39. ОСВОЈУВАЊЕТО НА ВАСАН

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Второзаконие 2 глава и 3:1-11

Откако пристигнале во областа јужно од Едом, Израелците се упатиле кон север и повторно свртиле кон ветената земја. Патот ги водел низ пространа висорамнина, освежувана од ветерче од соседните ритчиња. Тоа била пријатна промена по жешкото сонце во долината, па весело побрзале напред, полни со надеж. Поминувајќи го потокот Зеред, пошле источно од моавската земја, зашто им било заповедано: „Не се карајте со Моавците, ниту почнувајте со нив војна; зашто Јас нема да ви дадам ништо од земјата нивна, бидејќи Јас им го дадов Ар на Лотовите потомци” (Второзаконие 2:9). Истото упатство е повторено и во врска со Амонците кои исто така биле Лотови потомци. {ПП 433.1}

Одејќи понатаму кон север, израелските чети набргу наишле на земјата на Аморејците. Тој силен и воинствен народ првобитно го заземал јужниот дел на хананската земја, но бидејќи се намножиле, ја преминале реката Јордан, завојувале со Моавците и освоиле дел од нивната територија. Тука се населиле и наполно загосподариле со целата област од Арнон до Јавок. Патот по кој Израелците сакале да избијат на реката Јордан водел токму низ таа област, па Мојсеј му пратил пријателска порака на аморејскиот цар Сион: „Дозволи ми да минам преку твојата земја; ќе одам по патот, нема да скршнувам, ни десно, ни лево;храна продавај ми за сребро, и јас ќе јадам, и вода продавај ми за сребро, и јас ќе пијам; само со нозете мои да минам” (Второзаконие 2:27,28). Одговорот бил решително одбиен; а сите аморејски чети биле повикани да му се спротивстават на навлегувањето на странците. Израелците многу се исплашиле од таа силна војска, бидејќи биле неподготвени за судир со добро вооружени и извежбани сили. Во врска со воената вештина, нивните непријатели уживале предимство. И, според сите човечки проценки, Израелците бргу морале да го дочекаат својот крај. {ПП 433.1}

Но Мојсеј постојано го насочувал погледот кон столбот од облак и постојано го храбрел народот велејќи дека знакот на Божјото присуство е сè уште со нив. Истовремено им советувал да сторат сè што е во човечката моќ да се приготват за војна. Нивните непријатели желно го очекувале почетокот на битката, убедени дека неприготвените Израелци ќе ги збришат од лицето на земјата. Меѓутоа, Оној кој е Господар над сета земја, му наредил на водачот на Израел: „Станете, тргнете и минете го потокот Арнон; ете, го предавам во раката твоја Сион, царот хешбонски, Амореецот, и неговата земја; почни да ја покоруваш и војувај против него;од денес Јас ќе почнам да сеам страв и ужас пред тебе врз народите под целото небо; оние, што ќе чујат за тебе, ќе се растреперат и ќе се уплашат од тебе”. {ПП 434.1}

Овие народи на границата на Ханан би биле поштедени кога, пркосејќи му на Божјиот збор, не би им се противставиле на Израелците да поминат. Дури и кон тие незнабожечки народи Господ се покажал како Оној кој „долго трпи и кој има голема милост”. Кога на Аврам во видение му било покажано дека неговото семе, синовите Израелови, четиристотини години ќе престојуваат во туѓа земја, Бог ветил: „Тие, пак, во четвртото колено ќе се вратат ваму; зашто беззаконијата на Аморејците уште не го достигнале својот врв” (Создавање 15:16). Иако Аморејците биле идолопоклоници и поради своето големо беззаконие заслужиле праведна казна, Бог сепак ги штедел четиристотини години за да им даде несомнени докази за тоа дека Тој е единствен вистински Бог, Творец на небото и земјата. Сите негови чуда што ги сторил изведувајќи  ги Израелците од Египет, ним им биле познати. Имале доволно докази и можеле да ја запознаат вистината само кога би сакале да се одвратат од своето идолопоклонство. Но тие ја отфрлиле светлината и им се предале на своите идоли. {ПП 434.2}

