59. ПРВИОТ ИЗРАЕЛСКИ ЦАР

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на 1. Самоилова 8 – 12 глава

Властите во Израел со земјата управувале во Божјо име и со негов о овластување. Задача на Мојсеја, на седумдесеттемина старешини, на кнезовите и судиите била да ги спроведуваат во живот законите што им ги дал Бог. Тие немале право на нацијата да ѝ бидат законодавци. Тоа бил и останал услов за опстановката на Израел како нација. Повремено Бог праќал инспирирани луѓе да го упатат народот како да ги применува неговите закони. {ПП 603.1}

Господ предвидувал дека Израелците ќе бараат цар, но не се согласил ниту со каква и да е измена на основните начела врз кои била заснована државата. Царот требало да биде застапник на Севишниот. Бог морал да биде признат како глава на народот, а неговиот закон како највисок закон на земјата. {ПП 603.2}

Во почетокот, кога се настаниле во Ханан, Израелците ги признавале основните начела на Божјото владеење и нацијата напредувала под управа на Исуса Навина. Меѓутоа, со порастот на населението и со контактите со другите народи, настанале промени. Народот прифатил многу обичаи од своите незнабожечки соседи и во голема мера го жртвувал своето посебно свето, обележје. Постепено народот ја губел страхопочитта кон Бога и престанувал да ја цени честа што му припаѓала како на избран народ. Привлечени со сјајот и раскошот на незнабожечките владетели, се умориле од сопствената едноставност. Меѓу племињата се појавила љубомора и завист. Внатрешните несогласија ги слабееле; постојано биле изложувани на упади од страна на незнабожечките непријатели, па народот дошол до заклучок дека племињата мора да се обединат под силна централистичка управа за Израел да се одржи меѓу незнабошците. И колку повеќе отстапувале од послушноста кон Божјиот закон, сè повеќе  растела и желбата да се ослободат од владеењето на својот божествен Властодржец; и така меѓу Израелците сè повеќе се ширела идејата за основање на монархија. {ПП 603.3}

Од времето на Исуса Навина, никогаш толку успешно и мудро не се владеело како под водство на Самоил. Бог му доделил должност на судија, пророк и свештеник, и тој неуморно и несебично работел за добро на својот народ; под негова мудра управа народот навистина напредувал во секој поглед. Повторно бил воспоставен ред, духовноста се зголемила, а духот на незадоволство бил потиснат за извесно време. Но кога остарел, пророкот бил присилен грижите околу владеењето да ги подели со други, па ги одредил своите два сина за помошници. Додека Самоил и понатаму ја вршел својата должност во Рама, синовите ги пратил во Вирсавија, на јужната граница на земјата, каде што требало да делат правда. {ПП 603.4}

Самоил имал целосна согласност од народот кога на своите синови им ја определил оваа должност, но тие се покажале недостојни за изборот што го извршил нивниот татко. Господ преку Мојсеја дал посебни упатства според кои судиите требало праведно да судат, праведно да постапуваат со вдовиците и со сирачињата и да не примаат мито. Но синовите на Самоил „се впуштија во користољубие, земаа подароци и судеа криво” (1. Самоилова 8:3). Синовите на пророкот не обрнувале внимание на прописите што тој настојувал да им ги вреже во душата. Тие не го зеле за пример чистиот и несебичен живот на својот татко. Опомената што му била дадена на Илија не влијаела врз Самоил онака како што би требало. И тој во извесна мера бил попустлив кон своите синови па последиците бргу се покажале во нивниот карактер и живот. {ПП 604.1}

