2. СОЗДАВАЊЕТО
Оваа глава е заснована на Создавање 1 и 2 глава
„Со речта Господова небесата се создадени и со духот на неговата уста сета нивна војска”. „Зашто тој рече и сѐ настана, нареди и светот се создаде” (Псалм 33:6,9). Тој „ја постави земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш” (Псалм 104:5). {ПП 44.1}
Кога земјата излегла од рацете на својот Творец, била совршено убава. Нејзината површина била украсена со гори, со ритчиња и со рамнини, меѓу кои жубореле прекрасни реки и се простирале пријатни езера. Меѓутоа, ритчињата и горите не биле карпести ниту стрми и немале страшни забести провалии и ужасни понори, какви што има денеска. Страните на планинските венци биле прекриени со плодоносна почва на која насекаде буело зеленило и плодни растенија. Немало одвратни мочуришта и неплодни пустини. Каде и да се запрел погледот, прекрасни грмушки и милно цвеќе го пречекувале со поздрав. Височинките биле покриени со шуми чиишто стебла биле многу повеличествени од кој и да е вид дрво кое воопшто постои денеска. Воздухот бил чист и здрав и во него немало ниту траги од заразни испарувања. Севкупната слика на земјата надминувала по својата убавина секој, и најубаво уреден парк. Војските ангели со восхит ја посматрале оваа глетка и му се радувале на прекрасното Божјо дело. {ПП 44.2}
Кога била создадена земјата со сето изобилство на животинскиот и растителниот свет, на сцената е изведен човекот круна на Божјото создавање, суштество на кое земјата со сиот свој сјај и му била наменета. Нему му било дадено да биде господар над сѐ што можело да види човечкото око, зашто Господ рекол: „Да создадеме човек според нашиот образ и подобие како што сме ние, кој ќе биде господар… над целата земја”. „И го создаде Бог човекот според образот свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде” (Создавање 1:26,27). Овде јасно се гледа потеклото на човечкиот род, а божествениот извештај е составен така јасно, што не постои можност да се изведат погрешни заклучоци. Бог човекот го создал според својот лик. Тука нема никаква тајна. Нема основа за претпоставка дека човекот настанал со постепен развиток од пониските облици на животинскиот и растителниот свет. Со таквото учење големото дело на Творецот се сведува на ниво на тесногради човечки и земни сфаќања. Луѓето мошне упорно настојуваат да го исклучат Бога од владеењето со вселената и го понижуваат човекот со тоа што лажно го прикажуваат неговото возвишено потекло. Оној што го распрострел ѕвезденото небо над нас, кој ги одржува световите во просторот и со својата вешта рака му дава бои на полското цвеќе, кој небото и земјата ги исполнил со чудеса на својата моќ кога сакал да го круниса своето прекрасно дело на создавањето не пропуштил да создаде едно суштество достојно за раката која му го подарила животот и да го постави за господар над земјата која била толку убава и неизвалкана. Родословието на човечкото семејство, како што ни го дава божественото вдахновение, не води потекло од некои микроорганизми, лазачи и четириношци, туку од големиот Творец. Иако создаден од прав, Адам бил „Божји син” (Лука 3:38). {ПП 44.3}
Него Бог, како свој претставник, го поставил над суштествата од понизок ред. Овие суштества не биле во состојба да го сфатат или да го признаат Божјото владејачко достоинство, но сепак им е дадена способност да го сакаат човекот и да му служат. Псалмистот кажува: „Си го поставил над делата на своите раце и сѐ си потчинил под неговите нозе… ѕверовите полски, птиците небесни и рибите морски, сѐ што се движи по морскиот пат” (Псалм 8:6-8). {ПП 45.1}
На човекот му било доделено да биде Божја слика и според надворешниот изглед и според карактерот. Единствено Христос е „сјај на славата” (Евреите 1:3) на битието на Отецот додека човекот е создаден според Божјиот лик. Неговата природа била во целосна хармонија со Божјата волја. Неговиот ум бил во состојба да го сфати она што е божествено. Склоностите му биле чисти; разумот владеел над неговите желби и страсти. Чувствувал среќа и светиња во тоа што на себе го носел Божјиот лик и што живеел во полна хармонија со неговата волја. {ПП 45.2}
