53. ПРВИТЕ СУДИИ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Книгата за судиите 6- и 10 глава

Сместувајќи се во Ханан, племињата не вложиле енергични напори целосно да ја освојат земјата. Тие бргу се задоволиле со задобиените области, попуштиле во својата ревност и престанале да војуваат. „Кога Израел стана силен, им наметна данок на Хананците, но не ги избрка” (Судии 1:28). {ПП 543.1}

Господ од своја страна верно ги исполнил ветувањата дадени на Израел; Исус Навин ја совладал моќта  на Хананците и ветената земја им ја поделил на израелските племиња. Потпирајќи се врз сигурната Божја поддршка, тие требало само да го надополнат делото, преостанатите староседелци да ги истераат од земјата. Но пропуштиле да го сторат тоа. Впуштајќи се во сојуз со Хананците, тие ја прекршиле изричната Божја заповед и така не го исполниле основниот услов под кој хананската земја им била ветена. {ПП 543.2}

Уште во првите соопштенија што им ги дал Бог на Синај, биле предупредени да се пазат од идолопоклонството. Непосредно по објавувањето на законот, преку Мојсеја им била упатена порака во врска со народите во Ханан: „Немој да им се поклонуваш на боговите нивни, ни да им служиш, ниту да правиш што тие прават, туку скрши ги и спомениците нивни уништи ги.Служете Му на Господ, вашиот Бог, и Тој ќе го благослови лебот твој, и водата твоја; и ќе те чувам од секаква болест” (Излез 23:24,25). Им било дадено сигурно ветување дека сам Бог, сѐ додека тие ќе му бидат послушни нему, ќе ги покорува нивните непријатели. „И ќе го пуштам ужасот Мој пред тебе, и ќе го уплашам секој народ, на кој ќе наидеш, и ќе ги свртам кон тебе грбовите на сите непријатели твои.Ќе пратам пред тебе и стршени, и ќе ги изгонат Аморејците, Евејците, Јевусијците, Хананците и Хитијците.Нема да ги истерам пред тебе за една година, за да не се запусти земјата и ѕверовите полски да не се размножат против тебе.Малку по малку ќе ги изгонувам пред тебе, додека не се намножиш и не завладееш со земјата… и ќе ви ги предадам во рацете оние, кои живеат во таа земја, и ќе ги истераш пред тебе.Не мешај се со нив, и со боговите нивни да не сврзуваш завет.Да не останат во земјата твоја, за да не те наведат на грев против Мене; зашто, ако им служиш на боговите нивни, тоа ќе биде за тебе стапица” (Излез 23:27-33), Овие упатства Мојсеј свечено ги повторил пред својата смрт, а истото го сторил и Исус Навин. {ПП 543.3}

Бог го поставил својот народ во Ханан како еден силен бедем да го задржува поројот на моралните зла да не го преплават светот. Кога Израелците би му останале верни на Бога, според Божјата намера тие би напредувале од победа во победа. Тој би им ги предал во раце народите поголеми и посилни отколку што биле Хананците. Ветувањето гласело: „Зашто, ако ги пазите сите тие заповеди, што ви ги кажувам и ги исполнувате, ако Го сакате Господа, вашиот Бог, ако одите по сите Негови патишта и се приврзете кон Него,тогаш Господ ќе ги изгони сите тие народи од пред вас, и вие ќе владеете со народи, што се поголеми и посилни од вас;секое место, на кое ќе стапи ногата ваша, ќе биде ваше: вашите предели ќе бидат од пустината и Ливан, и од реката Еуфрат, дури до морето, кое е на запад.Никој нема да ви се противстави вам: Господ, вашиот Бог, ќе испрати страв и трепет пред вас врз секоја земја, на која ќе стапнете, како што ви говореше Тој” (Второзаконие 11:22-25). {ПП 544.1}

Но, занемарувајќи  ја високата цел што им била наменета, тие удобно се сместиле и потонале во уживања. Ја пропуштиле приликата да го надополнат освојувањето на земјата и затоа во текот на многу поколенија биле притиснувани и угнетувани од остатокот на овие идолопоклонички народи кои, како што кажал пророкот однапред, „ќе бидат трн во очите ваши и бодила во слабините ваши” (Броеви 33:55). {ПП 544.2}

Израелците се „смешаа со незнабошците и свикнаа на нивните дела” (Псалм 106:35). Склучувале брачни врски со Хананците и се измешале со нив, па идолопоклонството се раширило низ земјата како некаква чума. „Им служеа за нивните идоли, кои им станаа замка,и ги жртвуваа синовите свои и ќерките свои на злите духови… земјата се извалка од таа крв… Се разгоре гневот на Господ против Неговиот народ, и Му омрзна наследството Негово” (Псалм 106:36-40). {ПП 544.3}  