Неправедноста на тие судии предизвикала големо незадоволство и оправдан стремеж кај народот за промена која веќе одамна потајно се јавувала. „Тогаш се собраа сите старешини Израелови, дојдоа кај Самоил во Рамаи му рекоа: ‘Ете, ти остаре, а синовите твои не одат по твоите патишта. Затоа постави ни цар, кој ќе ни суди, како што е кај другите народи.’” На Самоил не му зборувале за случаите на злоупотреба на власта кај народот. Кога би му било познато лошото однесување на неговите синови, тој секако би ги сменил. Но старешините тоа и не го барале од него. Самоил сфатил дека вистински повод претставуваат незадоволството и гордоста и дека нивното барање е резултат на добро промислени, решителни намери. Против Самоил никој не се жалел. Сите признавале дека тој во службата бил праведен и мудар, но остарениот пророк во таа молба видел прекор насочен лично против него и настојување да го отстранат него. Сепак, не ги покажал своите вистински чувства; никого не го прекорувал, туку во молитва го изнел целиот случај пред Господа и само од него барал совет. {ПП 604.2}

„А Господ му рече на Самоил: ‘Послушај го гласот на народот за сè што ти говорат. Зашто тие не те отфрлија тебе, туку Ме отфрлија Мене за да не царувам над нив.Како што постапуваа со Мене, од оној ден кога ги изведов од Египет, до денес кога Ме оставија и почнаа да им служат на други богови’”. Пророкот бил укорен затоа што однесувањето на народот го примил како навреда за својата сопствена личност. Тие не покажале непочитување кон него, туку кон Бога кој на народот и му ги одредил управителите. Сите што го презираат и го отфрлаат верниот Божји слуга, го омаловажуваат не само тој човек, туку и Учителот што го поставил. Со тоа тие ги отфрлаат Божјите зборови, неговите опомени и совети, го отфрлаат неговиот авторитет. {ПП 605.1}

Најголема благосостојба Израелците уживале во времето кога Јехова го признавале за свој Цар – кога законите и владеењето што ги воспоставил Тој ги сметале за повозвишени од законите на другите народи. Во врска со Божјите заповеди Мојсеј му рекол на народот: „Во тоа е вашата мудрост и вашиот разум пред очите на сите народи, кои, откако ќе чујат за сите тие наредби, ќе речат: овој голем народ е мудар и разумен народ” (Второзаконие 4:6). Поради отстапувањето од Божјите закони, Евреите не станале народ каков што сакал Бог да станат; а потоа сето зло, што било последица на нивниот сопствен грев и лудост, и го припишувале на Божјата управа. Толку многу гревот ги заслепил. Господ преку своите пророци однапред кажал дека со Израелците ќе владеат цареви, но тоа не значело дека тој начин на владеење за нив ќе биде најдобар и во сообразност со неговата волја. {ПП 605.2}

Тој му дозволил на народот сам да се определи, зашто одбиле да го послушаат неговиот совет. Осија кажува дека Бог во својот гнев им дал цар (Осија 13:11). Кога луѓето ќе посакаат да одат по пат што сами си го одбрале, не прашувајќи го Бога за совет, или наспроти неговата откриена волја, Тој често им ја исполнува желбата со цел низ горчливото искуство што го стекнуваат на тој начин да ја увидат својата лудост и да се покаат за својот грев. Се покажало дека човечката гордост и човечката мудрост се опасни водачи. Сè што ќе  ни посака срцето наспроти Божјата забрана, сигурно е дека побргу ќе ни служи на проклетство отколку на благослов. {ПП 605.3}

Бог сакал неговиот народ само во него да гледа свој законодавец и извор на својата сила. Чувствувајќи ја својата зависност од Бога, тие постојано би му се приближувале. И тогаш би биле возвишени, облагородени и оспособени за високиот позив на одбран народ. Меѓутоа, поставувањето на човек на престолот на Израел мислите на народот би ги одвратило од Бога; повеќе  би се потпирале врз човечка сила, а помалку врз Божјата моќ, а грешките на нивните цареви би морале да ги наведат на грев и народот да го одвојат од Бога. {ПП 606.1}

