60. ДРСКОСТА НА САУЛА

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на 1. Самоилова 13 и 14 глава

По собирот во Гилгал, Саул ја распуштил војската што се собрала на негов повик за борба против Амонците. Во Михмас задржал само две илјади луѓе под свое заповедништво, а илјада луѓе му дал на својот син Јонатан во Гаваја. Тука направил голема грешка. Поради неодамнешната победа, војската била полна со храброст и надеж и кога веднаш би тргнал против другите непријатели на Израел – тоа би бил значаен потег во правец на ослободување на Израел. {ПП 616.1}

Во меѓувреме, нивните воинствени соседи, Филистејците, не чекале. По поразот кај Евен-Езер, тие сè уште држеле во свои раце неколку тврдини на планините во израелската земја, а сега се зацврстиле и во самото срце на земјата. Филстејците имале многу повеќе оружје, опрема и воен материјал отколку Израелците. За сето време од своето угнетувачко владеење над Израел се обидувале да ја зголемат својата моќ и на тој начин што на Евреите им забранувале да се занимаваат со ковачки занает за да не прават оружје. По склучениот мир, Евреите морале да одат во филистејските гарнизони и таму да ги извршуваат ковачките работи кога било тоа потребно. Стремежот за удобност и духот на потчинетост, што бил последица на долгогодишното робување, сториле Израелците да пропуштат да се снабдат со убојно оружје. Тогаш во војната се употребувале стрели и праќи и тоа Израелците можеле да го набават, но копје или меч, освен Саул и неговиот син Јонатан, немал никој (1. Самоилова 13:22). {ПП 616.2}

Дури во втората година од Сауловото владеење се обиделе да ги потчинат Филистејците. Првиот удар го извел царевиот син, Јонатан. Тој го нападнал и го победил гарнизонот во Гаваја. Победата на Јонатана ги огорчила Филистејците и тие почнале да се приготвуваат за брз напад над Израелците. Затоа Саул наредил во цела земја да затрубат труби и да објават повик до сите луѓе способни за војна, вклучувајќи ги тука и племињата отаде Јордан, да се соберат во Гилгал. Сите се оѕвале на тој повик. {ПП 616.3}

Филистејците собрале огромни сили во Михмас – триесет илјади коли и шест илјади коњаници, и мноштво народ „како песокот на морскиот брег” (1. Самоилова 13:5). Кога веста за тоа стигнала до Саула и до неговата војска во Гилгал, тие се исплашиле од помислата на силната војска со која требало да се мерат во борбата. Не биле подготвени да се соочат со непријателот, а мнозина толку многу се исплашиле, што не се осмелувале ниту да излезат во бој. Едни преминале преку Јордан, а други се скриле по пештерите и по процепите меѓу карпите со кои изобилувала таа област. Колку повеќе се наближувало времето за борба, бројот на дезертерите станувал сè поголем, а и оние што не ги напуштиле редовите биле исполнети со страв и со лоши претчувства. {ПП 617.1}

Кога Саул бил помазан за цар, Самоил дал изрични упатства како треба да постапи во тоа време. „Оди пред мене во Гилгал, каде што и јас ќе дојдам кај тебе за да принесам жртва сепаленица и жртви за благодарност. Седум дена чекај, додека да дојдам кај тебе, и тогаш ќе ти кажам што да правиш” (1. Самоилова 10:8). {ПП 617.2}

Ден по ден Саул чекал но ништо не преземал да ги охрабри своите војници и да им влее верба во Бога. Уште пред да истече времето што го одредил пророкот, Саул и сам го загубил трпението и храброста поради тешките околности во кои се наоѓал. Наместо да го приготви народот за богослужението што требало да го одржи Самоил кога ќе  дојде, тој потонал во неверство и во лоши наслутувања. Да се бара Бог со жртва – тоа било нешто извонредно свечено и важно, па Бог барал неговиот народ да го испита срцето и да ги окае гревовите за жртвата да биде угодна и тие да примат негов благослов и помош во борбата против непријателот. Но Саул се вознемирил, а војниците, наместо да очекуваат помош од Бога, гледале во царот кого самите го избрале, очекувајќи тој да ги поведе и да ги упати што да прават. {ПП 617.3}

