28. ИДОЛОПОКЛОНСТВОТО НА СИНАЈ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Излез 32-34 глава

Времето на Мојсеевото отсуство за Израел било време на чекање и неизвесност. Народот знаел дека тој со Исуса Навина отишол на гората и влегол во густиот облак кој, како што можело да се види од долината во подножјето, го обвивал врвот на планината и од кој од време на време блеснувал знак на божественото присуство. Тие желно очекувале тој да се врати. Навикнати уште додека биле во Египет божествата да ги претставуваат со нешто видливо, им било тешко да веруваат во некое невидливо суштество, па потпирач за својата вера наоѓале во Мојсеја. Но тогаш тој им бил одземен. Поминувале денови и седмици, а тој не се враќал. Иако облакот сѐ уште можел да се види, за мнозина во логорот се чинело дека нивниот водач засекогаш ги напуштил или дека го проголтал огнот што уништува. {ПП 315.1}

Во тој период на чекање имале време да размислуваат за тукушто објавениот Божји закон и да ги приготвуваат своите срца за примање на нови откровенија што можеле да им бидат дадени. За тоа дело не им преостанало премногу време; и кога би настојувале појасно да ги сфатат Божјите барања и би ги понизиле своите срца пред него, би биле сочувани од искушението. Но тие не постапиле така, па набргу станале безгрижни, невнимателни и наклонети кон беззаконие. Тоа посебно се однесувало на таканаречената „светина” џган луѓе Египќани што им се придружиле при излегувањето од Египет и се помешале со нив. Тие биле нестрпливи и не можеле да почекаат да влезат во ветената земја, во земјата во која течело мед и млеко. Меѓутоа, таа добра земја им била ветена само под услов на послушност, а тоа тие го загубиле од вид. Некои предлагале да се вратат во Египет; но, било да се оди назад во Египет, или да се продолжи во Ханан, мнозинството на народот решиле Мојсеја да не го чекаат веќе. {315.2}

Чувствувајќи се беспомошни во отсуство на својот водач, тие се вратиле на своето старо суеверие. „Придојдените” први станале нестрпливи и почнале да негодува; тие што му се придружиле на Израел и се помешале со него предводеле во отпадот што уследил. Меѓу предметите и животните што Египќаните ги сметале како симболи на божествата биле и волот или телето; и на предлог на оние кои во Египет биле навикнати на таков вид идолопоклонство, направиле теле и почнале да му се клањаат. Народот сакал да има некаква видлива претстава за Бога кој ќе оди пред нив наместо Мојсеја. Бог не дал никаква своја слика и забранил секоја материјална претстава што би служела за таа цел. Големите и возбудливи чуда направени во Египет и на Црвеното Море требало да ја засилат и да ја зацврстат нивната вера во него како невидлив и семожен помошник на Израелците како единствен вистински Бог. И нивната желба за некаква видлива манифестација на неговото присуство била задоволена со појавувањето на столбот од облак и оган што го водел народот, и во покажувањето на неговата слава на Синајската гора. Меѓутоа додека облакот на Божјото присуство уште бил пред нив, тие во своето срце се вратиле на египетското идолопоклонство и славата на вистинскиот и невидлив Бог ја претставиле со лик на еден вол. {ПП 315.3}

За време на Мојсеевото отсуство судскиот авторитет му бил доверен на Арона, и околу неговиот шатор се собрала огромна маса со решително барање: „Стани и направи ни бог што ќе оди пред нас, зашто не знаеме што се случи со оној човек – со Мојсеј, кој нè изведе од земјата египетска”. Тврделе дека облакот што ги водел до тогаш, сега постојано и неподвижно мирува на гората и дека нема веќе да ги води. Според тоа, наместо него тие морале да направат идол (кип); и, ако решат, како што веќе било предложено, да се вратат во Египет, тогаш очекувале од Египќаните да бидат прифатени ако пред себе го носат тој кип, признавајќи го како свој бог. {ПП 316.1}

Ваквата тешка криза барала човек цврст, решителен и непоколеблив, човек кој честа пред Бога ја цени повеќе отколку јавното мислење, повеќе од личната безбедност, па дури и од самиот живот. Но тогашниот водач на Израел ги немал тие особини. Арон се покажал слаб пред народот. Неговата колебливост и плашливост во тој критичен миг ги сториле уште порешителни. Нередот се зголемувал. Со народот завладеал слеп и целосен метеж. Имало и такви кои му останале верни на својот завет со Бога, но главнината на народот зела учество во отпадот. Тие малубројни кои се осмелиле предложениот кип да го прогласат за идолопоклонство биле свирепо малтретирани и во настанатата возбуда и хистерија конечно го загубиле животот. {ПП 316.2}