Додека уште било живо поколението што го упатувал Исус Навин, идолопоклонството не земало толкав замав, но родителите го приготвиле патот за отпад на своите деца. Со непочитување на Божјите ограничувања од страна на оние што влегле во хананската земја, посеано е семе на зло што продолжило да им носи горчливи плодови на многу поколенија. На Евреите нивните едноставни животни навики им осигурувале благодат на телесно здравје; но, дружејќи се со незнабошците, биле наведени да му попуштаат на апетитот и страстите, што постепено ја намалувало нивната телесна сила и им ги слабеело духовните и моралните сили. Израелците поради своите гревови биле одвоени од Бога. Биле лишени од неговата сила и не биле веќе надмоќ ни над своите непријатели. Така најпосле биле покорени токму од оние народи што тие со Божја помош можеле да ги покорат. {ПП 544.4}  

„Го оставија Господа, Бог на татковците нивни, Кој ги беше извел од земјата египетска”. „Тогаш го поведе Својот народ како овци, и ги водеше како стадо преку пустината”. „Го разгневуваа на ридовите свои и со своите идоли Го раздразнуваа”. Затоа Господ „ја отфрли скинијата во Силом, во која се всели Тој меѓу луѓето;и ја предаде во ропство нивната крепост и убавината нивна во рацете на непријателот” (Судии 2:12; Псалм 78:52,58,60,61). Сепак, Тој никогаш не се откажал наполно од својот народ. Секогаш постоел еден мал остаток – оние што му останале верни на Бога; и Господ од време на време подигал верни и храбри луѓе да го уриваат идолопоклонството и да го ослободуваат Израел од неговите непријатели. Но, кога ослободителот би умрел и кога народот би се ослободил од неговиот авторитет, тој постепено пак се враќал во идолопоклонство. И така постојано се повторувала историјата на застранување и казнување, а потоа каење и ослободување. {ПП 545.1}

Месопотамискиот и моавскиот цар, а потоа Филистејците и Хананците од Асор, под водство на Сисера, едноподруго го угнетувале израелскиот народ. Господ ги подигнал Готониила, Аода, Самегара, Девора и Варака да го ослободат својот народ. Но пак „синовите Израелови грешеа пред Господа, па ги даде во рацете на Мидјаните”. И до тогаш раката на овој угнетувач не толку тешко ги притискала израелските племиња што живееле источно од Јордан. Но во неволјата што наишла сега, тие требало тешко да страдаат. {ПП 545.2}

Амалиците сè уште се наоѓале во јужниот дел на Ханан, а Мидјаните на источната граница; и во пустината од другата страна на источната граница сè уште биле непомирливите непријатели на Израел. Уште во времето кога Мојсеј бил жив, Израелците речиси наполно ги уништиле Мидјаните. Меѓутоа, од тогаш тие силно се намножиле и се засилиле. Копнееле за одмазда, па сега, кога Израелците ја загубиле Божјата заштита, им се дала можност да се одмаздат. Од нивните ограбувачки походи страдале не само племињата источно од Јордан, туку и сета земја. Дивите и груби пустински племиња навлегуваа „како скакулци” (Судии 6:5) во Израеловата земја заедно со своите стада крупен и ситен добиток. Се ширеле од Јордан до филистејската долина како опасна чума. Наидувале штом жетвата почнувала да пристигнува и останувале додека не би биле собрани и последните земни плодови. Ги пустеле, ограбувале и малтретирале жителите, а потоа повторно се враќа ле во пустината. Поради тоа Израелците, кои живееле во внатрешноста на земјата, биле присилени да ги напуштаат своите домови и да бегаат во градовите што биле опашани со ѕидови, барајќи  заштита во тврдините, па дури и во планинските пештери, скриени меѓу карпите. Тоа угнетување траело седум години, а кога луѓето во својата мака повторно си спомнале за Божјите опомени и ги признале своите гревови, Бог повторно им подигнал избавител. {ПП 545.3}

Гедеон бил син на Јоаса од племето на Манасија. Дел од племето на кое му припаѓало ова семејство немало водечка улога. Меѓутоа, семејството на Јоаса се одликувало со храброст и чесност. За неговите храбри синови било кажано: „Секој беше како царски син” (Судии 8:18). Сите до еден загинале во борбата против Мидјаните, а неговото име им влевало страв на завојувачите. На Гедеона му бил упатен Божји повик да го ослободи својот народ. Во тој миг бил зафатен со вршење на својата пченица. Било скриено малку жито, и бидејќи не се осмелувал таа работа да ја врши на обично гумно, се повлекол на едно место близу до гмечалото за гмечење грозје; бидејќи гроздоберот бил уште доста далеку, лозјата не привлекувале ничие внимание. Работејќи така во тајност и мир, Гедеон бил жалосен поради постоечката состојба и размислувал како би можел да се скрши јаремот на угнетувачот на неговиот народ. {ПП 546.1}

