверови. Често се случувало од густата шума на Јордан да излезе лав, или во планините да се појави мечка рикајќи од глад и устремувајќи се на стадото. Според тогашните обичаи, Давид од оружје имал само праќа и пастирски стап, а сепак, штитејќи го довереното богатство, од почеток дал доказ за својата сила и храброст. Опишувајќи ги настаните, тој кажува: „Секогаш кога твојот слуга ги пасеше татковите си овци, ако случајно дојдеше некој лав, или мечка, и ќе одвлечеше овца од стадото,јас се спуштав по нив, ги напаѓав и им ја одземав од устата нивна. Ако, пак, тие се нафрлеа врз мене, јас ги фаќав за гривата, ги удирав и ги убивав” (1. Самоилова 17:34,35). Искуството во тој поглед го проверило Давидовото срце и кај него развило храброст, сила и вера. ПП 644.2}

Дури и пред да биде повикан на Сауловиот двор Давид се истакнувал со храбри дела. Офицерот што му обрнал на царот внимание на него, рекол: „Тој е човек храбар и борбен, умно говори и е мошне убав, и Господ е со него”. ПП 644.3}

Кога Израелците им објавиле војна на Филистејците, на Сауловата војска ѝ се придружиле и три сина на Јесеја, а Давид останал дома. По извесно време, Давид отишол да ги посети своите браќа. Татко му му заповедал на своите постари браќа да им однесе порака и храна, а и да види дали се живи и здрави. Меѓутоа, Јесеј не знаел дека на Давида му била доверена уште една многу поголема задача. Израелската војска била во опасност и Давида еден небесен ангел го упатил да го избави својот народ. ПП 644.4}.

Приближувајќи се кон војската, Давид слушнал некаква врева како да се води војна. „Војската беше наредена и со извици се готвеше за борба”. Израелците и Филистејците се поставиле едни спроти други – војска спроти војска. Давид побрзал во логорот, ги нашол и ги поздравил своите браќа. Додека зборувал со нив, пред Филистејците излегол нивниот предизвикувач, Голијат, кој, исмевајќи  ги Израелците, побарал од нив од своите редови да му дадат човек кој би се борел со него. Тој овој свој предизвик го повторувал секој ден наутро и навечер. Кога Давид видел дека сите Израелци се исплашиле и кога дознал дека тоа се повторува веќе со денови, а дека никој не се нашол да го замолкне тој дрзок фалбаџија, кај него пламнал дух на борбеност. Горејќи од ревност, одвај чекал да ја одбрани честа на живиот Бог и угледот на својата нација. {ПП 645.1}

Израелската војска била потиштена и обесхрабрена. Војниците зборувале меѓу себе: „Го гледате ли оној човек што излегува? Тој излегува за да го навредува Израел?” Исполнет со срам и срдба Давид извикал: „Кој е тој необрезан Филистеец што ја навредува војската на живиот Бог?” {ПП 645.2} 

Најстариот брат на Давида, Елијав, кога ги слушнал овие зборови, добро ги сфатил чувствата што ја обземале душата на младиот човек. Давид уште како пастир пројавувал смелост, храброст и сила какви што ретко се среќаваат. Таинствената посета на Самоила на домот на нивниот татко и неговото ненајавено доаѓање, кај браќата предизвикале сомневање во врска со вистинската цел на неговата посета. Кај нив се јавила љубомора кога виделе како Давид ужива поголема почит отколку кој било од нив, и не го гледале со онаа почит и љубов што ги заслужувал со својата чесност и братска нежност. Тие во него гледале само обично овчарче, а Елијав во Давидовото прашање видел и прекор поради страшливоста, зашто не се осмелувал да го замолкне филистејскиот џин. Налутено,најстариот брат му рекол: „Зошто си дошол тука и на кого им ги остави оние малку овци во пустината? Ја познавам твојата дрскост и твоето лошо срце. Ти си дошол да ја гледаш борбата”. Решително, но со почит, Давид му одговорил: „Па што сум направил? Нели се тоа само зборови?” {ПП 645.3}

Давидовите зборови му биле пренесени на царот и тој го повикал момчето кај себе. Саул зачудено гледал во овчарот додека овој зборувал: „Никој нека не паѓа со духот пред овој; твојот роб ќе отиде и ќе се бори против тој Филистеец”. Саул се трудел да го одврати момчето од неговата намера, но тоа не дозволило да биде одвратено. Просто и скромно раскажало што преживувало пасејќи  ги стадата на својот татко. „Господ, Кој ме спасуваше од канџите на лавот и мечката, ќе ме спаси и од рацете на овој Филистеец”. Тогаш Саул му рекол на Давида: „Отиди и Господ нека биде со тебе”. {ПП 646.1}

Четириесет дена цел Израел се тресел пред џиновскиот Филистеец и пред неговото горделиво предизвикување. Срцето им замрзнувало кога го посматрале неговото огромно тело, високо шест лакти и една педа. На главата имал калпак од бронза, а бил облечен во плочест оклоп, тежок пет илјади шекели. На нозете имал метална заштита. На себе имал оклоп од плочки кои како стругунки на риба густо лежеле една врз друга за никаква стрела ниту копје да не може да ги пробие. На грбот џинот носел огромно копје, исто така од метал. „Дршката на копјето негово беше како ткаечко кросно, а самото копје – беше од шестотини шекели железо; пред него одеше оруженосец”. {ПП 646.2}