Сепак, Господ сè уште се грижел за нив и не ги препуштил на несреќа та што би ги снашла кога единствено и целосно би се потпреле врз телесната мишка. Тој ги довел во тешка положба за да увидат колку е бесцелно да се потпираат врз луѓето и да му се обратат нему како единствен извор за помош. Настапило време за проверка на Саула. Тој сега морал да покаже дали ќе има доверба во Бога и стрпливо ќе чека негова помош или не, дали ќе се покаже како човек на кого Бог во тешките времиња може да му довери да го води неговиот народ, или со своето колебање ќе докаже дека не е достоен за светата одговорност што му била доверена. Дали царот, што си го избрал Израел себеси, ќе го послуша Царот над царевите? Дали ќе го насочи вниманието на своите исплашени борци кон Оној кој е извор на вечна сила и ослободување? {ПП 618.1}

Со сè поголемо нетрпение Саул го очекувал Самоила и настанатиот метеж, очај и напуштање на воените редови му ги припишувал на отсуството на пророкот. Утврденото време се приближувало, а Божјиот човек не се појавувал. Божјото провидение го задржало неговиот слуга. Немирниот и незауздан дух на Саула не можел веќе да се совлада. Чувствувајќи дека мора нешто да стори за да го стивне стравот кај народот, решил да организира богослужение и со жртва да побара Божја помош. Бог заповедал жртва да принесуваат само оние што се посветени за тоа. Но Саул наредил: „И Саул рече: „Донесете го кај мене одреденото за сепаленици и за жртви за благодарност”; и така во оклоп, под оружје, пристапил кон олтарот и принел жртва пред Бога. {ПП 618.2}

„А штом заврши со принесувањето на жртвата, ете дојде Самоил, и Саул му излезе во пресрет да го поздрави”. Самоил веднаш забележал дека Саул постапува спротивно на изричните прописи што му биле дадени. Господ преку својот пророк рекол дека тогаш ќе открие како треба да постапува Израел во таа криза. Кога Саул верно би ги исполнил условите под кои му била ветена Божја помош, Тој би ги ослободил Израелците на чудесен начин, со оној мал број луѓе што му останале верни на царот. Но Саул бил толку задоволен со самиот себе и со своите постапки, што му излегол на пророкот во пресрет како човек кој повеќе  заслужува пофалба отколку прекор. {ПП 618.3}

Лицето на Самоил оддавало загриженост и неспокојство; но, на неговото прашање „Што си направил?”, Саул својата дрска постапка ја оправдал со зборовите: „Видов дека народот се разбега од мене, а ти не дојде во закажаното време. Филистејците пак се беа собрале во Михмас,тогаш си помислив: ‘Сега ќе се спуштат врз мене Филистејците во Гилгал, а јас, пак, сè уште не сум Го прашал Господа, па затоа решив да принесам жртва’”. {ПП 621.1}

„И Самоил му рече на Саул: ‘Лошо си постапил што не си ја исполнил заповедта на Господ, твојот Бог, која ти беше дадена, зашто денес Господ сакаше да го зацврсти царувањето твое над Израел засекогаш.А сега твоето царување не ќе може да опстане: Господ ќе си најде маж според срцето Свое и ќе го назначи за владетел над народот Негов’… И стана Самоил, та отиде од Гилгал во Гива Венијаминова”. {ПП 621.2}

Израелците или морале да престанат да важат како Божји народ, или да ги одржат и да ги почитуваат начелата на кои било засновано царството, а со народот требало да се владее со Божја сила. Тој можел и натаму да остане владетел на Израел само под услов тие целосно да му се предадат на Господа и нивната човечка, земна волја, да ѝ биде потчинета на Божјата волја. Израел не ќе може да опстане како монархија ако не го признаваат врховниот Божји авторитет во секој поглед. {ПП 621.3}