На Самоил му било наредено да ја исполни молбата на народот, но и да им укаже на Божјото незадоволство објавувајќи какви ќе бидат последиците на нивната постапка. „И Самоил им ги соопшти сите тие зборови Господови на народот, кој бараше од него цар”. Тој совесно им ги изнел сите тешкотии што ги очекувале и им укажал на разликата меѓу таквата состојба на угнетеност и животот што го живееле до тогаш слободно и во благосостојба. Нивниот цар ќе  го следи раскошот и сјајот на другите владетели, а за да може да оди во чекор со тоа, ќе  бидат ставени тешки намети лично на нив и на нивниот имот. Нивните најдобри синови ќе ги зема да го придружуваат на коли, да му бидат коњаници и секогаш да одат пред него. Тие ќе  мора да ги пополнуваат редовите на неговата војска, да ја обработуваат неговата земја, да жнеат за него и да прават оружје за него. Израелските ќерки ќе бидат земани за слугинки и готвачки во неговото домаќинство. За да го одржи својот царски двор, ќе  ја земе најдобрата земја што Јехова му ја дал на народот. А од нивните слуги и од нивниот добиток ќе избере што е највредно и „ќе го употреби за себе”. Освен тоа, царот ќе бара десеток од сите нивни приходи, како од заработувачката така и од плодовите на нивната земја. „А вие сами ќе му бидете робови” заклучил пророкот. „А еден ден кога ќе заофкате од царот свој што самите сте си го избрале, Господ нема да ви одговори тогаш”. И подоцна, колку и да им се тешки наметите, не ќе можат сами да ги отфрлат кога еднаш ќе биде воспоставена монархија. {ПП 606.2}  

Меѓутоа, народот одговорил: „Не, нека има цар над нас,и ние ќе бидеме како другите народи – ќе ни суди нашиот цар и ќе оди пред нас, и ќе ги води нашите војни”. {ПП 607.1}

„Како другите народи”. Израелците не сфатиле дека токму таа разлика од другите народи претставувала посебно предимство и особен благослов. Бог Израелците ги изделил од сите други народи со цел од нив да создаде особено богатство. А тие, презирајќи ја и таа голема чест, барале да се изедначат со другите незнабожечки народи. И денеска кај народот кој тврди дека е Божји, постои стремеж својот живот да го прилагоди кон светските обичаи и навики. Христијаните постојано се трудат да ги следат обичаите на луѓето што му се клањаат на богот на овој свет. Мнозина тврдат дека врз безбожниците може подобро да се влијае ако човекот се соедини со нив и се прилагоди кон нивните обичаи. Меѓутоа, сите што прават така се одделуваат од изворот на својата сила. Со тоа што се спријателуваат со светот, стануваат непријатели на Бога. За љубов на земни признанија, тие ја жртвуваат неизмерната чест што им ја укажува Бог, а која се состои од објавување на доблеста на Оној кој нè повикал да излеземе од темнината и да пристапиме кон неговата чудесна светлина (1. Петрово 2:9). {ПП 607.2}

Самоил со длабока жалост ги слушал зборовите на народот, но Господ му рекол: „Послушај го гласот нивни и постави им цар”. Пророкот ја исполнил својата должност. Верно им ги изложил сите опомени, но тие ги отфрлиле. Со тешко срце го отпуштил народот, а самиот се повлекол да ја приготви големата промена во владеењето. {ПП 607.3}

Чистиот живот на Самоил и неговиот несебичен самопрегор за кнезовите и свештениците, кои воделе сметка само за своите потреби, а исто така и за целата горделива израелска заедница, претставувале постојан прекор. Иако не настапувал помпезно и раскошно, неговите напори носеле Божји печат. Него го почитувал Спасителот на светот, под чиешто водство тој и владеел со еврејскиот народ. Но, на народот му здодеале неговата побожност и самопрегор; го презреле неговиот скромен авторитет и го отфрлиле заради човекот што ќе владее над нив како цар. {ПП 607.4}

