36. ВО ПУСТИНАТА
Речиси четириесет години синовите Израелови исчезнуваат од видикот и талкаат низ пустинските пространства. Мојсеј кажува: „Откако отидовме во Кадис-Барнеа и го минавме потокот Зеред, поминаа триесет и осум години, сè додека во таборот не изгинаа сите мажи, погодни за војна, според она како што им се беше заколнал Господ Бог;пак и раката Господова беше против нив, истребувајќи ги од логорот, додека сите не изумреа” (Второзаконие 2:14,15). {ПП 406.1}
Во текот на сите тие години, народот постојано бил потсетуван дека е под Божја казна. Во бунтот кај Кадис го отфрлиле Бога, а и Бог ги отфрлил нив за извесно време. Бидејќи се покажале неверни кон неговиот завет, извесно време требало да бидат лишени од заветниот знак, од чинот на обрезанието. Нивната желба да се вратат во земјата на ропството покажала дека биле недостојни за слобода и за учествување во свечениот обред наречен Пасха, која била установена да го овековечи нивното ослободување од ропството. {ПП 406.2}
Сепак, постојаната служба во Светилиштето сведочела дека Господ не се откажал потполно од својот народ. Во своето провидение Тој сè уште се грижел за нивните потреби. Повторувајќи ја историјата на нивното талкање, Мојсеј рекол: „Зашто Господ, Бог твој, те благослови во секое твое дело; те чуваше додека патуваше ти по таа голема (и страшна) пустина; ете, четириесет години Господ, Бог твој, е со тебе; ти од ништо не се лишуваше” (Второзаконие 2:7). А левитската химна што верно ја забележал Немија живо ја претставува Божјата грижа за Израелците дури и во текот на оние години кога биле отфрлени и прогонети: „Ти, поради големото Свое милосрдие, не ги остави во пустината; облачниот столб не се одлепуваше од нив дење, за да ги води по патот, и огнениот столб – ноќе за да им свети по патот, по кој требаше да одат.Ти им го даде Твојот благ Дух за да ги поучува, и не ја одземаше маната Своја од устата нивна, па и вода им даваше за гаснење на жедта нивна.Четириесет години ги хранеше во пустината; но ништо не им недостасуваше, облеката не им оветвуваше, нозете не им потекуваа” (Немија 9:19-21). {ПП 406.3}
Талкањето низ пустината не било одредено само како казна за бунтовниците и незадоволниците, туку и како воспитно средство за помладото поколение, како подготовка за влегување во ветената земја. Мојсеј им објаснил: „И знај во срцето свое дека Господ, твојот Бог, те поучува како што таткото го поучува синот свој”, „за да те искуша и да дознае што е во срцето твое, дали ги почитуваш заповедите Негови, или, пак, не.Тој те смируваше, те мачеше со глад и те хранеше со мана, што ти не ја знаеше, а не ја знаеја ни твоите предци, за да ти покаже дека човекот не живее само од леб, туку од секој збор што излегува од устата Господова” (Второзаконие 8:5,2,3). {ПП 407.1}
„Тој го најде во пустината, во земја дива и пуста, го заштитуваше, се грижеше за него, го чуваше како зеницата на окото свое” (Второзаконие 32:10). „Во секоја нивна жалост Тој не ги оставаше и Ангелот на Неговото присуство ги спасуваше; со Својата љубов и добросрдечност Тој ги искупи, ги зеде и ги носеше во текот на сите древни дни” (Исаија 63:9). {ПП 407.2}
Па сепак, сите податоци што ги имаме за нивниот живот во пуст ината се бунт против Господа. Бунтот на Кореја бил причина што во Израел се уништени четиринаесет илјади души. А имало и поединечни случаи во кои се видел истиот дух на непочитување кон божествениот авторитет. {ПП 407.3}
Еднаш, синот на некоја Израелка и Египќанец, кој ѝ припаѓал на светината што пошла со Евреите од Египет, го напуштил местото во својот дел на логорот и влегол во логорот на Израелците, тврдејќи дека има право таму да го постави својот шатор. Божјата заповед тоа го забранувала; потомците на Египќаните до трето колено морале да бидат исклучени од собирот на Израел. Така почнала караница меѓу него и еден Израелец и проблемот дошол пред судиите кои го осудиле престапникот. {ПП 407.4}
Лут поради таквата одлука, овој го пцуел судијата и во својата огнена расправија Хулел на Божјото име. Веднаш го довеле пред Мојсеја. Било заповедано: „Кој го проколнува таткото свој или мајката своја, со смрт да се казни” (Излез 21:16), но за донесување на пресуда за ваков случај немало никакви упатства. Престапот бил толку страшен, што почувствувале потреба да побараат посебно упатство од Господа. Човекот го држеле во затвор сè додека не ја слушнале Божјата волја. Пресудата ја изговорил сам Господ; по Божја наредба бил изведен од логорот и таму каменуван. Оние што сведочеле дека е виновен, ги ставиле своите раце на неговата глава и со тоа потврдиле дека обвинувањето против него е вистинито. Тогаш тие први фрлиле камење, а народот по нив и така е извршена казната. {ПП 407.5}
Потоа уследило објавување на еден закон според кој се судело во слични случаи: „Секој што ќе похули на својот Бог, ќе го прими својот грев;и оној што ќе го навреди името Господово, треба да умре, со камења да го убие сиот народ; било да е тој придојден или тукашен, ако похули на името Господово, да умре” (Левитска 24:15,16). {ПП 408.1}
Има луѓе кои ја оспоруваат Божјата љубов и праведност затоа што толку тешко ги казнува зборовите изречени во лутина и во миг на настап на страст. Но токму Божјата љубов и неговата правда бараат лошите зборови против Бога да се сметаат за голем грев. Казната над првиот престапник треба на другите да им послужи како опомена дека Божјото име мора да се почитува. Кога гревот на тој човек би останал неказнет, и други би се расипувале; а на крај можеби многу животи би морале да бидат жртвувани. {ПП 408.2}