Наеднаш „му се јави ангелот Господов” и го ословил со зборовите: „Господ со тебе, храбар јунаку!” {ПП 546.2}

„Господаре мој, бил неговиот одговор, „ако е Господ со нас, зошто нè снајде сета оваа мака? И каде се сите Негови чудеса, за кои ни раскажуваа нашите татковци, велејќи: ‘Господ нè изведе од Египет’? Сега Господ нè остави и нè предаде во рацете на Мидјаните”. {ПП 546.3}

Небесниот весник продолжил: „Оди со таа своја сила и спаси го Израел од раката на Мидјаните. Јас те испраќам”. {ПП 547.1}

Гедеон барал некаков знак дека весникот што му се обраќа бил заветниот Ангел кој во минатите времиња се залагал за Израелците. Божјите ангели, кои некогаш разговарале со Аврама, еднаш го прифатиле неговото гостопримство; и Гедеон сега сесрдно барал небесниот весник да остане кај него како негов гостин. Брзајќи во својот шатор, приготвил од своите сиромашни резерви едно јаре и пресни лебови па сето тоа го изнел и го поставил пред него. Но ангелот му наредил: „Земи го месото и погачата, и стави ги на оној камен, а чорбата истури ја”. Гедеон постапил така и тогаш му бил даден бараниот знак: Ангелот со својот стап го допрел месото и пресните лебови и од карпата пламнал оган спалувајќи ја жртвата. Потоа ангелот исчезнал од пред неговите очи. {ПП 547.2} 

Гедеоновиот татко, Јоас, кој учествувал во отпадот на своите сонародници, живеел во Офра и тука му подигнал голем олтар на Вал, пред кој мештаните се клањале. На Гедеона му било наредено тој олтар да го урне, а на карпата каде што му била запалена жртвата да му подигне олтар на Јехова и таму да принесе жртва. Принесувањето жртви на Господа им било доверено на свештениците и тоа само на олтарот подигнат во Силом. Но Оној, кој ја воспоставил обредната служба и на кого укажувале сите тие жртви, имал власт да ги менува своите барања. На ослободувањето на Израел морало да му претходи свечен протест против служењето и клањањето пред Вал. Гедеон морал да му објави војна на идолопоклонството пред да може да тргне во борба против непријателите на својот народ. {ПП 547.3}

Божјиот налог бил верно извршен. Знаејќи дека ќе наиде на отпор ако се обиде тоа да го стори јавно, Гедеон својата задача ја извршил тајно. Со помош на своите слуги завршил сè за една ноќ.  Страшна била јароста на жителите на Офра кога следното утро дошле да се поклонат пред Вал. Тие Гедеона и би го убиле кога Јоас – кој бил известен за посетата на ангелот – не би станал во одбрана на својот син. „Вие ли ќе се застапувате за Ваал?”, рекол Јоас, „вие ли ќе го заштитувате? Кој ќе се застапи за него, ќе биде предаден на смрт уште ова утро; ако е тој бог, сам нека се одмазди на тој што му го срушил жртвеникот негов”. А ако Вал не можел да го одбрани ниту својот олтар, тогаш како можела да му се довери заштита над неговите поклоници? {ПП 547.4}  

Така се стивнати лошите мисли против Гедеона, а кога тој затрубил во воена труба, борците од Офра биле први што се собрале под негово знаме. Веднаш се пратени гласници кај припадниците на племињата на Манасија и Асир, Завулон и Нефталим; и сите го прифатиле повикот. {ПП 548.1}

Гедеон не се осмелувал да ја поведе оваа војска додека не добие уште еден доказ дека Бог му ја доверил таа задача и дека Тој ќе  биде со него. Потоа се молел: „Ако го спасиш Израел преку мојата рака, како што говореше Ти,тогаш еве, ќе положам овде на гумното едно руно – ако има роса само на руното, а по целата земја биде суво, ќе знам дека Ти преку мојата рака ќе го спасиш Израел, како што ми рече”. Изутрината руното било водено, додека земјата била потполно сува. Но тој сепак се посомневал, зашто крзното само по себе привлекува влага ако е воздухот влажен, па затоа таа појава не можела да биде решавачка. Поради тоа се молел знакот да биде обратен и преколнувал неговата претерана претпазливост да не го навреди Господа. Молбата му била услишена. {ПП 548.2}   

