51. БОЖЈА ГРИЖА ЗА СИРОМАСИТЕ

Сподели го ова:

За да се поттикне народот да доаѓа на богослуженијата и да им се помогне на сиромасите, бил заведен уште еден десеток од целокупниот приход. Во врска со првиот десеток, Господ рекол: „А на Левиевите синови, ете, Јас им дадов како дел десеток од сè, што има Израел” (Броеви 18:21). А за вториот десеток Тој наредил: „Пред Господ, твојот Бог, во место, што Тој ќе го одбере, за да престојува името Негово; таму јади од десетокот од пченицата твоја, од виното твое и од маслото твое, и првородените од крупниот и од ситниот твој добиток, за да се научиш да се плашиш од Господ, твојот Бог, во сите денови” (Второзаконие 14:23,29; 16:11-14). Тој десеток, или соодветна вредност во пари, морале секоја втора година да го донесат во местото каде што се наоѓало Светилиштето. Откако на Бога му е принесена жртва благодарница и одреден дел му е даден на свештеникот, поклониците од преостанатиот дел приредувале верска гозба на која биле повикувани Левитите, странците, сирачињата и вдовиците. На тој начин на годишните празници се водела грижа за жртвите благодарници и за гоштавање на присутните, а народот бил привлечен во друштво на Левитите и свештениците да ги упатат и да ги охрабрат да му служат на Бога. {ПП 530.1}

Меѓутоа, секоја трета година овој друг десеток е употребуван дома за гостење на Левитите и сирачињата, како што рекол Мојсеј: „Да јадат во градовите твои и да се наситуваат” (Второзаконие 26:12). Тој десеток претставувал фонд за добротворни цели и за негување на гостољубивост. {ПП 530.2}

Покрај тоа, имало и други прописи и мерки за заштита на сиромасите. Освен во признавањето на Божјите барања, законите дадени преку Мојсеја со ништо не се одликуваат во толкава мера како со дух на доброволно, нежно и гостољубиво постапување со сиромасите. Иако Бог ветил дека својот народ обилно ќе го благослови, сепак негова намера не била меѓу нив да не се знае за сиромаштво. Тој дури рекол дека земјата никогаш нема да биде без сиромаси. Во неговиот народ секогаш ќе има и такви кои ќе имаат потреба од сожалување, нежност и доброчинство. Како и денеска, и тогаш луѓето страдале од несреќи, од болести и скудност; сепак, сè додека се придржувале кон упатствата примени од Бога, меѓу нив немало питачи ниту такви кои биле оставени без леб. {ПП 530.3}

Божјиот закон на сиромасите им дава право на извесен дел од земните плодови. Ако некој бил гладен, имал право да наврати во најблиската нива, овоштарник или лозје и слободно да земе онолку колку што му било потребно да го згасне гладот. Во сообразност со таа одредба, и Христовите ученици тргале класје и јаделе жито, кога една сабота поминувале низ поле со зрело жито. {ПП 531.1}

Сѐ што преостанувало на полињата, во овоштарниците и лозјата по жетвата и бербата, им припаѓало на сиромасите. „Кога жнееш на нивата своја”, рекол Мојсеј, „ако заборавиш сноп на нивата, не враќај се да го земеш… Кога ги береш маслинките свои, не враќај се да ги добереш останатите… Кога го береш лозјето свое, не го бери докрај она што ќе остане по тебе: нека остане тоа за дојденецот, сиракот и вдовицата;не заборавај дека и ти беше роб во египетската земја” (Второзаконие 24:19-22; Левитска 19:9,10). {ПП 531.2}

Секоја седма година биле предвидени посебни повластици за сиромасите. Ја викале саботна година и таа почнувала веднаш по жетвата. Во времето на сеидбата, која настапувала веднаш по бербата, таа година не смееле да сеат. На пролет не смееле да ги подврзуваат лозјата ниту да очекуваат каков и да било придонес од нивите ниту од лозјата. Од она што ќе родело само од себе можеле да јадат само додека било тазе, но ништо не смееле да ставаат во магацин. Плодовите таа година морале да се оставаат за дојденици те, за сирачињата и за вдовиците, па дури и за полските животни (Излез 23:10,11; Левитска 25:5). {ПП 531.3}

