1. ЗОШТО БИЛО ДОЗВОЛЕНО ДА СЕ ПОЈАВИ ГРЕВ?
„Бог е љубов” (1. Јованово 4:16). Љубовта е суштина на Божјото битие и негов закон. Така било секогаш и секогаш ќе биде така. „Севишниот и Возвишениот, кој владее вечно” (Исаија 57:15), Оној, чиишто „патишта се вечни” (Авакум 3:6), не се менува. Кај него „нема ниту промена, ниту траги од менување” (Јаков 1:17). {ПП 33.1}
Секоја пројава на моќта на Творецот е израз на бесконечната љубов. Божјото владеење содржи во себе изобилство благослови за сите создадени суштества. Псалмистот кажува: {ПП 33.2}
„Силна е Твојата мишка, цврста е раката Твоја,
Високо е издигната десницата Твоја!
Праведноста и правдата се основа на Твојот престол;
Милоста и верноста одат пред Твоето лице.
Блажени се луѓето што го познаваат трубниот глас.
Тие одат во светлината на Твоето лице, Господи;
За Твоето име се радуваат цел ден,
И со Твојата праведност се возвишуваат,
Зашто Ти си похвала на силите нивни…
Бидејќи нашата заштита доаѓа од Господ
И од светецот Израелов, нашиот Цар” (Псалм 89:13-18). {ПП 33.3}
Историјата на големата борба меѓу доброто и злото, уште од мигот кога првпат избувнала на небото, па сѐ до конечниот слом на бунтот и до целосното искоренување на гревот, исто така е очигледна пројава на Божјата љубов која не се менува. {ПП 33.4}
Во својот добротворен потфат Господарот на вселената не бил сам. Тој имал Соработник кој можел правилно да ги сфати неговите намери и заедно со него да се радува затоа што создадените суштества се направени среќни. „Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Словото беше Бог.Тоа во почетокот беше во Бога” (Јован 1:1,2). Словото, единородниот Божји Син, Христос, бил едно со вечниот Отец – едно во суштината, во карактерот и во намерите – единствено Суштество кое можело да проникне во сите Божји совети и намери. „Името му е: Красен советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез мироносен” (Исаија 9:6). „Неговиот искон е од дамнина, од вечни времиња” (Михеј 5:2). А Божјиот Син, прикажан како „Слово”, кажува за себе: „Мене Господ ме поседуваше на почетокот на своето творештво, уште од памтивека, пред неговите дела. Јас сум поставена уште од вечноста… Кога и ги поставуваше темелите на земјата Јас бев со Великиот Градител, на секој нов ден му се радував и непрекинато пред него танцував” (Изреки 8:22-30). {ПП 34.1}
Отецот дејствувал преку Христа и кога ги создавал небесните суштества. „Бидејќи преку него е создадено сѐ што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти сѐ е преку него и за него создадено” (Колосјаните 1:16). Ангелите се Божји слуги од кои додека летаат со своите крилја, брзајќи да ја извршат Божјата волја, одблеснува онаа светлина што постојано блескоти од неговото лице. Но поглавар над сите нив е Синот, Божјиот Помазаник, „кој е сјај од неговиот сјај и отпечаток на неговото битие”, Оној „кој ја одржува вселената со својата сила” (Евреите 1:3). „Славниот престол поставен од вечноста” (Еремија 17:12) бил место каде што престојувала неговата светост, а палката на правдата” (Евреите 1:8) е скиптар на неговото царство. Пред него е слава и величество, во неговата светиња сила и сјај” (Псалм 96:6). „Милост и вистина одат пред тебе” (Псалм 89:14). {ПП 34.2}
Бидејќи законот на љубовта е основа на Божјото владеење, среќата на сите разумни суштества зависи од нивната целосна согласност со неговите големи начела на правдата. Бог сака сите негови созданија да му служат од љубов – нивната служба да произлегува од нивната почит кон неговиот карактер. Нему не му е мила изнудена послушност и затоа на сите им дава слобода и право доброволно да му служат. {ПП 34.3}
Сè додека сите создадени суштества живееле во преданост и љубов, во Божјата вселена владеела совршена хармонија. Небесните војски наоѓале радост во тоа што можеле да ги исполнуваат намерите на својот Творец. Тие биле среќни и восхитени што претставуваат одблесок на неговата слава и што можат да го слават и да го извишуваат него. Љубовта кон Бога за нив била најсвето чувство, меѓусебната љубов природна и несебична. Ништо не ја нарушувало небесната хармонија. Но во тоа возвишено блаженство и среќа настанала промена. Се нашол еден кој ја злоупотребил слободата што им ја дал Бог на сите свои созданија. Кај суштеството кое Бог, покрај Христа, најмногу го