58. ПРОРОЧКИ ШКОЛИ
Со образованието на Израелците управувал лично Бог. Неговата грижа не се ограничувала само на областа на религијата; сè што било во врска со нивното духовно и телесно блаженство станувало предмет на грижа на Божјото провидение и било опфатено со закон. {ПП 592.1}
Бог им заповедал на Израелците своите деца да ги поучат на сите негови заповеди и да ги запознаат како Тој постапувал со нивните татковци. Тоа била посебна должност на сите родители – должност што не можела да се префрли врз некој друг. Наместо децата да ги воспитуваат туѓи луѓе, мајката и таткото требало на своите деца да им дадат упатства со срце полно со љубов. Сите настани на секојдневниот живот морале да бидат поврзани со мислите за Бога. Силните Божји дела при избавувањето на неговиот народ и ветувањата за идниот Спасител често требало да се повторуваат во семејниот круг, а употребата на сликите и симболите придонесувала поуките што подобро да се задржат во сеќавањето. Во срцата на младите длабоко биле врежувани вистините за Божјото провидение и за идниот живот. Поучувани се дека Бог треба да се види и во природата и во зборовите на неговото откровение. Ѕвездите на небото, дрвјата и цвеќето во полето, високите планини и потоците што жуберкаат – сето тоа зборувало за Творецот. Свеченото принесување на жртви, богослужението во Светилиштето и зборовите на пророците претставувале Божјо откровение. {ПП 592.2}
Така е воспитуван Мојсеј во скромната куќичка на своите род и тели, така и верната Ана го одгледала Самоила. Така бил воспитуван Давид во својот планински роден крај во Витлеем, така и Даниел, пред да биде оттргнат од домот на своите татковци со паѓањето во ропство. Таква била Христовата младост во Назарет, така е одгледуван и малечкиот Тимотеј, кој вистините на Светото писмо ги примил од усните на својата баба Лоида и мајка Евника (2. Тимотеј 1:5; 3:15). {ПП 592.3}
Грижата за воспитување на младите се гледала и во тоа што биле воспоставени пророчки школи. Во нив се примани момчиња кои сакале подлабоко да ги истражуваат вистините на Божјата реч и кои копнееле за мудрост озгора за да можат да станат учители во Израел. Пророчките школи ги основал Самоил да служат како брана од широко распространетата расипаност, да обезбедуваат морална и духовна благосостојба на младината и идна среќа на нацијата, на тој начин што ќе подига луѓе кои ќе бидат способни во Божји страв да го водат и да го советуваат народот. За таа цел Самоил собрал многу млади луѓе кои биле побожни, умни и желни за наука. Ги викале пророчки синови. Заедницата со Бога и проучувањето на неговата Реч придонесувале кон нивните природни дарби да се придружи и небесна мудрост. Учителите биле луѓе не само добро запознати со Божјата вистина, туку луѓе кои и самите оствариле заедница со Бога и примиле посебен дар од неговиот Дух. Нив народот ги почитувал и им верувал како поради ученоста така и поради нивната побожност. {ПП 593.1}
Во времето на Самоил постоеле две такви школи, една во Рама, во родното место на пророкот, а друга во Киријат-Јарим, каде што во тоа време се наоѓал ковчегот на заветот. Подоцна се основани и други школи. {ПП 593.2}
Сите ученици на тие установи се издржувале со сопствен труд, обработувајќи земја или работејќи некаков занает. Во Израел тоа не се сметало за нешто чудно или понижувачко; напротив, се сметало за злосторство ако децата пораснат а не се упатат во полезни работи. По Божја наредба секое дете морало да научи некој занает, дури и ако било приготвувано за света служба. И многу вероучители се издржувале со рачна работа. Дури и подоцна, во времето на апостолите, Павле и Акила не биле помалку почитувани затоа што заработувале за животот изработувајќи шатори. {ПП 593.3}