Кога излегол од рацете на својот Творец, Адам имал висока става и совршени размери. Лицето му било румено, оддавајќи здравје и озарено од светлина на живот и радост. Бил многу повисок од луѓето што живеат денеска на земјата. Ева била малку пониска, но сепак со величествена става и многу убава. Безгрешната брачна двојка немала на себе вештачка облека; тие биле наметнати со плашт на светлина и слава, со облека каква што носат и ангелите. Со таа облека на светлина биле облечени сѐ додека му биле послушни на Бога. {ПП 45.3}
Кога е создаден Адам, секое живо суштество било изведено пред него за да добие име. Адам забележал дека на секое од нив му бил создаден и парник, „но за човекот не се најде помошник, сличен на него”. Меѓу сите суштества што ги создал Бог на земјата не се нашло ниту едно кое би било еднакво со човекот. „И рече Господ Бог: Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!” (Создавање 2:18). Човекот не е создаден да живее сам; тој требало да биде друштвено суштество. Без друштво сите прекрасни глетки и угодното занимање во Едем не би можеле да му пружат потполна среќа. Дури ни разговорот со ангелите не би можел да го задоволи неговиот копнеж за сочувство, за љубов и дружење. Тогаш уште не постоело суштество од иста природа кое би можело да го сака и кое би можело да биде сакано. {ПП 46.1}
На Адама лично Бог му дал животен сопатник. Му создал помошник сличен на него” другар што му одговарал нему, суштество кое му прилегало и кое можело да биде соединето со него во љубовта и во сочувството. Ева била создадена од едно Адамово ребро, што покажува дека таа не можела да владее над него како глава, а и да не биде подредена, газена под нозе, туку да стои крај него како рамноправна и да биде од него сакана и заштитувана. Како дел на човекот коска од неговите коски и месо од неговото месо таа требало да биде негово второ јас, а тоа покажува каква внатрешна врска и наклоност полна со љубов треба да постои во тој меѓусебен однос. „Зашто никој никогаш не го намразил своето тело, туку го храни и го стоплува” (Ефесјаните 5:29). „Поради тоа човекот ќе го остави својот татко и својата мајка и ќе се придружи кон својата жена, та обајцата ќе бидат едно тело” (Ефесјаните 5:31). {ПП 46.2}
Првата венчавка ја извршил лично Бог. Затоа оваа установа потекнува од Творецот на вселената. „Бракот на сите треба да е чесен” (Евреите 13:4). Тоа бил еден од првите дарови што му ги дал Бог на човекот, една од двете установи (бракот и саботата) која Адам, по паѓањето во грев, ја понел со себе и преку рајскиот праг. Ако во брачната врска се признаваат и се почитуваат божествените начела, тогаш бракот е благослов; тој ја чува чистотата и среќата на човечкиот род; ги задоволува човековите друштвени потреби и ја издигнува неговата телесна, интелектуална и морална природа. {ПП 46.3}
„И насади Господ Бог рај во Едем, на исток, и таму го смести човекот што го создаде” (Создавање 2:8). Сѐ што создал Бог било совршено убаво и се чинело дека не е изоставено ништо што би можело да придонесе за среќата на светата брачна двојка. Сепак, Творецот им дал уште еден знак на својата љубов им приготвил прекрасна рајска градина која требало да биде нивно живеалиште, нивни дом. Тука имало најразновидни дрвја, со густо начичкани миризливи и за јадење мошне вкусни плодови. Најдражесно сепак изгледала прекрасната винова лоза, која растела простум како стебло додека прачките и се повивале под товарот на примамливите гроздови со најраскошни и разновидни бои. Адам и Ева имале угодно занимање. Тие од прачките на виновата лоза обликувале живи сеници; така си правеле себеси живеалиште од живи дрвја покриени со лисја и плодови. Миризливи цвеќиња со раскошни бои насекаде имало во големо изобилство. Во средината на градината стоело посебно дрво, наречено „дрво на животот”, надминувајќи ги со својата слава и убавина сите други стебла. Неговите плодови биле слични на златни и сребрени јаболка и имале моќ да го продолжуваат животот во бесконечност. {ПП 46.4}
