29. НЕПРИЈАТЕЛСТВОТО НА САТАНАТА КОН ЗАКОНОТ

Сподели го ова:

Извесно време се чинело дека веќе првиот напор на сатаната да го урне Божјиот закон вложен уште меѓу безгрешните жители на небото ќе биде крунисан со успех. Поголем број од ангелите тогаш биле заведени. Но привидниот успех на сатаната завршил со пораз и со загуба, со одвојување од Бога и со изгнанство од небото. {ПП 331.1}

Кога судирот повторно се развил на земјата, сатаната пак добил привидно предимство. Човекот со својот пад во грев му станал роб, а човечкото царство паднало во рацете на зачетникот на сите буни. Тогаш се чинело дека на сатаната му е отворен патот да создаде едно независно царство и да му пркоси на авторитетот на Бога и на неговиот Син. Меѓутоа со планот на спасението на човекот му е дадена можност повторно да стапи во хармонија со Бога да му се покорува на неговиот закон и на крај и тој и целата земја да се ослободат од силата на сатаната. {ПП 331.2}

Така сатаната повторно бил поразен и повторно продолжил да мами, обидувајќи се својот пораз да го претвори во победа. За да го воведе човечкиот род во бунт, тој сега тврди дека Бог е неправеден затоа што дозволил човекот да го прекрши неговиот закон. „Ако Бог знаел какви ќе бидат последиците”, повторува лукавиот искушувач, „зошто дозволил човекот да биде искушуван, да згреши и со тоа да навлече на себе беда и смрт?” Заборавајќи го големото Божјо трпение и милост со која на човекот му е дадено уште едно време на милост и проверка и не водејќи сметка за огромната вчудовидувачка жртва што ја поднел небесниот Цар за грешниот и побунет човек, Адамовите деца го слушаат искушувачот и се бунат против Оној кој единствено е во состојба да ги спаси од уништувачката сила на сатаната. {ПП 331.3}

И денеска илјадници го обвинуваат Бога на ист начин. Тие не увидуваат дека да се лиши човекот од слободата на избор, значи да се лиши од неговото право да решава како разумно надарено суштество и од него создава обичен автомат. Бог нема намера со сила да владее со нечија волја. Човекот е создаден како морално слободна личност. Слично на жителите на сите други светови, и неговата послушност морала да биде проверена; но тој никогаш не бил доведен во таква положба во која попуштањето на злото станало неизбежно. Не било дозволено да наиде такво искушение што навистина не може да се победи. Бог предвидел толку можности човекот во борбата со сатаната никогаш да не мора да биде поразен. {ПП 331.4}

Кога луѓето на земјата се намножиле, речиси цел свет преминал во редовите на побунетите. Се чинело дека сатаната уште еднаш задобил победа. Но силата на Семожниот повторно го пресекла дејствувањето на неправдата и злото и земјата со потоп била испрана од својата морална изопаченост. {ПП 332.1}