Секое утро и секоја вечер Голијат излегувал пред Израелците и гласно извикнувал: „Зошто сте излегле да војувате? Нели сум јас Филистеец, а вие робови Саулови? Изберете си еден човек и нека слезе кај мене!Ако тој може да се бие со мене и да ме убие, ние ќе ви бидеме робови; ако, пак, јас го победам и го убијам, вие ќе ни бидете робови и ќе ни служите”.Рече уште Филистеецот: ‘Денес ќе ја засрамам војската Израелова; дајте ми човек, и ние двајца ќе се биеме’”. {ПП 646.3}

Иако Саул му дозволил на Давида да го прифати предизвикот на Голијата, царот имал малку надеж дека Давид ќе  успее во својот толку смел потфат. Наредил на младичот да му се даде неговата лична опрема и неговото оружје. На главата му ставиле тежок калпак од месинг, а телото му го обвиле во панцир. Го припашал царевиот меч. Така опремен тргнал напред, но бргу се вратил. Прва мисла на сите што го посматрале била дека Давид решил да не го изложува својот живот на опасност во една толку нерамна битка. Меѓутоа, мислите на младиот и храбар пастир биле далеку од тоа. Кога се вратил кај Саула, молел за дозвола да го одложи сето тоа тешко оружје: „Не можам да одам со ова, не сум навикнат”. Го симнал царското оружје и наместо него зел во рака стап, овчарска торба и својата обична праќа. Избирајќи на потокот пет мазни камења, ги ставил во торбата и со праќата во рака се приближувал кон Филистеецот. Голијат храбро истапил очекувајќи да го сретне најголемиот израелски борец. Неговиот момок со оружје одел напред и се чинело дека пред него не може ништо да одолее. Кога се приближил до Давида, видел само младич кој можел да се смета уште за момче. За Давидовото здравје сведочело руменилото на неговото лице, а добро граденото тело, незаштитено со оклоп, дејствувало пријатно. Но меѓу неговата младешка става и масивните органи на Филистеецот постоела видлива разлика. {ПП 646.4}

Голијат бил вчудовиден и гневен. „Да не сум куче”, извикал, „Зошто си тргнал против мене со стап (и со камења)?” А потоа го опсипал Давида со најгрозни проклетства на сите богови за кои знаел. Подбивно викал: „Приближи се до мене, и ќе им го дадам телото твое на птиците небески и на ѕверовите полски”. {ПП 647.1}

Давид не се уплашил од филистејскиот јунак. Истапил напред и му довикнал на својот противник: „Ти одиш против мене со меч, копје и штит, јас, пак, одам против тебе во името на Господ Саваот, Бог на израелската војска што ти ја навредуваш.Сега ќе те предаде Господ во раката моја, и јас ќе те убијам, ќе ја симнам од тебе главата твоја, и ќе им го дадам (твојот труп) и труповите на филистејската војска на птиците небески и ѕверовите земни, и целата земја ќе дознае дека има Бог во Израел;и сите овие луѓе ќе разберат дека Господ не спасува со меч и копје, зашто тоа е војна на Господ, и Тој ќе ве предаде во рацете наши”. {ПП 647.2}

Во гласот му се чувствувал призвук на бестрашност, а на лицето му се забележувал сјај на победа и радост. Сите овие зборови, изговорени со јасен и мелодичен глас, одекнале низ воздухот и допреле до ушите на илјадниците наредени за борба. Голијат до крајност се разјарил. Сиот бесен, тој го повлекол назад шлемот што му го штител челото и се устремил кон својот противник за да му се одмазди. Синот на Јесеја се приготвил да го пречека непријателот. „Кога Филистеецот се исправи и почна да пристапува и да се приближува кон Давид, Давид брзо се стрча кон местото на борбата против Филистеецот,и бркна со раката во торбата, извади оттаму еден камен и фрли со праќата, та го удри Филистеецот в чело, така што каменот се заби во челото негово, и тој падна ничкум на земјата”. {ПП 648.1}

Двете војски се вчудовиделе. Сите верувале дека Давид ќе биде убиен, но додека каменот летал низ воздухот право кон својата цел, се видело како силниот воин се тресе и се фаќа за главата како наеднаш да ослепел. Потоа џинот се затетеравил, потклекнал и паднал на земјата како оборен даб. Давид не чекал ниту миг. Потрчал кон телото на Филистеецот и со двете раце го грабнал тешкиот меч на Голијата. Неколку мига пред тоа џинот се фалел како со истиот меч ќе  му ја пресече главата на момчето, а неговото тело ќе  им го даде на небесните птици. Сега мечот светнал во воздухот и фаленичарската глава се стркалала во песокот. Тогаш од логорот на Израелците се слушнал извик на радост и триумф. {ПП 648.2} Филистејците ги обзел ужас и во таа забуна прснале во бегство. Од околните ритчиња одекнувале извици на победа кога Евреите се устремиле на своите непријатели; и тие „ги гонеа Филистејците до влезот во долината и до портите на Екрон. И убиените Филистејци паѓаа по патот Шаараим до Гет и до Екрон.Откако ги прогонија Филистејците, Израеловите синови се вратија и го разграбија нивниот логор.Давид ја зеде главата на Филистеецот и ја однесе во Ерусалим, а оружјето го стави во шаторот свој”. {ПП 648.3}

Сподели го ова:

Слични објави