ценел и кое, покрај Него, било надарено со најголема сила и уживало најголема слава меѓу небесните жители, се зачнал грев. Луцифер, „ѕвездата Деница”, бил прв херувим засолнувач, свет и неизвалкан. Стоел во присуство на големиот Творец и блескотните зраци на славата што постојано го опкружуваат Бога се излевале и врз него. „Вака вели Господ Бог: Ти си печат на совршенство, полнота на мудроста и венец на убавината. Ти беше во Едем, во Божјата градина; твоите облеки беа украсени со секакви скапоцени камења… Ти беше помазан херувим за да осенува, и јас те поставив за тоа; ти беше на светата Божја гора, одеше среде огнени камења. Ти беше совршен на патиштата свои, од денот кога беше создаден, па сѐ додека не се најде во тебе беззаконие” (Езекиел 28:12-15). {ПП 35.1}
Малку по малку, Луцифер почнал самиот себеси да се извишува. Светите списи за тоа кажуваат: „Од убавината твоја се возгордеа срцето твое, поради богатството твое си ја загуби мудроста своја” (Езекиел 28:17). „А во срцето свое си велеше… ќе го издигнам својот престол погоре од Божјите ѕвезди… ќе бидам сличен на Севишниот” (Исаија 14:13,14). Иако сета слава на овој силен ангел била Божји дар, тој сепак неа почнал да ја смета за своја сопственост. Бидејќи не бил задоволен со својата положба, иако бил ценет повеќе од кој било припадник на небесните војски, тој се осмелил да жеднее за обожавањето што му припаѓа само на Творецот. Наместо да се труди сите создадени суштества да ги упатува на приврзаност и верност кон Бога и тоа да биде нивни највисок идеал, тој настојувал нивната служба и преданост да си ги обезбеди за себе. Копнеејќи дрчно за славата со која вечниот Отец го опкружил својот Син, овој ангелски кнез се стремел и кон власта која била првенствено Христово право. {ПП 35.2}
Тогаш совршената хармонија на небото била нарушена. Склоноста на Луцифера, наместо на Бога да си служи себеси, разбудила чувство на страв кај оние кои славењето на Бога го сметале за своја највисока должност. На небесниот совет ангелите расправале со Луцифера. Божјиот Син му укажувал на големината добрината и праведноста на Творецот и на светата и непроменлива природа на неговиот закон. Небесниот поредок го поставил и го утврдил лично Бог; со отстапувањето од тој поредок Луцифер би го презрел својот Творец и самиот себе би се струполил во пропаст. Но опомената, упатена единствено од неискажлива љубов и милост, кај него уште повеќе предизвикала дух на противење. Луцифер дозволил со него наполно да завладеат љубомора и завист кон Христа и станувал сѐ поупорен. {ПП 35.3}
Овој кнез на ангелите си поставил за цел на Божјиот Син да му го оспори правото на врховна власт и со тоа да ги побие доказите за мудроста и љубовта на Творецот. Тој имал намера таа цел да ја постигне по секоја цена и кон тоа ја насочил сета енергија на својот силен дух кој, по Христовиот, бил прв меѓу небесните жители. Но Оној, кој сака сите негови созданија да имаат своја слободна волја, не дозволил никој да биде збунет со лукавството со кое заводникот се обидел да го оправда бунтот. Пред да почне борбата, требало на сите да им се објасни што сака Оној чијашто мудрост и добрина се извор на сета нивна радост. {ПП 36.1}
Царот на вселената ги собрал пред себе сите небесни војски пред нив да ја изложи вистинската положба на својот Син и да го покаже неговиот однос кон сите создадени суштества. Божјиот Син го дели престолот на Отецот и славата на Вечниот, Самопостоечкиот, Несоздадениот, на Оној кој има непозајмен живот, го опкружува и Него. Околу престолот било собрано огромно, безбројно мноштво на свети ангели „десет илјади по десет илјади и илјада илјади” (Откровение 5:11) – највозвишените ангели, како слуги и приврзаници, се радувале за светлината која се излевала од Божјото лице врз нив. Пред собраните небесни жители Царот изјавил дека никој, освен Христос, неговиот единороден Син, не може наполно да проникне во неговите намери и дека само нему му е дадено да ги извршува силните совети на волјата на Отецот. Божјиот Син ја извршувал волјата на Отецот при создавањето на сите небесни војски и само нему, покрај Бога, му припаѓа верност и приврзаничка преданост од сите. Својата божествена моќ Христос ја покажал и при создавањето на оваа земја и на нејзините жители. Но во сето тоа Тој не се стремел кон власт ниту им се спротивставувал на Божјите планови извишувајќи се себеси, туку ја возвишувал славата на Отецот, пренесувајќи ја неговата добрина и љубов. {ПП 36.2}