„Кога Твоите пресуди се извршуваат на земјата”, кажува пророкот, „тогаш жителите на светот се учат на правда.Ако нечесен биде помилуван, тој нема да се научи на правда, ќе злодејствува во земјата на праведните и нема да погледне на величието Господово” (Исаија 26:9,10). Така било по потопот. Здивнувајќи од неговите казни, жителите на земјата повторно се побуниле против Господа. Два пати светот го погазил Божјиот завет (сојуз) и неговите уредби. Божествениот авторитет го отфрлиле не само претпотопните луѓе, туку исто така и Ноевите потомци. Тогаш Бог стапил во сојуз (заветен однос) со Аврама и си избрал себеси народ што требало да биде чувар на неговите закони. А сатаната веднаш се дал на работа поставувајќи свои стапици и настојувајќи тој народ да го заведе и да го уништи. Децата на Јакова биле изложени на искушение да склучуваат брачни врски со незнабошците и да им се клањаат на нивните идоли. Но Јосиф му останал верен на Бога и неговата верност останала како трајно сведоштво во прилог на вистинската вера. За да ја угасне таа светилка, сатаната ја искористил зависта и злобата на Јосифовите браќа, поттикнувајќи ги да го продадат како роб во туѓа земја. Но сепак со сите тие настани управувал Бог и со нивна помош египетскиот народ стекнал сознание за него. Во куќата на Потифар, а и во затворот, Јосиф, страхопочитувајќи го Бога, стекнувал образование и знаење што го приготвиле за неговата висока државничка положба. Од палатата на фараонот, неговото влијание се чувствувало низ сета земја, а знаењето за Бога се ширело на сите страни. Израелците во Египет уживале благонаклоност и се збогатиле; и оние кои меѓу нив му останале верни на Бога, имале во својата средина големо влијание. Идолопоклоничките свештеници, гледајќи како новата вера наидува на поголем прием, ги опфатил паничен страв и тревога. Сатаната ги вдахнал со своето непријателство кон Бога и кон неговиот закон и тие со сите сили настојувале светлината да ја угаснат. Ним им било доверено воспитувањето на престолонаследникот; и токму тој дух на решително противставување на Бога и ревнување за идолопоклонството го обликувале карактерот на идниот монарх и довело до сите оние свирепости и угнетувања на еврејскиот народ. {ПП 332.2}

Четириесет години по Мојсеевото бегство од Египет, се чинело идолопоклонството како да победило. Од година во година надежта на Израелците сѐ повеќе исчезнувала. Египетскиот цар и народ ликувале во својата сила и го исмевале израелскиот Бог. Тој дух се развивал сѐ додека не постигнал свој врв кај оној фараон кој толку дрско му се противставил на Мојсеја. Кога еврејскиот водач стапил пред царот со порака од „израелскиот Господ Боѓ‘, фараонот, не затоа што не знаел за вистинскиот Бог, туку затоа што и пркосел на неговата сила дрско одговорил: „Кој е тој Господ, за да го послушам гласот Негов?… Не Го познавам тој Господ”. Фараоновото противење на божествената заповед, од почеток до крај, не било последица на незнаење, туку на омраза и пркос. {ПП 333.1}

Иако Египќаните толку долго го отфрлале понуденото познавање на Бога, Тој сепак им дал доволно време да се покаат. Во Јосифовите денови Египет за Израелците бил место на прибежиште. Со тоа што на Божјиот народ му укажале гостопримство, Египќаните му укажувале почит на Бога, и затоа, Оној кој долго трпи, кој бавно се гневи и кој е полн со сожалување, на секоја казна со која ги казнил и дал време да дејствува воспитно врз нив; биле казнети да страдаат токму од она што го обожавале. Египќаните добиле очигледен доказ за силата на Јехова и сите кои сакале можеле да му се потчинат на Бога и да ги избегнат неговите казни. Со својата тврдоглавост и верска занесеност, царот самиот придонел знаењето за вистинскиот Бог уште повеќе да се рашири и да почнат да му служат мнозина дури и меѓу Египќаните. {ПП 333.2}