За време на искушението Саул да покажал почит кон Божјите заповеди, Господ преку него би можел да ја спроведе својата волја. Со својот погрешен чекор покажал дека не бил способен за Божји застапник пред народот. Тој би ги завел Израелците. Повеќе  би владеела неговата волја отколку Божјата. Кога Саул би бил верен, неговото царство би било утврдено засекогаш. Но бидејќи  згрешил, Божјата намера морала да биде изведена преку некој друг. Владеењето над Израел требало да му биде доверено на некој што ќе  управува со народот според Божјата волја. {ПП 621.4}

Ние не знаеме колку големи интереси се во прашање кога Бог нè повикува. Единствена вистинска сигурност се наоѓа во целосната послушност кон Божјата реч. Сите негови ветувања се дадени под услов на вера и послушност; а ако пропуштиме да ги исполниме неговите заповеди, оневозможуваме да се исполнат сите оние обилни благослови споменати во светите списи. Не смееме да се раководиме од чувствата, ниту да се потпираме врз мислењето на луѓето, туку секогаш треба да ја имаме пред себе откриената Божја волја и да живееме според јасните упатства на неговите заповеди, без оглед на околностите во кои се наоѓаме. За последиците не треба да се грижиме, зашто за тоа се грижи Бог. Со вера во неговиот збор во деновите на искушенија можеме да докажеме пред луѓето и пред ангелите дека Бог и во тешките животни околности може да ни довери сила да ја исполниме Божјата волја, дека и тогаш ќе го величаме неговото име и ќе му бидеме на благослов на неговиот народ. {ПП 621.5}

Саул бил во немилост кај Бога, а сепак не бил готов да се понизи и да се покае. Она што му недостигало во врска со вистинската побожност, се обидувал да го надомести со ревност во верските обреди. На Саула му било мошне добро познато како се поразени Израелците кога Офние и Финес го однеле ковчегот на заветот во логорот; и, иако тоа го знаел, сепак решил да прати по ковчегот и по свештеник. Се надевал дека со тоа повторно ќе влее доверба во срцата на народот, ќе  ја собере растурената војска и ќе ја поведе во борба против Филистејците. Не му придавал важност на присуството на Самоил и на неговата помош; сакал да се ослободи од непожелните опомени и укори на пророкот. {ПП 622.1}

Светиот Дух му бил даден на Саула да му го расветли умот и да му го смекне срцето. Тој преку пророкот добил од Бога совети и упатства. А сепак, колку голема била неговата изопаченост! Историјата на првиот израелски цар ни дава жална слика за моќта  на неисправните навики стекнати во детството. Саул во своето детство не го сакал Бога ниту се боел од него; и тој незауздан дух, од младоста ненавикнат на потчинување, секогаш бил подготвен да му се противстави на Божјиот авторитет. Сите кои во своите млади години негуваат света почит кон Божјата волја и верно ги исполнуваат должностите што им ги наметнува животот, ќе бидат приготвени за повисоки положби во својот подоцнежен живот. Меѓутоа, не можат луѓето со години да ги злоупотребуваат силите што им ги дал Бог, а потоа еден ден, кога ќе им падне на памет да се изменат, да ги најдат своите сили неослабени и да појдат потполно по спротивен пат. {ПП 622.2}

Се покажало дека напорите на Саула останале неуспешни и дека не може да го охрабри народот. Кога видел оти неговата војска се свела на само шестотини луѓе, го напуштил Гилгал и се повлекол во гавајската тврдина која неодамна била ослободена од Филистејците. Таа се наоѓала на јужната страна на една длабока и карпеста долина или клисура, неколку километри северно од Ерусалим. На северната страна на истата долина, во Михмас, бил логорот на филистејската војска и одделни групи војници талкале во разни правци пустејќи ја земјата. {ПП 622.3}

Бог дозволил да настапи извесна криза за да ја укори Сауловата изопаченост и да му даде на народот поука за понизноста и верата. Бидејќи Саул згрешил дрско принесувајќи  жртва, Бог не сакал да дозволи славата на победата над Филистејците да му припадне нему. Како орудие за избавување на Израелците бил одбран царевиот син Јонатан – човек кој се боел од Бога. Поттикнат со Божјиот Дух, Јонатан му предложил на својот момок, кој му го носел оружјето, потајно да го нападнат непријателскиот логор. „Можеби”, кажал тој, „Господ ќе ни помогне, бидејќи за Господ не е тешко да спаси било мнозина или малкумина”. {ПП 623.1}