Ангелите со радост ја признале Христовата врховна власт, се поклониле пред него и му укажале љубов и најголема почит. И Луцифер се поклонил заедно со нив, но во неговото срце се водела дотогаш невидена, жестока борба. Вистината, правдата и преданоста се бореле против зависта и љубомората. Извесно време се чинело дека влијанието на светите ангели дејствува врз него. Додека се издигнувале пофални песни и слава во хармонични акорди на илјадници радосни гласови, се чинело како лошиот дух да исчезнал; неискажлива љубов длабоко го потресла неговото битие; во сообразност со светите чувства на собраните, неговата душа се свртела кон љубовта на Отецот и Синот. Но повторно се возгордеал со својата сопствена слава. Копнежот за власт повторно оживеал и уште повеќе му завидувал на Христа. Високите почести што му биле укажувани на Луцифера тој не ги ценел како Божји дар, и тие кај него не разбудиле благодарност кон Творецот. Тој се фалел со својата слава и со високата положба и настојувал да се изедначи со Бога. Небесните војски го сакале и му укажувале почит. Ангелите се радувале што можеле да ги извршуваат неговите наредби, зашто тој повеќе од сите бил надарен со мудрост и со слава. Сепак, Божјиот Син бил над него како Оној кој, според силата и власта, бил еднаков со Отецот. Тој делел со Отецот сѐ и учествувал во сите негови советувања додека на Луцифера не му било дозволено да биде упатен во сите Божји намери. „Зошто Христос да има највисока власт?” се прашувал овој силен ангел. „Зошто нему му се укажува поголема почест отколку на Луцифера?” {ПП 36.3}
Напуштајќи го своето место во непосредна Божја близина, Луцифер отишол меѓу ангелите да шири незадоволство. Дејствувал тајно и извесно време ги криел своите вистински намери под маска на страхопочит кон Бога. Почнал да навестува сомнеж во врска со законите што владеат со небесните суштества. Тврдел дека законите можеби им се потребни на жителите на световите, но на ангелите, како повисоки суштества, такви ограничувања не им се потребни, зашто нивната мудрост е доволна да ги води. Наводно, тие не се суштества што можат да го обесчестат Бога; сите нивни мисли се свети и затоа не можат да згрешат како и Бог што не може да згреши. Изедначувањето на Божјиот Син во честа со Отецот е прикажано како неправда кон Луцифера, кој исто така полагал право на почести и обожавање. Кога овој кнез на ангелите би ја добил својата вистинска, висока положба, тоа тврдел тој би им донело голема среќа на сите ангелски војски, зашто тој на сите свои приврзаници би им дал полна слобода. А вака ќе ја загубат дури и онаа слобода што ја уживале до сега, зашто над нив е поставен еден апсолутен Господар и сите како заколнати приврзаници ќе мораат да го почитуваат неговиот авторитет. Така вешто и лукаво биле смислени измамите кои подлиот Луцифер бргу ги ширел во небесните дворови. {ПП 37.1}
Меѓутоа, немало никаква измена во врска со Христовата положба и со неговиот авторитет. Зависта на Луцифера, погрешното претставување и барањата да се изедначи со Христа ја наметнале потребата да се објасни вистинската положба на Божјиот Син, што се видело уште од самиот почеток. Но многу ангели биле заслепени со измамите на сатаната. {ПП 38.1}
Користејќи ја љубовта, преданоста и довербата што ги имале во него светите суштества додека се наоѓале под негово раководство, тој вешто го всадувал во нивните мисли своето незадоволство кое тие не го забележувале. Луцифер Божјите намери ги прикажувал во лажна светлина конструирајќи и искривувајќи ги така за да предизвикаат револт и незадоволство. Вешто ги наведувал своите слушатели да ги изразат своите чувства; потоа тие изрази, секаде каде што можел да ги искористи за својата цел, ги повторувал како доказ дека ангелите не се наполно согласни со Божјото владеење. Тврдејќи дека целосно му е предан на Бога, упорно докажувал дека треба да се менува целиот поредок и небесните закони за да се зацврсти божественото владеење. Така додека настојувал да предизвика противење кон Божјиот закон и своето незадоволство да го влее во мислите на ангелите што му биле потчинети, тој привидно се трудел да го отстрани незадоволството и нелојалноста на ангелите кон небесниот поредок. Додека тајно поттикнувал неслога и бунт, мошне лукаво настојувал однадвор да изгледа како да има единствена цел да се сочува преданоста кон Бога, хармонијата и мирот. {ПП 38.2}
