62. ДАВИД ПОМАЗАН ЗА ЦАР

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на 1. Самоилова 16:1-13

Неколку километри јужно од Ерусалим се наоѓа Витлеем, „град на великиот Цар”, каде што бил роден Давид, синот на Јесеја, и тоа повеќе  од илјада години пред детето Исус да биде положено во јасли каде што му се поклониле мудреците од Исток. Многу векови пред да дојде Спасителот, Давид како момче пасел овци по ритчињата што го опкружуваат Витлеем. Едноставното овчарче пеело песни што само ги составувало, а неговиот детски глас бил придружуван од Хармонични звуци на Харфа. Господ го одбрал Давида и во осаменост крај стадото го приготвувал за големата задача што планирал да му ја довери во подоцнежните години. {ПП 637.1} 

Додека Давид живеел повлечен и скромен пастирски живот, Господ за него му зборувал на пророкот Самоил. „До кога ќе патиш по Саул, кого Јас го отфрлив да не биде цар на Израел? Понеси со себе масло и оди; Јас ќе те испратам кај витлеемецот Јесеј, зашто меѓу неговите синови си согледав цар… Потерај од стадото свое една јуничка и кажи: – дојдов да му принесам жртва на Господ;покани го и Јесеј, (и синовите негови), на жртвата; Јас ќе ти кажам што да правиш, и ти ќе Ми го помазаш оној, кого ќе ти го посочам”. Самоил постапил како што му кажал Господ и дошол во Витлеем. Кога го виделе градските старешини, се уплашиле и прашале: „Со мир ли доаѓаш?” А тој им рекол: „Со мир; дојдов да Му принесам жртва на Господ”. Старешините го прифатиле повикот за жртва, а Самоил го повикал и Јесеја и неговите синови. Бил направен жртвеник и приготвена жртвата. Било присутно целото семејство на Јесеја, освен најмладиот син Давид, кого го оставиле да пасе овци, зашто не било сигурно да се остави стадото без чувар. {ПП 637.2}

Кога завршиле со жртвата и кога почнал жртвениот ручек, Самоил почнал на пророчки начин да ги посматра синовите на Јесеја кои изгледале мошне елегантно. Елијав бил најстар и што се однесува до неговата става и убавина, личел на Саула повеќе отколку другите. Неговите пријатни црти на лицето и добро развиеното тело го привлекле вниманието на пророкот. Посматрајќи го неговото кнежевско држење, Самоил си помислил: „Секако, овој е пред Господ помазаникот Негов”, и очекувал Божја наредба да го помаже. Но Јехова не го гледа надворешниот изглед. Елијав не се плашел од Бога. Кога би бил поставен на престолот, би покажувал горделивост и би бил премногу строг господар. Затоа Господ му рекол на Самоила: „Не гледај на лицето негово и високиот негов раст; Јас го отфрлив. Јас не гледам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето”. Никаква надворешна убавина не може да ја препорача душата пред Бога. Вистинската убавина на човекот ја прават мудроста и совршенството што се покажуваат во однесувањето и карактерот; а совршенството на срцето ја претставува внатрешната вредност со која единствено можеме да му угодиме на Господа над војските. За таа вистина треба секогаш да бидеме длабоко свесни кога донесуваме суд за себе или за другите. Од грешката на Самоила можеме да научиме колку е ништожна проценката што се темели на убавината на лицето или на елегантното однесување. Можеме да научиме и за тоа колку е неспособна човечката мудрост без посебно небесно просветување да ги разбере тајните на срцето и да ги сфати Божјите совети. Божјите мисли и Божјите патишта во врска со неговите созданија се недосегливи за нашето земно сфаќање; но можеме да бидеме сигурни дека неговите деца ќе бидат поставени токму на оние места за кои се способни и дека ќе можат да ги исполнат задачите што им се доверени само ако својата волја ѝ ја потчинат на Божјата волја, со цел неговите совршени планови да не бидат попречувани со човечката изопаченост. {ПП 638.1}

Самоил престанал да обрнува внимание на Елијава и ги посматрал еден по еден сите шестмина други браќа што присуствувале на богослужението. Меѓутоа, Господ не избрал ниеден од нив. Загрижен поради неизвесноста, Самоил го погледнал и последниот млад човек; пророкот бил очаен и збунет. „Дали сите твои деца се овде?” го прашал Јесеја. А таткото одговорил: „Остана уште најмалиот; тој ги пасе овците”. Самоил наредил веднаш да го доведат: „Зашто нема да седнеме да јадеме, додека тој не дојде овде”. {ПП 638.2}