Неговиот момок исто така бил човек од вера и молитва, па го прифатил предлогот и тие тајно го напуштиле логорот за никој да не се противстави на нивната намера. Сериозно се помолиле на Водачот на своите татковци и утврдиле знак според кој ќе решат како да постапат. А потоа се спуштиле во клисурата што ги одделувала двете војски и молчејќи оделе во сенката на стрмнината, криејќи се делумно зад испакнатините и гребенот. Кога се приближиле до филистејската тврдина, ги забележале нивните непријатели и подбивно рекле: „Ете, Евреите излегуваат од дупките, во кои се беа сокриле”. А потоа им упатиле предизвик: „Дојдете кај нас, и ние ќе ви кажеме нешто”, мислејќи да ги казнат двајцата Израелци за нивната смелост. Тој повик бил знак кој, според договорот, Јонатан и неговиот момок требало да го прифатат како доказ дека Бог го прифаќа  нивниот потфат. Засолнувајќи се од погледот на Филистејците, двајцата борци се упатиле по една скришна и стрмна патека. Така стигнале на врвот на една карпа која Филстејците ја сметале за недостапна, па не ја чувале посебно. Така се вовлекле во непријателскиот логор и ја убиле стражата која во голема мера била совладана од страв и изненадување и не пружила отпор. {ПП 623.2}

Небесните ангели го штителе Јонатана и неговиот придружник, се бореле на нивна страна и Филистејците биле победени. Земјата се тресела како да била преплавена со мноштво коњаници и бојни коли што се приближуваат. Јонатан во тоа ги препознал знаците на Божјата помош, па дури и Филистејците увиделе дека Бог помага при ослободувањето на Израелците. Војската ја обзел силен страв и во долината и во овој истурен гарнизон. Во таа голема забуна тие во своите војници виделе непријатели и почнале да се убиваат едни со други. {ПП 623.3}

Набргу борбениот шум на разгорената битка се слушнал и во израелскиот логор. Стражарите на царот известувале дека меѓу Филистејците владее голема паника и дека ги има сè помалку. Меѓутоа, не било познато дали некој го напуштил еврејскиот логор. По пребројувањето, утврдено е дека сите се тука, освен Јонатан и неговиот момок. Кога Саул видел како Филистејците се растураат, и тој ја повел својата војска во напад. Сите Евреи што побегнале кај непријателот, сега се свртиле против Филистејците; се охрабриле и излегле и сите што биле скриени; и кога Филистејците во целосен распад почнале да бегаат, Сауловата војска страшно ги дотолчила. {ПП 624.1}

Решавајќи до крај да ја искористи својата предност, Саул брзоплето им забранил на своите војници тој ден да јадат. Таа своја наредба ја заострил и со свечена заклетва: „Проклет да е оној што ќе вкуси леб до вечерва, додека не им се одмаздам на моите непријатели”. Речиси била извојувана победа, а Саул за тоа не знаел ништо, ниту на кој било начин придонел за таа победа, но се понадевал дека ќе се прослави ако победената војска потполно ја уништи. Неговата наредба народот да се воздржи од храна потекнувала од неговото себично славољубие и покажувала дека царот е рамнодушен кон потребите на својот народ кога тие потреби се во спротивност со неговата желба за самоизвишување. Со тоа што кон забраната придодал и свечена заклетва, Саул избрзал и се покажал како безбожен. Дури и самите зборови на проклетството покажуваат дека Саул ревнувал за самиот себе а не за Божјата слава. Тој не кажал оти сака „Бог да им се одмазди на неговите непријатели”, туку „ додека не им се одмаздам на моите непријатели”. {ПП 624.2}  

Последица на таа забрана – народот е наведен на престап на Божјата заповед. Тие се бореле цел ден и биле премалени од глад. Штом поминало времето предвидено со наредбата, народот навалил на пленот, јадел месо заедно со крв и така го погазил законот со кој тоа било изрично забрането. {ПП 624.3}