Охрабрен на тој начин, Гедеон ги повел своите сили против завојувачите. „И сите Мидјани и Амаликијци и жителите од исток се собраа заедно, ја преминаа реката и се сместија во долината Јизреел”. Сета Гедеонова војска не била поголема од триесет и две илјади луѓе; па сепак, кога пред него се укажала огромната маса луѓе – нивниот непријател – добил вест од Господа: „Со тебе има многу народ, не можам да ги предадам Мидјаните во негови раце за да не се возгордее Израел пред Мене и да каже: ‘мојата рака ме спаси’.Затоа разгласи да чуе народот, и кажи: ‘Кој страхува и е плашлив, нека се врати и веднаш нека оди на гората Галаад’”. Сите што не биле подготвени да се изложат на опасности и тешкотии, или земните интереси им го одделиле срцето од Божјото дело, не можеле да придонесат за силата на израелската војска. Нивното присуство можело само да биде извор на слабости. {ПП 548.3}

Во Израел бил закон секојпат пред поаѓање во битка да се објави пред целата војска: „Кој изградил нова куќа и не се вселил во неа, нека си оди и да се врати во домот свој, за да не умре во бојот, па друг да се всели во неа;и кој насадил лозје и не го берел, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не умре во бојот, па друг да собере сè;и кој се свршил и не се оженил, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не умре во бојот, па друг да ја земе свршеницата негова”. А војводите морале да го нагласат и ова: „Кој е плашлив и малодушен, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не ги направи плашливи срцата на браќата свои, како неговото срце” (Второзаконие 20:5-8). {ПП 548.4}

Затоа што во споредба со бројните непријатели имал толку малку луѓе, Гедеон пропуштил да ја објави оваа вообичаена порака. Тој се вчудовидел кога Господ му рекол оти неговата војска е премногу голема. Но Господ ја видел гордоста и неверноста во срцата на присутните. Загреани со возбудливиот повик на Гедеона, тие биле готови да се оѕвијат, но кога ги виделе огромните маси Мидјани, мнозина се уплашиле. Сепак, во случај Израелците да победат, истите тие, наместо победата да му ја припишат на Бога, сета слава би ја присвоиле за себе. {ПП 549.1}

Гедеон ја послушал Божјата заповед, но со тешко срце гледал како дваесет и две илјади луѓе, или повеќе од две третини на целокупната војска, се подигаат и се враќаат дома. А тогаш повторно му дошла реч од Господа: „Народ сè уште има многу; одведи ги кај водата, таму ќе ти ги одберам; за кого ќе речам: ‚да оди со тебе’, нека оди со тебе”. Очекувајќи  да излезе директно пред непријателот, народот слегол до водата. Само неколкумина од нив набрзина зеле малку вода со рака, испиле и тргнале понатаму, а повеќето се спуштиле на колена и удобно пиеле прекумера од водата. Од десет илјади луѓе само триста биле кои водата ја принеле кон устата со рака; но само тие биле одбрани. Сите други добиле дозвола да се вратат дома. {ПП 549.2}

Карактерот често се става на проверка со наједноставни средства. Оние кои во мигот на опасноста мислеле само на тоа да ги задоволат своите потреби, не биле луѓе во кои можело да се има доверба во тешките часови. За немарните и за оние што гледаат само да си угодат себеси нема место во Божјото дело. Неговиот избор паднал врз оние малубројни кои не сакале поради задоволување на личните потреби да се задржуваат при извршувањето на своите должности. Овие триста избраници, покрај тоа што биле храбри и подготвени за самосовладување, биле и луѓе од вера. Тие не биле извалкани со идолопоклонство. Нив Бог можел да ги поведе и преку нив можел да го ослободи Израел. Успехот не зависел од бројот. Ослободувањето Бог може да го изврши со мал број исто како и со голем. Тој не се прославува толку со голем број, колку со карактерот на оние што му служат. {ПП 549.3}

Израелците биле на падинка на една гора од која можела да се види долината во која биле улогорени четите на непријателите. „А Мидјаните и Амалиците и сите жители од исток се беа сместиле по долината во големо множество, како скакулци; камилите нивни беа безброј, беа многу – како песокот на морскиот брег” (Судии 7:12). Гедеон се стресол при помислата на битката што му претстоела. Но Господ му се јавил таа ноќ и му наредил да слезе до мидјанскиот логор „со Пура, слугата свој”, навестувајќи му дека таму ќе чуе нешто што ќе го охрабри. Тој се спуштил токму до мидјанскиот логор, и додека таму во тишина посматрал, слушнал како еден од непријателските војници му го раскажува на друг војник својот сон: „Сонив дека еден тркалезен јачменов леб се тркала по мидјанскиот логор и откако се отркала до шаторот, удри во него така што тој падна, го собори, и шаторот се растури”. Другиот му одговорил со зборови што го возбудиле срцето на скриениот извидник: „Тоа не е ништо друго, туку мечот на Гедеон, синот на Јоас, Израелецот; Бог ги предал во рацете негови Мидјаните и целиот логор”. Гедеон сфатил дека преку тие непознати мидјански војници му зборува Божјиот глас. Се вратил кај своите малубројни луѓе и им рекол: „ Станувајте! Господ го предаде во рацете ваши мидјанскиот логор!” {ПП 550.1}