Но ако земјата раѓала само толку да ги покрие редовните потреби, тогаш од што народот можел да живее оние години кога немало жетва? Бог ветил дека Тој ќе се погрижи за тоа. „Јас ќе испратам благослов Мој во шестата година, и таа ќе даде плод за три години;а во осмата година ќе сеете, но ќе јадете од старите производи до деветтата година; и додека не узреат плодовите нејзини, ќе јадете од старото” (Левитска 25:21,22) {ПП 531.4}

Празнувањето на саботната година требало да биде од полза и за земјата и за народот. Кога земјата седмата година останувала необработена, идната година раѓала уште повеќе. Народот бил ослободен од тешките полски работи; но, иако некои работи сепак можеле да продолжат, сите го користеле слободното време во пријатен одмор, што им давало можност да ги освежат своите физички сили за напорите во следната година. Имале повеќе слободно време да се посветат на размислување и молитва, на запознавање со науката и со Господовите барања и на поучување на своите семејства. {ПП 532.1}

Секоја саботна година Евреите морале да ги отпуштат своите робови и тоа не без соодветна отпремнина. Господовата заповед за тоа гласела: „Кога, пак, го пушташ на слобода, не отпуштај го со празни раце,туку дарувај го со нешто од стадата твои, од пченицата твоја и од виното твое: дај му од она, со кое те благословил Господ, твојот Бог” (Второзаконие 15:13,14). {ПП 532.2}

Наемот на работникот морал да му се исплати веднаш: „Не оставај го без награда бедниот и сиромав наемник од твоите браќа или од придојдените, кои се во градовите твои;предај му ја дневницата во истиот ден, пред да зајде сонцето, бидејќи тој е беден, и на неа се надева” (Второзаконие 24:14,15). {ПП 532.3}

Биле дадени посебни прописи и во врска со постапувањето со оние што бегале од своите господари: „Не предавај го робот на неговиот господар, кога ќе избега кај тебе од господарот негов;нека живее со тебе, меѓу вас нека живее во секое место, што ќе му биде угодно; не го притеснувај” (Второзаконие 23:15,16). {ПП 532.4}

За сиромасите седмата година била година на проштавање на долговите. На Евреите им било наредено секогаш да ги помагаат своите сиромашни браќа, позајмувајќи им пари без камата. Изрично било забрането да се зема лихварски интерес од сиромашните луѓе. „Ако братот твој осиромаши и изнемогне, поткрепи го, било тој да е туѓинец или преселеник, нека живее кај тебе.Не земај му ни лихва, ни печалба, и имај страв од твојот Бог; (Јас сум Господ) братот твој нека живее кај тебе.Не давај му пари со камата, а и храната твоја не давај му ја со добивка” (Левитска 25:35-37). Ако долгот останал неплатен до прошталната година, тогаш не можела да се наплатува дури ни главницата. Народот бил изрично и строго предупреден во никој случај да не им ја скусува помошта на своите сиромашни браќа: „Ако, пак, имаш некој брат сиромав во еден од градовите твои… не го одвраќај срцето свое и не ја стискај раката своја пред твојот брат што има потреба… Чувај се, да не влезе во срцето твое лукава помисла: па да речеш – ‘Наближува седмата година, годината на простувањето’ и да не стане окото твое злобно спрема твојот сиромав брат, што има потреба и да му откажеш; зашто тој ќе повика против тебе пред Господ, и на тебе (голем) грев ќе падне”. „Зашто сиромаси ќе има секогаш во земјата (твоја); затоа и ти заповедам, велејќи ти: отворај ја раката твоја за твојот брат, за сиромавиот и за несреќниот во земјата твоја”. „Туку отвори ја раката своја и дај му заем, колку што му треба и колку што му недостасува”(Второзаконие 15:7-9,11,8). {ПП 532.5}   