Наместо благородно да издржи во одбрана на Божјата чест, Арон, плашејќи се за својата сопствена безбедност, попуштил пред навалувањето на народот. Прво наредил од народот да се соберат сите златни обетки и да се донесат пред него, надевајќи се дека гордоста ќе ги натера да отстапат од таквата жртва. Но тие доброволно ги давале своите украси, па тој од нив направил златно теле, имитирајќи ги египетските божества. Народот едногласно извикал: „Еве го, Израеле, твојот бог, кој те изведе од земјата египетска”. Арон рамнодушно ја поднесувал таа навреда упатена на Јехова. Тој сторил и нешто повеќе од тоа. Кога видел со какво задоволство е примено телето, подигнал пред нив олтар и наредил да се објави: „Утре е празник на Господ”. Таа вест со помош на труба, од група до група, е пренесена низ целиот логор. „Утредента, станувајќи рано, принесоа жртви сепаленици и жртви за спасение; и испоседна народот, та јадеа и пиеја, и потоа станаа да играат”. И под изговор дека празнуваат „празник на Господ”, тие се оддале на ненаситност и на развратни наслади. {ПП 317.1} 

Колку често и денеска наидуваме на љубов кон задоволства маскирани со надворешна „форма на побожност”. Верата што им дозволува на луѓето, вршејќи верски обреди да се предадат на себичност и на сетилни задоволства, и денеска на масите им е исто толку мила како и во времето на Израел. А сѐ уште има попустливи ароновци кои во црквата заземаат одговорни положби, а во исто време им попуштаат на желбите на необратените и на тој начин ги поддржуваат во гревот. {ПП 317.2}

Поминале само неколку дена откако Евреите склучиле свечен сојуз со Бога и се обврзале да го слушаат неговиот глас. Тогаш тресејќи се стоеле пред гората и ги слушале Божјите зборови: „Немој да имаш други богови освен Мене!” Сѐ уште пред очите на собирот се реела Божјата слава над Синајската гора, но тие ја напуштиле неа и побарале други богови. „Направија теле на Хорев и му се поклонија на идолот.Ја заменија својата слава со лик на теле, што јаде трева” (Псалм 106:19,20). Поголема неблагодарност и повеќе дрска навреда не можеле да му нанесат на Оној кој им се открил како нежен татко и како семожен Цар. {ПП 317.3}

На Мојсеја на гората му било обрнато внимание на отпадот на народот во логорот и добил наредба веднаш да се врати. „Оди поскоро и слези долу, зашто народот твој, кого го изведе од земјата египетска, појде по пат на беззаконие. Брзо се отклонија од патот, што им го определив; си направија теле, и му се поклонија, па му принесоа жртви”. Бог можел на целото тоа движење да му стави крај уште на самиот почеток, но дозволил истото да се развие до таа мера за со своето казнување на велепредавството и на отпадот да може на сите да им даде поука. {ПП 317.4}

Божјиот завет со неговиот народ бил поништен и Тој му рекол на Мојсеја: „Но сега остави да се разгори гневот Мој против нив и да ги истребам, а од тебе ќе направам голем народ”. Израелскиот народ, а особено „придојдените” оние што им се придружиле и се помешале со нив, постојано биле наклонети да се бунат против Бога. Тие мрмореле и против својот водач и му задавале болка со своето неверство и тврдоглавост, и да се доведат такви луѓе во ветената земја би била мошне тешка и извонредно напорна задача. Со своите гревови тие веќе ја пречекориле границата на Божјата милост, и правдата барала да бидат уништени. Затоа Бог решил да ги уништи и од Мојсеја да создаде подобар народ. {ПП 318.1}

„Но сега остави да се разгори гневот Мој против нив и да ги истребам”, рекол Бог. А кога Бог наумил да ги уништи, кој би можел да се заземе за нив? Колку има такви кои грешниците едноставно би ги препуштиле на нивната судбина! Колку има такви кои тешката судбина на напорите, товарите и самопожртвувањето, за кои е возвратена само неблагодарност и противење, со радосно срце не би ги замениле со угледни и полесни положби, кога и сам Бог понудил ослободување? {ПП 318.2}