Со Божјо упатство му е даден план за напад и тој веднаш тргнал да го изврши. Тие триста луѓе требало да ги подели во три чети. Секој човек добил по една труба и факел, привремено скриен во земјено грне. Потоа биле распоредени така за да му се приближат на мадијанскиот логор од сите страни. На полноќ , кога екнал борбениот рог на Гедеона, затрубиле триста труби; потоа од скршените грниња наеднаш пламнале стотина запалени факли и сите триста Гедеонови војници се устремиле кон непријателите со стравотен воен вик: „Меч Господов и Гедеонов”. {ПП 550.2}  

Војската била изненадена на спиење. На сите страни се видела светлина на запалени факли и отсекаде допирал одглас од труби и воен вик на напаѓачите. Мидјаните мислеле дека се предадени на милост и немилост на некаква натприродна сила, па целосно ги опфатил паничен страв. Со диви крикови на тревога и страв бегале на сите страни да го спасат животот, и во забуната, мислејќи  дека го убиваат непријателот, се убивале еден со друг. Кога се пронела вест за победа, дошле уште илјадници Израелци, кои биле отпуштени дома, и помогнале при гонењето на непријателот кој бегал. Мидјаните бегале кон Јордан, надевајќи се дека ќе  се доберат до својата земја од другата страна на реката. Затоа Гедеон пратил гласници во племето на Ефрема со порака да го задржат непријателот на јужните делови на реката. Во меѓувреме Гедеон со своите триста луѓе кои, „беа уморни (и гладни) поради гонењето”, ја преминал реката во потера по оние што успеале да се доберат до другиот брег. Обата мадијански цара, Зевеј и Салман, кои ја предводеле целата таа армада и кои со петнаесет илјади војници успеале да побегнат, Гедеон ги совладал, потполно ги поразил нивните сили, а водачите ги фатил и ги погубил. {ПП 550.3}

Во тој целосен пораз уништил над сто и дваесет илјади завојувачи. Моќ та на Мидјаните била така скршена, што никогаш веќе не биле во состојба да поведат војна против Израел. Набргу на сите страни се прочуло дека Израеловиот Бог уште еднаш војувал за својот народ. Стравот што ги обзел околните народи кога дознале со какви едноставни средства е победен овој самоуверен и воинствен народ, не е можно да се опише со зборови. {ПП 553.1}

Водачот што го избрал Бог да ги совлада Мидјаните, меѓу Израелците не заземал некоја истакната положба. Тој не бил ниту свештеник, ниту владетел, ниту Левит. Тој сам себеси се сметал за најмал во домот на својот татко. Но Бог во него видел храбар и чесен човек. Тој не се надевал во себе, туку доброволно дозволил Бог да го води. Бог за своето дело не бира секогаш луѓе со најголеми таленти, туку оние со кои може најдобро да се послужи. „Пред славата оди смиреноста” (Изреки 15:33). Господ најуспешно може да работи преку оние кои се најсвесни за својата неспособност и кои потполно се потпираат врз него, гледајќи во него свој водач и извор на својата сила. Тој ќе ги направи силни и мудри, поврзувајќи ја својата сила со нивната слабост и својата мудрост со нивното незнаење. {ПП 553.2}

Господ за својот народ би можел да стори многу повеќе кога би се негувала вистинска скромност. Но малку има такви на кои Тој би можел да им довери голема одговорност или голем успех, а да не станат самоуверени и да не заборават во колкава мера зависат од него. Тоа е причината што Бог при изборот на орудијата за своето дело ги заобиколува оние што светот ги смета за големи, талентирани и достојни за почит. Таквите луѓе многу често се премногу горди и самољубиви. Тие сметаат дека можат да работат без да го прашаат Бога за совет. {ПП 553.3}