Во карактерот на Самоил гледаме отсјај на Христовиот лик. Чистиот живот на нашиот Спасител разгорел гнев кај сатаната. А тој живот бил видело за светот и ја разоткривал скриената расипаност на човечкото срце. Христовата светост разбеснела диви страсти кај грешните луѓе кои се одликувале само со надворешна побожност. Христос не дошол со световно богатство и со световни почести, а сепак неговите дела сведочеле дека Тој има сила поголема од кој било земен кнез. Евреите очекувале Месија да го скрши јаремот на угнетувачите, а самите биле полни со гревовите поради кои јаремот им бил наметнат. Кога Христос би ги криел нивните гревови, а би ја фалел нивната побожност, тие би го примиле за свој цар; но не сакале да ги поднесуваат неговите бестрашни укори со кои ги жигосувал нивните пороци. Тие ја презирале убавината на карактерот во кој владееле љубов, чистота и светост, и кој не познавал омраза освен омраза кон гревот. Така било во сите времиња. Небесното видело ги осудува сите што одбиваат да одат во него. А кога ќе бидат укорени со примерот на оние што го мразат гревот, таквите лицемери стануваат орудие во рацете на сатаната за мачење и за прогонство на верните. „А и сите, што сакаат да живеат побожно во Христос Исус ќе бидат гонети” (2. Тимотеј 3:12). {ПП 607.5}

Иако монархистичкото владеење во Израел било предвидено со пророштво, Бог сепак го задржал правото сам да им одбере цар. Евреите во толкава мера го почитувале Божјиот авторитет, што изборот целосно му го препуштиле нему. Така е одбран Саул, синот на Кис, од племето на Венијамина. {ПП 608.1}

Личните особини на идниот цар можеле да ја задоволат гордоста на срцето, која и била во основата на желбата за цар. „Никој од Израелците не беше поубав од него” (1. Самоилова 9:2). Со достоинствено и благородно држење, млад, со убава става и развиен – се чинело како да е роден да заповеда. Но, наспроти сите тие надворешни привлечности, Саул имал недостиг во повисоките критериуми што ја претставуваат вистинската мудрост. Во својата младост не научил да ги зауздува своите жестоки страсти и никогаш не ја почувствувал онаа моќ на Божјата милост што го обновува срцето. {ПП 608.2}  

Саул бил син на моќен и силен старешина, но сообразно со обичаите во тоа време, со својот татко извршувал скромни земјоделски должности. Еден ден, кога добитокот на татко му заталкал во планините, тој со еден слуга се упатил да го бара. Талкале три дена и ништо не нашле; а кога стигнале близу до местото Рама, каде што било родното место на Самоил, слугата предложил да го посетат пророкот и да го прашаат за загубениот добиток. „Ете, во раката моја има четврт шекел сребро”, му рекол момокот на Саула, „ќе му го дадам на Божјиот човек, и тој ќе ни го покаже патот наш”. Во тоа време тоа бил обичај. Секогаш кога некој пристапувал кон некого повисок од себе по чин или по служба, му подарувал некаков малечок подарок во знак на внимание. {ПП 608.3}

Приближувајќи се кон гратчето, сретнале група девојки кои пошле по вода па ги прашале за пророкот. Тие им кажале дека штотуку треба да почне богослужението и дека пророкот веќе дошол; требало „на гората” да се принесе жртва, а потоа да се приреди гозба. За време на управувањето на Самоил настанале големи промени. Кога Бог првпат му се обратил, службата во Светилиштето била презирана, „зашто луѓето ја презираа жртвата што Му беше принесувана на Господа” (1. Самоилова 2:17). А сега богослужение се одржувало во цела земја и народот се интересирал за верата. Бидејќи богослужение не се одржувало во Светилиштето, жртва е принесувана на други места; за таа цел се одбрани градовите во кои живееле свештениците и Левитите, каде што народот одел нешто да научи. Жртвата обично се принесувала на највисоките места во околината. {ПП 609.1}