Создавањето било завршено. „Така се довршија небото и земјата и сето нивно воинство”. „И Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро” (Создавање 2:1; 1:31). Едем цутел на земјата. На Адама и Ева им бил дозволен пристап кон дрвото на животот. На чистото дело на создавањето немало никаква сенка од грев или смрт. „Кога ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост” (Јов 38:7). {ПП 47.1}
Големиот Јехова ги поставил темелите на земјата; цел свет го облекол во убавина и го наполнил со сѐ што е полезно за човекот; Тој ги создал сите чуда на копното и морето. Големото дело на создавање е завршено за шест дена. „Седмиот ден Бог ги заврши делата Свои, што ги направи; и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде.И Бог го благослови седмиот ден, и го освети, зашто во тој ден си отпочина од сите дела Свои, што ги направи и создаде” (Создавање 2:2,3). Бог со задоволство го посматрал делото на своите раце. Сѐ било совршено достојно за својот божествен Творец; и Тој се одморал, не затоа што бил уморен, туку затоа што наоѓал задоволство во плодовите на својата мудрост и добрина и во покажувањето на својата слава. {ПП 47.2}
Бидејќи во седмиот ден се одморал, Бог тој ден го посветил и го изделил од другите како ден за одмор и за луѓето. Следејќи го примерот на својот Творец, човекот треба да се одмора во тој свет ден, со цел посматрајќи ги небото и земјата – да може да размислува за големото Божјо дело на создавањето и – додека ги посматра доказите за неговата мудрост и добрина – срцето да му биде исполнето со љубов и со страхопочит кон својот Творец. {ПП 47.3}
Благословувајќи го седмиот ден, Бог уште во Едем поставил спомен на своето дело на создавањето. Саботата му била предадена на Адама, на таткото и претставникот на целото човечко семејство. Со празнувањето на саботата, сите жители на земјата би требало да покажат благодарност кон Бога и да признаат дека Тој е нивни законит владетел, а тие дело на неговите раце и негови приврзаници. Оваа установа, како посебен празник на сеќавање и спомен, му е дадена на целото човештво. Во неа нема ништо што би претставувало сенка, ниту пак нешто што би се ограничувало само на еден народ. {ПП 48.1}
Бог видел дека саботата била битна за човекот дури и тогаш додека уште се наоѓал во рајот. Му било потребно еден ден во седмицата да ги остави сите свои интереси и стремежи за да може целосно да се посвети на посматрање на Божјите дела и на размислување за неговата моќ и добрина. Му била потребна саботата за што повпечатливо да го потсетува на Бога и кај него да буди благодарност кон Оној од чиишто благотворни раце доаѓало сѐ што имал и што го радувало. {ПП 48.2}
Божја намера е саботата да ги насочи мислите на човекот кон посматрање на неговите дела. Природата му зборува на неговиот разум дека постои еден жив Бог кој создал сѐ и кој владее со сѐ што постои. „Небесата ја објавуваат Божјата слава, а за делата на рацете Негови известува сводот небесен.Ден на денот објавува, и ноќ на ноќта знаење открива” (Псалм 19:1,2). Убавината што ја краси земјата е знак на Божјата љубов. Неа ја гледаме на планинските висови што стојат од искон, на милните дрвја што се издигнуваат кон небото, во јадрите пупки и во миризливото цвеќе. Сето тоа ни зборува за Бога. Саботата, која без престан го упатува човекот на Оној кој создал сѐ, му налага да ја отвори големата книга на природата и во неа да ги следи трагите на мудроста, на моќта и љубовта на Творецот. {ПП 48.3}
