31. ГРЕВОТ НА НАДАВА И АВИУА
Оваа глава е заснована на Левитска 10:1-11
По осветувањето на шаторот за состанок, биле посветени и свештениците за нивната света служба. Овие богослуженија траеле седум дена, од кои секој бил обележан со посебна церемонија. Осмиот ден тие стапиле во својата служба. Со помош на своите синови, Арон ја принел жртвата што ја барал Бог и, подигајќи ги своите раце, го благословил народот. Сè било сторено онака како што наредил Господ, и Тој ја примил жртвата и на необичен начин ја покажал својата слава; оган дошол од Господа и ја запалил жртвата на олтарот. Народот со страхопочит и со жив интерес ја посматрал оваа чудесна манифестација на Божјата сила. Тие во тоа виделе знак на Божјата слава и негово одобрување и, искажувајќи благодарност и обожавање, паднале ничкум како да се наоѓаат во непосредно присуство на Јехова. {ПП 359.1}
Но набргу семејството на првосвештеникот одненадеж го снашла страшна несреќа. За време на богослужението додека народот му упатувал на Бога молитви и похвали двајца Аронови синови зеле кадилници и „ставија оган во нив, па ставија во нив и кадиво”, па излегле пред Господа да кадат. Но тие ја прекршиле неговата заповед, ставајќи во кадилниците „туѓ оган”. За да го запалат темјанот, зеле обичен, наместо свет оган, што го запалил лично Бог и изрично го одредил за таа цел. Поради тој грев е пуштен оган од небото и ги спалил пред очите на сиот народ. {ПП 359.2}
Покрај Мојсеја и Арона, Надав и Авиу заземале највисоки положби во Израел. Биле посебно почестени од Господа со тоа што, покрај седумдесетмина старешини, им било дозволено да ја видат неговата слава на гората. Затоа за нивниот престап немало изговор ниту преку тоа можело да се помине лесно. Сето тоа нивната вина ја правело уште потешка. Луѓето нека не си ласкаат себеси дека непречено можат да грешат затоа што примиле голема светлина или затоа што, слично на израелските старешини, биле на „гората” и имале предност да општат со Бога и да престојуваат во светлината на неговата слава, и дека Бог нема толку строго да ја казни нивната неправда само затоа што во свое време биле од него почестени. Тоа е судбоносна заблуда. Големата светлина и примените предимства бараат од нас развивање на карактерот и светоста во сразмер со укажаните предимства. Ништо што е помало од ова, Бог не може да прифати. Никогаш не треба да се лулкаме во некаква безгрижност и сигурност затоа што ни е доделен некој посебен благослов или што сме стекнале некакво предимство. Тоа во никој случај не смее да ни дава слобода да грешиме ниту пак да не поттикнува да веруваме дека Бог во своето постапување со нас нема да биде толку строг. Сите предимства што ни ги дал Бог служат само како негови помошни средства да внесат жар во нашиот дух, верност во нашите напори и енергија во нашите настојувања да ја исполниме неговата света волја. {ПП 359.3}
Надав и Авиу во својата младост не навикнале на самосовладување. Попустливата природа на нивниот татко и неговиот недостиг од цврстина за праведната работа, сториле тој да го занемари дисциплинирањето на своите деца. Ги пуштил синовите да се поведуваат по нивните склоности. Долго повторуваните навики да им попуштаат на своите желби во толкава мера загосподариле над нив, што дури ниту одговорноста пред најсветата служба немала сила да ги совлада. Тие не научиле да го почитуваат авторитетот на својот татко и затоа не увидувале колку е неопходно Божјите барања да се извршуваат со најголема точност. Ароновото неразумно попуштање пред синовите ги приготвило да станат предмет на божествената казна. {ПП 360.1}
Бог сакал да го поучи својот народ да му пристапува со најголема страхопочит и тоа само на начин што го утврдил Тој. Тој не може да прифати само делумна послушност. Не било доволно при тоа свечено богослужение „речиси” сѐ да се стори онака како што одредил Тој. Тој изрекол проклетство над оние кои отстапуваат од неговите заповеди, не правејќи разлика меѓу светото и несветото. Тој преку пророкот објаснува: „Тешко им на оние, кои злото го нарекуваат добро, а доброто – зло; темнината ја сметаат за светлина, светлината – за темнина… Тешко на оние кои се мудри во своите очи и разумни пред самите себеси… кои за подароци го оправдуваат виновниот и ги лишуваат праведните од законитото… зашто тие го отфрлија законот на Господа Саваот и ја презреа речта на Светецот Израелов” (Исаија 5:20-24). Никој нека не се лаже верувајќи дека некој дел од Божјите заповеди не е важен, или дека Тој ќе прифати каква било измена на неговите барања. Пророк Еремија кажува: „Кој вели – ‘Бива и она што Господ не заповедал да биде?’” (Плачот на Еремија 3:37). Бог во својата Реч не дал ниту една заповед која луѓето можат по своја волја да ја држат или да не ја држат, а да не ги сносат последиците на својот избор. Ако луѓето одберат кој и да е друг пат освен целосна послушност, ќе се покаже дека „крајот нивни води во смрт” (Изреки 14:12). {ПП 360.2}