Едноставното трубење на израелската војска околу Ерихон и на Гедеоновите малубројни чети околу мадијанскиот логор, со Божја сила било претворено во силно орудие со кое е урната моќта на непријателот. Најсовршениот систем што луѓето кога било можеле да го измислат, ако е лишен од Божјата сила и мудрост, ќе се покаже како погрешен. Од друга страна, методите што најмалку ветуваат, ќе  донесат најмногу успех ако се одредени од Бога и применети со понизност и вера. Верата во Бога и прифаќањето на неговата волја се суштествени денеска за Христијаните во духовната борба исто толку како што биле во тоа време за Гедеона и за Исуса Навина во нивните војни против Хананците. Повторувајќи ја манифестацијата на својата сила во полза на Израелците, Бог сакал да ги наведе да веруваат во него и со доверба да му се обраќаат за помош во секоја неволја. Тој и денеска е исто толку подготвен да ги помогне напорите на својот народ и да изврши големи дела преку слабите човечки орудија. Цело небо очекува ние да бараме Божја мудрост и сила. Бог е Тој кој „може да изврши изобилно сè што ќе побараме или помислиме” (Ефесјаните 3:20). {ПП 554.1}

Кога Гедеон се вратил од походот против народните непријатели, го прекорувале и го обвинувале неговите земјаци. Кога Израелците на негов повик се собрале против Мидјаните, племето на Ефрема изостанало. Тие сметале дека тој потфат е многу опасен, а бидејќи Гедеон не ги повикал на посебен начин, тоа го искористиле како оправдување да не ги следат своите браќа. Но кога допреле до нив новостите за триумфот на Израелците, синовите Ефремови биле љубоморни што не учествувале и тие во тоа. По поразот на Мидјаните, припадниците на Ефремовото племе, по Гедеонова наредба, ги запоседнале плитките делови на Јордан на кои Мидјаните би можеле да ја преминат реката и со тоа го оневозможиле повлекувањето на бегалците. Благодарение на тоа, уништен е голем број на непријателите и биле фатени двата мидјански кнеза, Орев и Зев. На тој начин Ефремовите луѓе ја искористиле победата и помогнале таа да биде целосна. Но сепак биле љубоморни и гневни на Гедеона како тој тоа да го сторил сам по своја волја. Тие не виделе дека победата на Израелците всушност е Божјо дело и не ја ценеле неговата моќ и неговата милост покажана во нивното ослободување; и токму со тоа посведочиле дека не се достојни Бог да ги избере за свои посебни орудија. {ПП 554.2}

Враќајќи се со победнички трофеи, тие на Гедеона налутено му префрлале: „Зошто направи така, та не нè повика, кога замина да војуваш против Мидјаните?” {ПП 555.1}

„Па што, направив така како што вие сега?”, ги смирувал Гедеон. „Нели се пабирките на Ефрем подобри од гроздоберот на Авиезер?Во ваши раце Бог ги предаде мидјанските кнезови Орев и Зев, и како можев јас да сторам такво нешто, во споредба со вас?” {ПП 555.2}

Духот на љубомора лесно можел да распали караници што би довеле до судир и крвопролевање, но одговорот на Гедеона, во кој се видела неговата понизност и чедност, ја ублажил јароста на Ефремовите луѓе, па во мир се вратиле кај своите стада. Гедеон бил цврст и непопустлив кога биле во прашање начелата – во војната мошне храбар, а сепак во однесувањето со луѓето ретко љубезен и учтив. {ПП 555.3}

За да му ја изразат својата благодарност на Гедеона што ги ослободил од Мадијанците, Израелците му предложиле да го постават за цар, и тоа така престолот да се осигури и за неговото потомство. Тој предлог бил директен престап на начелата на теократијата. Бог бил цар над Израел и поставувањето на кој било човек на престолот значело отфрлање на Божјиот авторитет. Гедеон го сфатил тој факт. Од неговиот одговор се гледа колку неговите побуди биле благородни и вистинити. „Ниту јас ќе владеам со вас, ниту мојот син ќе владее со вас; Господ нека владее со вас”. {ПП 555.4}

Но Гедеон паднал во друга заблуда која му донела несреќа не само на неговото семејство, туку и на цел Израел. Времето на безделничење и опуштање што обично настапува по големите на пори, често е поврзано со поголеми опасности отколку времето на војна. Во таква опасност сега се наоѓал и Гедеон. Го обзел дух на некакво неспокојство и немир. До тогаш наоѓал задоволство во верното извршување на налозите добиени од Бога. А сега, наместо да почека Бог и понатаму да го води, почнал да крои сопствени планови. Кога Божјата војска ќе задобие некоја голема победа, сатаната двојно ги зголемува своите напори да го осуети Божјото дело. Така тој и на вознемирениот дух на Гедеона му дошепнувал мисли и планови со кои имал намера да го заведе израелскиот народ. {ПП 555.5}

