54. САМСОН

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Книгата за судиите 13-16 глава

Среде широко распространетиот отпад, оние што му останале верни на Бога не престанувале нему да му упатуваат свои молитви за ослободување на Израел. Иако се чинело дека Бог не ги слуша нивните молитви, иако од година во година власта на нивните угнетувачи станувала сè потешка, Божјото провидение за нив сепак приготвувало помош. И токму во првите години од робувањето под Филистејците, се родило дете преку кое Бог имал намера да ја понизи силата на нивниот моќен непријател . {ПП 560.1}

На границата на планинскиот предел што се издигнувал над филистејската рамнина се наоѓало малечкото место Сарај. Тука живеело семејството на Маној од племето на Дан, едно од малобројните кое среде општиот отпад му останало потполно предано на Јехова. На жената на Маној, која била неротка, и се јавил „ангел Господов” со порака дека ќе роди син преку кој Бог ќе почне да го ослободува Израел. Во врска со тоа, ангелот и дал упатство како треба таа да живее и како да го одгледува детето. „Затоа пази се, не пиј вино и друг алкохолен пијалак и не јади ништо нечисто”. Истата забрана важела и за детето уште од самиот почеток. Освен тоа, ѝ било кажано на детето никогаш да не му ја сече косата, зашто уште од раѓање требало да му биде посветено на Бога како назиреј. {ПП 560.2}

Жената го побарала својот маж и, опишувајќи  му ја појавата на ангелот, ја повторила пораката што ја примила. А тогаш, плашејќи се да не направат некаква грешка во тоа важно дело што им било доверено, Маној се помолил на Бога велејќи: „Господи, Те молам, Божјиот човек, што еднаш го испрати, нека дојде уште еднаш кај нас и нека нè поучи што треба да правиме со детето кога ќе се роди”. {ПП 560.3}

Потоа, кога ангелот повторно се појавил, Маној бојазливо и загрижено прашал: „И така, нека се исполни твојот збор, но како да постапуваме со детето и што да правиме со него?” Ангелот им го повторил претходно даденото упатство „Жената нека се чува од сè што и забранив.Нека не ужива ништо што доаѓа од виновата лоза, нека не пие ни вино ни жестоки пијалаци, нека не јаде ништо нечисто, и нека пази сè што и заповедав”. {ПП 560.4}

За детето што му било ветено на Маној Бог предвидел значајна задача. За да стекне особини што ќе му овозможат да го изврши тоа дело, било неопходно и мајката и синот внимателно да ги сообразат своите навики. Затоа ангелот ѝ пропишал на жената на Маној. „Нека не пие ни вино ни жестоки пијалаци”, рекол ангелот за жената на Маној, „нека не јаде ништо нечисто, и нека пази сè што и заповедав”. Навиките на мајката влијаат врз формирањето на детето било во добар или во лош правец. Ако му сака добро на своето дете, мајката прва мора своето однесување да го сообрази со начелата на умереноста и самооткажувањето. Не се мудри оние советници што препорачуваат на идната мајка да ѝ се исполни секоја желба и секое барање. Тоа мислење е погрешно и штетно. Со заповедта што ја упатил Господ, идната мајка под најсвечена обврска морала да владее со себе. {ПП 561.1}

Оваа одговорност ја сносат рамномерно и таткото и мајката. Двајцата родители ги пренесуваат врз своите деца своите духовни и телесни особини, но во иста мера и своите склоности и желби. Поради неумереноста на родителите, децата мошне често се лишени од телесна, духовна и морална сила. Луѓето наклонети кон алкохол и тутун своите незаситни желби, својата разјарена крв и нервна раздразливост ја пренесуваат и на своите деца. Развратниците своите лоши желби, па дури и одвратните болести, со законите на наследувањето ги пренесуваат на потомството. И бидејќи децата им се опираат на искушенијата со уште помалечка сила отколку родителите, склоноста кон опаѓање со секоја генерација е сè поголема. Родителите во голема мера се одговорни не само за жестоките страсти и изопачени желби на своите деца, туку и за несреќата на илјадници такви кои се раѓаат неми, слепи, болезливи и неурамнотежени. {ПП 561.2} 

Секој иден татко и мајка треба да се прашаат: „Што треба да правиме со детето кога ќе се роди?” Мнозина лекомислено преминуваат преку вистината дека врз детето вршат влијанија и фактори пред тоа да се роди. Меѓутоа, поуката што им ја упатило Небото на овие еврејски родители и која двапати била изрично и свечено повторена, покажува како гледа нашиот Творец на тоа. {ПП 561.3}