Главни предмети што се изучувале во тие школи биле Божјиот закон, со упатствата дадени преку Мојсеја, потоа светата историја, музика и поезија. Начинот на изведување на наставата во тоа вре ме многу се разликувал од наставата во денешните теолошки школи од кои мнозина излегуваат со поскудно познавање на Бога и на верските вистини во споредба со она познавање што го имале пред да стапат во школата. Во школите во тоа време главна цел на проучувањето била да се запознае Божјата волја и должностите на човекот кон Бога. Во извештаите на светата историја можеле да се забележат трагите од чекорите на Јехова. Големите вистини се објаснувани со помош на симболи, а верата помагала да се сфати главниот предмет на целиот систем – Божјото Јагне кое ќе ги земе на себе гревовите на светот. {ПП 593.4}
Особено е негуван дух на молитва. Учениците учеле не само за тоа дека молитвата е должност, туку и како да се молат, како да му се приближат на својот Творец, како да ја одржуваат верата во него и како да ги разберат и да ги послушаат упатствата на неговиот Дух. Со посветен ум од Божјата ризница извлекувале и стари и нови вистини, а Божјиот Дух се откривал во пророштвата и во светите песни. {ПП 594.1}
Музиката требало да ѝ служи на својата цел, да ги издигне мислите на сите кон сè што е чисто, свето и возвишено, да разбуди во душата благодарност кон Бога и да поттикнува побожност. Каква разлика меѓу старите обичаи и она за што денеска музиката толку често се користи! Колку многу има такви кои со тој дар се служат за да се издигнат себеси, наместо да го прославуваат Бога! Љубовта кон музиката ги наведува непромислените да се соединат со љубителите на светот на заедничките забави кои Бог ги забранил за своите деца. Така она што претставува голем благослов, ако правилно се употреби, може да стане успешно средство со кое сатаната се служи да ги одврати мислите од должноста и од вечниот живот. {ПП 594.2}
Музиката е составен дел на Божјата служба на небото и ние мораме да настојуваме во нашите похвални песни колку што е можно повеќе да се приближиме до Хармонијата на небесните Хорови. Правилното вежбање на гласот е мошне важно при воспитувањето и не смее да се занемари. Пеењето, како дел на богослужението, е исто толку важно колку и самата молитва. Срцето мора да го почувствува духот на песната за да може да ѝ даде вистински израз. {ПП 594.3}
Огромна е разликата меѓу школите во кои настава одржувале Божји пророци и нашите денешни просветни установи! Колку малку има школи во кои не се применуваат начелата и обичаите на овој свет! Жално е колку во тие школи недостига исправно зауздување и разумна дисциплина. Непознавањето на Божјата реч во таканаречениот Христијански свет е повеќе отколку загрижувачко. Местото на наставата за моралот и верата го заземаат површни разговори и вистинска сентименталност. Денеска во срцата на младите не се врежува мислата за Божјата правда и милосрдие, за убавината на светоста, за сигурната награда за правдата, за гнасниот карактер на гревот и за неговите неминовни страшни последици. Лошото друштво ја води младината кон злосторство, распуштеност и изопаченост. {ПП 594.4}
Зар во школите на старите Евреи нема многу нешта што и денешните воспитувачи со успех би можеле да ги применуваат? Оној што го создал човекот се погрижил за развојот на неговото тело, дух и душа. Оттаму, вистинскиот успех при воспитувањето зависи од тоа дали луѓето верно ќе го исполнуваат планот на својот Творец. {ПП 595.1}
Вистинска цел на воспитувањето е во човековата душа да се обнови Божјиот лик. Во почетокот Бог го создал човекот според својот лик. Го надарил со благородни особини. Разумот му бил урамнотежен и сите сили на неговото суштество биле Хармонично развиени. Но, паѓањето во грев и последиците на гревот ги изопачиле тие дарови. Гревот го извалкал Божјиот лик во човекот и речиси наполно го уништил. А за повторно да се воспостави тој лик, направен е план на спасение и на човекот му е подарено време на милост. Човекот повторно да се врати на оној степен на совршенство на кој се наоѓал при создавањето, тоа е големата цел на животот – цел што се наоѓа во основата на сите други цели. Должност на родителите и учителите е при воспитувањето на младите да соработуваат со Бога исполнувајќи ги неговите намери; ако постапуваат така, тогаш тие се „соработници на Бога” (1. Коринтјаните 3:9). {ПП 595.2}