Пред влезот во градот, Саул се сретнал со Самоила. Бог му открил на Самоила дека во тоа време ќе му се претстави новоодбраниот израелски цар. А кога конечно тие двајца луѓе стоеле лице в лице еден спроти друг, Господ му рекол на Самоила: „Еве ти го човекот за кого ти реков: ‘Тој ќе владее над Мојот народ’”. {ПП 609.2}

Кога Саул прашал: „Покажи ми каде е куќата на видовитиот”, Самоил одговорил: „Јас сум видовитиот”. Уверувајќи го дека загубените животни веќе се најдени, го натерал да остане и да присуствува на свеченоста, давајќи му истовремено извесни навестувања за идната висока положба. „Освен тоа, кому му припаѓа сè што е најскапоцено во Израел? Зар не тебе и на сиот дом на твојот татко?” Кога ги слушнал овие зборови на пророкот, срцето на слушателот затреперило. Саул веројатно го сфатил нивното значење, зашто целиот народ со жив интерес следел кој ќе биде одбран за цар. Но, во својата голема скромност, тој одговорил: „Нели сум јас… од најмалото Израелово племе? А мојот род не е ли најнезначаен од сите родови на Венијаминовото племе? И така, зошто ми зборуваш такви зборови?” {ПП 609.3}  

Самоил ги повел придојдените до местото каде што биле собрани челниците на градот. По наредба на пророкот, на Саула му е дадено почесно место, а на гозбата му е понудено најдобро парче месо. По завршувањето на богослужението, Самоил го повелСаула во својот дом и разговарал со него на терасата. Му ги изнел големите начела врз кои е засновано владеењето во Израел, обидувајќ и се барем донекаде да го приготви за неговата висока положба. {ПП 609.4}

Следното утро, кога Саул тргнал, и пророкот пошол со него. Кога поминале низ градот, му наредил на слугата да оди напред, а на Саула да застане и да ja прими пораката што му ја праќа Бог. „Тогаш Самоил зеде сад со масло па го излеа врз главата на Саула, потоа го пољуби и рече: ‘Со ова Господ те помаза за кнез над Својот народ Израел’”. За да му докаже дека сето тоа го сторил врз основа на Божјиот авторитет, однапред му кажал сѐ што ќе се случи при враќањето дома и го уверувал дека Божјиот Дух ќе го оспособи за должноста што му претстои. „Тогаш Господовиот Дух ќе слезе на тебе”, му кажал пророкот, „и ќе се измениш во друг човек.А кога ќе се исполнат тие знакови, тогаш прави како што ќе посакаш, зашто Бог е со тебе”. {ПП 610.1}

Саул го продолжил патот и му се исполнило она што му го претскажал Самоил. Кога стигнал близу до границата на Венијамина, дознал дека биле најдени загубените животни. Во долината Тавор сретнал тројца луѓе кои оделе да се помолат на Бога во Ветил. Еден од нив водел три јариња да ги принесе на жртва, друг носел три леба, а третиот мев вино. Тие го поздравиле Саула како што бил обичај и му подариле два леба. Кога стигнал во своето родно место, Гаваја, сретнал група пророци кои, враќајќи  се од “гората”, пееле фалејќи го Бога со музички инструменти – Харфи, псалтир и тимпани. Кога Саул им се приближил, слегол врз него Божјиот Дух па и тој почнал да пророкува и да пее. Зборувал толку течно и мудро и толку сериозно учествувал во богослужението, што неговите познати со чудење се прашувале: „Што се случи тоа со Кисовиот син? Зар е Саул меѓу пророците?” {ПП 610.2}

Кога Саул им се придружил на пророците во молитвата, во него се случила голема промена што ја предизвикал Божјиот Дух. Светлината на Божјата чистота и светост ја осветлила темнината на телесното срце. Тој се видел себеси онаков каков што бил пред Бога. Ја видел убавината на светоста. Повикан е да завојува против гревот и сатаната и му било покажано дека за таа борба ќе добие сила од Бога. Планот на спасението, кој до тогаш му изгледал нејасен и неизвесен, бил откриен за неговото сфаќање. Господ му подарил храброст и мудрост за возвишениот позив што го очекувал. Му го открил Изворот на силата и милоста и му го осветлил разумот за да ги сфати Божјите барања и своите должности. {ПП 610.3}