За време на борбата Јонатан, не знаејќи за наредбата на татка си, ненамерно згрешил, земајќи малку мед во шумата. Истата вечер, Саул, дознавајќи за тоа, изјавил дека престапот на неговата заповед мора да се казни со смрт; иако Јонатан не згрешил намерно, иако Бог го сочувал неговиот живот на толку чудесен начин и преку него ѝ донел ослободување на нацијата, царот сепак изјавил дека пресудата мора да се изврши. Кога Саул би го поштедил животот на својот син, тоа би значело признавање дека згрешил што направил толку избрзан завет. Тоа би ја понизило неговата гордост. Неговата страшна одлука гласела: „Нека Господ ми испрати најлоша казна и уште повеќе нека ми даде, ако ти, Јонатане, денес не умреш”. {ПП 624.4}

Славата за победата не му припаднала на Саула, но тој се надевал дека ќе му се оддаде чест за вака пројавената ревност при одржувањето на светоста на својата заклетва. Ќе го жртвува дури и својот роден син само да ги убеди своите приврзаници дека царскиот авторитет мора да се сочува. Но, не толку одамна, Саул во Гаваја, наспроти Божјата заповед, презел свештеничка служба. И кога Самоил го опоменал, тој тврдоглаво се правдал. А сега, кога неговата заповед е прекршена – иако била неумесна, а прекршокот направен во незнаење – царот и таткото му изрекол смртна пресуда на својот син. {ПП 625.1}

Меѓутоа, народот решително се противставил на извршувањето на таквата пресуда. Не осврнувајќи се на царевиот гнев, војниците изјавиле: „Јонатан ли да умре, кој изврши такво големо спасение на Израел? Тоа нема да биде! Се колнеме во Господ дека ни влакно нема да падне од главата негова на земјата, зашто денес тој дејствуваше со Бога”. Горделивиот владетел не се осмелувал да премине преку таа едногласна одлука на народот, и животот на Јонатана бил поштеден. {ПП 625.2}  

Саул морал да почувствува дека и Бог и народот повеќе имаат доверба во неговиот син отколку во него. Ослободувањето на Јонатана претставувало строг прекор за избрзаноста на царот. Тој однапред чувствувал дека неговата клетва ќе падне врз неговата глава. Затоа не ја продолжил војната со Филистејците туку незадоволен и столчен се вратил во своето родно место. {ПП 625.3}

Сите што лесно простуваат и ги правдаат своите гревови, често се мошне строги кога треба да им се суди на другите. Како и Саул, мнозина навлекуваат на себе Божјо негодување, а сепак ги отфрлаат советите и ги презираат упатствата. Дури и кога ќе се уверат оти Бог не е на нивна страна, се притеснуваат кај себе да видат причина за сопствените неволји. Тие негуваат дух на горделивост и фалеништво, а кога станува збор за други, кои се подобри од нив, тогаш се мошне строги во прекорите. Добро би било кога таквите самонаречени судии би промислиле за следните Христови зборови: „Зашто, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери” (Матеј 7:2). {ПП 625.4}

Оние што се стремат кон самоизвишување често се доведувани во положба да го откријат својот вистински карактер. Тоа билослучај и со Саула. Неговото однесување го убедило народот дека нему повеќе му се мили царскиот углед и чест отколку правдата, милосрдието и добрината. Така народот сфатил колку згрешил кога го отфрлил владеењето што им го дал Бог. Побожниот пророк, чиишто молитви на народот му носеле благослов, го замениле за цар кој во својата слепа ревност го струполил во проклетство. {ПП 625.5} Кога луѓето во Израел не би се зазеле да го спасат животот на Јонатан, нивниот ослободител би бил погубен по наредба на царот. Со колкаво подозрение народот ги гледал сите идни наредби на Саула! Колку тешко им паѓала мислата дека токму тие сами го поставиле на престол! Господ има големо трпение со луѓето и секому му дава можност да го увиди својот грев и да го исправи; и иако може да се чини дека Тој им дава успех на оние што ја презираат неговата волја и ги отфрлаат неговите опомени, сепак Тој во свое време сигурно ќе ја открие нивната лудост. {ПП 626.1}

Сподели го ова:

Слични објави