За детето што било ветено не било доволно само да прими добро наследство од страна на родителите, туку и грижливо воспитување и формирање на исправни навики. Бог наредил идниот судија и ослободител на Израел уште од своето детство да се воспитува на строга умереност. Уште од своето раѓање тој требало да биде назиреј, бидејќи му било забрането да употребува вино и жестоки пијалаци. Децата уште од малечки нозе мора да се учат на умереност, на самооткажување и самосовладување. {ПП 561.4}

Забраната дадена преку ангелот се однесувала на сè што е „нечисто”. Разликата меѓу чистите и нечистите намирници не бил а само некаква церемонија или произволен пропис, туку таа се темелела на здравствените начела. Чудесните животни способности со кои се одликувал еврејскиот народ илјадници години во голема мера се резултат на почитувањето токму на таа разлика. Начелата на умереност опфаќаат и сè друго, а не само забрана на жестоките пијалаци. Употребата на надразлива или тешко сварлива храна често е исто толку штетна за здравјето, а во многу случаи токму таа сее семе на пијанство. Вистинската умереност нè учи на воздржување од сè што е штетно и на разумна употреба на она што е здраво и корисно. Малку луѓе има кои правилно сфаќаат во колкава мера нивните навики во јадењето влијаат врз нивното здравје и карактер, врз нивната корисност во овој свет и врз нивната вечна судбина. Апетитот секогаш треба да биде под контрола на моралните и умните сили. Телото треба да му служи на духот, а не духот на телото. {ПП 562.1}

Ветувањето дадено на Маној се исполнило во свое време кога се родил синот на кого му дале има Самсон. Кога момчето почнало да се развива, се видело дека било надарено со необична телесна сила. Меѓутоа, таа сила не потекнувала од неговата добра градба, што мошне добро знаеле и тој и неговите родители, туку зависела од прифаќањето на условите кои, како назиреј, му биле поставени, и кои симболично ги обележувала неговата непотстрижена коса. Кога Самсон би се придржувал кон Божјите заповеди толку верно како неговите родители, тој би доживеал поблагородна и посреќна судбина. Но него го расипало дружењето со идолопоклониците. Бидејќи  градот Сарај бил во близина на филистејската земја, Самсон се впуштил со нив во пријателски односи. Така во неговата младост настанале интимни пријателства што го затемниле целиот негов живот. Една млада девојка, која живеела во филистејскиот град Тамнат, го освоила неговото срце и тој решил да ја земе за жена. Неговите богобојазливи родители се обидувале да го одвратат од тоа, но негов единствен одговор бил: „Неа земи ми ја за жена, бидејќи таа ми се свиде”. Најпосле родителите попуштиле пред неговата желба и дошло до склучување на брак. {ПП 562.2}

Токму кога влегувал во периодот на својата машкост, кога морал да ја врши својата од Бога одредена мисија – во периодот кога повеќе од кога и да е требало да му биде верен на Бога – Самсон се поврзал со непријателите на Израел. Тој не се прашал дали тој брак ќе  му помогне подобро да го прослави Господа или ќе го доведе во таква положба во која не ќе може да ја оствари својата животна задача. Бог им ветил мудрост на сите кои, пред сè, се стремат него да го прослават, но такво ветување нема за оние што настојуваат да ги задоволат само своите желби. {ПП 563.1}

Колку има такви кои упорно продолжуваат по истиот пат по кој одел Самсон! Колку често се склучуваат брачни врски меѓу побожните и безбожните затоа што во изборот на сопружниците господарат само телесните наклоности. Младите не го прашуваат Бога за совет, ниту ја имаат предвид неговата слава. Христијанството би требало да има решавачко влијание врз брачните односи, но многу често се случува побудите кои водат кон склучување на таква заедница да не се во сообразност со Христијанските начела. Сатаната постојано се труди да ја зголеми и да ја зацврсти својата моќ над Божјиот народ. Тој тоа го постигнува на тој начин што наведува поединци да стапуваат во брачни односи со неговите приврзаници; а за да го постигне тоа, тој со сите сили настојува во нивното срце да разбуди сетилни страсти. Но Бог во својата Реч му дал јасно упатство на својот народ да не се поврзува со оние во чиешто срце не постои негова љубов. „Какво согласие може да има меѓу Христос и Велијар? Или, што има заедничко меѓу верник и безверник?Каква спогодба има храмот Божји со идолите?” (2. Коринтјаните 6:15,16). {ПП 563.2}