Токму затоа што Израелците толку настојувале да се поврзат со незнабошците и да го поддржуваат нивното идолопоклонство, Бог дозволил да слезат во Египет, каде што влијанието на Јосифа било големо и каде што ги имале сите услови да останат како посебен народ. Тука големото и грубо идолопоклонство на Египќаните, а особено свирепоста и угнетувањето што ги преживувале во подоцнежниот период од својот престој во Египет, требало да ги исполнат со одвратност кон идолопоклонството и да ги наведат да се вратат кај Бога кај Бога на своите татковци. И токму таа нова ситуација што Бог во своето провидение дозволил да настапи, сатаната настојувал да ја искористи за да ги оствари своите цели, затемнувајќи го умот на Израелците и наведувајќи ги да ги прифаќаат навиките на своите незнабожечки господари. Поради суеверното обожавање на животните од страна на Египќаните, Евреите за време на своето робување не смееле да му принесуваат жртви на Бога. Така нивните мисли со таа служба не биле упатувани кон Христа како голема жртва и нивната вера слабеела. Кога дошло време за ослободување на Израел, сатаната повторно истапил да ги попречува Божјите намери. Тој решил еден толку голем народ, кој броел повеќе од два милиони души да биде задржан во незнаење и суеверие. Тој народ кој, според Божјото ветување требало да биде благословен да се намножи да стане сила на земјата и сознанието за Бога и за неговата волја да го пренесува и на другите народ кој Бог имал намера да го постави за чувар на своите закони – токму тој народ сатаната по секоја цена сакал да го задржи во темнина и ропство, со цел од мислите и од сеќавањето на луѓето наполно да го избрише поимот за Бога. {ПП 333.3}

Кога Мојсеј правел чуда пред царот, сатаната пак се нашол тука, настојувајќи да го осуети дејствувањето на тоа врз срцето на фараонот да го спречи да ја признае Божјата надмоќ и да ги послуша неговите заповеди. Сатаната правел сѐ што било во негова моќ да ја имитира Божјата сила ѝ да и се противстави на неговата волја. Меѓутоа, со тоа само бил приготвен патот за пројава на уште поголема божествена моќ и слава, а постоењето и надмоќноста на вистинскиот и жив Бог се сторени уште поочигледни и за Израелците и за цел Египет. {ПП 334.1}

Бог Израелците ги ослободил со силна манифестација на својата моќ и со казнување на сите египетски богови. „Па го изведе Својот народ со радост, Своите избрани – со веселба,и им даде незнабожечки земји, и така наследија плодови од други народи,за да ги чуваат наредбите Негови и да ги исполнуваат законите Негови” (Псалм 105:43-45). Ги ослободил од ропство за да ги доведе во добра земја – во земја која, според неговото провидение, била приготвена за нив како прибежиште и каде што, под сенката на неговите крилја, требало да најдат сигурна заштита од непријателите. Сакал да ги приближи кон себе и да ги привлече во својата вечна прегратка; а како возврат за сите негови добра и укажана милост, од нив барал да немаат други богови покрај него, покрај живиот Бог, и неговото име да го сторат славно на земјата. {ПП 334.2}

Мнозина од Израелците за време на своето робување во Египет загубиле речиси секоја претстава за светоста на Божјиот закон и неговите прописи ги мешале со незнабожечките обичаи и традиции. Затоа Бог ги довел на Синај и тука им го објавил својот закон со својот сопствен глас. {ПП 334.3}

Сатаната и неговите зли ангели пак биле на дело. Дури и за време додека Бог им го објавувал на Израелците својот закон, сатаната смислувал како ќе ги наведе на грев. Тој сакал пред очите на небото да го изопачи токму оној народ кој бил од Бога избран. Наведувајќи ги на идолопоклонство, сакал да ја уништи ефикасноста на секој вид богослужение; оттаму прашањето: Може ли обожавањето на нешто што не е на повисоко ниво од човекот и што е творба на човечка рака да го издигне и да го облагороди човекот? Кога би успеал луѓето да ги заслепи до таа мера силата, величеството и славата на Бесконечниот да ги претставуваат со изделкан кип или дури со претстава на некое животно за да ги наведе да заборават дека се „Божји род” бидејќи се создадени според ликот на Творецот, кога би успеал да ги наведе да се спуштат до таа мера бесмислено да им се клањаат на тие мртви предмети тогаш пред нив би бил отворен патот за целосно изопачување; лошите страсти на срцето со ништо веќе не би биле потиснувани и сатаната би зел целосна власт. {ПП 334.4}