Нашите прародители, иако создадени невини и свети, не биле лишени од можноста да згрешат. Бог им дал слободна волја и ги создал како суштества способни да ја ценат мудроста и благонаклоноста на неговиот карактер и правичноста на неговите барања и наполно слободно да одлучуваат дали ќе му бидат послушни или не. Имале среќа да разговараат со Бога и со светите ангели, но пред нивната сигурност да може да се смета за овековечена, требало да се провери нивната верност. Уште од почеток на човековото постоење, требало да се заузди склоноста кон попуштање себеси, таа судбоносна силна склоност која била основна причина и за падот на сатаната. Дрвото на сознанието што се наоѓало во средината на градината, недалеку од дрвото на животот, било одредено да ја провери послушноста, љубовта и верата на нашите прародители. Под закана на смртна казна им било забрането да вкусат плод од тоа дрво додека плодови од секое друго дрво можеле да јадат слободно. Исто така морале да бидат изложени на искушение што ќе им го наметне сатаната; меѓутоа, кога би му одолеале на искушението, конечно би биле оттргнати од неговата моќ и вечно би се радувале уживајќи ја Божјата милост и наклоност. {ПП 48.4}
Бог на човекот му поставил закон како неизбежен услов за неговото постоење. Тој бил приврзаник на Божјото владеење, а без закон не може да постои ниту една влада ниту каква било власт. Бог можел човекот да го создаде така што да не може да го прекрши неговиот закон; Тој можел да ја задржи раката на Адама да не го допре забранетиот плод, но во тој случај човекот не би имал слободна волја, не би бил слободно морално суштество, туку само послушна машина. Без слобода на избор, неговата послушност не би била доброволна, туку присилна. Тој не би можел слободно да го развива својот карактер, што би било противно на планот според кој Бог постапувал со жителите на другите светови. Тоа не би било достојно за човекот како разумно суштество и би одело во прилог на обвинувањето на сатаната дека Божјото владеење всушност е самоволна тиранија. {ПП 49.1}
Бог човекот го создал добар; му всадил благородни црти во карактерот, без наклоност кон зло. Го надарил со високи способности на разумот и пред него ставил сѐ што го поттикнувало цврсто да се придржува кон својата преданост спрема него. Услов за вечно блаженство и среќа бил постојана и целосна послушност. Под тие услови му бил обезбеден пристап кон дрвото на животот. {ПП 49.2}
Едем како дом на нашите прародители требало да биде мостра за сите други домови на нивните потомци кога ќе се рашират населувајќи ја земјата. Тој дом, украсен со раката на Творецот, не бил некоја раскошна палата. Луѓето во својата гордост уживаат во величествени и скапоцени градби и се восхитуваат со делата на своите раце. Меѓутоа, првиот човек Бог го настанил во градина. Тоа бил негов дом, негов стан. Синото небо му било покрив во вид на купола, а земјата, прекриена со нежно цвеќе и со наметка од живо зеленило, претставувала под; заштита над главата сочинувале лисните гранки на прекрасните дрвја, а ѕидовите на неговото живеалиште биле прекриени со највеличествен украс со делата на рацете на големиот Уметник. Сѐ што ја опкружувало светата брачна двојка претставувало наука за сите времиња дека вистинската среќа не лежи во задоволувањето на гордоста, во изобилството и раскошот, туку во одржувањето на заедница со Бога преку неговите совршено создадени дела. Кога луѓето помалку внимание би им обрнувале на вештачките творби, а повеќе би негувале едноставност, многу повеќе би одговарале на онаа цел што ја имал Бог кога го создал човекот. Гордоста и славољубието никогаш не можат да се задоволат, но оние луѓе кои вистински се мудри, ќе најдат вистинско задоволство, задоволство што облагородува и издигнува, на изворот на радоста што му го ставил Бог при рака на секој човек. {ПП 49.3}