При свадбената свеченост Самсон стапил во интимни односи со оние што го мразеле израелскиот Бог. Секој што доброволно стапува во такви односи, ќе биде присилен во извесна мера да се прилагоди кон обичаите и навиките на новото друштво. На тој начин поминатото време е полошо отколку пропуштено. Се мисли и се зборува само за она што е насочено да ги урне бедемите на начелата и да ја ослаби тврдината на душата. {ПП 563.3}

Жената заради која Самсон ја престапил Божјата заповед за да ја добие, му се покажала неверна уште пред да биде завршена свадбената свеченост. Разјарен од нејзината вероломност, Самсон ја напуштил за извесно време и сам се вратил дома. А подоцна, кога се смирил и се вратил да ја земе, таа веќе се омажила за друг. За да се одмазди, ги запалил сите филистејски полиња и лозја, а Филистејците толку многу се налутиле на неа, што ја убиле, иако на вероломност била наведена токму со нивни закани, со што и почнала целата работа. Самсон и пред тоа веќе дал доказ за својата необична сила – со голи раце убил млад лав и триесет луѓе во Аскалон. А тогаш, разјарен поради тоа што Филистејците на толку свиреп начин му ја убиле жената, ги нападнал и „наполно ги порази”. Потоа, во потрага по сигурно засолниште од своите непријатели, се повлекол „во пештерата кај карпата Етам”, во племето на Јуда. {ПП 563.4}

Меѓутоа, и тука го прогонувала силна војска на неговите непријатели, па жителите на племето на Јуда, наоѓајќи  се во голема неволја, решиле да им го предадат на неговите непријатели. Така три илјади војници се упатиле кон него во планината. Но, иако биле толку многубројни, сепак, не би се осмелиле да му се приближат кога не би биле сигурни дека тој, како нивни сонародник, нема да им стори ништо. Самсон се согласил врзан да им го предадат на Филистејците, но претходно барал ветување од синовите на Јуда дека тие нема да го нападнат и да го присилат и нив да ги уништува. Дозволил да го врзат со две нови јажиња и да го одведат во логорот на неговите непријатели кои силно се израдувале. Но, додека нивните повици се одгласувале од околните брегови, „и Духот Господов слезе врз него”. Тогаш тој ги искинал новите јаки јажиња како конци подгорени во оган. И, грабнувајќи го првото оружје што му се нашло при рака, иако тоа бил само магарешки череп, со него ги испотепал Филистејците посилно отколку со копје или со меч. Имало илјадници мртви. {ПП 564.1}

Кога Израелците би биле подготвени да се согласат со Самсона и да ја искористат неговата победа, би можеле уште тогаш да се ослободат од ропството на своите угнетувачи. Но тие постапиле кукавички. Ја занемариле задачата што им ја доверил Бог и наместо да ги истераат незнабошците, тие ги прифатиле нивните понижувачки обичаи, ја одобрувале нивната свирепост, па дури и ја поддржувале нивната неправда сè додека таа не се свртела директно против нив. А кога и сами потпаднале под власт на угнетувачите, ропски ги прифатиле понижувањата што можеле да ги избегнат да му се покориле на Бога. Дури и кога Бог им подигнувал ослободител, тие го напуштале и често се соединувале со своите непријатели. {ПП 564.2}

По оваа победа Израелците Самсона го прогласиле за судија и тој владеел дваесет години. Но еден погрешен чекор приготвува пат за друг. Самсон ја престапил Божјата заповед со тоа што зел жена Филистејка и повторно се осмелил да потоне во сетилна страст и тоа меѓу тие свои смртни непријатели. Потпирајќи  се врз својата голема сила која на Филистејците им влевала толку голем страв, решително се упатил во Газа кај некоја блудница. Дознавајќи  за неговото присуство, тамошните жители посакале да му се одмаздат. Нивниот непријател се наоѓал меѓу ѕидовите на еден од нивните најсилни градови. Затоа биле сигурни во својот успех и само го чекале утрото за да го зголемат својот триумф. Околу полноќ Самсон се разбудил. Гласот на совеста го обвинувал и при помислата дека го престапил својот завет како назиреј немал мир. Но, и покрај тоа што сторил грев, Божјата милост уште не му била скусена. И овој пат неговата чудесна сила му помогнала да се ослободи. Отишол кај градската порта, ја искорнал од нејзиното место и, заедно со столбовите и резињата, ја изнел на врвот на една гора на патот кон Хеврон. {ПП 564.3}

