56. ИЛИЈА И НЕГОВИТЕ СИНОВИ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на 1. Самоилова 2:12-36

Илија бил израелски свештеник и судија. Заземал највисоки и најодговорни положби во Божјиот народ. Како Божји избраник за извршување на најсвети свештенички должности и како најголем судски авторитет во земјата, од народот е сметан за човек што треба да биде пример и имал големо влијание врз израелските племиња. Меѓутоа, тој, кој бил одреден да владее со народот, не можел да управува со сопственото семејство. Илија бил попустлив татко. Бидејќи сакал мир и угодност, не го користел својот авторитет да ги исправа лошите навики и страсти на своите синови. Наместо да им се противставува и да ги казнува, тој се повлекувал пред нивните желби и им дозволувал да одат по свои патишта. Наместо воспитувањето на своите синови да го смета за најважна должност, тој таа задача ја занемарил. На израелскиот свештеник и судија сосема јасно му била предочена должноста со родителскиот авторитет да господари и да ги зауздува децата што му ги подарил Бог. Но Илија се повлекол пред таа должност, зашто таа од него барала да ѝ се противставува на волјата на своите синови, да ги казнува и да им скусува по нешто. Не проценувајќи  ги страшните последици што мора да настанат поради таквото негово постапување, дозволувал децата да му прават што сакаат и ја занемарил својата обврска да ги оспособи за служба на Бога и за животните должности. {ПП 575.1}

Бог за Аврама рекол: „Затоа што го избрав за да им заповеда на синовите свои, и на домот свој по себе, да одат по патот Господов и да извршуваат правда и суд” (Создавање 18:19). Илија пак дозволувал децата да му господарат. Таткото им бил потчинет на децата. Проклетството поради престапот на законот јасно се покажало во расипаноста и злото со кои било обележано однесувањето на неговите синови. Тие немале вистинско сфаќање за Божјиот карактер или за светоста на неговиот закон. Службата на татко им за нив била обична работа. Уште од малечки нозе навикнале на Светилиштето и на богослужението. Но, наместо да негуваат сè поголема страхопочит, тие загубиле секакво чувство за светоста на службата и за нејзиното значење. Таткото не ги укорувал поради недостигот на почит кон неговиот авторитет, ниту ги опоменувал поради омаловажувањето на свечената служба во Светилиштето; а кога станале зрели луѓе, биле полни со смртоносни плодови на неверство и бунт. {ПП 575.2}

Иако целосно несоодветни за служба, сепак биле поставени во Светилиштето како свештеници да служат пред Бога. Во врска со принесувањето на жртвите, Бог дал мошне исцрпни одредби; но овие безбожни луѓе покажувале презир кон авторитетот дури и при богослужението и не воделе сметка за законот односно за жртвата што требало да ја принесат на исклучително свечен начин. Жртвите кои симболично укажувале на Христовата жртва, имале за цел во срцето на народот да ја сочуваат верата во идниот Спасител. Оттаму било мошне важно најсовесно да се исполнуваат Божјите упатства во врска со принесувањето на жртвата. Жртвите благодарници посебно претставувале израз на благодарност кон Бога. При принесувањето на тие жртви само лојот се спалувал на жртвеникот; еден посебно одреден дел е задржуван за свештеници те, додека поголемиот дел му се враќал на оној што ја принесувал жртвата да го изеде со своите пријатели на свечениот празничен ручек. На тој начин срцата на сите присутни со благодарност и вера биле упатувани кон големата Жртва што ќе ги земе на себе гревовите на светот. {ПП 576.1}