Духот на незадоволство, поттикнуван на ваков начин, го извршил своето злокобно дејство. Додека не избувнал отворен бунт, раздорот меѓу ангелите се ширел незабележано. Некои од нив ги одобрувале навестувањата на Луцифера насочени против Божјото владеење. Иако пред тоа живееле во потполна хармонија со поредокот што го воспоставил Бог, сега станале незадоволни и несреќни што не можат да проникнат во неговите недосегливи тајни; не биле задоволни со Божјата намера да го издигне Христа. Тие биле готови да се заложат и за второто барање на Луцифера во авторитетот тој да се изедначи со Божјиот Син. Но оние ангели што останале предани и кои вистински се придржувале кон мудроста и праведноста на божествената одлука, се труделе овие несреќници повторно да ги свестат да ја прифатат Божјата волја. Христос бил Божји Син; Тој бил едно со Отецот пред воопшто да постојат ангели. Тој од секогаш стоел од десната страна на Отецот. Неговото првенство, толку благословено за сите што биле под неговата благонаклона власт, никогаш до тогаш не било доведувано во прашање. Небесната хармонија никогаш не била нарушена; поради што сега треба да настане дисхармонија и неслога? Само ангелите што му останале предани на Господа можеле да ги согледаат ужасните последици што ќе произлезат од раздорот, и најсрдечно ги преколнувале и ги советувале незадоволниците да отстапат од своите намери и да му останат верни на Бога и лојални на неговото владеење. {ПП 38.3}
Сообразно со божествениот карактер и со неговата голема милост, Бог имал долго трпение со Луцифера. Никогаш порано не бил познат дух на незадоволство и на нелојалност. Тоа било наполно нов елемент, непознат, таинствен, необјаснив. Од почеток Луцифер и сам не ја познавал вистинската природа на своите чувства; извесно време се плашел да ги обелодени своите мисли и намери, па сепак не ги отфрлил. Тој не видел каде води неговиот пат. Меѓутоа, биле преземени сите чекори што можела да ги преземе само бесконечната Љубов со цел тој да се свести и да се одврати од својата заблуда. Се покажало дека за неговото незадоволство немало причина и тој бил наведен да увиди какви ќе бидат последиците на упорното останување во бунт. Увидел дека „Господ е праведен на сите свои патишта и свет во сите свои дела” (Псалм 145:17) дека божествените наредби се вистинити и дека како такви требало да ги признае пред целата вселена. Да постапил така, ќе можел да се спаси и себеси и многу ангели. Тогаш сѐ уште делумно му бил покорен на Бога. Иако веќе ја напуштил својата положба како херувим засолнувач да се согласил да се врати кај Бога да ја признае мудроста на Творецот и да се задоволи со местото што ќе му го одреди Бог во својот голем план, можел да биде повторно вратен во својата служба. Меѓутоа, настапило време за конечна одлука. Тој морал или повторно да ја прифати божествената суверена власт или да премине во отворен бунт. Речиси тој решил да се врати, но гордоста не му го дозволила тоа. Да признае дека бил во заблуда дека неговите замисли биле погрешни, и да го прифати авторитетот што го прикажувал во толкава мера неправеден, тоа била премногу голема жртва за оној кој бил толку високо ценет. {ПП 39.1}
Творецот, полн со сожалување и со нежна сомилост кон Луцифера и кон неговите приврзаници, настојувал да ги одврати од бездната на пропаста во која паѓале. Меѓутоа, неговата милост погрешно е толкувана. Долгото Божјо трпение Луцифер го сметал за слабост и доказ за својата надмоќ. Тоа го толкувал како знак дека Царот на вселената сепак би ги прифатил неговите барања. Кога ангелите цврсто би застанале на негова страна, тврдел Луцифер, тие еден ден би оствариле сѐ што сакале. Упорно го бранел својот став и исцело се впуштил во голема битка против својот Творец. Така Луцифер „светлоносец”, учесник во Божјата слава и чувар на неговиот престол, со својот престап станал сатана „непријател” и на Бога и на сите суштества, станал причина за пропаст на оние што Небото му ги доверило нему да ги води и да се грижи за нив. {ПП 39.2}