Но Мојсеј забележал дека постои надеж за спасение иако се чинело дека нема ништо друго освен разочарување и гнев. Божјите зборови: „Но сега остави”, ги сфатил дека Бог не само што не му забранува за народот да се заземе, туку и го поттикнува на тоа; тие претставувале навестување дека Израелците може да ги спаси само неговата (Мојсеевата) молитва, и дека Бог ќе го поштеди својот народ ако некој за него се моли. „А Мојсеј, се помоли пред Господ Бог, и рече: ‘Зошто се разгорува, Господи, гневот Твој против народот Твој, кого го изведе од земјата египетска со сила голема и рака цврста?’” {ПП 318.3}

Бог јасно ставил на знаење дека Тој ваквите не ги признава веќе за свој народ. Зборувајќи му на Мојсеја за нив, Тој нагласил: „Против народот Твој, кого го изведе од земјата египетска”. Меѓутоа, Мојсеј понизно се откажал од правото на водство на Израел. Тие не биле негови, туку Божји „против народот Твој, кого го изведе од земјата египетска со сила голема и рака цврста”. „Зошто”, нагласил Мојсеј, „Египќаните да зборуваат и да речат: ‘За зло ги изведе, за да ги убие по планините и да ги истреби од земјата?’” {ПП 318.4}

За неколку месеци откако Израелците излегле од Египет, веста за нивното чудесно ослободување се раширила меѓу сите околни народи. Сите незнабошци ги опфатил страв и ужасни претчувства. А ако Израелците сега би биле уништени, нивните непријатели би триумфирале, а Бог би бил обесчестен. Египќаните би тврделе дека Тој не ги води во пустина да му принесат жртва, туку да бидат жртвувани. Тие не би мислеле на гревовите на Израелците; уништувањето на народот, на кој до тогаш толку очигледно му укажувал чест, би морало да му штети на угледот на неговото име. Колку голема одговорност почива врз оние што ги почестил Бог неговото име да го извишат на земјата! Со колкаво внимание тие треба да се пазат од секој грев, да не предизвикаат негова казна и да не дозволат неговото име да се срамоти меѓу неверните! {ПП 319.1}

Кога Мојсеј во својата молитва се заземал за Израелците, неговата плашливост потполно исчезнала во длабокото интересирање и љубов за оние за кои толку многу сторил како орудие во Божјите раце. Бог го ислушал неговото пекање и ја примил неговата несебична молитва. Тој го проверувал својот слуга; сакал да види колкава е неговата верност и љубов кон заблудениот и неблагодарен народ, и Мојсеј благородно ја издржал проверката. Неговото залагање за Израелците немало ништо себично во себе. Благосостојбата и напредокот на Божјиот избран народ му биле помили од личната чест, помили од предимството да стане татко на една силна нација. Неговата верност, простодушност и вистинска честитост му биле по волја на Господа и Тој, како на верен пастир, му доверил голема задача – да ги одведе Израелците во ветената земја. {ПП 319.2}

Кога Мојсеј и Исус Навин слегле од гората (Мојсеј со плочите во раце), слушнале одушевени извици на возбудено мноштво што се наоѓало во состојба на див вриеж. Исус Навин, како воин, прво помислил дека ги нападнале непријатели. „Воена вика во логорот”, рекол. Но Мојсеј поправилно ја проценил вистинската природа на возбудата. „Не е тоа вик на победници, ниту, пак, пискот на победени; туку слушам глас на луѓе кои пеат”. {ПП 319.3}

Кога се приближиле до логорот, виделе како народот ликува и игра околу својот идол. Тоа била сцена на незнабожечко пирување, имитирање на идолопоклоничката прослава на Египќаните, но далеку од свечено и богобојазливото почитување на Јехова. Мојсеј бил вчудовиден. Тој тукушто се вратил од присуството на Божјата светост и, иако му било обрнато внимание на сето тоа што се случува, сепак, не очекувал толкаво понижување и толку страшна расипаност кај Израелците. Затоа кај него пламнал гнев. За да го покаже своето гнасење кон нивното злосторство, ги фрлил камените плочи и тие се парчосале пред очите на сиот народ; тоа значело дека, како тие што го раскинале својот сојуз со Бога, и Бог го раскинува сојузот со нив. {ПП 320.1}

Стапувајќи меѓу нив, Мојсеј поминал низ толпата развратници и, грабнувајќи го идолот, го фрлил во оган. Потоа го претворил во прав и, полевајќи го правот во водата што течела од планината, му наредил на народот да пие. Така била прикажана целосната ништожност на она што тие го обожавале. {ПП 320.2}  