Синовите на Илија, наместо да го почитуваат свечениот карактер на оваа симболична служба, се труделе да ја искористат единствено да ја задоволат својата дрчност. Не биле задоволни со оној дел од жртвата благодарница што им припаѓал ним, туку барале и додатен дел; така при годишните свечености, кога се принесувани вакви жртви во голем број, им се давала можност да се збогатат на сметка на народот. И не само што барале за себе повеќе отколку што им припаѓало, туку и лојот што требало да изгори како жртва на Бога прерано го симнувале од жртвеникот. Упорно барале да им се даде токму оној дел што им се допаѓал, заканувајќи се дека ќе го земат со сила ако некој им се противстави. {ПП 576.2}

Таквата дрскост од страна на свештениците му го одземала на богослужението неговото свето и свечено значење и „луѓето ја презираа жртвата што Му беше принесувана на Господа”. Големата Христова жртва на која укажувале овие жртви не била веќе ценета. „И гревот на тие млади луѓе беше многу голем пред Господ”. {ПП 576.3}

Тие неверни свештеници го газеле Божјиот закон и го обесчестувале светото звање со своето грешно и понижувачко однесување, а сепак и понатаму останувале во Светилиштето валкајќи  го. Поради безбожното постапување на Офнија и Финеса, многу луѓе од народот се отуѓиле од местото каде што се вршело богослужението. Така е занемарена и презрена службата што ја пропишал Бог, зашто била поврзана со гревовите на овие безбожни луѓе. А оние, чиишто срца биле наклонети кон зло, се осмелиле уште повеќе да грешат. Безбоштвото, расипаноста, па дури и идолопоклонството, зеле страшен замав. {ПП 576.4}

Илија направил голема грешка што им дозволил на своите синови да вршат служба во Светилиштето. Оправдувајќи го нивното однесување на овој или оној начин, станал слеп за нивните гревови. Но најпосле, кога преминале секоја граница, тој не можел веќе да ги затвора очите пред расипаноста на своите синови. Народот се жалел против нивното насилство и првосвештеникот бил столчен и загрижен. Не се осмелувал и понатаму да молчи. Меѓутоа, неговите синови биле воспитувани да мислат само на себе и не се осврнувале на никого. Тие ја забележувале жалоста на татка си, но таа не го допрела нивното срце. Ги слушале неговите благи прекори, но тоа воопшто не влијаело врз нив ниту пак биле подготвени да го изменат своето лошо однесување, иако им било обрнато внимание на последиците што може да ги донесе нивниот грев. Кога Илија би постапил праведно во однос на своите лоши синови, тие би биле сменети од свештеничка должност и казнети со смрт. Но, плашејќи се да не им нанесе јавно срам и да ги осуди, ги поднесувал во најсветите и најдоверливи должности. И понатаму им дозволувал својата расипаност да ја внесуваат во светото богослужение и на Божјото дело да му нанесуваат срам што многу години не ќе можат да го исправат. Меѓутоа, бидејќи  судијата на Израелците ја занемарил својата должност, Бог ја зел работата во свои раце. {ПП 577.1}

„И дојде еден Божји човек кај Илија и му рече: Вака вели Господ: Нели им се открив на твоите предци, кога тие уште беа робови во Египет, во домот на фараонот?И меѓу сите племиња Израелови нели ги избрав нив за свештеници, за да пристапуваат пред Мојот жртвеник, да кадат темјан, да носат ефод пред Мене? Нели му доверив Јас на татковиот ти дом еден дел од жртвите палени за Мене од синовите Израелови?А ти зошто ги презре палените жртви Мои и гледаш со ненаситно око на Моите приноси, кои ги одредив да се принесуваат пред Мене? И зошто ги претпочиташ синовите свои повеќе од Мене, гоејќи ги со најдобрите делови од сите приноси од Мојот народ Израел?Затоа Господ Бог Израелов вели вака: Јас бев рекол тогаш – домот твој и домот на татко ти ќе одат пред лицето Мое засекогаш, но сега Господ вели – Скраја да е од Мене, зашто Јас ќе ги прославам оние, кои Мене Ме прославуваат, а оние што Ме презираат ќе бидат презрени… И ќе Си поставам верен свештеник. Тој ќе постапува по срцето Мое и според душата Моја, и неговиот дом ќе го направам цврст, и тој ќе оди пред Мојот помазаник засекогаш”. {ПП 577.2}