Припадниците на придојдените – оние што се помешале со Израелците при излегувањето од Египет – претставувале постојан извор на искушенија и неволји. Тие тврделе дека се откажале од своите идоли и дека му се молат само на вистинскиот Бог, но нивното поранешно воспитување оставило траги во нивниот карактер и во нивните навики, што во поголема или помала мера се гледало во склоноста кон многубоштвото и во непочитувањето на Бога. Обично тие почнувале караници и први да се жалат, па така целиот логор би го заразиле со своите незнабожечки навики и со мрморење против Бога. {ПП 408.3}
Набргу по враќањето во пустината настанал и еден престап во врска со празнување на саботата и тоа под околности што го сториле посебен грев. Објавувањето на божественото решение дека Израел ќе биде лишен од ветеното наследство предизвикало бунт. Еден човек, гневен што ќе биде исклучен од Ханан и решен да му пркоси на Божјиот закон, се осмелил јавно да ја престапи четвртата заповед така што во сабота отишол да собира дрва. За време на престојот во пустината било строго забрането да се пали оган во седмиот ден. Но таа заповед не ја опфаќала и хананската земја во која острата клима често наметнувала потреба од користење на оган; во пустината, пак, било доволно топло и оган не бил потребен. Тој човек потполно самоволно и намерно ја прекршил четвртата заповед и сторил грев не непромислено или од незнаење, туку дрско и пркосно. {ПП 408.4}
Го фатиле на дело и веднаш го довеле пред Мојсеја. Веќе било кажано дека престапот на саботата мора да се казни со смрт, но не бил познат начинот на извршување на казната. Мојсеј случајот го изнел пред Господа кој го дал следното упатство: „Тој човек треба да умре; целото општество да го убие со камења надвор од населбата” (Броеви 15:35). Хулењето на Бога и намерното престапување на саботата биле казнети со иста казна, зашто еднакво биле израз на непочитување на Божјиот авторитет. {ПП 409.1}
Иако саботата потекнува уште од создавањето, денеска мнозина ја отфрлаат како еврејска установа и тврдат дека, доколку саботата треба да се празнува, и престапот на таа заповед мора да се казнува со смрт; меѓутоа, овде гледаме дека хулењето на Бога се казнувало со иста казна како и престапот на саботата. Зар од тоа да заклучиме дека и третата заповед треба да се отфрли како таква која се однесувала само на Евреите? Всушност, образложението за смртната казна може да се примени на третата, на петтата и на сите други десет заповеди исто толку колку и на четвртата. Иако Господ денеска не ги казнува престапниците на законот со привремени казни, неговата Реч сепак објавува дека плата за гревот е смрт; и при последното одмерување на казната ќе се покаже дека смртта е дел на сите што ги престапиле неговите свети прописи. {ПП 409.2}
Во текот на сите четириесет години од престојот во пустината, чудото поврзано со паѓањето на мана секоја седмица народот го потсетувало на неговата света обврска да празнува сабота. Но дури ни тоа не им помогнало да бидат послушни. Иако не се осмелувале саботата да ја престапат тако отворено и дрско како оној кој за тоа бил посебно казнет, сепак биле мошне немарни во врска со почитувањето на четвртата Божја заповед за која Бог преку пророкот објавил: „Моите саботи ги нарушија” (Езекиел 20:13,24). И тоа се вбројува меѓу причините поради кои првото поколение било лишено од влегување во ветената земја. Меѓутоа, нивните потомци не извлекле од тоа никаква поука. За време на четириесетгодишното талкање тие во толкава мера го занемариле празнувањето на саботата, што Бог, иако не ги спречил да влезат во Ханан, сепак рекол дека по населувањето во ветената земја ќе бидат растурени меѓу незнабошците. {ПП 409.3}
Синовите Израелови од Кадис се упатиле назад во пустината, и кога времето на нивниот престој во пустината завршило, „дојдоа во пустината Син во првиот месец, и народот се улогори во Кадис” (Броеви 20:1). {ПП 410.1}
Тука умрела Мирјам и тука е закопана. Од сцена на радост на брегот на Црвеното Море, кога Израел со песна и игра ја славел победата на Јехова, па до гробот во пустината, кој го означувал крајот на животното талкање – тоа била судбина на милиони луѓе кои од Египет кренале со големи надежи. Гревот ја истргнал чашата на благословите од нивните усни. Дали следното поколение ќе ја прими оваа поука во срцето? {ПП 410.2} „При сето тоа тие продолжуваа да грешат и не поверуваа во чудесата Негови.И така им минеа дните нивни попусто и годините нивни во ужас.Кога ги убиваше, тогаш Го бараа, се обраќаа и прибегнуваа кон Бога,и се сеќаваа дека Бог е нивен помошник и дека Севишниот Бог е нивен избавител” (Псалм 78:32-35). Меѓутоа, не се враќа ле кај Бога со искрени намери. Дури и кога биле угнетувани од непријателите, барале помош од Оној кој единствено можел да ги ослободи, но „ срцето нивно не Му беше наполно верно, и тие не беа цврсти во заветот Негов.Но Тој, Милостивиот, им го простуваше гревот и не ги истребуваше, многупати ја отстрануваше јароста Своја и не го разгоруваше… си спомнуваше дека се тие тело и здив што оди и не се враќа” (Псалм 78:37-39). {ПП 410.3}