Големиот водач го повикал брата си кој бил одговорен за сето ова и строго го прашал: „Што ти направи овој народ, та го наведе на толку голем грев?” Арон се обидувал да се брани раскажувајќи како народот бучно го барал тоа и како би го убиле кога не би ја исполнил нивната желба. „Не гневи се, господаре мој”, рекол тој, „ти самиот знаеш дека овој народ му е наклонет на злото.Тие ми рекоа: ‘Направи ни бог што ќе оди пред нас; бидејќи не знаеме што стана со Мојсеј, со човекот кој нè изведе од земјата египетска.’ А јас им реков: ‘Кој има злато, нека го извади од себе.’ И го извадија и го донесоа, а јас го фрлив во оган, и го излеав ова теле”. Арон сакал Мојсеј да поверува како се случило чудо дека златото било фрлено во оган и со некоја натприродна сила се претворило во теле. Но неговото правдање и заобиколување било напразно. Со право е сметан за главен виновник. {ПП 320.3}

Фактот што Арон бил благословен и ценет многу повеќе од другиот народ неговиот грев го правел толку одвратен. Арон, „кого беше Господ го посветил” (Псалм 106:16), направил идол и прогласил празник. Тој бил поставен за Мојсеев застапник, и Бог за него сведочел: „Знам дека е способен да зборува” (Излез 4:14); а сепак пропуштил да ги спречи идолопоклониците во нивната богохулна намера. Тој, кој бил од Бога одреден да им изрече пресуда и на Египќаните и на нивните богови, рамнодушно и како нем слушал како пред леаниот кип се изјавува: „Еве го, Израеле, твојот бог, кој те изведе од земјата египетска”. Тој, кој со Мојсеја бил на гората и ја видел Божјата слава, кој видел дека во манифестацијата на таа слава нема ништо од што би можело да се направи некаква слика тој бил оној кој таа слава ја претворил во „со лик на теле, што јаде трева” (Псалм 106:20). Тој, на кого Бог во отсуство на Мојсеја му ја доверил управата над народот, го   одобрил нивниот бунт. „А и на Арон силно се разгневи Господ и сакаше да го погуби” (Второзаконие 9:20). Но со сесрдно заземање и молитва на Мојсеја, животот му бил поштеден, а со каење за својот голем грев и со понизност, пак ја стекнал Божјата милост. {ПП 320.4}

Кога Арон би имал храброст да се заложи за правдата, без оглед на последиците, можел да го спречи овој отпад. Кога тој цврсто би му останал верен на Бога, кога би го потсетил народот на одговорноста што ја примиле при објавувањето на законот и на нивниот свечен сојуз со Бога, и на ветувањето дека ќе го слушаат, злото можело да биде спречено. Меѓутоа, неговото попуштање пред желбите на народот и рамнодушноста со која ги остварувал нивните планови, ги охрабриле во својот грев да одат и подалеку отколку што мислеле на почетокот. {ПП 323.1}

Кога Мојсеј се вратил во логорот и ги повикал бунтовниците на одговорност, народот неговите остри прекори и неговото негодување покажано во разбивањето на светите плочи со законот ги споредувал со пријатните зборови и со достоинственото држење на неговиот брат, и нивните симпатии биле на страна на Арона. За да се оправда себеси, Арон се обидувал вината за својата слабост што попуштил пред ваквото барање ја префрлил врз народот; но и покрај тоа, нивните срца биле полни со восхитување кон неговата благост и стрпливост. Но Бог не гледа онака како што гледаат луѓето. Ароновиот попустлив дух и неговата желба да го задоволи народот ги заслепиле неговите очи така што не видел колку грд бил гревот што го одобрил. Неговото однесување во поддржувањето на гревот во Израел со своето влијание одвел во смрт илјадници луѓе. Во каква спротивност со ова било однесувањето на неговиот брат Мојсеј кој, извршувајќи ги верно Божјите судови, покажал дека доброто на Израел му било помило и поважно од личното напредување, од честа и од самиот живот. {ПП 323.2}

Од сите гревови што ќе ги казни Бог, ниеден во неговите очи не е потежок од оној со кој други се храбрат и се поттикнуваат да прават зло. Бог сака неговите слуги да ја докажат својата верност со тоа што престапот решително ќе го осудат, без оглед колку болно тоа им паѓа. Оние што се почестени со божествен налог не смеат да бидат слаби, повивајќи се како ветерот дува. Тие не смеат да се стремат кон извишување себеси ниту пак да ги избегнуваат непријатните должности, туку мораат со непоколеблива верност да го извршуваат Божјото дело. {ПП 323.3}