Бог го обвинил Илија дека повеќе  ги пази своите синови отколку него и неговата служба. Тој побргу дозволил жртвата што им ја наменил Бог на Израелците како благослов да стане нешто што ги одбива луѓето, отколку на своите синови да им нанесе срам казнувајќи ги нивните безбожни и грди постапки. Сите кои во својата слепа љубов, заведени од своите наклоности, им дозволуваат на децата да ги задоволуваат своите себични желби и не го истакнуваат Божјиот авторитет за да го укорат гревот и да го исправат злото, покажуваат дека повеќе ги ценат своите безбожни деца отколку Бога. За нив е поважно да им угодуваат на своите деца отколку на Бога, поважно отколку неговата служба да ја сочуваат од секоја дамка на злото. {ПП 578.1}

Илија како свештеник и судија во Израел бил пред Бога одговорен за моралот и верата кај народот, а особено за карактерот на своите синови. Тој морал прво да се обиде со благи мерки да го заузди злото, а во случај тоа да не помогне, злото требало да го совлада со најстроги средства. Меѓутоа, тој на себе навлекол Божјо незадоволство со тоа што не го осудувал гревот ниту ги казнувал грешниците. Тој не можел Израелците да ги сочува чисти. Оние што немаат доволно храброст да ја осудат неправдата или кои поради својата рамнодушност и недостиг од интерес не вложуваат сериозни напори да го очистат семејството или Божјата црква, ќе  бидат одговорни за сите зла што можат да произлезат од нивното занемарување на должностите. Ние сме одговорни за злото што сме можеле да го спречиме со родителскиот или со свештеничкиот авторитет исто толку како самите да сме го сториле. {ПП 578.2}

Илија не управувал со своето семејство според начелата што ги пропишал Бог. Тој работел по своја замисла. Нежниот татко пропуштал недостатоците и грешките на своите синови да ги исправа во нивното детство, мислејќи дека со текот на времето нивните лоши склоности ќе се загубат сами од себе. И денеска многу родители прават иста грешка. Тие мислат дека знаат подобар начин за воспитување на децата од начинот што го пропишал Бог во својата Реч. Тие поттикнуваат лоши склоности кај нив, правдајќи го тоа со зборовите: „Децата сѐ уште  премногу малечки за казната да ја сфатат правилно. Треба да се почека додека да станат разумни па работата убаво да им се објасни”. Така на лошите навики им се дозволува да се засилуваат и тие стануваат друга природа. Така децата растат незауздани и неослободени од карактерните недостатоци кои во текот на целиот живот ќе им служат на проклетство, а кои лесно ќе преминуваат и врз другите. {ПП 578.3}

Нема поголемо проклетство за едно семејство отколку на децата да им се пушта на волја. Ако родителите исполнуваат секоја желба на своите деца и им дозволуваат да прават нешто што знаат дека нема да им служи на добро, децата бргу губат секоја почит кон родителите, не го уважуваат ниту Божјиот ниту човечкиот авторитет, и „сатаната живи ги лови, ставајќи ги под своја власт”. Влијанието на несреденото семејство е огромно и погубно за целото општество. Од него настанува вистинска поплава на зло што ги погаѓа семејствата, црквите и државата. {ПП 579.1}