Никој не морал да се плаши дека ќе осиромаши поради својата дарежливост. Послушноста кон Божјите заповеди донесувала и осигурувала само напредок и благосостојба: „И ти ќе даваш заем на многу народи, а самиот нема да земаш заем; и ќе владееш со многу народи, а над тебе никој нема да владее” (Второзаконие 15:6). {ПП 533.1}

По седум „саботни години”, „седум пати по седум години”, настапувала голема проштална година јубилеј. „И затрубете го со трубен глас по целата земја ваша… и осветете ја педесеттата година и објавете слобода по земјата за сите жители; тоа да ви биде јубилеј; и секој да се врати на својот имот, и секој да се врати при родот свој” (Левитска 25:9,10). {ПП 533.2}

Трубата што го најавувала јубилејот требало да екне „во десеттиот ден од месецот; во Денот на очистувањето”. Низ сета земја каде што живееле Евреи се слушал звук на труба кој ги повикувал сите Израелови синови да го поздрават настапувањето на прошталната година. Големиот ден на измирување на Израел му носел проштавање на гревот и народот со радост го поздравувал овој свечен јубилеј. {ПП 533.3}

Како и секоја саботна година, земјата не смеела ниту да се засејува ниту да се жнее, а сè што родило само од себе, се сметало за законита своина на сиромасите. И робовите од еврејско потекло, кои поради специфичноста на својата положба не биле ослободени во саботната година, сега се пуштени на слобода. Посебен белег на јубилејната година: сите земјишни поседи им се враќале на нивните првобитни сопственици. По Божја заповед земјата на народот му била поделена со „ждрепка”. По извршената делба никому не му било дозволено да тргува со своето наследство. Никој немал право својата земја да ја продава, со исклучок ако на тоа го натера сиромаштвото; а ако тој, или некој од неговите, кога и да посакал да ја откупи својата некогашна земја, купувачот не смеел да не му ја продаде назад; а ако и не можел да ја откупи, земјата за време на јубилејната година сепак морала да му биде вратена на првобитниот сопственик или на некого од неговите наследници. {ПП 533.4}

Господ на Израелците им објаснил: „Земјата не смее да се продава засекогаш, зашто земјата е Моја” (Левитска 25:23). На народот во душата требало да му се вреже фактот дека земјата што му била привремено дадена во посед всушност е Господова, и дека Тој како законит и првобитен сопственик посебно води грижа за сиромасите и несреќните. На сите требало јасно да им се стави на знаење дека сиромасите имаат исто толку права да живеат во Божјиот свет колку и имотните. {ПП 534.1}

На тој начин нашиот милосрден Творец се погрижил да ги намали патилата на сиромасите и неволните и во нивниот живот да внесе некој зрак на надеж и сончева светлина. {ПП 534.2}

Господ сакал да го оневозможи неумереното напластување на богатство и моќ . Големите зла се неизбежен резултат токму на претераното напластување на богатство кај едни и сиромаштвото и понижувањето кај други. Кога моќта на богатите не би била ограничувана, таа најпосле би станала толку голема што сиромасите, иако во Божјите очи достојни за секоја почит, би биле сметани за пониски и подредени од страна на своите поимотни браќа. Меѓутоа, свеста за таа подреденост би морала да предизвика незадоволство и гнев кај сиромасите. Тоа кај нив би создавало чувство на очај и безнадежност што неминовно води кон деморализирање на едно општество и кон злосторство од секој вид. Прописите што ги воспоставил Бог се дадени со цел да ја помогнат социјалната рамноправност. Со мерките преземани на овој начин секоја саботна, а особено за време на прошталната година, во голема мера било регулирано сè она што во меѓувреме е пропуштено во социјалниот, политичкиот и економскиот живот на нацијата. {ПП 534.3}