Иако Бог ја примил молитвата на Мојсеја и ги поштедил Израелците од уништување, сепак нивниот отпад морал да биде видно казнет. Беззаконието и непокорноста до кои дошло со Аронова дозвола, кога не би биле веднаш задушени, би морале да букнат во отворено безбоштво и народот да го одведат во неповратна пропаст. Морале да се преземат најрешителни мерки злото да се отстрани од патот. Стоејќи пред влезот на логорот, Мојсеј на народот му упатил повик: „Кој е Господов, нека дојде кај мене!” Оние што не зеле учество во отпадот, се повикани да застанат од десната страна на Мојсеја, а оние што биле виновни но се покајале, лево. Заповедта била извршена и се покажало дека племето на Левие не учествувало во идолопоклонството. Имало и од другите племиња многу такви кои се каеле поради сторениот грев. Но мнозинството преостанати, главно „придојдените” кои барале да се направи теле, биле истрајни во својот бунт. Во име на Израеловиот Господ Бог, Мојсеј им наредил на оние што му стоеле од десна страна и кои не учествувале во идолопоклонството да се опашат со своите мечеви и да ги убијат сите оние што останале упорни во својот бунт. „И во тој ден изгина народ до три илјади души”. Без оглед на положбата, роднинството и пријателството, оние што предводеле во злото биле истребени; но оние што се покајале и се понизиле биле поштедени. {ПП 324.1}

Извршителите на таа страшна пресуда работеле во име на Божјиот авторитет и го извршиле налогот на небесниот Цар. Луѓето мора да се чуваат од тоа во своето човечко слепило да ги судат и да ги осудуваат своите ближни, но кога Бог ќе им нареди да ја извршат неговата пресуда над неправдата, тогаш тоа мора да се послуша. Оние што го извеле тоа болно дело, со тоа го покажале своето гнасење и вчудовидување над бунтот и идолопоклонството и уште поцелосно се посветиле во службата на вистинскиот Бог. Господ ја ценел нивната верност и тоа го покажал така што на племето на Левие му доделил посебно одликување и углед. {ПП 324.2}

Израелците сториле предавство кон Господа кој како нивни Цар ги опсипал со толку доброчинства, и чијшто авторитет тие доброволно се обврзале да го почитуваат. Со цел во божественото владеење да се одржи правда, со тие предавници морало да се постапува според нивната заслуга. Но Божјото милосрдие се покажало дури и во овој случај. Иако го пазел авторитетот на својот закон, Тој на сите им дал слободна волја, можност да бираат и прилика да се покаат. Истребени биле само оние што биле упорни во бунтот. {ПП 324.3}

Овој грев морал да биде казнет со цел истото тоа за околните народи да претставува сведоштво за Божјото негодување против идолопоклонството. Извршувајќи ги барањата на правдата над престапниците, Мојсеј, како орудие во Божјите раце, морал на историјата да и остави свечен и јавен протест против нивното злосторство. Бидејќи Израелците требало да го осудуваат идолопоклонството на соседните народи, нивните непријатели подоцна би можеле да им префрлат дека и самиот народ кој тврди дека Јехова е негов Бог, направил златно тело под гората Хорев и му се клањал. А вака, иако принудени да ја признаат срамната вистина, Израелците, страшната судбина на престапниците можеле да ја изнесат како доказ дека нивниот грев не бил ниту дозволен ниту простен. {ПП 325.1}

И љубовта, ништо помалечка отколку правдата, бара тој грев да се осуди. Бог не е само врховен господар, туку и заштитник и чувар на својот народ. Тој ги истребува оние што решително остануваат во бунт за да не ги водат и другите во пропаст. Поштедувајќи му го животот на Каина, Бог на целата вселена ѝ покажал што би било ако гревот би останал неказнет. Влијанието на неговиот живот и на неговото учење врз неговото потомство, човечкиот род го одвело во толку голема изопаченост, што светот морал да биде уништен со потоп. Историјата на претпотопните луѓе сведочи дека долгиот живот не е благослов за грешникот; Божјото долго трпение не ја спречило нивната безбожност. Колку луѓето подолго живееле, биле сѐ порасипани. {ПП 325.2}