Отфрлајќи ги со презир аргументите и сесрдните молби на ангелите што му останале предани на Бога, тој ги прогласил за прелажани робови. Давањето на првенство на Христа го прогласил за акт на неправда и против себе и против сите небесни војски и изјавил дека во никој случај не може да прифати напад против своите и нивните права. Никогаш веќе не би ја признал повторно Христовата надмоќ. Решил да полага право на честа што треба да му се укажува и да ја преземе власта над сите што ќе станат негови приврзаници; на сите што сакаат да стапат во неговите редови им ветил ново и подобро владеење, владеење во кое сите ќе уживаат целосна слобода. Голем број ангели се изјасниле дека го признаваат како свој водач. Поласкан со поддршката што му била укажана, се понадевал дека ќе ги придобие сите ангели на своја страна, ќе се изедначи со Бога и ќе завладее со сите небесни војски. {ПП 40.1}
Ангелите што му останале предани на Господа сѐ уште го преколнувале заводникот и неговите истомисленици да му се потчинат на Бога и им ги изложиле неизбежните последици што можат да настанат: Оној кој ги создал може да ги совлада и да ја казни нивната бунтовна дрскост. Ниеден ангел не може успешно да го омаловажува Божјиот закон кој е свет исто колку и Бог. Ги предупредувале сите да ги затворат ушите пред измамничките причини на Луцифера и упорно го преколнувале и него и неговите следбеници без одлагање да се вратат кај Бога и да ја признаат својата заблуда во врска со Божјата мудрост и авторитет. {ПП 40.2}
Мнозина биле наклонети да го послушаат овој совет да се покаат за незадоволство и повторно да побараат милост и одобрување од Отецот и од неговиот Син. Меѓутоа, Луцифер бил готов за нова измама. Сега силниот бунтовник изјавил дека ангелите што се соединиле со него отишле премногу далеку за да можат да се вратат, дека тој добро го познава божествениот закон и знае дека Бог не би им простил. Изјавил дека сите што ќе го прифатат небесниот авторитет, ќе бидат лишени од својата чест и деградирани од својата положба. Што се однесува до него лично, решил никогаш повеќе да не го признае Христовиот авторитет. Според неговите зборови, единствен пат што му преостанува нему и на неговите следбеници бил да бараат слобода и со сила да ги остварат правата што не им се дадени доброволно. {ПП 40.3}
Сатаната тогаш навистина веќе отишол премногу далеку за да може да се врати. Но не било така со оние што биле заслепени со неговите измами. За нив советите и сесрдното преколнување на верните ангели отвориле врата на надеж; и кога би послушале, тие би можеле да ја искинат мрежата на сатаната и да се ослободат. Но гордоста, љубовта кон нивниот водач и желбата за неограничена слобода надвладале, и конечно се одбиени молбите на божествената љубов и милост. {ПП 41.1}
Бог дозволил сатаната да го продолжи своето дело сѐ додека незадоволството не прераснало во отворен бунт. Било потребно неговите планови во целост да се развијат за сите да можат да увидат каква е нивната вистинска природа и каде тие водат. Како помазан херувим, Луцифер бил мошне истакнат. Небесните суштества многу го сакале и неговото влијание врз нив било мошне силно. Божјото владеење ги опфаќа не само небесните жители туку и жителите на сите светови што ги создал Тој; и сатаната решил, ако му успее да ги вовлече во бунт сите небесни ангели, тогаш си мислел ќе успее да ги повлече по себе и жителите на сите светови. Вешто го прикажувал ова прашање од свое гледиште, користејќи измамни заклучоци и ласкање за да си осигури успех. Неговата моќ на измама била мошне голема. Наметнувајќи се со плашт на лага, стекнувал предимства. Секоја своја постапка ја обвивал во таква таинственост, што дури и на ангелите им било тешко да го препознаат вистинскиот карактер на неговото дело. Сѐ додека не се развило во целост, неговото незадоволство не можело да се согледа како бунт и не изгледало толку лошо какво што всушност било. Дури ни ангелите, кои му останале предани на Бога, не можеле потполно да го препознаат неговиот карактер ниту да согледаат каде води неговото дело. {ПП 41.2}