Дури и во подножјето на гората, на која Бог го објавил својот закон, сатаната почнал да ги спроведува своите планови за соборување на тој закон, продолжувајќи го со тоа истото дело што го почнал уште на небото. Сатаната неуморно поттикнувал сомневање, отпад и бунт за време на тие четириесет денови додека Мојсеј бил на гората со Бога. Додека Бог го пишувал својот закон за да му го предаде на народот, кој се заветувал дека ќе му служи нему, Израелците, откажувајќи му верност на Јехова, барале богови од злато. Кога Мојсеј се вратил откај страшното присуство на божествената слава со прописите на законот што тие при неговото објавување ги прифатиле со свечена обврска, ги затекол како со отворен пркос и противење кон тие заповеди се клањаат пред златно теле. {ПП 335.1}

Наведувајќи ги Израелците така дрско да го исмеваат и да го навредуваат Јехова, сатаната имал намера да ги упропасти. Бидејќи тие загубиле секое чувство на свест за предимствата и за благословите што им биле понудени и се откажале од својата свечена и повторена заклетва на верност и потонале во изопаченост, сатаната се понадевал дека Бог потполно ќе раскине со нив и конечно ќе дозволи да пропаднат. Со тоа би го сотрел семето на Аврама кое, како семе на ветувањето, требало да го сочува знаењето за вистинскиот Бог и преку кое требало да дојде Оној кој како вистинско „семе” на жената требало да ѝ стапне на главата на сатаната. Големиот бунтовник планирал да го уништи Израел и со тоа да ги спречи и да ги побрка Божјите намери. Но, и овој пат бил поразен. Иако тешко згрешиле, Израелците како народ сепак не биле уништени. Тие што тврдоглаво стоеле на страна на сатаната биле истребени, а на другите, кои со понизно и со скршено срце се покајале, милосливо им било простено. Историјата за овој грев треба да служи како вечно сведоштво за грешноста и за казнувањето на идолопоклонството и за праведноста на Оној кој е долготрпелив и има голема милост. {ПП 335.2}

Целата вселена била сведок за настаните на Синај. Во резултат на дејствувањето и на едната и на другата страна се видела разликата и спротивноста меѓу Божјиот и сатанскиот начин на владеење. Повторно безгрешните жители на другите светови имале можност да ги видат последиците на отпадот на сатаната и природата на владеењето што би го завел тој на небото да му било дозволено да загосподари. {ПП 335.3}

Наведувајќи ги луѓето да ја престапат втората заповед, сатаната имал намера во нивните очи да ја понижи претставата за Божеството. Со отстранување на четвртата заповед имал намера да ги наведе потполно да го заборават Бога. Господ со право бара луѓето, отфрлајќи ги сите незнабожечки богови да му се клањаат и да му служат само нему, зашто Тој е Творец на кого сите создадени суштества треба да му заблагодарат за своето постоење. Така е прикажан во Библијата. Пророк Еремија кажува: „А Господ е вистински Бог. Тој е жив Бог и вечен Цар… боговите, кои не се створители на небото и на земјата, ќе исчезнат од земјата и од под небесата.Тој ја создаде земјата со силата Своја, ја утврди вселената со мудроста Своја и со разумот Свој ги распростре небесата”. „Човекот е безумен во своето знаење, ќе се засрами секој леар со идолот свој, бидејќи она што го излеал е лага, и во него нема дух. Тие се ништожни, дела на заблуда; во времето на посетата нивна тие ќе пропаднат.Делот на Јаков не е како нивниот; бидејќи неговиот Бог е создател на сè” (Еремија 10:10-12,14-16). Саботата, како спомен на Божјата творечка моќ, упатува на него како Творец на небото и земјата. Според тоа, таа е постојан сведок за неговото постоење и упатува на неговата големина, на неговата мудрост и љубов. Кога саботата секогаш би била исправно празнувана, никогаш не би имало луѓе кои би се откажувале од Бога ниту пак би имало идолопоклонство. {ПП 336.1}