Така било и со отпадот на Синај. Кога престапниците не би ги снашла веднаш казна, последиците би биле исти како и кај претпотопниот свет. Земјата би се наполнила со беззаконие и со изопаченост како во времето на Ное. Кога тие престапници би биле поштедени, злото што би произлегло од тоа би било поголемо дури и од она што уследило поради тоа што Каин останал жив. Тоа што во таа пригода настрадале неколку илјади луѓе, била само Божја милост со истата казна да не мора да уништи милиони. За да спаси мнозина, сепак морал да казни некои. Освен тоа, напуштајќи ја својата верност кон Бога, народот ја проиграл божествената заштита; и, лишена од неговата одбрана, целата нација била изложена на силата на своите непријатели. Кога злото не би било на време отстрането, тие набргу би паднале како плен во рацете на своите бројни и силни непријатели. За добро на Израелците, а исто така и за поука на идните поколенија, било потребно престапот веднаш да се казни. Тоа не била ниту малку помалечка милост и за самите грешници, зашто на тој начин им била скусена можноста и понатаму да продолжат по својот грешен пат. Кога би останале живи, истиот дух што ги поттикнувал да му се противат на Бога, би се покажал и во вид на меѓусебна омраза и караници и најпосле меѓусебно би се уништиле. Злосторството било казнето бргу и страшно и тоа од љубов кон светот, кон Израел, па дури и кон престапниците. {ПП 325.3}

Најпосле, кога народот сфатил колку е голема неговата кривица, во целиот логор завладеал страв. Се плашеле дека секој престапник ќе биде уништен. Сожалувајќи ги во нивната мака, Мојсеј ветил дека уште еднаш ќе се заземе за нив пред Бога. {ПП 326.1}

„Направивте голем грев”, им рекол, „и сега ќе појдам горе кај Бога, за да молам да ви се прости вашиот грев”. Тогаш отишол и, излегувајќи пред Господа, запекал во својата исповед: „О, Господи, овој народ направи голем грев, бидејќи си направи бог од злато.И сега прости им го гревот нивни; ако ли, пак, не, тогаш избриши ме и мене од книгата Твоја, во која си ме запишал”.А Господ му рече на Мојсеј: „Оној, што згрешил пред Мене, него ќе го избришам од книгата Моја.Но сега оди, и поведи го тој народ во местото, каде што ти реков. Еве, Мојот ангел ќе оди пред тебе, а кога ќе ги посетам, на нив ќе го навртам гревот нивен”. {ПП 326.2}

Во молитвата на Мојсеја наидуваме на небесни книги во кои се запишани имињата на сите луѓе и сите нивни дела, било добри или лоши. Книгата на животот ги содржи имињата на сите кои кога и да е биле во Божја служба. Ако некој од нив се оддели од Бога и упорно греши, на крај ќе стане наполно нечувствителен за влијанието на Светиот Дух и нивните имиња на судот ќе бидат избришани од книгата на животот, а самите тие ќе пропаднат. Мојсеј сфатил колку страшна би била судбината на грешниците; па сепак, ако израелскиот народ треба да биде отфрлен од Бога, тогаш барал и неговото име да биде избришано заедно со нивните; тој не би можел да гледа како Божјата казна ги погаѓа оние кои толку милосливо биле ослободени од ропството. Мојсеевото заземање за Израелците го покажува Христовото посредување за грешните луѓе. Меѓутоа, на Мојсеја Господ не му дозволил да ја прими на себе кривицата на престапниците, што му било дозволено само на Христа. „Оној, што згрешил пред Мене, него ќе го избришам од книгата Моја”, вели Тој. {ПП 326.3}

Со длабока жалост народот ги закопал своите мртви. Само од меч паднале три илјади; набргу во логорот настапил помор, а потоа уследила порака дека нема веќе да ги придружува Божјото присуство на нивното патување. Јехова изјавил: „Самиот нема да одам со вас, за да не ве погубам по патот, бидејќи вие сте тврдоглав народ”. И била издадена заповед: „А сега симнете го од себе накитот свој”. Тогаш во целиот логор завладеала жалост. Тажни и понижени, „ги извадија накитите од себе синовите израелски на планината Хорев”. {ПП 327.1}