Сите различни способности на телото, духот и душата што ги добил човекот од Бога, треба да се искористат на начин на кој ќе се постигне највисок степен на совршенство. Меѓутоа, себичното и еднострано образование не може да претставува совршенство; зашто Божјиот карактер, чијшто лик сакаме да го усвоиме, е добрина и љубов. Секоја способност и секоја особина со која нè надарил Творецот треба да се употребат за прославување на Бога и за издигнување на нашите ближни. А во таквата работа ќе најдеме најчиста и најблагородна радост и среќа. {ПП 595.3}
Кога на тоа начело би му се посветило поголемо внимание, какво што заслужува според својата важност, тогаш во сите начела на воспитувањето би настанала коренита промена. Наместо да поттикнуваат горделивост, себична амбиција и натпреварувачки дух, учителите би се труделе да разбудат љубов кон доброто, кон вистината и внатрешната убавина – би се труделе да создадат копнеж кон совршенство. Тогаш ученикот би се стремел кај себе да ги развие Божјите дарови не со цел да ги надмине другите, туку да ги исполни намерите на Творецот и да стане сличен со него. {ПП 595.4}
„Почеток на мудроста е верноста кон Господ, а почитувањето на Светиот е разум” (Изреки 9:10). Големиот животен закон се состои од изградување на карактерот, а сознанието за Бога е основа на секое вистинско воспитување. Цел на учителот треба да биде да го пренесе тоа сознание врз ученикот и да помогне со него да се сообрази и карактерот. Божјиот закон е отсјај на неговиот карактер. Затоа псалмистот и кажува: „Сите Твои заповеди се праведни” и „преку твоите заповеди станав разумен” (Псалм 119:172,104). Бог ни се открил во својата Реч и во делата на создавањето. Знаење за Бога треба да стекнеме од вдахновената Книга а и од книгата на природата. {ПП 596.1}
Нашиот дух е подложен на одреден закон според кој тој постепено се прилагодува на оние работи на кои обично се задржува. Ако се занимаваме само со обични работи, тогаш духот ни се спечува и слабее. Ако никогаш не се фати во костец со потешки проблеми, по извесно време ќе ја загуби моќта да се развива. Библијата поседува воспитна сила која нема споредба. Во Божјата реч духот може да најде предмети за најдлабоки размислувања и за остварување на највозвишени стремежи. Библијата е најсигурна историја за која луѓето знаат. Таа непосредно извира од изворот на вечната вистина, а Божјата рака ја сочувала нејзината чистота во текот на вековите. Таа го осветлува далечното минато низ кое напразно сака да проникне човечкото око. Во Божјата реч наидуваме на силата што ги поставила темелите на земјата и го распрострела небото. Само тука можеме да го најдеме родословието на нашиот род неизвалкано со човечки предрасуди и гордост. Во неа се зборува за војните, победите и поразите на најголемите луѓе за кои светот кога и да е знаел. Тука се откриваат големите проблеми на должноста и на нашата судбина. Отстранета е завесата меѓу видливиот и невидливиот свет, па можеме да ја видиме борбата на спротивните сили на доброто и злото од самиот почеток кога се појавил гревот па сè до конечниот триумф на правдата и вистината; а сето тоа е само откривање на Божјиот карактер. Ако со страхопочит ги проучува вистините што се наоѓаат во неговата Реч, духот на ученикот се поврзува со духот на Оној кој нема ниту почеток ниту крај. Таквото проучување не само што ќе го усоврши и ќе го облагороди карактерот, туку и ќе ги развие и ќе ги зајакне духовните сили. {ПП 596.2}
Учењето на Библијата има животворно влијание врз човековата среќа во сите животни околности. Тоа ги открива начелата што се темелен камен на народната благосостојба – начелата што се поврзани со успешното напредување на општеството, што се заштита на секое семејство – начела без кои ниту еден човек не може да си обезбеди себеси во овој живот среќа, чест и полезност, ниту може да се надева на идниот вечен живот. Нема положба во животот, нема таква фаза во човечкото искуство за која библиското учење не би било најсуштествена подготовка. Кога Божјата реч би се проучувала и би се слушала, тогаш во светот би имало повеќе луѓе со силен ум отколку што би се постигнало тоа со најтемелно проучување на човечката филозофија. Божјата реч би создала луѓе со цврст карактер, со остроумно сфаќање и со здраво расудување – луѓе кои би биле на чест на Бога и благослов на светот. {ПП 599.1}