Воведувањето на саботата, која го води своето потекло уште од Едемската градина, е старо исто толку колку и светот. Сите патријарси од создавањето на светот го празнувале и го почитувале тој свет ден. За време на робувањето во Египет, Израелците биле присилувани од своите работодатели да ја престапуваат саботата, и поради тоа во голема мера била и загубена претставата за нејзината светост. Кога законот е објавен на Синај, први зборови на четвртата заповед биле: „Помни го саботниот ден, за да го празнуваш” – што покажува дека саботата не е заведена тогаш, туку со тие зборови ние сме упатени на нејзиното потекло во создавањето. За потполно да го избрише Бога од човечкото помнење, сатаната се стремел да го уништи тој голем споменик. Кога луѓето ќе бидат наведени да го заборават својот Творец, тие не вложуваат веќе никакви напори да ѝ се спротивстават на силата на злото и сатаната е потполно сигурен во својот плен. {ПП 336.2}

Непријателството на сатаната кон Божјиот закон го натерало да војува против секоја од десетте заповеди. Големото начело на љубовта и верноста кон Бога, кон Таткото на сите луѓе, е многу слично на начелото на детската љубов и послушност кон родителите. Непочитувањето на родителскиот авторитет набргу води кон непочитување на Божјиот авторитет. Оттаму настојувањето на сатаната да ја намали задолжителноста на петтата заповед. Незнабожечките народи на начелото содржано во таа заповед му посветувале малку внимание. Кај многу народи децата се откажуваат од родителите или ги препуштаат да умрат штом ќе остарат и не можат веќе да се грижат сами за себе. Мајката во семејството уживала сосема малечка почит, и по смртта на својот маж морала да го почитува авторитетот на својот најстар син. Преку Мојсеја на децата им било наложено да ги почитуваат и да ги слушаат своите родители. Меѓутоа, штом Израелците се оддалечиле од Бога, и петтата заповед, како и сите други, била занемарена. {ПП 337.1}

Сатаната бил „човекоубиец од почетокот” (Јован 8:44); и штом се здобил со власт над човечкиот род, ги наведувал не само меѓу себе да се мразат и убиваат, туку, за уште подрско да му пркоси на Божјиот авторитет, сторил престапот на шестата заповед да стане дел на нивната вера. {ПП 337.2}

Со изопачените поими за божествените својства, незнабожечките народи биле наведени да веруваат дека е потребно и луѓе да се принесуваат на жртва за боговите да се умилостиват. Заради тоа биле воведени најсвирепи грозомори во разни облици на идолопоклонство. Меѓу тие и таквите грозомори бил и обичајот поклониците пред своите идоли да ги водат низ оган своите деца. Кога детето би поминало низ огнот неповредено, народот би верувал дека жртвите им се примени, а детето е сметано за посебен љубимец на боговите и е опсипувано со подароци, а подоцна во животот постојано уживало голем углед. Без оглед на тоа колку многу ги дразнело другите со своите престапи, тоа никогаш не било казнувано. Ако детето во огнот би се испекло, тогаш судбината му била запечатена. Се верувало дека гневот на боговите може да се смири само ако на жртвата ѝ се одземе животот, па затоа детето и е принесувано на жртва. Во времето на големите застранувања, овие обичаи во извесна мера владееле и меѓу Израелците. {ПП 337.3}

И престапот на седмата заповед порано бил правен во име на религијата. Најодвратни и најгнасни обичаи станале составен дел на незнабожечкото богослужение. Дури и боговите биле прикажувани како порочни, па и нивните поклоници се оддавале на најниски страсти. Преовладувале неприродни пороци, а верските празници биле обележани со општ и јавен неморал. {ПП 337.4}

Многуженството мошне рано било вообичаено. Тоа било еден од гревовите што придонеле Божјиот гнев да се урне врз претпотопниот свет. Сепак, ова зло и по потопот било мошне распространето. Лукаво смислениот план на сатаната бил насочен да ја изопачи установата на бракот да ги ослаби нејзините обврски и да ја намали нејзината светост, зашто немал посигурен начин кај луѓето да го избрише Божјиот лик и да им ја отвори вратата на бедата и порокот. {ПП 338.1}