Но дури ни тоа што одвај успеал да побегне не го одвратило од неговиот лош пат. Тој не се осмелувал веќе да се врати меѓу Филистејците, но не престанал да паѓа пред сетилните задоволства кои се заканувале да го уништат. „Потоа засака девојка на потокот Сорик”, недалеку од неговото родно место. Се викала Далила, што значи „растурница”. Долината Сорик била прочуена по своите лозја. И тоа било едно искушение за назирејот што талкал и кој веќе почнал да пие вино и на тој начин ја скинал и втората алка во синџирот што го врзувал за чистотата и за Бога. Филистејците внимателно следеле сѐ што правел нивниот непријател и кога се спуштил дотаму повторно да стапи во недозволена врска, решиле да го упропастат со помош на Далила. {ПП 565.1}

Филистејците во долината Сорик пратиле пратеништво составено од најугледни луѓе од секоја област на нивната земја. Тие не се осмелувале Самсона да го фатат додека во него била неговата голема сила, но цел им била, ако некако е можно да ја дознаат тајната на неговата сила. Затоа ја поткупиле Далила да дознае и да им открие. {ПП 565.2}

Кога Самсона неговата предавница почнала да го опсипува со прашања, тој ја лажел, велејќи дека ќе ослаби и ќе стане како и другите луѓе ако биде изложен на одредени постапки. Но секогаш кога таа би ја применила предложената постапка, би се видело дека тоа било измама. Затоа го обвинувала за неискреност, велејќи: „Зошто зборуваш ‘те сакам’, а срцето твое не е со мене? Ете, ме измами трипати и не ми кажа, во што е твојата голема сила”. Самсон три пати можел јасно да се увери дека неговата волшебничка била во заговор со Филистејците да го убие; а секојпат, кога во својата намера не успевала, таа тоа го вртела на шега, а тој слепо одбивал од себе секој страв. {ПП 565.3}

Од ден на ден Далила го мачела додека ,„душата негова му се натажи до смрт”; а сепак лукаво го држела на своја страна. Најпосле бил совладан и ѝ ја предал тајната: „Бербер не се допрел до главата моја, зашто јас сум назиреј Божји од мајчината си утроба: ако ме истриже некој, ќе ме напушти силата моја; јас ќе ослабам и ќе бидам како другите луѓе”. Штом го чула тоа Далила пратила порака до филистејските прваци веднаш да дојдат. И додека воинот спиел, му пресекле од главата густи китки коса. И тогаш, како што веќе сторила трипати пред тоа, таа извикала: „Филистејците доаѓаат против тебе, Самсоне!” Тргнувајќи се изненаден, Самсон помислил дека, како и порано, ќе ги уништи Филистејците со својата сила, но, немоќните раце не го слушале веќе и тој сфатил „дека Господ го напушти”. Кога косата му била пресечена, Далила прва почнала да го мачи и да му задава болка за да ја провери неговата сила, зашто Филистејците не се осмелувале да му се приближат сè додека потполно не се увериле оти неговата сила навистина исчезнала. Тогаш го фатиле, му ги извадиле двете очи и го одвеле во Газа. Таму го оковале во синџири и го присилиле да извршува тешка работа. {ПП 566.1}

Каква промена за човекот кој бил судија и заштитник на Израел! – сега немоќен, слеп, заточен и понижен до таа мера да извршува тешка ропска работа. Малку по малку тој ги престапувал и ги погазил условите на својот свет позив. Бог со него долго имал трпение, но кога толку длабоко потонал во грев и ја предал својата тајна, тогаш и Бог отстапил од него. Во неговата долга коса немало сила, но таа била знак на неговата преданост на Бога; и кога Самсон и тој симбол го жртвувал заради задоволување на своите страсти, ги проиграл и благословите што биле обележани со тој знак. {ПП 566.2}

Во своите патила и понижување, како играчка во рацете на Филистејците, Самсон како никогаш порано ја сфатил и ја увидел својата слабост; и неволјата го навела на покајание. Како косата му растела, така постепено и силата му се враќала. Меѓутоа, неговите непријатели воопшто не се плашеле од тоа, сметајќи дека тој е само окован и беспомошен роб. {ПП 566.3}