Осамениот пастир се изненадил кога гласникот му рекол оти пророкот дошол во Витлеем и дека го пратил по него. Со чудење прашал зошто пророкот и судијата на Израел бара да го види токму него; но, без двоумење пошол. „Тој беше рус, со убави очи и пријатно лице”. Додека Самоил со задоволство го посматрал решителниот, сериозен и скромен млад пастир, Господовиот глас му проговорил: „Стани, помазај го, зашто тоа е тој”. Давид во скромната пастирска служба покажал храброст и верност, па сега Бог го одбрал за поглавар на својот народ. „Самоил го зеде рогот со масло и го помаза среде браќата негови, и Духот Господов почиваше врз Давид од тој ден”. Пророкот ја извршил задачата што му била доделена и со олеснение во срцето се вратил во Рама. {ПП 641.1}

Самоил не му ја најавил својата мисија дури ни на семејството на Јесеја, па церемонијата на Давидовото помазание била изведена во тајност. За младиот Давид тоа било најавување на високиот позив што го очекувал; и тоа сознание требало во сите различни настани и опасности во претстојните години да го вдахне со верност со својот живот да ја исполни Божјата цел. {ПП 641.2}

Давид не се возгордеал поради високата чест што му била доделена. Без оглед на високата положба што требало да ја заземе, тој мирно ја продолжил својата пастирска работа и, полн со задоволство, очекувал Божјите планови да се остварат во одредено време и на од Бога одреден начин. Кроток и скромен како и пред своето помазание, пастирот се вратил на своите ритчиња, пасејќи ги своите стада нежно како и секогаш. Само во неговите песни, придружувани со пријатни звуци на Харфа, се чувствувало ново одушевување. Пред него се простирале богати полиња полни со убавина. Лозјата блескотеле на сонцето полни со златни гроздови. Зелените лисја на шумските дрвја трепереле на благо ветерче. Го посматрал Сонцето како го прелева небото со светлина и „излегува како младоженец од брачното легло, се радува како силен јунак што ја прелетува патеката”. На другата страна гордо се издигнувале кон небото врвовите на планините; во далечината се виделе карпестите синџири на моавските планини; погоре од нив се наткрилило прекрасно небесно синило. Над сето тоа бил Бог. Тој не можел да го види,но неговите дела го фалеле и славеле. Дневната светлина, позлатувајќи ги шумите, ридовите, долините и реките, ги издигнувала неговите мисли кон Отецот на светлината, кон Оној кој дава сè што е добро и совршено. Секојдневните откровенија на карактерот и величеството на Творецот го исполнувале срцето на младиот поет со безгранична љубов и радост. Размислувајќи длабоко за Бога и за неговите дела, Давид ги развивал и ги засилувал способностите на својот разум и срце за делото што го очекувало во годините што настапувале. Секој ден стапувал во сè потесен допир со Бога. Неговиот дух постојано навлегувал во нови длабини за таму да најде ново вдахновение за песната и за музиката на неговата Харфа. Богатите мелодии на неговиот глас се прелевале во воздухот и се одгласувале од околните падини како одговор на радосната песна на небесните ангели. {ПП 641.3}

Кој може да ги измери последиците на тие години на труд и талкање по осамените брекчиња? Контактот со природата и допирот со Бога, грижата за стадото, опасностите, страдањата и радостите на неговиот скромен живот – сето тоа требало не само да го изгради Давидовиот карактер и да влијае врз неговиот иден живот, туку истото преку псалмите на омилениот израелски пејач требало и во подоцнежните векови да буди љубов и вера во срцата на Божјиот народ, доведувајќи ги сè поблизу до Оној чиешто срце е полно со љубов и во кого живее сè што поседува животот. {ПП 642.1} Во убавината и силата на своите млади години Давид се приготвувал да ја преземе положбата меѓу најблагородните на земјата. Своите таленти како драгоцен Божји дар ги користел да ја издигне славата на божествениот Дарител. Имал прилика во тишина да посматра и да размислува, а тоа го збогатило со мудрост и побожност, така што им станал мил и на Бога и на ангелите. Посматрајќи ги совршенствата на Божјите творенија, тој се здобил со појасни поими за Бога. Нејасното е расветлено, пречките се отстранети, привидните противречности се усогласени; а секој зрак на светлина предизвикувал нови изливи на одушевување и на сè поубави фалбоспеви во чест на Бога и Спасителот. Љубовта што го поттикнувала, грижите што го мачеле, успесите што го придружувале – сето тоа било предмет на проучување и на негово постојано сфаќање; кога во настаните од својот живот ја согледувал Божјата љубов, срцето поогнено му чукало во молитва и благодарност, гласот му одекнувал со побогати мелодии, а неговата Харфа звучела многу порадосно; така младиот пастир се здобивал со сè поголеми сили и сознанија зашто Божјиот Дух почивал врз него. {ПП 642.2}

Сподели го ова:

Слични објави