Затоа што му било наредено да принесе жртва на карпата на која му се јавил ангел, Гедеон мислел дека е повикан да биде 556 свештеник. Не чекајќи Божјо посветување, почнал да бара погодно место каде би завел систем на богослужение, слично на она што се вршело во шаторот за состанок. Бидејќи народот му бил мошне наклонет, без никакви тешкотии можел да го оствари својот план. На негово барање, сите му предале златни гривни што како воен плен ги зеле од Мидјанците. Освен тоа, народот собрал и многу други скапоцености заедно со богато украсените облеки на обајцата мидјански кнезови. Од тој материјал што го добил, Гедеон направил свечен ефод и градник, имитирајќи  ја облеката на првосвештеникот. Оваа негова постапка била стапица не само за него и за неговото семејство, туку и за целиот израелски народ. Неовластеното богослужение помогнало мнозина од народот најпосле да го напуштат Бога и да им служат на идолите. По смртта на Гедеона, голем дел од народот, заедно со неговото семејство, бил зафатен со нов отпад. Токму оној човек кој некогаш со уривањето на олтарот на Вал го уништувал идолопоклонството во Израел, сега го завел народот од Бога. {ПП 555.6}

Многу малку се оние што сфаќаат колку далекусежни се нивните зборови и нивните постапки. Колку често заблудите на родителите имаат најпогубно дејство врз нивните синови и врз синовите на нивните синови далеку по нивната смрт. Секој има извесно влијание врз другите и е одговорен за последиците на тоа влијание. Зборовите и делата имаат убедлива моќ и резултатот на она што ние го правиме сега ќе  се покаже дури подоцна. Влијанието што го вршат нашите зборови и дела ќе има сигурно свое повратно дејство врз самите нас во вид на благослови или проклетство. Таа помисла на животот му дава возвишена сериозност и треба нас да нè наведе на молитва пред Бога за Тој да нè води со својата мудрост. {ПП 556.1}

И оние што се наоѓаат на највисока положба можат да водат во заблуда. И најмудрите се лажат, и најсилните можат да се сопнат и да потклекнат. Затоа е неопходно нашиот пат постојано да биде осветлен со светлина од горе. Ние сме единствено сигурни ако секогаш безусловно му се доверуваме на Оној кој кажал: „Врви по Мене!” {ПП 556.2}

По смртта на Гедеона, „Израеловите синови не се сетија на Господ, својот Бог, Кој ги спасуваше од рацете на сите околни непријатели,и кон домот на Јероваал, односно на Гедеон, не покажаа благодарност за сите добрини што му ги направи тој на Израел”. Заборавајќи  го сè она со што Гедеон ги задолжил и како судија и како ослободител, Израелците за свој цар го одбрале неговиот вонбрачен син Авимелех, кој, за да ја зацврсти својата власт, ги погубил сите законити синови на Гедеона, освен еден. Кога луѓето ќе го загубат Божјиот страв, тогаш набргу го губат и поимот за чест и праведност. Благодарното признавање на Божјата милост ги наведува луѓето да им оддадат признание и на оние кои, слично на Гедеона, верно му послужиле на благослов на неговиот народ. Само од таков народ, кој постојано покажувал неблагодарност кон Бога, можело да се очекува такво свирепо однесување какво што покажале Израелците кон домот на Гедеона. {ПП 556.3}

Под власт на богобојазливите судии што владееле по смртта на Авимелеха, идолопоклонството извесно време било зауздувано; но, по извесно време, измамениот народ повторно се вратил на обичаите на незнабожечките народи што живееле околу нив. Мнозина од северните племиња ги обожавале сириските и сидонските богови. На југозапад филистејските богови, а на исток моавските и амонските ги одвраќале срцата на Израелците од Бога на нивните татковци. Но, за отпадот набргу уследила казна. Амонците ги покориле источните племиња и, поминувајќи  ја реката Јордан, навлегувале во областа на Јуда и Ефрем. Од запад доаѓале Филистејците од својата долина крај морето и ограбувале на сите страни. Се чинело дека Израел повторно е предаден во рацете на своите огорчени непријатели. {ПП 557.1}

И овој пат Израелците побарале помош од Оној на кого толку пати му го свртиле грбот и го навредувале. „Згрешивме пред Тебе, зашто го оставивме нашиот Бог и им служиме на Вааловци”. Но страдањата не предизвикале вистинско каење. Тие се јадосувале поради страдањата што им ги донел гревот, а не затоа што го навредувале Бога со престапувањето на неговиот свет закон. Вистинското каење е нешто повеќе  отколку само жалење поради сторениот грев. Тоа претставува решително враќање од грешниот пат. {ПП 557.2}  

Преку еден од своите пророци Господ им одговорил: „Не ве угнетуваа ли Египќаните и Аморејците, Амонците и Филистејците,Сидонците, Амаликијците и Маонците и кога повикавте кон Мене, не ве спасив ли од рацете нивни?А вие Ме оставивте и почнавте да им служите на други богови; затоа нема повеќе да ве спасувам;одете, повикајте ги боговите што сте ги избрале, нека ве спасат тие во ова за вас тешко време”. {ПП 557.3}