Филистејците својата победа им ја припишувале на своите богови и, ликувајќи, го исмевале Израеловиот Господ Бог. Во чест на Дагона, бог на рибите и „заштитник на морето”, била приредена голема свеченост на која се собрале народот и кнезовите од целата филистејска долина. Толпа поклоници го исполниле огромниот храм и се тискале на галериите дури до покривот. Целата зграда била исполнета со празнична веселба. По велелепната сцена на принесување на жртви, уследила музика и пирување. А тогаш, како врвен трофеј на моќта  на Дагона бил доведен и Самсон. Неговата појава е пречекана со ликување. Народот, заедно со своите кнезови, ја исмевале бедата на Самсона и го фалеле богот кој го совладал „непријателот наш и пустошникот на земјата наша”. По извесно време, како да се смирил, Самсон замолил да му дозволат да се потпре на двата централни столба што го држеле покривот на храмот. А потоа тивко се помолил на Бога: „Господи Боже, спомни си за мене и поддржи ме само сега, о Боже, за да им се одмаздам веднаш на Филистејците за двете очи мои”. Потоа ги опфатил двата столба со своите силни раце и, извикнувајќи: „Умри, душо моја, со Филистејците”, налегнал со сета сила при што паднал покривот и за миг го уништил сето тоа огромно мноштво. „И умрените што тој ги уби при смртта своја, беа повеќе, отколку што беше умртвил во текот на целиот свој живот”. {ПП 566.4}   

Под урнатините на Храмот на Дагона биле заедно закопани и идолот и неговите поклоници, и свештеникот и селанецот, и воинот и благородникот. А меѓу нив било и џиновското тело на оној кој бил од Бога одбран да биде ослободител на својот народ. Веста за овој страшен настан се прочула и меѓу Израелците, и роднините на Самсона дошле и без никаква пречка го презеле мртвото тело на својот паднат херој. „И дојдоа браќата негови и целиот негов татков дом, го зедоа, па отидоа и го погребаа меѓу Цора и Ештаол, во гробот на татко му Маној”. {ПП 567.1}

Божјото ветување дека преку Самсона „ќе ве избави од филистејските раце” се исполнило, но колку е мрачен и страшен записот за животот на тој човек кој можел да послужи на слава на Бога и нацијата да се гордее со него. Кога Самсон би му бил верен на својот Божји позив, би се исполнила Божјата намера во врска со неговиот углед и возвишеност. Но тој попуштил во искушението, се покажал недостоен за довербата што му била укажана, па својата мисија ја завршил со пораз, со ропство и смрт. {ПП 567.2}

Самсон физички бил најсилен човек на земјата, но во самосовладувањето, во моралната доблест и цврстина бил меѓу најслабите. Мнозина погрешно сметаат дека силните страсти се знак на силен карактер, а всушност секој што ќе дозволи со него да владеат страстите е вистински слабак. Вистинската големина на еден човек се мери според силата на чувствата што тој може да ги совлада, а не според силата на чувствата што него го совладуваат. {ПП 567.3}

Грижата што ја води Бог во своето провидение за човекот, на Самсона не му била скусена, така што тој можел да се приготви за извршување на задачата за која бил повикан. Уште од почеток на својот живот живеел во околности што биле поволни за развиток на неговите телесни и духовни сили и за развиток на неговата морална чистота. Но, под влијание на лошото друштво, тој занемарил постојано да оди со Бога, што претставува единствена сигурност за човекот, и поројот на злото го зафатил. Сите кои на патот на должноста се доведени во искушение, можат да бидат сигурни дека Бог ќе ги сочува, но ако луѓето доброволно се изложуваат на силата на искушението, порано или подоцна сигурно ќе паднат. {ПП 568.1} Сатаната со сите свои сили настојува да ги заведе токму оние луѓе што Бог има намера да ги употреби како свои орудија за некое нарочно дело. Тој нас нè напаѓа таму каде што сме најслаби, настојувајќи преку карактерните недостатоци да завладее со целото наше суштество; и тој знае дека, доколку ние не ги отстраниме тие наши недостатоци, неговиот успех е сигурен. Сепак, никој не мора да биде победен. Во борбата против силата на злото човекот не е препуштен сам на себе. Помошта ни стои при рака и ќе  ѝ биде да дена на секоја душа која искрено ќе ја побара. Божјите ангели, кои се прикажани со скалата во сонот на Јакова, и кои постојано се качуваат и слегуваат, ќе  ѝ помогнат на секоја душа што сака да се качи дури и на небото. {ПП 568.2}

Сподели го ова:

Слични објави