Од почеток Луцифер своите искушенија ги поставувал така што тој секогаш останувал неразоткриен. Ангелите што не можел да ги придобие потполно на своја страна, ги обвинувал за рамнодушност кон интересите на небесните суштества. Токму она дело што самиот го вршел, им го припишувал на оние ангели што му останале верни на Господа. Политиката му била проникната со вешто збунувачки аргументи во врска со Божјите намери. Сѐ што било сосема обично и едноставно, тој го обвивал во таинственост и со вешто изопачување фрлал сомнеж и на најјасните искази на Јехова. А неговата висока положба, толку тесно поврзана со божественото владеење, на неговите настапи им давала уште поголема сила. {ПП 41.3}
Бог можел да ги користи само оние средства што се во сообразност со вистината и правдата. Меѓутоа, сатаната можел да се служи со ласкање и со измама што Бог никогаш не можел да користи такво нешто. Се обидел да ја фалсификува Божјата реч и лажно да го прикажува неговиот план на владеење; тврдел дека Бог е неправеден затоа што и на ангелите им наметнал закон и дека, барајќи потчинетост и покорност од своите созданија, Тој всушност само настојува да се издигне себеси. Затоа станало неопходно пред небесните жители и пред сите светови да се разјасни дека Божјото владеење е оправдано, а неговиот закон совршен. Сатаната создавал впечаток дека тој се залага за добро на целата вселена. Вистинскиот карактер на овој насилник, кој бесправно сакал да ја преземе власта, и неговата вистинска цел морале на сите да им станат јасни. Нему морало да му се даде време со своите лоши дела сам да се разоткрие. {ПП 42.1}
Одговорноста за неслогата што ја предизвикал на небото лично тој со своите постапки, сатаната му го припишувал на Божјото владеење. Тврдел дека сите зла се само последица на божественото управување и дека негова цел е да ги поправи уредбите на Јехова. Затоа Бог дозволил тој да ја покаже вистинската природа на своите барања и на дело да ги покаже предложените промени во божествениот закон. Уште од почеток сатаната тврдел дека тој не е бунтовник. Од таа причина целата вселена мора да го види измамникот во неговата вистинска боја, разоткриен. {ПП 42.2}
Во својата бесконечна мудрост, Бог не го уништил сатаната дури ни тогаш кога го фрлил од небото. Бидејќи на Бога му е угодна и прифатлива само онаа служба која се врши од љубов, преданоста на неговите созданија мора да се заснова врз непоколебливо убедување во неговата праведност и добронамерност. Небесните жители и жителите на другите светови, неподготвени да ја сфатат природата и последиците на гревот, во тоа време не би можеле да ја забележат Божјата праведност во случај веднаш да го уништил сатаната. Кога сатаната би бил веднаш збришан, мнозина на Бога би му служеле повеќе од страв отколку од љубов. Влијанието на измамникот не би било уништено ниту духот на бунтот би бил целосно искоренет. За добро на целата вселена низ бесконечните времиња, било потребно тој поцелосно да ги развие своите начела, со цел обвинувањата против Божјото владеење да можат да се согледаат во нивната вистинска светлина и правдата и Божјата милост, како и непроменливоста на неговиот закон, засекогаш да останат надвор од секое сомневање. {ПП 42.3}
Бунтот на сатаната треба на целата вселена да ѝ послужи како поука за сите времиња – да биде вечно сведоштво за природата на гревот и за неговите страшни последици. Резултатот на владеењето на сатаната и последиците што ги имало тоа и врз луѓето и врз ангелите, требало да покажат какви плодови мора да се очекуваат кога ќе се отфрли Божјиот авторитет. Требало да се покаже дека од постоењето на Божјото владеење зависи благосостојбата на сите суштества што ги создал Тој. Така историјата на овој страшен бунт, на сите свети суштества требало да им послужи како вечна заштита, спречувајќи ги да бидат наведени на ваков престап и чувајќи ги од гревот и од казната што ја носи тој. {ПП 42.4} Оној што владее на небесата е единствен што го гледа крајот уште од почеток – единствен на кого еднакво му се познати тајните на минатото и на иднината, и единствен кој, од онаа страна на болката, на темнината и пропаста предизвикани со гревот, го гледа остварувањето на своите намери на љубовта и благословите. Иако „околу него се облаци и темнина, основа на престолот му се судот и правдата” (Псалм 97:2). И тоа жителите на вселената и верните и неверните еден ден ќе го сфатат. „Тој е карпа, делото му е совршено, зашто сите негови патишта се вистинити. Тој е Бог верен и без злоба, праведен и вистинит” (Второзаконие 32:4). {ПП 43.1}