Помазанието на Саула за цар не му било објавено на народот. Божјиот избор требало да биде објавен по пат на ждрепка. Затоа Самоил го собрал сиот народ во Мицпа. Прво се помолиле на Бога Тој да ги води, а потоа уследила свечена церемонија на фрлање на ждрепка. Собраниот народ во тишина го очекувал резултатот. Последователно се одредувани племето, домот и семејството и најпосле синот на Кис, Саул, како избраник. Но Саула го немало на собирот. Тој тајно се повлекол, загрижен поради одговорностите што требало да ги прифати. Народот го извел пред себе и со задоволство и гордост утврдил дека има царско држење и благородна става, „а од рамениците свои угоре беше повисок од сите”. Претставувајќи му го на собраниот народ, и сам Самоил извикал: „Гледате ли, кого го избра Господ? Како него нема меѓу сиот народ”. Тогаш радосно извикал: „Да живее царот!” {ПП 611.1}  

Тогаш Самоил му ги изнел на народот „правилата на царувањето” и им ги објаснил основните начела врз кои почива монархистичкото владеење и според кои ќе се управуваат. Царот не смеел да биде апсолутен господар, туку неговата моќ требало да биде потчинета на волјата на Севишниот. Тие правила биле запишани во книга во која биле изложени правата на кнезовите и предимствата на народот. Иако народот ги отфрлил опомените на Самоил, верниот пророк сепак се трудел, кога веќе бил присилен да попушти пред нивните желби, да издејствува за нив колку што било можно повеќе  слобода. {ПП 611.2}

Иако народот главно бил подготвен да го признае Саула за цар, сепак, една група се противставила. Зашто, да биде одбран владетел од племето на Венијамина, најмалечко од сите израелски племиња – заобиколувајќи ги двете најголеми и најсилни племиња, племето на Јуда и Ефрема – тоа значело да се биде запоставен, што тие во никој случај не можеле да го поднесат. Одбиле да покажат лојалност кон Саула и да му донесат вообичаени дарови. Токму тие кои најбучно барале цар, сега одбивале со благодарност да го прифатат човекот кој бил избран од Бога. Секоја група имала свој миленик што сакала да го постави на престолот, а и многу кнезови ја посакувале таа чест за себе. Во многу срца се разгорела завист и љубомора. Гордоста и честољубието предизвикале разочарување и незадоволство. {ПП 611.3}

Саул сметал дека не е мудро да го прифати царското достоинство при такво расположение на народот. Затоа му препуштил на Самоил и понатаму да ја води управата, а тој се вратил во Гаваја. Една група негови приврзаници го испратила со сите почести. Овие луѓе во неговиот избор ја виделе Божјата промисла и биле решени да го поддржат. Но тој не се трудел со сила да го брани своето право на престолот. Во своето родно место, на висорамнините на Венијамина, и понатаму извршувал должности на обичен земјоделец, препуштајќи му на Бога да му го подигне авторитетот. {ПП 612.1}

Набргу по Сауловиот избор, амонските племиња, под водство на својот цар Нас, упаднале во областа на племињата кои живееле источно од Јордан и му се заканиле на градот Јавеш Галадов. Ж ителите се обиделе да постигнат мир, нудејќи им на Амонците данок. Но суровиот цар се согласувал со мир само под услов на секој жител на градот Јавеш Галадов да му го ископа десното око и на тој начин да ги остави како вечен доказ на својата сила и моќ. {ПП 612.2}