Шаторот, кој до тогаш служел како привремено место за богослужение, според Божјо упатство е преместен „надвор од логорот”. Тоа бил уште еден доказ повеќе дека Бог ги лишил од своето присуство. Тој му се открил на Мојсеја, но не и ним како народ. Тој прекор болно ги трогнал и, во својот страв и обземени со грижа на совеста, очекувале уште поголеми несреќи. Можеби Господ го изделил Мојсеја од логорот за да може потполно да ги уништи? Но сепак не останале без никаква надеж. Шаторот бил подигнат надвор од логорот, а Мојсеј го нарекол „скинија на собранието”. Сите кои навистина се покајале и кои сакале да се вратат кај Господа, биле повикани да се упатат таму да ги признаат гревовите и да бараат милост. Кога се вратиле во своите шатори, Мојсеј влегол во шаторот за состанок. Народот со најголем страв и внимателно очекувал да види каков било знак со кој би се потврдило дека Мојсеевото заземање за нив е прифатено. Ако Господ се спушти да се сретне со Мојсеја, тогаш можеле да се надеваат дека нема да бидат наполно уништени. Кога столбот од облак се спуштил и се запрел пред влезот на шаторот, народот заплакал од радост „и секој се поклонуваше пред влезот на својот шатор”. {ПП 327.2}

Мојсеј мошне добро ја познавал изопаченоста и слепилото на оние што му биле доверени на грижа. Ги познавал и сите тешкотии со кои требало да се бори. Но сето ова му дало поука дека мора да има Божја помош за да може да владее со тој народ. Се молел за појасно откровение на Божјата волја и за гаранција за негово присуство. „Ете, Ти ми велиш: ‘води го тој народ’, и не ми јави кого ќе пратиш со мене, иако ми рече: ‘Јас те знам по име и ти најде милост пред Мене.’ Па, ако, сум нашол милост пред Тебе откриј ми се да Те разберам, та и понатаму да најдам милост пред Тебе, и да видам дека овие луѓе се Твој народ”. {ПП 327.3}

Одговорот гласел: „Јас Самиот ќе врвам пред тебе, и ќе те успокојам”. Но Мојсеј уште не бил задоволен. Неговата душа ја притискало чувство на свеста за страшните последици во случај Бог да ги препушти Израелците на нивната тврдоглавост и непокајание. Тој не можел да издржи неговите интереси да бидат изделени од интересите на неговите браќа и се молел Бог пак да му подари на народот своја милост и да му го даде столбот од облак и оган како знак на неговото присуство и понатаму да го насочува правецот на нивното движење. „Ако Ти Самиот не појдеш со нас, тогаш не изведувај нè одовде,зашто, по што ќе познаеме дека јас и народот Твој сме нашле милост пред Тебе, освен по тоа што Ти одиш со нас? И по тоа ќе се разликуваме и народот Твој од сите други народи што се на земјата”. {ПП 328.1}

„Ќе го направам и тоа, што го кажа, зашто ти најде милост пред Мене, и те познавам многу добро”. Сѐ уште пророкот не престанал да пека. Секоја молба му била услишена, но тој копнеел за поголеми докази на Божјо одобрување и милост. Побарал нешто што до тогаш ниту едно човечко суштество не барало:  докажи ми ја својата слава”. {ПП 328.2}  

Бог не го прекорил дека со ова свое барање дрско ги пречекорил границите на дозволеното, туку му се обратил со зборови на милост: „Ќе ја покажам пред тебе сета Моја слава”. Божјата слава незасолнета не може да ја види ниту еден смртен човек и да остане жив; но на Мојсеја му било ветено дека од божествената слава ќе може да види толку колку што бил во состојба да издржи. Повторно бил повикан да се искачи на гората; и тогаш раката што го создала светот, раката која „ги преместува планините, а тие тоа не го знаат” (Јов 9:5), го зела тоа создание од прав, тој човек со силна вера и го ставила во пукнатина на една карпа додека Божјата слава и сето негово добро поминувале пред него. {ПП 328.3}

Тоа искуство, а над сè ветувањето дека божественото присуство постојано ќе го придружува, за Мојсеја биле сигурен доказ дека ќе успее во задачата што стоела пред него; тоа за него имало неспоредливо поголема вредност отколку сите египетски науки и сите негови достигања како државник и војсководител. Никаква земна сила, вештина или образование не можат да го заменат постојаното Божјо присуство. {ПП 328.4}

За престапниците страшно е да се падне во рацете на живиот Бог; а Мојсеј сам стоел во присуство на Вечниот и не се уплашил, зашто неговата душа била сообразена со волјата на неговиот Творец. „Да мислев беззаконие во срцето мое, кажува псалмистот, Господ немаше да ме услиши” (Псалм 66:18). Но „Близок им е Господ на оние што имаат страхопочит кон Него; ним им го открива заветот Свој” (Псалм 25:14). {ПП 329.1}