На жителите на Едем им била дадена задача да се грижат за градината да ја обработуваат и да ја чуваат. Нивната работа не била заморна, туку пријатна и освежувачка. Работата Бог ја определил за човекот, и таа за него претставува вистинска благодат: го занимава, му ги проникнува мислите, го засилува телото и ги развива способностите. Во духовната и во телесната работа Адам наоѓал едно од најголемите задоволства на својот свет живот. И кога, поради непослушноста, бил истеран од својот прекрасен дом и кога бил присилен макотрпно да бори со ќудливото земјиште за својот насушен леб, токму таа работа, иако во голема мера поинаква од пријатното занимање во Едем, му била заштита од искушението и извор на среќа. Во голема заблуда се оние кои работата ја сметаат за проклетство, па макар таа да е заморна и тешка. Богатите често со презир ја гледаат работничката класа. Меѓутоа, таквото однесување е наполно спротивно на намерата што ја имал Бог кога го создал човекот. Што се имотите на најголемите богаташи во споредба со наследството дадено на возвишениот Адам? Па сепак, Адам не го поминувал животот во безделничење. Премудриот Творец, кој најдобро знае што ја зголемува среќата на човекот, му определил на Адама што треба да прави. Само работливите мажи и жени наоѓаат вистинска животна радост. Ангелите се вредни работници; тие му служат на Бога заштитувајќи ги луѓето. Творецот не предвидел место за оние што се мрзливи и неработници. {ПП 50.1}
Сѐ додека му биле предани на Бога, Адам и Ева имале власт над сета земја. Без исклучок, му се покорувало сѐ што живее на земјата. Лавот и јагнето мирно си се играле крај нив, или заедно би лежеле крај нивните нозе. Среќните птици мавтале со своите крилја околу нив без никаков страв; а кога нивните радосни песнички се издигнувале во слава на Творецот, Адам и Ева им се придружувале оддавајќи им благодарност на Отецот и Синот. {ПП 50.2}
За светата брачна двојка Бог се грижел не само како татко, туку и како учител, и тие, како ученици, примале поуки од сезнајниот Творец. Нив ги посетувале ангелите и уживале право да разговараат со својот Творец без никаква темна пречка што би ги одделувала од него. Биле исполнети со силата што ја дава дрвото на животот, а нивната моќ на сфаќање била само малку помалечка од ангелската. Тајните на видливата вселена „чудното дело на Најсовршениот во секое знаење” (Јов 37:16) за нив претставувале неисцрпен извор на поуки и уживање. Бесконечно недосегливиот Градител и Творец на сѐ, Оној кој сето тоа постојано го одржува, му ги откривал на нивниот ум законите и појавите во природата кои веќе шест илјади години го интересираат човекот и будат кај него истражувачки стремежи. Се запознавале со законите на листот, на цветот и на дрвото, и проникнувале во тајните на сѐ што е живо. Адам познавал сѐ живо, од огромниот левијатан морско чудовиште што се игра во брановите па до најситниот инсект што трепери во сончевиот зрак. На секое од нив тој им дал име и на сите им ја познавал природата и навиките. Божјата слава на небесниот свод, безбројните светови во нивното непогрешно кружење, „како висат облаците” (Јов 37:16), тајните на светлината и на звукот, на денот и ноќта сето тоа им било достапно за проучување на нашите прародители. На секој лист во шумата и на секој камен во планината, на секоја блескотна ѕвезда, на земјата, во воздухот и на небесниот свод, за нив било напишано Божјото име. Поредокот и хармонијата на сѐ што е создадено им зборувале за бесконечната мудрост и сила. Постојано откривале некоја нова привлечност која срцето би им ја исполнила со уште подлабока љубов и би предизвикала нови изливи на благодарност. {ПП 50.3}
Сѐ додека се придржувале кон Божјите закони, нивната способност на сфаќање, способноста да се радуваат и да сакаат, постојано се зголемувала. Кога би останале верни, тие постојано би пронаоѓале нови ризници на сознанија, нови извори на среќа и сѐ појасна и појасна претстава за неизмерната и неисцрпна Божја љубов. {ПП 51.1}