Тогаш луѓето во опседнатиот град молеле одлуката да се одложи за седум дена. Амонците се согласиле, надевајќи се дека тоа само ќе ја зголеми славата и победата што ја очекувале. Меѓутоа, Израелците веднаш пратиле гласници во племињата западно од Јордан и побарале помош. Така веста допрела и до Гаваја, предизвикувајќи насекаде голем страв. Враќајќи  се дома со своите волови од орање, Саул го чул пискањето што навестувало голема несреќа  и прашал: „Што станало со народот, та плаче?” Кога му го повториле срамниот настан, кај него се разбудиле сите заспани сили. „И слезе Духот Божји врз Саул… па зеде два вола, ги исече на парчиња и ги испрати по сите израелски предели преку тие пратеници, објавувајќи дека така ќе биде постапено со воловите на секого што нема да тргне по Саул”. {ПП 612.3}

Во долината Безек се собрале триста и триесет илјади луѓе под Саулова команда. Веднаш пратиле пратеници во опседнатиот град со ветување дека ќе им стигне помош и тоа токму оној ден кога требало да им се предадат на Амонците. Саул со својата војска ноќта со усилен марш го преминал Јордан и стигнал до Јавеш во „утринската стража”. Како и Гедеон, ја поделил својата војска во три групи и ги нападнал Амонците мошне рано изутрината кога, не надевајќи се на никаква опасност, биле најмалку претпазливи. Во паниката што настанала биле потполно уништени. „Другите Амонци се распрснаа така што од нив не останаа ни двајца заедно”. {ПП 612.4}

Брзото расудување и храброста на Саула, како и воениот талент што го покажал при водењето на толку големата војска – биле особини што ги барал израелскиот народ за да може да се мери со другите народи. Затоа сега го поздравиле како свој цар и честа за победата му ја припишувале на човечко орудие, заборавајќи дека без посебен Божји благослов сите нивни напори би биле напразни. Во одушевувањето, некои дури предлагале да се погубат сите што во почетокот се воздржале да го признаат Сауловиот авторитет. Но царот се вмешал велејќи: „Денес не треба никој да се убие, зашто денес Господ изврши спасение во Израел”. Со тоа Саул посведочил дека во неговиот карактер се случила промена. Наместо честа да си ја припише себеси, тој му оддал слава на Бога. Наместо да покаже желба за одмазда, пројавил дух на милосрдие и проштавање. Тоа е недвосмислен доказ дека во срцето се наоѓа Божја милост. {ПП 613.1} 

Тогаш Самоил предложил во Гилгал да се повика сиот народ и на Саула јавно да му се потврди царството. Тоа е сторено „и принесоа таму жртви за благодарност пред Господ. И се провеселија таму многу, Саул и сите Израелци”. {ПП 613.2}

Гилгал било место каде што израелскиот народ го подигнал првиот логор во ветената земја. Тука Исус Навин, по Божја наредба, подигнал столб од дванаесет камења за да го овековечи чудесниот премин низ Јордан. Тука било обновено и обрезанието. Тука по гревот во Кадис и по талкањето низ пустината првпат празнувале Пасха. Тука престанала да паѓа мана од небото. Тука се открил Водачот на Господовите војски како врховен заповедник над израелската армија. Од тоа место тргнале кога го освојувале Ерихон и кога го заземале Гај. Тука Ахан е казнет за својот грев, тука е склучен сојуз со Гаваонците кој на Израел му донел казна зашто не го прашале пред тоа Бога за совет. Во таа рамнина која била врзана за многу драги спомени, стоел Самоил со Саула. Кога одушевените извици пред царот стивнале, остарениот пророк го одржал својот проштален говор како водач на народот. {ПП 613.3}

„Ете, јас го послушав вашиот глас во сè што ми рековте, и ви поставив цар,и еве, царот оди пред вас: а јас остарев и побелев… Јас, пак, одев пред вас од мојата рана младост до денес.Па еве ме, сведочете против мене пред Господ, и пред Неговиот помазаник: кому сум зел вол, кому сум зел магаре, кого сум измамил и кого сум потискал, од кого сум зел дар и сум ги затворил очите пред делото негово, јас ќе ви го вратам”. {ПП 614.1}