„Па му рече Мојсеј на Арон и на Елеазар и на Итамар, другите негови синови: ‘Не откривајте ги вашите глави, а и одеждите ваши да не ги раскинувате, за да не умрете и Господ да не се разгневи на целиот народ… зашто маслото за помазание на вас е од Господ’”. Големиот водач го потсетил брата си на Божјите зборови: „Преку оние што ќе пристапуваат кон Мене ќе се осветам и пред целиот народ ќе се прославам”. Арон молчел. Смртта на неговите синови, кои толку ненадејно се оттргнати во толку страшен грев во грев кој сега и самиот го увидувал и кој бил последица токму на неговото занемарување на должностите – срцето на таткото го исполнувала со длабока болка, но тој своите чувства не ги изразил. Не се осмелувал да ја покаже својата болка за да не изгледа дека соучествува во нивниот грев. Народот не смеел да биде наведен да се жали против Бога. {ПП 361.1}
Господ сакал да го поучи својот народ да признае дека неговиот начин на постапување – начинот на кој поправа и казнува – е оправдан, со цел другите да го страхопочитуваат. Меѓу Израелците имало и такви за кои оваа ужасна казна претставувала опомена да не се занесуваат со надежта дека, сметајќи на Божјото трпение, ќе можат неказнето да грешат сè додека судбината не им биде потполно запечатена. Божествената осуда ги погаѓа оние што пројавуваат лажно сожалување кон грешникот кој настојува да го оправда својот грев. Гревот има моќ да ги умртви моралните чувства, така што престапникот не може да ја сфати големината на престапот и, лишен од влијанието на силата на Светиот Дух, останува делумно слеп за својот грев. Христовите слуги се должни овие заблудени души да ги предупредат на опасноста што им се заканува. Оние кои го уништуваат ефектот на опомената со тоа што пред грешникот го кријат вистинскиот карактер и последиците на гревот, се тешат дека со тоа ја покажуваат својата Христијанска љубов. Меѓутоа, тие всушност само придонесуваат да се спречи дејствувањето на Светиот Дух и помагаат грешникот да му се противстави. Тие го лулкаат грешникот да спие на работ на пропаста. Тие стануваат соучесници во неговата кривица и се изложуваат на страшна одговорност за неговото останување во грев и во непокајание. Мнозина пропаднале поради тоа лажно и измамно сочувство. {ПП 361.2}
Надав и Авиу никогаш не би го сториле тој смртоносен грев кога пред тоа не би биле делумно опиени со изобилно пиење на вино. Тие знаеле дека за влегување во Светилиштето била потребна најгрижлива и најсвечена подготовка, зашто тука се покажувало Божјо присуство. Меѓутоа, со својата неумереност тие се дисквалификувале за таа света служба. Мислите им биле поматени, а сфаќањето на моралот отапено така што не биле веќе во состојба да прават разлика меѓу светото и обичното. На Арона и на неговите преостанати синови им била дадена опомена: „Не пијте вино ниту опоен пијалак, ниту ти ниту твоите синови со тебе! Така нема да загинете. Тоа е постојан закон за вашите родови;за да можете да го разликувате светото од несветото и нечистото од чистото;за да ги научите Израелевите синови на сите закони што Господ ги даде преку Мојсеја”. Со употреба на алкохолните пијалаци телото слабее, умот се затемнува и моралните сили се понижуваат. Под влијание на алкохолот луѓето не ја сфаќаат светоста на она што е свето ниту задолжителноста на Божјите барања. Сите што заземаат положби на висока и света одговорност треба да бидат строго умерени со цел разумот да им биде бистар за да можат да ја разликуваат правдата од неправдата и да имаат цврсти начела и мудрост да делат правда и да укажуваат милост. {ПП 361.3} Исти обврски има секој Христов следбеник. Апостол Петар кажува: „А вие сте избран род, царско свештенство, свет народ, народ придобиен” (1. Петрово 2:9). Бог од нас бара сите наши сили да ги одржуваме во најдобра состојба за нашата служба да може да му биде нему угодна. Таму каде што се употребуваат опивни пијалаци ќе настанат исти последици како и во случајот на овие израелски свештеници. Совеста ќе ја загуби својата чувствителност и неизоставно ќе се стврдне до таа мера што разликувањето на светото и несветото не ќе има веќе никакво значење. Тогаш како можеме да ги задоволиме барањата на Божјите заповеди? „Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ни е даден од Бога и дека не припаѓате само на себе… Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји!” „И така било да јадете, или да пиете, или нешто друго да правите, сето тоа правете го за слава Божја” (1. Коринтјаните 6:19,20; 10:31). На Христовата црква во сите времиња ѝ е упатена свечена и страшна опомена: „Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие” (1. Коринтјаните 3:17). {ПП 362.1}