Уште од почеток на големата борба сатаната имал намера лажно да го претстави Божјиот карактер и да поттикне бунт против неговиот закон. Изгледало дека тоа дело најпосле му било крунисано со успех. Маси ги прифаќаат убедувањата на сатаната и му се противат на Бога. Но, и покрај толку силното дејствување на злото, Божјите намери постојано се исполнуваат. Својата правда и доброчинство Тој ги покажува кон сите суштества што ги создал. Сатаната со своите искушенија успеал сите припадници на човечкиот род да ги стори престапници на Божјиот закон, но со жртвата на Божјиот Син отворен е пат по кој тие можат да се вратат кај Бога. Благодарение на Христовата милост, ним им е овозможено да му се покоруваат на Божјиот закон. Така Бог во секое време меѓу отпадниците и бунтовниците собира и изведува еден народ кој му е верен нему – народ „Кој во срцето свое го има Мојот закон” (Исаија 51:7). {ПП 338.2}

Сатаната со измама ги завел ангелите; тој тоа свое дело го спроведува меѓу луѓето низ сите времиња и по тој пат ќе продолжи до крај. Кога тој отворено би тврдел дека војува против Бога и против неговиот закон, тогаш луѓето би го одбегнувале, но тој се преправа и вистината ја меша со заблудата. Најопасни се оние лаги што се помешани со вистината. Така се прифаќаат заблудите што ја заробуваат и ја уништуваат душата. На тој начин сатаната го влече светот по себе. Но ќе дојде ден кога на неговиот триумф еднаш засекогаш ќе му биде ставен крај. {ПП 338.3}

Божјото постапување со бунтот потполно ќе го разоткрие делото што било толку долго маскирано. Последиците на сатанското владеење и плодовите на отстапувањето од божествените закони ќе бидат отворено изнесени пред очите на сите создадени суштества. Божјиот закон ќе биде потполно оправдан. Тогаш ќе се покаже дека Бог во сите свои постапки со бунтот секогаш ги имал предвид вечните интереси на својот народ и доброто на сите светови што ги создал. Сатаната пред целата вселена ќе ја признае праведноста на Божјото владеење и оправданоста на неговиот закон. {ПП 338.4}

Не е далеку времето кога Бог ќе се подигне да го оправда својот погазен авторитет. „Господ излегува од Своето живеалиште да ги казни жителите земни за нивното беззаконие” (Исаија 26:21). „Но кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање, и кој ќе издржи, кога ќе се појави Тој?” (Малахија 3:2). Поради својата грешност, израелскиот народ не смеел да се приближи кон гората кога Бог имал намера да слезе на неа за да го објави својот закон, зашто сите би биле уништени со разгорената слава на неговото присуство. Кога со таква манифестација на неговата сила било обележано местото избрано за објавување на Божјиот закон, колку дури страшен ќе биде неговиот суд кога ќе дојде да ги оправда тие свети прописи? А како ќе ја поднесат неговата светост во големиот ден на крајната пресметка оние што го газеле неговиот авторитет? Чувството на страв и ужас што го поднеле Израелците на Синај требало да им ги предочи сцените на судењето. Звук на труба ги повикал Израелците да излезат во пресрет на својот Бог. Со глас на архангел и со Божја труба на крај ќе бидат повикани и живите и мртвите од цела земја да излезат пред својот Судија. На Синајската гора, во придружба на мноштво ангели, биле и Отецот и Синот. Во големиот суден ден Христос ќе дојде „ќе дојде во славата на Својот Отец, со ангелите Свои” (Матеј 16:27). Тогаш Тој ќе седи на престолот на својата слава, а пред него ќе бидат собрани сите народи. {ПП 339.1}