Влијанието на Илија било многу подалекусежно поради положба та што ја заземал, отколку што би било кога тој би бил обичен човек. Неговиот семеен живот им служел за пример на сите Израелци. Штетните последици на неговото лекомислено постапување и љубовта за угодност се покажале во илјадници други семејства што го следеле неговиот пример. Ако на децата им се дозволува да одат по лош пат, иако родителите тврдат дека веруваат, Божјата вистина се срамоти. Најдобар доказ за вистинското Христијанство во едно семејство е оној вид карактер што произлегува од тоа Христијанство. Делата зборуваат појасно отколку најсовршеното исповедање на верата. Оние што ја исповедаат верата ако не се сериозни и истрајни во своите напори да остварат добро среден семеен живот што би бил најсилен доказ во прилог на верата во Бога, туку се попустливи кон лошите желби на своите деца, тогаш постапуваат исто како и Илија – го срамат Христовото дело и навлекуваат пропаст на себе и на своето семејство. Меѓутоа, колку и да е големо злото предизвикано со неверната служба на родителите во кое било семејство, тоа е уште десет пати поголемо ако се забележува во семејството што е одредено да му биде учител на народот. Ако тие родители не го совладуваат злото во својот дом, со својот лош пример заведуваат и многу други семејства. Големината на нивната кривица е сообразна со големината на одговорноста и положбата што ја заземаат како водачи на народот. {ПП 579.2}

На Ароновиот дом му било ветено дека вечно ќе оди пред Бога. Но тоа ветување е дадено под услов Ароновите потомци да се посветат со сето срце на службата во Светилиштето, со своите дела да го величаат Бога, а не да си служат себеси и да ги следат своите изопачени наклоности. Илија и неговите синови биле проверувани и Бог утврдил дека не се достојни за возвишената положба на свештеници во неговата служба. Бог рекол: „Нема да биде така”. Тој не можел да го исполни ветувањето што им го дал, зашто тие пропуштиле да ја исполнат должност што им била доверена. {ПП 579.3}

Примерот на оние што се во света служба треба да биде таков на луѓето да им влева почит кон Бога и страв пред помислата дека можат да го навредат. Луѓето што стојат како „Христови пратеници” (2. Коринтјаните 5:20) треба да му ја објават на народот Божјата вест на милоста и помирувањето, ако го користат својот свет позив како параван да ги задоволат своите себични или неморални желби, стануваат најуспешно орудие на сатаната. Како Офние и Финес, и тие придонесуваат луѓето да „ја презираа жртвата што Му беше принесувана на Господа”. Извесно време тие можат да одат по својот лош пат тајно, но најпосле, кога ќе се покаже нивниот вистински карактер, луѓето се соблазнуваат и често губат доверба во религијата. Во нивната душа се јавува презир кон сите што тврдат дека ја проповедаат Божјата реч. Веста на вистинскиот Христов слуга се прима со сомневање и постојано се слуша прашањето: „Дали можеби и овој човек ќе биде ист како оној што го сметавме толку свет, а беше толку зол?” На тој начин Божјата реч ја губи моќта на влијанието врз душата на човекот. {ПП 580.1} Илија ги укорувал своите синови и со зборови полни со сериозност и со страшно значење. Тие зборови треба добро да ги проучат сите што учествуваат во светата служба: „Ако човек згреши против човек, ќе му суди судија, но ако човек згреши против Господа, кој ќе  биде тој што ќе моли за него?” Кога нивните престапи би им штетеле само на луѓето околу нив, судијата можел да одреди казна и да ја исправи работата со тоа што би барал надомест за штетата, па на тој начин на грешникот би можело да му се прости. Или кога би се огрешиле ненамерно, за нив можела да се принесе жртва за грев. Меѓутоа, нивните гревови како свештеници во службата на Севишниот во толкава мера го сквернавеле и го обесчестувале Божјото дело пред народот, што за нив немало веќе проштавање. Нивниот роден татко, иако првосвештеник, не се осмелувал да се заземе за нив. Тој не можел да ги штити пред гневот на светиот Бог. Од сите грешници најмногу се виновни оние што го презираат средството што го предвидело Небото за спасение на човекот „кога повторно во себеси Го распнуваат Синот Божји и Го хулат” (Евреите 6:6). {ПП 580.2}

Сподели го ова:

Слични објави