Кога Господ по вторпат го довел својот народ до границите на Ханан, на тие незнабожечки народи им се дадени нови докази за неговата моќ . Дека Бог бил со Израелците се видело уште по тоа што го победиле царот Арад и Хананците, како и врз основа на чудото сторено со цел да ги спаси оние што умирале од нападот на змиите отровници. Иако на Израелците им бил оневозможен премин низ едомската земја па биле присилени да кренат по подолг и помачен пат покрај Црвеното Море, сепак, тие во својот премин и задржување покрај границите на Едом, Моав и Амон не пројавувале 435 дух на непријателство, на луѓето не им нанесувале никаква штета ниту пак им правеле некакво зло. Кога стигнале до аморејските граници, замолиле да им дозволат само да преминат низ нивната земја, ветувајќи дека ќе ги почитуваат истите оние правила кон кои се придржувале во својот контакт со другите народи покрај чиишто граници поминувале. Меѓутоа, кога царот на Аморејците ја одбил оваа учтива молба и пркосно собрал војска за борба, чашата на нивното беззаконие се преполнила и Господ ја употребил својата сила да ги уништи. {ПП 434.3}

Израелците ја преминале реката Арнон и напредувале кон непријателот. Настанал вооружен судир од кој Израелците излегле како победници. Користејќи  го тоа предимство, тие набргу ја запоседнале целата аморејска земја. Непријателите на Господовиот народ всушност ги победувал Војводата на Господовата војска; Тој тоа можел да го стори пред триесет и осум години само кога Израел би имал доверба во него. {ПП 435.1}

Војската на Израелците се упатила понатаму, полна со надеж и храброст. Одејќи постојано кон север, наишле на една земја која претставувала вистинска проверка за нивната храброст и доверба во Бога. Пред нив се простирало моќното и густо населено царство Васан, полно со големи утврдени градови кои и денеска предизвикуваат восхит кај светот: „Шеесет градови… утврдени со високи ѕидови, порти и довратници, без да го сметаме големиот број села” (Второзаконие 3:4,5). Куќите им биле изградени од толку големи црни камења, што никаква сила во тоа време не можела да ги освои. Тоа била земја полна со диви пештери, со стрмни падини, со страшни провалии и карпести упоришта. Жителите на таа земја биле потомци на едно џиновско племе, а и самите биле необично високи и силни. Освен тоа, тие биле толку сурови и насилни, што претставувале страв и трепет за сите околни народи. Нивниот цар, Ог, се истакнувал по телесната градба и храброст дури и во еден таков народ со џиновски раст. {ПП 435.2}

Но столбот од облак одел напред и еврејските чети, предводени од него, стигнале до Едреи, каде што царот на џиновите со својата војска го очекувал нивното доаѓање. Ог мошне вешто одбрал место за борба. Градот Едреи лежел на работ на една висорамнина која стрмо се спуштала во долина и била покриена со шилести вулкански карпи. До неа можело да се дојде само по мошне стрмни и заморни пешачки патеки. Во случај на пораз, неговата војска можела да се засолни во карпеста пустина каде што странците не би можеле понатаму да ги прогонуваат. {ПП 435.3}

Сигурен во победа, царот излегол на отворената рамнина со огромна војска; озгора, од висорамнината, каде што се виделе илјадници воени копја, се слушнале предизвикувачки повици на луѓе желни за борба. Срцата на многу Израелци затрепериле од страв кога ја виделе високата става на тој горостас над џиновите, многу повисок од другите негови борци, војската што го опкружувала и навидум непреземливата тврдина зад која биле утврдени илјадници луѓе. Но Мојсеј бил спокоен и непоколеблив. Господ рекол за васанскиот цар: „Не плаши се од него, зашто Јас ќе ти го предадам во рацете твои – него и целиот народ негов и целата земја негова, и ќе постапиш со него, онака како што постапи со аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон”. {ПП 436.1}