Божјата реч би создала луѓе со цврст карактер, со остроумно сфаќање и со здраво расудување луѓе кои би го величеле Бога и на светот би му служеле на благослов. Сознание за Творецот треба да се стекнува и со изучување на науките. Секоја вистинска наука всушност е толкување на Божјиот ракопис во материјалниот свет. Науката со своите истражувања донесува уште повеќе докази за Божјата мудрост и моќ . И пишаната Реч и книгата на природата, ако правилно се сфатат, нè запознаваат со Бога, откривајќи ни некои од законите преку кои Тој дејствува. {ПП 599.2}
Ученикот треба да научи да го види Бога во сè што е создадено. Учителите мора да го следат примерот на големиот Учител кој од најпознатите појави во природата извлекувал поуки и својата наука ја приспособил така за да може длабоко да проникне во срцата на неговите слушатели. Нему сè му служело како средство за поучување – и црцорењето на птиците во сенката на гранките, и цвеќето во полето, и високите стебла, и плодната земја, и бујното жито, и неплодната пустина, и сонцето на залез, позлатувајќи го небото со своите зраци. Тој видливите дела на рацете на Творецот ги поврзувал со зборовите на животот што ги зборувал, и неговите слушатели, секогаш кога ќе ги видат тие предмети, своите мисли ги насочуваат кон поуките за вистината кои Тој ги поврзувал со нив. {ПП 599.3}
Печатот на Божеството што се гледа на страниците на откровението, се забележува и на високите планини, во плодните котлини и во широкиот и длабок океан. Сè во природата му зборува на човекот за љубовта на неговиот Творец. Тој нè поврзал со себе со безбројни знаци на небото и на земјата. Овој свет не е само болка и јад. „Бог е љубов” – е напишано на секоја пупка, на секој лист и тревка. Иако проклетството на гревот сторило земјата да раѓа трње и плевел, и плевелот има цвет и трнот носи ружа. Сè во природата сведочи за нежноста и татковската грижа на нашиот Бог и за неговата желба да ги усреќи своите деца. Кога заповеда или забранува, Тој тоа не го прави само за да го истакне својот авторитет, туку секогаш ја има предвид благосостојбата на своите деца. Тој никогаш од нив не бара да напуштат нешто што би можело да им биде од голема полза. {ПП 599.4}
Мислењето што преовладува во многу општествени слоеви – дека верата не придонесува за здравјето и среќата во овој живот, е едно од најжалните заблуди. Светото писмо кажува: „Стравот Господов води кон живот, и кој го има, секогаш ќе биде задоволен, и зло нема да го снајде” (Изреки 19:23). „Сака ли човек да живее и да види добри денови,нека си го воздржува јазикот од зло и устата своја од лаги,нека се клони од зло и нека прави добро; да бара мир и да врви по него” (Псалм 34:12-14). Зборовите на мудроста се „живот за оној што ги нашол, и здравје за целото тело негово” (Изреки 4:22). {ПП 600.1}
Вистинската вера му помага на човекот да се сообрази со Божјите природни, морални и духовни закони. Таа учи на самосовладување, на ведрина, на умереност. Верата ја облагородува душата, го усовршува вкусот и го посветува разумот. Верата во Божјата љубов и провидение што владее над сè што е создадено го олеснува товарот на грижите и патилата. Таа го исполнува срцето со радост и со задоволство како на човекот кој живее во најповолни околности, така и на оној во најскромни. Верата непосредно влијае врз подобрувањето на здравјето и врз должината на животот и го зголемува нашето уживање во сите негови благослови. Таа на душата ѝ отвора непресушен извор на среќа. О кога сите што не го избрале Христа би сфатиле дека она што им го нуди Тој е далеку подобро од она за што копнеат! Најголема неправда и штета човекот ѝ нанесува на својата душа ако во мислите и со делата му се противи на Бога. Вистинска радост никогаш не може да се најде на патеката што ја забранил Оној кој знае што е најдобро и кој се грижи за благосостојбата на сите созданија. Патот на престапот води во беда и пропаст, но патиштата на мудроста се „пријатни патишта, и сите патеки нејзини се спокојни” (Изреки 3:17). {ПП 600.2}