Кога божественото присуство се покажало на Синај, славата Господова во очите на Израелците изгледала како оган кој уништува сѐ. Но кога Христос ќе доаѓа во слава на сите свети ангели, сета земја ќе биде како во пламен од неопишаната светлина на неговото присуство. „Доаѓа нашиот Бог, и нема да молчи; пред Него ќе има оган што проголтува, околу Него бура.Тој ќе ги повика небото горе и Земјата, за да му суди на Својот народ” (Псалм 50:3,4). Пред него ќе излегува и ќе тече „река огнена” (Даниел 7:10), така што „и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сè што е на неа, ќе изгори” (2. Петрово 3:10). Господ Исус ќе се појави „кога Господ Исус ќе се јави од небото со ангелите на Својата сила, во распламнат оган да им се одмаздува на оние кои не Го познаваат Бога, кои не го послушаа Евангелието на нашиот Господ Исус Христос” (2. Солунјаните 1:7,8). {ПП 339.2}

Откако е создаден човекот, никогаш не се видела таква манифестација на Божјата сила како што бил случајот при објавувањето на законот на Синај. „Земјата се тресеше и небесата истураа дожд пред Бога, Бог на Синај – пред Бога, Бог Израелов” (Псалм 68:8). Среде најстрашни потреси на вознемирената природа се слушнал Божји глас од облакот како звук на труба. Планината се тресела од подножјето до врвот, а илјадници Израелци, пребледени и тресејќи се од страв, паднале ничкум на земја. Оној, чијшто глас тогаш ја потресол земјата, порачува: „Уште еднаш Јас ќе ја потресам не само земјата, туку и небото” (Евреите 12:26). Светото писмо кажува: „Господ ќе загрми од висините и од Своето свето живеалиште; ќе издигне глас”, „ќе затреперат небото и земјата” (Еремија 25:30; Јоил 3:16). Во тој голем ден дури и небото ќе се повлече „како свиткана хартија” (Откровение 6:14). А сите планини и секој остров ќе се поместат од своето место. „Земјата се ниша како пијана и се лула како лулка, и беззаконието и тежи врз неа; таа ќе падне – и повеќе нема да стане” (Исаија 24:20). {ПП 340.1}

„Затоа рацете на сите ќе папсаат, срцето на секој човек ќе се стопи.Тие ќе се исплашат, грчеви и болки ќе ги опфатат… зашеметени ќе гледаат едни во други, лицата ќе им пламнат” „Јас ќе го казнам светот за злото, и нечесните – за нивните беззаконија; ќе го премавнам високоумството на гордите и ќе ја понизам надуеноста на угнетувачите” (Исаија 13:7,8,11). {ПП 340.2}

Кога Мојсеј се вратил од гората каде што бил во Божјо присуство и каде што ги примил плочите на сведоштвото, грешниот израелски народ не можел да ја поднесе светлината што зрачела од неговото лице. А како ќе можат грешниците да гледаат во Божјиот Син кога ќе дојде во слава на Отецот и опкружен со сите небесни чети да им суди на престапниците на својот закон и на сите оние што го презреле и го отфрлиле неговото помирување? Оние што го запоставиле Божјиот закон и ја газеле Христовата крв, „и царевите земни, и благородниците, и богатите, и војводите, и силните и секој роб и слободен се скрија во пештери и горски камењари,велејќи им на планините и на карпите: ‘Паднете врз нас и скријте нè од лицето на Оној Кој седи на престолот и од гневот на Јагнето,зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев, и кој може да опстане?’” (Откровение 6:15-17). „Во тој ден човекот ќе ги фрли своите сребрени и своите златни идоли… за да влезе во камени процепи и во планински долови од страв пред Господ и од славата на Неговото величие, кога ќе се крене Тој да ја потресе земјата” (Исаија 2:20,21). {ПП 340.3}