Овие свечени и страшни зборови мислите ги упатуваат на друга сцена – на големиот ден на последниот суд – кога сите што ја отфрлиле Божјата милост и ја презреле неговата добрина ќе бидат изведени пред лицето на неговата правда. Пред тој суд ќе мора да дадат сметка сите кои своите од Бога дадени добродетели: времето, средствата или умните способности, ги употребиле во служба на боговите на овој свет. Тие се откажуваат од својот вистински Пријател кој ги сака за да тргнат по пат на удобност и земно уживање. Во некои мигови тие навистина посакуваат да се вратат кај Бога; но нивното внимание го обзеле светските лудости и заблуди. Лекомисленото оддавање на уживања, горделивоста во облекувањето и задоволувањето на апетитот срцето толку го стврднуваат, а совеста ја прават толку нечувствителна, што гласот на вистината воопшто веќе и не се чуе. Должноста се занемарува. Сè што има непоминлива вредност се зема лекомислено, додека најпосле не се загуби секоја желба да се жртвува за Оној кој толку многу дал за луѓето. Но, кога ќе  настапи жетвата, луѓето ќе го пожнеат она што го посеале. {ПП 557.4}

Господ кажува: „Јас викав, а вие не послушавте; ја протегав својата рака, но никој не ја забележа;вие ги отфрливте моите совети, не внимававте кога ве изобличував.Затоа ќе се насмеам на вашата погибел; ќе се зарадувам кога ќе ве снајде ужас,кога ќе ве нападне ужас како бура, и зло како виор ќе мине над вас, кога ќе ве снајде неволја и мака.Тогаш ќе ме викаат, но јас нема да чујам; ќе ме бараат и нема да ме најдат.Затоа што го намразија знаењето и не го примија стравот Господов;затоа што не го примија мојот совет и ги презреа моите разобличувања.Поради тоа тие ќе јадат од плодовите на своите патишта и ќе се наситуваат од своите замисли”. „Но кој мене ме слуша, ќе живее безопасно и спокојно, не плашејќи се од злото” (Изреки 1:24-31,33). {ПП 558.1}

Тогаш Израелците се понизиле пред Бога. „И ги отфрлија од себе туѓите богови и почнаа да Му служат само на Господ”. Тоа го растажило милозливото и полно со љубов срце на Јехова – „и не ги истрпе душата Негова страдањата Израелови”. О, колкаво трпение и милосрдност Божја! Секогаш кога Израелците како негов народ ги отфрлале гревовите што ги одделувале од него, Тој ги услишил нивните молитви и уште еднаш се зазел за нив. {ПП 558.2}

Господ им подигнал ослободител во лицето на Ефтаја од Галад, кој ги побил Амоновите синови и успешно ја совладал нивната моќ.  Тогаш Израелците осумнаесет години страдале под притисок на своите непријатели, а сепак повторно ја заборавиле поуката што им ја донеле тие страдања. {ПП 558.3}

А кога Божјиот народ пак се вратил на своите лоши патишта, Господ повторно дозволил да ги подјармат и да ги угнетуваат нивните моќ ни непријатели – Филистејците. Тој суров воинствен народ ги угнетувал многу години, а повремено потполно ги подјармувал. Тие се помешале со тие идолопоклоници на тој начин што земале учество во нивните уживања и богослуженија додека најпосле не се изедначиле со нив во духот и интересите. А тогаш тие божемни пријатели на Израелците им станале најогорчени непријатели, обидувајќи  се на сите можни начини потполно да ги уништат. {ПП 558.4} Слично на старозаветниот Израел, и Христијаните често попуштаат пред влијанието на светот и се прилагодуваат кон општо прифатените начела и обичаи за да стекнат пријателство со неверниците. Но на крај ќе се покаже дека тие привидни пријатели всушност се најопасни непријатели. Библијата јасно учи дека меѓу овој свет и Божјиот народ не може да има никакво единство. „Не чудете се, браќа мои, ако светот ве мрази” (1. Јованово 3:13). А нашиот Спасител кажува: „Ако светот ве мрази, знајте дека мене светот уште пред вас Ме замрази” (Јован 15:18). Сатаната настојува преку безбожниците, под плаштот на желбата за пријателство, да ги наведе и припадниците на Божјиот народ на грев за да ги одвои од Бога. А кога еден ден на тој начин ќе  ги лиши од нивната заштита, тогаш тој своите претставници ги наведува да се свртат против нив и со сите средства да настојуваат да ги уништат. {ПП 559.1}

Сподели го ова:

Слични објави