Физичкото воспитување, применувано во тие еврејски школи може, исто како и верското, и денеска да биде од полза. За жал, вредноста на тоа воспитување малку се цени. Меѓу душата и телото постои тесна врска и, за да постигнеме големо морално и духовно совршенство, мораме да ги почитуваме и законите кои управуваат со физичкото битие. За да се изгради силен и хармоничен карактер, мора да се вежбаат и да се развиваат како духовните така и физичките сили. Зар за младите може да има нешто поважно од проучувањето на нашиот чудесен организам што ни го дал Бог и на законите кои ни помагаат да го одржиме во добро здравје? {ПП 601.1}
Денеска, како и во времето на стариот Израел, секој младич треба да биде поучен на должностите на практичниот живот. Секој би требало да научи некаков занает со кој, во случај на неволја, би можел себеси да си ги обезбеди животните потреби. Ова е важно не само како заштита од животните тешкотии, туку и поради влијанието што ја има работата врз физичкиот, духовниот и моралниот развој. Дури и кога би постоела извесност дека некому никогаш нема да му биде потребно да се издржува со рачна работа, сепак треба да научи да работи. Без физичка работа никој не може да има силна телесна конструкција и добро здравје, а секакво настојување човекот редовно да се занимава со некоја работа е исто толку важно за стекнување на силен, жив дух и благороден карактер. {ПП 601.2}
Секој што учи треба еден дел од денот да посвети на телесна работа. Така младите ќе навикнат да бидат вредни и ќе стекнат самоувереност, а во исто време ќе бидат сочувани од многу понижувачки навики што човекот обично ги стекнува со безделничењето. А сето тоа е во сообразност со првобитната цел на воспитувањето; со тоа што поттикнуваме кон трудољубивост, марливост и чистота, стапуваме во Хармонија со нашиот Творец. {ПП 601.3}
Младите нека сфатат зошто се создадени – да го слават Бога и да им служат на своите ближни на благослов. Нека ја почувствуваат нежната љубов што ја негува кон нив небесниот Отец и нека го сфатат возвишениот позив за кој ги приготвува школата на овој живот, достоинството и честа што ќе станат Божји деца – и илјадници со презир и гнасење ќе ги напуштат ниските и себични стремежи и суетните уживања со кои се занесувале до тогаш. Тие ќе научат да го мразат гревот и истиот да го заобиколуваат не само заради награда или од страв од казна, туку затоа што се свесни за самата нискост на гревот – затоа што гревот им ги уништува од Бога дадените сили и го валка Божјиот лик во човекот. {ПП 601.4} Бог не им забранува на младите секој стремеж. Не е Божја намера да ги искорени оние особини на карактерот кои на човекот му прават чест во негово друштво, а тоа се неодоливиот стремеж кон поголемо добро, цврстата волја, ревносниот труд и неуморната истрајност. Со Божја милост тие особини треба да бидат насочени кон предметите што се толку повозвишени од себичните и привремени интереси, колку што е небото повисоко од земјата. А воспитувањето, почнато во овој живот, ќе продолжи и во идниот. Од ден на ден пред човекот во нова убавина ќе се откриваат прекрасните Божји дела, доказите на неговата мудрост и моќта што се забележува во создавањето и во одржувањето на вселената, недосегливата тајна на мудроста и љубовта во планот на спасението. „Но, како што е напишано: „Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат” (1. Коринтјаните 2:9). Уште во овој живот можеме да го насетиме и неговото присуство и да ја вкусиме радоста што ја носи заедницата со Небото. Меѓутоа, полнина на радоста на благословите може да се постигне дури во оној подобар живот. Само вечноста може да ја открие славата што може да ја добие човекот кај кого повторно е обновен Божјиот лик. {ПП 602.1}