Народот едногласно одговорил: „Ти не си нè измамувал, ниту си нè измачувал и од никого ништо не си зел”. {ПП 614.2}

Самоил не се трудел да ги оправда своите постапки. Тој уште порано ги објавил начелата кон кои требало да се придржуваат и царот и народот, а сега сакал своите зборови да ги поткрепи и со сопствен пример. Уште од своето рано детство бил поврзан со Божјото дело, а во текот на целиот свој долг живот, пред себе имал само една цел – Божјата слава и благосостојбата на израелскиот народ. {ПП 614.3}

Пред и најмалку да можат да се надеваат на напредок, Израелците морале да бидат наведени да се покаат пред Бога. Поради гревот тие ја загубиле верата во Бога и во неговата мудрост и сила да владее со народот – ја загубиле довербата во неговата способност да го брани своето дело. Пред да најдат вистински мир, морале да го увидат и да го признаат гревот што го сториле. Кога барале цар, изјавиле што бараат: „Ќе ни суди нашиот цар и ќе оди пред нас, и ќе ги води нашите војни”. Самоил им ја повторил историјата на израелскиот народ од денот кога Бог ги извел од Мисир. Пред нив секогаш одел Јехова, Царот над царевите, и ги водел нивните војни. Често поради своите гревови потпаѓале под власт на непријателите, но штом би се одвратиле од своите лоши патишта, Божјата милост им подигала избавители од нивните редови. Господ им ги пратил Гедеона и Варака. „Ефтај и Самоил и ве спаси од рацете на околните непријатели ваши, и вие живеевте во мир”. Па сепак, кога им се заканила опасност од Амонците, „иако”, како што рекол пророкот, „Господ, вашиот Бог, е ваш Цар”, тие изјавиле: „Не, нека има цар над нас”. {ПП 614.4}

Потоа Самоил продолжил: „А сега станете и погледнете го големото дело, што Господ го изврши пред очите ваши:нели е сега пченична жетва? Но јас ќе Го повикам Господа, и Тој ќе испрати гром и дожд, и вие ќе дознаете и ќе видите, колку е големо злото што го направивте пред очите на Господ, барајќи за себе цар.И Самоил Го повика Господа, и Господ испрати гром и дожд во тој ден; и сиот народ многу се исплаши од Господ и од Самоил.И сиот народ му рече на Самоил: „Помоли се за слугите свои пред Господ, твојот Бог, за да не умреме; зашто кон сите гревови наши додадовме уште едно зло, кога баравме за себе цар”. {ПП 615.1}

Но Самоил не дозволил народот да остане обесхрабрен, зашто тоа би ги спречило напорите за подобар живот. Сатаната би ги навел Бога да го сметаат за строг и немилосен судија, па би биле изложени на многубројни искушенија. А Бог е жалослив, проштава и секогаш е подготвен да му укаже милост на својот народ само ако тој го послуша неговиот глас. Затоа Бог му порачал на народот преку пророкот: „Не плашете се, вие го направивте, вистина, тоа зло, но само не отстапувајте од Господ, и служете Му на Господ од сè срце, и не одете по ништожни богови, кои нема да ви донесат корист и нема да ве спасат, бидејќи се бесполезни. А Господ нема да го остави народот Свој”. {ПП 615.2} Самоил не зборувал ништо за своето повлекување кое на некој начин претставувало омаловажување на неговата личност. Тој не изговорил ниту збор на прекор за неблагодарноста со која израелскиот народ му возвратил за неговиот самопрегор во текот на целиот живот. Напротив, ги уверувал за својата постојана грижа за нив: „И јас нема да си дозволам грев пред Господ да престанам да се молам за вас, и ќе ви го покажувам добриот и правиот пат.Само однесувајте се со страхопочит кон Господ и служете Му вистински од сето свое срце, зашто видовте какви големи дела изврши Тој со вас;ако пак правите зло, тогаш и вие и царот ваш ќе загинете”. {ПП 615.3}

Сподели го ова:

Слични објави