Тие прописи се дадени со цел да им донесат благослов не само на сиромасите, туку и на богатите. Ја спречувале дрчноста и желбата за самоизвишување и поттикнувале дух на благородност и доброчинство, а со тоа што меѓу сите класи развивале трпеливост и доверба, потпомагале прогрес на општествениот поредок и стабилност на управата што владеела со народот. Во големиот сплет на човештвото сите ние меѓусебно сме поврзани и сè што можеме да сториме за да ги усреќиме и да ги издигнеме другите, ни се враќа  нам во вид на благослов. Законот за заемна зависност ги опфаќа сите општествени класи. Сиромавиот не зависи од богатиот повеќе отколку богатиот што зависи од сиромавиот. Додека сиромасите копнеат за благословите што им ги доделил Бог на нивните имотни браќа , богатите чувствуваат дека не можат без верната служба, без силата на умот, коските и мишките, што е капитал на сиромасите. {ПП 534.4}

Под услов на послушност кон Господовите наредби, на Израелците им се ветени големи благослови. „Ќе ви давам дожд навреме, и земјата ќе го даде родот свој, и дрвјата полски ќе го дадат својот плод,и вршидбата ќе трае кај вас до гроздоберот, гроздоберот ќе трае до сеидбата, и ќе јадете свој леб до наситка и ќе живеете безбедно во вашата земја.Ќе и дадам мир на земјата; ќе спиете и никој нема да ве обеспокојува… Ќе се движам меѓу вас и ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ… Ако, пак, не Ме слушате и не ги исполнувате овие Мои повелби… и го нарушите заветот Мој… ќе сеете семе залудо, зашто непријателите ваши ќе го јадат.Ќе го свртам лицето Мое против вас и ќе паднете пред непријателите ваши; над вас ќе владеат непријателите ваши, и ќе бегате дури и кога никој не ве гони” (Левитска 26:4-17). {ПП 535.1}

Мнозина со силна одушевеност истакнуваат дека во овие земни благослови сите луѓе би требало да имаат еднакво учество, но тоа не е цел на Творецот. Различноста на надворешните животни услови е едно од средствата со кои Бог го проверува и го развива карактерот. Покрај тоа, негова намера е оние што имаат земно богатство да се чувствуваат само како повереници на неговите добра што им се доверени за да ги употребат на благослов на оние што страдаат и што немаат. {ПП 535.2}

Христос рекол дека сиромаси имаме секогаш со себе, и Тој своите интереси ги соединува со интересите на својот народ кој страда. Срцето на нашиот Спасител сочувствува со најсиромашните и најскромните меѓу неговите земни деца. Тој ни кажува дека тие се негови претставници на земјата. Сочувството и доброчинството што им се укажани ним, Христос ги прима како да му се наменети лично нему. Секоја свирепост или безобѕирност покажана кон нив, Тој ја прима како да му е сторена нему. {ПП 535.3}

Колку поинаку би изгледала состојбата на светот не само во морален и духовен, туку и во материјален поглед, кога секогаш би биле почитувани законите што ги дал Бог за добро на сиромасите! Себичноста и саможивоста не би се покажувале како денеска, туку секој најпретпазливо би се трудел да придонесе за среќата и благосостојбата на другите и не би имало толку распространета беда и немаштија што денеска се сретнуваат во многу земји. {ПП 536.1} Начелата што ги пропишал Бог би ги спречиле пороите на ужасните зла што настанувале во сите векови од угнетувањето на сиромасите од страна на богатите и од омразата на сиромасите кон богатите. Од една страна тоа би го спречувало напластувањето на огромни богатства и оддавањето на безграничен раскош, од друга страна истото би го оневозможило токму тоа условено незнаење и пониженост на безброј илјадници такви кои, како слуги за бедна плата, им пластат на други огромни богатства. Тие начела би донеле мирољубиви решенија за проблемите кои во денешно време се закануваат да го исполнат светот со анархија и крвопролевање. {ПП 536.2}

Сподели го ова:

Слични објави