Непоколебливата вера на нивниот водач го вдахнувала целиот народ со доверба во Бога. Сите се потпреле врз неговата семожна рака и таа не ги напуштала. Пред Војводата на Господовата војска не можеле да се одржат ниту силните џинови, ниту со бедеми опашаните градови, ниту вооружената војска, ниту планинските тврдини. Господ ја водел својата војска и Господ го разбивал непријателот; Господ победувал во полза на Израел. Горостасниот цар бил уништен заедно со својата војска, а Израелците ја зазеле целата негова земја. Така Господ го истребил од земјата тој чуден народ кој се предал на безбоштво и на гнасотиите на идолопоклонството. {ПП 436.3}

При освојувањето на Галад и Васан, многу Израелци си спомнале за настаните од пред четириесет години што се одиграле во Кадис и поради кои Израелците биле осудени на долго талкање низ пустината. Сега увидувале дека извештајот на извидниците за ветената земја во голема мера бил точен. Градовите биле опашани со многу високи ѕидови, а ги чувале џинови спрема кои Евреите изгледале како вистински џуџиња. Сега можеле да се уверат дека кобната грешка на нивните татковци се состоела во тоа што немале доверба во Божјата сила. Само тоа ги спречило веднаш да влезат во ветената земја.

Во тоа време, кога првпат сакале да влезат во Ханан, целиот потфат било многу полесно да се изведе отколку сега. Господ му ветил на својот народ дека ќе оди пред него и ќе се бори наместо него само ако народот го слуша неговиот глас. Тој дури сакал да прати стршлени да ги истераат жителите на таа земја. Тие народи тогаш уште не биле сосема опфатени од страв, па мошне малку правеле за да го спречат израелското напредување. Но овој пат, кога Бог им наредил на Израелците да тргнат напред, тие морале да се судрат со претпазлив и силен непријател и да се борат со бројно и добро обучена војска која добро се приготвила за да го осуети нивното напредување. {ПП 436.4}

Во судирот со Ог и со Сион, народот бил изложен на истите искушенија во кои толку очигледно подлегнале нивните татковци. Но овој пат искушението било многу посериозно одошто тогаш кога Бог му наредил на Израел да оди напред. Тешкотиите на нивниот пат станувале сè помногубројни откако одбиле да тргнат напред тогаш кога им било наредено да го сторат тоа во Господово име. Така Бог сè уште ги проверувал своите избраници. Ако не му преодолеат на искушението, Тој повторно ги доведува во истата положба, само што вторпат искушението е многу посилно и пожестоко од претходното. И така тоа продолжува сè додека не ја издржат проверката или додека Бог, доколку останат упорни, не ги лиши од светлината и ги остави во темнина. {ПП 437.1} Во таа пригода Евреите си спомнале како нивната војска, кога еднаш тргнала во бој, била поразена и илјадници загинале. Но тогаш постапиле сосема спротивно на Божјата наредба. Оделе без Мојсеја, од Бога одредениот водач, без столбот од облак, знакот на Божјото присуство, и без ковчегот на заветот. А сега Мојсеј бил меѓу нив и им ги засилувал срцата со зборови на вера и надеж. Обвиен во столб од облак, пред нив одел Божјиот Син, а светиот ковчег ја придружувал војската. Тоа искуство содржи поука и за нас. Силниот Израелов Бог е и наш Бог. Во него можеме да имаме доверба и ако ги држиме неговите заповеди, Тој ќе работи за нас исто толку очигледно како и некогаш што работел за својот народ. Секој што настојува да оди по патеката на должноста, понекогаш ќе  се соочува со сомневање и неверување. Повремено на патот ќе се појават навидум непремостливи пречки така што срцето на оние што ќе паднат во малодушност ќе се обесхрабри, но ним Бог им порачува: Само напред! Вршете ја својата должност по секоја цена. Тешкотиите што изгледаат толку страшни и ја исполнуваат вашата душа со страв, ќе исчезнат штом ќе тргнете напред по патеката на послушноста, понизно надевајќи се во Бога. {ПП 437.2}

Сподели го ова:

Слични објави