Тогаш ќе стане очигледно дека бунтот на сатаната против Бога предизвикал пропаст не само за него туку и за сите оние што се согласиле да бидат негови приврзаници. Тој им прикажувал дека со престапот се постигнуваат многу добра, но на крај јасно ќе се покаже дека  „платата, што ја дава гревот, е смрт” (Римјаните 6:23). „Зашто, ете, доаѓа ден, вжарен како печка; тогаш сите горди и оние, кои постапуваат нечесно, ќе бидат како слама, и ќе ги изгори денот што иде, вели Господ Саваот; и така, нема да остане од нив ни корен, ниту гранчиња” (Малахија 4:1). Сатаната, како корен на сите зла, и сите што прават зло, како гранки, ќе бидат потполно уништени. Ќе му биде ставен крај на гревот, на пропаста и на сите неволји што ги предизвикал тој. Псалмистот кажува: „Го погуби нечестивиот; името им го сотре за сите векови.Непријателот исчезна во вечни урнатини; градовите му ги разруши, и загина споменот за нив” (Псалм 9:5,6). {ПП 341.1}

Но среде луњата на божествените казни, Божјите деца ќе немаат причина да се плашат. Господ ќе „ќе му биде заштита на Својот народ и одбрана за синовите Израелови” (Јоил 3:16). Оној ден, кој на престапниците на Божјиот закон ќе им донесе страв и пропаст, на послушните ќе им осамне „со неискажлива и славна радост” (1. Петрово 1:8). „Соберете ги кај Мене светиите Мои”, кажува Господ, „кои Ми се заветуваа преку жртва. И небесата ќе ја огласат Неговата праведност, зашто Бог е судија” (Псалм 50:5,6). {ПП 341.2}

„И тогаш ќе се обратите и ќе ја видите разликата меѓу праведник и безбожник, меѓу оној кој Му служи на Бога и оној кој не Му служи” (Малахија 3:18). „Послушајте Ме, вие, кои ја познавате правдата, народе, Кој во срцето свое го имаш Мојот закон!” „Ете, ја земам од раката твоја чашата што опива, од чашата на Мојата јарост ти веќе нема да пиеш”. „Јас, Јас Самиот сум ваш Утешител” (Исаија 51:7,22,12). „Планини ќе се поместат, и ридови ќе се разнишаат, но Мојата милост нема да отстапи од тебе и заветот на Мојот мир нема да се разниша, вели Господ, Кој те милува” (Исаија 54:10). {ПП 341.3}

Со големиот план на спасението светот ќе биде вратен во својата првобитна состојба. Сѐ што било загубено со гревот, со Божјата милост повторно ќе биде вратено. Искупен е не само човекот, туку и целата земја да биде вечна татковина на послушните. Сатаната шест илјади години со сите сили се бори земјата да ја задржи под своја власт. Сепак, првобитната Божја цел, она заради што земјата и е создадена, конечно ќе се оствари. „Потоа, светиите на Севишниот ќе го земат царството и ќе владеат со него во векови” (Даниел 7:18). {ПП 342.1} „Од исток до запад нека се прославува името на Господ” (Псалм 113:3). „И Господ ќе биде Цар над целата земја; во тој ден Господ ќе биде единствен и името Негово – едно единствено” (Захарија 14:9). Во Светото писмо стои: „Ти постоиш вечно, Господи; Твоето слово засекогаш е утврдено на небото”. „Делата на рацете Негови се верност и правда; и верни се сите заповеди Негови,утврдени засекогаш, засновани врз верност и правдина” (Псалм 119:89; 111:7,8). Светите прописи што сатаната ги мразел и настојувал да ги уништи ќе бидат ценети и почитувани во целата безгрешна вселена.  „Зашто – како што земјата ги произведува растенијата свои, и како што во градината расте сè што ќе се посее – така Господ Бог ќе направи да никне правда и слава пред сите народи” (Исаија 61:11). {ПП 342.2}

Сподели го ова:

Similar Posts