Господ се објавил како „Господ, Господ, Бог човекољубив и милостив, долготрпелив, многумилостив и верен!Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови, но Кој виновни не остава неказнети”. {ПП 329.2}

„А Мојсеј веднаш падна наземи и се поклони (на Бога)”. Пак се молел на Бога да му ги прости престапите на својот народ и повторно да го прими за свое наследство. Молитвата му била примена и Господ милосливо ветил дека ќе ја обнови својата милост кон Израелците и дека заради нив ќе направи „чуда какви што не биле направени по целата земја и кај ниеден народ”. {ПП 329.3}

Мојсеј останал на гората четириесет дена и четириесет ноќи и за сето тоа време, како и првпат, го одржал својот живот на чудесен начин. Никому не му било дозволено да појде со него, ниту пак некој за тоа време смеел да се приближи кон гората. По Божјо упатство, Мојсеј приготвил две камени плочи и ги понел со себе на гората, и повторно „ги напиша Господ врз плочите зборовите на заветот, Десетте заповеди”. {ПП 329.4}

За сето време што го поминал Мојсеј во присуство на Бога, на неговото лице се гледала славата на божественото присуство; и кога слегол од гората, тој не знаел дека лицето му свети со блескотна светлина. Таква светлина го осветлувала лицето на првиот христијански маченик Стефан кога бил изведен пред своите судии: „Тогаш сите што беа во Синедрионот го вперија погледот во него и видоа дека лицето негово му беше како лице на ангел” (Дела 6:15). А Арон и сиот народ се повлекле од Мојсеја, „се плашеа да се приближат до него”. Гледајќи ја нивната збунетост и страв, но не знаејќи ја причината за тоа, тој ги повикал да му пристапат поблизу. Ги уверувал дека измирувањето со Бога им е загарантирано дека Тој сѐ уште им е милослив. Во неговиот глас тие не можеле да забележат ништо друго освен љубов и преколнување, и најпосле еден се осмелил да му пристапи. Премногу исплашен за да може што било да каже, молчејќи гледал во лицето на Мојсеја, а потоа во небото. Големиот водач сфатил што значи тоа. Свесни за својата кривица и чувствувајќи дека Бог сѐ уште не им е наклонет, Израелците не можеле да ја поднесат небесната светлина која да останале послушни, би ги исполнила со радост. Виновникот има и причина да се плаши. Душата слободна од грев не сака да се крие пред небесната светлина. {ПП 329.5}

Мојсеј имал многу нешто да им пренесе; и од сожаление кон нив, го покрил своето лице со превез, што и подоцна го правел тоа секогаш кога се враќал кај народот од својата средба со Бога. {ПП 330.1}

Со таа светлина што светела од Мојсеевото лице, Бог имал намера во срцата на Израелците да го вреже светиот и возвишен карактер на својот закон и славата на евангелието откриена преку Христа. Додека Мојсеј бил на гората, Бог му ги покажал не само плочите на законот, туку и планот на спасението. Тој увидел дека сите симболи и претслики на еврејската жртвена служба ја претскажуваат Христовата жртва, и дека небесната светлина која блескоти од Голгота ја претставува славата на Божјиот закон исто така како и сјајот што сега зрачел од неговото лице. Божествените зраци ја претставувале светоста и славата на заветот чијшто видлив посредник бил Мојсеј како претеча на вистинскиот Посредник. {ПП 330.2}

Светлината што зрачела од Мојсеевото лице ги претставува благословите што ги примаат оние кои, благодарение на Христовото посредување, ги држат Божјите заповеди. Таа исто така претставува доказ дека, во колку нашата врска со Бога е поинтимна и нашето сфаќање за неговите барања појасни, се поцелосно ќе се сообразиме со божествениот лик и ќе бидеме поподготвени да станеме учесници во божествената природа. {ПП 330.3} Мојсеј бил Христова претслика. Како посредникот на Израелците што морал да го покрие своето лице, зашто народот не можел да гледа во неговата слава, така и божествениот Посредник, Христос, го облекол своето божество во човечка лика кога дошол на земјата. Кога би дошол облечен во својата небесна слава, би бил непристапен за луѓето во нивната грешна состојба. Тие не би можеле да ја издржат славата на неговото присуство. Затоа Тој се понизил и зел тело „подобно на телото на гревот” (Римјаните 8:3) за да може да дојде во допир со паднатиот човечки род и да го издигне. {ПП 330.4}

Сподели го ова:

Similar Posts